Remove ads

Македонци-муслимани или Торбешиетнички Македонци со исламска вероисповед кои говорат на македонски јазик и се познати под повеќе имиња.

Кратки факти Македонци-муслимани, Вкупен број на населението ...
Македонци-муслимани
Thumb
Женско (девојчинско) оро, на прослава на сунет во с.Горно Косоврасти, со македонското знаме во позадината
Вкупен број на населението

120 000—220 000

Региони со значително население
Македонија Република Македонија40 000—100 000
Албанија Албанија80 000—120 000
Јазици
Македонски јазик
Религии
ислам
Затвори

Бројност и застапеност во региони

Thumb
Предели во Македонија со значителен број на Македонци муслимани.

Бројноста на Македонците-муслимани во Македонија се движи од 40.000 до 100.000 луѓе. Македонците со исламска вероисповед географски се распространети во најголем дел во западниот дел на Македонија, а потоа и во средишниот, додека различните општествено-политички и историски процеси во текот на XX век условиле исчезнување на поголеми македонски муслимански заедници и во централно-јужните и источните делови на Македонија[1]. Во основа, Македонци со исламска религија има во сите делови и градови насекаде во Македонија, но поголеми и позначајни заедници и групи со засебни етнографски црти и одлики денес има во: Струшко во пределот Дримкол, во Дебарско во пределите Жупа и Голо Брдо, соседната мијачка Реканска област односно нејзиниот предел Долна Река, во Кичевско по долината на Треска во општината Пласница и околината на Зајас, шарпланинските села Урвич и Јеловјане во Тетовско, пределот наречен Торбешија во Скопско, во Велешко, во котлината Пелагонија во Прилепско, Крушевско и Битолско[1]. Највеќе Македонци - муслимани се населени во Општина Маврово и Ростуше, повеќе села во Струшко (поранешната општина Лабуништа), Општина Центар Жупа и поширокиот Дебарски регион, неколку села во општина Студеничани и општина Сопиште односно пределот Торбешија во Скопско, општина Боговиње во тетовскиот регион каде спаѓаат селата Јеловјане и Урвич, општина Пласница, општина Долнени, Битолско, селото Мелница во општина Чашка во Велешко итн. Македонците со исламска вероисповед се исто така мнозинство и во македонските етнички територии надвор од границите на Република Македонија, особено во областите Гора (во Косово и Албанија) и Голо Брдо (во Албанија). Во однос на географската разместеност, Македонците-муслимани се распространети речиси на целата територија на Македонија, со особена компактност и концентрираност во западниот дел, а помали групи на Македонци со исламска вероисповед во иста меридијанска линиска распореденост од север кон југ живеат и во средишниот дел на Македонија во Скопско, Велешко и Пелагонија[1]. Имено, од пределот на Дримкол и Малесија на југ во Струшко, преку Дебарско и Реканско на север, покрај западната граница на Македонија со Албанија постои целосна зона и непрекинат појас на населени места со Македонци со исламска вероисповед[1]. Нивната бројност во овој предел е толку голема што тие претставуваат мнозинска група во Дебарско, Реканско, а исто така во Струшко и Кичевско заедно со Македонците христијани го прават етничкиот македонски елемент во мнозинство[1]. Ваквата географска разместеност и компактност на Македонците муслимани како етнички македонски елемент во пределите крај западната граница со Албанија е од големо стратешко значење за Република Македонија[1].

Remove ads

Имиња

Во некои случаи за оваа категорија луѓе се користат термините Торбеши, Горанци, Помаци, Аповци или Потури. Терминот „Торбеши“ има негативна и погрдна конотација. Има неколку теории за настанокот на името од кои најпознати се дека поради маките од Турците овие луѓе ја ставиле главата во торба (и преминале во исламот) и дека ја продале својата христијанска вера за торба сирење. Ова мислење категорично е невистинито и неприфатено од нивна страна, бидејќи верата не се продава ниту купува, туку поради нивното постојано патување на гурбет и со торба на рамо за да печалат пари за опстанок. Покрај името Торбеши кое е општоприфатено (но сепак погрешно и погрдно) за Македонците-муслимани во разни краишта постојат разни имиња. За Македонците-муслимани во Кичевско се користи името Аповци (од турскиот збор „апо“ што значи браќа), а во некои краишта во источна Македонија се користи и името Потури кое пред сè има погрда конотација. Поради тоа што овие луѓе се Македонци, нивните здруженија и организации постојано апелираат да се престане со употребата на разните имиња (кои често имаат погрдно значење) и за нив да се користи само името Македонци бидејќи тоа и се.

