Селото Велмеј се наоѓа во подрачјето на областа Долна Дебрца, на 13 километри источно од магистралниот пат Охрид – Кичево. До селото се доаѓа по асфалтен пат, кој се двои од западната магистрала Охрид – Кичево кај селото Ботун, поминувајќи низ селата Белчишта и Лешани.
Се наоѓа на западните падини на Илинска Планина. Од северната и источната страна е заградено со планински масиви на Илинска Бигла (од исток со Килаец – 1.068 м, од север со Чуки – 1.303 м), а на западната и јужната страна се простира Велмешкото Поле. Селото се наоѓа на надморска височина од 860 метри.
Велмеј е село од збиен тип, што е одлика за сите села од Дебрца. Се дели на следните краеви: Горни Чифлик или Црниноска Маала, Долни Чифлик или Славкоска Маала. Општо, селото е поделено на Горна и Долна Маала, а поодделно секое маало го добило името според презимето на поголемиот дел од семејствата што живеат тука. Денес, Велмеј е најголемото село во подрачјето на Дебрца, како по бројот на жителите, така и по бројот на домаќинствата.
Панорамски поглед на Велмеј, погледнато од црквата „Св. Ѓорѓи“ над селото
Древно време
Подрачјето на Велмеј е населено уште во палеолитот.[2] Местото останало населено и активно низ сите векови, па сè до денес. Ова се гледа по исклучително големиот број на археолошки наоѓалишта во атарот.
Во Османлиското Царство
Селото за првпат се споменува во пописниот дефтер на Охридскиот санџак од 1582 година, кога селото имало вкупно 660 жители (126 христијански семејства и 14 самци и 3 муслимански семејства и 1 самец), со што уште тогаш било најголемо село во нахијата Дебрца и второ во Охридската каза (зад Вевчани).[3] Оттука, се претпоставува дека името Велмеј потекнува од старословенскиот збор „велми“ што значи најголем.
Подоцна, според извештајот на австрискиот вицеконзул Крал од 1898 година, селото имало 509 жители (сите Македонци), при што тоа било осмо село по големина во охридскиот крај.[4]
Во периодот пред и по Илинденското востание, Велмеј ја делело судбината на останатите македонски села. Така, во летото 1902 год., во селото влегла разбојничката чета на Билјал Баланца со 400 арамии, која го опљачкало селото убивајќи неколку селани.[5] За време на востанието, во Велмеј бил биле стационирани 50 турски војници. На Илинден, четите на војводите Андон Кецкаров и Наум Цветанов, тргнале од селото Брежани и го нападнале аскерот во велмешките кули и, притиснат од востаниците, утредента аскерот се повлекол кон селото Издеглавје, но таму паднал во заседа поставена од велмејската и брежанската чета, при што во борбата биле убиени десетици турски војници.[6]
Уште од многу одамна, Велмеј имал важно место во стопанството на Дебрца и на охридскиот крај: Така, турските извори кажуваат дека селото било голем производител на коноп.[7] Според турскиот попис од 1582 г., Велмеј било втор по големина производител на јачмен во охридската каза со род од 600 товари (90 тони)и еден од најголемите производители на ‘рж со 600 товари. Исто така, во Велмеј имало 300 свињи, со што било на трето место во охридската каза, а селото било и еден од најголемите производители на зелка. Понатаму, во селото имало 7 воденици и 5 валалници (најмногу во Дебрца), а се произведувало наут и боја, иако овие производи немале поголемо стопанско значење.[8] Најпосле, горниот попис кажува дека во Велмеј живееле двајца соколари чија служба прекратила веројатно затоа што не добиле писмена исправа (берат) за своето занимање.[9] Исто така, според турските извори, не само што селаните работеле на чифлиците, туку во Велмеј имало и македонски земјопоседници, како што биле Грдан Точко, а потоа и син му Миладин.[10]
Денес, од целокупната површина на селото, 55,3% се наоѓаат под шуми и пасишта, 22,4% се обработливи површини, а 22,3% е неплодно земјиште. Оттука, главно занимање на селаните е земјоделието. Во продолжение, во селото работат и следниве претпријатија:
Рудник Велмеј, кое се занимава со ископ и преработка на камен, травертин, гранит и мермер
Илина д.о.о., кое произведува и полни вода за пиење
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Велмеј е претставен како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 75 куќи.[13]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.000 Македонци.[14]
Според пописот од 2002 година, во селото Велмеј живееле 511 жители, сите Македонци.[15]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 260 жители, од кои 252 Македонци и 8 лица без податоци.[16]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото се:
Староседелци:Нечевци (11 к.), еден дел од овој род се вика Органџиовци; Бауловци (9 к.); Аневци (5 к.); Темјановци (13 к.) еден дел од овој род се вика Танасковци; Мишовци (3 к.) и Пашовци (6 к.).
