Социјалистичка Република Македонија (скратено СР Македонија) ― последното име на федеративна Република Македонија, кога била дел од ДФЈ/ФНРЈ/СФРЈ, име кое го носела од 12 април 1963 до 1991 година. Од 8 март 1946 година до 12 април 1963 година, земјата го носела името Народна Република Македонија и тоа име и државно уредување било сменето врз основа на Одлуката за прогласување на Уставот на Социјалистичка Република Македонија, донесена од Народното собрание на Народна Република Македонија, на заедничката седница на Републичкиот собор и Соборот на производителите.[10]. Првото име на современата македонска држава било Демократска Федерална Македонија, како држава во составот на Демократска Федерална Југославија. Ова име било користено во периодот од 2 август 1944 до 8 март 1946 година, кога Президиумот на Народното Собрание. Во 1991 година по пат на референдумско изјаснување, Република Македонија била прогласена за независна држава односно истата држава се отцепила од СФРЈ.
Демократска Федерална Македонија (1944–1946) Народна Република Македонија (1946–1963) Социјалистичка Република Македонија (1963–1991) Република Македонија (1991) | |||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1944–1991 | |||||||||||
Химна: Денес над Македонија (1945–1991) | |||||||||||
Статус | Сојузна република на Југославија | ||||||||||
Главен град | Скопје | ||||||||||
Говорени јазици | македонски албански српско-хрватски | ||||||||||
Вероисповед | Секуларна држава (de jure) Државен атеизам (de facto)[1][2] | ||||||||||
Уредување | 1946–1990: Титоистичка еднопартиска социјалистичка република 1990–1991: Парламентарна република | ||||||||||
Историски период | Студена војна | ||||||||||
• АСНОМ (прогласување на државата ДФ Македонија) | 2 август 1944 | ||||||||||
• Промена на името во НР Македонија | 8 март 1946 | ||||||||||
• Промена на името во СР Македонија | 12 април 1963 | ||||||||||
• Референдум за независност | 8 септември 1991 | ||||||||||
Валута | Албански лек (1944) Бугарски лев (1944–1945)[3][4][5][6] Југословенски динар (1945–1991)[7][8][9] | ||||||||||
|
Територијата која ја опфаќала ДФМ/НРМ/СРМ, во најголем дел е територијата на Вардарскиот дел на Македонија. Во текот на своето постоење СРМ, загубила свои делови од територијата кои административно влегле и денес во територијата на тогаш наречената НР Србија. Така сè до 1947 година, манастирот „Свети Прохор Пчински“, каде е одржано Првото заседание на АСНОМ, заедно со општините Прешево, Бујановац, Качаник и Витина, административно биле под ДФ/НР Македонија и учествувале со свои претставници на заседанијата на АСНОМ, за по 1947 овие територии да влезат во составот на НР Србија заедно со уште некои катастарски општини кои припаѓале во македонската држава.[11]
Историја
Војна и ослободување на Македонија
Пред Втората светска војна, територијата на идната република била дел од Кралството Југославија. Оваа територија била вклучена во Вардарска Бановина, една од деветте административни единици на кралството. Кралството Југославија присилно влегло во Втората светска војна во април 1941 година, откако Силите на Оската навлегуваат во државата. Државата била поделена на неколку фашистички држави и Бугарија го добила поголемиот дел на Вардарскиот дел на Македонија, на 19 април. Западот на територијата, кој главно бил населен од Албанци паднал под контрола на Албанија која била под италијанско влијание. На почетокот, поради претходните српски/југословенски репресии кон македонското население, Бугарите не биле пречекани со огромен отпор и дел од Македонците ги пречекале и како ослободители.[12]
Бугарската доминација која станувала сè поопресивна довела до зголемување на чувствата за автономија. Оваа ситуација ја искористиле комунистите кои го признале и го бранеле македонскиот народ. Македонците во тој период биле поделени во две партии, комунистичката партија на Југославија и Комунистичката партија на Бугарија. Овие две партии ги поддржуваат правата на Македонците за самоопределба и замислуваат голема балканска федерација низ која голема обединета Македонија (вклучувајќи ги и егејските и пиринските Македонци) ќе добијат автономија.[13] Коминтерната конечно ја назначува Вардарска Македонија на југословенската партија.[14] Македонските комунисти, односно партизани, започнуваат да се борат во 1941 година и создаваат единици за саботажа и осамостојување во Скопје, Куманово и Прилеп.[15]
