Беловиште (Гостиварско)
село во Општина Гостивар From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Гостивар From Wikipedia, the free encyclopedia
Беловиште (познато и како Големо Турчане) — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.
Беловиште Големо Турчане | |
Воздушен поглед на селото Беловиште | |
Координати 41°46′32″N 20°56′8″E | |
Регион | Полошки |
Општина | Гостивар |
Област | Горен Полог |
Население | 1.208 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1230 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07004 |
Надм. вис. | 580 м |
Слава | Спасовден (православните) |
Беловиште на општинската карта Атарот на Беловиште во рамките на општината | |
Беловиште на Ризницата |
Името на селото првпат е забележано во XV век како Беловиште. Името на селото потекнува од ојконимот Белово, што може да е придавно образување од личното име Бело кое доаѓа од имињата Белимир, Белослав и случни, со додавка на апелативот иште со значење „место каде што се наоѓа(ло) Белово“.[2]
За време на отоманскиот период, селото на денешното место, наместо Беловиште било наречено Турчане. Кога подоцна северно од него било создадено ново село наречено Мало Турчане, Беловиште го добило името Големо Турчане. По настојување на селаните, во 1928 година повторно било воведена во употреба старото име Беловиште. Ова има главно се користело во администрацијата, иако мештаните од околните села долго време го нарекувале Големо Турчане.[3]
Селото се наоѓа во југоисточниот дел на територијата на Општина Гостивар, недалеку од самиот град Гостивар, на оддалеченост од околу пет километри, а од десната страна на реката Лакавица.[4] Селото е рамнинско, сместено на надморска височина од околу 580 метри.[4]
Селото се наоѓа југоисточно од градот Гостивар, во подножјето на планината Сува Гора. Западно од селото поминува реката Лакавица. Водата за пиење до 1947 година се добивала од бунари и од две чешми (Горник и Аџинец). Околу селото се наоѓаат изворите Бељејнца, Радина Вода, Кошара, Ѓука, Фира и Гоедарник.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Расадиште, Фурни, Краста, Срт, Цер, Коњски Гроб, Стара Корија, Ливаѓе, Грубеа Вода, Бабин Гроб, Долно и Горно Поле, Бањичко Поле, Бањешница, Лагои, Црни Врв, Копач, Колчак, Маркои Нивје, Млака, Горник, Падишта, Бела Земја, Верушка, Џаноски Рид, Миајлоски Нивје и Грубески Рид.[3]
Беловиште е збиено село, кое до 1947 година се делело на седум маала, од кои четири биле населени со православно македонско население, а во останатите живеат муслимански Албанци. Македонците живеат во Цаноско, Јанкуловско, Еливеровско и Лекоско Маало. Албанците живеат во Кетоско, Салакоско и Неловско Маало.[3]
Беловиште во минатото било православно македонско село, кое се наоѓало околу 500 метри над денешното село. На запад и на исток од Беловиште се наоѓале шуми, поради што селото имало скриена местоположба. Во тоа старо село, понекогаш преку Сува Гора доаѓале ајдуци од соседното Порече. На почетокот на XIX век, селото се преместило на денешното место поради поплави.[3]
Западно од Беловиште, на местото каде некогаш се наоѓале лозја, се наоѓал манастир посветен на Свети Спас.[3] Денес, црквата „Св. Спас“ е обновена на местото на манастирот. Манастирот бил разрушен од отоманската војска.[3]
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[5]
Во минатото, на околу 700 метри јужно од селото Беловиште, во подножјето на Сува Гора, се наоѓало некогашното село Лопушник. Тоа било збиено и не се делело на маала. На местото каде се создало селото претходно имало ливади, кои се викале Лопушник или Јанкуловски Ливади (по нивните сопственици). Кон крајот на XVIII, на ова место се доселиле браќата Мусли, Ислам и Уко од муслиманско-албанското село Србиново. Тие биле повикани од Македонците од Беловиште да им бидат чувари (сејмени). По доселувањето, тие со зулум купиле земјиште во Лопушник за само 60 грошеви. Така, Албанците на тоа место основале ново село.[3]
Во селото отсекогаш живееле муслимански Албанци и сите припаѓале на родот Тушевци (24 к.), кои се гранка на истоимениот род од Србиново, а по потекло од Албанија.[3]
Атарот на селото зафаќа простор од 9 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 391,5 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 236,8 хектари, а на пасиштата 156,3 хектари.[4]
Врз основа на составот на атарот селото Беловиште има полјоделска функција. Во селото работат продавници и угостителски објекти.[4]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Беловиште живееле 550 жители, од кои 385 жители Македонци христијани и 165 Албанци муслимани.[6] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Беловиште имало 440 Македонци под врховенството на патријаршијата и во него работело српско училиште.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Албанци и 350 Македонци.[8]
Беловиште е големо село. Во 1961 година селото броело 1.042 жители, од кои 563 биле Албанци, а 469 Македонци. Во 1994 година селото имало 2.440 жители, од кои 1.461 биле Албанци, 950 Македонци и 24 жители Срби.[4]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Беловиште, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[б 1]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 2.267 жители, од кои 832 Македонци, 1.418 Албанци, 5 Роми, 1 Бошњак и 11 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.208 жители, од кои 216 Македонци, 911 Албанци, 2 Турци и 79 лица без податоци.[10]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Беловиште:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | 769 |
1953 | 381 | 508 | 2 | 0 | 1 | 0 | 0 | — | 892 |
1961 | 469 | 563 | 1 | — | 4 | — | 5 | — | 1.042 |
1971 | 363 | 879 | 0 | 0 | 0 | — | 3 | — | 1.245 |
1981 | 233 | 1.261 | 0 | 0 | 0 | — | 13 | — | 1.507 |
1991 | 867 | 51 | 0 | 0 | 10 | — | 2 | — | 930 |
1994 | 950 | 1.461 | 0 | 0 | 21 | — | 8 | — | 2.440 |
2002 | 832 | 1.418 | 0 | 5 | 0 | 1 | 11 | — | 2.267 |
2021 | 216 | 911 | 2 | 0 | 0 | 0 | 0 | 79 | 1.208 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Беловиште е мешано село, со православно македонско население, како и муслимански Албанци.[3]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото:
Според истражувањето од 1947 година, се знае за следниве иселени македонски родови: Кољовци (4 к.), живеат во Волковија, како и Телепуќовци (2 к.), кои исто така живеат во Волковија.[3]
Кон крајот на XIX век, Беловиште било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната помала Општина Гостивар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.
Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Бањица, во која покрај Беловиште се наоѓале Горна Бањица, Горна Ѓоновица, Долна Бањица, Долна Ѓоновица, Лакавица, Митрои Крсти, Симница, Сретково, Сушица и Церово. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на тогашната истоимена општина во која влегувале селата Беловиште, Куново и Лакавица.
Во селото постојат избирачките места бр. 428, 429 и 430 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 2.527 гласачи.[12] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 2.577 гласачи.[13]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.