Remove ads
англиски фудбалски клуб From Wikipedia, the free encyclopedia
ФК Арсенал (англиски: Arsenal F.C.) е англиски професионален фудбалски клуб од Холовеј, Северен Лондон. Тимот игра во Англиската Премиер Лига и е еден од најуспешните во англискиот фудбал, со освоени 10 трофеи во Англиска Прва Дивизија, 3 во Англиската Премиер Лига и 12 ФА Купови. Исто така клубот важи за еден од најдобрите во светот.
Арсенал | ||||
---|---|---|---|---|
Целосно име | Фудбалски клуб Арсенал | |||
Држава | Англија | |||
Прекар | Топџии | |||
Основан | октомври 1886 како Дајл Сквер | |||
Бои | црвена и бела | |||
Стадион | Емирати, Лондон, Англија | |||
Капацитет | 60,260 | |||
Претседател | Стен Кронке | |||
Менаџер | Микел Артета | |||
Лига | Премиер лига | |||
2018–19 | Премиер лига, 5. место | |||
Мреж. место | Официјално мрежно место | |||
| ||||
Тековна сезона |
Основан е во 1886 година во Вулич, југоисточен Лондон од страна на работници во Кралскиот Арсенал. Својот прв голем трофеј го освоиле во 30те, а тој трофеј го проследиле со освојување уште 5 прволигашки титули и 2 ФА Купови. Во повоениот период Арсенал стана втор клуб во Англија кој освоил Двојна Круна. Тоа го направил во сезоната 1970-71. Оттогаш Арсенал станал еден од најуспешните клубови во Англија, освојувајќи уште две Двојни Круни, Премиер Лигата 2003-04 без пораз (втор клуб кој успеал да направи вакво нешто, прв во Премиер Лигата) а во 2005-06 стана првиот лондонски клуб кој стигнал до финалето на Лигата на Шампиони.
Клубот од своето основање игра со црвено-бели дресови, кои со текот на годините го имаат променето единствено дизајнот. Арсенал се има преселено, од Вулич каде што бил основан, на стадионот Арсенал во Хајбери Северен Лондон во 1913. Во 2006 клубот повторно се пресели, овојпат 500 метри на запад на новиот Стадион Емирати во Холовеј.
Арсенал имаат голем број навивачи, во Лондон но и во остатокот од Велика Британија и светот. Клубот има и долги соперништва со неколку клубови од Англија. Меѓу најдолгите е она со локалниот соперник Тотенхем Хотспар. Меѓу двата клуба редовно се одигрува познатото Северното Лондонско Дерби. Арсенал е еден од најбогатите клубови во Англија, со проценета вредност од околу 600 милиони фунти во 2007.
Арсенал е основан под името Дајл Сквер во 1886 од работници во Кралскиот арсенал во Вулич, но набрзо бил преименуван во Кралски Арсенал. Тимот повторно го променил името во Вулич Арсенал, кога се здобил со професионален статус во 1891. Клубот влегол во Фудбалската Лига во 1893, почнувајќи во Втората Дивизија, а се изборил и за влез во Првата Дивизија во 1904. Сепак географската изолација резултирала со помала посетеност на натпреварите споредено со другите клубови што довело до сериозни финансиски проблеми и прогласување на банкрот во 1910, кога клубот бил купен од Хенри Норис.[1] Норис имал намера да го пресели клубот, па во 1913 година, по испаѓањето од Првата Дивизија, Арсенал се преселил на новиот стадион Арсенал во Хајбери, Северен Лондон; „Вулич“ бил отфрлен од името следната година.[2] Арсенал завршиле на петто место во 1919, но сепак им била дадена дозвола да се приклучат на Првата Дивизија (која била проширена за две нови места) на сметка на локалните соперници Тотенхем Хотспур. Фактот дека Арсенал нема испаднато оттогаш е доказ дека е клуб кој има континуитет, а не само повремени добри серии.