Доселени родови:Чутуровци или Поповци или Бимбиловци или Славковци (12 к.), доселени се од околината на Елбасан во Албанија; Караблажевци и Новевци (21 к.), доселени се од селото Новаци, Битолско; Цараниновци или Црниновци (19 к.), доселени се од селото Цер, Железник; Неделковци (9 к.), доселени се од селото Прострање, Копачка; Славковци (25 к.), доселени се од селото Сладуево, Железник; Иловци (17 к.), доселени се од раселеното село Јаорец, кое се наоѓало помеѓу Велмеј и Брежани; Цветковци (14 к.), доселени се од селото Лешани, таму припаѓале на некој род; Целевци (1 к.) и тие се доселени од селото Лешани; Прензовци (1 к.), доселени се од селото Сливово, таму припаѓале на истоимениот староседелски род; Уљувовци (1 к.), доселени се од селото Нерези, Дримкол; Сошанци (2 к.), доселени се од селото Сошани, каде припаѓале на родот Иловци; Дичовци (3 к.), доселени се исто така од селото Сошани, каде припаѓале на родот Петревци; Јолушовци (1 к.), доселени се од селото Горно Средоречие, таму биле доселени од селото Куратица; Волчевци (9 к.), ги викаат и Мијаковци, доселени се од некое село во мијачкиот крај; Николевци (12 к.), доселени се од Крушево, тие потекнуваат од предок Влав и Ристевци (1 к.), и тие се доселени од Крушево, и потекнуваат од Влав.
Роми:Нурчевци (2 к.), доселени се од Кичево; Ибраимовци (1 к.), доселени се од Мешеишта и Мустафовци (1 к.), доселени се од Кичево.
Истражување во 1979 година
—Стиснете на [прикажи]—
Според истражувањата пак на Јован Трифуноски во 1979 година, родови во селото се:
Доселеници:Иљовци (14 к.) и Андреевци (6 к.) први селски доселеници, доселени се од соседното, сега раселено село Јаорец; Црниновци (44 к.) доселени се после претходните родови од селото Цер, Кичевско/ Железник. Го знаат следното родословие: Златан (жив на 55г. во 1979 година) Петре-Србин-Анѓелко-Ризман-Анѓелко-Јане, основачот на родот кој се доселил во 1780 година; Неделковци (9 к.) доселени се од селото Прострање, Кичевско, Неделковци и Црниновци и денес одржуваат кумство започнато уште од стариот крај (кичевско-демирхисарски); Поповци (7 к.) доселени се од некое место кое сега се наоѓа во Албанија; Николовци или Голабовци (20 к.) за нив се вели дека потекнуваат од предок Влав. Тие сега имаат кумови во демирхисарското село Бараково; Цветковци (13 к.) доселени се од соседното село Лешани; Сошанци (6 к.) доселени се од соседното село Сошани; Прензовци (2 к.) доселени се од селото Сливово; Пашовци (20 к.) не го знаат потеклото.[21]
Понови истражувања
—Стиснете на [прикажи]—
Според истражувања правени од Димитар Смилески, како родови од селото Велмеј се забележуваат:
Староседелци: Органџиовци, Нечевци, Вељановци, Сугаревци, Димитријовци, Кочовци, Петревци (Настовци), Славковци (Наумчевци), Трпчевци, Ѓорчевци, Ставревци (Шутевци), Грујовци, Јолевци, Аневци, Макриовци, Пашовци и Пачевци. Наведените родови во селото се сметаат за староседелски, кои во селото живееле уште од многу старо време;
Доселеници: Иљовци (Милевци, Андревци, Стевановци и Јорданчевци) кои се сметаат во најстарите родови во селото. И доселени се во XVII век од денес раселеното село Јаорец, помеѓу селата Велмеј и Брежани. Од таму избегале двајца браќа. Едниот од браќата (Нале) се доселил во селото Велмеј. А другиот отишол во селото Јаворец кај Кичево; Чутуровци (Поповци, Бимбиловци, Аврамовци и Спировци) доселени се во почетокот на XIX век од околината на Елбасан во Албанија. Основачот на родот се викал Стеван. Од околината на Елбасан се населил најпрво во селото Горно Средорече, па по некое време прешол во Велмеј; Караблажевци (Новевци, Јоновци, Мијајлевци, Бауловци, Србиновци, Василевци, Павлевци, Јосифовци и Трпевци) кои се доселиле околу 1815 година од некое село Новаци кај Дебар (можеби