Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Индонезија, службено Република Индонезија, е држава која се наоѓа во Југозападна Азија и Океанија. Индонезија е составена од 17 508 острови и 38 покраини. Со над 260 милиони жители, Индонезија е четвртата најнаселена држава во светот и е земја со најголем број на муслимани. Индонезија е република, со законодавно тело и претседател кои се директно избрани. Главен град на Индонезија е Џакарта. Индонезија копнено се граничи со Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Малезија. Други соседни земји се Сингапур, Филипини, Австралија и индиските Андамански и Никобарски острови. Индонезија е една од земјите-основачи на ASEAN (Асоцијација на земји од југоисточна Азија) и е членка на големите економии Г-20. Индонезиската економија е осумнаесетта во светот според номинален БДП и петнаесетта најголема во светот според паритетот на куповната моќ.
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Република Индонезија Republik Indonesia (индонезиски)
|
||||||
---|---|---|---|---|---|---|
|
||||||
Гесло: Bhinneka Tunggal Ika (старојавански) Единство во различност |
||||||
Химна: Indonesia Raya |
||||||
Главен град | Џакарта 6°10.5′S 106°49.7′E | |||||
Најголем град | главниот град | |||||
Службен јазик | индонезиски | |||||
Демоним | Индонезиец | |||||
Уредување | Претседателски систем | |||||
• | Претседател | Џоко Видодо | ||||
• | Заменик претседател | Јусуф Кала | ||||
Независност | од Холандија | |||||
• | Објавена | 17 август 1945 | ||||
• | Призната | 27 ноември 1949 | ||||
Површина | ||||||
• | Вкупна | 1,904,569 (копно) км2 (16-та) | ||||
• | Вода (%) | 4.85 | ||||
Население | ||||||
• | проценка за 2016 г. | 261.115.456[1] | ||||
• | Попис 2010 | 237,641,326[2] (4та) | ||||
• | Густина | 138 жит/км2 (88та) | ||||
БДП (ПКМ) | проценка за 2008 г. | |||||
• | Вкупен | $908.242 милијарди[2] | ||||
• | По жител | $3,986[2] | ||||
БДП (номинален) | проценка за 2008 г. | |||||
• | Вкупно | $511.765 милијарди[2] | ||||
• | По жител | $2,246[2] | ||||
Џиниев коеф. (2002) | 34.3 среден |
|||||
ИЧР (2013) | ▬ 0.684[3] среден · 108ма |
|||||
Валута | рупија (IDR ) |
|||||
Часовен појас | различни (UTC+7 to +9) | |||||
• | (ЛСВ) | н/п (UTC) | ||||
Се вози на | лево | |||||
НДД | .id | |||||
Повик. бр. | 62 |
Индонезискиот архипелаг е важен трговски регион уште од 7 век кога империјата Шривиџаја а потоа и Маџапхит тргувале со Кина и Индија. Локалните владетели постепено примиле од странските културни, религиски и политички модели од раните векови и со тоа се развиле Будистичките и Хиндуистичките кралства. Историјата на Индонезија била под влијание на странските сили кои биле привлечени од природните ресурси на земјата. Муслиманските трговци го донеле исламот, а Европејците христијанството и тие меѓусебно војувале за да ја монополизираат трговијата на Островот на зачините Маику за време на големите географски откритија. По холандскиот колонијализам кој траеел три и пол века, Индонезија ја обезбедила својата независност по Втората светска војна. Оттогаш индонезиската историја е турбулентна, со предизвици поставени од природни катастрофи, корупција, сепаратизам, процес на демократизација и периоди на брзи економски промени.
Низ своите бројни острови, Индонезија има различни етнички, лингвистички и религиозни групи. Јаванската етничка група е најголема и најдоминантна во политиката. Индонезија има развиено заеднички идентитет дефиниран со национален јазик, етничка разновидност, религиозен плурализам со муслиманско мнозинство и историја на колонијализам и отпор против колонијализмот. Националното мото на Индонезија „Bhinneka Tunggal Ika“ („единство во различноста“ или буквално „многу, а сепак едно“) јасно ја изразува разновидноста која ја обликува оваа држава. И покрај големиот број на жители и густо населените региони, Индонезија има огромни области со дивина благодарение на кои таа се наоѓа на второто место во светот со најголем степен на биоразновидност. Земјата е богато обдарена со природни ресурси, но сепак сиромаштијата останува широко распространета во современа Индонезија.
