From Wikipedia, the free encyclopedia
Зинедин Јазид Зидан (роден на 23 јули 1972 година, во Марсеј), e француски фудбалски тренер и поранешен играч од средниот ред. Моментално ја води екипата на Реал Мадрид.
Зинедин Зидан | |||
---|---|---|---|
Лични податоци | |||
Роден на | 23 јули 1972 | ||
Роден во | Марсеј, Франција | ||
Држава | Франција | ||
Висина | м | 1,85||
Играчки податоци | |||
Позиција | среден ред | ||
Сегашен клуб | Реал Мадрид (тренер) | ||
Повлекување | 9 јули 2006 (34 г.) | ||
Младинска кариера | |||
Кан | |||
Кариера* | |||
Години | Клуб | Наст.† | (Гол.)† |
1989-1992 | Кан | 61 | (6) |
1992-1996 | Бордо | 139 | (28) |
1996-2001 | Јувентус | 151 | (24) |
2001-2006 | Реал Мадрид | 155 | (37) |
Репрезентација ‡ | |||
1988-1989 | Франција 17 | 4 | (1) |
1989-1990 | Франција 18 | 6 | (0) |
1990-1994 | Франција 21 | 20 | (3) |
1994-2006 | Франција | 108 | (31) |
Раководител на екипите | |||
2014–2016 | РМ Кастиља | ||
2016–2018 | Реал Мадрид | ||
2019– | Реал Мадрид | ||
* Ажурирано на: 6 јануари 2011 ** Ажурирано на: 17 ноември 2010 |
Познат и по својот прекар Зизу, Зидан важи за еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот.[1][2][3] Својата кариера ја започнал во Кан дебитирајќи за првиот тим во 1988 година, а својата афирмација ја доживеал во дресот на Бордо кому му се приклучил во 1992 година. Во 1996 преминал во Јувентус, каде во пет сезони освоил две титули во Серија А, еден Суперкуп на Италија, еден Суперкуп на УЕФА и еден Интерконтинентален куп. Во летото 2001 година, Зидан направил трансфер во Реал Мадрид за тогаш рекорден износ од 77.5 милиони евра,[4] каде придонел кралевите својата ризница на трофеи да ја збогатат со уште една титула во шпанското првенство и два Суперкупа на Шпанија, како и титулите во Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА и Интерконтиненталниот куп. Неговиот победнички гол во финалето на Лигата на шампионите, постигнат со волеј-удар со левата нога се смета за еден од најубавите голови во историјата на овој спорт.[5] По завршувањето на сезоната 2005-2006, тој го најавил своето пензионирање од фудбалот.
За француската репрезентација одиграл вкупно 108 натпревари и постигнал 31 гол. Со триколорите учествувал на три светски (1998, 2002 и 2006) и три европски првенства (1996, 2000 и 2004) и бил еден од главните протагонисти во освојувањето на Светското првенство 1998 на домашен терен - постигнувајќи два гола во победата со 3-0 над Бразил во финалето - и Европското првенство 2000.
Зидан е добитник на голем број поединечни награди и признанија: тој ја освоил Златната топка во 1998 и трипати бил прогласен за Светски играч на годината според ФИФА (1998, 2000, 2003), рекорд кој го дели со Роналдо.[6] Во 2004 година, тој бил вклучен во ФИФА 100, списокот на 125 најдобри живи фудбалери избрани од Пеле и ФИФА по повод прославата на стогодишнината на федерацијата.[7] Британската телевизиска куќа BBC го нарекла најдобриот европски играч во историјата на фудбалот,[8][9] додека УЕФА го прогласила за најдобар Европски играч во изминатите педесет години.[8] Покрај тоа, тој бил вклучен во списокот на најдобрите единаесет играчи во историјата на фудбалот според магазинот World Soccer.[10] Бил вклучен и во Идеалниот тим на деценијата од The Sun во 2009 година.[11]
По завршувањето на кариерата, тој станал тренер и го водел Реал Мадрид до три титули во Лигата на шампионите (споделен рекорд со Боб Пејсли и Карло Анчелоти), потоа до еден наслов во шпанската лига, два Суперкупа на УЕФА, два Суперкупа на Шпанија и две титули на Светското клупско првенство. Зидан бил првиот и единствен француски тренер кој бил победник во Лигата на шампионите.[12] Заедно со Фабио Капело и Марчело Липи, тој е единствениот тренер кој стигнал до финалето на Купот на шампионите/Лигата на шампионите три години по ред, но е единствениот кој ги освоил сите, со што станал првиот тренер кој освоил три последователни изданија на најквалитетното европско клупско натпреварување.[13]
Зинедин Зидан потекнува од берберско семејство,[14] има три браќа и една сестра.[15] Неговите родители потекнуваат од Кабилија, берберски регион во северен Алжир.[15] Роден во Марсеј, Зидан има двојно државјанство, француско и алжирско.[16] Неговиот татко, Смаил Зидан, муслимански свештеник и проповедник, решил да го премине Медитеранот и да замине на работа како ѕидар во Франција[15] во 1953.[17] По независноста на Алжир, во 1962 година, Смаил сакал да се врати во својата татковина, откако поминал девет години на градилиштата во Сена-Сен Дени.[15] Но, непосредно пред да се качи на авион од Марсеј, тој се сретнал со Малика, жителка на Марсеј, која по потекло била исто така од Кабилија, со која се оженил брзо потоа.[15] На крајот, парот решил да остане во Франција и да живее во Марсеј.[15]
На седумнаесет години, Зинедин Зидан ја запознал својата идна сопруга Вероник; парот се венчал во 1994 година[15] и имаат четири деца: Енцо (роден 1995 година во Бордо и крстен во чест на Енцо Франческоли, идол од детството на Зизу[15]) Лука (1998) и Тео (2002), родени во Марсеј, и Елјаз (2005), роден во Мадрид.[15]
Сите играле за Реал Мадрид[18]: Енцо играл како играч од средниот ред (Реал Мадрид Ц/Реал Мадрид Кастиља), Лука како голман (Реал Мадрид Кастиља и првиот тим повремено), Тео како напаѓач (Инфантил Б) и Елјаз (Бенхамин А).[19]
Повикан и од Франција и Шпанија, најстариот син Енцо во 2009 година одбрал да ја претставува репрезентацијата на Шпанија под 15 години, а потоа и француската репрезентација под 19 години во 2014 година.[20] На 16 ноември 2015 година, Енцо го направил своето деби за Реал Мадрид Кастиља, вториот тим на кралевите, во Сегунда Б (третата лига по ранг во Шпанија) додека екипата од клупата ја водел неговиот татко. Исто така неговиот втор по возраст син, Лука, минал низ академијата на Реал Мадрид и играл за Кастиља од 2016 до 2019 година. За разлика од Енцо, Лука отишол чекор по далеку и дебитирал за првиот тим кога неговиот татко му укажал шанса во натпреварот од последното коло на Примера Дивисион 2017-2018 против Вилјареал што завршил 2-2.[21] Следната сезона, Лука бил трет голман на Реал.
