Remove ads
политичка партија во Германија од 1920 до 1945 г. From Wikipedia, the free encyclopedia
Националсоцијалистичка германска работничка партија или НСДАП (германски: ⓘ, често нарекувана Нацистичка партија) — крајнодесничарска политичка партија во Германија помеѓу 1920 и 1945 година.
Националсоцијалистичка германска работничка партија | |
Nationalsozialistische Deutsche Arbeiterpartei | |
Водач | Адолф Хитлер |
---|---|
Идеологија | нацизам |
Весник | „Фелкишер Беобахтер“ |
Политичка ориентираност | Крајна авторитарна десница |
Поврзано | Политика на Германија Политички партии во Германија |
Водачот на партијата, Адолф Хитлер, бил назначен за канцелар на Германија од претседателот Паул фон Хинденбург во 1933. По смртта на Хинденбург, Хитлер набрзина воспоставил тоталитаристички режим познат како Третиот рајх, под којшто партијата се здобила со речиси неограничена моќ.
Нацистичката идеологија ја истакнува расната чистота на германскиот народ и ги гонела оние што ги сметала или за непријатели или за „живот невреден за живот“ (Lebensunwertes Leben) (вклучувајќи ги Евреите, Циганите, Словените и хомосексуалците, покрај Јеховините сведоци, умствено и телесно заостанатите, социјалистите и комунистите). Практикувањето на овие верувања донела директно до смртта на приближно 11 милиони луѓе преку организиран систем за масовни убиства, настан денеска познат како Холокаустот. Понатаму, Нацистичкиот концепт на Простор за живеење (Lebensraum) и потрагата по создавањето на Голема Германија, биле едни од главните причини за Втората светска војна, во којашто загинале повеќе од 60 милиони луѓе.
Националсоцијализам |
---|
Организации
Историја
Идеологија
Списоци
|
Нацистичката партија се создала со соединувањето на помали политички групи со националистичко определување што се формирале во последните години од Првата светска војна. Во првите месеци од 1918, партија наречена Слободен Комитет за мир на германските работници (Freier Ausschuss für einen deutschen Arbeiterfrieden) се создала во Бремен, Германија. Антон Дрекслер, огромен германски националист, основал гранка од оваа лига на 7 март 1918, во Минхен. Дрекслер бил член на воената Татковинска партија за време на Првата светска војна и бил огорчен од склучениот мир во ноември 1918 и од револтот што се кренал по склучувањето на мирот. Во 1919, Дрекслер, заедно со Готфрид Федер, Дитрих Екарт и Карл Харер, ја основал Германската работничка партија (Deutsche Arbeiterpartei, DAP, ДАП). Оваа партија била претходникот на Нацистичката партија и станала една од многуте народни движења во Германија во тоа време.
Народните движења биле збирка од политички групи настанати по поразот на Германија во Првата светска војна, коишто верувале дека единствената причина за поразот бил распадот на домашниот фронт и неволието на многу Германци да ја поддржат војната. Ова е познато како „Митот за убод во грб“ (Dolchstosslegende) и било многу важен фактор за издигнувањето на Нацистичката партија. Овој мит бил грешен: поразот во ноември 1918 произлегол од предлозите на конзервативните генерали Хинденбург и Лудендорф, кои увиделе дека германската армија не можела да продолжи да се бори.
Како и другите народни групи, Германската работничка партија сметала дека Германија треба да стане единствена „народна заедница“ (Volksgemeinschaft), наместо општество поделено на класи и партии. Оваа идеологија била антисемитистичка уште од почетокот - „националната заедница“ би била „без Евреи“ (judenfrei). Германската работничка партија била остро насочена против Социјалдемократската партија на Германија и особено против новосоздадената Комунистичка партија на Германија. Членовите на работничката партија се гледале себеси како борци против „Болшевизмот“, иако и тие се претставувале како партија на работничката класа.
Иако официјално била наречена политичка партија, Работничката партија била мала група со помалку од 60 членови. Без сомнение, го привлекувала вниманието на германските власти, коишто се сомневале во секоја организација што изгледала како револуционерна. Младиот десетар, Адолф Хитлер, бил пратен од германската разузнавачка служба да ја истражи Германската работничка партија. Додека присуствувал на еден партиски собир, Хитлер се вклучил во жестока политичка расправија и оставил впечаток меѓу другите членови на партијата со неговата говорничка вештина. Му било понудено да се зачлени во партијата, и по некое размислување, прифатил. Меѓу раните членови на партијата биле и Рудолф Хес, Ханс Франк и Алфред Розенберг, истакнати луѓе во нацистичкиот режим.