Името Индонезија потекнува од латинскиот збор Indus и грчкиот збор nesos кои значат остров. Името датира од 18 век уште пред формирањето на независна Индонезија. Во 1850 година, Џорџ Винсдор Ерл, англиски етнолог, ги предложи термините Indunesians и Malayunesians (кој тој го претпочиташе) за жителите на Индискиот архипелаг или Малајскиот архипелаг. Во истата публикација, Џејмс Ричардсон Логан, ученик на Ерл го искористи терминот Indonesia како синоним за индискиот архипелаг. Сепак, холандските професори кои објавувале публикации во Источните Инди не сакале да го користат терминот Индонезија. Наместо тоа тие ги користеле термините Малајски архипелаг, Холандските Источни Инди, познати како Инди, Истокот па дури и Инсулинде.
Од 1900 година, името Индонезија стана поупотребувано во професорските кругови надвор од Холандија и индонезиските националистички групи го усвоија името како политички израз. Адолф Бастијан од универзитетот од Берлин, го популаризираше името преку неговата книга „Indonesien oder die Inseln des Malayischen Archipels, 1884-1894“. Првиот индонезиски научник кој го употребил ова име е Suwardi Suryaningrat ( Ki Hajar Dewantara), кога основал новинарско биро во Холандија во 1913 година, наречено Indonesisch Pers-bureau.
Фосилизираните остатоци од Homo erectus, познати како јавански човек, укажуваат дека Индонезискиот архипелаг е населен од пред два милиони до 500 000 години. Homo sapiens го населил регионот пред околу 45000 години. Австронезиските народи, кои го сочинуваат мнозинството од модерната популација, мигрирале во југоисточна Азија од Тајван. Тие пристигнале во Индонезија во 2000 година п.н.е и како што се ширеле низ архипелагот ги ограничиле староседелските Меланезиски народи во далечните источни региони. Идеалните земјоделски услови и усовршувањето на одгледувањето на ориз во 8 век п.н.е., овозможило развивање на селата, градовите и малите кралства до првиот век од нашата ера. Стратешката позиција на Индонезија поттикна меѓуостровска и меѓународна трговија, вклучувајќи и врски со индиските кралства и Кина кои беа основани неколку века пред нашата ера. Оттогаш трговијата суштински ја обликува индонезиската историја.
Од 7 век од нашата ера, се разви моќното поморско царство Шривиџаја како резултат на трговијата и влијанието од хиндуизмот и будизмот кои кои беа пренесени во Индонезија преку трговијата. Од 8 до 10 век од нашата ера, земјоделската будистичка династија Саилендра и хиндуистичката династија Матарам напредуваа и се намалија во внатрешноста на Јава, оставајќи големи религиозни споменици како што се Боробудур на династијата Саилендра и Прамбанан на династијата Матарам. Хиндуистичкото кралство Маџапхит се создало во источна Јава во доцниот 13 век и под водство на Гаџах Мада, нејзиното влијание се проширило речиси низ цела Индонезија.
Иако муслиманските трговци прво патувале преку југоисточна Азија во раниот исламски период, најраните докази на исламизирано население во Индонезија датираат од 16 век во северна Суматра. Другите индонезиски области постепено го прифатија исламот кој стана доминантна религија во Јава и Суматра кон крајот на 16 век. Воглавно исламот се измеша со постоечките културни и религиозни влијанија, кои ја обликуваа доминантната форма на исламот во Индонезија, особено во Јава. Првите Европејци пристигнаа во 1512 година, кога португалски трговци, предводени од Франсиско Сераун, бараа да ги монополизираат изворите на морско оревче, каранфилче и црн бибер во Малуку. По нив дојдоа и холандски и британски трговци. Во 1602 година Холандија ја формираше холандската источно-индиска компанија и со тоа стана доминантна европска сила. Холандската источно-индиска компанија официјално престана да работи во 1800 година поради стечај и владата на Холандија ги прогласи Холандските Источни Инди за национализирана колонија.
Речиси целиот колонијален период, холандската контрола врз архипелагот беше слаба надвор од крајбрежните упоришта. Само на почетокот на 20 век холандската доминација се прошири до границите на она што сега претставува Индонезија. И покрај големите внатрешни политички, социјални и секташки поделби за време на Националната Револуција, индонезијците најдоа единство во нивната борба за независност. Јапонската окупација за време на Втората светска војна го прекина холандското владеење и го охрабри претходно потиснатото индонезиско движење за независност. Два дена по капитулацијата на Јапонија, во август 1945 година, Сукарно, влијателен националистички водач, прогласи независност и беше назначен за претседател. Холандија се обиде повторно да го воспостави своето владеење во Индонезија и вооружената и дипломатска борба заврши во декември 1949 година кога поради големиот меѓународен притисок, Холандија официјално ја призна Индонезија како независна држава (со исклучок на холандската територија Западна Нова Гвинеја која беше вклучена во Индонезија со договорот од Њујорк во 1962 година, и со Актот на слободен избор од 1969 година по наредба од ОН).