Денес Зинедин Зидан престојува во Мадрид, во населбата Конде де Оргас, каде поседува имот од 600 м².[15][22] Исто така, поседува голем имот во општината Оне-ле-Шато, во регионот Родез.[23][24]
Во врска со својата религија, Зидан се дефинирал како „муслиман што не ја практикува верата“.[25]
Зидан има доброќудна таласемија, генетска болест која е распространета во областа на Средоземјето, што предизвикува природен замор.[26]
Од 2001 година е амбасадор на Онединетите нации (ООН).[27][27] Во неговиот роден град, Марсеј, Зидан основал фудбалска школа со цел да им помогне на најсиромашните деца.
Инспириран од сонародниците Мишел Платини и Рaјмон Копа,[28][29] Зидан бил офанзивен играч од средниот ред[30] способен да комбинира физичка сила и одлични технички вештини.[31] Неговата омилена улога била зад напаѓачите,[32] иако во кариерата понекогаш играл како втор напаѓач,[33] како централен играч од средниот ред во 4-4-2 формација[34][35] во улогата на пелјмејкер во средниот ред во 4-3-3 формација.[36][37]
Иако никогаш не бил многу брз,[31] имал добро забрзување со топката во нозете.[38] Демонстрирал одлични вештини во диктирање на темпото на тимот[38] и во обезбедувањето асистенции за соиграчите,[39][40] тој исто така бил надарен со имагинација,[31] чувство за позиција и одлична визија за играта[41][42] сето тоа надополнето со вродена елеганција,[41] и фантастична контрола на топката[41][43][44] и дриблинг.[41][45] Зидан е амбидекстер[46] а покрај тоа имал одлична завршница, поради што често постигнувал одлучувачки голови во својата кариера,[31][38][40] иако не бил особено плоден стрелец.[47] Специјалист бил за изведување пенали,[48][49][50] и слободни удари,[51] а исто така бил вешт и во играта во воздухот.[31][41] И покрај неговиот мирен и интровертен карактер, тој бил ценет и заради неговите водачки способности, духот на пожртвуваност и вниманието кое го посветувал и во дефанзивната фаза од играта.[30][31][32]
Зинедин Зидан е роден на 23 јуни 1972 година, во Марсеј. Неговото име на арапски значи „убавина на религијата“. Во неговата населба во Марсеј, тој ги направил своите први чекори во светот на фудбалот, а неговиот идол во овој спорт отсекогаш бил уругвајскиот офанзивен играч од средниот ред Енцо Франческоли.[15][52] Покрај Франческоли, тој бил обожавател и на Блаж Слишковиќ и Жан-Пјер Папен, сите тројца играле за Олимпик Марсеј во време на неговото детство.[53]
На деветгодишна возраст, Зидан се приклучил на маалскиот клуб, АС Фореста 11,[54] на кои наскоро станал капитен.[55] Следната година, во 1982 година, тој се приклучил на екипата на Сен Хенри, каде го носел дресот со број 10.[56] Во 1983 година, тој отишол во Септемс-лес-Валонс[56] и последователно во Олимпик Марсеј.[52] Во истата година учествувал со некој младински селекции на неколку турнири за млади, за време на кои го привлекол вниманието на Жан Варо, во тоа време скаут на Кан. Тој отишол во Кан на шестнеделна проба. Откако од клубот почувствувале дека момчето има голем капацитет, на крајот одлучиле да му понудат професионален договор.[57]
Зидан се приклучил на тимот Кан во 1987 година, на возраст од петнаесет години, во времето кога тренер бил Ги Лакомбе.[58] Тој престојувал во Пегомас, село кое во иднина ќе посвети еден плоштад со неговото име.[59] Во овој период за Зидан била важна помошта на Варо.[60] Дебито во дресот на Кан го направил на 20 мај 1989 година, на само 16 години, во натпреварот од Лига 1 против Нант кој завршил 1-1;[60][61] тој влегол во игра на дванаесет минути до крајот на натпреварот.[60] На 10 февруари 1991 година, Зидан го постигнал својот прв професионален гол во кариерата, во првенствената победа со 2-1 против Нант,[62] за што ќе биде награден од претседателот на клубот со нов автомобил.[60] На крајот од сезоната, Кан се нашол на четвртото место, квалификувајќи се во Купот на УЕФА.[60] За време на неговата последна сезона во Кан, забележил 38 настапи (во првенството, Купот на Франција и Купот на УЕФА) и постигнал 5 гола, но исто така бил забележан од неколку тренери кои се обиделе на секаков начин да го купат.[60]
Во 1992 година, Зидан се приклучил на Бордо, по испаѓањето на Кан,[60] кој го купил за 3 милиони франки (460,000 евра).[60] Пристапот во новиот тим го олеснува присуството на тренерот Ролан Курбис, кој е исто така од Марсеј.[60] Токму Курбис ќе му го даде на Зидан прекарот „Зизу“.[60] Со француските соиграчи Кристоф Дугари и Биксант Лизаразу тој го формирал „триаголникот на Бордо“.[60] На крајот од првата сезона, Зидан постигнал 10 гола и одиграл 35 натпревари, што го прави најдобриот играч на тимот.[63]
Квалификуван за Купот на УЕФА, благодарение на четвртото место во првенството, Бордо успеал да оствари одлични резултати во првенството и во следната сезона, особено благодарение на Зидан.[64] И покрај црвениот картон кој го добил против Олимпик Марсеј поради удирање на Марсел Десаи во септември 1993 година, Зидан станал миленик на навивачите на неговиот тим.[65] Раната елиминација во Купот не го спречила Бордо да го заврши првенството на одличното четврто место. На крајот на сезоната, откако постигнал 6 гола на 34 натпревари,[63] Зидан бил прогласен за Млад фудбалер на годината според НСПФ во 1994 година.[66] Во следната сезона, Бордо бил елиминиран веднаш во Купот на УЕФА и го освоиле петтото место во лигата. Зидан останал една од клучните точки во тимот, постигнувајќи шест 6 гола на 37 натпревари.[63]
Во сезоната 1995-1996, Бордо го освоил Интертото купот, благодарение повторно на Зидан кој постигнал 8 голови на 8 натпревари.[67] Во четвртото коло на Купот на УЕФА, Зидан постигнал гол од четириесет метри во двобојот против Реал Бетис.[68] Во четвртфиналето, Бордо се сретнал со Милан.[69] Откако го загубиле првиот натпревар со 2-0 во Италија, французите успеале да го надминат дефицитот и во реваншот да минат натаму по победата со резултат од 3-0. Зидан бил главен протагонист во успехот на жирондинците со двете асистенции за авторот на двата гола Кристоф Дугари.[70] Бордо стигнал до финалето, меѓутоа таму загубиле од Бајерн Минхен. Зидан ја завршил сезоната со 6 гола на 33 натпревари и ја добил својата втора награда од НСПФ, овој пат за најдобар фудбалер на годината за 1996 година.[71]
Во Бордо Зидан одиграл четири сезони, постигнувајќи 28 голови на 139 натпревари во лигата.