Во 1942, борбата била засилена и востанијата успеваат во ослободувањето на некои мали подрачја. Вториот конгрес на Антифашистичко собрание за народно ослободување на Југославија (АВНОЈ) на 29 ноември 1943 ја претставила македонската комунитичка партија и ја планирала Македонија да го има истиот статус на федерална членка како за Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) го одржува првото заседание во Манастирот Свети Прохор Пчињски на 2 август 1944 година, годишнина на Илинденското востание. За време на ова заседание, „Демократска Федерална Македонија“ е прогласена за независна. Истиот месец, бил создадени првите македонски дивизии на Народно ослбодителната армија. Во септември, дивизиите броеле 60.000 партизани, поделени во три дивизии и три корпуси.[16] На почетокот на октомври, партизаните држеле контрола врз поголемиот дел од селските зони.[17]
Бугарите брзо почнуваат да губат територии. Прилеп, е првиот ослободен град од страна на партизаните на 2 ноември и пред 12 ноември, исто така се ослободени Куманово, Штип, Скопје, Ресен, Битола и Охрид. Партизаните наидуваат на големо спротиставување кај Велес, кој е сместен во долината на Вардар и им траело два дена исполнети со борба пред целосното влегување во градот на 11 ноември. Тетово е последниот ослободен град на 19 ноември.[17] Во средината на ноември, Силите на Оската биле целосно исфрлени и комунистички претставници се поставени во администрацијата[16].
Демократска Федерална Македонија
Првото име на современата македонска држава е Демократска Федерална Македонија која била дел од Демократска Федерална Југославија односно првото име на социјалистичка Југославија, а трето име на Југославија воопшто. Ова име ДФ Македонија било користено во периодот од 2 август 1944 до 8 март 1946 година, кога Президиумот на Народното Собрание со закон било сменето во Народна Република Македонија.
Во виорот на Втората светска војна, на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински со присуство на делегати од сите краишта на Македонија и на претставници на големите сили учесници во антифашистичката војна - Соединетите Држави и Обединетото Кралство, биле донесени следниве важни одлуки:
- Решение за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија
- Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на Демократска Македонија
- Решението на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава
- Решението на АСНОМ за прогласување на Илинден – 2 август за народен и државен празник на македонската држава.
Првото заседание на АСНОМ основало свој Президиум, кој всушност претставува прва македонска влада. Покрај претседател, Президиумот имал двајца потпретседатели, двајца секретари и 17 члена. За претседател е избран Методија Андонов - Ченто.[18]
Територијата на државата била поделена на народни одбори, околии и општини како облици на локална управа и самоуправа.
Излегол првиот број на весникот „Нова Македонија“. Донесена одлука за основање на Школата за народни учители. Била основана Народната библиотека „Климент Охридски“. Била основана Македонската филхармонија. Божиќните настани на Скопското Кале: одредени единици одбиваат да заминат на Сремскиот фронт и наместо тоа сакаат да биде одено кон Солун. Бил основан Македонскиот народен театар. Бил одржан Првиот црковно-народен собор за обновување на Македонската православна црква. Била створена првата македонска влада. Било донесено Решение за утврдување на македонската азбука. Од печат, излегол првиот македонски буквар.
На 8 март 1946 година, Президиумот на Народното Собрание донесол закон со кој дотогашното име Демократска Федерална Македонија да биде сменето во Народна Република Македонија.[19]
Поважни настани
- Уставотворното Собрание на НР Македонија го усвоила првиот Устав на НР Македонија.
- Формирано е Друштвото на писателите на Македонија.
- Основана е Македонската опера.
- Информбирото донесува резолуција со која се осудува комунистичка Југославија.
- Основан е Македонскиот балет.
- Основан е Институтот за национална историја.
- Одржан е Првиот конгрес на Комунистичката партија на Македонија.
- Основан е Универзитетот Кирил и Методиј.
- Формиран Македонскиот фудбалски сојуз.
- Основано Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
- Народното собрание на ФНРЈ го донесува Законот за самоуправување со претпријатијата и стопанските организации.
- Во Охрид е одржан Вториот македонски црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Охридската Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква.
- Во 1963 се случил катастрофален земјотрес во Скопје.
Воспоставување на комунистичка власт во НРМ
Пресметката со учесниците на бунтот на некои воени единици во Скопје и во Штип е повод во македонските работи во почетокот на 1945 година да се вклучи сојузната ОЗН-а. Македонската ОЗН-а веќе во септември 1944 година во Кавадаречко, Ресенско и во некои други подрачја има стрелано помали групи означени како народни непријатели, но со доаѓањето на сојузната ОЗН-а почнуваат помасовни стрелања без судења во Кумановско, Велешко, Скопско, Тетовско и во Гостиварско[се бара извор].
