Remove ads
друштвено битие со развиена свест From Wikipedia, the free encyclopedia
Човек (множина: луѓе) — вид животно што систематски е познато како Homo sapiens (латински: свесен човек),[3][4] и е единствениот преживеан член на родот Homo од двоножните примати во Hominidae, семејството на големи човеколики мајмуни. Сепак, во некои случаи, зборот „човек“ се користи за означување на кој било член од родот Homo.
Човек[1] Период: Плеистоцен— | |
---|---|
Научна класификација [ у ] | |
Царство: | Животни |
Тип: | Хордови |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Примати |
Семејство: | Големи човеколики мајмуни |
Род: | Човек (род) |
Вид: | Човек |
Подвид: | Човек |
Триномен назив | |
Homo sapiens sapiens Linnaeus, 1758 | |
Распространетост на Homo sapiens (зелено) |
Луѓето имаат високо развиен мозок, способен за апстрактно мислење, јазик, интроспекција и решавање на проблеми. Овој умствен капацитет, заедно со исправениот став на телото кој ги ослободува рацете за раководење со предмети, им дозволил на луѓето многу поголема корист од алати во споредба со било кој друг вид. Доказите основани врз митохондриска ДНК и врз фосили покажуваат дека современите луѓе потекнуваат од Африка од пред околу 200.000 години.[5] Луѓето се космополитски вид, раширен на сите континенти на планетата, освен на Антарктикот. Од мај 2010, светската популација на луѓето се проценува дека изнесува околу 6,8 милијарди.[6] Во просек, човекот може да доживее 70-80 години, иако се забележуваат и случаи на старост поголема од 100 години. Најстариот човек за кого постојат веродостојни докази (со лична карта на којашто пишува дека е роден во 1870 година) е Мба Гото од Индонезија, кој во 2016 година го прославил својот 146. роднеден.[7]
Како и повеќето вистински мајмуни, луѓето се социјални суштества. Сепак, луѓето се уникатно прилагодени кон користење на системи за комуникација за самоизразување, размена на идеи и организација. Луѓето создаваат сложени општествени структури составени од многу соработувачки и натпреварувачки групи, од семејства до нации. Социјалната интеракција меѓу луѓето создала голем број на вредности, општествени норми и ритули кои заедно ја создаваат основата на човечкото општество.
Луѓето имаат изразена желба да ја разберат и да влијаат врз нивната околина и сакаат да ги објаснат и да раководат со природните појави преку наука, филозофија, митологија и религија. Оваа природна љубопитност довела до развивање на напредни алатки и вештини кои културолошки се пренесуваат низ генерациите; човекот е единствениот познат животински вид кој создава огнови, ја готви својата храна, се облекува себеси и користи многубројни други технологии.
Има две различни гледишта за настанокот на човекот. Првото гледиште е засновано врз религиозните учења и е различно во секоја религија. На пример, Сумерите верувале дека боговите ги создале првите луѓе од глина, според нивниот лик. Вавилонците верувале дека човекот бил создаден од глина и крв. Хелените, пак, мислеле дека првиот човек бил направен од земја, и дека една божица му дала животен здив. Според христијанските учења, човекот го создал Господ, кој заповедал човекот да биде господар на целата земја и на живиот свет. Според исламските учења, Алах го создал првиот човек од земја, а потоа му вдишал душа. Второто гледиште го дава науката. Според научните истражувања, човекот се развил постепено, од еден вид човеколик мајмун. Најстариот предок на човекот го викаме прачовек. Тој најпрвин се појавил во Источна Африка. По својот изглед, многу се разликувал од денешните луѓе. Бил наведнат, обраснат со коса, а главата му била помала. За да може да опстане во природата и да преживее, човекот морал да размислува, односно да го употреби својот разум. На тој начин човекот се одделил од животните. За да го дофати плодот од гранките, човекот се поткревал на прсти и го издолжувал телото. Така човекот се извишувал и растел. Првите луѓе не умееле да зборуваат и се разбирале меѓу себе со извици, со мимики и со други знаци.
Во почетокот, првобитниот човек живеел во пештери. Тој се хранел со животните што ги ловел, како и со плодови и корења од растенијата што ги наоѓал во природата. Најважно орудие и оружје му бил каменот. Затоа овој период се вика камено време. Тоа се дели на старо и младо камено време. Првобитниот човек почнал да работи со орудијата што ги правел сам од дрво, од камен и од коски. Така станал многу посилен. Помалку се плашел од дивите животни и полесно доаѓал до храна. Неговите орудија станувале сè поусовршени и поразновидни. Собирајќи плодови од дрвјата, започнал повеќе да се исправа и да се движи на задните нозе. Во исто време, започнал и да говори. Говорот станал многу значаен за разбирањето меѓу луѓето. Затоа имал голема улога во натамошниот развој на човекот. На тој начин човекот започнал сè повеќе да се разликува од животните. Тоа траело многу долго, стотици илјади години.
