Герајнт Хауел Томас РБИ (англиски: Geraint Howell Thomas; р. 25 мај 1986 ) — велшки професионален велодромски и друмски велосипедист, кој вози за UCI World Tour екипата Инеос Гренадиерс.[4][5] Тој е еден од неколкуте возачи во поново време кој постигнал значајни успеси во велодромскиот и друмскиот велосипедизам, со значајни победи на велодромот, на еднодневните трки и на етапните трки. Во велодромскиот, освоил три светски првенства (2007, 2008 и 2012), две олимписки златни медали (2008 и 2012), додека во друмскиот го освоил Тур де Франс 2018 станувајќи прв Велшанец и прв возач роден во Велика Британија кој го освоил.[6][7]

Кратки факти Лични податоци, Цело име ...
Герајнт Томас
РБИ
Томас на Трката околу Германија 2018
Лични податоци
Цело имеГерајнт Хауел Томас
ПрекарГ („Џи“)[1]
Роден25 мај 1986(1986-05-25)(38 г.)
Кардиф, Велс,  Обединето Кралство
Висина1,83 м[2]
Маса71 кг[3]
Податоци за клубот
Мом. клубИнеос Гренадиерс
Дисциплинадрумски и велодромски велосипедизам
Улогавозач
Вид на возачуниверзален возач
Аматерски клубови
0
0
2006
Менди Флајерс/СС Кардиф
Кардиф ЈИФ
Соние Дувал-Продир (стажант)
Професионални клубови
2006
2007–2009
2010–
Recycling.co.uk
Барловорлд
Тим Скај
Значајни победи
Големи трки
Тур де Франс
Генерален пласман (2018)
3 поединечни етапи (2017, 2018)

Етапни трки

Париз-Ница (2016)
Критериум ди Дофине (2018)
Тур де Романди (2021)
Тур де Свис (2022)
Трка околу Баварија (2011, 2014)
Волта ао Алгарве (2015, 2016)
Трка на Алпите (2017)

Еднодневни трки и класици

Национален друмски првак (2010)
Национален хронометарски првак (2018)
Е3 Харелбеке (2015)
Последна промена
6 декември 2022
Затвори

Раните успеси на Томас биле во велодромскиот велосипедизам, каде бил насочен кон екипната потера. Освоил три светски првенства и бил двократен олимписки златен медалист, во 2008 и во 2012 година. Меѓу првите победи во друмски велосипедизам била победата на Париз-Рубе за јуниори во 2004 година и подоцна сениорската победа на државното првенство во 2010 година. Оставајќи го велодромскиот велосипедизам за да се насочи само на друмскиот, подоцна имал успеси на еднодневните и класичните трки, како што биле друмската трка на Комонвелтските игри во 2014 година и Е3 Харелбеке 2015, како и на еднонеделните етапни трки, како што биле победите на Париз-Рубе 2016, Трка на Алпите 2017, Критериум ди Дофине 2018, Тур де Романди 2020 и Тур де Свис 2022.

На големите трки, Томас првично бил водечки помошник за Крис Фрум и за Бредли Вигинс во нивните победи. Ја освоил првата етапа на Тур де Франс 2017, поединечен хронометар, со што станал првиот Велшанец кој ја облекол жолтата маичка на Тур де Франс. Подоцна паднал на трката, како и на Џиро д’Италија 2017. Томас станал првиот Велшанец, кој некогаш го освоил Тур де Франс кога ја освоил трката во 2018 година. Ја освоил жолтата маичка со победа на единаесеттата етапа, зголемувајќи го водството со победата на дванаесеттата етапа и го задржал водството до крајот на трката. Истата година бил прогласен за спортист на годината од страна на ББС, станувајќи прв Велшанец кој ја освоил наградата по Рајан Гигс во 2009 година.[8] Во 2019 година го потврдил својот квалитет за големите трки кога завршил повторно на подиум, завршувајќи втор на Тур де Франс зад колегата Еган Бернал. Во 2022 година, Томас станал првиот Велшанец кој го освоил Тур де Свис и подоцна истата година повторно завршил на подиум на Тур де Франс 2022, каде завршил трет.[9][10]

Познат по своите универзални вештини и прилагодливост, Томас настапувал во поединечни хронометри, на калдрма, на пролетните класици и на планините на големите трки, каде бил првиот возач во историјата на Тур де Франс што победил на Алп д’Ез додека ја носел жолтата маичка.

Ран живот

Томас потекнува од градот Кардиф во Велс.[11] Започнал со велосипедизам со велосипедскиот клуб Менди Флајерс на стадиумот Менди на возраст од десет години,[12] каде возел со идниот колега од Тим Скај Лук Роу, пред да продолжи да вози за други локални клубови, велосипедскиот клуб Кардиф и Кардиф ЈИФ. Негов прв друмски велосипед бил син џајант.[13] По некои успеси во трките под 14 и 16 години, вклучувајќи ги и националните првенства, но не пред добивањето на сребрениот медал за бодовната трка на европските првенства, започнал да размислува за неговиот талент.[14]

Кариера

Рани години

Томас станал член на олимписката академија на Британската федерација. Ја освоил јуниорската награда Карвин Џејмс на церемонијата за спортска личност на годината од ББС. Томас се натпреварувал на трките од Светскиот куп низ целиот свет и бил на транинг во Сиднеј, Австралија во февруари 2005, кога доживеал пад откако возачот пред него погодил парче метал на патот, кое завршило во гумата на Томас. Доживеал внатрешно крварење откако парчето метал влегло во неговото тело во текот на падот, имал пукнатина на неговата слезина, која подоцна му била отстранета.[15][16]

Повеќето од неговите трки во 2006 ги возел за Recycling.co.uk, но кон крајот на 2006 се приклучил на Соние Дувал-Продир како стажант. Исто така, возел на неколку трки, како што е Трката околу Британија, за екипата на Велика Британија.[17]

Барловорлд (2007–2009)

2007

Thumb
Томас во текот на првата етапа на Тур де Франс 2007.

