Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Коњот (науч. Equus ferus caballus)[1] — голем копнен цицач кој се одликува со брзина, сила и издржливост. Коњите се членови на семејството коњ (Equidae) која ги вклучува и зебрите и магарињата. Како и сите еквиди, коњот е извонредно добро адаптиран на патувања на долги релации, преживувајќи со исхрана која се состои од треви. Коњот е социјално животно, формирајќи силни здруженија со членовите на своето стадо.
Домашен коњ | |
---|---|
Кобила со своето ждребе. | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Непарнокопитни |
Семејство: | Коњи |
Род: | Коњ |
Вид: | Коњ |
Научен назив | |
Equus caballus Лине, 1758 | |
Влијанието на коњите на човечката историја и цивилизација ги прави едни од најважните домашни животни. Коњите биле припитомени во Евроазија пред околу 6,000 години. Тие низ историјата им служеле на луѓето во земјоделството, војните и спортот. Денес питомите коњи се распространети насекаде низ светот, со вкупна проценета популација од околу 60 милиони единки. Дивите коњи, како оние на американскиот запад, се всушност слободни предци на домашните коњи кои не се припитомиле.
Дивите предци на денешните коњи еволуирале милиони години во Северна Америка. Тие се рашириле во другите делови од светот со патување на југ во Јужна Америка и со преминување на копнените мостови кои ја поврзувале Северна Америка со Европа и Азија за време на леденото доба. Коњите исчезнале од Северна и Јужна Америка во еден бран на изумирање кој се случил при крајот на плеистоценската епоха, пред околу 15,000 години. Тие не се забележани во Америка сѐ до 1494, кога италијанскиот истражувач Кристофер Колумбо ги транспортирал со бродови од Шпанија на неговото второ патување за Новиот Свет.
Пржевалскиевиот коњ, именуван по рускиот истражувач Николај Пржевалски, се верува дека е единствениот вистински див коњ кој живее и денес. Веројатно изумрел во дивината на Монголија во 1960-тите, но со помош на европската програма за одгледување на овој коњ, популацијата е обновена. Околу 1,100 коњи преживеале до денес како резултат на нивното вдомување во зоолошките градини и парковите на дивината. Пржевалскиевиот коњ бил повратен во националните паркови во Монголија во 1992, каде сега живеат неколку илјади единки.
Како резултат на намерното одгледување и припитомување од страна на луѓето, коњите имаат изразени варијации во големината, телесната форма и бојата на покривката. Висината на коњот традиционално се мери со раце; една рака е околу 10 cm. Типичните коњи за јавање се околу 14 до 16 раце високи и тежат околу 400 до 500 кг. Најголемиот забележан коњ бил од Белгија, висок 1,8 m и тежок 1.450 кг. Најмалиот коњ е „Палешка“, родена на 1 мај 2001 година, а живее на фармата во близина на Сент Луис, во државата Мисури, САД. Таа е тешка 25 килограми и висока само 45 сантиметри и во 2006 година влегла во Гинисовата книга на рекорди, како најмал коњ на светот. Таа е родена со ретко заболување (дворфизам) и бидејќи имала проблеми со одењето, морало да ѝ се направат специјални копита.[2]
Коњот има влакнеста покривка и долга грива и опашка. Тешката зимска покривка расте наесен и се митари на пролет. Типични бои на покривката се црна, кафеава, сива, кремаста, златна и бела. Гривата и опашката може да се исто или различно обоени од бојата на телото. Најразличните варијации во бојата можат да настанат од наследни црти кои предизвикуваат дамки, разредување на основната телесна боја или пробивање на бели влакна во покривката. Многу телесни бои имаат специфични имиња, како што е „беж“ (кафеав коњ со црна грива и опашка), „костен“ (црвенкасто кафена со грива и опашка во иста или нешто посветла боја) и „паломино“ (златна со кремасто бела грива и опашка).
Главата на коњот се состои од череп, кој го затвора големиот комплексен мозок, и лице. Очите на коњот се доволно оддалечени од устата, така што тој може да пасе и да внимава на опасноста во исто време.
Коњот има многу ефикасен респираторен и циркулаторен систем кои му овозможуваат да се трка со големи брзини, а притоа да нема недостаток од кислород. Додека се движи, коњот конзумира само еден литар кислород во минута, но при трка, неговиот капацитет за примање на кислород може да наближи до 60 литри во минута. При трка, главата и вратот на коњот се движат горе-долу заедно со секој чекор. Ова движење ги стеснува и шири белите дробови, така што тркачкиот коњ автоматски зема точно еден здив за еден чекор.
Коњот има единечен желудник и голем дигестивен орган наречен цекум, кој формира слепа алеја во делот каде се спојуваат тенкото и дебелото црево. Микроорганизмите кои живеат во цекумот ја разложуваат целулозата, со што овозможуваат таа да се дигерира. Цекумот има споредлива улога со руменот, специјализирана желудочна комора кај преживарите. Коњите неможат да екстрахираат толку енергија како преживарите, но тие се способни за побрза дигестија на храната. Така, еден коњ може да изеде повеќе храна секој ден отколку крава со иста големина. Како резултат на ова, коњите можат да преживеат само со тревестостеблеста храна, која не е доволна за кравите.
Коњот често се јавува како тема или лик во литературата, сликарството и во популарната култура.
Во народните приказни, коњот е чест придружник на главниот јунак (вообичаено, принцот или кралот) при што му дава совети и му помага во опасностите. Притоа, коњот има необични својства - знае да зборува, трча со огромна брзина или лета на небото итн.[3][4][5] На пример, во епската песна „Женидбата на кралот Волкашин“ се споменува коњот Јабучило кој имал крилја кои му излегувале наутро, кога пееле првите петли. Со нив, коњот лесно можел да прелета каде што сакал.[6] Слично, коњот на војводата Пријезда можел да прескокне и по два бедема.[7] Прославениот коњ на Крале Марко, Шарец, живеел дури 160 години.[8]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.