третата планета од Сонцето во Сончевиот Систем From Wikipedia, the free encyclopedia
Земјата — една од осумте планети во Сончевиот Систем. Таа е трета планета по оддалеченост од Сонцето и најголема со цврста површина, за разлика од гасовитите „џинови”. Планетата Земја има еден природен сателит, Месечината, и засега е единствената позната планета на која има живот. Во геологијата преовладува мислењето дека земјата е стара околу 4,6 милијарди години, што е потврдено со одредувањето на времето на полураспаѓање на ураниумот и ториумот. Времето на полураспаѓање на U238 е 4,51 x 109 , а Th232 е 1,39 x 1010 години.[1]
Фотографија на Земјата, сликана од „Аполо 17“ | |||||||||||||
Орбитални особености | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Епоха J2000,0 | |||||||||||||
Афел | км 1.01671388 ае | 152,098,232||||||||||||
Перихел | км 0.98329134 ае | 147,098,290||||||||||||
км 1,00000261 ае | 149,598,261|||||||||||||
Занесеност | 0,01671123 | ||||||||||||
денови 1,000017421 г | 365,256363004|||||||||||||
Просечна орбитална брзина | км/с 107,200 км/ч | 29,78||||||||||||
357,51716° | |||||||||||||
Наклон | 1,57869° кон постојаната рамнина | 7,155° кон Сончевиот екватор||||||||||||
348,73936° | |||||||||||||
114,20783° | |||||||||||||
Познати сателити | 1 ( Месечината) | ||||||||||||
Физички особености | |||||||||||||
Среден полупречник | км | 6,371,0||||||||||||
Екваторски полупречник | км | 6,378,1||||||||||||
Поларен полупречник | км | 6,356,8||||||||||||
Сплеснатост | 0,0033528 | ||||||||||||
Обиколка | км (екваторска) 40,008,00 км (меридијанска) | 40,075,16||||||||||||
км2
км2 копно (29,2%) 148,940,000 | 510,072,000|||||||||||||
Зафатнина | 1,08321×1012 км3 | ||||||||||||
Маса | 5,9736×1024 кг 3,0×10−6 сонца | ||||||||||||
Средна густина | г/см3 | 5,515||||||||||||
км/с | 11,186|||||||||||||
Ѕвезден вртежен период | д 23ч 56м 4.100с | 0,99726968||||||||||||
Екваторска вртежна брзина | 1,674,4 км/ч ( 465,1 м/с) | ||||||||||||
23°26'21",4119 | |||||||||||||
Албедо | 0,367 | ||||||||||||
| |||||||||||||
Атмосфера | |||||||||||||
Површински притисок | kPa (морско ниво) | 101,325||||||||||||
Состав по зафатнина | азот (N2) 20,95% кислород (O2) 0,93% аргон 0,038% јаглерод диоксид околу 1% водена пареа (во зависност од климата) | 78,08%
Земјата има и магнетно поле кое, заедно со атмосферата, ја штити од зрачење (штетно по живите суштества кои ја населуваат Земјата). Атмосферата, исто така служи и како штит за одбивање на помалите метеори, кои поминувајќи низ неa согоруваат пред да стигнат до Земјината површина.
Единствениот познат сателит на Земјата, Месечината, почнала да кружи околу Земјата пред 4,53 милијарди години. Денес, Земјата прави круг околу Сонцето на секои 366,26 кругови кои ги направила околу својата оска (што е еднакво на бројката од 365,26 сончеви денови). Земјината оска се наоѓа под агол од 23,5°[2] што е последица за менувањето на годишните времиња на Земјината површина.
Атмосферските услови се значајно променети откако настанал животот на планетата и ни создава еколошка рамнотежа која ги модифицира условите на површината на Земјата. Околу 71 % од Земјината површина е покриен со вода. Земјата е единствена планета во Сончевиот Систем каде што водата може да остане во течна состојба. Останатите 29 % се континентите и островите. Земјината површина е многу променувана во текот на многу милиони години, а причина се тектонските движења.
Земјата, исто така реагира и на надворешниот свет во одредени мери. Нејзиниот релативно голем сателит, Месечината, влијае на плимата и осеката, го стабилизира променувањето на степенот на Земјината оска со што постепено ја менува должината на вртежниот период на Земјата. Дождот од комети, во периодот по настанувањето на Земјата, одиграла голема улога во настанувањето на океаните. Подоцна, судирите со астероидите предизвикале значајни промени во Земјината површина.