Во 1925 година, Арсенал го поставиле Херберт Чепман за менаџер. Чепман веќе ја имал освоено лигата двапати со Хадерсфилд Таун во 1923-24 и 1924-25, па со искуството кое го имал го донел првиот период на големи успеси за клубот. Неговите револуционерни тактики и тренинг политиката, заедно со потпишувањето на ѕвезди како Алекс Џејмс и Клиф Бастин, биле темел за доминацијата во англискиот фудбал во триесеттите. Под негово водство Арсенал ги освоиле своите први големи трофеи - ФА Купот во 1929-30 и две титули во Првата Дивизија, во 1930-31 и 1932-33. Чепман исто така бил одговорен за преименувањето на локалната станица од подземната железница од „Гилеспи Роуд“ во „Арсенал“, со што станала единствена станица именувана по фудбалски клуб.[3]
Чепман умрел ненадејно од пневмонија во почетокот на 1934 но Џо Шо и Џорџ Алисон продолжиле со добрата работа која тој ја започнал. Под нивно водство Арсенал освоиле уште три титули во 1933-34, 1934-35 и 1937-38 и еден трофеј во ФА Купот во 1935-36, но формата на тимот почнала да опаѓа до крајот на деценијата кога натпреварувањата во англискиот професионален фудбал биле прекинати поради Втората светска војна.
По војната, под водство на наследникот на Алисон Том Витакер, Арсенал поминал низ втор период на успеси, освојувајќи ја лигата во 1947-48 и 1952-53 и ФА Купот 1949-50. Сепак, среќата ги напуштила; откако тимот не успеал да привлече играчи од ист калибар коко тие во 30те, ги поминале 50те и 60те без ниту еден трофеј. Дури и назначувањето на поранешниот англиски капитен Били Рајт за менаџер, меѓу 1962 и 1966, не му донело на клубот некој позначаен успех.
Арсенал почнал да освојува пехари повторно по изненадувачкото назначување на клупскиот физиотерапевт Берти Ми за менаџер во 1966. По губење на две финалиња во Лига Купот, го освоиле Купот на Саемски Градови (претходник на денешниот Куп на УЕФА), нивниот прв европски трофеј, во 1969-70. Следната сезона, 1970-71, имале уште поголем триумф: ја освоиле нивната прва Двојна Круна. Сепак, тимот кој ја освоил Двојната Круна бил растурен и следната деценија била одбележана со настапи во кои тимот „за малку“ не освојувал трофеј. Завршиле на второто место во лигата во 1972-73, изгубиле во три финалиња на ФА Купот, во 1971-72, 1977-78 и 1979-80, и изгубиле на пенали во финалето на Купот на Победниците на Куповите. Единствениот успех на клубот во овој период била победата во финалето на ФА Купот во 1978-79, со 3:2 во последните минути од натпреварот над Манчестер Јунајтед, натпревар кој се смета за класика.[4]
Доаѓањето на поранешнито играч, Џорџ Греам на менџерската позиција во 1986 довело до трет период на слава. Арсенал го освоил Лига Купот во сезоната 1986-87, уште во првата сезона под водство на Греам. По ова тимот ја освоил лигата во 1988-89, освоена со гол во последната минута од последниот натпревар против директниот конкурент за титулата Ливерпул. Под водство на Греам Арсенал освоиле уште една титула во 1990-91, со само еден пораз, двата купови во 1992-93 и втор европски трофеј, Купот на Победниците на Куповите, во 1993-94. Но репутацијата на Греам била оцрнета откако се дознало дека примал мито од агентот Руне Хауге за потпишување на одредени играчи.[5] и бил отпуштен во 1995. Неговата замена Брус Риох бил на позицијата само една сезона, по што си заминал поради кавга со управниот одбор.[6]
Успесите на клубот во доцните 1990-тите и во почетокот на новиот век се должи на назначувањето на Арсен Венгер за менаџер во 1996 година. Арсен Венгер е првиот менaџер во историjата, кој не бил од Обединетото Кралство. Венгер донесе нови тактики, нов тренинг режим и неколку странски играчи кои го надополнија англискиот талент во клубот. Арсенал освои втора Двојна Круна 1997-98 и трета во 2001-02. Клубот исто така стигна и до финалето на Купот на УЕФА во 1999-00, но изгуби на пенали од Галатасарај. Го освои ФА Купот во 2002-03 и 2004-05 и Премиер Лигата во 2003-04 без ниту еден пораз, со што тимот се здоби со прекарот „Непобедливи“;[7] серија која продолжи до 49 натпревари без пораз, рекорд во англискиот фудбал.
Арсенал завршил како прв или втор во лигата во осум од единаесетте сезони под водство на Венгер.[8] Тие се еден од четирите клубови (заедно со Манчестер Јунајтед,Блекбурн Роверс и Челси) кои ја освоиле Премиер Лигата од нејзиното формирање во 1993, но не успеале да ја одбранат ниту еднаш.[9] До неодамна, Арсенал немаа поминато подалеку од четврт-финалето на Лигата на Шампионите; но во 2005-06, стигнаа до финалето, со што станаа првиот лондонски клуб на кој му успеало тоа во педесетгодишната историја на ова натпреварување, но изгубија со 2:1 од Ф.К. Барселона. Во јули 2006, клубот се пресели на новиот стадион Емирати, по 93 години на Хајбери.
