Пожаране
село во Општина Врапчиште From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Врапчиште From Wikipedia, the free encyclopedia
Пожаране — село во Општина Врапчиште, во областа Горни Полог, во околината на градот Гостивар. Најпознато е по песната „Благуно дејче“, но и по седиштето на метеоролошката станица наменета за поширокиот полошки регион.
Пожаране | |
Панорамски поглед на Долното Маало на Пожаране, со новоизградената црква Св. Климент во позадината | |
Координати 41°51′11″N 20°51′56″E | |
Општина | Врапчиште |
Население | 28 жит. (поп. 2021)[1] |
Шифра на КО | 07062 |
Надм. вис. | 670 м |
Пожаране на општинската карта Атарот на Пожаране во рамките на општината | |
Пожаране на Ризницата |
Пожаране е сместено во Горни Полог, северно од Гостивар, на источното подножје на Шар Планина. Се наоѓа на петнаесетина километри од Гостивар и на околу 20 километри од Тетово. Од него води асфалтен пат. Од својата источна страна селото граничи со атарот на селата: Галате и Врапчиште, на запад со Прошовце, од својата јужна страна со Ново Село-Врапчишко и на север со Калиште и Ломница. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 670 метри.
Во пишувани материјали Пожаране првпат се споменува во 1461 или 1462 година. Но селото е постара населба, поврзана со постоењето на три града, кои од шарпланинските висорамнини на 900 метри надморска висина, се протегале дури до левиот брег на реката Вардар, како соседни на селото Теново. Во вакафот на Мехмед бег се споменува „пат кој води до пожаранските воденици“ и друг „од Калиште до Пожаране“, пожарански лозја, сообраќајница „од Пожаране до разрушената кула“, пожарански шуми. Некои од пишуваните извори за Пожаране биле зачувани во ваковската џамија Ќебир Мехмед-Челеби во Скопје.
Крк клисје, Градиште, Соколец, Климентија, Казаноец, се месности околу Пожаране. За Крк Клисје велат дека потекнува од турскиот јазик како одраз на вековното владение и значело „40 цркви“. Градиште е источно од Пожаране, до подножjето на Шар Планина, се смета дека сè до 1937 година во оваа месност имало кула, а зборот асоцирал на постоење град – голем град Полог. Соколец е култно место во кое се вршеле разни обреди, а особено доаѓале невести кои немале пород, или пак мајки само на женски деца за да им се роди машко. Инаку, во слободен изговор Соколец значел „златна црква“. За Казаноец сврзана е верзија дека тука имало населба, а дивите копачи пронашле казан. За Климентија се смета дека од колено на колено над 1.000 години била пренесувана верзијата дека таму престојувал Св. Климент Охридски.
При одредувањето на границите на овие села, се наведуваат местата: „Долг Камен“ и „Будини Ливади“. Овие места и денес постојат во атарот на село Пожаране. Завештувањето на Кјебир Мехмед Челеби од XV век било во правна сила сè до 1912 година. Споменатата година селани од Пожаране за последен пат дале 10% од своите производи на некојси Нури-Бег од Скопје. Тој ова го трошел за издршка на едно скопско муслиманско светилиште наменето за богослужба.
За Пожаране постојат пишани записи и од 1595-1868 година во кои се наведува дека „селото било чисто православно со околу 60 домови.. Во 1900 година Пожаране имало 106 куќи., со 830 жители од кои 720 биле православни и 110 муслимански“. Тогаш Пожаране во најголемиот дел било населено со православни Македонци. Имало и нешто муслимани кои зборувале албански. Тие потекнувале од поисламизирани Македонци и од прави Албанци.
Во XIX век, Пожаране било село во Полошката нахија во Гостиварската каза на Отоманското Царство.
Вкупно 7 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[2]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Пожаране живееле 830 жители, од кои 720 Македонци и 110 Албанци.[3] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Пожаране имало 696 Македонци од кои 440 патријаршисти и 256 под врховенството на Бугарската егзархија.[4]
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Пожаране е центар на општина од 4 села во Горнополошкиот срез и има 116 куќи со 633 жители, Македонци и Албанци.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 500 Македонци и 100 Албанци.[6]
Во 1961 година, селото броело 601 жител и било средно село, додека во 1994 година бројот се намалил на 57 жители, од кои 47 биле Македонци и 10 Албанци.