„ | Овој наш свет ниту е од бога направен ниту од луѓето, тој отсекогаш постоел, бил и ќе биде вечно жив оган, кој со мера се пали и со мера се гаси. — Хераклит | “ |
Научниците успеале да реконструираат подробни информации за минатото на планетата. Земјата и други планети во Сончевиот Систем се формирале пред 4,6 милијарди години[3][4][5][6] од сончева магла, маса од прашина и гас во облик на диск кои заостанале по формирањето на Сонцето. Првобитно, Земјата била растопена маса, потоа е формирана надворешна обвивка на планетата Земја (Земјина кора) при ладење. Истовремено со формирањето на кората, почнало да се акумулира вода во атмосферата. Набрзо после тоа настанала и Месечината, веројатно како последица на судир со објект, со големина како планетата Марс, и 10 % маса од Земјата[7], наречена Теја.[8] Дел од масата се споил со Земјината маса, а друг дел е исфрлен во Вселената, но доволно за да се формира Месечината.
Гасовите и вулканските активности ја создале првобитната атмосфера. Со кондензирање на водената пареа од мразот кој го донеле кометите, настанале океаните.[9] Се верува дека високоенергетска хемиска реакција создала самоудвојување на молекулите пред околу 4 милијарди години, а пола милијарда години потоа, настанале првите облици на живот на Земјата.[10]
Развојот на фотосинтезата овозможил животинските форми директно да ја користат Сончевата енергија. Кислородот кој настанал во тој процес и оној кој се акумулирал во атмосферата се претворил во озонска обвивка во горната атмосфера. Инкорпорацијата на малку од клетките придонела во развојот на комплексни клетки кои се нарекуваат еукариот. Озонската обвивка ги апсорбирала ултравиолетовите зраци, што овозможило понатамошен развој на живите клетки на Земјата.[11]
Земјината површина во текот на стотина милиони години постојано го менувала својот облик, се формирале континенти и подоцна се губеле, мигрирале и со текот на времето, спојувајќи се, формирале суперконтиненти. Пред околу 750 милиони години, најстариот познат суперконтинент, Родинија, почнал да се дели на континенти, кои повратно, пред околу 600 — 540 милиони години, се прекомбинирале и се соединиле во друг суперконтинент, Панотија, по што конечно го формирале Пангеја, која се растурила пред околу 180 милиони години[12]. На почетокот на шеесеттите години на 20 век, се претпоставувало дека измеѓу 750 и 580 милиони години, постоела ледена активност на Земјата, што довело до нејзино прекривање на површината со слој на мраз. Оваа хипотеза е наречена „Снежна Земја“ и е многу важна бидејќи и претходела на камбриумската експлозија која го условила создавањето на повеќеклеточните организами[13].
По камбриумската експлозија (нагло развивање на животот) имало пет масовни уништувања[14]. Последното уништување се случило пред 65 милиони години, кога метеорит удрил во Земјата и со тоа е предизвикано исчезнувањето на диносаурусите и другите големи рептили, иако некои мали животни, цицачи, преживеале. Во текот на 65-те милиони години, цицачите се размножиле и настанале многубројни видови, а пред неколку милиони години, африканските мајмуни успеале да се исправат на две нозе[15]. Ова овозможило користење на разни орудија и придонело во развојот на комуникацијата, која влијаела на стимулацијата во развојот на големиот мозок. Развивањето на цивилизациите овозможило луѓето да влијаат на Земјата во многу краток период на начин на кој не влијаело ниту едно друго живо суштество[16].
По големина, Земјата е петта во Сончевиот Систем. За разлика од некои други планети, Земјата не е гасовит џин, каква што е Јупитер на пример. Земјата има цврста површина како и Меркур, Венера и Марс, од кои Земјата е најголема, со најголема густина, најсилна гравитација и најсилно магнетно поле. Генерално, Земјата се состои од атмосфера, биосфера, хидросфера и нејзините внатрешни градби под површината.
Обликот на Земјата многу наликува на вртежен елипсоид. Сепак, ова геометриско тело, кое до пред неколку години се користело за интерпретација, не одговара во потполност со обликот на Земјата. Поради тоа елипсоидот во научните истражувања е заменет со новиот, приближен облик — геоид. Масата на Земјата е приближно 5,98 x 10(24) кг[17].