Првиот грб на Кралскиот Арсенал, откриен во 1888, имал три топови гледани одозгора, насочени на север, слично како на грбот на Градската Општина Вулич.[10] Овој грб бил отфрлен по преселувањето на Хајбери во 1913. Во 1922 клубот го прифатил својот прв грб со само еден топ, на кој топот бил насочен на исток и прекарот на клубот - Топчии, напишан покрај него. Овој грб важел само до 1925 кога топот бил свртен на запад и му била дадена потенка цевка.[10] Во 1949 клубот го претставил новиот модернизиран грб, со истиот топ, името на клубот напишано со Готски фонт, грбот на Ајлингтон и свиток со новоприфатеното латинско мото Victoria Concordia Crescit (кое значи „Победата доаѓа од хармонија“), напишано од Хери Хомер, клупскиот програмски уредник.[10] За првпат грбот бил претставен со бои, кои се менувале по малку со тек на време, стигнувајќи до црвена, златна и жолта.
Поради бројните ревизии на грбот, не било можно да го патентираат, иако клубот успеал да го регистрираат како заштитена марка и воделе судски спор (кој го добиле) против локален уличен трговец кој продавал неофицијална стока од Арсенал.[11] Во потрага по подобра правна заштита во 2002 беше воведен новиот грб со модерни заоблени линии и поедноставен стил, кој можеше да се патентира.[12] Топот повторно беже свртен исток, името на клубот беше напишано со sans-serif фонт над него. Зелената беше заменета со темносина. Новиот грб беше лошо пречекан од некои навивачи. Асоцијацијата на Независни Навивачи на Арсенал тврдеше дека клубот ја игнорирал историјата и традицијата со радикалниот модерен дизајн и дека навивачите не биле соодветно консултирани околу тоа.[13]
| |||||||||
Оригиналниот домашен дрес на Арсенал. Тимот носеше сличен дрес (само со бордо чорапи) во сезоната 2005-06. |
Во најголем дел од историјата на клубот, домашните дресови биле светлоцрвени со бели ракави и бели шорцеви, иако дезенот се менувал. Изборот на црвената боја е во знак на признание на донацијата од Нотингем Форест, накусо по основањето на Арсенал во 1886. Двајца од основачите на Дајл Сквер, Фред Бердсли и Морис Бејтс биле поранешни играчи на Нотингем кои се преселиле во Вулич поради работа. Бидејќи тие го основале првиот клуб во околината, не можеле да најдат соодветни дресови, затоа Бердсли и Бејтс побарале помош од Форест и добиле комплет опрема и една топка. Дресовите биле темноцрвени, речиси бордо и биле носени со бели шорцеви и темносини чорапи.[14]
Во 1933 Херберт Чепман, кој сакал неговите играчи да бидат облечени поразлично и позабележително, го ревидирал дресот, додавајќи бели ракави и осветлувајќи ја црвената нијанса. Потеклото на белите ракави не е познато, но постојат две приказни за можната инспирација на Чепман. Едната е дека Чепман забележал навивач кој носел црвен елек над бела кошула; а другата е дека бил инспириран од аниматорот Том Вебстер, кој му бил голф партнер на Чепман.[15] Без разлика која верзија е точна, црвено-белиот дрес стана заштитен знак на Арсенал, и играчите го носат оттогаш, со исклучок на две сезони. Првата е 1966-67, кога тимот носел целосно црвени дресови.[14] Ова се покажало како непопуларно и белите ракави биле вратени следната сезона. Втората беше 2005-06, последната сезона која Арсенал ја играше на Хајбери, кога тимот носеше комеморативни темноцрвени дресови слични на оние кои биле носени во 1913, нивната прва сезона на стадионит. Клубот се врати на своите црвено-бели дресови на стартот на сезоната 2006-07.
Домашните дресови на Арсенал послужиле како инспирација за дресовите на уште најмалку три клуба. Во 1909 година Спарта Прага прифатиле темноцрвени дресови како тие на Арсенал од тоа време;[15] во 1938 Хиберниан го усвоиле дизајнот на дресовите на Арсенал (црвени со бели ракави) и го адаптирале со нивната зелено-бела комбинација.[16] Во 1930те, откако се вратил од натпревар на Хајбери, тренерот на Спортинг Клуб Брага го сменил зелениот дрес на неговиот клуб во идентична копија на оној од Арсенал, црвен со бели ракави и шорцеви, со што клубот го добил прекарот Os Arsenalistas.[17] Овие тимови сè уште ги користат истиве дресови.
