Минхен
град во Баварија, Германија From Wikipedia, the free encyclopedia
град во Баварија, Германија From Wikipedia, the free encyclopedia
Минхен (германски: München) — главен град на германската покраина Баварија. Градот лежи на реката Изар, северно од Баварските Алпи. Минхен е третиот најголем град во Германија по Берлин и Хамбург и има околу 1,35 милиони жители.[2] Минхен бил домаќин на Летните олимписки игри во 1972.
Минхен
München | |
Панорама на Минхен | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Баварија |
Адм. подрач. | Горна Баварија |
Округ | Урбан округ |
Градски единици | 25 општини |
Градоначалник | Кристијан Уде (СПД) |
Владејачки партии | СПД / Зелени |
Основни податоци | |
Површина | 310,43 км2 |
Надм. височина | 519 м |
Население | 1.510.378 (31 декември 2023)[1] |
- Густина | 4.865 жит/км2 |
- Градско | 2.600.000 |
- Метроп. | 6.000.000 |
Основано | 1158. |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | M |
Пошт. бр. | 80331-81929 |
Повик. бр. | 089 |
Портал | www.muenchen.de |
Положба на градот Минхен во Баварија | |
Координати | 48°8′0″N 11°34′0″E |
Геслото на градот е München mag Dich („Минхен те сака“). До 2006 г. беше „Светски град со срце“. Неговото име München потекнува од старогерманскиот збор Munichen, што во превод на македонски значи монаси. Името на градот потекнува од монасите во Бенедиктанскиот ред, кои и го основале градот; тоа е и причината поради која на грбот на Минхен има монах. Црно и злато се боите на Светото Римско Царство и тие се и официјалните бои на градот уште од времето на кралот Лудвиг IV.
Меѓутоа Минхен не е единственото место во Баварија со името München. Постојат три такви места: едната е самиот Минхен, втората североисточно од градот Нирнберг, и исто така Хутурм, град северно од Пасау.
Современиот Минхен е финансиски и издавачки центар и често е рангиран за најдобро одредиште за миграција и иселеничко место за живеење. Минхен го постигна 7-мото место во често цитираната ранг-листа за најдобар квалитет на живот Мерсер во 2010[3]. За економски и социјални иновации, градот беше рангиран 15-ти на глобално ниво од 289 градови во 2010 и 5-ти во Германија[4]. Во 2010, Минхен беше рангиран како 5-ти најдобар град за живеење од Монокл[5].
Минхен лежи на висорамнините во Горна Баварија, околу 50 км северно од северната граница на Алпите, на надморска височина од 520 м. Реките кои течат во Минхен се Изар и Вирм. Минхен се наоѓа кај северниот Алпски ’рт. Северниот дел од ова песочно блато вклучува особено плоден дел, кој повеќе не е засегнат од процесот на набирање кој постоел на Алпите, додека јужниот дел е покриен со покриен со морени. Помеѓу овие подрачја се наоѓаат полиња на леднички води, како што е околината на Минхен. Секаде каде што овие депозити се потенки, подземните води може да продрат до површината и да настанат поплави, што доведува до појава на мочуришта, како што се во северниот дел на Минхен.
Во Минхен владее континентална клима, значително изменета поради близината на Алпите. Надморската височина и близината на Алпите придонесуваат за доста чести врнежи. Поројните врнежи често доаѓаат наеднаш и неочекувано. Разликите помеѓу дневните и ноќните температури во зима и лето можат да бидат екстремни. Топлиот ветер кој дува од Аплите (фен), може целосно да ги промени температурите за неколку часа, дури и во зима.
Зимата трае од декември до март. Зимите во Минхен се доста студени, но силните врнежи се ретка појава. Најстудениот месец е јануари со просечна температура од -2,2 °C (28 °F). Снежната покривка трае неколку недели во текот на зимата. Летата во Минхен се благи и топли, најтоплиот месец во годината, јули, e со просечна температура од 23 °C (73 °F). Летото трае од мај до септември.
Клима на Минхен | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Показател | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | Годишно |
Апсолутна максимална (°C) | 17,2 | 21,1 | 23,3 | 26,6 | 30,0 | 33,8 | 36,1 | 35,0 | 30,0 | 26,1 | 18,8 | 20,5 | 36,1 |
Просечна максимална (°C) | 1,1 | 3,5 | 8,4 | 13,3 | 18,0 | 21,4 | 23,3 | 22,9 | 19,4 | 13,6 | 6,5 | 2,3 | 12,81 |
Просечна температура (°C) | −2,2 | −0,4 | 3,4 | 7,6 | 12,2 | 15,4 | 17,3 | 16,6 | 13,4 | 8,2 | 2,8 | −0,9 | 7,78 |
Просечна минимална (°C) | −5 | −3,7 | 0,4 | 2,9 | 7,1 | 10,4 | 12,0 | 11,7 | 8,8 | 4,5 | 0,2 | −3,5 | 3,82 |
Апсолутна минимална (°C) | −26,6 | −22,7 | −15,5 | −6,1 | −2,7 | −2,7 | 3,8 | 3,8 | 0 | −6,1 | −14,4 | −21,1 | −26,6 |
Просечно кол. врнежи (мм) | 48,0 | 45,2 | 57,7 | 69,9 | 93,4 | 127,6 | 131,6 | 110,5 | 86,3 | 65,4 | 71,0 | 60,8 | 967,4 |
Врнежливи денови (≥ 2,0 мм) | 10,0 | 8,6 | 10,5 | 10,9 | 11,6 | 13,8 | 12,0 | 11,4 | 9,6 | 9,1 | 10,7 | 11,2 | 129,4 |
Влага (%) | 80 | 74 | 62 | 57 | 55 | 58 | 55 | 55 | 61 | 71 | 80 | 81 | 65,75 |
Сончеви часови (месечно) | 61 | 84 | 128 | 157 | 199 | 209 | 237 | 213 | 173 | 129 | 69 | 49 | 1.708 |
Во јули 2007 година, Минхен имал 1,34 милиони жители, 300.129 од нив немаат германско државјанство. Градот има големи турски и балкански заедници. Најголемата група на странски националности се Турците (43.309), Албанците (30.385), Хрватите (24.866), Србите (24.439), Грците (22.486), Австријците (21.411) и Италијанците (20.847). 37% од странските националности доаѓаат од ЕУ.