Македонија се ослободува во ноември 1944 со исклучиво домашни сили, во соработка со странски мисии. На чело на државата се наоѓа Президиумот на АСНОМ со Методија Андонов-Ченто. Постојат одредени размислувања за целосно ослободување на сите делови на Македонија со стапување во врска со тамошните македонски единици. Пречка за заминување на македонската војска за Солун се СССР и големите сили договорот од Јалта, кои не се согласуваат со менување на границите на Грција од 1919-1941.
Комунистичката партија на Југославија на чело со Јосип Броз Тито, не сакајќи да ги комплицира односите со сојузниците, не се ни обидува да делува на овие одлуки. Стравот од прогласување на независност на Македонската држава е втора но најзначајна причина. Во таа насока, КПЈ инсталира свои кадри, луѓе кои никогаш не биле запознаени и не учествувале во Народноослободителната војна во Македонија[се бара извор]. Предводени од Лазар Колишевски следните години го дезавуираат раководството и скоро сите членови на Президиумот се осудени и отстранети од власта[се бара извор].
Тоа исто така е период на елиминација на осомничените народни непријатели поради соработка со окупаторот[се бара извор].
Борба за власт
Во Македонија почнува борба за власт, која трае некаде до крајот на 1947 година, а што ја води Комунистичката партија. ОЗН-а и служи како инструмент на насилство. На удар на партијата се:
- Интелигенцијата (особено високообразованите кадри и учениците на повисоките класови од гимназиите во Битола, Струмица, Прилеп, Кавадарци, Велес и др.)[се бара извор];
- Поимотните луѓе во градовите и селата[се бара извор];
- Македонското православно свештенство (види Македонска православна црква)[се бара извор].
Интелигенцијата доаѓа во судир со власта, бидејќи не ја прифаќа опцијата за решавање на македонското прашање исклучиво во рамките на Југославија. Тие сметаат дека постои историска шанса за обединување на Македонија со помош на САД и на Велика Британија и под нивни протекторат до целосна независност[се бара извор]. Припадниците на таа група не биле меѓусебе организациски и политички поврзани, иако имало повеќе изолирани мали кружоци.
Раководството на КП преку ОЗН-а јавното дејствување и искажаните мисли и замисли на тие луѓе го оквалификува како „непријателско дејствување против народот и државата“. Иако тие заговарале демократизација на политичкиот живот во земјата, воспоставување и други гласила покрај „Нова Македонија“ (тоа го барал на пример Илија Чулев), ним им е судено како на заговорници за „насилно рушење на државата“[се бара извор]. Методија Андонов - Ченто, на пример, е осомничен за намера да пребега во Грција за таму да формира терористички чети за напад врз властите во југословенскиот дел од Македонија. На тие луѓе им се наместени судски процеси и осудувани се на долгогодишна робија, а некои од нив на смрт. Таков е случајот и со некои гимназијалци, кои, како на пример во Струмица, веднаш се стрелани, а некои други го загубиле животот во затворите.
Поимотните луѓе во градовите и во селата, иако најголем дел од нив го помагал партизанското движење, осудувани се на долгогодишен затвор[се бара извор] за да им се земе имотот и да се создаде база на државна сопственост. Така е уништуван економскиот граѓански слој во Македонија и земјата е комплетно пролетаризирана.
Црковно прашање
Спорот со православното свештенство избива во врска со прашањето за статусот на Православната црква во новата македонска држава. Македонското свештенство бара автокефална Македонска православна црква. Раководството на КПМ ја лансира идејата за Југословенска православна црква, во чии рамки Македонската православна црква би имала автономија. Поаѓајќи од тој став, партијата го осудува барањето на свештениците за автокефална Македонска православна црква прогласувајќи го за сепаратистичко и непријателско кон државата. Бидејќи би се компромитирала ако јавно брани таква политика, партијата преку ОЗН-а и преку нејзините соработници настојува и успева да конструира случаи за компромитација на угледните свештеници во тоа време, тврдејќи дека тие се крадци и неморални, за да може да ги затвори и осуди.
Бидејќи припадниците на интелигенцијата, на економски имотниот слој на градот и на селото и на свештенството не биле меѓусебе политички и организациски поврзани, КП зазема став во најголем дел од судењата на таквите луѓе да се докаже нивна поврзаност со ВМРО на Ванчо Михајлов[се бара извор].