Гостинските дресови на Арсенал традиционално биле жолто-сини, иако носеле зелено-тегет дрес меѓу 1982-1984.[18] Од 1990те гостинскиот дрес се менува редовно. Како по правило, обично гостинскиот дрес станува трет избор за следната сезона.[19] Главно, гостинскиот дрес е или со две нијанси на сина или варијација на традиционалните жолто-сини дресови, како на пример металик златно со тегет од 2001-02,[20] и жолто-сивиот дрес од 2005-06 и 2006-07. Сепак гостинскиот дрес за домашните натпревари на Арсенал претставуваат напуштање на традицијата, бели дресови со темноцрвени шорцеви и бели чорапи со темноцрвени прстени.[21] Третиот дрес на Арсенал за 2007-08 е со темноцрвени и темносини прстеним, и се наменети за користење во домашни натпревари каде и првиот и вториот дрес се слични со оние на противниците и како гостински дрес во европските натпревари.[22]
Поголемиот дел од времето минато во Јужен Лондон, Арсенал своите натпревари ги играл на Манор Граунд во Пламстед и три години во соседниот Инвикта Граунд помеѓу 1890 и 1893. Манор Граунд во основа бил само терен, но клубот наместил трибини за нивниот прв лигашки натпревар во септември 1893. Арсенал играл на овој терен следните дваесет години, сè до преселбата во Северен Лондон во 1913.
Стадионот Хајбери беше дом на Арсенал од септември 1913 до мај 2006. Оригиналниот стадион бил дизајниран од познатиот фудбалски архитект Арчибалд Лич, и имал сличен дизајн со многу стадиони во Велика Британија, со една покриена и три отворени трибини. Во триесеттите целиот стадион бил реновиран, со додавање на нова ар деко фасада на источната и западната трибина, и додавање на покрив на северната и јужната трибина. Во славните денови Хајбери можел да собере преку 60000 гледачи, и имал капацитет од 57000 сè до раните деведести. Промената на правилата и забраната за стоење на трибините придонесе капацитетот на Хајбери од сезоната 1993-94 да биде 38419.[23] За натпреварите од Лигата на Шампионите капацитетот дополнително мораше да биде намален поради рекламните паноа, па така Арсенал двете сезони, 1998-99 и 1999-00 ги играше европските натпревари на Вембли, кој собираше преку 70000 гледачи.
Проширувањето на Хајбери беше забрането бидејќи Источната Трибина била класифицирана како градба од втор степен (и со тоа заштитена како градба со културно значење) а другите три трибини беа премногу блиску до станбени објекти, чии сопственици се противеа на проширувањето. Овие ограничувања го спречија клубот да го зголемат приходот во последните сезони. По разгледување на неколку можности, во 1999 беше решено да се изгради нов стадион со капацитет од 60000 гледачи на Ешбартон Гроув (подоцна преименуван во Стадион Емирати), на околу 500 метри југозападно од Хајбери. Проектот беше одолговлекуван поради административни процедури и постојаното зголемување на трошоците, но беше завршен во јули 2006, на време за почетокот на новата сезона 2006-07. Стадионот е именуван по спонзорот, авио-компанијата Емирати, со која клубот го потпиша најголемиот спонзорски договор во историјата на англискиот фудбал, околу 100 милиони фунти;[24] сепак некои навивачи го викаат стадионот Ешбартон Гроув, бидејќи се противат на спонзорското именување на стадионот.[25] Стадионот официјално ќе се вика Емирати до 2012, и авио-компанијата ќе биде спонзор на дресовите на Арсенал до крајот на сезоната 2013-14.[24]
Теренот за тренинг на Арсенал се наоѓа во Шенли, Хертфордшајр, во специјално изградена установа која се отвори во 2000. Претходно клубот тренираше на терените на Студентскиот Сојуз од Лондонскиот Универзитет, односно на Хајбери сè до 1961.[26] На истото место своите натпревари ги играат и младинците на Арсенал, а резервниот состав ги игра натпреварите на Стадионот Андерхил, сопственост на Барнет ФК.