Поврзани групи

Според регионите во кои живеат македонски муслимани (т.е. етнички Македонски со исламска вероисповед) се нарекуваат со различни имиња. Главна одлика за сите нив е што го зборуваат македонскиот јазик во дијалектна форма според регионот во кој живеат. Но сепак поради различноста на регионите во кои живеат секоја група има задржано свои специфични етнолошки одлики. Според тоа македонските муслимани можат да се поделат на следниве подгрупи:

Remove ads

Историја и прифаќање на исламот

Најзначајниот чинител кој ги определува Македонците - муслимани како засебна група во рамки на македонскиот народ е прифаќањето на исламската религија[1]. Првите податоци за исламизирањето во Македонија датираат некаде од средината на XV век. Иако постојат доста распространетите претпоставки за еднородност и воедначеност на прифаќањето на исламот, наеднаш и во широки размери на доброволна или насилна основа, сепак историските податоци и записи укажуваат дека исламската религија била прифаќана во различни размери и во различни периоди од отоманското владеење во Македонија и тоа на различни начини според случаите и зададените околности во различни и често оддалечени географски предели и простори[1]. Разликите во начините, времето и околностите во прифаќањето на исламската вера во содејство со географскиот простор условиле и појава на различни етнографски црти, посебно разлики во однос на чувството за припадност, националната определба и политичката положба[1]. Исламизацијата како процес траела цело време од доѓањето па сѐ до заминувањето на Османлиите, но во зависност од развитокот и промените во државата, таа се разликувала во разните периоди по својот метод, интензитет и последиците што ги предизвикувала [2]. Во однос на методот на раширувањето и наметнувањето на муслиманската вероисповед се започнувало од обичното ветување за „среќен живот“ во исламот, па се стигнувало до најгруби насилија [3]. Со примањето на исламот на побогатите Македонци, Турците отпрвин сметале дека тоа ќе послужи за пример на останатото население во Македонија да ја прими исламската вера. Подоцна откако доброволното примање на исламот земало многу мали размери, Турците започнале и со насилна исламизација на македонското население која се остварувала или преку директно исламизирање или преку принуда најчесто со киднапирање на женски членови на семејствата, ослободување од плаќање на даноци итн. Еден запис наведува дека турските власти се служеле со разни методи да го натераат некој христијанин да премине на ислам кои подразбирале задоволување на среброљупците со пари, суетните и властољупците со почести и изгледи за високи достоинства, додека плашливите и слабите со закани и сила [4]. Најзначајна алатка во рацете на турските феудалци преку која се вршела индиректна интервенција за исламизација на населението, особено во почетниот и првиот ран период на османлиското владеење, била даночната политика која во самиот аграрен и даночен систем на турскиот феудален поредoк имала пресудна улога во забрзувањето на процесите за преверување[3]. Ослободувањето од даноците при прифаќањето на исламот подразбирале дека децата на помуслиманет татко не потпаѓале под удар на данокот во крв т.е. „девширме“ односно собирањето на христијанските деца за јаничари [3]. Честа причина за поединечни преминувања во муслиманската вера биле поволностите, правата и бенефициите во општествените односи кои следувале, како задржување на имотот и подоцнежно претворање во чифлици, а некои биле примамувани од верските достоинственици со ветувања за злато или станување на господари, аги[3]. Можноста за зачувување на имотите и поседите довела до појавата еден брат или член на семејството да го прифати исламот со цел да се зачува сопственоста, а потоа сите заедно да продолжат заеднички да живеат и да работат на истиот имот и земја[5]. Друга причина е и безбедноста по животот и имотот што ја нудело прифаќањето на исламот при налетот на разни албански банди и башибозук. При вакви случаи на прифаќање на исламската вера од Македонци, честа била појавата муслиманите да ги земаат во заштита своите роднини и соселани христијани [6]. Потврда за ова е исламизацијата на селата во Реканската област во долината на реката Радика која била прва на удар при продирањето на пљачкашките качачки банди од Албанија[1]. Фактот што многу често се случувало еден од двајца браќа или родители и деца во исто семејство да го прифатат исламот [3] пак јасно говорат дека не само етнички туку и биолошки, Македонците