Во пролетта 1996 година, Зидан потпишал договор со тогашниот европски шампион, италијанскиот Јувентус за 7,5 милијарди италијански лири, со што започнала неговата авантура во странство.[72] Во клубот тренер му бил Марчело Липи, кој му помогнал многу во развојот и подобрувањето на неговата игра.[73] Во почетокот тој морал да се прилагоди на многу потешките тренинзи во клубот во споредба со оние кој ги имал во Франција, иако пред да потпише тој бил предупреден за тоа од сонародникот Дидје Дешан кој бил во Јувентус веќе две години.[74] Зидан одлучил да го носи дресот со бројот 21.[75]
Своето деби за Јувентус го направил на 28 август 1996, во победата со 2-0 против Фиделис Андрија во Купот на Италија.[76] Дебито во Серија А, Зидан го имал на 8 септември 1996, во ремито 1-1 на гостувањето кај Реџана.[77] На почетокот од неговата кариера во Јувентус, тој најчесто играл како внатрешен играч од средниот ред во пар со сонародникот Дешан во 4-4-2 формацијата на Липи. Својот прв гол го постигнал на 20 октомври 1996 година, со прекрасен удар со левата нога од преку 25 метри во победата со 2-0 во Торино против Интер.[78] Во неговата прва сезона Зидан бил важна алка во успесите на бјанконерите: тие освоиле неколку трофеи како Интерконтиненталниот куп, Суперкупот на Европа, и нивното 24-то скудето за кое "Зизу" придонел со пет гола во 29 настапи во лигата и бил избран за Најдобар странски фудбалер на годината во Серија А.[63] Тој одиграл многу добра дебитантска (за него) сезона во Лигата на шампионите во која постигнал и два гола (против Розенборг во четвртфиналето и против Ајакс во полуфиналето), но тоа не било доволно за Јуве да го одбрани насловот од минатата сезона, бидејќи овојпат биле поразени во финалето од Борусија Дортмунд.[79] Во ова финале Зидан бил многу добро затворен од Пол Ламберт кој бил негов директен чувар, што според многумина била и клучна точка во натпреварот.[80]
Зидан имаше извонреден талент, што придонесе за неговиот единствен интерес да му помогне на тимот. Тој не беше себичен играч. Имаше единствена способност да биде одличен индивидуалец, а во исто време и тимски играч. Имав среќа да играм со него.
Сезоната 1997-1998 ја отворил со освојувањето на трофејот во Суперкупот на Италија.[82] Во текот на оваа сезона Липи го преместил Зидан во поофанзивна улога во средниот ред, зад двајцата напаѓачи Алесандро Дел Пјеро и Филипо Инѕаги, давајќи му повеќе слобода во играта, што овој ја искористил на најдобар можен начин поправајќи ги речиси сите бројки од претходната сезона. Зидан постигнал 7 гола на 32 натпревари во лигата, придонесувајќи за уште една титула во Серија А.[83] На 18 март 1998 година, во реванш натпреварот од четвртфиналето на Лигата на шампионите против Динамо Киев во Украина кој бјанконерите го добиле со убедливи 4-1, Зидан го покажал своето мајсторство забележувајќи три асистенции за головите на Инѕаги (кој на тој натпревар постигнал хет-трик) и Дел Пјеро.[84] Јувентус уште еднаш стигнал до финалето на најсилното европско натпреварување, но овој пат загубиле од Реал Мадрид.
Откако во летото 1998 станал светски шампион со француската репрезентација, Зидан ја добил Златната топка за најдобар играч во декември 1998, со што станал четвртиот француски играч кој го освоил овој трофеј и петтиот фудбалер на Јувентус.[85][86] Сезоната 1998-1999, сепак, не била многу среќна за францускиот репрезентативец: тој постигнал само 2 гола на 25 натпревари и бил жртва на тешка повреда пред крајот на сезоната поради која ги пропуштил последните три натпревари во Серија А и плејофот за шестото место против Удинезе.[87] Покрај Зидан, претходно во текот на сезоната Јувентус поради повреда го загубиле и Дел Пјеро што влијаело многу на игрите на клубот и по добриот почеток во месец ноември влегле во серија лоши резултати кој не успеале да ги поправат со некоја позитивна серија до крајот на сезоната и тие го завршиле првенството на седмото место на табелата. Веднаш потоа Липи бил заменет од Карло Анчелоти.