Томас бил најмладиот возач на Тур де Франс 2007 откако Тим Барловорлд бил одбран како една од трите специјално поканети екипи на трката. Тој станал првиот велшки возач, кој се натпреварувал на трката од Колин Луис во 1967,[18] Томас добил голема поддршка од велшките обожаватели на отворањето на трката, додека неколку од нив го следел на целата трка.[19] Го завршил неговиот прв Тур де Франс, завршувајќи на претпоследното место од сите што завршиле.[20]

Тој бил предложен за спортска личност на годината од ББС Велс во 2007; победниците биле објавени на 2 декември, Томас бил трет во бројот од гласови од публиката.[21]

2008

Томас не настапил на Тур де Франс 2008 и наместо тоа возел на Џиро д’Италија, која е порано во сезоната, со цел да се врати во Британија и да се насочи кон подготовките за Летните олимписки игри 2008.[22] На објавувањето дека знамињата на земјите што не учествуваат нема да бидат дозволени на Игрите, Томас изјавил:

„Би било прекрасно да свртам почесен круг со велшкото знаме, доколку освојам златен медал и сум многу разочаран, доколку според ова правило тоа не би било можно“.[23][24]

На 17 август, Томас бил член на олимписката екипа за екипна потера, која го соборила светскиот рекорд уште во квалификациите со време од 3:55:202, победувајќи ги Русите и удовно се пласирале во финалето, каде се бореле за златниот или сребрениот медал.[25] Следниот ден, на нивниот пат кон освојувањето на златниот медал, британската екипа го соборила нивниот светски рекорд со време од 3:53:314, надминувајќи ги нивните дански колеги за 6,7 секунди.[26] Томас бил можен натпреварувач за поединечна потера, но одбрал да не настапи на двете дисциплини со цел искористување на своите напори кон неговата екипа. Исто така, бил сметан за настап во медисон со Бредли Вигинс, но Марк Кевендиш бил избран за настап со него; Крис Бордман изјавил дека „Герајнт ги надминува очекувањата на луѓето“.[27]

По дисквалификувањето на членот на екипата Барловорлд, Мојсес Динас, од Тур де Франс, Томас го изразил своето антидопинг мислење на неговиот блог: „..ако некој е измамник во бизнис, тогаш тој се соочува со затвор? Јас не гледам како возачите кои земаат лекови за освојување на трки и ги лажат нивните екипи е нешто поразлично. Треснете ги и фрлете го клучот!“[28]

Во декември бил назначен како член на Редот на Британската Империја (MBE) како дел од новогодишните одликувања.[29]

2009

Thumb
Томас на Трката околу Британија 2009

Томас доживеал лош почеток во сезоната 2009, кога ја скршил карлицата и се здобил со фрактура на неговиот нос во пад; паднал во заштитните огради откако погрешно свртел во кривина за време на хронометарска етапа на Тирено-Адријатико во Мачерата, Италија. Несреќата се случила по мерната станица на осум километри, каде се покажало дека бил најбрз на патеката. Иако бил во можност да се врати во хотелот на екипата од болница истиот ден, биле потребни 20 дена одмор пред да се врати со тренирање.[30][31]

На 30 октомври 2009, Томас го поставил најбрзото време во поединечна потера според тогашните правила, кога извозил 4 километри за 4 минути и 15,105 секунди во првото коло од Светскиот велодромски куп во велодромот во Манчестер. Времето на Томас било единствено надминато од Крис Бордман, 4 минути и 11,114 секунди, поставено во 1996 на велосипедска поставеност, која сега е забранета.[32] На 1 ноември, на последниот ден од ова коло на Светскиот куп, Томас бил член на екипата за екипна потера, која го поставила второто најбрзо време некогаш на нивниот пат кон златниот медал, поставувајќи рекорд на патеката од 3 минути и 54,395 секунди.[33]

Томас бил второпласиран зад Рајан Гигс во изборот на спортска личност на годината од ББС Велс во 2009; победниците биле објавени на 8 декември.[34] Томас го напуштил Барловорлд на крајот на 2009 за да ѝ се приклучи на новата професионална екипа, Тим Скај.[32]

Тим Скај (2010-денес)

2010

Thumb
Томас на Тур де Франс 2010, носејќи ја белата маичка како најдобро пласиран млад возач, која ја носел четири етапи.

Томас ја започнал 2010 како дел од победничката екипа на Скај на екипниот хронометар на Трката околу Катар. По завршувањето на класиците имал одличен настап на Критериум ду Дофине, каде завршувал во првите десет на секоја од првите четири етапи. Како последица на тоа, ја носел зелената маичка на етапата 2 и подоцна на етапите 4 и 6. Завршил како петти во бодовниот пласман и 21. во генералниот пласман.

Томас го победил колегата Питер Кенох на националното друмско првенство 2010. Неговата добра форма продолжила на Тур де Франс, каде завршил петти на прологот, втор зад највисоко пласираниот фаворит Ленс Армстронг. Потоа, завршил втор на третата етапа, етапа која била обележана со бројни падови и делби во главната група, кои Томас успеал да ги избегне.[35] Ова довело да го предводи пласманот за млад возач по третата етапа. Го завршил Тур на 67. место и бил деветти во пласманот за млад возач.

Томас требало да патува во Делхи, Индија во септември, каде требало да настапи на Комонвелтските игри 2010, но се повлекол, како и некои други велосипедисти, поради грижи за нивното здравје. Како посебна причина била наведена треската денга. Болеста била посебен ризик за Томас по отстранувањето на неговата слезина во 2005. По одлуката, Томас изјавил „Ова е огромно разочарување, јас добивам шанса да возам за Велс еднаш на четири години, но таа е одлуката и јас ќе ја почитувам“.[36]

2011

Thumb
Томас во националниот друмски дрес во 2011 година

Томас ја започнал годината со некои ветувачки резултати, завршувајќи шести на Класика Сарди и втор во генералниот пласман на Дварс дор Вландерен.[37] Томас ја освоил својата прва професионална победа во мај 2011 со освојувањето на Трката околу Баварија,[38] по завршувањето втор на третата етапа и петти на четвртата етапа. На 26 јуни 2011, Томас завршил втор зад Бредли Вигинс на националните друмски првенства.[39]

На Тур де Франс 2011, Томас завршил 6. на воведната етапа и ја освоил белата маичка.[40] Ја задржал маичката и следниот ден, откако Скај завршил трет на екипниот хронометар.[41] Томас ја загубил белата маичка од Роберт Гесинк на етапата 7, откако водачот на екипата Бредли Вигинс паднал на трката и останатите возачи на Скај изгубиле време чекајќи го него.[42] Томас ја освоил наградата за борбеност на етапата 12 по агресивното бегство на првата етапа на Пиринеите, каде на двапати загубил контрола на спустот на Уркет д’Ансизан.[43] Завршил како 36. на етапата откако бил достигнат од кандидатите за генерален пласман на 7 километри пред последното искачување на етапата и се искачил до 25. место во генералниот пласман.[43][44] Томас потпишал нов тригодишен договор со Скај по етапата 16.[45] Завршил 31. во генералниот пласман на Тур.[46]

Томас бил успешен на Трката околу Британија, освојувајќи го бодовниот пласман и бил високо пласиран во генералниот пласман пред падот. Тој бил дел од екипата на Велика Британија на Светските друмски првенства 2011 и му помогнал на Марк Кевендиш да дојде до победа.[47]

2012

Thumb
Томас на Тур де Романди 2012, носејќи ја водечката маичка по освојувањето на прологот.