Првобитниот човек долго време се плашел од огнот што го среќавал во природата при удари на гром, и бегал од него. Со време сфатил дека огнот грее, свети и дека од него бегаат дивите животни. Затоа почнал да го чува и да го одржува. Подоцна научил сам да пали оган – со триење суви дрва или со искри од камен. Употребата на огнот во животот на човекот претставувала големо откритие. Огнот овозможил луѓето да преживуваат и на постудените места, да го печат месото и да ја варат растителната храна која станала повкусна и поразновидна. Подоцна, луѓето научиле на огнот да печат садови од глина, да топат руди и да леат метални орудија и оружје. Пред околу милион години, првите луѓе започнале пешки да преминуваат од Африка во Азија и Европа. Така се ширеле луѓето по земјата. Поради тоа што живееле во различни климатски и географски услови, постепено се менувале и нивните физички одлики и изгледот: добивале темна или светла боја на кожата, темна или светла коса и слично.
Каменот бил најважно орудие и оружје на првобитниот човек. Затоа најстариот период се вика камено време. Тоа се дели на старо и младо камено време. Во старото камено време, човекот го употребувал каменот така како што го наоѓал во природата, или пак го дотерувал и грубо го обликувал со кршење. Во младото камено време, човекот го обработувал каменот и му давал разни облици според своите потреби. Од каменот изработувал ножеви и секири. Ги користел и коските од животните, и од нив правел шила, игли и украси.
Првите луѓе живееле и се движеле во групи, наречени орди. Така се чувствувале посигурни за опстанок и одбрана од нападите на животните и другите луѓе. Се смета дека првите заедници се состоеле од 15 до 20 луѓе. Нивен водач бил најсилниот маж во групата. Подоцна, кога го направил лакот и стрелата, човекот станал ловец. Во младото камено време луѓето почнале да се занимаваат со примитивно земјоделство и сточарство. Започнале да ги припитомуваат и да ги одгледуваат животните. Од нив добивале месо, млеко, кожа и волна. Така од ловци станале сточари. Луѓето од младото камено време знаеле да изработуваат садови од печена глина. Ваквите предмети се викаат грнчарија или керамика. Првите земјоделци и сточари граделе постојани живеалишта на земја и на вода (наколни живеалишта). Во младото камено време граделе и примитивни куќи од гранки и кал. Во младото камено време луѓето живееле во заедници, во кои биле крвно поврзани – биле роднини. Таквата заедница се вика род. Целиот род водел потекло од една заедничка прамајка. Неколку родови сочинувале братство, а неколку братства сочинувале племе. На чело на овие заедници стоеле старешини. Тоа уредување се вика родовско уредување. Сите членови на заедницата биле еднакви и сè што произведувале било заедничко.
Жената имала многу важна улога во родовската заедница. Таа се грижела за децата, за куќата, подготвувала храна, изработувала облека и друго.
Мажите го одгледувале добитокот и оделе на лов. Ваквите човечки заедници, во кои жената имала водечка улога, се викаат матријархат.
Додека трагал по камен за обработка, човекот ги запознал рудите и научил од нив да добива метали. Така започнала епохата на металното време. Најпрвин бил пронајден бакарот. Орудијата и оружјето почнале да се изработуваат од бакар. Но, тој бил многу мек, па орудијата изработени од него лесно се виткале. Кога го пронашол калајот, човекот почнал да го меша со бакар и добил нов метал – бронза. Орудието и оружјето од бронза биле поцврсти и потрајни. Потоа, човекот пронашол нов метал – железото, кое било поцврсто и од бронзата.
Откако биле усовршени орудијата, а посебно ралото и железниот плуг што го влечеле животни, се орало подлабоко, а земјата давала повеќе жито и повеќе плодови. Така, земјоделството и сточарството станале главни занимања на луѓето. Животот на луѓето станал многу полесен и побезбеден. Во исто време се развило и занаетчиството. Занаетчиите почнале да произведуваат разни алатки, како секири, мотики, копја и други потребни орудија. Своите производи започнале да ги разменуваат за земјоделски и сточарски производи, на пример: копје за жито, овца за жито и слично. Размената се вршела производ за производи.