Државен терор
Имено, ВМРО како политичка организација на Македонците можеше да биде центар што би прераснал во политички конкурент на КП. Намерата, пак, процесите против противниците на КП без оглед на кој слој на населението припаѓале, да бидат водени така што ќе се докаже дека обвинетите биле поврзани со ВМРО на Ванчо Михајлов, имала цел осудуваните да ги поврзе со терористичка организација и споменот за ВМРО да остане само спомен за она што било под раководство на Ванчо Михајлов[се бара извор]. Специфична непријателска средина партијата утврдила во малцинствата, особено во турското и во албанското малцинство, и спрема тие луѓе е водена политика на елиминација.
Целта на раководството на КП била да создаде општество во Македонија во согласност со ленинистичките принципи на Комунистичката партија. Се барало и интелигенцијата и свештенството да се приспособат на тие принципи и да се елиминира секаква можност на слобода и плурализам во економијата, во политичкиот и во општествениот живот. Паралелно се градеа и институциите на македонската држава, првпат во поновата историја. Но и тој процес и' беше подреден на потребата од комплетна доминација на КП во животот на македонското општество. Затоа беа елиминирани барем половината од оние што ги градеа државата и државните институции. Така на пример, од вкупно 22 члена на Иницијативниот одбор на АСНОМ, 10 члена се изложени на репресија, а од вкупно 22 члена на Президиумот на АСНОМ, 11 се изложени на репресија[се бара извор].
Според првата и единствена официјална "Информација за преземените мерки на органите на власта спрема државјани на Р Македонија за кои во периодот 1945-1993 година се располагало со основани сомненија дека дејствувале за формирање самостојна и обединета Македонија", изработена од МВР во 1993 година, во периодот 1945-1985 година вкупно во Македонија биле откриени 105 илегални групи и организации со над 1.200 припадници, чие дејствување било насочено кон отцепување на Македонија од заедницата на југословенските народи и создавање самостојна и обединета Македонија. Од нив од слобода биле лишени 1.045 припадници на илегалните групи и организации, од кои 242 биле осудени на смрт или на временска казна до 15 години.
Во периодот од 1945 до 1980 година се одржале околу 700 политички процеси против членовите и припадниците на тајните организации и групи, на кои биле изречени стотици смртни пресуди и долгогодишни затворски казни.
За бројот на прогонуваните, затвораните и осудуваните лица со поинакви политички убедувања од постојниот комунистички режим доволно говорат 14.000 политички досиеја што ги водела Службата за државна безбедност при МВР и 22.000 затворски досиеја на затворените политички лица во затворот Идризово, или вкупно 36.000 досиеја. Тоа се политички досиеја на лица (од разни возрасти и професии - револуционери, интелектуалци, лекари, студенти, обични и полуписмени селани, лица во поодмината возраст и ученици-гимназисти, деца на 16 години), затворани, осудувани, прогонувани и стрелани во периодот 1945-1985 година од новата македонска комунистичка власт, затоа што се бореле за независна Република Македонија и за идеалите на ВМРО[се бара извор].
Според неофицијални податоци, во периодот 1949-1951 биле затворени 7.330 средношколци, а само во затворот "Идризово" биле затворени 2.500 политички затвореници[се бара извор].
Прва влада на НРМ
Првата Влада на НРМ е формирана на 16 април 1945 година со одлука на Третото заседание на АСНОМ. Нејзин прв претседател беше Лазар Колишевски. Како приоритетни цели во програмата на првата Влада беа посочени: подобрување на здравствената заштита, борба против неписменоста, озаконување на азбуката и правописот на македонскиот литературен јазик, развој на училиштата и формирање универзитет, развој на народно судство, борба против бирократијата и демократизација на органите на народната власт со спроведување слободни и тајни избори.
Напредување на републиката
Во 1945, ситуацијата во Македонија е тешка поради чекорите кои требале да се преземат за да се создаде економски и социјален напредок. Било потребно да се кодифицира стандардниот македонски јазик, да се напишат речници, да се отворат училишта, да се воспостават медиуми и национална култура, да се изградат фабрики и електрични централи.[20] Неписменоста кај населението била 64% во 1944 и отворање на училишта е еден од првите цело на новиот режим. Додека постоеле само 843 училишта во 1939, нивниот број се зголемил на 1487 во 1951. Комунистичките закони им дозволиле на децата од малцинствата да добијат пристап до образование на нивниот мајчин јазик, и истата година имало 1148 училишта на македонски јазик, 214 училишта на албански, 112 на турски и 13 на спрски јазик кои заедно броеле 177.579 ученици. Во 1959, овој број достигнал 211.556 и во 1973 330.698[21]. Неписменоста значително опаднала: во 1953 40.3% од населението сè уште било неписмено додека во 1988, 10.9%. Овој резултат бил незначителен во споредба со тој во богатите републики како Словенија, но е подобар од тој во Босна и Херцеговина (14.5%) и Косово (17.6%), во 1988.[22].