Сукарно го насочи своето владеење од демократија кон авторитаризам, и ја одржуваше својата моќ преку балансирање на противничките сили на војската и на Комунистичката партија на Индонезија. Обидот за државен удар на 30 септември 1965 година беше пресретнат од страна на армијата која водеше насилна анти-комунистичка чистка и Комунистичката партија на Индонезија беше обвинета за државен удар и со тоа ефикасно беше уништена. Помеѓу 500 000 и еден милион луѓе беа убиени. Водачот на војската, генерал Сухарто го надмудри политички ослабениот Сукарно, и официјално беше назначен за претседател во март 1968 година. Неговото управување на државата според новиот поредок го поддржа владата на САД, и ги охрабри директните странски инвестиции во Индонезија што претставуваше главен фактор за значителниот економски раст во наредните три децении. Сепак, авторитарниот „Нов поредок“ беше обвинуван за корупција и потиснување на политичката опозиција.
Индонезија беше најтешко погодена земја за време на Азиската финансиска криза во деведесеттите години. Ова го зголеми незадоволството од новиот поредок и доведе до протести низ целата држава. Сухарто поднесе оставка на 21 мај 1998 година. Во 1999 година Источен Тимор гласаше да се оддели од Индонезија по 25 годишната воена окупација која беше меѓународно осудена поради репресијата на жителите од Источен Тимор. По оставката на Сухарто, регионалната автономна програма ги зајакна демократските процеси и во 2004 година се случија првите директни претседателски избори. Политичката и економската нестабилност, социјалните немири, корупцијата и тероризмот го успоруваа процесот, но сепак, во последните пет години економијата е зајакната. Иако односите помеѓу различни религиски и етнички групи се во голема мера хармонични, се појави секташко незадоволство и насилство. Во 2005 година во Ачех се постигна политички договор за решавање на вооружениот сепаратистички конфликт.
Индонезија |
Оваа статија е дел од темата: |
|
Влада
|
|
Индонезија е република со претседателски систем. Како унитарна држава, моќта е концентрирана на централното владеење. По оставката на претседателот Сухарто во 1998 година, индонезиските политички и владеачки структури претрпеа големи реформи. Четири амандмани од уставот на Индонезија од 1945 година ги реорганизираа извршната, судската и законодавната гранка. Претседателот на Индонезија е шеф на државата, врховен командант на националните индонезиски вооружени сили и е главен раководител на државното владеење, политиката и надворешните работи. Претседателот назначува совет на министри кои не мора да бидат избрани членови на законодавното тело. Претседателските избори во 2004 година беа првите избори во кои граѓаните директно ги избраа претседателот и потпретседателот. Претседателот може да отслужи најмногу два последователни мандати кои траат по пет години.
Највисокото претставничко тело на национално ниво е Народното советодавно собрание. Неговите главни должности се поддржување и измени во уставот, свечено назначување на претседателот, официјализирање на главните црти на државната политика. Собранието има моќ да го отповика претседателот. Народното советодавно собрание е поделено на два дома: Собрание на народни претставници кој има 560 членови и Собрание на регионални претставници кој има 132 членови. Собранието на народни претставници донесува закони и ја надгледува извршната власт, партиските членови се избираат со пет годишен мандат преку пропорционална застапеност. Реформите од 1998 година значително ја зголемија улогата на Собранието на народни претставници во националното владеење. Собранието на регионални претставници претставува нов дом за прашања од регионалното управување.
Повеќето граѓански спорови се решаваат во Државниот суд (Pengadilan Negeri), а жалбите се разгледуваат пред Високиот суд (Pengadilan Tinggi). Врховниот суд (Mahkamah Agung) е највисокиот суд во земјата и ги разгледува конечните жалби и вршат ревизија на случаите. Други судови се: Стопански суд кој се занимава со банкротирање и неликвидност, Државниот управен суд (Pengadilan Tata Negara) кој ги разгледува административно-правните случаи против владата, Уставен суд (Mahkamah Konstitusi) кој разгледува спорови кои се однесуваат на легалната оправданост на законите, општите избори, распаѓање на политички партии како и овластувањата на државните институции и Религиски суд (Pengadilan Agama) кој се занимава со случаи поврзани со кодифицираниот шеријатски закон.