Хитлер станал 55. член на партијата многу подоцна од другите што биле регистрирани, но подоцна тврдел дека бил седми член (впрочем, тој бил седмиот извршен член на централниот комитет на партијата). Во следните месеци, партијата продолжила да привлекува нови членови, бидејќи била премногу мала за да има некакво вистинско значење во германската политика. На 24 февруари 1920, партијата во името додала „Националсоцијалистичка“, со што станала Национал-социјалистичка германска работничка партија (НСДАП). Хитлер претходно предложил партијата да се вика „Социјал-револуционерна партија“, но Рудолф Јунг го убедил Хитлер дека НСДАП е многу посоодветно име.[1] Една од предностите на новото име било што предизвикувало родољубие и ги привлекувала гласачите од работничката класа без да бидат приморани да се посветат на каква било посебна политика (националсоцијализмот бил и останува прилично незгоден поим).
Хитлер наскоро открил дека има голем говорнички талент, и неговата способност да привлекува нови членови, комбинирани со неговата карактеристична суровост, набрзо го направиле доминантна фигура во малата партија. Дрекслер го увидел ова и Хитлер станал претседател на партијата на 28 јули 1921. Кога партијата првпат била основана, се состоела од раководство избирано од членовите и по редослед, претседатели. Хитлер набрзо ја променил ваквата организација. Се здобил со името Фирер (Führer, водач) и по серија остри внатрешни препреки, било прифатено дека партијата треба да се води по Фирерпринципот (Führerprinzip): Хитлер бил единствениот водач на партијата и самиот одлучувал за нејзината политика и стратегија. Хитлер во ова време ја гледал партијата како револуционерна организација, чијашто цел била да ја симне од власт Вајмарската Република, којашто тој ја гледал како контролирана од социјалистите, Евреите и „Ноемвриските престапници“ кои ги предале германските војници во 1918. СА (Sturmabteilung, во превод: јуришни војници) биле основани како партиски активисти во 1921 и започнале насилни напади врз други партии.
За разлика од некои други членови на партијата, Хитлер не бил многу заинтересиран за социјалистичкиот поглед на националсоцијализмот. Тој, како припадник на среднониската класа од провинција, не ги сакал работнички маси од големите градови и немал грижа на совест од нападите врз приватната сопственост или бизнис-класата (којашто некои рани нацисти ја симпатизирале). За Хитлер, двете најважни цели на партијата биле секогаш германското националистичко ширење и антисемитизмот. Овие две цели биле поврзани со верувањето дека надворешните непријатели на Германија - Британија, Франција и Советскиот Сојуз, биле контролирани од Евреите, и дека идните војни за германското национално ширење задолжително би биле придружувани и од војна против Евреите. Иако партиската програма од 1925 година предвидувала некои попуштања на социјалистичкиот елемент, ова никогаш не било главно во партиската политика. За Хитлер и неговите првични поручници, националните и расните проблеми биле секогаш најважни. Ова било симболизирано со донесувањето на новиот партиски амблем, свастиката, обележје (Hakenkreuz, кукест крст) од индиско потекло, наводно симбол на Ариевската раса.
Во 1921 и 1922, Нацистичката партија значајно растела, делумно преку говорничката способност на Хитлер, делумно преку привлекувањето на млади невработени мажи од страна на СА и делумно затоа што имало општа омраза против социјалистичката и либералната политика во Баварија, како последица од продлабочувањето на економските проблеми на Германија и слабоста на владејачкиот режим. Партијата регрутирала бивши војници од Првата светска војна, кои биле силно привлечени од Хитлер, како одликуван ветеран од војната, мали стопанственици и незадоволни бивши членови на соперничките партии. Хитлеровата младина била формирана за децата на членовите на партијата, иако останала мала дури до доцните дваесетти. Партијата исто така формирала групи и во други делови од Германија. Јулиус Штрајхер во Нирнберг бил ран регрут, а други кои се приклучиле на партијата во овој период биле поранешниот офицер Ернст Рем, кој станал глава на СА, искусниот воен пилот Херман Геринг и Хајнрих Химлер. Во декември 1920, партијата почнала да печати свој весник, именуван „Фелкишер беобахтер“.[2]
Во 1922, партија со слична политика и цели дошла на моќ во Италија, Национал-фашистичката партија под водството на харизматичниот Бенито Мусолини. Италијанските фашисти го користеле римскиот поздрав со крената исправена десна рака и носеле црни униформи. Хитлер, инспириран од Мусолини и фашистите, го земал римскиот поздрав со исправена рака за нацистички поздрав. Кога фашистите дошле на моќ во 1922 во Италија преку државниот удар наречен „Марш на Рим“, Хитлер почнал да го планира својот државен удар, којшто го извел една година подоцна, иако неуспешен.