муслимани се дел од македонскиот народ[1]. Во поглед на обемот и интензитетот може да се одвојат два историски периоди односно период на рана и период на доцна исламизација[2]. Размерите на прифаќањето на исламот во Македонија не биле многу големи во почетните периоди за што сведочи фактот од опширните пописи дека сѐ до крајот на 16 век исламизацијата не го зафаќа селското население во Македонија[2]. Со оглед на фактот дека владеачката класа секогаш е сместена во градските средини, македонското население кое го прифатило исламот во градовите најчесто многу брзо ги попримало јазикот, обичаите и одликите од водечката класа на турско население при што и се асимилирало[1]. Политичките и геополитичките промени кои настанале како последица од опаѓањето и водењето на неколку војни со европските империи од 17 век па натаму довеле и до нови поголеми размери и обем на засилена исламизација со јасна политичка и стратешка намера од страна на османлиските власти[1]. Имено, големите потреси кои уследиле по Австриско-турската војна и продорот на австриските војски сѐ до средишните и јужните делови на Македонија при што имале голема поддршка од христијанското население за што пример претставува Карпошевото востание од 1689 година условиле големи промени во сеопштата политичка и безбедносна состојба со значајно влијание врз демографијата и етничките процеси особено во поглед на исламизацијата на македонско население. По овој период каде се забележуваат првите знаци на кризата што со векови ќе го придружува османското владеење [2] започнуваат големите притисоци врз христијаните, големото иселување на христијанско население од северните делови на Македонија и Косово во Хабсбуршакта империја и Русија што пак го отворило просторот за масовна колонизација и населување на муслиманско претежно албанско население на нивното место[1]. Исто така самите турски власти со цел да ја разбијат компактноста на христијанското население и да се отстрани опасноста од бунтови и востанија започнале намерно да дозволуваат да се доселува муслиманско население на стратешки значајните места како што се главните патишта, превои, крстопати, премини низ многу области, особено во планинските и пограничните предели. Со процесот на исламизирање и на селското население чиј зародиш започнал во 16 век и продолжил во 17 век веќе започнала да се формира мијачката македонска муслиманска подгрупа во Реканско[2], која пак преку учество во миграционите движења поттикнати од несигурноста и поддржани од турските власти ќе даде свои иселеници во пределите на Торбешија во Скопско и Велешко[1]. Напоредно во текот на XVII и XVIII век започнуваат и поголеми процеси на исламизација во Кичевско, Струшко, Тиквешко[1]. Од постојаните албански притисоци и напади дошло и до исламизација на етничкиот македонски предел Гора од каде миграциони движења ќе дадат иселеници во Тетовско во шарпланинските села Урвич и Јеловјане[1]. Со губењето на повеќе војни против европските империи, а со тоа и територии во текот на 18 век и ослободувањето на Балканските држави на почетокот на 19 век уследило населување на огромен број на муслиманско население составено од разни етнички групи како Черкези, Татари, Албанци кое како „мухаџири“ односно бегалци дошло во Македонија и вршело дополнителни притисоци врз христијанското население[1]. Во овој втор подоцнежен период со исламизација се опфаќаат и се создаваат заедници на Македонци муслимани и во источните делови на Македонија како Пијанец и Малеш односно Пехчевско, Делчевско и Беровско, потоа во областа Меглен во Егејска Македонија, а во сообразност со широко распространета исламизација на Помаците во непосредно блискиот предел на Родопските планини се формира етничка македонска муслиманска целина и во Неврокопско (Гоцеделчевско) во крајниот источен и југоисточен дел на Пиринска Македонија[1]. На тој начин, во подоцнежниот период на исламизација со опфаќањето на селското население кое како поотпорно на промени и асимилација го задржало македонскиот јазик со многу народни обичаи, културни одлики и секојдневни навики, во Македонија се образувале повеќе групи на Македонци со муслиманска верисповед[1]. Различните области и предели во кои тие се образувале заедно со различните причини и услови на прифаќање на исламот условиле кај нив да се појават значајни етнографски разлики во прв ред во нивните сфаќања, национални чувства за свест, припадност и определби кои пак сѐ до денес значајно влијаат на нивната општествена и политичка положба[1].