Ротацијата на Земјата доведува до екваторската испакнатост, така што екваторската должина е за 43 км поголема од половата[18]. Најголеми локални девијации на површината на Земјата се Монт Еверест (8.848 м надморска височина), Маријана Тренч (10.911 под водната површина). Според тоа, во споредба со совршен елипсоид, Земјата има толеранција од 1:584 или 0,17 %, што е за 0,22 % помалку од дозволената толеранција кај топка во билјардот[19]. Поради испакнатоста, најдалечната точка од центарот на Земјата е планината Чимборасо во Еквадор.[20]
Според хемискиот состав на Земјата, во најголем дел ја сочинуваат: железо (32,1 %), кислород (30,1 %), силициум(15,1%), магнезиум (13,9 %), сулфур (2,9 %), никел (1,8 %), калциум (1,5 %) и алуминиум (1,4 %), а преостанатите 1,2 % ги сочинуваат мали количини на други елементи. Пред сегрегацијата на тежината, се верува дека кората во основа била сочинета од: железо (88,8 %), мали количини на никел (5,8 %), сулфур (4,5 %), а помалку од 1 % биле хемиските елементи кои подоцна се појавиле во поголеми количини[21].
Земјината атмосфера има повеќекратна улога. Таа ја штити Земјата од помали метеори така што предизвикува нивно целосно согорување пред тие да стигнат до површината на Земјата. Азотот и кислородот во атмосферата, заедно со Земјиното магнетно поле, ја штитат Земјата од зрачењето кое би било смртоносно. Земјината атмосфера нема точно одредена граница, бидејќи како што поминува времето таа станува се побледа и поретка. Атмосферата ја сочинуваат повеќе слоеви, а се протега на повеќе од 100 км над површината. Нејзе ја сочинуваат: 78 % азот, 21 % кислород, 0,93 % аргон, 0,03 % јаглерод диоксид и мали количини на водена пареа и други гасови[22]. Слоеви на атмосферата:
Преодните простори помеѓу слоевите на атмосферата се: тропопауза, стратопауза и мезопауза.
Најнискиот слој на атмосферата е тропосферата. Сончевата енергија го загрева овој слој и Земјината површина, предизвикувајќи ширење на воздухот. Помалку густиот воздух се подига и се заменува со поладниот, тој со поголема густина. Како резултат на овој процес се појавува атмосферската циркулација (струење) која на климата и временските пригоди им овозможува прераспределба на топлината. Основните атмосферски циркулаторни потфати се состојат од ветровите во екваторскиот појас под 30° географска ширина, западно помеѓу 30° и 60° географска ширина. Сепак, океанските струи се исто така значајни фактори во одредувањето на климата, а посебно термохалинската струја која топлата енергија на екваторските океани ја распределува кон поларните региони.
Водената пареа, која се генерира преку површинското испарување, се транспортира во атмосферата. Кога атмосферските услови овозможиле подигнување на топлиот влажен воздух, водата се кондензира и се враќа на површината преку дождот. Поголем дел од водата паѓа на мали височини и со помош на речните системи се префрла во океаните, езерата, морињата. Овој воден циклус е механизам кој има витално значење за преживувањето на копното и претставува примарен фактор во процесот на ерозија на површината во текот на геолошките периоди. Количината на дождот варира зависно од пределите, од неколку метри вода за една година до помалку од милиметар вода за истиот период.
Досегашните изучувања водат кон тоа дека Земјата е единственото место на кое постои живот. Животните облици ја сочинуваат биосферата на планетата. Се претпоставува дека биосферата на Земјата започнала пред околу 3,5 милијарди години. Животните заедници (биоми) настанале низ целата површина на Земјата, од малубројни на Арктикот и Антарктикот, до многубројни во областа околу екваторот.
Функционирањето на биосферата се заснова врз нејзините различни екосистеми, врз принципот на кружење на материите во глобални размери итн. Основните елементи (јаглерод, кислород, водород, азот и др.), организмите ги вградуваат во органските соединенија во своето тело. Органската материја поминува низ веригите на исхрана и на крајот се разложува и минерализира. На тој начин основните елементи се враќаат во надворешната средина, од каде што повторно можат да бидат искористени. Оваа патека на основните елементи го претставува биогеохемискиот циклус на Земјата, кој може да се потврди за секој елемент посебно.