За разлика од анти-империјалистичката антипатија на Сухарто кон западните сили и тензиите со Малезија, надворешните работи на Индонезија по „новиот поредок“ на Сухарто се темелат на економска и политичка соработка со западните земји. Индонезија одржува блиски односи со азиските соседи и е основачка членка на Асоцијацијата на земји од југоисточна азија (ASEAN) и Самитот од Источна Азија. Државата ги обнови односите со Народна Република Кина во 1990 година кои беа замрзнати поради анти-комунистичките чистки во почетокот на ерата на Сухарто. Индонезија е членка на Обединетите Нации од 1950 година и беше една од основачите на Движењето на неврзаните и на Организацијата на исламските конференции. Индонезија е потписничка на договорот на ASEAN за Зоната на слободна трговија, член на Carnis групата и на Светската Трговска Организација и беше членка на Организација на земји извознички на нафта и нафтени деривати, но се повлече во 2008 година бидејќи повеќе не беше извозник на нафта. Индонезија добиваше хуманитарна помош и помош за развој од 1996 година, особено од САД, Западна Европа, Австралија и Јапонија.
Индонезиската влада соработуваше со повеќе земји за да ги уапсат и гонат сторителите на големи бомбашки напади поврзани со милитантниот Исламизам и Ал Каеда. Во најкрвавиот бомбашки напад загина 202 луѓе ( од кои 164 беа меѓународни туристи) во туристичкиот град Кута на Бали во 2002 година. Нападите и понатамошните предупредувања од другите земји сериозно му наштетија на туризмот на Индонезија и перспективите за странски инвестиции.
Вооружените сили на Индонезија кои бројат 300 000 членови се составени од армијата (TNI), морнарицата (TNI-AD во кои спаѓаат и маринците) и военото воздухопловство (TNI-AU). Армијата има околу 233 000 активен персонал. Трошоците за одбрана од државниот буџет во 2006 година изнесуваше 4% од БДП и контроверзно беа надополнувани од воените комерцијални камати и фондации. Една од реформите по оставката на Сухарто во 1998 година беше укинувањето на формалната застапеност на армијата во парламентот. Сепак политичкото влијание на армијата сѐ уште е големо.
Сепаратистичките движења во покраините Ачех и Папуа доведоа до вооружен конфликт, а потоа следеа обвинувања за кршење на човековите права и бруталност од сите страни. По повремената 30 годишна герилска војна меѓу Движењето за слободен Ачех и индонезиската војска, во 2005 година се постигна договор за прекин на огнот. За време на претседателството на Сусило Бамбанг Јудхојоно во Папуа имаше значително, иако несовршено, спроведување на закони за регионална автономија и забележителен пад на нивото на насилство и прекршување на човековите право.
Административно, Индонезија се состои од 38 покраини, од кои 9 имаат специјален статус. Секоја покраина има свое политичко законодавство и гувернер. Покраините се поделени на намесништва (kabupaten) и градови (kota), кои понатаму се делат на области (kecamatan) и потоа повторно на селски групации (keca или kelurahan). Понатаму, селото се дели на неколку граѓански групи (Rukun Warga – RW) кои понатаму се делат на неколку маалски групи (Rukun Tetangga – RT). По спроведувањето на мерките за регионална автономија во 2011 година, намесништвата и градовите станаа главни административни единици, одговорни за обезбедување на повеќето владини услуги. Селската администрација е највлијателна во секојдневниот живот на жителите и се занимава со прашања од село или населба преку избран lurah или kepala desa (раководител на селото).
Покраините Ачех, Џакарта, Јогјакарта, Папуа и Западна Папуа имаат поголеми законодавни привилегии и повисок степен на автономија од другите покраини. На пример, Ачешката влада има право да создаде одредени елементи на независен правен систем. Во 2003 година Ачешката управа воспостави еден вид на шеријат (Исламски закон). Јогјакарта го доби статусот на посебен регион како признание за нејзината клучна улога во поддршката на индонезиските републиканци за време на индонезиската револуција. На Папуа, порано позната како Ириска Џаја и беше доделен посебен статус на автономија во 2001 година и таа се подели на Папуа и Западна Папуа во февруари 2003 година. Џакарта претставува посебен регион и главен град.
