Сараево
From Wikipedia, the free encyclopedia
From Wikipedia, the free encyclopedia
Сараево (бошњачки: Sarajevo, хрватски: Sarajevo/Vrhbosna, српски: Сарајево) — главен град[6] на Босна и Херцеговина и нејзин најголем урбан, културен, економски и транспортен центар[7][8]. Градот Сараево се состои од четири општини: Центар, Нови Град, Ново Сараево и Стари Град. Според прелиминарните податоци од пописот во 2013 година во Босна и Херцеговина, во Сараево живеат 275.524 жители.[5], додека со околината, која вклучува дел од општината Илиџа, живеат вкупно 555,210 лица[9].
Сараево Sarajevo / Сарајево | |||
---|---|---|---|
Град | |||
| |||
Прекар(и): Ерусалим на Европа,[1] Ерусалим на Балканот,[2] Рајвоса[3] | |||
Местоположба на градот | |||
Координати: 43°52′N 18°25′E | |||
Земја | Босна и Херцеговина | ||
Административна поделба | Федерација Босна и Херцеговина | ||
Кантон | Сараевски кантон | ||
Општина | 4 | ||
Управа | |||
• Градоначалник | Абдулах Скака (СДА) | ||
Површина[4] | |||
• Градска | 141,5 км2 (54,3 ми2) | ||
Надм. вис. | м | 518||
Население (2013)[5] | |||
• Градскo | 419,957 | ||
• Метро | 555,210 | ||
• City proper | 275,524 | ||
• Демоним | Сараевчани | ||
Час. појас | CET (UTC+1) | ||
• Лето (ЛСВ) | CEST (UTC+2) | ||
Поштенски код | 71000 | ||
Повик. бр. | +387 (33) | ||
Мреж. место | Град Сараево |
Поради својата долга и богата историја на верска и културна разновидност, Сараево, понекогаш се нарекува „Ерусалим на Европа[1]“ или „Ерусалим на Балканот“[2]. До крајот на XX век, градот бил единствениот голем град во кој имало изградено синагога, православна црква, католичка црква и џамија во иста населба[10].
Низ градот тече реката Миљацка, а во близина на градот се наоѓаат и изворите на реката Босна, каде се наоѓа популарното излетничко место Вруток на Босна. Градот е опкружен од Требевиќ, Јахорина, Бјелашница, Игман, Трескавица и Романија.
Градот Сараево е седиште на најголемата високообразовна институција во земјата, Универзитетот Сараево[11][12], како и голем број на други високообразовни институции, што го прави еден од најголемите универзитетски центри во целиот регион на Југоисточна Европа. Со неколку национални и градски театри, музеи и културни институции, Сараево е исто така значајно место на културната карта на овој дел од континентот.
Сараево е град со турбулентна историја, која честопати имала влијание на глобалните случувања. Така, во 1914 година во Сараево бил убиен австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд што довело до започнување на Првата светска војна. Седумдесет години подоцна, во 1984 година, во градот се одржале XIV Зимски олимписки игри. Во почетокот на 1990-тите години, името на градот Сараево било испишувано постојано од дневните весници во целиот свет, бидејќи во регионот се одвивала една од најголемите војни во најновата европска и светска историја.
Сараево се наоѓа во географскиот центар на Босна и Херцеговина и зафаќа површина од 142 км2. Сараево се наоѓа во Сараевската долина која се протега од исток кон запад, во плодното Сараевско Поле. Централните делови на градот се наоѓаат главно во низините на Сараевско Поле, најважните предградијата на градот се наоѓаат на падините на околните ридови и планини.
Најстарите делови на градот (Вратник, Бистрик, Хрид, Ковачи, Алифаковац) се наоѓаат на падините на околните ридови. Просечната надморска височина на Сараевската област е 500 метри. Најзападната точка на рамнината е на 18°16' источна географска должина. Крајната источна точка е на 18°27' источна географска должина, најсеверната е 43°53' северна географска ширина и најјужната е 43°47' северна географска ширина[13].
Центарот на градот Сараево се наоѓа на надморска височина од 511 метри, додека повисоките делови на градот и предградијата на падините на околните планини лежат на просечна надморска височина од 900 метри. Градот е опкружен со олимписките планини кои достигнуваат 2000 метри висина: Бјелашница, Јахорина, Игман, Трескавица и Требевиќ.
Миљацка е река која претежно се движи низ градот Сараево, од исток кон запад. Реката е долга 35,9 километри, а извира од неколку извори во подножјето на планината Романија и Јахорина. Реката Паланска Миљацка (12,9 км) извира од Пале, додека Мокрањска Миљацка извира во Кадино Село. На неколку километри источно од Сараево, во селото Довличи, овие две притоки се влеваат во реката Миљацка. Реката продолжува да тече кон запад во Сараево, каде што го продолжува своето патување до реката Босна во која се влева.
Во западниот дел на Сараевско Поле, на областа на населба Илиџа, извира една од најголемите реки во земјата која состои од повеќе мали островчиња поврзани со мостови преку бројните мали потоци и едно од најпознатите туристички места во околината на Сараево.
Освен реката Босна, Железница и Миљацка, други големи постојани потоци се Зујевина, Љубина, Мисоча, Ставња, Тилава, Добриња, Бела река, Црна река, Ракитница, Мошчаница итн.[14].
