Лажани
село во Општина Долнени, Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Долнени, Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Лажани — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.
Лажани | |
Поглед на селото | |
Координати 41°26′31″N 21°18′56″E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Долнени |
Население | 1.755 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 7507 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 20058 |
Надм. вис. | 780 м |
Лажани на општинската карта Атарот на Лажани во рамките на општината | |
Лажани на Ризницата |
Името на селото потекнува од прасловенскиот збор 'лаг', што значи долина, место покрај река, обраснато со дрвја.
Селото се наоѓа во северозападниот дел на Прилепското Поле, а на западната страна на територијата на Општина Долнени, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Крушево.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 780 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 27 километри.[2]
Лажани е рамничарско село, кое се наоѓа помеѓу селата Житоше (Горно и Долно), Кошино, Дебреште и Ропотово. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари во кои биле поставени пумпи. Бунарите биле длабоки од 9 до 18 метри и првите биле ископани во 1909 година. Претходно, селото го користело изворот Преод, кој извира западно од Лажани.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дебрешки Чаир, Емроица, Кошинско, Поројница, Ќерамидница, Боароско, Мртвица, Сеферица, Јасен, Игралиште, Средоречки Пат, Кокица, Бариште, Оризишта, Лозишта, Ширина, Чаир, Шембеља, Арапица, Трска, Ливаѓе, Мера, Слатина и Богданоа Бара.[3]
Селото има збиен тип, а поединечни делови од него се нарекуваат Сулејмановско, Јајоско, Зенговско, Браовско Маало и други. Маалата се нарекуваат по презимињата на мештаните во нив.[3]
Северозападно од селото во насока на соседното село Кошино, во нивите мештаните ископувале остатоци на старини, најмногу ќерамиди дебели три прста и долги половина метар. На месноста Богданоа Бара, североисточно од селото, исто така има остатоци на стара населба.[3]
За основањето на денешното село не се знае ништо. Во традицијата се наведува дека тоа најпрвин било христијанско село. Потоа, кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, во селото дебарските муслимани основале чифлици. Како чувари на чифлиците биле доселени Торбеши од околината на Кичево и Дебар. Со тоа, муслиманското население во Лажани започнало да се зголемува. Христијанското население во текот на XIX век започнало да се иселува.[3]
Пред крајот на отоманската власт, во селото имало три чифлици, кои зафаќале половина од атарот на селото. Најголемиот чифлиг припаѓал на дебарскиот род Аголи, додека другите биле во посед на Мула Мемедовци и Хутковци. На земјата во чифлиците работеле христијани, Роми, како и некои Торбеши. Кратко време пред 1912 година, мештаните ја откупиле земјата.[3]
Атарот зафаќа простор од 11,6 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.082 хектари, на пасиштата отпаѓаат само 41 хектар, додека шумско земјиште нема.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото имало земјоделска задруга, а денес има услужни објекти.[2]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во пописните дефтери од 1467/68 година, во Лажани имало 42 семејства, 2 неженети и 1 вдовица; во 1481/82 – 46 семејства и 2 вдовици, а во 1544/45 – 78 семејства и 8 неженети, но и 5 муслимански семејства. До 1568/69 година дошло до значително опаѓање на христијанското население – 48 семејства и 37 неженети, како и до зголемување на муслиманското население – 15 семејства и 9 неженети.