Томас потврдил дека ќе се насочи на велодромскиот велосипедизам за сезоната 2012, со цел подобар настап на Олимпијадата во Лондон.[48] Со тоа, не се очекувало да настапи на големите друмски трки во текот на 2012. Томас возел на Џиро д’Италија пред да се насочи кон велодромскиот велосипедизам.[49] Во март, Томас возел на Париз-Ница, каде му помогнал на Бредли Вигинс да ја освои трката. [50] На 4 април, Томас бил член од британската екипа за екипна потера која го освоил златниот медал на Светските велодромски првенства 2012 со нов рекод од 3:53,295 секунди.[51] Исто така, заедно со Бен Свифт го освоиле сребрениот медал во медисон.[52] Потоа, Томас се вратил на патиштата, победувајќи на прологот на Тур де Романди во сложени услови.[53]

Томас завршил втор зад Тејлор Фини на воведниот хронометар на Џиро д’Италија.[54] Томас бил водечки човек за Марк Кевендиш на трката, помагајќи му за трите етапни победи.[55] Исто така, Томас завршил втор зад Марко Пиноти на последната хронометарска етапа во Милано.[56]

Томас бил избран за екипата за екипна потера на Олимпијадата во Лондон, заедно со Стивен Бурк, Ед Кленси и Питер Кенох. На 2 август, квартетот поставил Нов Светски рекорд од 3 минути и 52,499 секунди во квалификациите за трката.[57] Екипата го постави најбрзото време во првата фаза и дошла во финале со Австралија, каде одлучувале за златниот медал. Во финалето, британската екипа постави Нов Светски рекорд (3:51,659), завршувајќи скоро три секунди пред Австралијците, каде Томас го освоил својот златен медал.[58]

2013

Thumb
Томас (десно) со колегата Едвалд Боасон Хаген на Тур Даун Класик 2013

Томас ја започнал сезоната 2013 на Тур Даун Андер 2013. Ја освоил етапата 2 откако нападнал на искачувањето Коркскру и ги поминал тројцата возачи кои му се приклучиле на спустот.[59] Томас го одржал водството на трката до претпоследната етапа, кога имал проблеми на искачувањето Олд Вилунга и завршил на петтото место во генералниот пласман.[60] Меѓутоа, се борел на последната етапа во Аделаида, освојувајќи доволно бонус секунди за да стигне до третото место во генералниот пласман, 25 секунди зад холандскио возач Том-Јелте Слагтер и го освоил спринтерскиот пласман.[61]

Томас добил водечка улога на класиците за Скај. Негови најдобри резултати биле четвртото место на Омлоп Хет Ниувсблад и Е3 Харелбеке,[62] додека отпаднал од борба на Милано-Санремо, Трка околу Фландрија и Париз-Рубе. По паузата, Томас се вратил на Трката околу Баварија, каде завршил на второто место. Покажал одлична искачувачка форма на Критериум ду Дофине, каде им помогнал на Крис Фрум и Ричи Порт за 1-2 победата, додека тој самиот завршил на 15. место.

Бил избран да вози на Тур де Франс 2013, но доживеал силен пад на воведната етапа. Започнал на следната етапа, но бил слаб и завршил последен, по што откако бил одведен во болница, му било пронајдена, дека ја има скршено карлицата.[63] И покрај неговата повреда, Томас продолжил и успеал да ја заврши трката на 140. место, помагајќи му на Фрум во победата.[64]

2014

Thumb
Томас го следи нападот на Том Бонен на Париз-Рубе 2014

Томас уште еднаш ја започнал сезоната на Тур Даун Андер, овој пат возејќи како поддршка на Ричи Порт, завршувајќи на осмото место во генералниот пласман.[65] Томас повторно требало да биде поддршка на Порт на Париз-Ница, но поради повреда на Фрум, Порт бил префрлен на Тирено-Адријатико, поради што Томас станал предводник на екипата во Франција. Томас имал солиден настап, завршувајќи втор зад возачот на Гармин-Шарп Том-Јелте Слагтер на четвртата етапа, преземајќи ја водечката жолта маичка, пред да отпадне на второто место зад Карлос Бетанкур на шестата етапа. Меѓутоа, следниот ден, Томас паднал на спустот на 5 километри пред целта; иако ја завршил етапата со седум минути задоцнување, Томас не настапил на последната етапа. Томас се опоравил од повредите и имал добра форма за класиците, завршувајќи трет на Е3 Харелбеке.[66] Го предводел Тим Скај на Трката околу Фландрија и успеал да заврши на осмото место, 37 секунди зад победникот, Фабијан Канчелара,[67] откако останал зад него по искачувањето Тајенберг. Томас исто така го обезбедил седмото место на тешката трка Париз-Рубе, завршувајќи како дел од групата дваесет секунди зад соло-победникот Ники Терпстра.[68]

Во мај, Томас го освоил генералниот пласман на Трката околу Баварија по вторпат во неговата кариера, откако го освоил поединечниот хронометар на четвртата етапа.[69]

На Тур де Франс, Томас служел како помошник на колегата од Тим Скај, Ричи Порт, по повлекување на неговиот сонародник Крис Фрум на петтата етапа.[70] Подоцна, Порт паднал во генералниот пласман откако не се чувствувал добро на тринаесеттата етапа. Потоа, на Томас му била дадена слобода да оди на етапни победи и да се појавува во бегства. Томас бил единствениот Британец кој ја завршил трката, завршувајќи 22. во генералниот пласман, негов најдобар пласман на Тур де Франс.[71]

Thumb
Томас на хронометар на Комонвелтските игри 2014, каде го освоил бронзениот медал

Томас го претставувал Велс на Комонвелтските игри 2014 во Глазгов. Го освоил бронзениот медал на поединечниот хронометар зад Алекс Даусет од Англија и Роан Денис од Австралија. Томас го освоил златото на друмската трка откако ги нападнал Скот Твејтс и Џек Бауер на последниот круг во Глазгов и обезбедил доволно голема разлика кога морал да се соочи со менување на тркалото во последните метри.[72] Томас ја завршил неговата сезона со шестото место на Енеко Тур во август.