Водопадот Скакавац, висок 98 метри, се наоѓа на 12 км од центарот на градот и е еден од природните ресурси на целата територија на Босна и Херцеговина.
Климата во Сараево е под силно влијание на континенталната клима. Просечната годишна температура изнесува 10,1 °C, додека просечните врнежи се 928 мм. Најтоплите месеци се јули и август, а најстуден месец е јануари. Најголемиот дождлив месец е јуни, а најмалиот февруари и август. Најниската измерена температура некогаш во градот изнесувала -26,8 °C (јануари) и максимална 40,0 °C (август). Најсушна година во Сараево била 2012 година, кога во градот паднале само 425 мм врнежи. Сараево има просек од околу 85 дена во годината со температури над 30 °C. Сончевите часови во градот годишно избесѕваа 1.769 часа[15][16][17].
Климатски податоци за Сараево | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Месец | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | Годишно |
Највисока забележана °C (°F) | 18,2 | 21,4 | 26,6 | 30,2 | 33,2 | 35,9 | 38,2 | 40,0 | 37,7 | 32,2 | 24,7 | 18,0 | 40,0 (nil) |
Прос. висока °C (°F) | 3,7 | 6,0 | 10,9 | 15,6 | 21,4 | 24,5 | 27,0 | 27,2 | 22,0 | 17,0 | 9,7 | 4,2 | 15,8 |
Сред. дневна °C (°F) | -0,5 | 1,4 | 5,7 | 10,0 | 14,8 | 17,7 | 19,7 | 19,7 | 15,3 | 11,0 | 5,4 | 0,9 | 10,1 |
Прос. ниска °C (°F) | -3,3 | -2,5 | 1,1 | 4,8 | 9,0 | 11,9 | 13,7 | 13,7 | 10,0 | 6,4 | 1,9 | -1,8 | 5,4 |
Најниска забележана °C (°F) | -26,8 | -23,4 | -26,4 | -13,2 | -9,0 | -3,2 | -2,7 | -1,0 | -4,0 | -10,9 | -19,3 | -22,4 | -26,8 (nil) |
Прос. врнежи мм (ин) | 68 (2.68) |
64 (2.52) |
70 (2.76) |
77 (3.03) |
72 (2.83) |
90 (3.54) |
72 (2.83) |
66 (2.6) |
91 (3.58) |
86 (3.39) |
85 (3.35) |
86 (3.39) |
928 (36.54) |
Прос. бр. дождливи денови | 8 | 10 | 13 | 17 | 17 | 16 | 14 | 13 | 15 | 13 | 12 | 11 | 159 |
Прос. бр. снежни денови | 10 | 12 | 9 | 2 | 0.2 | 0 | 0 | 0 | 0 | 2 | 6 | 12 | 53 |
Прос. релативна влажност (%) | 79 | 74 | 68 | 67 | 68 | 70 | 69 | 69 | 75 | 77 | 76 | 81 | 73 |
Сред. бр. сончеви часови месечно | 57,1 | 83,8 | 125,6 | 152,3 | 191,7 | 207,1 | 256,3 | 238,2 | 186,6 | 148,8 | 81,2 | 40,7 | 1769,4 |
Извор бр. 1: Pogoda.ru.net[15] | |||||||||||||
Извор бр. 2: NOAA (сун, 1961 — 1990)[16] |
Османлиско Царство 1461 — 1878
Австроунгарија 1878 — 1918
СХС 1918
Кралство СХС 1918 — 1929
Кралство Југославија 1929 — 1941
Независна Држава Хрватска 1941 — 1945
Социјалистичка Федеративна Република Југославија 1945 — 1992
Босна и Херцеговина 1992—
Околината на Сараево била населена уште од раниот неолит. Од тоа време датира Бутмирската култура. Откритијата во Бутмир биле направени во денешното сараевско предградие Илиџа во 1893 година од страна на австроунгарските власти за време на изградбата на земјоделско училиште. Богатството на областа била привлечна за луѓето од неолитот, и самата населба била добро развиена. Во населбата била откриена уникатна керамика, преку која луѓето од Бутмир се одликуваат преку ова како единствена култура која изработувала керамика од таков вид, како што е опишано на Меѓународниот конгрес на археолози и антрополози во Сараево во 1894 година[18].
Во регионот голем белег оставила и илирската култура. Илирите во регионот живееле околу реката Миљацка и по долината на Сараево. Во овој регион живеело племето Дезидијати, кое било последното илирско племе во Босна и Херцеговина кое се спротивставило на римската окупација. Нивниот пораз од римскиот цар Тибериј во 9 година го означува почетокот на римското владеење во регионот. Регионот околу денешно сараево припаѓало на римската провинција Далмација. Римската колонија Aquae Sulphurae се наоѓала на врвот на денешна Илиџа и претставувала најважна населба во регионот на тоа време.[19] . Регионот бил освоен од страна на Источните Готи, додека во VII век започнало населувањето на Словените[20].
Словените ја населиле областа во текот на VI и VII век. Во раниот среден век, Босна била составен дел на српската држава, кое било запишано и во е толку сведок во делата на византискиот цар Константин Порфирогенит.
Во текот на XII век, Босна се стекнала со регионална самоуправа предводена од нејзините банови. Во околината на денешно Сараево постоела парохија Врхбосн. Според традицијата, најстариот христијански храм во областа бил изграден во Вруток на Босна, а папските документи покажуваат дека во 1238 година била изградена катедралната црква на Свети Павле во Врхбосна. Денеска сè уште се дебатира дали Врхбосна се наоѓа на местото на денешно Сараево.