Индонезија се протега меѓу 11° ЈГШ и 6° СГШ и од 95° до 141° ИГД. Се состои од 17 508 острови, од кои 6000 се населени. Тие се расфрлани на двете страни на екваторот. Најголеми острови се Јава, Суматра, Борнео (делови од островот припаѓаат на Бурнеи и на Малезија), Нова Гвинеја (дел од островот припаѓа на Папуа Нова Гвинеја) и Сулавеси. Индонезија копнено се граничи со Малезија на островот Борнео, со Папуа Нова Гвинеја на островот Нова Гвинеја и со Источен Тимор на островот Тимор. Индонезија има поморски граници низ морски теснеци со Сингапур, Малезија и Филипини на север и со Австралија на југ. Главниот град, Џакарта, се наоѓа на островот Јава и е најголем град во Индонезија а по него се Сурабаја, Бандунг, Медан и Семаранг.
Со површина од 1 919 440 км² Индонезија е 16 најголема земја во светот по големина. Просечната густина на населеност е 134 жители на квадратен километар се наоѓа на 79 место во светот, а Јава, најнаселениот остров на светот има густина на населеност од 940 жители на квадратен километар. Со висина од 4884 m Пунчак Џаја е највисокиот врв, а езерото Тоба во Суматра е најголемото езеро со површина од 1145 km2. Најголемите реки во земјата се Махакам и Барито и се наоѓаат на островот Калимантан. Овие реки претставуваат транспортни и комуникациски врски меѓу речните населби на островот.
Местоположбата на Индонезија на рабовите на тихоокеанските, евроазиските и австралиските тектонски плочи е причина за бројните вулкани и честите земјотреси. Индонезија има најмалки 150 активни вулкани вклучувајќи ги и Кракатау и Тамбора кои се познати по разурнувачките ерупции во 19 век. Ерупцијата на супервулканот Тамбора пред околу 70 000 години беше еден од најголемите ерупции и претставуваше глобална катастрофа. Неодамнешните катастрофи кои се резултат на сеизмичка активност се цунамито во 2004 година во северна Суматра кое имаше околу 167 736 жртви и земјотресот Јогјакарта во 2006 година. Сепак, вулканскиот пепел придонесува за големата плодност на земјата и е причина за големата густина на населеност на Бали и Јава.
Поради положбата долж екваторот, Индонезија има тропска клима со две различни монсунски влажни и суви сезони. Просечните годишни врнежи во низините варираат од 1780 до 3175 мм и до 6100 мм на планинските области. Планинските области, особено западниот брег на Суматра, Западна Јава, Калимантан, Сулавеси и Папуа имаат најмногу врнежи. Влажноста просечно изнесува 80%. Нема големи температурни разлики во текот на годината, а просечната дневна температура во Џакарта варира од 26 °C до 30 °C.
Големината на Индонезија, тропската клима и тоа што таа е островска земја се причините за второто место во светот по највисок степен на биоразновидност (по Бразил), а нејзината флора и фауна е мешавина од азиски и австралоазиски видови. Островите Суматра, Јава, Борнео и Бали кои порано биле дел од азиското копно, се богати со азиска фауна. Големите видови како што се тигарот, носорогот, орангутанот, слонот и леопардот порано биле застапени источно до Бали, но сега бројот и распространетоста драстично се намалени. Шумите покриваат околу 60% од земјата. Во Суматра и Калимантан овие шуми се од азиски вид. Сепак, шумите од Јава која е помала, но погусто населена, се во голема мера отстранети поради земјоделството и населувањето на луѓето. Сулавеси, Нуса Тенгара и Малуку кои подолг период се одвоени од копното, развиле своја единствена флора и фауна. Папуа била дел од австралиското копно и претставува живеалиште на единствена флора и фауна која е тесно поврзана со австралиската, вклучувајќи над 600 видови на птици.
Индонезија е втора во светот по бројот на ендемски видови по Австралија, со 36% од 1513 видови на птици и 39% од 515 видови на цицачи. Крајбрежјето на Индонезија кое изнесува 80000 км е опкружено со тропски мориња кои придонесуваат за високото ниво на биоразновидност во земјата. Индонезија има голем број на морски и крајбрежни екосистеми вклучувајќи плажи, песочни дини, заливи, ризофори, корални гребени, морска трева, калливи морски брегови, алги и мали островски екосистеми. Британскиот природонаучник Алфред Волес опиша разделувачка линија меѓу распределеноста на азиските и австралоазиските видови во Индонезија. Позната е како Волесова Линија и се наоѓа во правец север-југ и минува по работ на гребенот Сунда, помеѓу Каламантан и Сулавеси и низ длабокиот Сундски Проток помеѓу Ломбок и Бали. Западно од линијата преовладува азиска флора и фауна, а источно од Ломбок преовладувадуваат австралоазиски видови. Во неговото дело „Малајскиот архипелаг“ од 1869 година, тој опишува голем број на видови кои се единствени за оваа област. Регионот на острови помеѓу линијата и Нова Гвинеја се вика Волесеа.