Во текот на сезоната 1999-2000, Зидан му помогнал на Јувентус да се врати во врвот на италијанскиот фудбал. На 17 октомври 1999, тој со својот гол од слободен удар го решил дербито против Рома на Олимпико што завршило со победа на бјанконерите од 1-0, но во последните минути од натпреварот тој бил исклучен добивајќи директен црвен картон.[88] Сепак, добрата сезона тие не успеале да ја крунисаат со освојување на скудетото и покрај тоа што Јувентус бил водач уште од февруари, поразот од Перуџа во последното коло им ја однел титулата која на крајот му припаднала на Лацио. Зидан бил фаворит да ја освои својата втора Златна топка, пред сè благодарение на одличните настапи на Европското првенство 2000.[60] Сепак, неговите црвени картони во Лигата на шампионите во натпреварите против Депортиво Ла Коруња и Хамбургер, резултирале тој да ја загуби шансата да го добие признанието.[89][90] Во сезоната 2000-2001, Зидан пронашол одлична соработка со новодојдениот француски напаѓач од Монако, Давид Трезеге: тандемот успеал да го доведе Јувентус на врвот на табелата.[91] Сепак, ремито 2-2 на домашен терен со Рома (во кое вториот гол за Јувентус било дело на Зидан), и покрај водството од 2-0 до 79-тата минута го спречило Јувентус да го освои скудетото. Својата последна сезона во Јувентус ја завршил со 6 гола на 33 натпревари и бил избран за Фудбалер на годината во Серија А.[92]
За Јувентус тој одиграл вкупно 212 натпревари и постигнал 31 гол, од кој 24 биле во Серија А. Иако тој бил миленик на навивачите, по продажбата на играчот во 2001 година, Џани Ањели го нарекол Зидан „повеќе забавен отколку корисен“.[93]
Во 2001 година, Зидан потпишал четиригодишен договор со Реал Мадрид,[94][95] откако шпанците му испалтиле на Јувентус 150 милјарди италијански лири (околу 77.5 милиони евра) што претставувал најскап трансфер во фудбалската историја до тогаш.[43][96] Тој избрал да носи го носи дресот со број 5,[75] претходно носен од легендарниот Маноло Санчис.[97] На почетокот на својата прва сезона, Зидан не можел да го најде вистинскиот простор во тимот, како резултат на конкуренцијата од други играчи, како Раул и Фиго.[98] Со доаѓањето на Зидан, екипата веднаш го освоила Суперкупот на Шпанија против Сарагоса со вкупен резултат 4-1;[99] тој бил асистент за голот на Флавио Консеисао во првиот натпревар на гости што завршил 1-1, за потоа во реваншот во Мадрид лос бланкос да го освојат трофејот победувајќи со 3-0 со хет-трикот на Раул. Своето деби во Примера Дивисион го направил во поразот со 1-0 на гостувањето кај Валенсија, а својот прв гол Зидан го постигнал на 15 септември 2001 против Реал Бетис во третото коло од првенството.[100] Наскоро французинот се покажал како голем протагонист во сезоната на Реал Мадрид, иако тие не успеале да ги освојат првенството и купот. Зидан одиграл важна улога во завршницата од Лигата на шампионите постигнувајќи гол против Барселона во полуфиналето, а потоа во финалето одиграно на Хемпден Парк против Бајер Леверкузен што Реал го добил со 2-1 се случил неговиот највпечлатив момент во првата сезона со кралевите:[101] победничкиот гол кој го постигнал со волеј-удар со левата нога по центаршутот на Роберто Карлос, се смета за еден од најубавите голови во историјата на натпреварувањето.[102][103] Со тоа ја освоил својата прва титула во Лигата на шампионите, по двете изгубени финалиња со Јувентус во 1997 и 1998 година.[104]
Следната сезона, тој му помогнал на Реал Мадрид да ги освои Суперкупот на УЕФА со победа од 3-1 над Фејенорд[105] и Интерконтиненталниот куп со победа над јужноамериканскиот шампион Олимпија со 2-0,[106] а на крајот на сезоната со лос бланкос ја освоил и својата прва титула во шпанското првенство придонесувајќи за неа со 9 гола и 12 асистенции.[107] Зидан бил избран за Најдобар фудбалер на годината според ФИФА по третпат, а во 2004 година навивачите го изгласале за најдобар европски фудбалер за претходните 50 години преку Јубилејната анкета на УЕФА.
Во август 2003 година, тој го освоил својот втор Суперкуп на Шпанија, откако Реал бил подобар од Мајорка со вкупен резултат 4-2. Сосема неочекувано тој се покажал и како последен трофеј за Зидан во неговата клупска кариера. Во следните три години, клубот повеќе не постигнал никаков успех. Во сезоната 2003-2004, Зидан постигнал 6 гола во 33 натпревари, што бил неговиот најслаб учинок во дресот на Реал Мадрид, а екипата завршила дури на четвртото место во првенството. За време на сезоната 2004-2005, клубот бил во голема криза, а Зидан постигнал повторно само 6 гола на 29 натпревари во лигата.
Сезоната 2005-2006 била последната сезона во кариерата на Зидан. И покрај тоа што Реал Мадрид не освоил ниту еден трофеј во оваа сезона, Зидан одиграл одлично првенство постигнувајќи 9 гола на 29 натпревари со што бил втор стрелец на тимот зад Роналдо.[108] На 15 јануари 2006, Зидан го постигнал својот прв хет-трик во кариерата во победата со 4-2 на домашен терен против Севиља.[109] На 25 април 2006 година, тој ја објавил својата намера да замине во пензија по Светското првенство 2006.[110] На 7 мај, тој го одиграл својот последен натпревар на Сантјаго Бернабеу против Вилјареал. Навивачите на Реал Мадрид му оддале посебна почит, мавтајќи со знаци со неговото име и бројот 5, а неговите соиграчи носеле комеморативни дресови на кој било испишано ZIDANE 2001-2006 под лого на клубот.[111] Натпреварот завршил 3-3, а Зидан постигнал гол со глава по центаршутот на Дејвид Бекам за моментален резултат 2-2.[112] Својот последен клупски натпревар го одиграл на 16 May 2006, во поразот со 4-3 на гостувањето кај Севиља во кој исто така бил стрелец.
Зидан има двојно државјанство, француско и алжирско. Се шпекулирало дека селекторот на Алжир, Абделхамид Кермали одбил да го повика Зидан во репрезентацијата затоа што сметал дека младиот играч од средниот ред не е доволно брз.[113] Сепак, Зидан ги отфрлил овие гласини во интервјуто во 2005 година, велејќи дека тој бил неподобен да игра за Алжир затоа што веќе играл за Франција.[114]
Тој играл за неколку младински репрезентации на Франција: под 17 години, под 18 години и под 21 година.
Со репрезентацијата под 21 година учествувал на Турнирот во Тулон во 1991 година, каде неговата репрезентација загубила во финалето од Англија. Во 1994 година, Зидан учествувал на Европското првенство под 21 година, каде го носел дресот со број 7. Французите го освоиле четвртото место на тој турнир, откако загубиле во полуфиналето од Италија и во натпреварот за третото место од Шпанија. Зидан одиграл 3 натпревари на првенството без постигнат гол.