Со само 24.000 жители во 1700 г., бројот на населението речиси се дуплирало секои 30 години. На пример, Минхен имал 100.000 жители во 1852 г. а потоа 250.000 во 1883 г. До 1901 г. бројот се зголемил на 500.000. Оттогаш Минхен е третиот најголем град во Германија. Во 1933 г. на пописот се избројани 840.901 жител, а во 1957 г. Минхен ја надмина бојката од еден милион.
47,4% од жителите на Минхен не се поврзани со некоја религиозна група и оваа група претставува најбрзо растечки сегмент од населението. Како и во остатокот на Германија, Католичката и протестантските цркви имаат континуирано бавно опаѓање на членството. На 31 декември 2009, 37,8% од жителите на градот биле римокатолици, 13,8% биле протестанти и 0,3% Евреи[6]. Исто така, има и мала парохија на Старите католици и на Епископската црква[7]. Исто така, има и значителен број на муслимани, кои живеат во Минхен, во најголем број сочинети од имигрантите.
Годината 1158 се смета како година кога е основан Минхен, но и како најраната година кога Минхен како град е споменат во документ. Документот е потпишан во Аугсбург.[8] Во тоа време Хенрик Лавот, Војводата на Саксонија и Баварија, изградил мост преку реката Изар, веднаш до населбата на Бенедиктинските монаси. Таму се протегал и патот за транспорт на солта и мостот служел за собирање даноци.
Речиси две децении подоцна во 1175 година Минхен официјално добил статус на град и е утврден со крепост. Во 1180, со судењето на Хенри Лавот, Отон I станува војвода на Баварија и Минхен преминал во рацете на бискупот на Фрајзинг. Наследниците на Ото, династијата Вителсбах ќе управуваат со Баварија до 1918 г. Во 1240, самиот Минхен бил предаден на управување на Отон II, а во 1255 год, кога Војводството Баварија се поделило на два дела, Минхен станал резиденцијата на војводата на Горна Баварија.
Војводата Лудвиг IV бил избран како германски крал во 1314 г. и крунисан како цар на Светото Римско Царство во 1328. Со поддршка на монополот околу солта, што му носи и дополнителен приход, тој ја зајакнува местоположбата на градот. Во доцниот XV век во Минхен заживува готиката старата општина е проширена, и најголемата готска црква, денес катедралата, Богородичната црква (Фрауенкирхе) — изградена само за две децении, почнувајќи во 1468.
Кога Баварија во 1506 г. повторно се обединува, Минхен станува главен град на Баварија. Уметноста и политиката се под особено влијание на кралскиот двор (види Орландо ди Ласо, Хенрих Шиц, а подоцна и Моцарт и Рихард Вагнер). Во XVI век Минхен бил центар на германската контрареформација како и на ренесансната уметност. По наредба на војводата Вилхелм V е изградена језуитската црква Св. Михаил (Michaelskirche), која подоцна станува центар на контра реформацијата. Тој исто така ја гради и пиварата „Hofbräuhaus“, која во 1589 г. произведува темно пиво. Католичката лига е основана во Минхен во 1609 г. За време на Триесет годишната војна во 1623 г. Минхен станува избирачко седиште, кога Максимилијан I, војводата на Баварија се здобил со власт со изгласувањено, но во 1632 градот бил окупиран од Густав II Адолф од Шведска. Една третина од населението умира во 1634 и 1635 г. кога градот го зафаќа бубонска чума. Под управа на баварските изборници Минхен бил важен центар во времето на барокот, кој секако страдал под окупацијата на Хабсбурзите во 1704 год и 1742 г.
Во 1806 г. градот станал престолнина на новото Кралство Баварија, со покраински парламент (Landtag) и новата Мингенско-фрајзиншка архиепископија, која се наоѓа во градот. Дваесет години подоцна покраинскиот универзитет Лудвиг Максимилијан се сели во Минхен. Поголемиот дел од префинетата архитектура на Минхен е овој период и е изградена во времето на првите три баварски кралеви. Подоцна годините на принцот-регент Леополд се забележани како години на силна уметничка и културна активност во Минхен. (како Франц вон Штук и Синиот јавач)
Со избувнувањето на Првата светска војна во 1914 година, животот во Минхен станува сосема тежок, откако Сојузниците блокирале секаков пристап до храна и гориво во Германија. За време на француските воздушни напади во 1916 г. три бомби паднале врз Минхен. По Првата светска војна градот е центар на политички немири. Во ноември 1918 г., ноќта спроти револуцијата Лудвиг III со својата фамилија го напуштил градот. По убиството на првиот републикански премиер на Баварија Курт Ајснер во февруари 1919 г. од страна на Антон Граф фон Арко на Вали, прогласена е Баварската Советска Република. Кога комунистите ја презеле власта, Ленин, кој живеел во Минхен неколку години претходно, испратил телеграма со честитка, но набрзо Советската република била симната од власт на 3 мај 1919 година од страна на Слободниот корпус (Фрајкорите). Додека републиканската власт повторно била обновена, Минхен полека станува седиште на десно ориентираната политика, Адолф Хитлер и националсоцијализмот го доживуваат својот процут.
