поле и област во Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Прилепско Поле — историско-географска и етнографска област на Македонија со центар во градот Прилеп.
Прилепското Поле се наоѓа во северниот дел на Пелагонија. Оградено е со планините: Бушева Планина на запад, Даутица и Бабуна на север и Селечка Планина на исток, а на југ со Тополчанската Греда е одвоено од Битолско Поле. Зафаќа површина од 943,8 км2. Територијата на Прилепско Поле ја опфаќаат четири општини: Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Крушево.
Некои села кои постоеле во минатото денес се исчезнати, како: Пештерица, Писокал, Заград и др.
Многу словенски села во Прилепско Поле се формирани во VI и VII век, меѓутоа нема пишани податоци за овие села. Првите пишани податоци за селата во Прилепско потекнуваат дури од првата половина на XIV век, кога се споменуваат селата: Бела Црква, Галичани, Дабница, Дреновци, Маргари, Небрегово, Обршани, Присад, Чепигово. Тоа не значи дека не постоеле други населби во овој период. Нивниот број бил многу поголем, меѓутоа нема пишани податоци за нив или тие не се зачувани.
Најмлади населби формирани во периодот од XIX и XX век се селата: Шелеверци, Ново Лагово, Славеј и Мирче Ацев.
Во Прилепско Поле живеат според пописот од 2002 година живеат 96.589 жители. За разлика од минатото кога поголемиот дел луѓе живееле во селата, денес најголем дел живеат во градот Прилеп (68,5 %). Според етничка структура најголемиот дел од жителите се Македонци, но има и Роми, Албанци, Турци, Бошњаци и др.
Најголемиот број на Турците во Прилепско потекнуваат од доселеници од крајот на XVIII век. Најголемо село во кое живеат е Канатларци. Ова и останатите турски села кои се наоѓаат во негова близина се протегаат во правец исток-запад при што ги одделуваат Прилепско од Битолско Поле. Ваквата местоположба во минатото доведувала до намалување на меѓусебните влијанија на Македонците од Прилепско и Битолско.
Бошњаците се скорешни доселеници во Прилепско. Се доселиле од Санџак и ја купувале земјата на постари муслимани кои од 1954 се иселиле во Турција. Живеат во мешани села: Житоше, Десово, Јакреново (со Албанци) Канатларци (со Турци), Лажани, Локвени (со Македонци) .
Албанците во Прилепско Поле се застапени во селата: Црнилиште, Житоше, Пресил, Гостиражни, Алданци, Белушино и Норово.
Главна култура која се одгледува во полето е тутунот. Тоа е најголемиот производител на тутун во Македонија и на Балканот. Во 2011 година во Прилепско Поле биле произведени 7.321 тон тутун,[1] што претставува 28% од вкупното количество тутун произведено во Македонија.
Други култури кои се позастапени се: пиперки, пченица, јачмен, кромид, бостан, лук и др.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.