Откако не успеал да се квалификува на Светското првенство 1994, францускиот тим се наоѓал во криза: селекторот Еме Жаке одлучил да повика некои млади играчи пред почетокот на квалификацискиот циклус за Европското првенство 1996, а меѓу нив, се издвојува името на Зидан, кој заслужил повик по одличните настапи за Бордо.[65] Своето деби за сениорската репрезентација го направил за време на пријателскиот натпреварот против Чешка на 17 август 1994 година, на 22-годишна возраст; Зидан влегол во игра во 63-тата минута на местото на Корентан Мартенс при резултат 2-0 за чесите[115] и како во бајка неколку минути подоцна постигнува два гола за да и донесе на Франција реми.[116]
Во тоа време селекторот планирал се да се врти околу ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Ерик Кантона, но откако Кантона добил суспензија од една година во јануари 1995 за физички напад врз навивач, тогаш Жаке поинаку го поставил тимот и Зидан добил повеќе простор за игра. Својот прв гол за триколорите, тој го постигнал на 6 септември 1995, во победата со 10-0 над Азербејџан во квалификациите за Европското првенство 1996. Откако французите успешно ги минале квалификациите (Зидан помогнал со 6 настапи и 2 гола), доделувајќи му ја улогата на почетен офанзивен играч од средниот ред,[117] Жаке го повикал Зидан за Европското првенство 1996 во Англија. И покрај критиките на навивачите за изборот на играчи, француската репрезентација одиграла солиден турнир: најпрво минале како први низ својата група со две победи и едно реми, а потоа во четвртфиналето на пенали ја елиминирале Холандија,[118] пред повторно на пенали да бидат елиминирани во полуфиналето од Чешка.[119] Зидан ги одиграл сите пет натпревари на турнирот, а истиот го завршил со разочарувачки настап во полуфиналето, иако бил еден од прецизните изведувачи на пенали за својата земја.[120]
Зидан бил повикан од Жаке да ја претставува Франција на Светското првенство 1998, што било неговото прво Светско првенство на кое учествувал, а турнирот се одржал токму во неговата родна земја, Франција. Франција ја минала групата со три победи во исто толку натпревари. Во првиот натпревар Зидан му асистирал од корнер на Кристоф Дугари за првиот гол во победата со 3-0 над Јужна Африка, а имал голем придонес и за првиот гол во победата со 4-0 над Саудиска Арабија кој го постигнал Тјери Анри. Сепак, Зидан подоцна бил исклучен во натпреварот со арабијците поради газење на противничкиот играч Фуад Анвар, со што станал првиот француски репрезентативец кој добил црвен картон на натпревар од Светското првенство.[121] Поради црвениот картон, тој бил суспендиран на два натпревари и ги пропуштил двобоите против Данска во последното коло од групата (завршил 2-1 за Франција) и осминафиналето против Парагвај во кое без креативноста на Зидан петлите се мачеле многу за сепак да минат понатаму со златниот гол на Лоран Блан. Зидан се вратил во акција во четвртфиналето против Италија кое завршило без голови и било одлучено по изведување на пенали со резултат 4-3 за Франција; тој го погодил првиот пенал за својата земја.[122] Во полуфиналето Франција со пресврт ја совладала Хрватска со 2-1, за пласман во прво историско финале на репрезентацијата.[123]
Во финалето на Светското првенство 1998 одиграно на 12 јули на Стад де Франс во Сен Дени, Франција играла против бранителот на титулата Бразил. Пред околу 80.000 гледачи, французите до својата прва титула светски првак во фудбал дошле победувајќи го Бразил со убедливи 3-0, со два гола на Зидан и еден на Емануел Пети.[124][125] Тоа биле први и единствени два гола на турнирот на Зидан и двата дошле речиси на идентичен начин со удар со глава близу првата статива по корнерите што ги извеле прво Пети, а потоа и Јури Џоркаеф.
Зидан бил прогалсен за играч на натпреварот во финалето и се нашол во идеалниот тим на првенството.
Во 2000 година, Зидан бил повикан да го игра своето второ Европско првенство, кое се одржало Белгија и во Холандија. Откако триколорите лесно ја минале групата (со две победи и пораз од домаќинот Холандија), стигнале до четвртфиналето каде што се соочиле со Шпанија во Бриж на 25 јуни.[126] Тука Зидан постигнал гол, водејќи ја Франција до победа над шпанците со 2-1. Во полуфиналето на првенството одиграно на 28 јуни во Брисел, против Португалија, тој постигнал златен гол од пенал во 117-тата минута со кој ја одвел својата репрезентација во финалето.[127] На 2 јули во Ротердам, Зидан ја освоил својата прва европска титула по победата над Италија изборена благодарение на златниот гол на Давид Трезеге во првото продолжение, откако по 90 минути финалето завршило 1-1.[128]
Со тоа Франција станала првата репрезентација која во исто време ги држела кај себе титулите од Светското и Европското првенство, уште од Западна Германија во 1974. Зидан бил избран од УЕФА за играч на турнирот.[129] Самиот Зидан верувал дека за време на турнирот го достигнал својот врв, додека на мрежната страница на УЕФА било наведено, „Во Белгија и Холандија, Зидан доминираше на големо првенство на начин на кој никој не успеа уште од Диего Марадона во 1986 година. Од воведниот натпревар против Данска до финалето против Италија, ’Зизу’ блескаше сјајно, фрлајќи магија на своите противници со умни потези, воодушевувачки движења и дриблинзи, слаломи и маестрална визија“.[130]
По повлекувањето од репрезентацијата на Дидје Дешан, Зидан станал вице-капитен на Франција зад Марсел Десаи.[131]
На 26 мај 2002 година, непосредно пред да замине со репрезентацијата за Светско првенство 2002 во Јапонија и Јужна Кореја (на кое Франција се квалификувала директно како бранител на титулата), Зидан го повредил квадрицепсот на левата бутина.[132] Поради оваа повреда ги пропуштил првите два натпревари на првенството, во кои Франција во негово отсуство загубила и играла нерешено против Сенегал и Уругвај соодветно. Зидан се вратил на теренот против Данска во последниот натпревар од групата; сепак, играчот бил избрзан да заигра и недоволно опоравен така што не можел да промени ништо во бледиот француски тим на ова првенство, кој уште еднаш бил поразен со резултат 2-0. Така Франција, изненадувачки, била елиминирана уште по првиот круг на Светското првенство, со само еден освоен бод на три натпревари и без ниту еден постигнат гол: најлошиот резултат на репрезентацијата бранител на титулата во историјата на светските првенства.[133]
Следната година, тој не бил повикан на Купот на конфедерациите, на кој французите биле победници.[134]
Зидан учествувал на Европското првенство 2004 во Португалија, кое го започнал одлично. Во првиот натпревар на Франција во групата против Англија, тој постигнал два гола во судиското продолжение за да и донесе победа со пресврт на својата земја: првиот од слободен удар во првата минута од надополнувањето за да го изедначи резултатот, а две минути подоцна постигнал гол од пенал за победа од 2-1.[135][136] Во последниот натпревар од групата, тој постигнал уште еден гол во победата со 3-1 против Швајцарија.[137] Со овие две победи и ремито против Хрватска, Франција како прва во својата група се пласирала во четвртфиналето, каде дотогашните европски шампиони и бранители на титулата неочекувано загубиле од најпријатното изненадување на турнирот и подоцнежниот шампион репрезентацијата на Грција со 1-0.[138]
Во август истата година, Зидан објавил дека се повлекува од репрезентацијата.[139] Како причина, тој навел дека смета оти е вистинско време да се збогува со репрезентацијата и дека треба да им остави простор на помладите колеги.[140]
Ова е крај на приказната. Важно е да знаете кога ќе дојде вашето време да заминете. Некои играчи тоа го сторија во 2000 и 2002 година, други како мене го прават сега.