Големиот број на жители во Индонезија и брзата индустријализација претставуваат сериозен проблем за животната средина, на која и даваат понизок приоритет поради високиот степен на сиромаштија и слабото управување поради недостаток на ресурси. Проблемите вклучуваат масовно уништување на шумите (најчесто нелегално) и шумски пожари од кои произлегува големо количество на смог над делови од западна Индонезија, Малезија и Сингапур, прекумерно користење на морските ресурси, и еколошки проблеми поврзани со брзата урбанизација и економскиот развој, вклучувајќи ги загадувањето на воздухот, сообраќајниот метеж, управувањето со ѓубре и услугите за чиста и отпадна вода. Со уништувањето на шумите и тресетот, Индонезија стана третиот најголем емитер на стакленички гасови во светот. Уништувањето на природните живеалишта го загрозува опстанокот на домородните и ендемските видови, вклучувајќи 140 цицачи кои според Меѓународниот сојуз за заштита на природата (IUCN) се под закана, а 15 се критично загрозени вклучувајќи го и суматранскиот орангутан.
Индонезија има мешана економија во која и приватниот и државниот сектор имаат значајна улога. Индонезија е најголемата економија во југоисточна Азија и е членка на големите економии Г-20. Номиналниот бруто-домашен производ во 2010 година изнесуваше 706.72 милијарди долари, номиналниот БДП по жител изнесуваше 3.015 долари, а БДП според паритетот на куповна моќ изнесуваше 4.394 долари. Индустрискиот сектор е најголем со 46.4% од вкупниот БДМ, потоа услужниот сектор со 37.1% и земјоделството со 16.5%. Сепак, од 2010 година услужниот сектор има најмногу вработувања односно 48.9% од вкупната работна сила, потоа земјоделството со 38.3% и индустријата со 12.8%. Сепак, земјоделството со векови беше најголемиот работодавец.
Главни извозни пазари се Јапонија (17.28%), Сингапур (11.29%), САД (10.81%) и Кина (7.62%). Најголеми увезувачи во Индонезија се Сингапур (24.96%), Кина (12.52%) и Јапонија (8.92%). Во 2005 година Индонезија имаше трговски суфицит со извозни приходи кои изнесуваа 83.64 милијарди долари и увозни трошоци кои изнесуваа 62.02 милијарди долари. Земјата е богата со природни ресурси како што се: сурова нафта, природен гас, калај, бакар и злато. Индонезија увезува машини и опрема, хемикалии, горива и прехранбени производи, а извезува нафта и гас, електрични апарати, иверица, гума и текстил.
Во 1960-тите години економијата драстично се влоши поради политичката нестабилност, младата и неискусна влада и економскиот национализам што доведе до сиромаштија и глад. Пред падот на Сукарно во средината на 1960-тите години, економијата беше во хаос, со 1000% годишна стапка на инфлација, намалување на приходите за извоз, трошна инфраструктура, фабрики кои работат со минимален капацитет и малку инвестиции. По падот на Сукарно во средината на 1960-тите години, администрацијата на „Новиот поредок“ донесе одреден степен на дисциплина во економската политика со која се намали инфлацијата, се стабилизира валутата, ја репрограмираше отплатата на долговите и привлече странска помош и инвестиции. До неодамна Индонезија беше единствената земја од југоисточна Азија која членува во Организацијата на земји извознички на нафта (OPEC) а со зголемувањето на цените на нафтата во 1970-тите земјата имаше пораст на приходите од извозот што придонесе до одржлива висока стапка на економски раст, просечно над 7% во периодот од 1968 година до 1981 година. По реформите во доцните 1980-ти години имаше прилив на странски инвестиции во Индонезија особено во извозно ориентираниот производствен стектор кој брзо се развиваше и од 1989 до 1997 година просечната индонезиска економија се зголеми во просек од над 7%.