Македонскиот јазик се кодифицирал во 1945 година. Дијалектот зборуван во главниот град Скопје се сметале за близок кон српскиот јазик и поради тоа дијалектите од Битола и Велес биле одбрани како тие за стандардизација на јазикот; македонската азбука била прифатена на 3 мај, а правописот на 7 јуни во истата година.[23] Воспоставувањето на македонската црква независна од српскиот патријархат е уште еден голем момент за македонската нација и уште една од ретките соработки помеѓу водичите на верата и тие на социјалистичката држава. Архиепископијата во Охрид, која исчезнала во 18 век, била повторно поставена во 1958 и нејзината автокефалија е прогласена во 1967. Српската црква одбива да ја признае независноста. Односите помеѓу македонската црква и македонските власти останале добри, особено поради тоа што двете требале да се соочат со албанскиот национализам и исламизацијата на државата.[23] Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), уште една голема национална институција била основана во 1967.[24] Државата го добила името Социјалистичка Република Македонија во 1963.
Криза во 1980-те
Социјалистичка Република Македонија била соочена со економска и социјална криза во текот на 1980-те како и остатокот на Југославија. Економската криза зпаочнала со нафтената криза во 1970-те и се зголемила поради огромниот долг на републиката, од околу 20 милијарди долари кој бил позајмен со цел да се развива стопанството.[25][26] Републиката престанала да привлекува инвеститори, економскиот пораст почнал да стагнира и квалитетот на живот да се намалува.[25] Во 1988, стапката на инфлација достигнува 250% и 27% од активната популација е невработена. Бројката на невработеност била под југословенскиот просек (16,2 %) и имала огромна разлика со таа во Словенија, каде што стапката на невработеност изнесувала само 1.7%. Истата година, бруто-домашниот производ врз жител не достигнал повисоко од 1.399.000 динари за Македонија, додека југословенскиот просек бил 2.045.000 динари а тој на Словенија 3.140.000 динари.[26]
Економската криза довела и до зголемување на етничките тензии помеѓу двете најголеми народи, Македонците и Албанците. Растењето на албанскиот национализам доведува до зголемување на македонскиот. Така во 1987 година, 100 албански официјалци од Тетово биле отпуштени поради „идеолошки разлики“. Се случуваат големи протести на Албанците во 1988 во Куманово и Гостивар и следната година е прилагоден македонскиот амандман.[27] Додека претходно, републиката била дефинирана како „Држава за македонскиот народ и на турските и албанските малцинства“, новата дефиниција вклучувала „држава-нација на македонскиот народ“. Албанското малцинство реагирално преку петиции, но ситуацијата останала релативно мирна.[28]
Стопанство
Македонија по Втората светска војна во Југославија влегува како економски најнеразвиена и од војната најопустошена република. Со доаѓањето на комунистичката власт, македонската економија и стопанство почнуваат коренито да се изменуваат и градат во советскиот социјалистички тип на планирано стопанство. Мерките на колективизација и насилната национализација (одземање на приватната сопственост на земјоделското и останатото земјиште на граѓаните) катастрофално ќе се одразат на македонското село. Во исто време започнува и засилена индустријализација на градовите, со што се предизвикува масовен прилив на селско население во градовите. Со изработката на првите петогодишни планови (петолетки) економската состојба и инфраструктура во Македонија почнува да се гради и да напредува со незапирлив подем. Се започнува со електрификација на градовите и селата, а во овој период на индустријализација се градат и најголемите индустриски капацитети. Договореното стопанство во СР Македонија, доаѓа во целосен колапс и пропаст кон крајот на осумдесеттите години на XX век, за целосно да крахира со распадот на СФРЈ кога се губат тогашните сигурни пласмани на производите на македонските претпријатија на пазарот во Југославија.