Земјата е единствената планета во Сончевиот Систем на чија површина има вода во течна агрегатна состојба. Водата покрива 71 % од Земјината површина. Најголемиот дел од водените површини се морињата (97 %), а останатиот дел е слатка вода (3 %). Водата на планетата Земја постои поради спој на неколку погодни услови: орбитата околу Сонцето, вулканите, гравитацијата, ефектите на стаклена градина, магнетното поле и големите количина на кислород во атмосферата.
Земјината орбита се наоѓа надвор од областа во која е доволно топло за да се задржи водата. Без ефектот на стаклена градина кој ја зачувува топлината во атмосферата, водата на Земјата би се замрзнала. Палеонтолошките истражувања наведуваат на расцепување на Земјината површина во време кога ефектот на стаклена градина привремено исчезнал, а површината се замрзнала во текот на следните 10 до 100 милиони години.
На планетите како што е Венера, под влијание на ултравиолетовите зрачења, водената пареа се разложува на водород и кислород, водородот се јонизира и (реакција на Сончевиот ветер) излегува низ надворешните слоеви на атмосферата. Ослободениот кислород се врзува за минералните слоеви на површината. Овој процес е бавен, но се смета за главна причина поради која на Венера нема вода. На Земјата, озонската обвивка ги впива поголемиот дел на ултравиолетовите зрачења во високите слоеви на атмосферата и го намалува смртоносниот процес. Освен тоа, магнетосферата ја штити јоносферата од штетните влијанија на Сончевиот ветер.
Вулканските процеси постојано исфрлаат водена пареа од внатрешноста. Проценето е дека минералите во Земјината обвивка содржат 10 пати повеќе вода од количината која ја има во океаните. Сепак, голем дел од таа водена пареа никогаш нема да биде ослободена.
Слично како и кај другите земјовидни планети, внатрешноста на Земјата е поделена на повеќе слоеви:
Горната обвивка, заедно со кората, се нарекува литосфера.
Кората е надворешниот слој на Земјата, на длабочина од 5 до 35 км. Составена е од континентална и океанска кора. На границата на кората и обвивката се наоѓа Мохо-слој, познат како Мохоровиќиев дисконтинуитет. Материјата од внатрешноста постојано излегува на површината со помош на вулканските отвори (кратери) и пукнатините на океанското дно. Поголемиот дел од Земјината површина е помлад од 100 милиони години, додека најстарите кори на Земјата се 4,4 милијарди години стари.
Земјината кора е составена од:
Земјината кора претежно е составена од лесно распадливи карпи, карпи со мала густина. Континенталната кора содржи гранит, додека океанската кора содржи најмногу базалт и габро.
Под кората, до длабочина од 2900 км се наоѓа Земјината обвивка. Таа се состои од богати слоеви на железо и магнезиум, односно од карпи со поголема густина од оние кои ја сочинуваат кората. Притисокот зависи од длабочината, колку е подлабоко толку е повисок притисокот. Горната обвивка која се наоѓа помеѓу астеносферата и Земјината кора се состои од ултрабазичните карпи: перидотит и еклогит. Астеносферата е пластична и е дебела неколку стотини километри. Карактеристична е по термодинамичките процеси кои се одвиваат во неа, т.н. конвекциско струење на материите во Земјиниот плашт.
Долната обвивка е дебела околу 1900 км е хетерогена, односно има разновиден (видлив) состав.
Просечната густина на Земјата е 5515 кг/м3, а пак густината на површинските материи е околу 3000 кг/м3, што би значело дека погустата материја се наоѓа во јадрото. Во времето на настанување на Земјата, пред 4,5 милијарди години, таа била прилично растопена. Во процесот кој е наречен диференцијација, тешките елементи тонеле кон средината, а полесните се собрале на површината. Затоа најголемиот дел од јадрото го сочинуваат: железо (80 %), никел и силициум.
Јадрото се дели на два дела, внатрешен дел на јадрото со пречник од околу 1250 км и надворешно (се смета дека јадрото е течно) јадро кое има пречник од 3500 км. Се смета дека внатрешното јадро е во кристален облик, а дека надворешното е составено од течно железо и никел. Со струењето на растопените метали (и нивното мешање кое настанува поради Земјината ротација) се создава Земјиното магнетно поле. Геофизиката е наука за проучување на внатрешноста на Земјата, кое се спроведува со проучувањето на сеизмичките бранови.