На почетокот на XV век, регионот се нашол под постојани напади на Османлиите, кои во периодот од 1429 до 1451 година ја освоиле Босна[21] и во 1463 година го основале Босанскиот санџак, додека на местото на Врхбосна бил изграден новиот град — Сараево.
Сараево бил основана од страна на Отоманското Царство во текот на 1450-тите години по освојувањето на регионот, додека 1461 година се користи како датум на основање на градот. Првиот османлиски гувернер на Босна и Херцеговина, Иса-бег Исаковиќ, местото го претворил во главен град на санџакот трансформирајќи го во еден од најзначајните на Балканскиот Полуостров, преку изградба на голем број на објекти како џамии, затворен пазар, јавна бања, хотел, и седиште на управителот односно дворец („Сарај“), од каде доаѓа и денешното име на градот. Џамијата била прогласена за султанска џамија во чест на султанот Мехмед II. Во следните години, Сараево брзо прераснал во најголемиот град во регионот. Многу христијани го прифатиле исламот во тоа време. До XV век населбата била основана како град, наречена Босна-Сарај, и главните објекти биле градени околу тврдината каде денеска се наоѓа Стари Град. Името Сараево потекнува од турскиот збор сарај ovası, што значи „поле околу дворот“. Башчаршија исто така била изградена во овој период, и денеска претставува најголемо туристичко место, како и православната црква[22].
Во времето на Гази Хусрев-бег била изградена и Газихусревбеговата џамија, како и библиотека, медреса, саат-кула итн. Сараево станало познато по својот голем пазар и голем број џамии, кој од средината на XVI век ги имало повеќе од 100. На врвот на моќта на царството, Сараево бил најголемиот и најважен отомански град на Балканот по Истанбул. Од 1660 година, населението на Сараево се проценува на над 80.000. Спротивно на тоа, во Белград во 1838 година имало 12.963 жители, а Загреб во 1851 година имал 14.000 жители. По промена на политичките услови, Сараево станало место на постојано војување.
Во 1697 година, за време на Големата турска војна, Сараево бил освоен, ограбен и изгорен до темел од страна на Хабсбуршката Монархија на чело со Евгениј Савојски. Само мал број на населби, некои џамии и една православна црква биле поштедени. Бројни други пожари ја ослабиле позицијата на градот. И покрај тоа што подоцна градот повторно бил изграден, тој никогаш повторно не го достигнал претходното ниво на развој. До 1807 година, градот имал само околу 60.000 жители.
Во 1830 година, во текот на Големото босанско востание, околу градот се одвиле неколку битки. Тие биле предводени од Хусеин Градашчевиќ. Денес, главната улица во градот е именувана како „Zmaj od Bosne“ (Змеј на Босна) во негова чест. Бунтот бил неуспешен и Сараево заедно со Босна останал уште неколку децении во територијата на Отоманското Царство. Отоманското Царство го направил Сараево важен административен центар од 1850 година[23].
Окупацијата на Босна и Херцеговина од страна на Австроунгарија започнала во 1878 година, како дел од Берлинскиот конгрес, додека целосната анексија се случила во 1908 година, но ова најмногу ги разлутило на Србите. Во текот на овој период, градот добил сосема нов изглед. Во текот на австроунгарското владеење на регионот, во Сараево биле изградени голем број на објекти како училишта, музеи, зградата на Народниот театар, пошта, болница итн. Во 1885 година бил пуштен во употреба градскиот трамвај. Архитектите и инженерите од тој период сакале од градот да направат нов модерен европски град. Пожарот кој изгорел голем дел од централното градско подрачје оставил повеќе простор за обнова на градот. Како резултат на тоа, денеска во градот може да се забележи уникатната комбинација на отоманската архитектура околу пазарот и современата западна архитектура.
Освен тоа, во текот на овој период биле изградени и неколку фабрики и голем број на институции биле модернизирани во западен стил[24]. За првпат во историјата, населението во Сараево започнало да ја пишува на латиница.[20], и за првпат по неколку векови, градот значително се проширил надвор од традиционалните граници. Голем дел од современата централна општина на градот (Центар) била изградена за време на овој период.
Архитектура во Сараево брзо се развила во широк спектар на стилови и згради. Катедралата на Светото срце, на пример, била изградена со елементи на неоготски стил и романика.
Иако Босанскиот вилает де јуре останал како дел од Отоманското Царство, тоа де факто важело како составен дел од Австроунгарија. Тоа траело сè до 1908 година кога територијата формално била анексирана.
Во Сараевоб се случил настан кој ја предизвикал Првата светска војна, кога бил убиен надвојводата Франц Фердинанд заедно со неговата сопруга на 28 јуни 1914 година од страна на Гаврило Принцип, член на Млада Босна[25]. Како одговор на тоа, голем број од жителите на Сараево организирале бунтови против Србите, при што загинале двајца луѓе додека бил уништен поголемиот дел од нивниот имот [26].
По крајот на Првата светска војна, Босна била вклучена во територијата на Кралството на Србите, Хрватите и Словените, додека Сараево станал главен град на Дринска бановина.