Во декември, Томас бил прогласен за спортист на годината од страна на ББС Велс.[73]

2015

Thumb
Томас на прологот на Париз-Ница

Во февруари 2015 година, Томас ја освоил втората етапа на Волта ао Алгарве откако го следел нападот на Реин Тарамае (Астана) на последното искачување на етапата и тогаш се одвоил и се одржал пред групата на спустот до целта, освојувајќи соло-победа 19 секунди пред Естонецот и 23 секунди пред групата, со што го преземал водството во трката.[74] Го одбранил водството со третото место на хронометарот на третата етапа,[75] и четвртото место на четвртата етапа, која завршувала на врвот на Алто до Малао, која била освоена од колегата Ричи Порт.[76] Сигурно завршил на последната етапа и ја освоил трката.[77]

Кратко видео снимено во 2015 година

Наредна трка на Томас била Париз-Ница 2015. Го освоил второто место на кралската етапа, веднаш зад Порт.[78] Изгубил време на претпоследната етапа на трката,[79] откако паднал на влажен спуст, но продолжил и завршил петти во генералниот пласман. Наредната недела, учествувал на Милано-Санремо. Нападнал на неколку наврати во текот на трката, најзначајниот напад бил на спустот од Чипреса. Иако предводел на трката преку Поџо, сепак наскоро бил достигнат и завршил зад главната група.[80] Пет дена подоцна, Томас станал првиот британски возач кој победил на Е3 Харелбеке, напаѓајќи од бегството на три возачи, со Здењек Штибар и Петер Саган во последниот дел на трката и доаѓајќи до триумф.[81] Два дена подоцна, Томас завршил трет на Гент-Вевелгем зад Лука Паолини (Катјуша) и Ники Терпстра (Етикс-Квик Степ), и покрај тоа што бил одвеан од неговиот велосипед и паднал поради налет на ветер во екстремните временски услови.[82]

Thumb
Томас на завршната етапа на Тур де Франс 2015

Во јуни, Томас ги имал едни од најдобрите резултати во искачување во неговата кариера на Тур де Свис завршувајќи петти на петтата етапа,[83] која завршувала кај ледникот Ретенбах на височина од 2.669 метри, а последните 12,1 км имале просечен наклон од 10,7%. Томас завршил петти на завршниот хронометар на деветтата етапа, пропуштајќи ја победата со разлика од пет секунди зад Симон Шпилак (Катјуша).[84]

На Тур де Франс, Томас имал улога на поддршка за Крис Фрум, помагајќи му во првата недела на накрсни ветрови, ридски завршници, калдрмата и екипниот хронометар.[85] На првата планинска етапа на Пиринеите, Томас му помогнал на Фрум во победничкиот напад за намалување на групата на последното искачување и завршил шести на етапата зад Алехандро Валверде.[86] Овој резултат го довело Томас до петтото место во генералниот пласман. Паднал на шестото место завршувајќи пола минута зад Алберто Контадор на четиринаесеттата етапа.[87] На шеснаесеттата етапа, Варан Баргиј (Џајант-Алпецин) изгубил контрола во кривина при спуст и се судрил со Томас, предизвикувајќи првин да се удри во бандера, а потоа да падне во ендек.[88] Меѓутоа, Томас избегнал посериозни повреди и можел да ја заврши етапата, губејќи само 38 секунди зад водечката група.[89] Подоцна, се поместил на четвртото место во генералниот пласман по седумнаесеттата етапа, кога Тиџеј ван Гардерен се откажал од трката поради болест, а Контадор изгубил време поради пад.[90] Меѓутоа имал проблеми на искачувањето на деветнаесеттата етапа, завршувајќи 22 минути зад етапниот победник Винченцо Нибали, паѓајќи на 15. место во генералниот пласман, 27 минути и 24 секунди зад Фрум.[91]

Во август бил вклучен во составот на екипата за Вуелта а Еспања.[92]

2016

Во февруари 2016, Томас ја задржал титулата на Волта ао Алгарве, завршувајќи петти на одлучувачката петта етапа зад Алберто Контадор.[93]

Thumb
Томас на Париз-Ница 2016, трка која ја освоил.

Во март 2016 година, Томас го предводел Тим Скај на Париз-Ница. На шестата етапа, Томас завршил втор зад Илнур Закарин (Катјуша) на планинската завршница и го преземал водството на трката за 15 секунди пред Контадор.[94] Томас успеал да го одбрани своето водство до завршната етапа, со помош на колегата Серхио Енао, откако Контадор постојано напаѓал и се одвоил од Томас на завршното искачување на Кол д’Ез. Томас ја поминал целта во Ница 11 секунди зад Контадор за победа на трката за 4 секунди.[95]

Во мај 2016 година било објавено дека Томас потпишал двегодишен договор за продолжување со Скај до крајот на сезоната 2018.[96] Меѓутоа, следниот месец појаснил дека договорот бил за една година со можност за уште една година.[97]

Во јуни 2016 година, Томас бил дел од составот на Скај на Тур де Франс, кој му помогнал на Крис Фрум за обезбедување на својата трета победа на трката.

Томас бил избран да вози на олимписката друмска трка. Паднал на завршниот спуст околу 10 километри од целта на трката, кога бил близу на челото на трката и кога имал шанса за финалето. Томас повторно се качил на велосипедот и успеал да заврши на 11. место две и пол минути зад златниот медалист Грег ван Авермет (Белгија).[98] Томас, исто така, доцна покана за олимпискиот хронометар и завршил на деветтото место.[99]

2017

Thumb
На Тур де Франс 2017, Томас ја зел жолтата маичка по победата на воведната етапа.

Во јануари 2017 година, Тим Скај објавиле дека Томас ќе го дели водството со Микел Ланда на Џиро д’Италија 2017.[100]

Во март 2017 година, Томас го предводел Скај на Тирено-Адријатико. Меѓутоа, нивниот воведен екипен хронометар бил обележан со несреќата на Џани Москон, кога неговото предно тркало се одвоило при голема брзина. Москон паднал на асфалтот, заработувајќи гребаници, но можел да продолжи.[101] По етапата,[102] Томас изјавил на медиумите дека и на двајца други колеги им биле скршени тркалата на етапата; Тим Скај на крајот завршиле 1 минута, 41 секунда зад времето на Ванти-Груп Гобер. На втората етапа, на 5,5 километри пред целта, Томас и возачот од Квик-Степ Флорс, Боб Јунгелс, нападнале на стрмното искачување од 16%, повлекувајќи ги Тим Веленс (Лото-Судал), и двоецот на Ванти-Груп Гобер, Тиџеј ван Гардерен и Дамијано Карузо – во водечката сина маичка – со нив. Кога Томас се одвоил од Јунгелс, Наиро Кинтана (Мовистар Тим) нападнал во групата назад; Томас останал сам до крајот, освојувајќи ја етапата за девет секунди од Том Димулен од Тим Санвеб.[103] Томас завршил втор на четвртата етапа, 18 секунди зад Наиро Кинтана од (Мовистар Тим).[104] Завршил петти на крајот, 58 секунди зад Кинтана.