Македонија главно го снабдувала југословенскиот пазар со земјоделски производи, градинарски култури и ран зеленчук, овошје, тутун и цигари, челик за бродоградба, текстилни производи и полуфабрикати кои најчесто биле дофабрикувани во Словенија и Хрватска, а подоцна се извезувале и во странство и се пласирале како словенечки и хрватски производи.
Сепак, Македонија поради разни околности, била во подредена економска положба во однос на поголемите републики особено на Србија. Поради тоа, економскиот развој во Македонија се задржал само во педесеттите и шеесеттите години на XX век, додека во седумдесеттите и осумдесеттите се забележувале знаци на економска стагнација, додека републики како Словенија, Хрватска и Србија економски напредувале во однос на останатите.
Државни симболи
АСНОМ во 1944 година го усвоил првото знаме на Македонија. Тоа било со црвена позадина со жолта ѕвезда на средината. Во 1946, откако републиката влегла во југословенската федерација, ѕвездата била ставена во горниот лев агол.
Грбот исто така бил адаптиран во 1946 и го користел дизајнот кој бил прифатен на АСНОМ во 1944. Дизајнот го симболизирал сонцето кое се крева над државата и ја симболизира слободата која се шири во Македонија. Централните фигури посочуваат кон Шар Планина со врвот Љуботен на планината Кораб. Под планината е претставено бранувањето на реката Вардар и на Охридското Езеро. На почетокот, претставената планина ја симболизирала планината во Пирид во македонска Бугарија. Опкружени се со пленица (во горниот дел) и со афион во позадината (во долниот дел) кои ја симболизираат флората и земјоделството во државата. Исто така е претставен и мак, растение кое било воведено во Македонија за време на Османлиското Царство и народни дезени. На врвот е зачувана црвената ѕвезда, симбол на комунизмот.
- Знамето од 1944.
- Знамето од 1946.
- Грбот од 1944.
- Грбот од 1946.
Административна поделба
- Во 1952 година, со Законот за поделба на Народна Република Македонија на околии, градски општини и општини, биле за првпат воведени околиите и општините како локални територијални единици. Истата година Народна Република Македонија била поделена на 18 околии, 27 градски општини и 205 општини.
Околии и општини во НР Македонија (1952-1955) | |||||||||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Битолска | 25. Миравци | Кичевска | 72. Облешево | 96. Облавце | 120. Немањица | 144. Царев Двор | 168. Вучидол | 193. Мокриево | 217. Мрежичко | ||||||||||
1. Битола | 26. Негорци | 48. Кичево | 73. Оризари | 97. Орашац | 121. Радање | Прилепска | 169. Зелениково | 194. Муртино | 218. Пепелиште | ||||||||||
2. Бач | 27. Дојран | 49. Брждани | 74. Полаки | 98. Павлешенци | 122. Три Чешми | 145. Прилеп | 170. Г. Количани | 195. Ново Село | 219. Росоман | ||||||||||
3. Будаково | 28. Удово | 50. Брод | 75. Пробиштип | 99. Романовце | 123. Трооло | 146. Крушево | 171. Драчево | 196. Подареш | Титовелешка | ||||||||||
4. Буково | Гостиварска | 51. Д. Манастирец | 76. Чешиново | 100. Слупчане | Охридска | 147. Бела Црква | 172. Јаболци | 197. Попчево | 220. Титов Велес | ||||||||||
5. Велушина | 29. Гостивар | 52. Другово | Кривопаланечка | 101. С. Нагоричане | 124. Охрид | 148. Витолиште | 173. Катланово | 198. Турново | 221. Богомила | ||||||||||
6. Демир Хисар | 30. Бањица | 53. Зајас | 77. Кр. Паланка | 102. Страцин | 125. Струга | 149. Дебреште | 174. Кучевиште | Тетовска | 222. Војница | ||||||||||
7. Дихово | 31. Врапчиште | 54. Ижиште | 78. Герман | 103. Табановце | 126. Белчишта | 150. Долнени | 175. Љубанци | 199. Тетово | 223. Г. Врановци | ||||||||||
8. Доленци | 32. Вруток | 55. Извор | 79. Градец | 104. Шопско Рударе | 127. Вевчани | 151. Д. Дивјаци | 176. Петровец | 200. Вратница | 224. Градско | ||||||||||