Во јануари 1923, Франција го окупирала индустрискиот предел Рур како резултат на неисполнувањето на отштетата од страна на Германија. Ова довело до економски хаос, оставка на владата и обид на Комунистичката партија да спроведе револуција. Реакцијата на овие случувања бил силен националистички бес. Нацистичката партија остро нараснала до околу 20 000 членови[3]. До ноември, Хитлер одлучил дека е дојдено времето за обид за преземање на моќта во Минхен, со надеж дека повоената германска армија ќе застане против берлинската влада и ќе се приклучи на револтот. На оваа одлука влијаел бившиот генерал Ерих Лудендорф, кој станал поддржувач, но не и член на Нацистичката партија.
Ноќта, на 8 ноември, нацистите искористиле еден патриотски собир во Минхенската сала во обидот за државен удар. Ударот пропаднал речиси уште веднаш, кога месните армиски команданти одбиле да го поддржат. Утрото на 9 ноември, нацистите организирале марш со околу 2 000 поддржувачи низ Минхен во обид да соберат поддршка. Војниците отвориле оган и 16 нацисти биле убиени. Хес, Лудендорф и неколку други биле уапсени и судени за предавство во март 1924. Хитлер и неговите соработници добиле многу мали затворски казни. Додека Хитлер бил во затвор, го напишал својот полуавтобиографски политички манифест „Мојата борба“ (Mein Kampf)[4]. Во меѓувреме, нацистичката партија без неговото водство практично престанала да постои, за чиешто спречување Хитлер не направил никаков напор.
Хитлер бил пуштен на слобода во декември 1924. Во следната година делотворно ја реорганизирал Нацистичката партија, со него на чело. Новата Нацистичка партија повеќе не била паравоена организација и одбивала каква било намера за добивање моќ преку сила. Во секој случај, економско-политичката ситуација се стабилизирала и екстремистичкиот револт од 1923 бил заборавен, така што немало изгледи за понатамошни револуционерни авантури. Нацистичката партија од 1925 била поделена на водство (Korps der politischen Leiter) и општо членство (Parteimitglieder). Партијата и СА дејствувале одвоено, а легалноста на партијата била истакната. Како знак на ова, партијата почнала да прима жени. СА и СС (основана во април 1925 како лична гарда на Хитлер, водена од Химлер) биле опишани како „поддржувачки групи“ и сите членови на овие групи морале прво да станат регуларни членови на партијата.
Партискиот првичен заменик водач бил Рудолф Хес, но тој немал некоја вистинска моќ во партијата. До раните триесетти, постарите водачи на партијата, по Хитлер, биле Химлер, Гебелс, Геринг и Рем. Под водството биле партиските околиски водачи (Gauleiters), кои раководеле со партијата во нивната околија (Gau). Имало 34 околии за Германија и уште 7 за Австрија, Чехословачка, Гдањск и Сар (тогаш под Француска окупација). Јозеф Гебелс го започнал своето издигнување низ партиската хиерархија како околиски водач за Берлин-Бранденург во 1926. Штрајхер бил околиски водач за Франконија, каде што го издавал својот антисемитистички весник Дер Штурмер (Der Stürmer, јуришник). Под околиските водачи биле пониските функционери, водачите на помали области, ќелии и блокови. Ова било многу строга хиерархиска структура, во којашто наредбите доаѓале од горните редови со лојалност без сомнение. Само СА задржале некаква автономност. СА главно биле составени од невработени работници и многу членови на СА ја сфатиле нацистичката реторика многу сериозно. Уште во ова време нацистичкиот поздрав и поздравот „Хаил Хитлер“ биле користени низ партијата.
Нацистите учествувале во изборот за седишта во Рајхстагот (Reichstag, парламент) и за законодавното собрание уште од 1924, иако отпрвин со мал успех. „Националсоцијалистичкото ослободително движење“ добило 3% од гласовите за Рајхстагот во декември 1924, коишто паднале до 2,6% во 1928. Државните избори покажале слични резултати. И покрај овие лоши резултати и германската релативна стабилност и напредок во доцните дваесетти, Нацистичката партија продолжила да расте. Ова се случило делумно затоа што Хитлер, кој немал административна способност, го оставил организирањето на партијата на главниот човек на секретаријатот, Филип Булер, партискиот благајник Франц Шварц и бизнис управникот Макс Аман. Партијата исто така имала многу способен човек одговорен за пропагандата, Грегор Штрасер, кој бил унапреден во национален организациски водач во јануари 1928. Овие луѓе го подобриле регрутирањето и организациските структури. Ова исто така се должело и на постепеното опаѓање на соперничките националистички групи. Како што Хитлер станувал сè попознат како водач на германските националисти, останатите групи опаѓале.