Во април 2017 година, Томас станал првиот британски возач кој ја освоил Трката на Алпите (порано позната како Џиро дел Трентино).[105] Томас ја освоил третата етапа на трката, освојувајќи ја водечката маичка и на крајот победи со седум секунди пред Тибо Пино (ФДЖ). Подиумот бил заокружен од возачот на Аг2р-Ла Мондијал, Доменико Поцовиво, уште тринаесет секунди зад Пино. Томас започнал на Џиро д’Италија 2017 силно, завршувајќи трет на четвртата етапа и бил втор во текот на првата недела во генералниот пласман. Меѓутоа, на деветтата етапа, кога групата се приближила до последното искачување, Вилко Келдерман од Тим Санвеб се судрил со полициски мотор кој бил паркиран на страна од патот. Ова предизвикало да отиде десно во возачите на Скај, кои биле наредени еден позади друг, што предизвикало и самите да паднат. Рамото на Томас било изместено, но успеал да ја заврши етапата, паѓајќи на 17. место во генералниот пласман, пет минути и 14 секунди зад Наиро Кинтана.[106] По денот за одмор, Томас се опоравил да заврши втор зад Том Димулен на десеттата етапа, поединечен хронометар од 39,8 километри, враќајќи се на 11. место.[107] Меѓутоа, откако изгубил уште време на следните две етапи, Томас се повлекол од трката.[108]

На Тур де Франс, Томас ја освоил воведната етапа, поединечен хронометар од 13,7 километри, со што станал прв Велшанец кој ја облекол жолтата маичка. Ја имал жолтата маичка до петтата етапа, кога завршил втор во генералниот пласман зад колегата Крис Фрум откако завршил десетти на Ла Планш де Бел Фил. Томас паднал на трката при спуст на деветтата етапа и ја скршил клучната коска.[109]

2018

Thumb
Томас (лево) ја носи жолтата маичка на деветнаесеттата етапа на Тур де Франс 2018

Томас ја започнал сезоната 2018 во февруари на Волта ао Алгарве, каде го освоил поединечниот хронометар во должина од 20,3 километри на третата етапа и го зголемил водството на трката.[110] Меѓутоа, победата му побегнала кога на последната етапа се одвоило бегство од 31 возач во воведните километри, вклучувајќи го второпласираниот возач и негов колега Михал Квјатковски. Квјатковски ја освоил етапата и победил на трката со 1 минута и 31 секунда пред Томас.[111] Во март, Томас повторно имал пех додека предводел на Тирено-Адријатико, кога на четвртата етапа имал механички проблем 1,5 километри пред врвот на последното искачување и изгубил 34 секунди и сината водечка маичка.[112] На крајот, завршил трет зад колегата Квјатковски и Дамијано Карузо од Ванти-Груп Гобер.[113] Во април, Томас се вратил на Париз-Рубе, но ја напуштил трката по падот на воведните делници со калдрма на трката.[114]

Во јуни, Томас го предводел Тим Скај на Критериум ди Дофине 2018 во отсуство на Крис Фрум, кој победил на Џиро д’Италија една недела претходно.[115] Томас паднал на воведниот пролог и завршил 20 секунди зад Квјатковски, кој ја освоил етапата.[116] Тим Скај го освоиле екипниот хронометар на третата етапа и Томас се искачил на четвртото место.[117] Томас го презел водството на трката откако завршил втор на петтата етапа[118] и го зголемил водството пред Адам Јејтс на 1 минута и 29 секунди на следната етапа.[119] И покрај тоа што морал да ја брка главната група двапати по две дупнати гуми на последната етапа, Томас ја освоил трката пред Јејтс и Ромен Барде (АГ2Р-Ла Мондијал).[120]

Во јули, Томас настапил на Тур де Франс 2018 како помошник возејќи за предводникот на екипата Тим Скај, Фрум,[121] кој одел за рекордна петта победа на Тур де Франс, иако Томас бил еден од врвните фаворити кој можел да се бори за крајна победа. Падот на Фрум на првата етапа довела да изгуби време во однос на Томас и Тим Скај завршила втора зад Ванти-Груп Гобер на хронометарот на втората етапа.[122] Откако избегнал падови и механички проблеми како многумина други кандидати за генералниот пласман во првата седмица, Томас бил прв на трката за време на алпските етапи, само 43 секунди зад предводникот Грег ван Авермат, додека Фрум се наоѓал на осмото место.[123] Со тоа започнале шпекулациите за предводник на екипата, иако самиот Томас дипломатски ги одбегнувал прашањата за тоа: „Мислам дека е рано да се зборува за тоа.“ „Можеби ако сум уште добар по Алп д’Ез (на етапата 12), ќе биде различно. Но, немавме вистинско качување досега.“[124]

На единаесеттата етапа, со стрмно завршно искачување, Томас нападнал од групата на фаворити, вклучувајќи го Фрум, 6 километри од целта и го достигнал Том Димулен (Тим Санвеб), кој нападнал на претпоследното искачување на етапата. Томас нападнал повторно во завршниот километар за да се оддалечи од Димулен и го поминал осамениот возач од бегството, Микел Ниеве (Мичелтон-Скот) пред целната линија, освојувајќи ја етапата и водечката жолта маичка.[125] Следниот ден, Томас ја освоил етапата 12 во спринтерска завршница на Алп д’Иез пред Димулен и Фрум, кои биле можни победници на трката во Париз.[126] Со оваа победа станал прв возач во жолта маичка кој ја освоил етапата на Алп д’Ез и прв британски победник на Алп д’Ез на Тур де Франс.

На етапата 17, прва од трите етапи на Пиринеите, етапа во должина од 65 километри, Томас го зголемил своето водство каде завршил трет зад етапниот победник Наиро Кинтана од Мовистар Тим. Фрум имал проблеми уште на почетокот на врвот и паднал на третото место во генералниот пласман, 2:31 зад Томас. Димулен се преместил на второто место, 1:59 зад предводникот.[127] На планинската етапа 19, Примож Роглич од Лото НЛ-Џамбо нападнал на завршното искачување и сам стигнал до целта 19 секунди пред групата на фаворити. Томас успеал да го консолидира своето место во жолтата маичка собирајќи уште шест бонус секунди во спринтот, зголемувајќи го водството пред Димулен на 2 минути и 5 секунди.[128] Претпоследната етапа била хронометар во должина од 31 километар, Димулен ја освоил етапата, една секунда пред Фрум. Томас имал незгоден момент кога му се заглавило задното тркало, но успешно го завршил хронометарот, завршувајќи четиринаесет секунди зад Димулен, носејќи водство од 1 минута и 51 секунда во завршната етапа.[129] Го одржал водството до Париз и станал само трет британски, прв британски возач роден во Британија и прв велшки велосипедист кој го освоил Тур де Франс.[130][131][132]