9. Жван | 33. Дебреше | 56. Јагол Доленци | 80. Длабочица | Малешевска | 128. Велешта | 152. Дуње | 177. Ракотинци | 201. Г. Седларце | 225. Д. Јаболчиште | ||||||||||
10. Ивањевци | 34. Никифорово | 57. Мало Црско | 81. Добровница | 105. Берово | 129. Галичица | 153. Дупјачани | 178. Рашче | 202. Групчин | 226. Згрополци | ||||||||||
11. Кажани | 35. Србиново | 58. Модриште | 82. Жидилово | 106. Делчево | 130. Драслајца | 154. Канатларци | 179. Сарај | 203. Д. Палчиште | 227. Иванковци | ||||||||||
12. Кременица | 36. Сенокос | 59. Орланци | 83. Огут | 107. Пехчево | 131. Дримкол | 155. Костинци | 180. Сингелиќ | 204. Непроштено | 228. Извор | ||||||||||
13. Кукуречани | 37. Трница | 60. Осломеј | 84. Петралица | 108. Владимирово | 132. Издеглавје | 156. Кривогаштани | 181. С. Коњари | 205. Милетино | 229. Отовица | ||||||||||
14. Логоварди | 38. Чајле | 61. Растеш | 85. Ранковце | 109. Драмче | 133. Караорман | 157. Мало Коњари | 182. Цветово | 206. Сараќино | 230. Раштани | ||||||||||
15. Лопатица | 39. Чегране | 62. Раштани | Кумановска | 110. Каменица | 134. Косел | 158. Норово | Струмичка | 207. Теарце | 231. Теово | ||||||||||
16. Маково | Дебарска | 63. Самоков | 86. Куманово | 111. Тработивиште | 135. Лабуништа | 159. Плетвар | 183. Струмица | 208. Шемшево | 232. Чашка | ||||||||||
17. Новаци | 40. Дебар | 64. Староец | 87. Кратово | Овчеполска | 136. Мешеишта | 160. Старо Лагово | 184. Радовиш | 209. Шипковица | 233. Џумајлија | ||||||||||
18. Старавина | 41. Баланци | Кочанска | 88. Арбанашко | 112. Свети Николе | 137. Радолишта | 161. Тополчани | 185. Босилово | Тиквешка | |||||||||||
19. Смилево | 42. Жировница | 65. Кочани | 89. Бајловце | 113. Штип | 138. Сливово | 162. Тројаци | 186. Василево | 210. Кавадарци | |||||||||||
Гевгелиска | 43. Косоврасти | 66. Блатец | 90. Бедиње | 114. Горобинци | 139. Требеништа | Скопска | 187. Вељуса | 211. Неготино | |||||||||||
20. Гевгелија | 44. Коџаџик | 67. Виница | 91. Думановце | 115. Драгоево | Преспанска | 163. Скопје | 188. Доброшинци | 212. Бегниште | |||||||||||
21. Валандово | 45. Лазарополе | 68. Грљани | 92. Жегљане | 116. Ерџелија | 140. Ресен | 164. Ѓорче Петров | 189. Ињево | 213. Демир Капија | |||||||||||
22. Башибос | 46. Манастирец | 69. Злетово | 93. Клечовце | 117. Карбинци | 141. Јанковец | 165. Бразда | 190. Калаузлија | 214. Долни Дисан | |||||||||||
23. Богданци | 47. Ростуше | 70. Зрновци | 94. Матејче | 118. Крупиште | 142. Љубојно | 166. Буковиќ | 191. Конче | 215. Дреново | |||||||||||
24. Дедели | 71. Нивичани | 95. М. Нагоричане | 119. Лакавица | 143. Подмочани | 167. Бунарџик | 192. Костурино | 216. Крњево |
- Во 1955 година, со Законот за подрачјата на околиите и општините, во Народна Република Македонија имало 7 околии и 73 општини.
- Скопската околија се состоела од 9 општини: Бутел, Ѓорче Петров, Драчево, Петровец, Ракотинци, Идадија, Кале, Кисела Вода и Саат Кула
- Битолската околија се состоела од 13 општини: Битола, Бистрица, Демир Хисар, Дихово, Долнени, Кривогаштани, Крушево, Кукуречани, Мориово, Новаци, Плетвар, Прилеп и Тополчани.
- Кумановската околија се состоела од 9 општини: Клечевце, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Орашац, Ранковце, Старо Нагоричане и Табановце
- Охридската околија се состоела од 9 општини: Белчишта, Брод, Дебар, Кичево, Косел, Осломеј, Охрид, Ресен, Струга
- Тетовската околија се состоела од 7 општини: Врапчиште, Гостивар, Жеровјани, Маврово, Сараќино, Тетово и Теарце
- Титовелешката околија се состоела од 11 општини: Богданци, Богомила, Валандово, Гевгелија, Градско, Кавадарци, Конопиште, Неготино, Отовица, Велес и Чашка
- Штипската околија се состоела од 15 општини: Берово, Босилово, Василево, Виница, Делчево, Кочани, Ново Село, Облешево, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Свети Николе, Струмица, Џумајлија и Штип
- Во текот на 1962 година бројот на општините бил намален на 61.