Партијата исто така успешно се проширила во дваесетитте и надвор од Баварија. Областите со најсилна нацистичка поддршка биле руралните протестантски зони. Депримираните работници исто така давале силна поддршка и гласови за нацистите, додека работниците од Рур и Хамбург останале лојални на СПД, КПД и Католичката партија. Нирнберг останал главно утврдување на партијата и првиот нирнбершки собир се одржал во 1927. Овие собири набрзо станале масивни прикази за нацистичката паравоена моќ и привлекувале многу регрути. Нацистите најсилно ги привлекувале нискосредните класи - фармерите, јавните службеници, учителите, малите стопанственици - кои силно пострадале од кризата во дваесетитте и кои се плашеле од болшевизмот повеќе од сè друго. Класата на малите стопанственици биле привлекувани од антисемитизмот на Хитлер, бидејќи и тие ги обвинувале големите бизниси на Евреите за нивните економски проблеми. Универзитетските студенти, разочарани од тоа што биле премногу млади за да служат во Првата светска војна и привлечени од нацистичката радикална реторика, исто така станале силни поддржувачи на нацистите. До 1929 година, партијата имала 130 000 членови[5].
И покрај оваа силина, Нацистичката партија можеби никогаш немала да дојде до моќ, кога не би била големата криза: до 1930, германското стопанство се одликувало со огромна невработеност и големи неуспесшни бизниси. СПД и КПД биле поделени и не можеле да дојдат до делотворно решение; ова им ја дало шансата на нацистите, и пораката на Хитлер, што ги обвинува Евреите и болшевиците (исто контролирани од Евреите) за кризата, донела многу гласови на изборите. На изборите во септември 1930, нацистите добиле 18,3% од гласовите и станале втората најголема партија во Рајхстагот, по СПД. Хитлер се покажал како високоефективен водач на кампањата, користејќи ги радиото и авионите. Отпуштањето на Штрасер и назначувањето на Гебелс за нов партиски шеф на пропагандата бил главен фактор. Додека Штрасер ја користел својата позиција за да го промовира својот поглед на националсоцијализмот, Гебелс му бил целосно верен на Хитлер и работел само за да ја оствари замислата на Хитлер.
Изборите во 1930 го промениле изгледот на германската политика со слабеењето на традиционалните националистички партии, оставајќи ги нацистите како главна замена за непопуларната СПД. Неспособноста на демократските партии да формираат обединет фронт, самоизолацијата на КПД и постојаниот пад на стопанството, играле улога во растењето на популарноста на Хитлер. Така станал де факто водач на опозицијата и буџетот на Нацистичката партија постојано растел од разни донации. Некои големи стопанственици, како Фриц Тисен, биле големи поддржувачи и давале многу донации[6], но многу други стопанственици кои се сомневале во екстремниот национализам на нацистите, продолжиле да ги поддржуваат традиционалните конзервативни партии[7].
Во 1931 и 1932 политичката криза во Германија се продлабочила. Во март 1932, Хитлер се кандидирал за претседател, против моменталниот претседател Паул фон Хинденбург, добивајќи 30,1% во првиот круг и 36,8% во вториот. До тогаш, СА броеле 400 000 членови и нивните улични битки со паравоените активисти на СПД и КПД (кои исто така се бореле и меѓу себе) претвориле некои германски градови во завојувани зони. Парадоксно, иако нацистите биле меѓу главните причини за овој неред, дел од Хитлеровото привлекување на исплашените и деморализираните припадници на средната класа било ветувањето за враќање на законот и мирот. Германците гласале за Хитлер најпрвин заради неговите ветувања дека ќе го заживее стопанството (на неодреден начин), дека ќе ја врати германската слава и дека ќе го поништи Версајскиот договор, и дека ќе ја спаси Германија од комунизмот.
На парламентарните избори во јули 1932, нацистите направиле уште еден голем чекор напред, добивајќи 37,4% и станувајќи најголемата партија во Рајхстагот, далеку пред другите. Понатаму, нацистите и комунистите заедно имале 52% од гласовите и мнозинство седишта. Бидејќи и двете партии биле против тековниот политички систем и ни едната не сакала да влезе или да поддржи некое министерство, неможно било да се формира влада од мнозинството. Под наредба на Сталин, КПД ја задржала својата полиса спрема СПД, третирајќи ги како главниот непријател, ословувајќи ги како „социал-фашисти“, така што ја распарчувале опозицијата на нацистите. Подоцна, СПД и КПД се обвиниле меѓусебно за отворање на патот на Хитлер со нивната неволност за компромис.