Thumb
Томас на Трката околу Британија 2018

На 9 август, Томас учествувал на настанот за добре дојде во Кардиф, организиран во негова чест, појавувајќи се пред 3.000 луѓе, каде бил пречекан од премиерот на Велс, Карвин Џонс.[133] Во септември 2018 година, Националниот велодром Велс во Њупорт бил официјално преименуван во Национален велодром „Герајнт Томас“: Томас присуствувал на церемонијата на преименување по првата етапа на Трката околу Британија, која завршила во градот.[134]

Во декември, Томас бил именуван за спортист на годината од ББС Велс по вторпат,[135] пред да ја освои главната награда спортист на годината од ББС.[136] Бил назначен за офицер на Редот на Британската Империја (OBE) во новогодишните прогласувања 2019 за заслуги во велосипедизмот.[137]

2019

Откако ја прославил неговата победа на Тур 2018, Томас бил самоуверен на почетокот на сезоната 2019.[138] Негов единствен забележителен резултат пред Тур било третото место во генералниот пласман на Тур де Романди на почетокот на мај.[139]

Во јуни, Томас ја напуштил Тур де Свис по пад, за кој му требало време на опоравување, што ја ставило неговата можност да настапи на Тур.[140] Неговиот колега од Инеос, Еган Бернал бил спремен да ја освои трката. Томас и Бернал биле именувани како заеднички предводници за Тур де Франс 2019, откако Крис Фрум не можел да настапи на трката откако имал сериозен пад на Критериум ди Дофине[141] иако некои од медиумите очекувале борба помеѓу двајцата.[142][143] Бернал бил планиран да го предводи составот на екипата на Џиро, но ја пропуштил трката поради скршена клучна коска.[144] Негови поважни победи во сезоната пред Тур биле етапната трка Париз-Ница пред неговата повреда и Тур де Свис по неговото враќање.

На втората етапа, Тим Инеос завршил втор зад Џамбо-Висма во екипниот хронометар.[145] На третата етапа, возачот на Декојнинк-Квик Степ Жилијан Алафилип отпочнал соло-напад на 16 километри до целта на завршното искачување, Кот де Митињи од трета категорија, достигнувајќи го и поминувајќи го остатокот од бегството за победа на етапа и за освојување на жолтата маичка.[146] Десеттата етапа била на релативно рамен терен.[147] На 30 километри до целта се поделила главната група откако Тим Инеос и други го презеле челото и ја поделиле групата при силни накрсни ветришта. Ова се покажало одлучувачки, откако неколку фаворити останале позади, вклучувајќи ги Тибо Пино, Ричи Порт, Ригоберто Уран, Јакоб Фуглсанг и Микел Ланда, изгубиле време во однос на групата напред. Томас, Бернал, Алафилип ја одржале нивната позиција на чело на трката меѓу намалената група.[148] До првиот ден за одмор, генералниот пласман бил предводен од Алафилип, кој имал водство од 1' 12" во однос на Томас, зад кој бил Бернал на третото место, само 4" од Томас.[149]

Thumb
Томас го преводи колегата од Тим Инеос, Еган Бернал, кој на крај го освоил Тур 2019

На тринаесеттата етапа, поединечен хронометар до По, Алафилип ја освоил победата за да го зголеми водството, со време од 35' 00" на растојание од 27,2 километри, постигнувајќи победа на денот кога се очекувало да изгуби време во однос на возачи како Томас,[150] кој завршил на второто место, четиринаесет секунди зад него.[151] На етапата 14, последниот од членовите на бегството биле достигнати од водечката група со фаворити за генералниот пласман на 10 километри пред целта на врвот на Кол ди Турмале, кое било од екстра категорија. На 1 километар до целта, Томас се одвоил од водечката група составена од Алафилип, Емануел Бухман, Пино, Бернал, Ланда и Стевен Краусвејк. Пино нападнал во последните 250 метри и се одржал до целта на врвот.[152] На завршната етапа во Пиринеите, Сајмон Јејтс ја освоил својата втора етапа на трката од намаленото бегство од шестмина на врвот на искачувањето од прва категорија Прат д’Албис на растојание од 11,8 километри. Пино ја нападнал групата на фаворити од генералниот пласман на 6 километри до целта, а Ланд бил зад него со 33 секунди, напредувајќи на четвртото место во генералниот пласман. Двоецот Бернал и Бухман дошле за 33 секунди, следени од последните возачи во бегството и потоа групата на фаворити, предводена од Томас, која завршила 1' 22" зад Јејтс.[153] Следниот ден бил вториот ден за одмор на Тур.[154] Дотогаш, предводникот на трката Алафилип ги надминувал очекувањата, со предност од 1' 35" пред Томас.[155][156] Краусвејк бил трет со доцнење од 1' 47", а потоа следеле Пино, Бернал и Бухман, соодветно.

Етапата 18, прва на Алпите, била предводена од возачи во бегството на искачувањата на етапата, како што биле Кол де Вар од прва категорија и Кол д’Изоар и Кол ди Галибје од екстра категорија. На 2 километри до Галибје, Бернал нападнал од групата на фаворити за генералниот пласман во која биле Алафилип и Томас, со што Бернал успеал да врати половина минута во однос на неговата соперници на целта и да дојде до второто место во генералниот пласман.[157] Околу 40 километри од етапата 19, Пино, кој бил петти во генералниот пласман, ја напуштил трката поради повреда на мускул на ногата.[158] На чело на трката во завршните километри на планираното претпоследно искачување, Кол д’Изеран од екстра категорија, Бернал нападнал од групата на фаворити, достигнувајќи ги и претекнувајќи ги последните возачи од бегството на врвот. Алафилип отпаднал по нападот на Бернал и бил две минути зад него на врвот. На спустот, трката била неутрализирана поради врнежи од град кои предизвикале мраз и лизгање на земјиштето со што се блокирала патеката до последното искачување во Тињ,[159][160] особено калта на подножјето на спустот пред Вал д’Изер. Времињата за генералниот пласман биле земени на врвот на Изеран, додека етапна победа и најборбен возач на денот не биле доделени.[161] Поради тоа, Бернал, кој бил втор во генералниот пласман,[157] се искачил пред Алафилип и ја презел жолтата маичка.[159] Етапата била скратена од 126,5 километри на 89 километри.[154][162] Суровото време исто така предизвикало претпоследната етапа да биде скратена пред да започне,[163] од 130 километри на 59,5 километри,[154][164] прескокнувајќи го Корме де Росленд од прва категорија и Кот де Лонжфоа од втора категорија, со што единствено искачување останало Вал Торен од екстра категорија на самиот крај.[163] Група од 29 возачи направиле водство од две и пол минути пред главната група, пред да се намалат на само шест на подножјето на искачувањето Вал Торен. На 12 километри до целта, Нибали нападнал од оваа група и сам отишол до победа, десет секунди пред оние кои се впуштиле во потера, Ланда и Алехандро Валверде. Близу зад нив, Бернал и Томас ги предводеле другите фаворити за генералниот пласман Уран, Бухман и Краусвејк. Алафилип отпаднал повторно, губејќи три минути зад Бернал со што паднал од второто на петтото место.[165] Томас ја завршил трката на второто место, 1' 11" зад Бернал.