Во 1923 г. Хитлер и неговите приврзаници, кои во тоа време биле најбројни во Минхен, извршиле државен удар „Хитлер-пуч“ (германски: Hitlerputsch или Hitler-Ludendorff-Putsch), во обид да ја соборат Вајмарската Република и да ја освојат власта. Овој обид бил неуспешен и резултирал со апсење на Хитлер, времено онеспособување на Нацистичката партија, која во суштина и не била позната надвор од Минхен.
Минхен уште еднаш ќе стане упориште на нацистите, кога националсоцијалистите ќе ја преземат власта во Германија во 1933 година. Националсоцијалистичка германска работничка партија (Nationalsozialistische Deutsche Arbeiterpartei НСДАП) прво го создава концентрациониот логор во Дахау, 16 км северозападно од градот. Поради важноста да се зголеми свеста за националсоцијализмот, Минхен е сметан за главен град на Движењето (Hauptstadt der Bewegung). Седиштата на НСДАП биле во Минхен и повеќето административни згради (Führerbauten) биле изградени во близината на плоштадот Кенигсплац (Königsplatz). Некои од нив се зачувани и до денес.
Градот е познат и како место на кулминацијата на политиката на попуштање водена од страна на Велика Британија и Франција, кој довел до Втората светска војна. Така, во Минхен британскиот премиер Невил Чемберлен го прифатил анектирањето на чехословачкиот Судетски регион кон Голема Германија со надеж дека ќе запрат желбите на Хитлеровиот Трет Рајх.
Минхен бил база и на движењето „Бела роза“, група на студенти која организирала движење на отпор во периодот од јуни 1942 год до февруари 1943 г. Најактивните членови биле уапсени и изведени пред суд, поради пуштање на летоци во универзитетот „Лудвиг Максимилијан“. Тоа биле Ханс и Софи Шол.
Градот бил особено оштетен од страна на сојузничките бомбардирања за време на Втората светска војна — околу 71 воздушен напад се изведени во период од 6 години.
По американската окупација во 1945, Минхен е целосно обновен следејки прецизен - и во споредба со останатите опустошени градови во Западна Германија - доста конзервативен план, којшто го врати на градот стариот изглед, кој градот го имал од пред Војната. Во 1957 година Минхен брои над 1 милион жители.
Во 1972 година Минхен е домаќин на Летните олимписки игри, при што израелски атлетичари биле убиени од палестински терористи во масакрот во Минхен, кога одделни членови на терористичката група „Црн септември“ како заложници замале членови на израелскиот олимписки тим.
Поголемиот дел од жителите на Минхен имаат висок стандард на живеење. „Mercer HR Consulting“ постојано го рангира Минхен како еден од 10-те топ градови со највисок квалитет на живот во светот и според анкетата во 2007 г. Минхен се наоѓа на 8-то место.[9] Истата компанија, исто така, го рангира Минхен и како 39-от најскап град за живеење и најскапиот град во Германија.[10] Минхен има доста успешна економија, предводена од информатичката технологија, биотехнологија и издавателството. Загаденоста на животната средина е релативно ниска, иако од 2006 градскиот совет е доста загрижен за нивото на загаденост особено во деловите од градот каде што се главните автопати. Со стапувањето насила легислативата на ЕУ за концентрацијата на загаденоста во воздухот, организациите за заштита на животната средина како „Гринпис“ упорно протестираат со цел градскиот совет и владата на покраината да заземе посериозен став во врска со загадувањето.
Криминалната стапка во Минхен денес е многу пониска во однос на останатите големи градови во Германија, како Хамбург или Берлин.[11] Високиот стандард на живеење и беѕбедноста се причина што од страна на жителите со англиски мајчин јазик е наречен „Toytown“. Минхен е наречен и „Millionendorf“ од страна на Германците, што значи „село од милион жители“.
Моментално, градоначалник на Минхен е Дитер Рајтлер од Социјалдемократската партија на Германија (СПД). СПД има речиси непрекината традиција на владеење во Минхен, која датира од Втората светска војна. Што е и доста впечатливо, бидејќи останатиот дел од Баварија е особено конзервативна, каде Христијанско-социјалниот сојуз на Баварија секогаш освојува апсолутно мнозинство на изборите во Баварија било да е на општински, покраински или на сојузно ниво.
Минхен моментално е воден од коалицијата на СПД, Зелените и Роза Листа (Розова листа, партија за заштита на правата на хомосексуалците).
Како главен град на Слободната покраина Баварија Минхен е значаен политички центар во Германија и во него е и седиштето на Баварскиот покраински парламент, Покраинската канцеларија (Staatskanzlei) и сите покраински министерства и целата администрација.
Неколку нционални и меѓународни институции го имаат своето седиште во Минхен, меѓу кои и Сојузниот финансиски суд на Германија и Европската агенција за патенти.
Во 2003, Минхен одлучи постепено да се префрлаат 14.000 сметачи на слободна програмска опрема. Развиван е на Дебиан основа на Линукс, наречен ЛиМукс.[12]
Со административна реформа од 1992 година, Минхен е поделен на 25 општини (Stadtbezirke).