- Во 1966 година биле укинати околиите.
Демографија
Етнички групи | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | ||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Број | % | Број | % | Број | % | Број | % | Број | % | Број | % | |
Македонци | 789,648 | 68.5 | 860,699 | 66.0 | 1,000,854 | 71.2 | 1,142,375 | 69.3 | 1,281,195 | 67.0 | 1,328,187 | 65.3 |
Албанци | 197,389 | 17.1 | 162,524 | 12.5 | 183,108 | 13.0 | 279,871 | 17.0 | 377,726 | 19.8 | 441,987 | 21.7 |
Турци | 95,940 | 8.3 | 203,938 | 15.6 | 131,481 | 9.4 | 108,552 | 6.6 | 86,691 | 4.5 | 77,080 | 3.8 |
Роми | 19,500 | 1.7 | 20,462 | 1.6 | 20,606 | 1.5 | 24,505 | 1.5 | 43,223 | 2.3 | 52,103 | 2.6 |
Срби | 29,721 | 2.6 | 35,112 | 2.7 | 42,728 | 3.0 | 46,465 | 2.8 | 44,613 | 2.3 | 42,775 | 2.1 |
Бошњаци | 1,560 | 0.1 | 1,591 | 0.1 | 3,002 | 0.2 | 1,248 | 0.1 | 39,555 | 2.1 | 31,356 | 1.5 |
Муслимани | ||||||||||||
Власи | 9,511 | 0.8 | 8,668 | 0.7 | 8,046 | 0.6 | 7,190 | 0.4 | 6,392 | 0.3 | 7,764 | 0.4 |
Бугари | 889 | 0.1 | 920 | 0.1 | 3,087 | 0.2 | 3,334 | 0.2 | 1,984 | 0.1 | 1,370 | 0.1 |
Хрвати | 2,090 | 0.2 | 2,770 | 0.2 | 3,801 | 0.3 | 3,882 | 0.2 | 3,349 | 0.2 | 2,878 | 0.1 |
Црногорци | 2,348 | 0.2 | 2,526 | 0.2 | 3,414 | 0.2 | 3,246 | 0.2 | 3,940 | 0.2 | 3,225 | 0.1 |
Југословени | 1,260 | 0.1 | 3,652 | 0.2 | 14,240 | 0.7 | ||||||
Други/неопределени | 4,390 | 0.4 | 5,304 | 0.4 | 4,616 | 0.3 | 22,988 | 1.4 | 6,228 | 0.3 | 45,239 | 2.2 |
Вкупно | 1,152,986 | 1,304,514 | 1,406,003 | 1,647,308 | 1,909,136 | 2,033,964 |
Раководство
Претседатели на АСНОМ
- Видете: АСНОМ
Претседатели на Президиумот на Собранието на НРМ
Претседатели на Собранието на НРМ (од 7 јули 1963 - СРМ)
- Борис Спиров (1946 - 1947)
- Димитар Несторов (1947 - 1951)
- Димче Стојанов - Мире (1951 - 1953)
- Лазар Колишевски (1953 - 1958, 1958 - 1962)
- Љупчо Арсов (1962 - 1963)
- Видое Смилевски - Бато (1963 - 1967)
- Мито Хаџивасилев - Јасмин (1967 - 1968)
- Никола Минчев (1968 - 1974)
- Благоја Талески (1974 - 1978, 1978 - 1982)
- Бошко Станковски (1982 - 1983, 1983 - 1984)
- Ката Лахтова (1984 - 1985)
- Станко Младеновски (1985 - 1986)
- Вулнет Старова (1986 - 1991)
Претседатели на Претседателството на СРМ
Премиери на НРМ/СРМ
- Лазар Колишевски (1945 – 1953),
- Љупчо Арсов (1953 – 1961),
- Александар Грличков (1961 – 1965),
- Никола Минчев (1965 – 1968),
- Ксенте Богоев (1968 – 1974),
- Благоја Попов (1974 – 1982),
- Драгољуб Ставрев (1982 – 1986),
- Глигорије Гоговски (1986 – 1991)
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand in your browser!
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.