По Првата светска војна, Сараево станал дел од Кралство Југославија. И покрај тоа што градот одржал некое политичко значење како центар на првиот Босански регион, а потоа Дринска бановина, градот веќе не бил главен, и со тоа започнал да го намалува своето глобално значење[27].
Во текот на Втората светска војна, Кралство Југославија било окупирано од германските и италијанските сили. По бомбардирањето на градот од страна на Нацистичка Германија, Сараево бил освоен на 15 април 1941 година од страна на 16-та пешадиска дивизија. Силите на Оската ја основале Независна Држава Хрватска и го вклучиле Сараево во нејзина територија. На 12 октомври, група од 108 значајни босански граѓани од Сараево ја потпишале Сараевската рмуслиманска езолуција преку која ги осудиле прогоните на Србите во организација на Усташите, правејќи разлика меѓу Бошњаците кои учествувале во прогоните и остатокот на бошњачкото население. Во резолуцијата било побарано да се задржи безбедноста на сите граѓани на земјата, без оглед на нивниот идентитет[28]. До средината на летото 1942 година, околу 20.000 Срби пронашле засолниште во Сараево од усташкиот тероризам [29].
Градот бил бомбардиран од сојузниците од 1943 до 1944 година[30]. Југословенското партизанско движење имало свое седиште во градот и отпорот бил предводен од Владимир Валтер Периќ, кој починал додека учествувал во акцијата за ослободувањето на градот на 6 април 1945 година.
По војната, Сараево бил главен град на Социјалистичка Република Босна и Херцеговина, во рамките на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Владата на републиката инвестирала многу во Сараево, преку изградба на голем број на нови станбени блокови во Општина Нови Град и Општина Ново Сараево, додека истовремено преку развојот на индустријата, градот се трансформирал во модерен град. Населението на градот се зголемило и многу бргу градот повторно станал значаен регионален индустриски центар во Југославија. Помеѓу крајот на војната и распаѓањето на Југославија, населението на градот се зголемило од 115.000 до повеќе од 600.000 луѓе. Меморијалниот парк Враца, споменик за жртвите од Втората светска војна, бил посветен на 25 ноември, Денот на државноста на Босна и Херцеговина, кога ЗАВНОБИХ го одржала својот прв состанок во 1943 година[31].
Еден од најголемиот момент од историјата на Сараево во рамките на СФРЈ било организирањето на Зимските олимписки игри во 1984 година. Игрите биле проследени со голем пораст на туризмот, со што 1980-тите години биле најпросперитетните децении во градот[32].
По започнувањето на распадот на СФРЈ и Босанската војна за независност, земјата заедно со Сараево се нашла во центарот на најкрвавите настани. Опсатата на Сараево во периодот од 5 април 1992 година до 29 февруари 1996 година од страна на српските сили на Република Српска и ЈНА, довела да илјадници луѓе го загубат својот живот од постојаното бомбардирање од страна на српските сили за време[35]. Оваа опсада е најдолгата опсада во историјата на модерното војување[36].
Кога Босна и Херцеговина прогласила независност од Југославија и покренала декларација за признавање во рамките на ООН, српските сили прогласиле нова српска национална држава — Република Српска, која била оформена од територијата на Босна и Херцеговина[37]. Српската армија го опколила Сараево со сила од 18.000 војници[38], стационирани во околните ридови, од кои тие го напаѓале градот со артилерија, минофрлачи, тенкови, пушки, тешки митралези и снајперски пушки[38]. Босанските сили во внатрешноста на градот биле лошо опремени и не можеле да ја пробијат опсадата.
За време на опсадата, 11.541 луѓе ги загубиле своите животи, вклучувајќи и над 1.500 деца. Дополнителни 56.000 лица биле повредени, вклучувајќи речиси 15.000 деца[35]. Пописот во 1991 година укажува на тоа дека пред опсадата на градот и околните области, градот имал население од 525.980 жители.
На главната улица на босанскиот главен град, ул. Маршал Тито, во 2012 година била одбележана 20-годишнината од крајот на војната. На улицата биле поставени 11.541 црвени столици, број што го симболизира бројот на човечки жртви за време на опсадата на градот[39].
По прогласувањето на независност, Сараево станал главен град на Босна и Херцеговина. Периодот на 1990-тите години претставувал голем колапс на економската структура на градот, голем дел од историските споменици, вклучувајќи џамии, цркви, музеи итн., додека имало и голем број на нагазни мини. Босанската национална библиотека и универзитетската библиотека, каде се наоѓале голем дел од босанската пишувана историја, целосно биле уништени. Околу 700 ракописи биле засекогаш изгубени, а меѓу нив се наоѓале и изданија од XIX век, во времето на босанската културна преродба.
Годините што следувале претставувал период на голема реконструкција на градот благодарение на странска помош и домашната посветеност. До 2003 година, практично немало оставено урнатини во градот. Сараево бил домаќин на голем број на меѓународни настани, како Сараевскиот филмски фестивал. Сараево испратил понуда за избор на град за Зимските олимписки игри.
Денес Сараево е една од најбрзо растечките градови во регионот. Разни нови модерни згради биле изградени, најчесто во центарот на градот како трговски центри. Последните години се забележува пораст на населението, како и зголемување на туризмот.
Сараево е главен град[40] на Федерација Босна и Херцеговина и на Сараевскиот кантон. Во градот се наоѓаат најголемиот број од странските амбасади.