Според Теоријата за тектонските плочи, која е засега признаена од сите научници кои се занимаваат со проучување на тектонските плочи, најблиската површинска обвивка на Земјата се состои од два слоја: литосфера, вклучувајќи ја и кората, и највисокиот зацврснат дел на Земјината обвивка. Под литосферата се наоѓа астеносферата, која претставува внатрешен дел на обвивката на Земјиното јадро. Астеносферата се однесува како суперзагреана и екстремно вискозна течност[23].
Во суштина, литосферата плута по астеносферата и е раскршена на тектонски плочи. Постојат два вида на плочи: океански (на пр. Тихоокеанска плоча) и континентални плочи. Овие плочи се сегменти кои се движат релативно една во однос на друга, при тоа можат да формираат некои од следниве граници на тектонските плочи: конвергентни, дивергентни и трансформни[24]. Најголеми тектонски (геотектонски) плочи се[25]:
Име на плочата | Подрачје | Место кое го покрива | |
---|---|---|---|
106 км2 | 106 mi² | ||
Африканска плоча | 61,3 | 23,7 | Африка |
Антарктичка плоча | 60,9 | 23,5 | Антарктик |
Австралиска плоча | 47,2 | 18,2 | Австралија |
Евроазиска плоча | 67,8 | 26,2 | Азија и Европа |
Северноамериканска плоча | 75,9 | 29,3 | Северна Америка и североисточен Сибир |
Јужноамериканска плоча | 43,6 | 16,8 | Јужна Америка |
Тихоокеанска плоча | 103,3 | 39,9 | Тихи Океан |
Облиците на Земјината површина варираат. Околу 70,8 % од Земјината површина се наоѓа под вода, вклучувајќи и голем дел од континенталниот праг. Подводната површина има различни облици, планински, вклучувајќи ја и глобалната широчина на средноокеанскиот гребенски систем, како и подморските вулкани, океанските ровови и подморските кањони. Останатите 29,2 % од Земјината површина, кои не се покриени со вода, ја сочинуваат планините, пустините, рамнините, полињата и други геоморфолошки облици.
Површината на Земјата, од нејзиното оформување до ден денес, е во постојан процес на преобликување и тоа под влијание на тектонските движена и ерозија. Земјишните облици настанале и се менувале поради влијанијата врз тектонските плочи кои се изложени на дождови, температурни промени, хемиски реакции, глацијација, ерозија на бреговите, настанувањето на коралните гребени и ударите на големите метеори[26].
Слично како и Марс, релативно во однос на ѕвездите, на Земјата ѝ е потребно во просек 23 часа, 56 минути и 4.091 секунда за вртење околу оската (вртежен период или ѕвезден ден) која ги спојува северниот и Јужниот Пол.
Земјата кружи по патеката на својата орбита околу Сонцето за 365,2564 (револуција) главни ѕвездени денови и се наоѓа на просечна оддалеченост околу 150 милиони километри (93,2 милиони милји) од Сонцето. Насоката на револуцијата на Земјата околу Сонцето е спротивна од насоката на стрелките на часовникот, односно насоката на кружење на земјата околу Сонцето е спротивна од насоката на кружење на Сонцето околу својата оска.
Изместувањето од 23,5°, наречено „осен наклон“ предизвикува поголемо загревање и подолг ден, во текот на годината, на едната или на другата полутопка што предизвикува циклични промени на годишните времиња.
Земјиното магнетно поле може да се претстави како магнетен дипол, со два магнетни пола. Јужниот магнетен пол се наоѓа на 73° СГШ и 100° ЗГД, на Островот на Принцот од Велс, а северниот магнетен пол се наоѓа на 70° ЈГШ и 148° ИГД, на Антарктикот — јужно од Нов Зеланд. Оската на магнетните полови е наклонета во однос на оската на географските полови за околу 11°.
Според Теоријата на динамоефект, геомагнетното поле се генерира во внатрешноста на растопеното јадро каде што топлината создава конвекциски движења на материјалите кои ја генерираат електричната енергија. Конвекциските движења во јадрото се хаотични и во одредени периоди се јавуваат промени во насоката на движењето. Ова предизвикува промена на поларитетот на магнетното поле. Земјиното магнетно поле делува и на околниот простор. Голем регион во облик на солза, наречен магнетосфера, настанал со интеракција на Земјиното магнетно поле и Сончевите ветришта. На растојание од околу 65.000 км од Сонцето, притисокот на Сончевиот ветер се балансира со помош на геомагнетното поле. Поларната светлина настанува со интеракција на Сончевиот ветер и магнетосферата.