Во блиското минато Пожаране имало неколку стотина куќи и претставувало „најголема населба со православно население на овие простори“, процесот на иселување започнал кон крајот на XIX век, а поинтензивното напуштање на селото се одвивало во почетните децении на минатиот век. Токму од тие времиња испеана е и песната „„Благуно дејче““, која била посветена на „преубавата Благуња“ од Пожаране, чие семејство било преселено во Тетово. Пожаранци се иселувале на повеќе страни, а најмногу во Белград, Букурешт, Москва, Киев, како и најблиските Скопје, Гостивар. Во Тетово се иселиле дури 92 куќи.
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 26 жители, од кои 22 Македонци и 4 Албанци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 28 жители, од кои 20 Македонци, 7 Албанци и 1 лице без податоци.[8]
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[9]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 627 |
1953 | 608 | 108 | — | — | — | 1 | — | 1 | — | 718 |
1961 | 501 | — | — | — | — | 2 | — | 98 | — | 601 |
1971 | 262 | 84 | 2 | — | — | — | — | 14 | — | 362 |
1981 | 166 | 27 | — | — | — | 1 | — | 6 | — | 200 |
1991 | 59 | 8 | — | — | — | — | — | 8 | — | 75 |
1994 | 47 | 10 | — | — | — | — | — | — | — | 57 |
2002 | 22 | 4 | — | — | — | — | — | — | — | 26 |
2021 | 20 | 7 | — | — | — | — | — | — | 1 | 28 |
Пожаране е едно од неколкуте претежно македонски населени села во Горни Полог. Познато е по својата автентична горнополошка носија, а се споменува и во повеќе народни песни како што е познатата народна песна „Благуно дејче“.
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:
Според историчарот Веле Коцески, од многуте цркви што некогаш постоеле, денес има само три – „Св. Никола“, „Св. Климент“ и „Св. Илија“. Според него имало три манастири, а бројот на црквите за кои постоеле и материјални остатоци се искажувале со десетици. Едниот од манастирите што се наоѓал „Напесок“ бил разрушен од турскиот башибозук, некаде во 1700 година, како одмазда за тоа што жителите на Пожаране и на блиската околина, биле наклонети на Карпошовото востание (1689 година). Вториот манастир се наоѓал во месноста Соколец и бил посветен на Вознесението Христово. Во негова непосредна близина имало и црква што ја нарекувале „Златна Црква“. Овие културни објекти биле разрушени некаде во XIX век. Третиот бил посветен на св. Климент Охридски. Постоеле хипотези дека овој манастир се наоѓа некаде во Западна Грција, други тврделе во местото Девол во Албанија, а трети по течението на реката Треска, која се викала Велика, по што Климент бил наречен како епископ Велички. Истражувањата на Веле Коцески се дека ваков манастир имало во Пожаране, во месноста Климентија и дека веќе била покрената иницијатива за негова обнова. Тука е и месноста Казаноец, која низ вековите била нарекувана како Велика или Дреница. Овде во турско време „бил пронајден казан со пари“, што го ископале диви копачи.
Во периодот на кралска Југославија честа да бидат избрани во Тетово како пратеници ја имале пожаранците Столе Димитриевиќ - Ренто и Марко Петровиќ. Некогашниот претседател на југословенската влада од тој период Петар Живковиќ, имал потекло од Пожаране. Таков е случајот и со амбасадорите Александар Џоловиќ и неговиот брат. Од Пожаране се и Синиша Станковиќ, академик во Српската академија на науките и уметностите, како и Премче Пандиловски, познат Илинденец, како војвода во Илинденското востание. Ова шарпланинско село дало и повеќемина универзитетски професори како Раде Петровски, Бранко Петроски, Блага Петреска и други. И Веселин Пандиловски, некогашен градоначалник на Тетово, бил од Пожаране. И во периодот на војната 1941-1945 година Пожаране дало значаен придонес со активно учество во НОВ. Во спомен на партизаните од селото, на една чешма е поставена мермерна плоча. Од ова време се споменува и името на Блажо Даневски - Шарпланински, како учесник во партизанското движење од неговиот почеток, па се' до ослободувањето. Тој бил и во заточеништво, а подоцна одликуван со „Сребрена ѕвезда со зраци“.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.