Во Сараево се наоѓа сеиштето на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Претседателството на Босна и Херцеговина, Уставниот суд на Босна и Херцеговина и седиштето на Вооружените сили на Босна и Херцеговина[41].
Седиштето на парламентот на Босна и Херцеговина во Сараево било оштетено во голема мера во Босанската војна. Поради оштетувањето, персоналот и документите биле префрлени во близина на парламентот. Кон крајот на 2006 година започнала реконструкција на Собранието и истата завршила во 2007 година. Трошоците за реконструкција биле обезбедени од страна на грчката влада преку Грчката програма за реконструкција на Балканот и од Босна и Херцеговина.
Градот се состои од четири општини и тоа: Центар, Нови Град, Ново Сараево и Стари Град. Секоја од општините си има своја сопствена општинска власт, додека сите заедно тие ја формираат управата на градската власт. Градската управа се состои од Градоначалникот, со двајца пратеници и еден секретар. Законодавната власт се состои од Градскиот совет. Советот има 28 членови. Советниците се избираат од страна на општината во бројки грубо пропорционално на нивната популација.
Општини во Сараево се подели на локални заедници. Локалните заедници имаат мала улога во градската власт и се наменети како начин за обичните граѓани да се вклучат во градската власт.
Поради тоа што е политички, економски, културен и социјален центар на Босна и Херцеговина, Сараево е место каде живеат повеќе од 688.354 жители на неговата метрополитенска област, единствената метропола на земјата. Сараево својата метрополска титула ја заслужува благодарение не само поради неговата важност или историја, туку и поради многубројните историски градби или поради светските познати фестивали кои се одржуваат во него. Во 2015 година бил објавен проект за изградба на нова населба, Нова Илиџа, во вредност од 2,2 милијарди евра[42], туристичко место Трново (2,4 милијарди евра)[43], и други населби како Сараевски Бранови и објекти кои се во изградба (само во 2014 година, повеќе од 700 милиони марки биле вложени во недвижности)[44].
Освен овие проекти, се работи на продолжување на трамвајска линија во населбите Храсница и Добриња[45], како и метро од Башчаршија до Отока[46]. Во периодот од 2015 до 2017 година е планирано да се реконструира целата трамвајска линија од Маријин Двор до Илиџа со проценети трошоци од 25 милиони марки[47]. Поради тоа, Сараево ќе стане единствениот град на Балканот со комплетна реконструирана трамвајска мрежа.
Производствениот, административниот и туристичкиот сектор, во комбинација со голем неформален пазар[48], го прават градот еден од најсилните економски региони во земјата. Всушност, Сараевскиот кантон генерира речиси 25 % од БДП на земјата[49] . По неколку години на војната, економија започнала да се рехабилитира. Централната Банка на Босна и Херцеговина била отворена во Сараево во 1997 година и Сараевската берза започнала со тргување во 2002 година.
Иако Сараево бил голема индустриска база за време на СФРЈ, само неколку постоечки бизниси успеале да се прилагодат на пазарната економија. Сараевската индустрија вклучува производство на тутунски производи, мебел, трикотажа, автомобили и комуникациска опрема[20]. Компании со седиште во Сараево се B&H Airlines, BH Telecom, Bosnalijek, Energopetrol, Sarajevo Tobacco Factory, и Sarajevska Pivara.
Во 2002 година вкупниот извоз за поширокиот регион на Сараево бил во вредност од околу 259,569,000 KM. Најголем дел од извозот на Сараево (28,2 %) е наменет за Германија, Велика Британија (16,8 %) и Србија и Црна Гора (12,8 %). Најголемиот износ на увезената стока е од Германија, со (15,8 %). Вредноста на вкупниот увоз е околу 1,322,585,000 KM, според кое вкупниот увоз е речиси 5,1 пати повеќе од вкупниот извоз.
Во 1981 година БДП по глава на жител на Сараево бил 133 % од просечниот југословенски БДП[50]. Бруто платата во Сараево, во февруари 2015 година изнесувала 1.578 КМ или 790 евра, додека нето-плата била 1.020 КМ или 521 евра.[51]. Сараево по Љубљана и Загреб е најбогатиот град во поранешна Југославија и еден од најбогатите градови на Балканот.
Сараево има голема туристичката понуда и угостителскиот сектор има голем раст, благодарение на зголемувањето на бројот на туристите од година на година. Сараево, исто така има корист од тоа да биде и летно и зимско одредиште со континуитет во текот на годината. Туристичкиот водич Лонли Планет го има поставено градот на 43-тото место како најдобар град во светот[52], додека во 2009 година бил наведен како еден од првите десет градови за посета во 2010 година[53].
Во 2013 година, 302.570 туристи го посетиле Сараево, што е за 17,9 % во споредба со 2012 година[54][55]. Истата година имало вкупно 595,637 ноќевања, што е 18 % повеќе отколку во 2012 година. Спортскиот туризам главно ги користи спортските зданија од Зимските олимписки игри во 1984 година, ски-центрите на планините Бјелашница, Игман, Јахорина, Требевиќ и Трескавица.
Сараево го посетуваат туристи бидејќи со векови претставувал важен трговски центар во текот на Отоманското Царство и и Австроунгарија. Примери на популарни одредишта во Сараево вклучуваат Вруток на Босна, катедралата и џамија Гази Хусрев Бег. Туризмот во Сараево главно е фокусиран на историски, верски и културни места и на зимските спортови.
