From Wikipedia, the free encyclopedia
Рај — верски поим кој означува место на коешто одат душите на луѓето по нивната смрт.
Во средновековната теолошка мисла постоеле две сфаќања за рајот - рајот на земјата и рајот на небото. Во однос на толкувањето на земниот рај, свети Августин истакнал три гледишта: прво, дека земниот рај е буквална стварност; второ, дека треба да се сфати буквално и фигуративно; и трето, дека повремено треба да се прифати како физичка стварност, а повремено да се толкува спиритуално. Притоа, тој бил приврзаник на второто толкување, а неговото мислење го делеле и други теолози.[1]
Во делото „Црковна историја на Англите“ на Беда Венерабилис се среќава следниов опис на рајот, претставен преку визијата на некој Дриктхелм кој видел бескрајно долг и неизмерно висок ѕид на кој немало ни прозорец, ни врата, ни скали. На врвот од ѕидот, тој видел убаво, широко поле, исполнето со миризливи цвеќиња, а светлината која владеела таму била посилна од сончевата светлина. Во полето шетале многу луѓе со безгранична радост и облечени во бела облека. Дриктхелм помислил дека тоа е рајот, но неговиот водич го разубедил и му покажал други места во кои светлината била уште посилна, мирисите биле уште попријатни, а насекаде се слушало слатко пеење. Подоцна, водичот му објаснил дека во тоа место се наоѓаат душите на оние луѓе кои правеле добри дела, но не оствариле толкаво ниво на совршенство за веднаш да го заслужат царството небесно; сепак, на судниот ден, тие ќе бидат примени во рајот; од друга страна, оние кои биле совршени во сите свои зборови, мисли и дела веднаш по смртта стапувале во рајот.[2] Григориј Турски раскажува дека св. Салвиј се разболел и ја испуштил душата. Тогаш, неговата ќелија почнала силно да се тресе и се исполнила со силна светлина. Калуѓерите мислеле дека умрел и го подготвувале неговото тело за закопот, но утредента тој воскреснал и им ја раскажал следнава случка: По смртта, ангелите го кренале на небото и низ една светла врата влегле во огромна сала чиј под бил сјаен како злато и сребро и која била осветлена со неверојатна светлост; ангелите го однеле до местото на кое висел облак кој светел посилно од светлината и од облакот се слушнал силен глас сличен на шумот на многу води; него го поздравиле мажи во свештеничка и световна облека, а тоа биле светците и мачениците; тогаш, на него се спуштил толку пријатен мирис, што тој не сакал повеќе ниту да јаде ниту да пие; најпосле, св. Силвиј слушнал глас, иако не се гледал оној кој зборувал, а тој бил Бог.[3] Во познатото дело „Видение Павлово“, за кое се претпоставува дека претставува превод на грчки текст од III век, се опишани рајските убавини при што се нагласува изобилството, претставено со реките полни со млеко, мед, вино и масло.[4] Во своето дело „Светило“, Хонориј Августодунски пишува дека телата на жителите на рајот се проѕирни како најсјајно стакло, а нивната голотија е прекриена со бои чија убавина ја надминува онаа на цвеќето.[5]
Интересно, во средновековните описи на рајот се споменува дека во него тече вообичаеното време, наместо очекуваната вечност. Така, во повеќето дела од средновековната визонерска книжевност се вели дека во рајот птиците со своето пеење го означуваат канонското време при што, кога ќе дојде времето за литургија, свеќите се палат сами од себе. Притоа, во рајот се чествуваат недела и другите празници. Во „Адамноновата визија“ се споменува дека за да премине од долното на некое од повисоките неба во рајот, душата мора да чека од 12 до 16 години. Во „Баронтовата визија“, пак, се споменува дека во рајот постои црква во која свештениците служат миса. Во една ирска легенда за патувањето на Тејг на другиот свет се опишува дека нему и на неговите сопатници им изгледало дека го прошетале рајто за еден ден, но жителите на рајот им објасниле дека поминала цела година, без притоа гостите ниту еднаш да почувствуваат глад и жед. Св. Баринт наведува дека при неговата посета на „ветената земја на светците“, божјиот пратеник му објаснил дека на островот поминал цела година без да почувствува глад и жед и потреба од сон. И Бран, синот на Фебал, кога стигнал во земскиот рај („Земјата на жените“), мислел дека таму поминал една година, а всушност поминало подолго време, т.е. една година во „Земјата на жените“ означувала неколку векови во Ирска. Во делото „Пантеон“ на Готфрид од Витерб се споменува дека еден ден во Земскиот рај е еднаков на еден век на Земјата. Некои калуѓери кои добиле дозвола да престојуваат во рајот 15 дена, дознале дека поминале седум века. Кога прашале како е тоа можно, им било одговорено дека плодовите на Дрвото на животот и водата од Изворот на младоста делумно им дале вечен живот. Исто така, им било кажано дека нивните имиња се запишани во книгата за опелата така што кога ќе се вратат на земјата, нивните тела ќе се претворат во прав.[6]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.