од Новак); Црниновци (Илчевци, Настовци, Божиновци, Грмашковци, Тулевци, Сиљановци и Јордановци) доселени се во 1820 година од селото Цер кај Кичево. Основачот на родот кој се доселил го викале Царанин, тој имал три сина од кои се создале родовите; Неделковци (Митановци) доселени се околу 1830 година од селото Прострање кај Кичево; Мијаковци (Волчевци, Станковци, Пантевци и Крстановци) доселени се околу 1845 година од некое село во мијачкиот крај, по кое племе и го добиле името; Николевци (Голабовци). постои мислење дека се доселени од селото Цер кај Кичево. Имале стари кумови во селото Бараково кај Демир Хисар; Цветковци (Степевци, Велковци, Кузевци и Манчевци) доселени се околу 1850 година од селото Лешани. Таму припаѓале на родот Шокаровци; Целевци. И тие се доселиле од селото Лешани, околу 1860 година. Околу 1953 година некои се иселиле во селото Ново Село; Прензовци. Доселени се околу 1865 година од селото Сливово. Некои од овој род се наоѓаат во селото Издеглавје. А ги има и во матичното село (Прензовци или Вељановци); Уљувовци (Танасковци, Темјановци и Врговци) доселени се од селото Нерези во Дримкол. Најнапред се населиле во селото Издеглавје, па од таму дошле во Велмеј. И денес има род по потекло од Нерези во селото Издеглавје; Сошанковци (Настовци и Темелковци) доселени се околу 1901 година од селото Сошани. Од таму се иселиле поради тоа што се скарале со бегот; Дичовци. исто така се доселени од селото Сошани, каде припаѓале на родот Петревци. Овде дошол Трајче со сетото свое семејство поради тоа што соработувал со комитетот; Ристевци. Се доселиле во 1932 година од селото Белчишта. А таму се доселиле од Крушево. Тие биле Власи по потекло. Овде дошол Ставре; Јолушовци. доселени се во 1938 година од селото Брежани. Пред тоа живееле во селото Горно Средорече, каде се доселиле од селото Куратица; Домазетовци (Гиновци и Мицковци) доселени се од селото Белчишта. Потекнуваат од домазет. Домазетот во Белчишта припаѓал на родот Јаневци; Десановци. Они се најмлади доселеници во селото. Се доселиле околу 1980 година од селото Брежани, таму имале истоимен род.[22]
Основно училиште „Дебрца“ до IX одделение[23], подрачно училиште на ОУ „Дебрца“ - Белчишта. Било изградена во 1919 година. Инаку, на почетокот на XX век, во Велмеј постоело бугарско егзархиско училиште, со еден учител и 33 ученици,[24] додека во периодот 1912-1915 г. имало српско школо со една паралелка и еден учител.[25]
Задружен дом — изграден непосредно по Втората светска војна, каде што е сместена месната заедница, а исто така, има сала и простории за општествено-политичките организации од селото
Здравствена станица
Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото претставувало седиште на некогашната Општина Белчишта.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било седиште на некогашната Општина Белчишта.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Белчишта, во која покрај селото Велмеј, се наоѓале и селата Белчишта, Ботун, Брежани, Горно Средоречие, Грко Поле, Долно Средоречие, Злести, Лешани, Ново Село, Песочани и Црвена Вода. Во периодот 1950-1952 година, селото Велмеј било седиште на некогашната Општина Велмеј, во која влегувале селата Брежани, Велмеј, Грко Поле и Лешани.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1320 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на здружен дом.[26]
Црква „Св. Никола“ — главна селска и гробјанска црква; сместена во средишниот дел на селото, потекнува од XIII век, а сегашниот архитектонски изглед датира од XIX век. Во црквата има иконостас, со икони кои датираат уште од XVI и XVII век, како и интересен резбан владички престол. Според пишувањето на рускиот патописецВиктор Григорович од 1845 г., при преправката на црквата, селаните вградиле стари ракописи и книги во ѕидовите на црквата од страв да не бидат уништени од грчките фанариоти.[29]