Канцеларот Франц фон Папен свикал уште едни парламентарни избори во ноември, надевајќи се дека ќе најде излез од тој ќорсокак. Резултатот бил истиот; нацистите и КПД добиле вкупно 50% од гласовите и повеќе од половина од седиштата во Рахјстагот. Но поддршката на нацистите паднала на 33,1%, со претпоставка дека го поминале својот врв - можеби затоа што најлошиот дел од кризата поминал, можеби затоа што некои гласачи од средната класа го поддржувале Хитлер во јули како протест, но сега се повлекле од намерата да го донесат на моќ. Нацистите го разбрале овој резултат како предупредување дека мора да ја зграбат власта пред нивното време да помине. Кога другите партии би се соединиле, ова можело да се спречи, но нивната краткогледност спречила секакво обединување. Папен, неговиот следбеник Курт фон Шлајхер и моќниот националистички капиталист Алфред Хугенберг ги поминале декември и јануари во ковање политичка завера, која што резултирала во тоа што го убедиле претседателот Хинденбург дека назначувањето на Хитлер за канцелар со влада што вклучувала само малцинство од нацистички министри не било ризично, и тој тоа го сторил на 30 јануари 1933.
Изборни резултати за Нацистичката партија |
||||
Датум | Гласови (во илјади) | Проценти | Седишта во Рајхстагот | Претходно случување |
Мај 1924 | 1 918,3 | 6,5 | 32 | Хитлер во затвор |
Декември 1924 | 907,3 | 3,0 | 14 | Хитлер излегува од затвор |
Мај 1928 | 810,1 | 2,6 | 12 | |
Септември 1930 | 6 409,6 | 18,3 | 107 | Финансиска криза |
Јули 1932 | 13 745,8 | 37,4 | 230 | Хитлер се кандидирал за претседател |
Ноември 1932 | 11 737,0 | 33,1 | 196 | |
Март 1933 | 17 277,0 | 43,9 | 288 | Хитлер е канцелар на Германија |
На 27 февруари 1933, зградата на Рајхстагот била запалена. Комунистите веднаш биле обвинети за завера и нацистите го искористиле тоа за да ја затворат Комунистичката партија, да ги забранат нејзините весници и да ги уапсат нејзините водачи. Понатаму, Хитлер го убедил претседателот фон Хинденбург да го потпише декретот за пожарот во Рајхстагот, суспендирајќи ги повеќето човекови права којшто ги предвидувал уставот на Вајмарската Република од 1919. Понатамошен декрет овозможил заштита од сите комунистички водачи, меѓу илјадници други.
Бидејќи на новата влада ѝ недостигало мнозинство во парламентот, Хитлер одржал нови избори во март 1933. Без комунистите, нацистите доминирале со 43,9% и со нивните националистички сојузници, постигнале парламентарно мнозинство од 51,8%.
Понатамошен одлучен чекор во доаѓањето на власт е таканаречениот „Овластувачки акт“ (Ermächtigungsgesetz), којшто им дал на владата и на Хитлер законодавни моќи. Овој акт успешно ја прекинал делбата на моќта, што било основен принцип во германскиот устав. Како таков, актот претставувал амандман во уставот и барал двотретинско мнозинство во парламентот. На Хитлер му требале гласовите од Централната партија, коишто ги добил по одредените ветувања што му ги дал на претседателот на партијата, Лудвиг Кас. Триесетиедниот глас од партијата, соединети со гласовите од распарчените среднокласни партии, националистите и самите нацисти, му го дале на Хитлер правото да владее според декрет и понатаму да укинува многу граѓански слободи. Комунистите, нормално, биле спротивставени на актот, но не можеле да гласаат против него. Така, СПД останала единствената партија во Рајхстагот што била против актот, но нивните гласови не биле доволни за спречување на актот. Како казна за нивната непослушност, Социјалдемократите станале втората партија забранета од нацистите (на 22 јуни), по што социјалистите се преместиле во Прага.
Актот, што требало да важи четири години, ѝ дал на власта моќ да донесува закони без одобрение од парламентот, да уредува надворешни договори надвор од земјата и дури и да прави измени во уставот. Нацистите не ги одржале ветувањата кон политичките сојузници и набрзо ги забраниле сите останати партии исто како што ги забраниле и комунистите и социјалистите. По ова, нацистичката влада, на 14 јули 1933, го забранила формирањето нови партии, претворувајќи ја Германија во еднопартиска држава. Иако Хитлер никогаш не го отстранил Рајхсратот (Reichsrat), го држел без никаква делотворна моќ. На законодавните тела на германските држави набрзо им се случило истото, со што германската сојузна влада станала единствено законодавно тело во повеќето германски држави.