Градот е интересен спој од историски згради и современа архитектура која импресионира, бидејќи по војната Минхен ги обновува урнатините од историските знаменитости, но истовремено и создава нови ремек-дела во архитектурата. Една студија спроведена за „National Geographic Traveler“ од Центарот на здружението за одржлив развој, избраа повеќе од 100 историски места во целиот свет и Минхен е на 30-тото место како најдобро одредиште.[13]
Во центарот на градот е Мариенплац, голем отворен плоштад именуван според столбот, кој е во центарот на плоштадот и близу кој се наоѓаат Стариот и Новиот градски дом (ратхаус). На кулата на Новиот градски дом е познатото ѕвонење на камбаните (Rathaus-Glockenspiel). Три порти од разрушените средновековни тврдини се зачувани до денес: [„[Изартор]]“ (Isartor), на исток, „Зендлингертор“ (Sendlinger Tor) на југ и „Карлстор“ (Karlstor) на запад од центарот на градот. Карлстор (кој бил тотално разурнат ѕа време на Втората светска војна) води до Штахус, голем плоштад на кој се наоѓа Палатата на правдата (Justizpalast) и голема фонтана.
Црквата Свети Петар (Peterskirche) во близина на Мариенплац е најстарата црква во центарот на градот. Изградена е во романски стил и во неа биле сместени монасите уште пред официјалното основање на градот во 1158 г. Во близина на Св. Петар е и Црквата на Светиот Дух (Heiliggeistkirche) изградена во готски стил, која подоцна од 1724 година била претворена во барокен стил и истата гледа кон Виктуалинмаркт (Viktualienmarkt), најпознатиот пазар во Минхен.
Богородичната црква (Фрауенкирхе) — најпознатата градба во центарот на градот и служи како катедрала на Минхенско-франзиншката архиепископија. Во близина е и црквата Свети Михаел (Michaelskirche), која е и најголемата ренесансна црква северно од Алпите, додека пак Театинеркирхе (Theatinerkirche) — базилика од доцниот италијански барок и истата имала оргомно влијание на јужно германската барокна архитектура. Таков пример е Одеонсплац ("Odeonsplatz"). Други барокни цркви во центарот на градот кои вредат да се видат се Биргерзалкирхе, Салваторкирхе, Црква Свети Троица, Свети Ана Даменстифскирхе и Свети Ана во Лел, првата рококо-црква во Баварија. Црквата Азам е помогната и изградена од браќата Азам, пионери уметници во рококо периодот.
Големиот резиденциски комплекс (започнат во 1385 година) се наоѓа на крајот на стариот град се смета за еден од најзабележителните музеи за внатрешен дизајн. Покрај многуте проширувања, во него е и трезорот како и прекрасниот театар во рококо стил „Cuvilliés“. Веднаш до неокласичната опера на резиденцијата изграден е Националниот театар. Во Минхен сѐ уште постојат дворци во барокен и неокласичен стил, такви се дворецот Порција, дворецот Прејзинг, дворецот Холнштајн и дворецот Принц-Карл. Сите дворци се наоѓаат во близина на резиденцијата, како и Стариот дворец, (Alte Hof) средновековниот дворец кој бил првата резиденција на кнезовите Вителсбах во Минхен.
Центарот на градот е пресоздаден[14], во виртуелниот свет на Second Life и може да се посети преку виртуелна посета низ една турнеја.
Четири главни кралски авении од XIX век со величествени градби го поврзуваат центарот со останатиот дел од градот:
Неокласичната авенија „Бринерштрасе“ (Briennerstraße), која започнува од Одеонсплац (Odeonsplatz) северниот дел на стариот град, во близина на Резиденцијата, се протега од исток кон запад и завршува на импресивниот „Кенигсплац“ (Königsplatz), каде забележлив е дорскиот стил кај Пропилен — (Propyläen), јонскиот стил кај Глипотеката (Glyptothek) и коринтскиот стил кај Покраинскиот музеј на класична ументност. Околината околу Кенигсплац е т.н. уметничка област во која се наоѓаат многу галерии и музеи.
Улицата Лудвигштрасе, исто така, започнува од Одеонсплац и се протеѓа од југ кон север, и ги заобиколува универзитетот Лудвиг-Максимилијан, Црквата Свети Лудвиг, Баварската национална библиотека, како и многу министерства и палати. Јужниот дел на авенијата е изграден во стилот на италијанската ренесанса, додека северниот дел е особено инспириран од романскиот стил.
Авенијата Максимилијанштрасе е во неоготски стил и започнува од плоштадот Макс-Јосефс-Плац, каде се наоѓаат Резиденцијата и Националниот театар, и се протега од запад кон исток. На неа се наоѓаат многу згради во нео-готски стил, меѓу кои и Куќата на уметниците, административната зграда на Горна Баварија, Етнолошкиот музеј. Откако ќе ја премине реката авенијата го обиколува Максимилианеумот (каде е седиштето на Покраинскиот парламент). Оваа улица е позната по скапите дизајнерски продавници за накит, луксузни бутици и хотели со пет ѕвезди.
Авенијата Принцрегентенштрасе се протега паралелно со улицата Максимилијан и започнува од дворецот Принц-Карл. Тука се наоѓаат многу музеи, како Куќата на уметноста, Баварскиот национален музеј и галеријата Шак. Оваа авенија го преминува Изар и го заобиколува споменикот на ангелот на слободата, вилата Штук и стариот стан на Хитлер. Поисточно на истоимената авенија е театарот Принцрегенрен.