2020

Откако годината била нарушена од пандемијата на КОВИД-19, Томас не возел на Тур де Франс, што било заедничко одлучено со неговата екипа, и наместо тоа се насочил на Џиро д’Италија.[166] Настапил на Тирено-Адријатико во септември, пред Џирото следниот месец.[167] Завршил втор зад сонародникот Сајмон Јејтс на петтата етапа, која завршила на скијачкиот центар Засотето; на крајот трката ја завршил на второто место, зад Јејтс.[168][169] Помеѓу Тирено-Адријатико и Џиро, Томас го имал својот прв настап на хронометарот на Светското друмско првенство, каде завршил на четвртото место.[170] При пад на третата етапа на Џиро ја скршил својата карлица,[171] со што ја завршил својата сезона. Трката на крај била освоена од неговиот помошник, сонародникот и колегата Тео Гејган Харт.[172]

2021

На Волта а Каталуња, Томас завршил трет, зад колегите од Инеос Гренадиерс, Адам Јејтс и Ричи Порт.[173] Потоа ја освоил Тур де Романди на завршниот ден, поминувајќи го Мајкл Вудс,[174] пред да заврши трет на Критериум ди Дофине 2021,[175] освојувајќи ја петтата етапа.[176] Во текот на Тур де Франс тој, заедно со многу други возачи, бил вклучен во падови и го следела лоша среќа во првата седмица од трката.[177] Го завршил Тур, завршувајќи на 41. место на крајот додека возел како поддршка за Ричард Карапас,[178] кој го зазел последното место на подиумот.[179]

2022

На Тур де Свис бил дел од составот на Инеос Гренадиерс во кој биле Адам Јејтс, Даниел Мартинес и Том Пидкок.[180] Откако добил бонус секунди на третата етапа,[181] го бркал предводникот на трката Александар Власов за седум секунди по петтата етапа.[182] По позитивниот тест на КОВИД-19 на Власов пред шестата етапа, Томас се поместил на второто место во генералниот пласман, една секунда зад Јакоб Фуглсанг.[183] Обајцата биле поминати од Серхио Игита на седмата етапа, со што Игита бил пред Томас за две секунди пред завршниот поединечен хронометар во Лихтенштајн.[184] Томас завршил втор на етапата зад Ремко Евенепул, додека Игита завршил со доцнење од над една минута, поради што Томас ја освоил крајната победа.[185] Ова било четврта победа на различна поважна етапна трка и негов десетти подиум на такви трки, осум од нив откако наполнил 30 години. Негови претходно победи се Париз-Ница, Тур де Романди и Критериум ди Дофине. Томас завршил втор во генералниот пласман на Тур де Свис 2015.

Тур де Франс 2022 било 12. издание на кое Томас возел. Настапил на трката заедно со колегите Адам Јејтс, Даниел Мартинес и Том Пидкок, при што ниеден од нив не бил фаворит. Томас се покажал како најсилен возач на трката, изземајќи ги Јонас Вингегор и Тадеј Погачар, и до Пиринеите бил единствен возач кој останал во забележливо растојание на двајцата. Помеѓу Алпите и Пиринеите имало озборување дека Погачар барал сојуз со Томас, на кое Томас одговорил дека тие никогаш не зборувале ноќта пред етапите за да договараат тактика, туку што се случи на трката, се случи.[186] Во третата седмица на крајот се оддалечил од двајцата главни фаворити, додека бил напред пред остатокот од главната група на Пиринеите. Возел доволно добро да заврши на подиум на Тур по третпат во неговата кариера. Неговиот силен резултат при завршниот хронометар го направило единствен возач кој завршил во рамки на десет минути зад Вингегор и Погачар и го обезбедил своето место на подиумот.[187]

На Игрите на Комонвелтот 2022 освоил бронзен медал за Велс на хронометарот, и покрај тоа што имал пад што го чинело скоро половина минута.[188]

Личен живот

Томас ја запознал својата жена, Сара Елен Томас, преку заеднички познаник.[189] Двојката престојува во Монако и се венчале во Велс,[190] во италијанска вила што ја купиле во октомври 2015 година. Герајнт и Сара уште го поседуваат имотот и издаваат како место за свадби.[191] Двојката има син, чие раѓање било објавено на 4 октомври 2019 година.[192] Томас навива за ФК Арсенал[193]

Достигнувања

Друмски велосипедизам

2003
1. Курне-Брисел-Курне за јуниори
3. Национално јуниорско друмско првенство
2004
1. Велшко национално друмско првенство
1. Париз-Рубе за јуниори
1. Етапа 1 Ахт ван Бладел
2. Краен пласман Трка околу Велс за јуниори
5. Класик Фландрија-Европа
2005
1. Велшко национално друмско првенство
2006
1. Краен пласман Флеш ди Сид
1. Бодовен пласман
1. Пласман за млад возач
1. Етапа 2
1. Смитфилд Ноктурн
3. Национално друмско првенство
2009
5. Копа Берноки
6. Краен пласман Трка околу Британија
2010
Национални првенства
1. Друмска трка
3. Хронометар
1. Етапа 1 (ТТТ) Трка околу Катар
2011
1. Краен пласман Трка околу Баварија
1. Бодовен пласман Трка околу Британија
2. Национално друмско првенство
2. Дварс дор Вландерен
6. Класика Сарда
10. Трка околу Фландрија
Тур де Франс
Награда за борбеност на етапата 12
2012
1. Пролог Тур де Романди
2013
2. Краен пласман Трка околу Баварија
3. Краен пласман Тур Даун Андер
1. Спринтерски пласман
Награда за најборбен возач на етапата 6
1. Етапа 2
3. Светско друмско првенство - екипен хронометар
4. Омлоп Хет Ниувсблад
4. Е3 Харелбеке
10. Краен пласман Трка околу Катар
2014
Комонвелтски игри
1. Друмска трка
3. Хронометар
1. Краен пласман Трка околу Баварија
1. Етапа 4 (ITT)
2. Национално хронометарско првенство
3. Е3 Харелбеке
6. Краен пласман Енеко Тур
7. Париз-Рубе
8. Краен пласман Тур Даун Андер
8. Трка околу Фландрија
2015
1. Краен пласман Волта ао Алгарве
1. Бодовен пласман
1. Етапа 2
1. Е3 Харелбеке
1. Етапа 1 (ТТТ) Тур де Романди
2. Краен пласман Тур де Свис
3. Гент-Вевелгем
5. Краен пласман Париз-Ница
2016
1. Краен пласман Париз-Ница
1. Краен пласман Волта ао Алгарве
9. Олимписки хронометар
2017
1. Краен пласман Трка на Алпите
1. Етапа 3
1. Етапа 1 (ITT) Тур де Франс
3. Светско првенство во екипен хронометар
5. Краен пласман Тирено-Адријатико
1. Етапа 2
7. Краен пласман Трка околу Британија
2018
1. Национално хронометарско првенство
1. Краен пласман Тур де Франс
1. Етапа 11
1. Етапа 12
1. Краен пласман Критериум ди Дофине
1. Етапа 3 (ТТТ)
2. Краен пласман Волта ао Алгарве
1. Етапа 3 (ITT)
3. Краен пласман Тирено-Адријатико
4. Светска турнеја
2019
2. Краен пласман Тур де Франс
3. Краен пласман Тур де Романди
2020
2. Краен пласман Тирено-Адријатико
4. Светско хронометарско првенство
2021
1. Краен пласман Тур де Романди
3. Краен пласман Критериум ди Дофине
1. Етапа 5
3. Краен пласман Волта а Каталуња
2022
1. Краен пласман Тур де Свис
3. Краен пласман Тур де Франс
Комонвелтски игри
3. Хронометар
8. Друмска трка