Индонезија беше најсилно погодена земја од азиската финансиска криза од 1997 до 1998 година. Во однос на американскиот долар, рупијата падна од 2600 до 14000 а економијата се намали за 13.7%. Вредноста на рупијата се стабилизираше од 8000 до 10 000 и потоа следеше подобрување на економијата. Сепак, политичката нестабилност, бавните економски реформи и корупцијата го забавија процесот на економско заздравување. Оттогаш Transparency International, ја рангираше Индонезија под 100 место според индексот на перцепција на корупцијата. Сепак БДП порасна за 5% во просек во периодот од 2004 до 2006 година. За жал, порастот на БДП немаше големо влијание врз невработеноста и сиромаштијата особено поради стагнацијата на платите и брзото покажчување на цените на храната, нафтата и гасот. Од 2007 година, со подобрувањето на банкарскиот сектор и домашната потрошувачка, националниот економски раст изнесуваше 6% годишно и овој пораст и помогна на земјата да се справи со глобалната рецесија во периодот од 2008 до 2009 година. Во 2010 година околу 13,3% од населението живееше под границата на сиромаштија, а стапката на невработеност изнесуваше 7,1%.
Верници во Индонезија | ||||
---|---|---|---|---|
Муслимани | 87,2 % | |||
Протестанти | 7,0 % | |||
Католици | 2,9 % | |||
Хиндуисти | 1,7 % | |||
Будисти | 0,7 % | |||
Конфуци | 0,05 % | |||
Други | 0,45 % |
Бројот на жители во Индонезија според националниот попис од 2010 година изнесува 237,6 милиони, со сè уште висок пораст на населението од 1,9%. Од нив 58% живеат на островот Јава кој претставува најнаселен остров во светот. И покрај прилично ефикасната програма за планирање на семејството која стапи во сила во 1960-тите години, бројот на жители во Индонезија се очекува да порасне на околу 254 милиони до 2020 година, а на 288 милиони до 2050 година.
Повеќето индонезијци потекнуваат од народите кои зборувале австралонезиски јазици кои водат потекло од пан австронезискиот јазик кој веројатно потекнува од Тајван. Друга поголема група се малинезијците кои се населени во источна Индонезија. Постојат околку 300 различни староседелски дијалекти во Индонезија и 742 различни јазици и дијалекти. Најголемата етничка група во Индонезија е јаванската која претставува 42% од вкупното население и таа е политички и културолошки доминантна. Други поголеми етнички групи се суданската, малајската и мадурската етничка група. Постои чувство на државност и покрај силните регионални идентитети. Оштеството е во голема мера хармонично иако социјалните, религиозните и етничките тензии многупати биле причина за ужасно насилство. Кинеските индонезијци кои претставуваат 3-4% од вкупното население се влијателно етничко малцинство. Голем дел од приватните трговски компании во земјата се под кинеско-индонезиска контрола што беше причина за големо незадоволство па дури и анти-кинеско насилство.
Службениот јазик, индонезиски, универзално се изучува во училиштата и поради тоа речиси секој жител го зборува индонезискиот јазик. Тој е јазикот на бизнисот, политиката, националните медиуми, образованието и науката. Индонезискиот јазик е оформен врз основа на влијателниот малајски дијалект на султанатот Џохор-Ријау кој со векови претставувал лингва франка на архипелагот, според чии стандарди се создале службените јазици на Сингапур, Малезија и Брунеј. Индонезиските националисти го промовираа јазикот во 1920-тите години и го прогласија за службен јазик под името индонезиски јазик (на индонезиски Bahasa Indonesia) на прогласувањето на независноста во 1945 година. Повеќето индонезијци зборуваат најмалку еден од неколкуте стотици јазици и дијалекти, најчесто како прв јазик. Од овие јазици, јаванскиот е најзборуван, како јазик на најголемата етничка група. Од друга страна, Папуа има повеќе од 270 автохтони папуански и австронезиски јазици во регион населен од околу 2,7 милиони луѓе.
Иако верската слобода е предвидена во индонезискиот устав, владата официјално признава само шест религии: ислам, протестантство, римокатолицизам, хиндуизам, будизам и конфуцијанство. Иако не е муслиманска држава, Индонезија се наоѓа на првото место во светот со најголем број на муслимани и муслиманско мнозинство и според пописот од 2000 година 86% од индонезијците се муслимани. На 21 мај 2011 година во Индонезија е основан првиот Совет на Сунити и Шиити (MUHSIN) кој е прв од ваков вид во светот. Советот има цел да одржува собири, дијалози и социјални активности но не смее да ги меша овие две учења. Тоа беше одговорот на насилството во име на религијата. Мнозинството муслимани во Индонезија се сунити. Девет проценти од населението е христијанско, три проценти е хинду, а два проценти е будистичко или припаѓа на друга религија. Повеќето хинду индонезијци се од Бали, а повеќето будисти во денешна Индонезија се етнички кинези. Иако во денешно време хиндуизмот и будизмот се малцински религии тие сè уште имаат големо влијание врз индонезиската култура. Индонезијците од северниот дел на Суматра биле првите кои го прифатиле исламот во 13 век под влијание на трговците, а веќе во 16 век тој стана доминантна религија во земјата. Првите португалски колонијалисти и мисионери го донесоа римокатолицизмот во Индонезија, а протестантската вероисповед е во голема мера резултат на холандските калвинистички и лутерански мисионерски напори за време на колонијалниот период. Голем број на индонезијци, како што се јаванските abangan, балиските хиндуси и dayak христијаните имаат помалку ортодоксна, синкретичка форма на религија која се заснова на локалните обичаи и верувања.