Двата големи дворца во барокен стил во Нимфенбург и Обершлајсхајм сведочат за кралското минато на Баварија. Дворецот Нимфенбург (Schloss Nymphenburg) — 6 км северозападно од центарот на Минхен и опкружен е со прекрасни паркови и зеленило и се смета за една од најубавите кралски резиденции во Европа. Северозападно од него, на околу 2 км се наоѓа дворецот Блутенбург, стара резиденција на војводите со црква од доцниот готски период. Дворецот Фирстенрид , барокен дворец сличен на дворецот Нимфенбург, но значително помал, бил изграден во истото време само во југозападниот дел на Минхен. Вториот по големина барокен дворец е дворецот Шлајсхајм, кој се наоѓа во Обершлајсхајм, периферна населба од градот, и овој комплекс има три посебни резиденции: стариот дворец Шлајсхајм, новиот дворец Шлајсхајм и дворецот Лустхајм. Поголемиот дел од нив се користат како музеи или уметнички галерии. Поставката за авијација на Германскиот музеј (Deutsches Museum) — во близина на дворците.
Црквата Св. Михаил во Берг на Лајм можеби е најзначајната црква надвор од центарот на градот. Повеќето населби имаат месни цркви кои потекнуваат уште од средновековието, таков пример е познатата црква за поклонение во Минхен, Св. Мари во Рамерсдорф. Најстарата црква во Минхен е црквата Св. Крст во Фротманинг во близина на Алијанс Арена и е позната по своите романски фрески. Особено во неговите предградија, Минхен е богат со разновидна и интересна соврмена архитектура. Со мала нишка на културна свест во Минхен постојат строги правила во однос на висината на зградите и објектите кои на одреден начин ја ограничуваат изградбата на облакодери во Минхен, сè со цел да се задржи погледот кон Алпите. Највисоките објекти се изградени во северниот дел од градот и многу од нив се претставништва на различни банки, хотели и големи компании („HypoVereinsbank“, „BMW“, „Hilton“ и др.). Во јужниот дел и во центарот на градот има уште неколку забележителни архитектурни дела, но сепак најголемата знаменитост на модерен Минхен се спортските стадиони по повод Олимписките игри во 1972 г.
Минхен се смета за зелен град кој има многу паркови. Англиската градина, во близина на центарот на градот со површина од 3,7 км2 (поголема од Централ парк во Њујорк), е еден од најголемите урбани јавни паркови во светот и има и нудистички дел, патеки за џогирање и патеки на пешачење. Паркот бил проектиран и изведен од страна на Бенџамин Томпсон, гроф од Румфорд, Американец, и служел како место за работа и задоволство за скитниците и бездомниците. Денес, тој е посебен парк во кој има пивска градина (Biergarten) и кинеска пагода.
Други големи зелени површини се современиот Олимпијапарк, Западниот парк како и парковите од дворците Нимфенбург (заедно со ботаничката градина на север) и Шлајсхајм. Најстариот парк на градот е Хофгартен, во близина на резиденцијата и датира уште од XVI век. Најпознатиот парк по големата градина за пиво во градот е поранешната кралска Хиршгартен создадена во 1780 г. за елени кои и до ден денес живеат таму.
Зоолошката градина (Tierpark Hellabrunn) — во близина на островот Флаухер на Исар, јужно од центарот на градот. Друг парк кој вреди да се спомене е источниот парк, кој се наоѓа во областа Перлах-Рамерсдорф во кој е и еден од најголемите базени во Минхен.
Минхен е дом на повеќе професионални фудбалски тимови, вклучувајќи ги и Баерн Минхен, кој е еден од најпопуларните во Германија и најуспешните клубови. Во Минхен област во моментов има три тимови во Бундеслигата (Баерн Минхен, ФК Минхен 1860 и Унтерхахинг, која се состои од три дивизии на германскиот фудбал.
Градскиот клуб во хокеј на мраз е EHC Минхен.
Минхен бил и домаќин на Олимписките игри во 1972 година и бил еден од градовите домаќини на Светското фудбалско првенство во 2006 година, кое не се одржа на Олимпискиот стадион, туку на друг нов фудбалски стадион, како Арената Алијанц.
На 22 јуни 2010 година, Меѓународниот олимписки комитет го избра Минхен, како еден од трите кандидатски града за Зимските олимписки игри во 2018, со Анси, Франција и Пјеонгчанг, Јужна Кореја. Пјеонгчанг, на крајот, беше прогласен за победник по добивањето на 63 гласови, додека Минхен беше втор добивајќи 25 и Анси, завршувајќи последен со освоени 7 гласови.[15]
Австробаварското наречје (osterreichisch-boarisch) се говори во и околу Минхен . Ова наречје нема никаков службен статус кај баварските власти или покраинската влада, но е признаен од SIL и има свој сопствен код во ISO-639.
Германскиот музеј (Deutsches Museum) се наоѓа на островот на реката Изар и е еден од најстарите и најголемите научни музеи во светот. Три неупотребени изложбени згради се претворетни во Транспортен музеј (Verkehrsmuseum) во којшто е сместена колекцијата на патен транспорт на Германскиот музеј. Поставката со воздушен сообраќај на Германскиот музеј се наоѓа во блискиот Шлајсхајм. Многу музеи, расеани низ Минхен (некои од нив и како јавни колекции на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“) ја претставуваат огромната покраинска колекција на палеонтолошки, геолошки, минералошки, зоолошки, ботанички и антрополошки примероци.
