Историја на Цариград
From Wikipedia, the free encyclopedia
Историја на Цариград — периодот од основањето на градот во 330 година како нова престолнина на Римското Царство до заземањето на градот од страна на Османлиите во 1453 година.
Всушност градот бил повторно изграден на местото на античкиот Византион. Огромниот обем на градежните работи, брзиот пораст на населението, развојот на трговијата и занаетчиството, метрополскиот статус на градот и напорите на првите римски цареви во Цариград довеле да градот стане еден од најголемите градови во Европа и на Блискиот Исток. По падот на Рим во V век, Цариград станал главен град во следните десет векови на Источното Римско Царство или подоцна познато како Византија.[белешка 1] Историјата на Цариград во текот на византиската ера е исполнета со бурни политички настани како востанија и интриги во палатата, убиства на царевите помеѓу благородничкитете династии, големи опсади и кампањи од страна на силните западни и источни соседи. До XIII век градот претставувал најголемиот центар на културата во средновековна Европа, далеку понапред од другите светски метрополи во однос на образованието, активноста на духовниот живот и развојот на материјалната култура.
Една од најкарактеристичните одлики на политичкиот живот на Цариград била постојаната борба за власт помеѓу различните фракции на аристократијата, војската, трговците и свештенството. Елитата на главниот град била многу нестабилна бидејќи пристапот до владејачката елита на Византија бил отворен за државјаните на сите слоеви на општеството. Голем дел од локалните владетели од главниот град не само што не се срамeле од своето провинциско потекло, туку биле и горди што имале можност да се пробијат во врвот на моќта во општеството. Покрај тоа, дури и на царскиот престол во палатата претставувал цел на чести заговори. Во градот особено се чувствувал контрастот помеѓу сиромаштијата на урбаното населениe и богатството на аристократијата, царскиот дворец и свештенството. Градот често бил нарекуван како главен центар на луксузот и сиромаштијата помеѓу Истокот и Западот.
Заземањето на Цариград од Османлиите во мај 1453 го означил конечниот колапс на Византиското Царство и преобразба на Отоманското Царство во една од најмоќните земји во светот. Падот на Цариград предизвикал шок низ христијанска Европа и голема слава на властите од Каиро, Тунис и Гренада. Покрај тоа во следниот период започнало целосно уништување на византиската култура, а Османлиите во Европа биле синоним за суровост кон христијанството.