Хитлер исто така се обидел да ги преобрати и црквите кон неговиот режим. На 23 март 1933, тој ги нарекол црквите „најважен фактор за одржувањето на германската благосотојба“. Членството во Хитлеровата младина станало неопходно за германските младинци и служело како спроводник до членство во партијата. Но Нацистичката партија не ја исчистила администрацијата од сите противници веднаш. Некои служби останале и постепено високите места во нив биле заземани од нацисти. На некои места имало луѓе што биле против нацистичкиот режим, а долго време останале на нивните позиции. На пример, Јоханес Попиц, министер за финансии во најголемата германска држава, Прусија, активен противник на режимот, останал дури до 1944; потоа, Ернст фон Вајзакер, државен потсекретар во Министерството за надворешни работи, кој штител една мрежа на отпорот во неговото министерство. Вооружените сили го забраниле нивното членство во партијата и неколку години ја задржале нивната независност.
Во периодот од 1933 до 1939 се видело постепеното спојување на Нацистичката партија и Германија, како што партијата добивала сѐ повеќе и повеќе моќ. Ова, заедно со Хитлеровото спречување на неговите потчинети да се здобијат со премногу моќ, довело до зголемување на неефикасноста и конфузијата во администрацијата. Хаосот во администрацијата донел тешки последици. Многу функционери во партијата брзо се свртеле кон корупцијата, почнувајќи од Геринг, кој украл многу од државниот имот и богатството одземено од Евреите. До средината на триесетитте, партијата како институција била сѐ повеќе и повеќе непопуларна кај германската јавност, иако тоа не влијаело на личните ставови на Хитлер, кој ја одржувал контролата врз мнозинството Германци, барем до 1943.
СА под водството на Рем, набрзо станале голем проблем за партијата. Многу од 700те илјади членови на оваа добро вооружена организација составена од активисти од работничката класа го сфатиле делот „социјализам“ од „националсоцијализмот“ премногу сериозно и набрзо почнале да бараат од партијата да ги прошири нападите врз активисти на СПД и КПД и Евреи, така што ќе вклучува и напади врз капиталистичкиот систем. Понатаму, Рем и неговите соработници ја гледале СА како новата армија на новата револуционерна нацистичка држава, заменувајќи ги старите аристократски корпуси. Армијата сѐ уште не била под контрола на партијата и Хитлер се плашел дека можеби ќе организираат државен удар ако нејзините водачи се почувствуваат загрозени од СА. Бизнис-заедницата исто така се растревожила од социјалистичката реторика на СА, за која Хитлер не се грижел.
Во јуни 1934, Хитлер, користејќи ги СС и Гестапо (Gestapo, притаена полиција) под команда на Химлер, ги отстранил СА, убивајќи го Рем и уште 700 други. Оваа ноќ, наречена „Ноќ на долгите ножеви“, ја скршила моќта на СА и многу ја зголемила онаа на Химлер и на СС, кои станале главната извршна единица на Нацистичката партија. Бизнис-заедницата била осигурена и помирена со нацистичката власт. Водачите во армијата биле толку благодарни што министерот за одбрана, Вернер фон Бломберг, кој не бил нацист, по сопствена иницијатива ги натерал сите членови на армијата да дадат заклетва на Хитлер, како „фирер“ на германската држава. Овие случувања биле од одлучувачка важност за преземањето на Германија од страна на нацистите. Границата помеѓу партијата и државата речиси ги снемало, а личната волја на Хитлер добила сила на закон.
Ефектот од уништувањето на СА бил пренасочување на силите на Нацистичката партија од социјалните проблеми кон расните непријатели, имено, Евреите, чии граѓански, економски и политички права биле постепено забранувани, кулминирајќи во донесувањето на Нирнбершките закони во септември 1935, коишто ги отстраниле Евреите од нивното граѓанство и ги забраниле браковите и сексуалните односи помеѓу Евреи и Ариевци. По еден период на антисемитистичко недејствување помеѓу 1936 и 1937 (делумно заради Олимписките игри во 1936), нацистите се вратиле во ноември 1938, започнувајќи го чистењето на Евреите со Кристалната ноќ (Kristallnacht), кога барем 100 Евреи биле убиени, 30 000 уапсени и пратени во концентрациони логори и илјадници еврејски домови, бизниси, синагоги и простории на еврејската заедница биле нападнати и изгорени. Ова ги задоволило партиските радикали за некое време, но околиските партиски водачи го продолжиле постојаното лобирање за порадикални мерки против Евреите, додека конечно не биле депортирани до нивната смрт во 1942 и 1943.