Етничкиот состав на Сараево, по општини од 2013 година | ||||||
Општина | Вкупно | Бошњаци | Срби | Хрвати | Останати | |
Центар | 55,181 | 41,702 (75,57 %) | 2,186 (3,96 %) | 3,333 (6,04 %) | 7,960 (14,42 %) | |
Нови Град | 118,553 | 99,773 (84,16 %) | 4,367 (3,68 %) | 4,947 (4,17 %) | 9,466 (7,98 %) | |
Ново Сараево | 64,814 | 48,188 (74,35 %) | 3,402 (5,25 %) | 4,639 (7,16 %) | 8,585 (13,24 %) | |
Стари Град | 36,976 | 32,794 (88,69 %) | 467 (1,3 %) | 685 (1,85 %) | 3,030 (8,19 %) | |
Вкупно | 275,524 | 222,457 (80,74 %) | 10,422 (3,78 %) | 13,604 (4,94 %) | 29,041 (10,54 %) |
Последниот официјален југословенски попис се одржал во 1991 година. Според тој попис, во Сараево живееле 527.049 луѓе. Во населбата Сараево имало 416.497 жители.[56]. Војната раселила стотици илјади луѓе, а голем дел од нив не се вратиле.
Првиот попис во Босна и Херцеговина не бил направен до 2013 година, и како резултат на тоа, многу години не бил познат бројот на населението и главните податоци се зимале според истражувањата и проценките на Статистичкиот оддел на Обединетите нации и на Сојузниот завод за статистика на Федерацијата на Босна и Херцеговина, како и други национални и меѓународни невладини организации. Заклучно со јуни 2011 година, населението на градот во четирите општини се проценува на 411.161, додека населението Сараевскиот кантон било проценето на 578.757[57]. Со површина од 1.280 квадратни километри, Сараево има густина на населеност од околу 2.173 жители на квадратен километар. Според овие проценки, Општина Ново Сараево е најгусто населен дел на Сараево со околу 7.524 жители на квадратен километар, а најретко населен е Стари Град, со 2.742 жители на квадратен километар[58].
Во јуни 2016 година биле објавени конечните резултати од пописот во 2013 година. Според пописот, населението на Сараевскиот регион броело 413.593 жители, со 55.181 жител во Општина Центар, 118.553 во Нови Град, 64.814 во Ново Сараево и 36.976 во Стари Град[59].
Војната исто така го сменил и етничкиот и верскиот профил на градот. Сараево одамна претставува мултиетнички и мултикултурен град[60], поради кое е познат како „Европски Ерусалим“[1]. Во 1991 година, 49,2 отсто од населението во градот биле Бошњаци, 29,8 отсто Срби, 10,7 отсто Југословени, 6,6 отсто Хрвати и 3,6 припаѓале на други етнички групи (Евреи, Роми и др.) До 2002 година, 79,6 отсто од населението биле Бошњаци, 11,2 отсто Срби, 6,7 отсто Хрвати и 2,5 припаѓале на други етнички групи (Евреи, Роми, итн.).
Градот Сараево е поврзан со сите други поголеми градови преку автопат или магистрален пат како Зеница, Бања Лука, Тузла, Мостар, Горажде и Фоча. Туристите од Средна Европа и од други места при посета на Далмација возат преку Будимпешта низ Сараево кое дополнително придонесува во застојот на сообраќајот во и околу Сараево. Трансевропскиот автопат, Коридорот 5Ц[61], минува низ Сараево, поврзувајќи го со Будимпешта на север, и Плоче на Јадранско Море на југ. Автопатот е изграден од страна на владата и се претпоставува дека чини околу 3,5 милијарди евра. До март 2012 година, Федерацијата на Босна и Херцеговина инвестирала околу 600 милиони евра во автопатот А1. Во 2014 година делови од Сараево-Зеница и Сараево-Тарцин биле завршени, вклучувајќи ја и обиколницата околу Сараево[62][63].
Уште за време на одржувањето на Зимските олимписки игри од 1884 година, биле изградени обиколници околу градот, кои делумно ја олесниле состојбата на патиштата. Но патот од 2,6 километри заедно со два тунели, кои требало да ги поврзат Циглане и Пофаличи, поради недостиг на пари, сè уште не е целосно завршен. Центарот на градот се трансформирал во 70-тите години во пешачка зона. Тесните градски улици и недостатокот на паркинг места го ограничуваат автомобилскиот сообраќај. Двете главни улици во градот се улица Маршал Тито и улицата Змеј од Босна (Снајперска улица).
Електричниот трамвај во Сараево бил ставен во функција од 1885 година и е најстарата форма на јавен превоз во градот. Сараево ја имал поставено првата трамвајска линија со полно работно време (од изгрејсонце до зајдисонце) во Европа.[52]. Отворена на Нова Година во 1885 година, таа била тест-линија за трамвајот во Виена и Австроунгарија, управувани од страна на коњи. Денешниот систем бил изграден во 1960 година. Трамваите одиграле клучна улога во развојот на градот во XX век.
Постојат седум трамвајски линии надополнети со пет тролејбуски линии и голем број автобуски линии. Главната железничка станица во Сараево се наоѓа во северниот и централниот дел од градот. Сараево во моментов е во процес на големо обновување на инфраструктурата бидејќи многупатишта и улици се реконструираат, и самиот трамвајски систем е во процес на модернизација.