Индонезија има околу 300 етнички групи со културни идентитети кои се развивале со векови и кои биле под влијание на индиски, арапски, кинески и европски извори. На пример, традиционалните балиски и јавански танци содржат аспекти од хиндуистичката култура и митологија како што се претставите wayang kulit ( театар на сенки). Ткаенините батик, икат и сонгкет се создаваат низ цела Индонезија во стилови кои варираат во зависност од регионот. Индиската архитектура има најдоминантно влијание врз индонезиската архитектура а други значајни влијанија за архитектурата во Индонезија се кинеската, арапската и европската архитектура.
Спортот во Индонезија е главно машки ориентиран а спортовите кои привлекуваат голем број гледачи најчесто се поврзани со нелегално коцкање. Најпопуларни спортови се бадминтон и фудбал. Индонезиските играчи го имаат освоено Томас купот (светско тимско првенство во бадминтон за мажи) тринаесет пати од вкупно дваесет и шест првенства од постоењето на ова првенство од 1949 година и неколку олимписки медали од кога овој спорт доби целосен олимписки статус во 1992 година. Женскиот тим двапати победи на Убер купот (женскиот еквивалент на Томас купот) во 1994 и 1996 година. Лига Индонезија е лига на фудбалски клубови од највисок ранг. Традиционални спортови во Индонезија се сепак такро (одбојка со нозе) и трки со бикови во Мадура. Во области во кои во минатото имало племенски војни се одржуваат симулации на борби како што се caci во Флорес и pasola во Сумба. Пенчак силат е индонезиска боречка вештина.
Индонезиската кујна варира во зависност од регионот и се создала под влијание на кинеската, европската, индиската и кујната од Блискиот Исток. Оризот претставува главно јадење и се служи со месо и зеленчук како додатоци. Основни состојки се зачините (особено чили), кокосовото млеко, рибата и пилешкото. Гамелан и крончонг се видови на индонезиска традиционална музика. Дангдут е модерен жанр на поп-музика кој има влијанија од арапската, индиската и малајската народна музика. Популарноста на индонезиската филмска индустрија го достигна својот врв во 1980-тите години и доминираше во кино салите во Индонезија иако значително се намали во раните 1990-ти години. Во периодот од 2000 и 2005 година постојано растеше бројот на индонезиски филмови кои се издаваат годишно.
Најстарите докази за написи со индонезиско потекло се санскритски написи кои датираат од 5 век од нашата ера. Важни личности во модерната литература се: холандскиот автор Мултатули, кој го критикуваше однесувањето со индонезијците за време на колонијалното владеење; суматранците Мухамад Јамин и Хамка кои беа влијателни националистички писатели и политичари во периодот пред осамостојувањето и пролетерскиот писател Прамодеја Ананта Тоер кој е најпознат индонезиски романописец. Многу индонезиски народи имаат длабоко вкоренета усна традиција која им помага да ги дефинираат и зачуваат своите културни идентитети.
Слободата на медиумите во Индонезија значително се зголеми по завршувањето на владеењето на претседателот Сухарто. За време на владеењето на Сухарто, Министерството за информации (кое не постои повеќе) ги надгледуваше и контролираше домашните медиуми, а ги забрани странските медиуми. Телевизискиот пазар вклучува десет национални комерцијални телевизиски мрежи и покраински мрежи кои се натпреваруваат со јавната TVRI. Приватните радио станици имаат домашни кратки извештаи за дневните случувања и програми од странски радиодифузери. Користењето на интернет во Индонезија изнесува 12,5% во септември 2009 година со вкупно 25 милиони корисници.
Во Индонезија годишно се продаваат повеќе од 30 милиони мобилни телефони од кои 27% се произведени од локални брендови.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.