Пресил
село во Општина Крушево, Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Крушево, Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Пресил — село во Општина Крушево, во околината на градот Крушево.
Пресил | |
Поглед на селото | |
Координати 41°17′44″N 21°18′48″E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Крушево |
Население | 574 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 7525 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 16018 |
Надм. вис. | 640 м |
Пресил на општинската карта Атарот на Пресил во рамките на општината | |
Пресил на Ризницата |
Селото се наоѓа во јужниот понизок дел на Општина Крушево, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Демир Хисар.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 640 метри. Од градот Крушево селото е оддалечено 17 километри.[2]
Пресил е сместено помеѓу котлинската рамнина на исток и планинската падина на запад. Јужно од него се наоѓа селото Бучин, а на север е селото Свето Митрани, како и малото село Милошево. Водата за пиење се добивала од два послаби извори соѕидани во чешми, а во двориштата имало длабоки бунари.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Ограда, Васла Бара, Плоча, Конопиште, Трска, Камејца, Гробје, Штаверица, Штрбел, Мемедова Чешма, Млаки, Грнчарица, Средни Пат, Габер, Чобаница, Шулан, Голем Камен, Липа и Корија.[3]
Селото има разбиен тип, поделено на четири маала: Велевско, Горно, Долно и Ново Маало. Маалата се издвоени по една сува долина. Од 1928 година како се населувале Македонци, тие основале ново маало, сместено 1 километар на југ од главното село.[3]
Пресил е старо село, првпат споменат во Слепченскиот Кодекс. Веројатно потекнува од XVI век, додека други пишани споменувања на селото се од XVII век.[3]
По своето население, тоа најпрвин било македонско село, но на почетокот на XIX век во него започнале да се населуваат муслимански Арбанаси. Поради тоа, старите македонски родови се иселиле. Последни иселеници биле Пулевци, кои се иселиле во Крушеани во 1900 година. Муслиманите се служеле со разни методи како би дошле до земјата на старите Македонци.[3]
Во јужниот дел на селото постои месноста Киша, сместено на мало возвишение, каде нема остатоци од старини. Таму се наоѓал храмот „Св. Ѓорѓи“ кога во него живеело македонското население, а на Ѓурѓовден се славела селската слава.[3] Денес, црквата „Св. Ѓорѓи“ е обновена и постои на истото место.
Арбанасите кои живеат во Пресил се доселувале од разни места во Северна и Средна Албанија, најмногу од околината на Елбасан и Пешкопеја. При доаѓањето кон Пресил дошле преку Кичево и Железник. Во минатото, овие Албанци одржувале брачни врски со муслиманите од Мургашево и Горно Житоше.[3]
По завршувањето на отоманската власт, Пресил бил чисто албанско село. Меѓутоа, од 1928 година на дел од имотите на иселените Албанци започнале да се населуваат Македонци, главно од Железник и Охридско.[3]
Атарот зафаќа простор од 16,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 716 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 584 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 270 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат услужни објекти.[2]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, селото Пресил имало 320 жители, сите Албанци.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Албанци и 50 Македонци.[5]
Селото е средно село по големина, но со негативно популациско салдо. Така, во 1961 година селото броело 745 жители, од кои 336 биле Турци, а 334 Македонци. Во 1994 година бројот се намалил на 481 жител, од кои 323 Албанци, 121 Турчин и 37 Македонци.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Пресил живееле 444 жители, од кои 23 Македонци, 392 Албанци и 29 Турци.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 574 жители, од кои 42 Македонци, 529 Албанци, 1 Турчин и 2 лица без податоци.[7]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Пресил:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | 696 |
1953 | 111 | 12 | 655 | 0 | 6 | — | 784 |
1961 | 394 | 0 | 336 | 3 | 12 | — | 745 |
1971 | 270 | 12 | 293 | 2 | 2 | — | 579 |
1981 | 147 | 34 | 259 | 3 | 113 | — | 556 |
1991 | 59 | 127 | 273 | 0 | 62 | — | 521 |
1994 | 37 | 323 | 121 | 0 | 0 | — | 481 |
2002 | 23 | 392 | 29 | 0 | 0 | — | 444 |
2021 | 42 | 529 | 1 | 0 | 0 | 2 | 574 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Пресил е мешано македонско-албанско село, Македонците се православни, додека Албанците муслимани. Сите родови во селото се доселенички. Некогаш ова село било чисто македонско, но како почнале Албанци да го населуваат Македонците почнале да се иселуваат. Па така во околните села постојат многу македонски родови со потекло од Пресил.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се:
Кога се доселиле албанските родови, од селото се иселиле следниве родови по другите села: Бучин (Ѓурчиновци), Пашино Рувци (Пресилци, Јагуриновци, Маџаровци), Врбоец (Тодоровци), Свето Митрани (Талевци), Трн (Пресилци), Крушеани (Пулевци, Ненадовци), Могила (Пресилци), Турско (Наумовци) и Кукуречани (Колеви).[3]
Се знае и за иселувања на гранки од албанските родови. Од родот Бубевци се иселиле три семејства (во Мусо, Турција и Албанија), од родот Демировци едно семејство заминало во Истанбул, од родовите Хасај, Рушитовци, Рапајчевци и Меметовци по едно семејство се иселило во Битола. Од родот Тафај две семејства живеат во Истанбул, додека од родот Зеќировци едно семејство живее во Прилеп. Родот Суљовци живеат во планинското село Древеник.[3]
Во XIX век, Пресил било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Крушево, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Крушево.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бела Црква, во која покрај селото Пресил, се наоѓале и селата Бела Црква, Бучин, Воѓани, Обршани, Пашино Рувци и Света. Селото влегувало во рамки на Општина Свето Митрани во периодот 1950-1952, кога во нејзе се наоѓале селата Врбоец, Милошево, Пресил и Свето Митрани.
Во селото постои избирачкото место бр. 1195 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[8]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 384 гласачи.[9] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 400 гласачи.[10]
Во јули 2018 година е оформен фудбалски клуб Влазрими Јуниор.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.