Теоретски гледано, при периодот на промена на поларитетот на магнетното поле, што се случувало повеќепати во историјата на Земјата, додека едниот магнетен пол престанува да дејствува и додека другиот почне да дејствува, Земјата немала магнетно поле. Доколку тоа е точно, планетата во тие периоди била незаштитена од влијанијата на Сончевите ветришта и наелектризираните честички, кои во спротивно би биле одбиени или согорени, а тогаш можеле да стигнат до Земјината површина. Тоа можело да предизвика, покрај зрачење, мутација на живиот свет, појава на стерилитет и изумирање на одредени видови. Оваа теорија не е докажана но посочува на значењето на Земјиното магнетно поле како природен штит од надворешните влијанија врз живиот свет.[27]
Земјиното гравитациско поле предизвикува, телото кое се наоѓа слободно во воздушниот простор да почне да се движи забрзано и рамномерно кон центарот на Земјата. Забрзувањето кое се случува врз телото се нарекува гравитациско забрзување. Со геофизички мерења е потврдено дека гравитациското поле не е насекаде исто низ Земјината површина. Разликите на гравитациското забрзување која се јавува при мерење на различни места на Земјината површина, се појавува поради три причини:
Иако центрифугалната сила се јавува на Екваторот со најголем интензитет, таа е околу 300 пати послаба од силата на привлекување.
Гравитациското забрзување, на некои места на физичката површина на Земјата, може да биде пресметано на следниот начин:
Во висина на ниво на морето, h=0 m :
Гравитациската сила ја задржува месечината (природен сателит) во нејзината орбита околу Земјата. За возврат месечината влијае на животот на Земјата со тоа што влијае на плимата и осеката.
На Земјата постојат ресурси кои се експлоатираат од луѓето за различни потреби. Некои од нив се необновливи ресурси, како што се фосилните горива, кои е невозможно да се обноват бидејќи се создавале во текот на друг геолошки период од остатокот на билки и животни. Големи лежишта на фосилни горива се наоѓаат во Земјината кора, а се состојат од јаглен, нафта, природни гасови и метан. Луѓето ги користат овие лежишта за производство на енергија и како суровини во хемиското производство. Минералните руди, исто така настанале во Земјината кора во текот на процесот на генеза на рудите, која резултирала од ерозијата и тектонските плочи[28]. Овие руди се наоѓаат на местата со најголема концентрација на многу од металите и други корисни хемиски елементи.
Земјината биосфера произведува многу корисни биолошки производи за луѓето, вклучувајќи храна, дрво, лекови, кислород и рециклирање на многу органски отпади. Копнениот екосистем зависи од површинското тло и свежата вода, а пак океанските екосистеми зависат од растворените хранливи материи кои достигнале до нив со одливање од копното[29]. Луѓето исто така живеат на копно користејќи градежни материјали. Податоците од 1993 година ја утврдуваат употребата на земјиштето од страна на луѓето:
Површината на земјиштето кое се наводнувало во 1993 година изнесувала 2.481.250 км2.[30]
Големи предели се изложени на лоши временски услови како што се тропските циклони, урагани или тајфуни кои управуваат со животот во тие области. Исто така многу области се изложени на чести земјотреси, одронувања, цунами, вулкански ерупции, торнада, снежни бури, поплави, суши и други несреќи и природни непогоди. Жителите на некои области страдаат од загадување на воздухот и водата, изложени се на кисели дождови и токсични материи, недостаток на вегетација, загуба на дивите животни, изумрени видови, деградирано тло, ерозија итн. Човечките активности се одразуваат и на долгорочната промена на климата и тоа највеќе со индустриската емисија на јаглерод диоксид. Со оглед на овие активности се очекуваат промени како што е ширење на озонската дупка, откинување на ледот на Арктикот, поголеми варијации на температурата, значајни промени на климатските услови и глобалното покачување на нивото на морето.[31]
Според средновековното сфаќање, Земјата се наоѓа во центарот на вселената, како и во центарот на девет подвижни неба, од кои првото и најмалото е месечевото небо.[32] Исто така, во Средниот век се верувало дека на северната полутопка се наоѓа копното, со средиште во Ерусалим, додека на јужната полутопка има само вода при што постои само еден остров на којшто се наоѓа чистилиштето, а качувајќи се по ридот се оди кон рајот.[33]
Секоја коцка опфаќа 30 степени. |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.