Арсенал има голем број на лојални навивачи. Секој натпревар на домашаен терен е распродаден. Во сезоната 2006-07 Арсенал имаа втора по големина просечна посетеност во англиската лига (60045, што претставува 99,8% од капацитетот на стадионот),[27] и четврта по големина просечна посетеност во историјата.[28] Навивачите на Арсенал себеси се нарекуваат Топчии. Местоположбата на клубот, во близина на богати области како Канонбери и Барнсбери, мешани населби како Ајлингтон, Камден, Холовеј и Хајбери и работнички населби како Финсбери Парк и Стоук Њувингтон, значи дека навивачите на Арсенал ги надминале вообичаените класни поделби. Исто така клубот има најголем расен диверзитет во англискиот фудбал, 7,7% од навивачите кои одат на натпреварите припаѓаат на други раси покрај белата.[29]
Како и сите големи англиски фудбалски клубови и Арсенал имаат голем број на домашни навивачки клубови, вклучувајќи го Официјалниот Фудбалски Навивачки Клуб на Арсенал кој има врски со клубот и Независната Асоцијација на Навивчи на Арсенал, која е независна од клубот.
Навивачите издаваат и навивачки магазини, како The Gooner, Highbury High, Gunflash, и не толку „интелигентниот“ Up the Arse. Покрај вообичаените англиски навивачки химни, навивачите на Арсенал пеат и „One-Nil to the Arsenal“-Еден-Нула за Арсенал (на мелодија на „Go West“), и „Boring, Boring Arsenal“-Досаден, досаден Арсенал која порано беше провокација од противничките навивачи, а сега се пее иронично кога тимот игра добро.[30]
Во последно време, врзувањето на навивач за клуб не зависи од географија. Арсенал има голем број на навивачи не само од Лондон, туку од цела Англија, а и од поголемиот дел од светот. Иако отсекогаш имало мали групи навивачи надвор од Англија, тој број драстично се зголеми со појавата на сателитска телевизија, и сега има бројни навивачки клубови во целиот свет. Извештајот на Гранада Венчерс од 2005, која тогаш имаше удел од 9,9% во клубот, го проценува бројот на навивачи на Арсенал на околу 27 милиони, трет по големина на светско ниво.[31]
Од 2006 година и во Македонија е регистриран навивачки клуб на Арсенал, под името Навивачки клуб Арсенал Македонија (Arsenal Macedonia Supporters Club). Целта на здружението, како и на сите нему слични во светот е организирано гледање на натпреварите на тимот, навивање, бодрење, дискусии, дружење итн.
Најдолгото и најголемо соперништво на Арсенал е со нивните најблиски соседи Тотенхем Хотспур, при што натпреварите меѓу овие два клуба се именувани како Северно Лондонско Дерби. Натпревари против другите лондонски клубови како ФК Челси и Вест Хем Јунајтед се исто така дербија, но соперништвото не е толку силно како она против Тотенхем. Покрај тоа Арсенал има соперништво, на терен, со Манчестер Јунајтед, од доцните осумдесетти наваму, кое се интензивираше од 1993 откога двата клуба директно се натпреваруваат за титулата во англиската Премиер Лига.[32]
Родителската компанија на Арсенал, Арсенал Холдингс АД работи како јавно акционерско друштво, но сопственоста на Арсенал е значително различна од онаа на другите фудбалски клубови. Издадени се само 62217 акции, со кои не се тргува на јавни туку само на специјализирани берзи. Заклучно со 18 февруари 2008, акција од Арсенал има средна цена од 8700 фунти, што значи дека пазарната вредност на клубот е околу 541,3 милиони фунти. Клубот има остварено оперативен профит (не вклучувајќи ги трансферите на играчи) од 51,2 милиони фунти заклучно со 31 мај 2007, од приход од 200,8 милиони.
Во март 2007, бизнис магазинот Форбс го рангираше Арсенал на трето место според вредноста на светско ниво зад Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, со вредност од 495 милиони фунти.[33] Сметководителната компанија Делоат го сместуваат Арсенал на петто место во нивната лига на најбогати клубови за 2008 - со промет од 177,6 милиони фунти клубот се искачи од деветтото место на кое се најде претходната сезона.[34]
Бордот на директори на Арсенал држат 45% од акциите; акционери со најголем процент во бордот се Дени Фижман (лондонски дилер на дијаманти) со 24,1% и Нина Брејсвел-Смит (сопруга на внукот на поранешниот директор Брејсвел Смит) со 15.9%. Ричард Кар кој исто така е на бордот има 4,4% а претседателот Питер Хил-Вуд има 0,8% од акциите. Останатите имаат незначителни делови.
