Историја на Русија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Историјата на Русија започнува со онаа на Источните Словени. Првата источнословенска држава, Киевска Русија, го примила христијанството од Византија во 988 година,[1] со што започнало создавањето на руската култура во следниот милениум.[2] Киевска Русија како држава се распаднала по монголската инвазија во 1240 година. Во текот на овој период, голем број на регионални градови, како Новгород и Псков, се бореле да го наследат културното и политичкото наследство на Киевска Русија.
По 13 век, постепено Москва станала доминантен центар во поглед на културата и моќта.[2] Во XVIII век, на територијата на поранешното Големо московско војводство се создала големата Руска Империја, која се протегала од Полска на запад до Тихиот Океан на исток. Експанзијата на западните сили во Русија придонеле за поттикнување на национализмот на неруското население во империјата и до создавање на идеи за одвојување од империјата. Кметството било укинато во 1861 година, но укинување било постигнато преку неповолни услови за селаните и истото послужило за зголемување на револуционерната свест на населението. Во периодот меѓу укинувањето на кметството и почетокот на Првата светска војна во 1914 година, биле спроведенитн. Столипинови реформи, преку кои биле воведени значајни промени во економскиот и политичкиот живот во земјата[3], но за дел од населението истите се покажале како доста неуспешни.[4]
Руската револуција од 1917 година била поттикната од тешките економски услови во земјата, преку автократскиот систем на владеење, кое донело до победа на социјалистичката и либералната партија. Од 1922 до 1991 година, историјата на Русија се темели на историјата на Советскиот Сојуз. На почетокот, Владата во Советскиот Сојуз ја сочинувала една партија, чии членови биле Болшевиците, а која подоцна прераснала во Комунистичка партија на Советскиот Сојуз.[5] Меѓутоа, кон крајот на 1980-тите години, слабата економска политика која била спроведувана во Советскиот Сојуз, довела до распаѓање на државата.[6]
По распаѓањето на Советскиот Сојуз, на крајот од 1991 година, Русија повторно стана самостојна држава, каква што е и денес. Со стекнувањето на независноста, Русија била призната како правен наследник на Советскиот Сојуз.[7] Сепак, Русија го изгубила својот статус на велесила, соочувајќи се со сериозни предизвици во нејзините напори да го изгради новиот економски и политички систем. По укинувањето на социјалистичкото планирање и централната државна сопственост на имотот, Русија се обиде да изгради пазарна економија, која често доведуваше до поразителни резултати.[6] Денес, руското општество се заснова на многу политички и општествени елементи, карактеристични за царска Русија и Советскиот Сојуз.