Парадоксно, колку повеќе доминирал нацистичкиот режим во германското општество, толку поневмешана станувала Нацистичката партија како организација во структурата на режимот. Хитлеровото владеење зависело најмногу од неговата лична волја, а неговите потчинети, како Химлер и Гебелс, зависеле само од потребите на Хитлер и од успешното остварување на неговите желби, наместо од нивните позиции во партијата. За разлика од Советската комунистичка партија на чело со Сталин, Нацистичката партија немала владеачко тело или формални институции што би донесувале одлуки - ни Политбиро, ни Централен комитет, ни партиски конгрес. Канцеларството на партијата, на чело со Хес, теоретски било глава на партијата, но во пракса немало никакво влијание, бидејќи самиот Хес бил маргинална фигура во режимот. Во 1941 Хес избегал во Британија, на една незрела „мировна мисија“ и бил заменет од Мартин Борман, кога партиското канцеларство ја повратило својата моќ, но само бидејќи Хитлер имал високо мислење за Борман и му дозволил да работи како негов политички секретар. Вистинската моќ во режимот се состоела од оската - кабинетот на Хитлер, СС на Химлер и Министерството за пропаганда на Гебелс.
Со избувнувањето на војната, партијата до некој степен почнала да влегува во нејзина внатрешна војна, особено по 1941 кога војната почнала да се врти против Германија. Кога Хитлер се повлекол од внатрешната политика за да се сконцентрира на воениот план на Германија, не оставајќи никого да донесува одлуки, германската внатрешна администрација заглавила и Германската држава сѐ повеќе станувала неорганизирана и неделотворна. Во овие услови околиските водачи, стари закоравени нацисти и фанатици лојални на Хитлер, сѐ повеќе раководеле со рестрикции, распределба на работници, назначување на живеалишта, одбрана од бомбардирања и издавање дозволи кои им овозможувале на Германците да продолжат со својот живот. Тие служеле како еден вид народни правобранители од оддалечената и неделотворна држава. Исто така, тие лобирале за отстранувањето на преостанатите Евреи од Германија, користејќи го како изговор недостатокот од живеалишта за Германците како резултат на жестокото бомбардирање на градовите од страна на Сојузниците. Со приближувањето на сојузничките сили кон Германија околиските водачи често ги воделе последните обиди за отпор. Еден пример за ова е и продолжената одбрана на градот Бреслау (денес Вроцлав, Полска) под водство на Карл Ханке. Во Берлин, борците на Хитлеровата младина под водство на Артур Аксман, фанатички се бореле против сѐ побројната советска армија.
Армијата била последната Германска институција што се покорила на партијата, и тоа нецелосно. Армијата од пред 1933 година им забранувала на членовите да се зачленуваат во политички партии, па ова останало и некое време по 1933. Нацистите со воено искуство се приклучувале кон военото крило на СС. Но во 1938, министерот за одбрана, Бломберг, и шефот на армијата, генерал Вернер фон Фрич, биле тргнати од функција заради некои измислени скандали. Хитлер се назначил за министер за одбрана, а новите армиски водачи, генерал Франц Халдер и Валтер фон Браухич толку му се потчинувале на Хитлер, што не биле способни отворено да се противат на неговата одлука. Како и да е, Халдер активно ги поддржувал неуспешните планови за удар против Хитлер за време на кризата со Чехословачка во 1938 и повторно во 1939. Браухич знаел за овие планови, но не ги поддржувал. Веќе по 1939, кога забраната за Нацисти да влегуваат во армијата била повлечена, група на генерали, меѓу кои и Валтер фон Рајхенау и Валтер Модел, станале фанатички нацисти. Дури во 1944, група од офицери што биле против нацистичкиот режим сковале сериозна завера против Хитлер, заверата од 20 јули, но тие немале полна поддршка од другите офицери. Германската морнарица секогаш била цврсто лојална на Хитлер, а нејзиниот командир, Карл Дениц, бил назначен за Хитлеров наследник во 1945.
