Remove ads
село во Општина Гостивар From Wikipedia, the free encyclopedia
Куново — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.
Куново | |
Поглед на селото Куново | |
Координати 41°44′31″N 20°57′11″E | |
Регион | Полошки |
Општина | Гостивар |
Област | Горен Полог |
Население | 6 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1230 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07043 |
Надм. вис. | 960 м |
Слава | Ѓурѓовден |
Куново на општинската карта Атарот на Куново во рамките на општината | |
Куново на Ризницата |
Селото дијалектно е познато и како Куноо, а името потекнува од првиот доселеник Куне.[2]
Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Гостивар, од десната страна на реката Лакавица.[3] Селото е ридско-планинско, сместено на надморска височина од околу 960 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено 11 километри.[3]
Куново е планинско село во југозападниот дел на Сува Гора, а околни села се Трново, Србиново, Лакавица и Беловиште. Во минатото водата за пиење се добивала од чешми, кои биле во селото. Чешмите се нарекувале Кладенец, Пивска и Селска Чешма. На атарот околу Куново има и неколку извори и чешми (Шарена Чешма, Попоа Чешма, Мартинец, Трендина Вода, Височица, Пољска Вода, Глувчеец и Мургоа Вода.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Ремчиња, Пиорит, Зад Село, Плоша, Рупи, Стара Кошара, Мост, Под Црква, Бркињо, Под Лозје, Петреа Шума, Стратеш, Слогои, Ванаќеец, Сбео, Црвениче, Бероа Страна, Митрин Камен, Завој, Стратеш, Марков Дол, Ристеи Трла, Стрезоа Ливада, Гуменце, Летуње, Мали Рупи, Широка Пристојница и Црн Камењ.[2]
Куново е збиено село, кое до 1947 година се делело на три маала наречени по родовите. Маалата биле Илијоско, Бошкоско и Костоско или Карадаг Маало. Првите две маала се наоѓале во југозападниот дел на селото, додека третото маало се наоѓало во северозападниот дел.[2]
На границата на атарот помеѓу Куново и Србиново порано постоело македонското село Бркињово. За време на отоманскиот период селото било раселено и мештаните во еден дел заминале во Србиново, а другите го основале денешното село Куново. По некој доселеник Куне, селото го добило името.[2]
Местото каде сега се наоѓа селото било обраснато со шума од сите страни и добро сокриено. Поради таа причина мештаните до почетокот на XIX век живееле доста слободно. Кога селото имало само седум македонски куќи живеел селскиот првак Ристе, кој имал голем углед кај тетовските паши и поради тоа никој не смеел да го нападне селото.[2]
Пред да почине Ристе на тетовскиот паша им го испратил дечкото Јован како слуга. Но, истовремено, Албанците од Лакавица украле пари од пашата, а Јован ги забележал поради што тие му дале дел од парите, а за возврат не кажал никому. Јован подоцна ја напуштил службата кај пашата и заминал на печалба во Солун. Пашата разбрал за кражбата и почнал да ги бара крадците. Албанците од Лакавица го сосретнале Јован на враќање од печалба и му го отсекле јазикот плашејќи се да не ги поткаже. Потоа, во Куново дошле луѓе на пашата и во куќата на Јован во Куново нашле дел од парите на пашата. Бидејќи Јован не можел да зборува, тој бил злоставуван, а на тоа се спротивставил синот на Ристе, Столе, кого луѓето на пашата го одвеле во Тетово.[2]
За да го ослободи синот, Ристе ја собрал целата готовина, ја продал стоката и позајмил пари од побратимот Волче од Железна Река, но сепак пашата ги присвоил и сите ниви на Ристе во Куново, кои после ги поклонил на џамијата во Лакавица. Така, Ристе осиромашил и умрел од мака. Местото каде се наоѓала неговата многубројна стока сега се нарекува Ристеи Трла.[2]
На земјиштето кое припаднало на џамијата од Лакавица кон крајот на XIX век се населиле три-четири албански семејства, кои тука останале неколку години. За време на балистичката окупација во текот на Втората светска војна, Македонците давале извесен данок на џамијата во Лакавица, како што тоа го правеле за време на отоманскиот период.[2]
Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]
Атарот на селото зафаќа простор од 8,5 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 684 хектари, на пасиштата отпаѓаат 145 хектари, а на обработливото земјиште 117 хектари.[3]
Врз основа на составот на атарот селото Куново има полјоделско-шумарска функција.[3]
Денес, преостанатите жители се главно пензионери, кои се занимаваат со земјоделство и сточарство, или пак луѓе кои живеат во Гостивар, кои се вработени, но како дополнителен приход ги користат можностите што ги нуди селото. Во селото најмногу се садат градинарски култури, грав и компир. Една од главните активности е и стопанисувањето со пасиштата, нивно косење и собирање на сеното и детелината за есенска продажба. Овоштарството е исто така распространето, при што се одгледуваат ореви, лешници, круши, сливи, јаболка. Исто така се одгледуваат кози и живина, а на пасиштата над селото, поради нивното изобилие се напасуваат стада овци, но истите не се сопственост на селаните туку се напасуваат со надоместок.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Куново живееле 262 жители, сите Македонци христијани.[5] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Куново имало 240 Македонци под врховенството на патријаршијата.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Македонци.[7]
Куново е мало село, коешто во 1961 година броело 211 жители, а во 1994 жители само 18 жители, македонско население.[3]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 11 жители, сите 832 Македонци.[8]
Сепак, оваа бројка не ја претставува вистинската состојба поради тоа што во летниот период во селото живеат многу повеќе, но истите не се запишани како жители на селото.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, од кои 5 Македонци и 1 лице без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 262 | 240 | 263 | 290 | 211 | 92 | 42 | 23 | 18 | 11 | 6 |
Куново е македонско село.[2]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото:
Освен иселениците при описот на родовите, има и други иселеници, и тоа во Митрој Крсти (Пеповци), Горна Ѓоновица (Митре), Зубовце (Трајановци и Тунџовци). Родот Апостоловиќи се наоѓа во селото Салаш кај Неготин во Србија.[2]
Училиштето прекинало со работа во седумдесеттите години на XX век, но истото е реновирано и е во одлична состојба. Се користи како сала за собири за празници, и има адаптирана кујна, трпезарија, магацински простор и простор за месната заедница Куново.
Кон крајот на XIX век, Куново било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Србиново.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.
Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Србиново, во која покрај Куново се наоѓале Железна Река, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново и Ќафа. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од тогашната општина Беловиште во која влегувале селата Беловиште, Куново и Лакавица.
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0520 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште на селото Лакавица.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 989 гласачи.[15]
Еден куриозитет за Куново претставува местоположбата на храмовите. Имено, тие се изградени така што нивната положба го отсликува христијанскиот симбол, крстот. Недостасува само храмот „Св. Огнена Марија“ на западната страна. Овој храм бил опожарен, и до ден денешен не е возобновен. Крстот има правилна форма, а главниот храм „Св. Ѓорѓи“ се наоѓа во неговиот центар.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.