Во градот има неколку важни уметнички галерии и повеќето се наоѓаат во Уметничкото подрачје (Kunstareal), кој ги вклучува Старата пинакотека, Новата пинакотека, Современата ликовна галерија (Pinakothek der Moderne) и музејот „Брандхорст“. Старата ликовна галерија има прилично монолитна структура и е скапоцен ковчек со дела од европските великани од XIV до XVIII век. Збирката го прикажува одбраниот вкус на фамилијата Вителсбах во рамките на четири века и е посредена на два пооделни спрата. Поголемата поставка ги вклучува делата на Албрехт Дирер „Автопортрет“, „Четворицата апостоли“, делата на, Рафаел „Светото Семејство“, „Богородица Темпи“ како и огромното двокатно делот на Рубенс „Страшниот Суд“. Оваа галерија е домот на најсевкупната збирка на делата на Рубенс во светот. Пред Првата светска војна, групата на уметници „Синиот јавач“ била активна во Минхен. Многу од нивните дела може денес да се видат во Ленбаххаус. Во Глиптотеката и во Покраинската античка збирка се изложени значајни дела од грчката и римската уметност. Кралот Лудвиг I успеал да собере доста познати дела како „Медуза Ронданини“, „Фаун Барберини“ (Пијаниот сатир) како и статуи од храмот на Афаје на Егина (остров во Егејското Море) за својата Глиптотека. Египетскиот музеј кој се наоѓа во овој дел ја докомплетирува оваа уметничка област.
Познатите готски морешки танчери од Еразмус Грасер се изложени во градскиот музеј на Минхен во старата готска зграда во центарот на градот.
Друг дел од градот што е поврзан со уметноста е делот помеѓу центарот на градот и реката Изар. Покраинскиот етнолошки музеј на улицата „Максимилијан“ ја поседува втората по големина колекција на артифакти и предмети кои потекнуваат надвор од Европа, додека Баварскиот национален музеј и Баварската покраинска археолочка колекција се сметаат за едни од најважните уметнички и културни историски музеи во Европа. Во нивна близина е и галеријата Шак во која е поставено германското сликарство од XIX век.
Поранешниот концентрационен логор „Дахау“ се наоѓа на 16 км од градот.
Минхен е еден од главните културни центри во Европа и дом на многу познати композитори како Орландо ди Ласо, В. А. Моцарт, Карл Марија вон Вебер, Рихард Вагнер, Густав Малер, Рихард Штраус, Макс Регнер и Карл Орф. Преку Биеналето, основано од страна на Ханс Вернер Хенце, градот сѐ уште придонесува за современата музичка сцена.
Националниот театар, каде неколку опери на Рихард Вагнер ја имале својата премиера под потронажа на Лудвиг Втори од Баварија, е седиштето на Баварската опера и Баварскиот оркестар. Понатаму совремниот Резиденциски театар се издигнува во зградата во која пред Втората светска војна бил театарот „Cuvilliés“ и многу опери биле изведени тука, вклучувајќи ја и премиерата на „Идоменео“ од Моцарт во 1781 г. Театарот кој се наоѓа на плоштадот Гертнерплац е Националниот балет и опера, а пак во театарот Принцрегентен е седиштето на Баварската драмска академија.
Во современата Gasteig е сместена Баварскиот филхармониски оркестар. Третиот оркестар во Минхен со меѓународна важност е Баварскиот радио симфониски оркестар. Неговите концертни изведби се во салата Херкулес во поранешната Резиденција. Место за различни изведби, настани, мјузикли е Германскиот театар.
Минхенскиот театар (Munich Kammerspiele) — најважниот театар на германски јазик во светот. По премиерите на Готхолд Ефриам Лесинг во 1775 год, многу познати писатели како Фридрих Хебел, Хенрик Ибсен и Хуго фон Хофманнштал ги имаат поставено своите претстави.
Доста проминентни писатели ги создавале своите дела во Минхен, собено во последниот век од постоењето на Баварското Кралство. Такви се Пау Хеисе, Макс Халбе, Раинер Марија Рилке и Франк Ведекинд. Градот во риодот пред Првата светска војна бил особено еконосмки и културно богат, со многу проминентни личности. Минхен и населбата Швабинг биле дом на многу уметници и писатели. Томас Ман, кој исто така живеел тука, во својот роман Гладиус Деи го опишал овој период како „светол Минхен“. Минхен останува центар на културниот живот за време и на Вајмарската Република и во тоа време Лион Лоихтвангер, Бертолт Брехт и Оскар Марија Граф биле доста плодни. Во 1919 г. е основано и Баварското филмско студио.
Готиката и барокот во Минхен биле претставени преку уметниците како Ерасмус Грасер, Јан Полак, Јохан Баптист Штрауб, Игнац Гунтер, Ханс Крумпер, Лудвиг фон Швантхалтер, Козма Дамјан Асам, Егид Кирен Асам, Јохан Баптист Цимерман, Јохан Михаел Фишер и Франсис де Кувилис.
Минхен веќе бил значаен центар за ументичките кругови каде биле Карл Ротман, Ловис Цоринт, Вилхем фон Каулбах, Карл Шпицвег, Франц фон Ленбах, Франц вон Штук и Вилхем Лаибл, кога групата на уметници „Синиот јавач“ се основала во 1919 г. во Минхен. Градот бил дом на многу уметници од оваа група како Паул Кле, Васили Кандински, Алексеј фон Јавленски, Габриеле Мунтер, Франц Марк, Аугуст Маке и Алфред Кубин.
Пивницата „Хофбројхаус“ е веројатно најпознатата пивница во светот и е во самиот центар на градот. Таа ја држи и втората по големина сала на Октоберфест, една од најголемите атракции во Минхен. Две недели Октоберфест привлекува милијони посетители кои ги посетуваат халите на познатите минхенски пивари и разните атракции во забавниот парк. Октоберфест за првпат се одржува на 12 октомври 1810 г. во чест на одбележувањето на бракот на трононаследникот Лудвиг и принцезата Тереза фон Сахсен-Хилдбургхаусен. Фестивалот бил затворан со коњски трки и во следните неколку години трките продолжиле и со текот на годините се стигнува до она што денес се нарекува Октоберфест. И покај неговото име, фестивалот се одржува во септември и секогаш завршува на првата недела од месец октомври. Само доколку Денот на германското единствто — 3 октомври се паѓа во понеделник или вторник, тогаш Октоберфест трае и за време на празникот.