— Зидан за своето повлекување од репрезентацијата во август 2004.[140]
Со масовното пензионирање на ветераните и клучни играчи на репрезентацијата во претходните неколку години, како што биле Биксант Лизаразу, Марсел Десаи, Клод Макелеле и Лилијан Тирам кои исто како и Зидан објавиле дека повеќе нема де играат за Франција, репрезентацијата се мачела да се квалификува на Светското првенство 2006. По повикот на селекторот Рајмонд Доменех, Зидан сепак попуштил и ја сменил својата одлука со што прифатил да се врати меѓу триколорите во август 2005 и веднаш бил назначен за капитен на тимот.[141] Зидан, заедно со Тирам и Макелеле, сите тројца се вратиле во репрезентацијата и сите тројца играле во пријателскиот натпревар против Брег на Слоновата Коска на 17 август 2005, добиен со 3-0;[142] Зидан го прославил своето враќање со гол во истиот натревар во 63-тата минута за моментален резултат 2-0.[143][144] Триото помогнало Франција да се издигне од четвртото место и на крајот да ја освои својата квалификациска група, пласирајќи се директно на Светското првенство во Германија. На 27 мај 2006, Зидан го забележал својот стотти настап за Франција во победата со 1-0 над Мексико во пријателски натпревар одигран на Стад де Франс. Зидан станал само четвртиот француски репрезентативец кој стигнал до 100 настапи, по Десаи, Тирам и Дешан.[145]
Зидан како капитен се нашол меѓу 23-цата француски репрезентативци кои ги повел со себе селекторот Доменех да учествуваат на Светското првенство 2006 во Германија. Со оглед на фактот дека објавил крај на кариерата по завршувањето на сезоната 2005-2006, Светското првенство било последниот турнир за Зидан во неговата играчка кариера.
Франција слабо го започнала турнирот и тешко ја минала групната фаза. Во првото коло тие не успеале да ја пробијат одбраната на Швајцарија (0-0), а потоа во второто коло одиграле уште еден реми исход 1-1 против Јужна Кореја. Во завршните минути од натпреварот против корејците тој добил жолт картон што бил втор за него на турнирот и значел дека поради суспензија нема да може да игра во третиот одлучувачки натпревар во групата за пласман во следната фаза. Сепак, неговите колеги успеале и без него да го победат Того со 2-0 и Франција заедно со Швајцарија ја минала групата и се пласирала во осминафиналето.
Магијата на Зидан на ова првенство започнала со осминафиналниот двобој против Шпанија. Иако шпанците први дошле до водство, Франција успеала да направи целосен пресврт и со головите на Рибери, Виера и Зидан да дојде до победа;[146] Зидан најпрво бил асистент за голот на Виера, нафрлувајќи му на глава на втората статива од слободен удар, за потоа и тој самиот да се впише во списокот на стрелците поставувајќи го конечниот резултат после еден одличен контра-напад.[146] Во четвртфиналето Франција се сретнала со бранителот на титулата и петкратен светски шампион Бразил и победила со 1-0 со голот на Тјери Анри на асистенција на Зидан.[147][148] Во полуфиналето, во Минхен противник на триколорите им била Португалија, а како и шест години претходно во Брисел на Европското првенство 2000, одлучувачки бил гол од пенал постигнат од страна на Зидан кој ја одвел Франција во второ финале на мундијалите.[149]
Во финалето на Светското првенство 2006, на 9 јули во Берлин играле Франција и Италија, натпревар кој бил последен во кариерата на Зидан.[150] После само седум минути игра во финалето, Франција дошла во водство со голот од пенал на Зидан изведен со паненка по што топката ја допрела пречката ја минала гол-линијата и излегла надвор од голот.[151] Така Зидан станал само еден од четворицата фудбалери кои успеале да постигнат гол во две различни финалиња на светските првенства, делејќи ја оваа чест со Пеле, Пол Брајтнер и Вава, а исто така овој гол го ставил на списокот на најдобри стрелци во финалињата, со три постигнати гола, израмнувајќи се со Вава, Џеф Харст и Пеле. Потоа Италија го изедначила резултатот и натпреварот отишол во продолженија каде Зидан за малку не постигнал уште еден гол, откако неговиот удар со глава со крајни напори го одбранил голманот Џанлујџи Буфон. Клучниот момент во финалето се случил во 110-тата минута од продолженијата, во кои главни глумци биле двајцата стрелци на головите во натпреварот дотогаш Зидан и Марко Матераци; откако го удрил Матераци со глава во градите, Зидан бил исклучен добивајќи директен црвен картон.[152][153] Така, тој не можел да и помогне на својата репрезентација во епилогот на финалето, изведувањето на пеналите, по кое Италија победила со 5-3. Ова бил дванаесеттиот црвен картон во неговата професионална кариера (3 со Бордо, 5 со Јувентус, 2 со Реал Мадрид и 2 со француската репрезентација) и со него тој му се придружил на камерунецот Ригоберт Сонг како единствените двајца фудбалери кои добиле црвен картон на две светски првенства.[154] Тој, исто така, станал четвртиот играч кој добил црвен картон во финале на Светско првенство, и првиот кој го добил во продолженијата.[155] Ден по финалето, Зидан бил прогласен за најдобар играч на турнирот, добивајќи ја златната топка на првенството пред Фабио Канаваро и Андреја Пирло.[156]
Црвениот картон на Зидан во финалето предизвикал многу контроверзи. Се шпекулирало дека Матараци го навредил семејството на Зидан, што довело до зголемен гнев и непромислената реакција на Зидан. На 12 јули 2006 година, во интервју за француската телевизија, Зидан јавно се извинил за неговиот насилен чин што, според него, „не била добра работа“, но без директно да му се обрати на Матараци, и прецизира дека „ако има таква реакција, тоа е затоа што има провокација“. Зидан исто така рекол дека Матераци не направил расистички навреди кон него, туку дека станува збор за многу сериозни навреди кон неговото семејство.[157] На 18 август 2007 година, Матераци во интервју за италијанската телевизија Sorrisi e Canzoni, признал дека ја навредил сестрата на Зидан; навреди по кои французинот изреагирал насилно.[158] Во 2010 година, Зидан изјавил дека „повеќе би сакал да умре отколку да му се извини“ на Матераци за ударот со главата во финалето.[159]
Дури и ФИФА започнала дисциплинска процедура за да го истражи инцидентот. Сепак, ФИФА исто така ја потврдила легитимноста на одлуката на главниот судија Хорасио Елисондо да го исклучи од игра Зидан, одбивајќи ги сите жалби. Врз основа на истрагата, ФИФА го казнила Матераци со два натпревари не играње и казна од 5.000 швајцарски франци, додека Зидан добил казна од 3 натпревари не играње и парична казна од 7.500 швајцарски франци.