Сараевсиот архитект, Музафер Османагиќ, со цел решавање на сообраќајниот метеж во Сараево, предложил студија наречена „Еко енергетика 2010-2015“, во која се идеализира проектот за изградба на метро под реката Миљацка. Првата линија на метрото во Сараево треба да ги поврзе Башчаршија со Отока. Оваа линија треба да чини околу 150 милиони КМ и да се финансира од страна на Европската банка за обнова и развој[64].
Меѓународниот аеродром во Сараево, исто така познат и како аеродромот Бутмир, се наоѓа на само неколку километри југозападно од градот и бил прогласен за најдобар европски аеродром до 1.000.000 патници, од Меѓународниот совет за аеродроми во Минхен во 2005 година. Аеродромот бил изграден во 1969 година и со писта од 2,6 километри го поврзува градот со останатите европски аеродроми. За време на војната, аеродромот бил користена за летови на ООН и за хуманитарна помош. Аеродромот бил отворен за цивилна авијација повторно на 16 август 1996 година, и од тогаш постепено се реновира.
Во 2011 година Меѓународниот аеродром Сараево имал 599.996 патници што е повеќе од сите останати аеродроми во Босна и Херцеговина заедно и 6,5 % повеќе отколку во 2010 година. Во споредба со 1996 година, бројот на патници бил само 25.000 лица[65]. Во 2012 година започнал план за продолжување на пистата на аеродромот и зголемување на постоечкиот терминал, со кое површината ќе се зголеми за околу 7.000 квадратни метри.[66].
Главната железничка станица во Сараево се наоѓа во северниот дел на градот, три километри од градот Сараево. Таа била изградена во 1882 година, додека во 1950 година била заменета од страна на модерна станица. Железничката станица е меѓу најголемите во Европа.
Сараево има само три дневни меѓународни железнички врски со Загреб, Плоче и Белград. Исто така, постојат линии помеѓу Сараево и сите поголеми градови во Босна и Херцеговина.
Како најголем град на Босна и Херцеговина, Сараево е главен центар на медиумите во земјата. Поголемиот дел од инфраструктурата на комуникациите и медиумите била уништена за време на војната, но реконструкција започнала под раководство на Канцеларијата на високиот претставник за Босна и Херцеговина, кој помогнал во модернизација на медиумите во целина[67] . На пример, интернет за првпат бил ставен на располагање во градот во 1995 година.[68].
Oslobođenje (ослободување), основана во 1943 година, е најстариот дневен весник во Сараево и единствен кој ја преживеал војната. Други позначајни весници се Dnevni Avaz (Дневен глас), основан во 1995 година и Jutarnje Novine (Утрински вести). Други локални списанија се хрватскиот весник Hrvatska riječ и босанското списанието Start, како и неделните весници Slobodna Bosna и BH dani.
Радиотелевизија Босна и Херцеговина е државна телевизиска станица со седиште во Сараево, една од трите во Босна и Херцеговина. Други станици со седиште во градот се NRTV „Studio 99“, NTV Hayat, TV 1, Open Broadcast Network, TV Kantona Sarajevo и Alfa.
Седиштето на Al Jazeera Balkans исто така се наоѓа во Сараево. Каналот опфаќа вести за Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Црна Гора и Македонија[69].
Постојат многу мали независни радио станици, вклучувајќи утврдени места како што се Radija M, RSG, eFM[70], Radija 202 и Radija BIR[71].
Високото образование има долга и богата традиција во Сараево. Првата институција која може да се класифицира како високо образовна институција е училиште за суфи-филозофија формирана од Гази Хусрев-бег во 1531 година. Бројни други верски училишта биле основани со текот на времето. Во 1887 година, под австроунгарска власт бил основан Правен факултет на шеријатот[72]. Во 1940 година на Универзитетот во Сараево станал првиот секуларен институт во градот со високо образование, изграден врз средновековната висока школа Сарајбосна Ханика во 1531 година[73] . Во 1950 година биле воведени и пост-дипломски студии.
Универзитети со седиште во Сараево се:
Заклучно со 2005 година, во Сараево постоеле 46 основни училишта (оценки 1-9) и 33 средни училишта (оценки 10-13), вклучувајќи и три училишта за деца со посебни потреби[74].
Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина била основана во 1949 година, во зградата каде се наоѓало седиштето на градските власти во времето на Австроунгарија. Во времето на Босанската војна, библиотеката била разрушена. Пред нападот на објектот во времето на српската опсада на градот, таа располагала со 1,5 милиони тома и над 155.000 книги и ракописи.
Сопствена библиотеки имаат и сите факултети, како и голем број на други институции, асоцијации и компании.
Сараево е дом на голем број на религии со векови, а со тоа и на различни култури. Во времето на Отоманското Царство во градот живееле муслимани, православни христијани, католици и евреи. Ним им се придружиле, во текот на окупацијата од страна на Австроунгарија, и Германците, Унгарците, Словаците, Чесите. До 1909 година, околу 50 % од жителите на градот биле муслимани, 25 % католици, 15 % православни, а 10 % Евреи[75].
Историски гледано, Сараево е дом на неколку познати босански поети, научници, филозофи и писатели за време на Отоманското Царство. Владимир Прелог, добитник на Нобеловата награда за хемија е роден во градот, наградуваниот режисер Данис Тановиќ, писателот Александар Хемон, сценаристот Златко Топчиќ и еден од најпознатите во регионот поет, писател и сценарист Абдула Сидран.