Белите колбаси (Weißwürste) се најпознатион минхенски специјалитет. Традиционално белите колбаси се јадат до 11 часот — обичај кој потекнува уште од времето пред постоењето на ладилници. Овие колбаси најчесто се сервираат со сладок сенф и свежо печени и топли переци. Леберкес, баварско печено месо од колбас, најчесто се служи со салата од компир и е уште еден деликатес од регионот.
Најпознатата супа во регионот е супата „Леберкнедел“. Тоа е кнедла од леб, зачинета со џигер и кромид.
Schweinebraten и Schweinshaxe (свинско печено месо и бут) заедно со кнедла од компир или од бел леб и со кисела зелка се сервираат често за ручек или за вечера.
Осебено омилен десерт на баварците е штрудлата од јаболка (Apfelstrudel) која се служи со сос од ванила.
Доста од типичните специјалитети се служат ладни во пивските градини. Обацда е типична баварски ужина од сирење која често се служи покрај пивото. Рецептот е следен : Сирење со мувла Камемберт, сецкан кромид и лута пиперка, понекогаш и путер. Сето тоа измешано е одличен додаток за пивото во градините. Често на листата со порачки е и Radi, црвена ротквица исечена на тенки парчиња и посолена, како и минхенската салата од колбаси Wurstsalat, салата од рендан колбас, мариниран во оцет и зејтин, кромид и селена салата. Уште една класика помеѓу специјалитетите е и хендл, половинка пиле на ражен. Мас е мерка за пиво и означува 1 литар, додека радлер е мешавина од пиво и лимонада.
Минхен е познат по своите пивари и пченичното пиво Вајсбир (Weißbier) — специјалитет од Баварија. Светлото пиво („Helles“) има прозирна златна боја и е најпоралуваното пиво во Минхен иако не е со толку долга традиција, создадено е во 1895 г. Светлото пиво речиси го има одамна надминато минхенското темно пиво (Dunkles), кое својата темна боја ја добива од изгорениот малц и својата популарност ја имало во XIX век. Силното пиво (Starkbier) — најсилното пиво во Минхен и содржи 6-9 проценти алкохол. Ова пиво е особено популарно за време на фестивалот на силното пиво (Starkbierzeit) кое почнува пред или по Св. Јосеф , 19 март. Постојат околу 20 градини за пиво, четири од нив се наоѓаат во Англиската градина, а најголемата е во Хиршгартен (Hirschgarten).
Список на пиварите во Минхен:
Виктуалинмаркт (Viktualienmarkt) — најпопуларниот пазар за свежа храна и деликатеси. За време на карневалот во Минхен, стар обичај е танцот на жените коишто продаваат на пазарот, облечени во смешни костуми.
Пазарот Ауер Дулт се одржува трипати годишно на плоштадот пред црквата Маријахилф и е еден од најстарите пазари во Минхен, особено познат по антиквитетите, парталите и разноразни претмети кои се нудат.
Три седмици пред Божиќ започнува божиќниот панаѓур на плоштадот Мариенплатц како и на многу други плоштади низ градот и на нив се подаваат разноразни божиќни украси и предмети.
Ноќниот живот во Михнен постојано се развива и денес постојат преку 6000 лиценцирани локали во градот, особено во Швабинг, кој сѐ уште важи како главна населба на студентите и уметниците. Некои од нив се и туристички атракции како „Хофбројхаус“ (Hofbräuhaus), најстарата пивара во Минхен, која се наоѓа во центарот на градот. Култфабрик и Опримолверке — поранешните индустриски центри денес се претворени во барови и дискотеки.
Минхен е еден од најважните центри за научно истражување со долга список на нобеловци, почнувајќи од Вилијам Конрад Ренген во 1901 год, па сè до Теодор Хенш во 2005 г. Минхен е и духовен центар уште од времето на кралот Лудвиг IV кога филозофите како Михаил од Ценса, Марцилиуз од Падова и Вилијам од Окхам биле штитеници во кралскиот дворец. Двата универзитети, „Лудвиг Максимилијан“ (ЛМУ) и Техничкиот универзитет (ТУ или ТУМ) ја носат титулата еилитни уиверзитети и се избрани од страна на комитетот за избор, кои се состои од академци и членови на Министерството за образование и истражување на Федеративна република Германија. Само двата универзитета во Минхен и Техничкиот универзитет во Карлсруе уште во 2006 г.ја носат титулата елитни универзитети во Германија и во нив се инвестирани милиони евра.
Друштвото „Макс Планк“ е независна непрофитна организација ја истражување со главно седиште во Минхен. Следните институти се наоѓаат во Минхен и неговата околина.