По завршувањето на играчката кариера, Зидан бил назначен за специјален советник на првиот тим на Реал Мадрид. Во јули 2011 година, тој ја преземал улогата на спортски директор во клубот,[160] а во 2013 година ја започнал својата тренерска кариера откако бил назначен за асистент на тренерот Карло Анчелоти, кој претходно го тренирал Зидан во Јувентус.[161]
Во јуни 2014 година, клубот објавил дека Зидан ќе биде тренер на Б-тимот на Реал Мадрид, Реал Мадрид Кастиља, кој се натпреврувал во третата шпанска лига.[162] Во првата сезона, тој го освоил 6-тото место во лигата со клубот.
На 4 јануари 2016 година, по отпуштањето на Рафаел Бенитес, Зидан бил назначен да го води првиот тим на Реал Мадрид, потпишувајќи договор на две и пол години.[163] Своето деби на клупата на лос бланкос го направил во победата со 5-0 над Депортиво Ла Коруња. Во својот прв Ел Класико како тренер, одржан на 2 април на Камп Ноу, Зидан го водел својот клуб до победа од 2-1 над Барселона, со што ставил крај на серијата на Барса од 39 натпревари без пораз.[164] На 28 мај 2016 година, ја освоил Лигата на шампионите, единаесеттата во историјата на Реал Мадрид, совладувајќи ги градските соперници Алетико Мадрид на пенали (1-1 по продолженијата);[165] Зидан станал првиот француски тренер, освен натурализираниот Еленио Ерера, кој ја освоил титулата во Лигата на шампионите.[166] Покрај тоа, тој станал седмиот човек кој го освоил ова натпреварување и како играч и како тренер, и вториот кој ги сторил и едното и другото со Реал Мадрид по Мигел Муњос во 1950-тите години.
Во следната сезона, тој го водел тимот до освојување на Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство, но пред сè тој го вратил Мадрид на врвот во Шпанија носејќи му ја националната титула по пет години чекање.[167] Како круна на одличната сезона, на 3 јуни 2017 година, во финалето одиграно во Кардиф, Зидан со Реал Мадрид ја освоил дванаесеттата титула во историјата на клубот во Лигата на шампионите победувајќи го Јувентус со 4-1. Така, Зидан станал првиот тренер кој го подигнал трофејот во две последователни изданија на ова натпреварување во ерата на Лигата на шампионите.[168] Покрај тоа, освојувајќи го првенството и Лигата на шампионите, францускиот тренер на мадридскиот клуб му донел "Дабл" (титули во првенството и Лигата на шампионите во иста сезона) што му недостасувал 59 години.[169]
Сезоната 2017-2018 ја отворил со нова титула во Суперкупот на УЕФА против Манчестер Јунајтед.[170] Неколку дена подоцна, следува освојувањето на Суперкупот на Шпанија, по двомечот против Барселона.[171] Во декември 2017, момците предводени од Зизу го освоиле третиот трофеј во сезоната, Светско клупско првенство, благодарение на победата од 1-0 против Гремио; Зидан станал првиот тренер кој го освоил ова натпреварување во две последователни изданија.[172] На 26 мај 2018 година, тој го освои својот трет трофеј во Лигата на шампионите како тренер, победувајќи го Ливерпул со 3-1 во финалето во Киев: со овој успех, Зидан се изедначил со Боб Пејсли и Карло Анчелоти, кои го држеле приматот за најмногу освоени титули во Лигата на шампионите меѓу тренерите, исто така, станувајќи првиот и единствен тренер кој освоил три последователни изданија на Купот на шампионите/Лигата на шампионите.[13][173] Сепак, неколку дена по третата титула во Лигата на шампионите по ред, на 31 мај 2018 година, Зидан поднел оставка од позицијата тренер на Реал Мадрид.[174]
На 11 март 2019 година, по разочарувачките резултати на кралевите постигнати прво од Јулен Лопетеги, а потоа и од Сантјаго Солари, тој се вратил на клупата на Реал Мадрид да ја спаси сезоната, потпишувајќи договор до 30 јуни 2022 година.[175] Откако клубот не бил во конкуренција речиси за ниту еден трофеј, Зидан успеал да го доведе само до третото место во лигата, остварувајќи 5 победи, 2 нерешени и 4 порази во последните 11 натпревари од сезоната.
На почетокот на следната сезона, го освоил Суперкупот на Шпанија на пенали против Атлетико; на тој начин тој успеал да ги добие сите 9 финалиња што ги играл како тренер на Реал.