До 1945, Нацистичката партија и нацистичката држава веќе не можеле да се разделат. Кога германската армија се предала на Сојузниците во мај 1945, а Германската држава престанала да постои, Нацистичката партија, и покрај нејзините 8,5 милиони членови и нејзината широка организациска структура, исто така престанала да постои. Нејзините најфанатички членови или се самоубиле или избегале од Германија или биле уапсени. При крајот на војната, нацизмот бил речиси исчезнат и постоел само како лојалност спрема личноста на Адолф Хитлер, па така, неговата смрт ги ослободила повеќето нацисти од нивните заклетви и нивната желба да ја одржат партијата во живот. Во неговиот политички тестамент, Хитлер го назначил Борман за „партиски министер“, но не назначил негов следбеник како водач на партијата, со значење дека Нацистичката партија без Хитлер немала основа за постоење. Нацистичката партија официјално била забранета од сојузничката окупациона власт и бил започнат силен процес на денацизирање за да се отстранат поранешни нацисти од администрацијата, судството, универзитетите, училиштата и пресот, во окупираната Германија. Не постоел никаков отпор или обид за организирање на нацистичко подземје. Кога во западна Германија веќе се вратил политичкиот живот во нормала во 1949, нацизмот бил сосема отстранет. Во источна Германија, новите комунистички власти се одмаздиле на сите поранешни високи нацистички функционери кои можеле да ги најдат, а опстанокот на какво било нацистичко движење не доаѓало во обѕир.
По 1949 година имало неколку обиди за организирање на ултранационалистички партии во Германија, но ниедна од овие партии не била отворено нацистичка, нити пак се обидела да ги користи симболите и слоганите на Нацистичката партија. Како што Германците точно истакнуваат, има многу повеќе нацисти во САД (и денес во Русија), отколку во Германија. Германската царска партија (Deutsche Reichspartei, DRP, ДРП), што содржела многу поранешни нацисти, добила 5 членови во Бундестагот во првите парламентарни избори во 1949, но тие биле поразени во 1953. До шеесетитте години од минатион век, нејзиниот претседател Адолф фон Траден, сфатил дека партијата нема никаква иднина и конечно се распаднала во 1964. Таден (чија полусестра, Елизабет фон Таден, била погубена од нацистита заради нејзината улога во германскиот отпор), тогаш оформил нова, поголема партија, Национал-демократската партија на Германија (Nationaldemokratische Partei Deutschlands, NPD, НПД), којашто сѐ уште постои, денес водена од Удо Војт. Партијата преживеала неколку обиди за нејзино забранување од Сојузниот уставен суд како неонацистичка партија. Партијата добила неколку места во неколку германски држави, воглавно на територијата на поранешната Германска Демоктратска Република, но не ги достигнала петте потребни проценти за да добие места во Бундестагот. Национал-демократската партија на Германија имала 5 300 регистрирани членови во 2004, а нејзината главна програма е противење на имиграцијата.
Основно членство на Нацистичката партија, познато како „Parteimitglieder“, воглавно се состоело од градската и селската средна класа. 7% биле висока класа, 7% селани, 35% индустријални работници и 51% биле припадници на средната класа. Најмногу имало доктори.
Кога ја добила моќта во 1933, Нацистичката партија имала над 2 милиони членови. Кога веќе биле на моќ, привлекла многу повеќе членови и до нејзиниот крај достигнала 8,5 милиони членови. Многу од членовите се приклучиле од причини поврзани со нивната работа, но и без тоа, партијата секако имала барем милион активни членови, вклучувајќи ги сите високи функционери во владата.
Членовите на Нацистичката партија кои имале воени амбиции биле охрабрувани да се приклучат кон СС, но огромен број на членови запишани за војската, биле повикани на должност дури по почетокот на Втората светска војна. Раните услови барале сите членови на војската да бидат неполитични и затоа, секој член на Нацистичката партија што се пријавил во војската во триесетитте, морал да се повлече од партијата.
Овој услов набрзо бил повлечен и има премногу докази дека регуларни членови на Нацистичката партија служеле во војската по избувнувањето на војната. Исто така, огромен број на постари членови на Нацистичката партија се нашле во резервистите, меѓу кои и Рајнхард Хејдрих и Фриц Тод во воздухопловството (Luftwaffe) и мајорот Роналд фон Брисонстофен во СС, како и Карл Ханке кој служел во армијата.
Во 1926, Нацистичката партија оформила посебна дивизија за вклучување на студентите, позната како Националсоцијалистичката германска студентска лига.
Покрај регуларните паравоени групи на Нацистичката партија, постоеле уште неколку други паравоени групи што ги „поддржувале“ нацистичките цели. Сите членови на ваквите групи прво морале да станат регуларни членови на Нацистичката партија, а потоа можеле да се приклучат кон групата. Се развил огромен систем од ранкови во партиската хиерархија за секоја од овие паравоени групи.
Главните нацистички паравоени групи се:
Хитлеровата младина како паравоена група се поделила во водство од возрасни и основно членство отворено за момчиња од 14 до 18 години.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.