Минхен е со најсилна економија од сите градови во Германија,[16] како и најниска стапка на невработеост (5,6 %) од сите германски градови со над милион жители (останатите два се Берлин и Хамбург).[17] Градот исто така е и главниот економски центар на јужна Германија. Иницијативата „Нови социјални и пазрни економии“ и списанието WirtschaftsWoche во јуни 2006 г. за третпат го наградуваат Минхен со првото место во своите анализи и истражувања. Во февруари 2005 г. списанието „Capital“ го рангира Минхен од шест германски градови на прво место според економските перспективи за периодот од 2002 до 2011 година. Минхен се смета за светски град и тука се главните централи на „Siemens AG“ (електроника), „BMW“ (автомобили), „MAN AG“ (камиони, инжинерство), „Linde“ (гас), „Allianz“ (осигурување) и „Munich Re“ (реосигурување). Меѓу германските градови со над 500.000 жители, Минхен е со највисока куповна моќ (26.648 € по жител за 2007 г.).[18] Во 2006 г. платата на еден физички работник во просек изнесуваше 18,62€ на час.[19]
The breakdown by cities proper (not metropolitan areas) of Global 500 cities listed Munich in 9th position in 2008.[20]
Минхен е центар на биотехнологија, софтверна индустрија и други индустрии. Тој исто така е и градот во кој се наоѓаат централите на многу други големи компании како што е производителот на авиони „MTU Aero Engines“, потоа вселенскиот и одбранбен концерн „EADS“ (со седиште во предградието на Отобрун), производителот на вбризгувачки машини „Krauss-Maffei“, камера и осветлување „Arri“, производителот на електронски елементи и микрообработувачи „Infineon Technologies“ (со седиште во предградието на Нојбиберг), производителот на чипови „Qimonda“, како и германските претставништва на многу странски претпријатија како „Precision Plus“, „McDonald’s“ и „Microsoft“.
Минхен е и значителен финансиски центар (веднаш по Франкфурт) и е дом на „HypoVereinsbank“ и „Bayerische Landesbank“. Во областа на осигурувањето Минхен е на прво место како дом на осигурителните друштва „Allianz“ и „Munich Re“.
Минхен е и град со најголемо издаваштво[21] и дом на "Süddeutsche Zeitung ", еден од најголемите дневни печатени весници во Германија. Во Минхен се наоѓа и најголемата јавна радиодифузна мрежа, ARD, најголемата приватна мрежа " Pro7-Sat1 Media AG " како и централата на една од најголемите идавачли куќи „Hubert Burda Media“.
„Баварија филм“, во предградието Гринвалд, е една од најголемите и најпознатите филмски продуцентски куќи.[22]
„Lufthansa“ своето второ седиште го има на меѓународниот аеродром „Франц Јозеф Штраус“ во Минхен, кој е и втор по големина аеродром во Германија, веднаш по Меѓународниот аеродром во Франкфурт.
Меѓународниот аеродром „Франц Јозеф Штраус“ во Минхен (IATA: MUC, ICAO: EDDM) — втор по прометност во Германија, веднаш по Франкфурт, со околу 34 милиони патници годишно. Аеродроот се наоѓа 30 км североистолно од центарот на градот. Од главната железничка станица (Hauptbahnhof) до него може да се стигне со подземната железница на Минхен, линиите S8 источно и S1 западно од градот за околу 40-45 мин. Во Минхен било предвидено и дозволено да се пушти во употреба магнетнолебдечки воз (маглеб) наречен „Transrapid“ кој достигнува брзина до 400км/ч и со кој од главната железничка станица до аеродромот би се стигнувало за 10 мин, но во март 2008 г. целиот проект бил откажан поради големите трошоци. Поддржувачите на пројектот „Transrapid“ во 2007 г. ја основаат организацијата „Bayern pro Rapid“.
Аеродромот почнува со работа во 1992 г. како замена за дотогашниот главен аеродром, аеродромот „Минхен-Рим“ (кој функционирал од 1939 г. до 1992 г.)
Баварската влада изјавила дека планира да го прошират и да го пуштат за коменцијална употреба малиот аеродром „Oberpfaffenhofen“ кој е на северозапад од Минхен. На овие планови особено се противат жителите во околината на аеродромот.
Со својата популација од преку 2,6 милијони граѓани, Минхен и околината имаат еден од најшироките и најточните системи во светот, кој го вклучува метрото, подземната железница, трамвајите и автобусите. Овој систем го контролира Минхенската асоцијација за транспорт и тарифа („Münchner Verkehrs- und Tarifverbund GmbH“).
Главната железничка станица во Минхен (Hauptbahnhof) се наоѓа во центарот на градот. Постојат уште две споредни во Пазинг (Pasing), западно од центарот и Источна железничка станица („Ostbahnhof“) на исток. Овие трие се поврзани преку јавниот транспорт и се сметаат за важни транспортни центри.
Експресните возови ICE застануваат само на Пазинг и Главната железничка станица. Возовите на InterCity и EuroCity кои се обраќаат на исток застануваат и на Источната железничка станица. Од 28 мај 2006 г. Минхен е поврзан со Нирнберг преку Инголштат со ICE воз кој достигнува 300 км/ч.
Саемот за транспорт се одржува на секој две години во Минхен.
Минхен е дел од автопатната мрежа на јужна Германија. Автопатите од Штутгарт (запад), Нирнберг, Франкфурт and Берлин (север), Дегендорф and Пасау (исток), Салцбург and Инсбрук (југоисток), Гармиш-Партенкирхен (југ) and Линдау (југозапад) завршуваат во Минхен и со тоа Минхен има директен пристап до различни делови од Германија, Австрија и Италија. Сообраќајот во Минхен е доста густ, метежите се чести во шпиц часовите и на почеток и на крајот од поголемите празници во Германија.
Велосипедите се сметаат за добра замена на моторизираниот транспорт и велосипедите се користат во текот на целата година. Во центарот на Минхен функционира и модерен систем за изнејмување на велосипеди, кој е се почесто користен.
Агломерацијата на Минхен се протега во подножјето на Алпите и тука живеат преку 2,6 милиони жители. Неколку помали традиционални баварски градови како Дахау, Фрајзинг, Ердинг, Штарнберг, Ландсхут и Мосбург денес се дел од поголемото градско подрачје на Минхен, кои заедно со приградсите населби ја сочинуваат метрополитенската област Минхен и бројат преку 4,5 милиони жители[23].
Минхен е збратимен со следниве градови (датумот на договорот е покажан во заградите).
|
|
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.