Распоред на резултатите

Повеќе информации Распоред на резултатите на големите трки, Голема трка ...
Распоред на резултатите на големите трки
Голема трка 2007 2008 2009 2010 2011 2012 2013 2014 2015 2016 2017 2018 2019 2020 2021 2022
Џиро 118 80 СО СО
Тур 140 67 31 140 22 15 15 СО 1 2 41 3
Вуелта 69
Распоред на резултатите на поважните етапни трки
Етапна трка 2007 2008 2009 2010 2011 2012 2013 2014 2015 2016 2017 2018 2019 2020 2021 2022
Париз-Ница 86 83 СО СО 5 1
Тирено-Адријатико 121 5 3 СО 2 24
Волта а Каталуња СО 34 НСО 3
Трка околу Баскија 40 39
Тур де Романди 88 СО 87 51 33 3 1 19
Критериум ди Дофине 21 СО 15 46 1 37 3
Тур де Свис 2 17 СО НСО 1
Затвори

СО = се откажал; — = не учествувал; НСО = не се одржала

Распоред на резултатите на класиците

Повеќе информации Монумент, Милано-Санремо ...
Монумент 2009 2010 2011 2012 2013 2014 2015 2016 2017 2018 2019 2020 2021 2022
Милано-Санремо 60 СО СО 31 169
Трка околу Фландрија 33 10 41 8 14 12
Париз-Рубе 64 СО 79 7 СО СО НСО
Лиеж-Бастоњ-Лиеж 56 43
Џиро ди Ломбардија не настапил во текот на неговата кариера
Класик 2009 2010 2011 2012 2013 2014 2015 2016 2017 2018 2019 2020 2021 2022
Омлоп Хет Ниусблад 4
Страде Бјанке СО 12
Дварс дор Вландерен 32 2 19 НСО
Е3 Харелбеке 50 4 3 1
Гент-Вевелгем СО 124 112 3
Затвори

СО = се откажал; — = не учествувал; НСО = не се одржала

Распоред на резултатите на првенствата

Повеќе информации Настан, Олимписки игри ...
Настан 2005 2006 2007 2008 2009 2010 2011 2012 2013 2014 2015 2016 2017 2018 2019 2020 2021 2022
Олимписки игри Хронометар не се одржал не се одржал не се одржал 9 не се одржал 12 не се одржал
Друмска трка 11 СО
Светски првенства Хронометар 4
Друмска трка СО СО 81 СО СО СО СО
Национални првенства Хронометар 3 2 1
Друмска трка 12 3 1 2 8
Затвори

— = не учествувал; СО = се откажал

Велодромски велосипедизам

2004
1. Светско јуниорско првенство - скреч
2. Европско јуниорско првенство - бодовна трка
2005
Национални првенства
1. Скреч
1. Екипна потера
UIV Талент Куп
1. Медисон (со Марк Кевендиш) – Бремен
1. Медисон (со Бен Свифт) – Дортмунд
2006
Европски првенства
1. Екипна потера
2. Скреч
Светски куп класици
1. Екипна потера, Москва
3. Екипна потера, Сиднеј
3. Медисон (со Марк Кевендиш), Сиднеј
2. Светско првенство - екипна потера
2. Национално првенства - екипна потера
3. Комонвелтски игри - бодовна трка
2007
1. Светско првенство - екипна потера
Светски куп класици
1. Екипна потера, Пекинг
2. Медисон (со Роб Хејлс), Манчестер
2008
1. Олимписки игри - екипна потера
1. Светско првенство - екипна потера
Светски куп класици
1. Екипна потера, Копенхаген
1. Екипна потера, Манчестер
2009
Светски куп класици
1. Поединечна потера, Манчестер
1. Екипна потера, Манчестер
Национални првенства
1. Поединечна потера
2. Медисон (со Лук Роу)
2010
3. Национални првенства - скреч
2011
1. Европски првенства - екипна потера
Светски куп класици
1. Екипна потера, Манчестер
2. Поединечна потера, Манчестер
2012
1. Олимписки игри - екипна потера
Светски првенства
1. Екипна потера
2. Медисон (со Бен Свифт)
2. Светски куп - екипна потера, Лондон

Светски рекорди

Повеќе информации Дисциплина, Рекорд ...
Дисциплина Рекорд Датум Настан Велодром Заб.
Екипна потера 3:56,322 27 март 2008 Светско првенство Манчестер [194]
3:55,202 17 август 2008 Олимписки игри Лаошан (Пекинг) [195]
3:53,314 18 август 2008 [195]
3:53,295 4 април 2012 Светско првенство Мелбурн [51]
3:52,499 2 август 2012 Олимписки игри Лондон [196]
3:51,659 3 август 2012 [197]
Затвори

Награди и почести

ББС спортист на годината 2018[198]
ББС Велс спортист на годината 2014, 2018

Литература

  • Томас, Герајнт (2015). Светот на велосипедизмот според Г („The World of Cycling According to G“). Лондон: Хачет. ISBN 978-1-7842-9639-1.

Наводи

Надворешни врски

Wikiwand in your browser!

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.

Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.