Црква „Св. Ѓорѓи“ — се наоѓа на североисточниот дел од селото, на едно возвишение; на доминантно место на североисточниот дел од селото, на едно возвишение е поставена втората цркава во селото - Св. Ѓорѓија, градена од делкан камен, со купола во средишниот дел и полукружна апсида. Црквата е обновена во 1931 г. и во неа се наоѓаат икони од XVII и XVIII век.[30]
Црква „Вознесение Христово“ — најновата селска црква. Градена во периодот 2001-2014;[31]
Чешми
Чешма „Исток“ — во западниот дел од селото се наоѓа импозантна чешма наречена „Исток“, која располага со обилна вода што тече низ 18 дулци. Тука е поднигната и спомен-плоча на паднатите борци од селото во НОВ и Илинденското востание. На „Истокот“ се изведува и еден од главните церемонијали на свадбата – „Носење на вода од невестата“. Денес низ селото има водовод изграден во 1982 година, но сепак „Истокот“ сѐ уште ја има онаa стара традиција на собирање на велмешани.
Пештери
Јаорец — пештера североисточно од селото, долга 76 метри
Археолошки наоѓалишта
Бучишта — доцноантичка населба со некропола и старохристијанска базилика
Притоа, во овие наоѓалишта се пронајдени и одредени предмети, кои денес претставуваат дел од збирката на Охридскиот музеј: На пример, во месноста Кутлина се пронајдени обетка и прстен од бронза од XII-XIII век; во Горнполоско Градиште се најдени два бронзени прстени од XIV век, како и бронзен крст реликвијар - енколпион (украсен со претстава на Христос), кој е еден од шесте вакви крстови најдени во охридскиот крај, а веројатно потекнува од XI - XII век.[33]
Велигден — собир со бајраци и крстови околу селото и низ него, при тоа се пеат стиховите „крст носам, бога молам, кај што врват чесни крсти, да е чесен бериќетот...“;[34]
ФК Илинден — освоен куп на регион 2006, прво место во регионот
Емиграцијата не е толку силно изразена и не оставила траги на изгледот на селото, иако во старосната структура на населението преовладуваат постарите групи. Поголемиот број бели фасади на куќите, асфалтот што минува низ селските улици, современите уреди во домаќинствата даваат впечаток дека овде е присутен современ динамички начин на живеење.
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948 година:
од Нечевци има иселеници во: Драслајца (едно семејство, од 1870 година), Долно Лакочереј (едно семејство, од 1882 година) и во Охрид (едно семејство, од 1903 година)
од Аневци иселеници има во: Јабука, Војводина (едно семејство, од 1946 година)
од Мишовци иселеници има во: Романија (три семејства од 1878 година).
од Чутуровци има иселеници во: Охрид (едно семејство, од 1903 година), Битола (едно семејство, од 1919 година), Бејрут, Либан (едно семејство, од 1919 година) и во Пловдив, Бугарија (едно семејство, од 1924 година)
од Караблажевци иселеници има во: Илино, Големо или Мало? (1, како домазет од 1928 година, Доне Војдиноски).
од Црниновци иселеници има во: Америка (едно семејство, од 1903 година)
од Неделковци иселеници има во: Јужна Америка (едно семејство, од 1922 година)
од Волчевци иселеници има во: САД (едно семејство, од 1922 година)
од Николевци иселеници има во: Јужна Америка (едно семејство, од 1922 година).
Родот Наумовци (2 к.) во 1905 година се иселил во селото Сопотница, Железник. Родот Кочовци во 1870 година се иселил во Охрид, во Велмеј припаѓале на некој род.[38]
Според податоците од 1984 година, до тој момент од селото имало иселено 273 семејства. Иселени на следните места
„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.
Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I , дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. стр.476–480.