Во последните неколку сезони, со купувањето на некои од големите англиски клубови, Челси ФК, Ливерпул ФК и Манчестер Јунајтед, од страна на странски инвеститори, и во Арсенал дојде до откупување на пакети акции. Американскиот спортски могул Стен Кронке, откупи 7584 акции, односно 12,2% од клубот, поголемиот дел од нив се откупени од Гранада Венчерс во април 2007.[35] Најголемиот пакет акции кои не се на член на бордот е во сопственост на Red & White Securities, која е во косопственост на рускиот билионер Алишер Усманов и лондонскиот финансиер Фарад Мошри. Пакет од 14,6% беше откупен во август 2007 од поранешниот заменик-претседател Дејвид Дејн, кој е сега претседател на Red & White,[36] и заклучно со февруари 2008 пакетот порасна на 24%.[37] Ова доведе до шпекулации за неизбежно преземање на раководството на клубот.[35][36] Но сепак бордот на Арсенал постигнаа договор според кој нема да продаваат акции на „несакани личности“ до април 2009, и дека доколку сакаат да ги продадат мора прво да ги понудат на другите членови на бордот до октомври 2012.[38]
Како еден од најуспешните тимови во Британија, Арсенал често се има појавувано кога се портретира фудбалот во британската култура, а и исто така се сретнува и во многу медиумски „почетоци“. На 22 јануари 1927, натпреварот против Шефилд Јунајтед кој се одиграл на Хајбери бил прв натпревар од Англиската Лига пренесуван во живо на радио.[39] Деценија подоцна, на 16 септември 1937, егзибицискииот натпревар меѓу првиот тим и резервите на Арсенал бил првиот фудбалски натпревар пренесуван во живо на телевизија.[40] Арсенал исто така се појавил и во првото издание на „Натпревар на Денот“ на BBC, каде што биле покажани најдобрите моменти од нивниот натпревар против Ливерпул ФК одигран на Енфилд на 22 август 1964.[41]
Арсенал исто така се појавува во првиот „фудбалски“ филм, Мистеријата на стадионот Хајбери (1939).[42] Дејството се случува околу пријателскиот натпревар помеѓу Арсенал и аматерски тим, чиј играч е отруен за време на натпреварот. Многу од тогашните играчи се појавиле на филмот, иако само менаџерот Џорџ Алисон имал реплики.
Во поново време, книгата Теренска треска на Ник Хорнби е автобиографска приказна за животот на Хорнби и неговата поврзаност со фудбалот, а особено со Арсенал. Книгата, издадена во 1992, можеби беше клучен дел од повторното заживување на фудбалот во британското општество во 1990те. Подоцна беше направен и филм според книгата, со Колин Фирт во главната улога. Филмот се однесува на титулата освоена во сезоната 1988-89. Книгата исто така беше инспирација за американски филм со ист наслов, за навивач на бејзбол тимот Бостон Ред Сокс.
Арсенал често беа стереотипно претставувани како дефанзивен и „здодевен“ тим, особено за време на 1970те и 1980те. Ова беше спомнато во филмот „The Full Monty“ од 1997, во сцената каде главните ликови се движат во линија и ги креваат рацете, со што намерно ја имитираат офсајд стапицата на Арсенал, во обид да се координираат за својот стриптиз настап.[43] Во филмот Планкет и Меклејн, има два ликови, Диксон и Винтербрн, именувани според долгогодишните бекови на Арсенал, десниот бек Ли Диксон и левиот Најџел Винтербрн.[43]
Клубот бил спомнат повеќепати во скечеви на Летечкиот Циркус на Монти Пајтон и во Автостоперски водич низ Галаксијата на Даглас Адамс, каде еден бармен вика дека Арсенал се „спаси“ со неизбежниот крај на светот. Во филмот Дванаесетмината на Оушн од 2004, главните ликови се маскираат во тренерки од Арсенал за да избегаат од хотел за време на нивната кражба во Амстердам.
Арсенал се има појавено и во музиката; Џо Страмер ја напиша песната Тони Адамс, посветена на тогашниот капитен на Арсенал, песната се појави на неговиот албум од 1999. Страмер исто така е познат по тоа што носи шал на Арсенал на своите настапи и покрај тоа што е навивач на Челси. Заедно со најголемите соперници Тотенхем, Арсенал се спомнати во песната „Коските на Били“ (Billy's Bones) на Поугс која се појавува на нивниот втор албум Рум, Содомија и Камшикот.