Remove ads

Населени места со Македонци муслимани - денес и во минатото

Денес Македонците муслимани живеат во неколку градови (Скопје, Кичево, Дебар, Струга, Гостивар, Охрид. Тетово, Ресен итн.) и во уште 52 села:

Македонците-муслимани во минатото зафаќале значително поширока територија со што се протегале на повеќе региони. Нивниот број значително се намалува најмногу во 1950-тите години кога најголем дел од нив заедно со Турците и другото муслиманско население се иселуваат во Турција. Добар дел од Македонците во Турција и денес имаат висока национална свест. Во минатото Македонци муслимани имало и во уште 37 населени места. Помал дел од тие села се целосно раселени, а додека во поголемиот дел на нивно место се населуваат главно Македонци православни и помал дел Албанци и Македонци муслимани во тие села речиси и да нема, или нивниот број е минорен и не изнесува повеќе од неколку семејства.

Remove ads

Идентитет и определби на припадност

Разнородноста на процес на примањето на исламот заедно со различната општествено-политичка положба која ја имале Македонците со исламска вероисповед придонеле до појава на различна определба, национално чувство и ориентација кај нив[1]. Во тој поглед, Македонците со исламска вероисповед во Долна Река во Реканско и делумно во Дебарско заедно со Голо Брдо се истакнуваат во својата особено изразита свест и определба за македонска национална припадност, додека кај Македонците со исламска вероисповед во Струшко е изразита определбата и свесноста за посебност како „Торбеши“, а делумно и како Албанци, Турци и Македонци[1]. Во Кичевско, Жупа во Дебарско, скопска Торбешија и Пелагонија, Македонците со исламска вероисповед со мали исклучоци речиси целосно се определуваат како Турци[1]. Ваквата појава во различните определби на Македонците со исламска вероисповед има негативно влијание поставувајќи ги овие граѓани како предмет на различни политички манипулации и притисоци[1].

“Нема никој право да ми ја краде Македонија, уште помалку да ми ја дари како на питач. Мие сме месо твое Македонијо, откорнато од колкот слаб, само помодро и поиспиено од твоето. Здивот исто ни мирисат, а и тагата ни била од памтивека, не слична, туку иста...“ - Саме Лимани Жарноски.

Remove ads

Одлики и обичаи

Thumb
Женско (девојчинско) оро, на прослава на сунет во с.Горно Косоврасти

Македонците-муслимани иако ја смениле својата вера, тие низ вековите не го примиле турскиот јазик и го задржале македонскиот јазик, а останале и македонските обичаи и традиции (прослава на Ѓурѓовден, посета и дарување во христијанска црква кога се има болно дете, а во некои куќи на Македонци-муслимани сѐ уште се чуваат православни икони итн.).

Актуелни состојби

Во поново време (особено во текот на 90-тите години на XX век и во денешницата) Македонците со исламска вероисповед се предемет на напади на големонационалистичките апетити и проганди особено од страна на Албанците, а во помала мера и на Бошњаците, Турците и Србите. Во последно време сè поголеми и пожестоки се притисоците и на Бугарите, особено во областите Гора и Голо Брдо, врз тие македонски муслимани со цел да се претстават како „етнички Бугари“. Во косовскиот дел на Гора постои здружение на Бугари-мохамедани (муслимани). Во најново време во Република Македонија, се забележуваат тенденции за одделување на Македонците-муслимани од македонската национална целост и конституирање во посебна етничка група. Оваа тенденција е поддржувана и пропагирана од страна на пратеникот и стопанственик Фијат Цаноски и неговата политичка партија ПЕИ.

Организациите на Македонците-муслимани жестоко реагираат преку повеќе написи во весниците и јавноста поради притисоците вршени од страна на Албанците во западна Македонија да се попишуваат како Албанци, заведувањето со албански имиња и презимиња во матичните книги во повеќе општини, насилното воведување на албански јазик во училиштата итн. Исто така во јавноста сè почесто и погласно остро се реагира на сепаратистичките и однародувачките тенденции на овој дел од македонскиот народ кои се поддржуваат од пратеникот Фијат Цаноски и неговата партија ПЕИ.

Исто така организациите на Македонците со исламска вероисповед реагираат на тоа дека под разни околности Македонците-муслимани на пописите се попишуваат како Турци или Албанци и бараат поголема грижа на државата за овие луѓе. Светскиот Македонски Конгрес (СМК) на последното собрание (одржано во Скопје, 2006 година), достави барања до државата за поголема грижа кон овие луѓе и усвои програма за помош и поддршка на Македонците-муслимани. Македонските муслимани од Гора (Горанци) во Косово официјално побараа да бидат вклучени во новиот предлог за уредувањето на Косово како посебна македонска национална заедница, со загарнитирани најмногу 9, а најмалку 3 пратенички места, со овозможено образование на мајчин македонски јазик и давање на културна автономија на областа Гора.

Remove ads

Познати личности

  • Нијази Лиманоски, етнолог и борец за националното обединување на Македонците без разлика на верската припадност
  • Исмаил Бојда, водач на организација на Македонците-муслимани, борец за националното обединување на Македонците и борец против притисоците врз Македонците-муслимани
  • Саме Лимани - Жарноски, поет и борец за националното обединување на Македонците
  • Фијат Цаноски, политичар и стопанственик, актуелен пратеник во Собранието на РМ
  • Велија Рамковски, политичар и стопанственик
  • Латиф Пајкоски, политичар и поранешен пратеник во Собранието на РМ
  • Бајрам Требишки, учител
  • Ариф Рамадани, исламски правен теолог, извонреден преведувач од Арапски на Македонски јазик со преведено и напишано од над досега 60 книги.
  • Хасан Џило, професор, теолог и преведувач на Куранот
  • Селмин Сакири-Сакировски, инженер, публицист и политичар во Австрија[7]

Поврзано

Наводи

Надворешни врски

Wikiwand in your browser!

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.

Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.

Remove ads