Трново (Гостиварско)
село во Општина Гостивар From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Гостивар From Wikipedia, the free encyclopedia
Трново — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.
Трново | |
Воздушен поглед на селото Трново | |
Координати 41°44′13″N 20°59′9″E | |
Регион | Полошки |
Општина | Гостивар |
Област | Горен Полог |
Население | 137 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1239 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07082 |
Надм. вис. | 920 м |
Трново на општинската карта Атарот на Трново во рамките на општината | |
Трново на Ризницата |
Името на селото првпат е забележано во текот на XV век и се верува дека потекнува од трн и дека ова сега претставува само придавна форма.[2]
Дијалектно селото се сретнува и како Трноо.[3]
Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Гостивар, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Македонски Брод.[4] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 920 метри.[4]
Селото се наоѓа на варовник во јужниот дел на планината Сува Гора. Куќите се сместени по падините на сувата долина на Трновскиот Поток. До 1947 година, водата за пиење се добивала од чешмите во селото, кои се нарекуваат: Ке Гура, Ке Крој и Чешма. Околу селото извираат изворите: Бриње, Гуро Крој Фтовт (Студен Извор), Гура Саат и Врток.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Река, Извор, Корија, Врток, Бел Камен, Летуње, Суа Гора, Киша (Црква), Краста, Смрека, Петреа Шума и Ара Демирит.[3]
Главниот дел на селото се состои од пет маала. Тие се: Салак, Бајрамоско, Ук-Вишовско, Али-Вишовско и Тушевско Маало. Тие се оддалечени по 200 метри едно од друго. Шестото маало се нарекува Врток и тоа се наоѓа 500 метри северно од главниот дел. Ова маало е сместено во една мала долина близу варовнички извор.[3]
Кај мештаните од селата Куново и Железна Река се пренесува кажување дека пред денешните муслимански Албанци, во Трново живеело православно македонско население. Но, не се знае што се случило со ова старо население, ниту се наведува каде тие се иселиле. Во Беловиште се говори дека ова село некогаш било раселено од некоја турска војска, која дошла од Порече во Полог.[3]
Дека селото Трново било населено со Македонци, може да се заклучи и по топонимите, по името на селото, остатоците од црква и старите гробови. Непосредно до селото, западно од него, покрај чешма се наоѓа топоним Киша (Црква). Тука во 1932 година биле вршени ископувања (поп Младен од Куново и други), при што биле најдени темели од храм, еден голем камен крст и делови од црковни врати. Кај црквиштето биле откопани и стари гробови. Следните години на месноста бил поставен голем дрвен крст и околните православни Македонци почнале да собираат прилози за да го обноват храмот. Се мисли дека црквата била посветена на Свети Јован Крстител. Поради ова, од 1933 година до почетокот на Втората светска војна кај црквиштето во Трново на Крстовден доаѓале селани од Куново со свештеникот. Тука, тие палеле свеќи, осветувале вода и се веселеле. За време на Втората светска војна, трновските муслимани ги отстраниле знаците кои потсетувале на црква и гробишта. Денес, на тоа црквиште муслиманите градат куќи.[3]
Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]
Атарот на селото е зафаќа простор од 19,3 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 1.578 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 312 хектари.[4]
Врз основа на составот на атарот селото Трново има полјоделско-шумарска функција.[4]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Трново живееле 330 жители, сите Албанци муслимани.[6]
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Трново — село во Железноречка општина во Горнополошкиот срез и има 95 куќи и 579 жители, Албанци.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 700 Албанци.[8]
Во селото живее албанско население, коешто во 1961 година броело 997, а во 1994 година 548 жители.[4]
Пописот од 1991 година не бил воопшто одржан во селото Трново, бидејќи целото негово население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[б 1]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 539 жители, сите Албанци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 137 жители, од кои 112 Албанци, 3 Турци, 1 Бошњак и 21 лице без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 330 | — | 918 | 994 | 997 | 961 | 713 | 0 | 548 | 539 | 137 |
Трново е албанско село, во кое живеат доселени муслимански Албанци.[3]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото: Тушевци (12 к.), доселени се околу 1810-тите години од околината на Булчиза во северна Албанија. Имаат истоимени роднини во селото Србиново. Тие се сметаат за први доселеници во селото и го знаат следниов родослов Ријан (жив, 70 години во 1947 година)-Алил-Авди-Јусуф, основачот. Едно семејство од нив се преселило во Горно Седларце, а друго во Горна Бањица; Салак (40 к.), поделени се на Ценовци, Салиевци и други. Доселени се од областа Матија во северна Албанија, во првата половина на XIX век. Имаат роднини Салаковци во Беловиште и истоимени роднини во Чегране. Од старото место во Албанија се иселиле четири огранки, едни во кичевското село Туин (Калешовци), едни во Трново, трети во Лопушник, а четврти во Дебреше (Менга). Од родот едно семејство се преселило во селото Горно Седларце; Токовци (5 к.), доселени се од околината на Булчиза во северна Албанија. На старото место во Албанија биле роднини со родот Тушевци, но денес тие меѓусебно склопуваат бракови. Токовци имаат истоимени роднини во Србиново, Чегране и Челопек; Бајрамовци (17 к.), доселени се од местото Дарда во Матија, северна Албанија. Таму биле роднини со родот Салак; Ук Виш (25 к.) и Ал Виш (23 к.), доселени се од селото Мацукул во Матија, северна Албанија. Родовите ги основале двајца браќа Уко и Алија. Името Виш го добиле од своето старо место во Албанија. Обата рода имаат свои посебни маала и дошле во слично време како Тушевци. Имаат свои роднини во селото Чегране.
Од селото нема иселени родови, туку некои семејства преминале во други полошки села.
Кон крајот на XIX век, Трново било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото било дел од поранешната помала Општина Србиново.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Србиново, во која покрај Трново се наоѓале Железна Река, Куново, Падалиште, Србиново, Страјане и Ќафа. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во тогашната општина Србиново во која влегувале селата Србиново, Страјане и Трново.
Во селото постои избирачкото место бр. 0522 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 544 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 559 гласачи.[17]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.