Женскиот фудбалски клуб Арсенал е клуб тесно поврзан со Арсенал и се натпреварува во англиската Женска Премиер Лига. Клубот е основан во 1987 година и стана полупрофесионален во 2002. Менаџер на тимот е Вик Ејкерс, кој е исто така има одговорности и во машкиот состав. Арсенал ЖФК е најуспешниот клуб во женскиот фудбал во Англија. Тие се моментални шампиони во Женската Премиер Лига и Женскиот Куп на УЕФА. Ги освоија двата трофеи во 2006-07, со што комплетираа досега невидени четири трофеи во една сезона, заедно со Женскиот ФА Куп и Женскиот Лига Куп. Составот има освоено вкупно 42 трофеи во 20 години постоење. Иако машкиот и женскиот состав се официјално одвоени, сепак постојат тесни врски. Еден од директорите на Арсенал ФК, Кит Еделман, е истовремено и претседател на Арсенал ЖФК , претходно на оваа позиција се наоѓаше Дејвид Дејн. Покрај тоа Арсенал ЖФК имаат право да одиграат еден натпревар на Емирати, а инаку своите домашни натпревари ги играат на теренот на Борем Вуд.
Во 1985 Арсенал основаа план за општествена помош наречена „Арсенал во заедницата“. Планот опфаќа спортски проекти, проекти за социјална интеграција, воспитни и добротворни пректи.[44] Клубот одржува голем број добротворни манифестации, а во 1992 го основа „Добротворнит Фонд на Арсенал“, кој има собрано преку 2 милиони фунти за локални добротворни организации.[45] Тим од познати личности и поранешни професионалци од клубот трчаат на добротворни маратони од 1991 за собирање пари за добри цели.[44]
Дејвид О’Лири го држи рекордот за најмногу настапи за Арсенал. Тој има изиграно 722 првотимски натпревари помеѓу 1975 и 1993. Неговиот колега од одбраната и поранешен капитен, Тони Адамс е на второ место со 669 настапи. Рекордот за голман е во сопственост на Дејвид Симан кој има 563 настапи.[46]
Тјери Анри е најдобар стрелец со 226 гола во сите натпреварувања меѓу 1999 и 2007, откако ги надмина 185те гола на Ијан Рајт, во октомври 2005.[47] Рекордот на Рајт важеше од септември 1997, со тие 185 гола Рајт го скрши претходниот рекорд на крилото Клиф Бастин од 178 гола кој важеше од 1939.[48] Анри исто така го држи и клупскиот рекорд за голови постигнати во Првата Лига - 147[47] — рекорд кој беше во сопственост на Бастин сè до февруари 2006.
Рекордна посетеност на натпревар на домашен терен за Арсенал изнесува 73707, на натпревар од Купот на УЕФА против Ленс на 25 ноември 1998 одигран на Вембли, каде што Арсенал порано ги играше своите европски натпревари поради ограниченоста на капацитетот на Хајбери. Рекордот за постеност на Хајбери е 73295, на натпревар против Сандерленд кој завршил 0-0 на 9 март 1935,[46] а на Емирати рекордната посетеност е 60161 за 2-2 против Манчестер Јунајтед на 3 ноември 2007.[49]
Арсенал држи повеќе рекорди во англискиот фудбал. Најзначителни се оние за најмногу последователни сезони поминати во највисоката лига (81 заклучно со 2007-08) и најдолга серија без пораз (49 од мај 2003 до октомври 2004).Во оваа низа спаѓаат сите 38 натпревари од шампионската сезона 2003-04 , со што Арсенал станаа вториот клуб кој освоил титула во највисоката лига без пораз покрај Престон Норт Енд (Престон играа само 22 натпревари) во сезоната 1888-89.[7]
Покрај тоа Арсенал имаат рекорд и во Лигата на Шампионите, поставен за време на сезоната 2005-06 од дест натпревари без примен гол, со што го подобрија претходниот рекорд на Милан од седум. Рекордот изнесува точно 995 минути; низата беше прекината во финалето против ФК Барселона кога Самуел Ето го постигна израмнувачкиот гол во 76та минута.
