Сопотница
село во Општина Демир Хисар From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Демир Хисар From Wikipedia, the free encyclopedia
Сопотница — село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, во околината на градот Демир Хисар.
Сопотница | |
Поглед на селото Сопотница | |
Координати 41°17′40″N 21°9′18″E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Демир Хисар |
Област | Железник |
Население | 715 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 7240 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 10033 |
Надм. вис. | 626 м |
Сопотница на општинската карта Атарот на Сопотница во рамките на општината | |
Сопотница на Ризницата |
До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина.
Сопотница се наоѓа во подножјето на два рида - Голема Глава и Кула, на источните падини на Плакенска Планина. Ридовите над Сопотница делумно се голи, а делумно пошумени. Селската река извира во месноста Извор, па затоа од мештаните е наречена Изворија.[2]
Сместена во непосредна близина на селото Жван, може да се каже дека Сопотница се наоѓа во речиси средишниот дел на етногеографската целина, областа Железник, односно во Долни Железник.[2]
Селото е рамничарско и е сместено на надморска височина од 670 метри.[3]
Атарот зафаќа површина од 17,6 км2. На него шумите заземаат површина од 850 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 492 хектари, а на пасиштата 289 хектари.
Селото се наоѓа на левиот брег на Црна Река, на 10 километри од градот Демир Хисар и на 2 километри од патот Демир Хисар-Кичево. Населбата била поврзана со железничка линија со Прилеп, која денес не е повеќе во функција.
Селото е основано мошне одамна, иако не се знае точно годината на неговото создавање, за што не постојат пишани документи. Може да се претпостави дека го основале Словените. Неговото име е словенско и означува подрачје богато со извори. Првите жители на Сопотница биле припадниците на племето Брсјаци (Березити), како и во целата област.[2]
Во XIX век, Сопотница било христијанско село во рамките на Битолската каза (нахија Демир Хисар), на Отоманското Царство.
Во 1903 година, во Сопотница постоела селска милиција, што по објавувањето на Илинденското востание, прераснала во редовна востаничка чета. Четата била задолжена за попречување на пристапот до селото Норово. На 24 август 1903 година биле опожарени 70 од 80. куќи во селото, при што биле убиени и двајца 70-годишни старци, Даме Стојанов и Ѓорѓи Симонов. На 26 август биле дозапалени и останатите куќи. На 30 август бил убиен 45-годишниот Петре Јанкулов.[2]
Кон крајот на 1903 година, во опожареното село што започнало да се обновува престојувал Даме Груев, заедно со неговите најблиски соборци, Христо Узунов, Ѓорѓи Сугарев и црковниот војвода ѓаконот Евстахиј, при што го обновиле селскиот комитет на Револуционерната организација.[2]
Непосредно по капитулацијата на Југославија во Втората светска војна, биле одведени 11 војници во заробеништво.[4] Поголем отпор во селото се развил во 1944 година.[2] Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]
Во 1949 година преку доброволна работа бил изграден задружниот дом, во 1956 година селото добило електрична енергија, во 1969 година бил изграден водовод, во 1975 година била асфалтирана главната улица, а во 1980-тите години селото ги добило и станбените згради.[2]
Селото има поледелско-шумарска функција. Поледелството производство било и е основна земјоделска гранка. Пред Втората светска војна најмногу биле застапени житните култури (пченица, јачмен, ’рж, овес), окопните култури (пченка, грав), фуражни култури (граор, уров), текстилни растенија (коноп) и градинарски култури (домати, пиперки). Некои од овие култури, денес целосно се напуштени. Најмногу се засадува грав („жвански грав“), а како втора значајна култура може да се издвои тутунот.[2]
Сточарството било значајна стопанска гранка. Денес, најмногу се одгледуваат овци, говеда и свињи.
Во селото работи фабричкиот погон „Железник“, за производство на сачми. Во близина на селото се наоѓа и рудникот „Демир Хисар“.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Сопотница имало 560 жители, сите Македонци христијани.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Сопотница имало 640 жители.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Сопотница се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 122 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 750 Македонци.[9]
Во 1961 година селото имало 956 жители, а во 1994 година 989 жители, македонско население, со што населбата се вбројува во големи села.[3]
Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 929 жители, од кои 926 Македонци и 3 Срби.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 715 жители, од кои 686 Македонци, 1 Албанец, 1 Влав и 27 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 560 | 640 | 985 | 1.070 | 956 | 1.219 | 1.261 | 1.145 | 989 | 929 | 715 |
Селото Сопотница, отсекогаш па до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Најстари родови во Сопотница се: Цветковци и Настовци, а останати староседелски родови се и: Трчалажовци кои прекарот го добиле по тоа што некоја жена си одела со „пајнче“ (чинија) со јајца за ручек на глава, а некој трчајќи ѝ рекол дека едно пиле и ги исколвало јајцата озгора, поради што таа се наведнала и чинијата паднала и се искршила, по што рекла „и натемате трчајлаж“, Лозановци, Караџавци, Којчевци, Калешковци, Мијајлевци и Димовци[16]. Постари доселени родови се: Мреножани од с. Мренога, Пејковци од с. Кошино (Прилепско), Радовци од соседното с. Радово, Ориѓани од Охридско, Џивџановци од с. Загориче, Кутретинци од с. Кутретино, Црвенковци кои дошле од с. Воѓани (Прилепско), но тука го добиле прекарот по некојси Црвенко кој свирел гајда и бил најдобар гајдаџија[16].
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1951 година родови во селото:
Селото влегува во рамките на проширената Општина Демир Хисар, на која ѝ била додадена поранешната Општина Сопотница по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште некогашната Општина Сопотница.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Демир Хисар.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Жван, во која покрај селото Сопотница, се наоѓале и селата Вирово, Жван, Мренога, Радово, Слоештица, Суво Грло и Церово. Општината Жван постоела и во периодот 1950-1952, кога влегувале селата Жван, Мренога, Слојштица, Сопотница и Суво Грло.
Во селото постои избирачкото место бр. 655 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 665 гласачи.[20]
До 1952 година од селото иселеници има на следните места, во Србија (7 семејства, во Белград, Јабука), Битола (7 семејства), САД (4 семејства), Крушево (1 семејство), Скопје (1 семејство), Австралија (1 семејство) и во Бугарија (2 семејства).[17]
Иселувањето продолжило и потоа.
Во селото работело културно-уметничкото друштво „Стојан Поповски“.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.