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 година Лажани имало 113 домаќинства со 175 муслимани (Македонци), 149 христијани (Македонци) и 107 Роми.[4]
Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов, во 1900 година, селото имало население од 120 христијани (Македонци), 320 муслимани (Македонци) и 200 Роми.[5] Според бугарскиот публицист Димитар Мишев, во 1905 година селото имало 120 христијани.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Лежани се води како мешано македонско-албанско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 103 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци, 50 Албанци и 50 други жители.[8]
Селото во 1961 година имало 1.397 жители, од кои 962 биле Турци, 415 Македонци, тројца Црногорци и 20 жители муслимани и неопределени, а во 1994 година 1.827 жители, од кои 464 биле Турци 327 Македонци, 34 Албанци и 994 жители изјаснети како други.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Лажани живееле 1.864 жители, од кои 278 Македонци, 108 Албанци, 402 Турци, 1.054 Бошњаци и 22 останати.[9]
Дел од Македонците-муслимани се изјасниле како Турци или Албанци поради политичко-религиски причини.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.755 жители, од кои 264 Македонци, 153 Албанци, 377 Турци, 901 Бошњак, 10 останати и 50 лица без податоци.[10]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Лажани:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | 1.170 |
1953 | 155 | 1 | 1.060 | 23 | 0 | 0 | 0 | — | 1.239 |
1961 | 415 | 0 | 957 | — | 0 | — | 25 | — | 1.397 |
1971 | 607 | 0 | 822 | 0 | 3 | — | 277 | — | 1.709 |
1981 | 514 | 51 | 316 | 0 | 1 | — | 1.072 | — | 1.954 |
1991 | 367 | 20 | 444 | 0 | 1 | — | 1.126 | — | 1.958 |
1994 | 327 | 34 | 464 | 0 | 1 | — | 1.001 | — | 1.827 |
2002 | 278 | 108 | 402 | 0 | 0 | 1.054 | 22 | — | 1.864 |
2021 | 264 | 153 | 377 | 0 | 0 | 901 | 10 | 50 | 1.755 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Селото Лажани е мешано православно и муслиманско село. Во селото нема староседелци, а најстари во селото се Торбешите.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се:
Во XX век се зголемил бројот на имиграцијата кога се доселени Бошњаците. Бошњаците се релативно доцна доселени на територијата на Македонија. Првите населувања на Бошњаци од Босна и Херцеговина се забележуваат после Големата источна криза и анексијата на Босна од страна на Австроунгарија во 1875-1878 година. Во овој период огромен број на муслимански бегалци (Бошњаци, Турци, Черкези) бил населен во Македонија. По Балканските војни речиси сите доселени муслимани се иселиле во Турција.
Денешните Бошњаци во Македонија се населени во 50-тите и 60-тите години на XX век од областа Санџак во Србија и Црна Гора, претежно од местата Тутин, Рожае, Плав, Гусиње и Нови Пазар, поради што овие луѓе се познати и под името „Санџаклии“. Тргнувајќи на пат за иселување во Турција, според договорот меѓу Турција и Југославија од 50-тите години на XX век со кој муслиманите од Југославија единствено можеле да се иселуваат во Турција преку Македонија, голем број на Бошњаци од Санџак (заедно со Албанци од Косово) остануваат и се населуваат во испразнетите турски и торбешки села во Македонија, најчесто купувајќи ги имотите на Турците и Торбешите кои се иселувале за евтини пари. Така се доселени во Македонија во селата Лажани, Житоше, Десово, Локвени, Борино, Јакреново, Канатларци, Оризари, Батинци, Долно Коњари, Средно Коњари, Љубин, Петровец ,Студеничани и други села.
Се знае за иселувањето на првичното христијанско македонско население во градовите Крушево и Прилеп, како и во селата Бело Поле (Мачоровци), Заполжани (Лајковци), Кутлешево (Јошевци), Локвени (Ешпетковци), Подвис (Дробачовци) и други.[3]
Од селото се знае за голем број иселувања на Торбеши во Турција.[3]
Во XIX век, Лажани било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Долнени, на која ѝ била додадена поранешната Општина Житоше по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Долнени.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во општина Долнени.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Дебреште, во која покрај селото Лажани, се наоѓале и селата Борино, Дебреште, Дабјани, Јакреново, Кошино, Крапа, Ропотово и Саждево. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Ропотово, кога во нејзе се наоѓале селата Лажани, Ропотово, Пешталево и Сарандиново.
Во селото постојат избирачките места бр. 1472 и 1473 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.677 гласачи.[12] На Македонски парламентарни избори во 2020 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.695 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.752 гласачи.[14]
Во селото работи фудбалскиот клуб ФК „Слога“.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.