Мошне рано, човекот почувствувал потреба да се организира и да го уреди своето живеење. Тој сфатил дека заедницата, ако е организирана, полесно може да преживее, да се бори против природните непогоди, да се одбрани од непријателите и да ја менува природата според своите потреби. Со текот на времето, родовските заедници се распаднале на помали семејства, кои се обединувале во нови заедници – општини. Во нив луѓето биле соседи и не биле крвно поврзани. Најголеми заедници и понатаму останале племињата.
Старешините на племињата ја задржувале за себе најдобрата земја, а земале најмногу и од воениот плен. Тие им давале подобра земја и поголем плен на своите роднини и придружници. Тоа им овозможувало на старешините и на нивните придружници да имаат повеќе земја, добиток, орудија и оружје од другите членови на племето. Така настанала поделба меѓу луѓето на побогати и посиромашни.
Племенските водачи со своите дружини почнале да водат војни и да освојуваат нови територии. Така стекнувале богатства, но и заробеници, кои ги употребувале како робови за работа. На освоените територии тие почнале да поставуваат управители, судии, свештеници и службеници. Така, постепено, на одредена територија била создадена уште поголема организирана заедница, наречена држава. Начело на државата стоел владетел. Првите држави биле создадени во четвртиот милениум пред н.е., во долините на големите реки во Египет, Месопотамија, Индија и Кина.
Луѓето во праисторијата не можеле да си ги објаснат појавите во природата: громот, молњата, дождот, снегот, годишните времиња, болеста, денот и ноќта, сонцето и други. Тие се плашеле од овие појави и создале свои објаснувања за нив. Верувале дека природните појави ги предизвикуваат натприродни и невидливи сили. Тие невидливи сили ги замислувале како духови. Верувале дека има добри и лоши духови, дека добрите духови им помагаат на луѓето и ги штитат од лошите духови. За некои од нив изработувале статуи од глина. Кога имал потреба, човекот им се обраќал на духовите и ги молел да исполнат некоја негова желба, на пример: да заврне дожд, да огрее сонце, да биде родна годината. Луѓето во праисторијата, а и подоцна, најмногу ги обожавале сонцето, земјата и водата.
Праисториските луѓе верувале дека водат потекло од некое животно, и дека нивниот живот и опстанок зависи од него. Таквото верување се нарекува тотемизам, според зборот тотем, кој значи предок- зачетник на родот или на племето. Додека работеле на земјата, земјоделците сфатиле дека нејзината обработка и плодноста зависат од природните појави – особено од сонцето и дождот, кои најмногу придонесувале за добар род на посевите. Затоа на тие појави им придавале натприродни својства и почнале да ги сметаат за божества. Нашите далечни предци најмногу ја почитувале божицата-мајка, која ја сметале за прародителка на живиот свет на земјата. Луѓето во праисторијата, а и подоцна, се плашеле од боговите, ги почитувале и им принесувале подароци за да им помагаат во неволја.
Праисториските луѓе создавале претстави за светот што ги опкружувал преку цртежи. Тие цртале на ѕидовите од пештерите во кои живееле. Оружјето и орудијата ги украсувале со цртежи. Ловците најчесто ги цртале дивите животни што ги ловеле, како бизони, мечки, мамути, коњи и елени. Такви цртежи се најдени во многу пештери во Европа. Праисториските луѓе изработувале разни статуи на животни, богови и луѓе од глина и од коски.
Според Ерих Фром, во капиталистичкото општество, човекот е претворен во производ, тој ја доживува својата животна енергија како инвестиција која мора да донесе најголема можна добивка, земајќи ги предвид неговата положба и состојба на пазарот на персоналноста. Неговата основна цел е корисната размена на неговите вештини и знаења, на самиот себе, на својот „пакет на личноста“ со другите кои се, исто така, подготвени за чесна и корисна размена. Во тие услови, човечкиот живот нема никаква друга цел, освен да се движи, никаков принцип, освен принципот на чесната размена и никакво задоволство, освен еден - потрошувачката.[8]
Човекот се јавува како тема во уметноста и во популарната култура.
Според италијанскиот поет Џакомо Леопарди, единствената титула која му доликува и со која може да се гордее човекот е титулата човек, а неа може да ја носи само оној која ја заслужува, а тоа е вистинскиот и природен човек. Во таа смисла, треба да се гордееме со името човек, зашто тој е главното дело на природата.[9]
Човекот се јавува како мотив во бројни книжевни дела, како:
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.