Сараевскиот национален театар е најстариот професионален театар во Босна и Херцеговина, откако бил формиран во 1921 година.
Во градот се наоѓаат голем број на музеи, меѓу кој најпознати се Сараевскиот музеј, музејот на современа уметност Арс Аеви, Историскиот музеј на Босна и Херцеговина, Музејот за литература и театарски уметности на Босна и Херцеговина, како и Националниот музеј на Босна и Херцеговина.
Музејот Алија Изетбеговиќ бил отворен на 19 октомври 2007 година и се наоѓа во стариот дел на градот. Музејот претставува комеморација на влијанието и делото на Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на Босна и Херцеговина.
Градот, исто така, е домаќин на Сараевскиот народен театар, основан во 1919 година, како и на Младинскиот театар. Некои други културни институции се Центарот за култура, Сараевска градската библиотека, Уметничка галерија на Босна и Херцеговина и Бошњачкиот институт.
Сараево во минатото претставувал една од најважните музички енклави во регионот. Сараевското училиште за поп-рок музика било развиено во градот помеѓу 1961 и 1991 година. Овој тип на музика започнал со бендови како Индекси, Про арте, и пејачот и текстописец Кемал Монтено. Во 1980-тите години во градот се појавиле музичките групи како Плави Оркестар, Црвена Јабука и Дивље Јагоде. Една од најпопуларните и највлијателните рок групи во Југославија, Бијело дугме исто така била основана во Сараево. Други позначајни музички групи се Забранјено пушење, Бомбај штампа итн. Најпознати пејачи по потекло од градот се Дино Мерлин, Хари Мата Хари, Кемал Монтено, Жељко Бебек.
Композитори и музичари како Химзо Половина, Сафет Исовиќ, Заим Имамовиќ, Зехра Деовиќ, Халид Бешлиќ, Ханка Палдум, Нада Мамула своите почетоци од музичката кариера ги имале во градот.
Сараево е меѓународно признат поради разновидниот број на фестивали.
Градот бил местото каде се одржале Зимските олимписки игри во 1984 година. Југославија освоила еден медал, сребрен медал во велеслалом за мажи од страна на Јуре Франко[77]. Голем дел од олимписките објекти ја преживеале војната, или биле реконструирани, вклучувајќи ги овде Олимписката сала Хуан Антонио Самаран и стадионот Асим Ферхатовиќ.
Во 2011 година Сараево било домаќин на 51. Светско воено скијачко првенство со над 350 учесници од 23 различни земји. Ова бил прв меѓународен настан од Олимписките игри во 1984 година.
Фудбалот е многу популарен спорт во Сараево. Во градот се наоѓа и седиштето на фудбалските клубови ФК Сараево и ФК Железничар, кои настапуваат во Првата фудбалска лига на Босна и Херцеговина. ФК Сараево своите домашни натпревари ги игра на стадионот Асим Ферхатовиќ кој има капацитет од 34.500 гледачи[78]. ФК Сараево бил основан во 1946 година и како најголеми успеси ги има постигнато во сезоната 1966/67, 1984/85 година, во рамките на Југословенската прва фудбалска лига, кога го освоил второто место. Како дел од Босанската фудбалска лига, во сезоните 2006/07 и 2014/15 година, клубот повторно го освојувал второто место. ФК Железничар своите домашни натпревари ги игра на стадионот Грбавица кој има капацитет од 12.000 гледачи[79]. ФК Железничар бил основан во 1921 година и како најголеми успеси ги има постигнато во сезоната 1971/72 година, во рамките на Југословенската прва фудбалска лига, кога го освоил првото место. Како дел од Босанската фудбалска лига бил шест пати шампион.[80], во сезоните 1997/98, 2000/01, 2001/02, 2009/10, 2011/12, 2012/13 година. Други значајни фудбалски клубови од грдот се ФК Олимпик и ФК САШК.
Друг популарен спорт во градот е кошарката. КК Босна Ројал своите домашни натпревари ги игра на Арената Мирза Делибашиќ која има капацитет од 5,616 гледачи. КК Босна Ројал бил основан во 1951 година и како најголеми успеси ги има постигнато во сезоната 1979 година кога победил во Евролига. Во рамките на Југословенската прва кошаркарска лига клубот бил трипати шампион во сезоните 1977/78, 1979/80, 1982/83 година. Како дел од Босанската кошаркарска лига клубот бил четири пати шампион во сезоните 1998/99, 2004/05, 2005/06, 2007/08 година.
КК Спарс Сараево своите домашни натпревари ги игра на Арената Скендерија. КК Спарс Сараево бил основан во 2005 година и се натпреварува во најсилната Босанска кошаркарска лига.
Во градот други спортски клубови се Шаховскиот клуб Босна Сараево, кој во текот на 1990-тите освоил три европски првњенства, РК Босна кој се натпреварува во првата ракометна лига на Босна и Херцеговина, како и во Европската лига.
Сараево често е прганизатор на меѓународни настани и натпревари во спортови како што се тенис и кикбокс. Популарноста на тенисот се зголемила во последните години. Во градот се одржува Велосипедска трка со над 2.200 велосипедисти кои учествувале во 2015 година.[81].
Во 2019 година, Сараево ќе биде домаќин на Европскиот младински олимписки фестивал.
|
|
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.