|
|
Заклучно со 26 декември 2018. Се бројат само натпревари со натпреварувачко значење.[51]
Име | Нац | Од | До | Учинок | ||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
И | П | Н | И | ДГ | ПГ | %П | ||||
Сем Холис | август 1894 | јули 1897 | 95 | 43 | 14 | 38 | 213 | 181 | 45.26 | |
Томас Мичел | август 1897 | март 1898 | 26 | 14 | 4 | 8 | 66 | 46 | 53.85 | |
Џорџ Елкот | март 1898 | мај 1899 | 43 | 23 | 6 | 14 | 92 | 55 | 53.49 | |
Хери Бредшо | август 1899 | мај 1904 | 189 | 96 | 39 | 54 | 329 | 173 | 50.79 | |
Фил Келсо | јули 1904 | февруари 1908 | 151 | 63 | 31 | 57 | 225 | 228 | 41.27 | |
Џорџ Морел | февруари 1908 | мај 1915 | 294 | 104 | 73 | 117 | 365 | 412 | 35.37 | |
Лесли Најтон | мај 1919 | јуни 1925 | 267 | 92 | 62 | 114 | 330 | 380 | 34.46 | |
Херберт Чепман | јуни 1925 | 6 јануари 1934 | 403 | 201 | 97 | 105 | 864 | 598 | 49.88 | |
Џо Шо* | 6 јануари 1934 | јуни 1934 | 23 | 14 | 3 | 6 | 44 | 29 | 60.87 | |
Џорџ Алисон | јуни 1934 | јуни 1947 | 283 | 131 | 75 | 77 | 543 | 333 | 46.29 | |
Том Витакер | јуни 1947 | 24 октомври 1956 | 428 | 202 | 106 | 120 | 797 | 566 | 47.20 | |
Џек Крејстон | 24 октомври 1956 | мај 1958 | 77 | 33 | 16 | 28 | 142 | 142 | 42.86 | |
Џорџ Свиндин | 21 јуни 1958 | мај 1962 | 179 | 70 | 43 | 66 | 320 | 320 | 39.11 | |
Били Рајт | мај 1962 | јуни 1966 | 182 | 70 | 43 | 69 | 336 | 330 | 38.46 | |
Берти Ми | јуни 1966 | 4 мај 1976 | 539 | 241 | 148 | 150 | 739 | 542 | 44.71 | |
Тери Нил | 9 јули 1976 | 16 декември 1983 | 414 | 187 | 117 | 112 | 601 | 446 | 45.17 | |
Дон Хоу | 16 декември 1983 | 22 март 1986 | 116 | 56 | 32 | 31 | 187 | 142 | 48.28 | |
Стив Бртеншо* | 23 март 1986 | 14 мај 1986 | 11 | 3 | 2 | 6 | 7 | 15 | 27.27 | |
Џорџ Греам | 14 мај 1986 | 21 февруари 1995 | 460 | 225 | 133 | 102 | 711 | 403 | 48.91 | |
Стјуарт Хјустон* | 21 февруари 1995 | 15 јуни 1995 | 19 | 7 | 3 | 9 | 29 | 25 | 36.84 | |
Брус Риох | 15 јуни 1995 | 12 август 1996 | 47 | 22 | 15 | 10 | 67 | 37 | 46.81 | |
Стјуарт Хјустон* | 12 август 1996 | 15 септември 1996 | 6 | 2 | 2 | 2 | 11 | 10 | 33.33 | |
Пет Рајс* | 16 септември 1996 | 30 септември 1996 | 4 | 3 | 0 | 1 | 10 | 4 | 75.00 | |
Арсен Венгер[52] | 1 октомври 1996[53] | 23 May 2018 | 645 | 372 | 160 | 113 | 1166 | 581 | 57.67 | |
Unai Emery |
Забелешка: Менаџерите означени со ѕвездичка (*) биле вршители на должност.
Збирот на Арсенал од 13 шампионски титули е трет во англискиот фудбал, после Ливерпул ФК и Манчестер Јунајтед,[56] додека вкупниот број од дест ФА куп титули е втор, по Манчестер Јунајтед.[57] Арсенал има постигнато три Двојни Круни (со освојување на Лигата и ФА Купот) во 1971, 1998 и 2002),рекорд што го делат со Манчестер Јунајтед,[58] и беше прв англиски клуб што ги освоил двата купа во иста сезона во 1993.[59] Беше и прв лондонски клуб кој стигна до финалето на Лигата на Шампионите во 2006.[60]
Арсенал исто така има и еден од најдобрите рекорди во највисоката лига во Англија, завршувајќи под четиринаесетто место само седум пати. Го држи и рекордот за највисока просечна позицја за периодот од 1900 до 1999, со просек од 8,5.[61] Арсенал е една од петте екипи кои успеале да го освојат ФА Купот две години по ред. Тоа го направија во 2002 и 2003.[62]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.