Сезона | Клуб | Првенство | Национален куп | Континентален куп | Останати купови | Вкупно | |||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Наст | Гол | ||
1988-1989 | Кан | Д1 | 2 | 0 | КФ | 0 | 0 | - | - | - | - | - | - | 2 | 0 |
1989-1990 | Д1 | 0 | 0 | КФ | 0 | 0 | - | - | - | - | - | - | 0 | 0 | |
1990-1991 | Д1 | 28 | 1 | КФ | 3 | 0 | - | - | - | - | - | - | 31 | 1 | |
1991-1992 | Д1 | 31 | 5 | КФ | 3 | 0 | КУ | 4 | 0 | - | - | - | 38 | 5 | |
Вкупно Кан | 61 | 6 | 6 | 0 | 4 | 0 | - | - | 71 | 6 | |||||
1992-1993 | Бордо | Д1 | 35 | 10 | КФ | 4 | 1 | - | - | - | - | - | - | 39 | 11 |
1993-1994 | Д1 | 34 | 6 | КФ | 3 | 0 | КУ | 6 | 2 | - | - | - | 43 | 8 | |
1994-1995 | Д1 | 37 | 6 | КФ | 5 | 1 | КУ | 4 | 1 | - | - | - | 47 | 8 | |
1995-1996 | Д1 | 33 | 6 | КФ | 3 | 0 | ИК+КУ | 7+8 | 5+1 | - | - | - | 50 | 12 | |
Вкупно Бордо | 139 | 28 | 15 | 2 | 25 | 9 | - | - | 179 | 39 | |||||
1996-1997 | Јувентус | А | 29 | 5 | КИ | 2 | 0 | ЛШ | 10 | 2 | СУ+ИнтК | 2+1 | 0 | 44 | 7 |
1997-1998 | А | 32 | 7 | КИ | 4 | 1 | ЛШ | 11 | 3 | СИ | 1 | 0 | 48 | 11 | |
1998-1999 | А | 25 | 2 | КИ | 4 | 0 | ЛШ | 10 | 0 | СИ | 1 | 0 | 40 | 2 | |
1999-2000 | А | 32 | 4 | КИ | 3 | 1 | ИК+КУ | 2+4 | 0 | - | - | - | 41 | 5 | |
2000-2001 | А | 33 | 6 | КИ | 2 | 0 | ЛШ | 4 | 0 | - | - | - | 39 | 6 | |
Вкупно Јувентус | 151 | 24 | 15 | 2 | 41 | 5 | 5 | 0 | 212 | 31 | |||||
2001-2002 | Реал Мадрид | ПД | 31 | 7 | КШ | 9 | 2 | ЛШ | 9 | 3 | СШ | 2 | 0 | 51 | 12 |
2002-2003 | ПД | 33 | 9 | КШ | 1 | 0 | ЛШ | 14 | 3 | СУ+ИнтК | 1+1 | 0 | 50 | 12 | |
2003-2004 | ПД | 33 | 6 | КШ | 7 | 1 | ЛШ | 10 | 3 | СШ | 2 | 0 | 52 | 10 | |
2004-2005 | ПД | 29 | 6 | КШ | 1 | 0 | ЛШ | 10 | 0 | - | - | - | 40 | 6 | |
2005-2006 | ПД | 29 | 9 | КШ | 5 | 0 | ЛШ | 4 | 0 | - | - | - | 38 | 9 | |
Вкупно Реал Мадрид | 155 | 37 | 23 | 3 | 47 | 9 | 6 | 0 | 231 | 49 | |||||
Вкупно во кариерата | 504 | 95 | 61 | 7 | 117 | 23 | 11 | 0 | 693 | 125 |
Извор:[176]
Фудбалска репрезентација на Франција | ||
---|---|---|
Год. | Наст | Гол |
1994 | 2 | 2 |
1995 | 6 | 2 |
1996 | 12 | 1 |
1997 | 8 | 1 |
1998 | 15 | 5 |
1999 | 6 | 1 |
2000 | 13[A] | 4 |
2001 | 8 | 2 |
2002 | 9 | 1 |
2003 | 7 | 3 |
2004 | 7 | 4 |
2005 | 5 | 2 |
2006 | 10 | 3 |
Вкупно | 108 | 31 |
A Вклучувајќи го и настапот против World Stars на 16 август 2000, кој ФИФА и Фудбалската федерација на Франција го сметаат како официјален пријателски натпревар.[176]
Во својата кариера Зидан постигнал само еден хет-трик. Тој бил на 15 јануари 2006, во дресот на Реал Мадрид во победата со 4-2 на домашен терен над Севиља во Примера Дивисион 2005-2006.
Хет-трикови | ||||||||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
|
Статистиката е ажурирана на 7 мај 2020. Во болд се натпреварувањата кои Зидан ги освоил.
Сезона | Екипа | Првенство | Национален куп | Континентални купови | Останати купови | Вкупно | Победи % | Пласман | |||||||||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Натп | ОН | П | Н | И | Натп | ОН | П | Н | И | Натп | ОН | П | Н | И | Натп | ОН | П | Н | И | ОН | П | Н | И | % | |||
2014-2015 | Реал Мадрид Кастиља | СДБ | 38 | 16 | 10 | 12 | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | 38 | 16 | 10 | 12 | 42,11 | 6. место |
2015-јан. 2016 | СДБ | 19 | 10 | 7 | 2 | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | 19 | 10 | 7 | 2 | 52,63 | Пром. во првиот тим | |
Вкупно Реал Мадрид Кастиља | 57 | 26 | 17 | 14 | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | 57 | 26 | 17 | 14 | 45,61 | ||||||
јан.-јун. 2016 | Реал Мадрид | ПД | 20 | 17 | 2 | 1 | КШ | - | - | - | - | ЛШ | 7 | 4 | 2 | 1 | - | - | - | - | - | 27 | 21 | 4 | 2 | 77,78 | наз. 3., крај 2. место |
2016-2017 | ПД | 38 | 29 | 6 | 3 | КШ | 6 | 3 | 2 | 1 | ЛШ | 13 | 9 | 3 | 1 | СУ+Скп | 1+2 | 1+2 | 0+0 | 0+0 | 60 | 44 | 11 | 5 | 73,33 | 1. место | |
2017-2018 | ПД | 38 | 22 | 10 | 6 | КШ | 6 | 3 | 2 | 1 | ЛШ | 13 | 9 | 2 | 2 | СШ+СУ+Скп | 2+1+2 | 2+1+2 | 0+0+0 | 0+0+0 | 62 | 39 | 14 | 9 | 62,90 | 3. место | |
мар.-јун. 2019 | ПД | 11 | 5 | 2 | 4 | КШ | - | - | - | - | ЛШ | - | - | - | - | СУ+Скп | - | - | - | - | 11 | 5 | 2 | 4 | 45,45 | наз. 3., крај 3. место | |
2019-2020 | ПД | 27 | 16 | 8 | 3 | КШ | - | - | - | - | ЛШ | 6 | 3 | 2 | 1 | СШ | 2 | 1 | 1 | 0 | 32 | 19 | 11 | 2 | 59,38 | во тек | |
Вкупно Реал Мадрид | 131 | 88 | 28 | 15 | 12 | 6 | 4 | 2 | 39 | 25 | 9 | 5 | 10 | 9 | 1 | 0 | 192 | 128 | 42 | 22 | 66,67 | ||||||
Вкупно во кариерата | 189 | 112 | 44 | 29 | 12 | 6 | 4 | 2 | 39 | 25 | 9 | 5 | 10 | 9 | 1 | 0 | 249 | 151 | 59 | 38 | 60,64 |
ИграчКлупски
Репрезентативни
Поединечни
|
ТренерКлупски
Поединечни
|
Кавалер на Легијата на честа (Франција)
— 1998
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.