држава во Средна Европа From Wikipedia, the free encyclopedia
Република Полска (Жечпосполита Полска, полски: Rzeczpospolita Polska, Жечпосполита Полска) — земја во Средна Европа која се наоѓа помеѓу Германија на запад, Чешка и Словачка на југ, Украина и Белорусија на исток и Балтичкото Море, Литванија и Русија на север. Полската држава е стара преку 1.000 години. Во XVI век, унијата Полска-Литванија била најбогатата и најмоќната земја во Европа. На 3 мај 1791, Полска-Литванија го ратифицира првиот устав во Европа. Набрзо потоа, Полска престанува да постои 123 години, заради тоа што е разделена меѓу нејзините соседи Русија, Австрија и Прусија. Полска повторно се изборува за независност во 1918 г. Во 1989, на првите делумно слободни избори во Полска по Втората светска војна, победува движењето Солидарност, а поразени се полските комунистички владетели. Во 1999 Полска се приклучува кон НАТО, а во 2004 станува и членка на Европската унија. Претседател e Анджеј Дуда (пол. Andrzej Duda), а премиер e Матеуш Моравецки (пол. Mateusz Morawiecki).
Република Полска Rzeczpospolita Polska
|
||||||
---|---|---|---|---|---|---|
|
||||||
Гесло: Бог, чест, татковина | ||||||
Химна: „Домбровска мазурка“ (Mazurek Dąbrowskiego) |
||||||
Местоположбата на Полска (темнозелена) – на Европскиот континент (lсветлозелена и темносива) |
||||||
Главен град (и најголем) | Варшава 52°13′N 21°02′E | |||||
Службен јазик | полски | |||||
Демоним | Полјак, Полјачка | |||||
Уредување | Парламентарна република | |||||
• | Претседател | Анджеј Дуда | ||||
• | Премиер | Доналд Туск | ||||
Законодавство | Парламент | |||||
• | Горен дом | Сенат | ||||
• | Долен дом | Сејм | ||||
пристапила во ЕУ | 1 мај 2004 | |||||
Површина | ||||||
• | Вкупна | 312.679 км2 (70та) | ||||
• | Вода (%) | 3.07 | ||||
Население | ||||||
• | проценка за 2024 г. | ▲ 40,044,574 (35та) | ||||
• | Попис 2022 | ▲ 38,036,118 | ||||
• | Густина | 123 жит/км2 (82ра) | ||||
БДП (ПКМ) | проценка за 2024 г. | |||||
• | Вкупен | ▲ $1.726 милијарди | ||||
• | По жител | ▲ $36,770 | ||||
БДП (номинален) | проценка за 2024 г. | |||||
• | Вкупно | ▲ $871.5 милијарди | ||||
• | По жител | ▲ $24,115 | ||||
Џиниев коеф. (2020) | 27.2[1] низок |
|||||
ИЧР (2024) | ▲ 0.890[2] многу висок · 36та |
|||||
Валута | Полска злота (PLN ) |
|||||
Часовен појас | CET (UTC+1) | |||||
• | (ЛСВ) | CEST (UTC+2) | ||||
Се вози на | right | |||||
НДД | .pl | |||||
Страница poland.pl |
||||||
Повик. бр. | +48 | |||||
а. | ^a The area of Poland, as given by the Central Statistical Office, is 312,679 km2 (120,726 ми), of which 311,888 km2 (120,421 ми) is land and 791 km2 (305 ми) is internal water surface area.[3] | |||||
б. | ^b The adoption of Christianity in Poland is seen by many Poles, regardless of their religious affiliation or lack thereof, as one of the most significant events in their country's history, as it was used to unify the tribes in the region.[4] |
Главен град на Полска е Варшава (пол. Warszawa). По површина зафаќа 312.679 км2, а брои население од 38.500.000 жители.
Историчарите дошле до согласност дека во доцниот период на антиката, многу различни етнички групи ја населувале територијата денес позната како „Полска“. Точноста на етничките групи не е сосема позната и е тема на дискусии меѓу историчарите. Една од најзначаjните праисториски археолошки локации во Полска е бискупската утврдена населба (денес реконструирана како музеј) која датира од времето на лусатската култура од раната железно доба, пред околу 700 п.н.е.
Полска почнала да се формира како стабилна единица и територијална целост во средината на X век под водство на пјастката династија. Првиот документиран полски водач бил Мјешко I, бил покрстен во 966 прифаќајќи го христијанството како нова државна религија. Во XII век Полска се распаднала на неколку помали државички. Во 1320 година, Владислав I станал крал на обединетата Полска. неговиот син Казимир III, е запамтен како еден од најголемите полски кралеви.
За време на овој период, Полска била центар за миграција на Евреите.
Најголемиот противник на полската држава во Западна Европа биле рицарите од Тевтонскиот ред, кои владееле со Летонија, Естонија и Прусија. Во 1410 година се дошло до војна во која Полско-литванската Државна Заедница излегла како победник. Полските граѓани се гордееле со парламентарниот систем кој бил воведен во државата и кој се одликувал со големи слободи и покрај тоа што постоела една привилегирана класа која имала власт да влијае врз изборот на владетелот.
Околу 1600 година Варшава станала престолнина на Полска. Во периодот од 1605 до 1610 година, Полјаците на двапати ја окупирале Москва. Воделе војни и со Шведска и Османлиското Царство, што довело до слабеење на државата. Во средината на XVII век избувнало востанието на Козаците, кои биле предводени од страна на Богдан Хмелницки. Веднаш по ова, започнале војните со Османлиското Царство, Русија, Шведска, Трансилванија и Прусија. Полска изгубила повеќе од една третина од своето население. Како споредба, многу помалку за разлика за време на Втората светска војна. Во следните години, поради слабеењето на државата, Полска била принудена да биде ставена под капакот на Русија.
Овие причини довеле до полн пропаст на Полска. Така, во 1772 година била извршена првата поделба на Полска од страна на Прусија, Русија и Австрија, заземајќи ѝ 30% од целата територија. Во 1793 година Полска била по вторпат разделена од страна на Прусија и Русија, заземајќи ѝ 200.000 км2 со четири милиони жртви. Во 1794 година избувнало востание во Краков, преку кое востание било извршена третата поделба на Полска. Следната, 1795 година, Полска била избришена од картата на Европа, губејќи ја својата независност сè до Првата светска војна. При тоа заграбување, полските територии биле поделени во три зони: руска, австриска и пруска. Голем број од полското население емигрирале во Хамбург, Дрезден, Истанбул и Париз. Во војската на Наполеон биле вклучени голем број на полски емигранти. По победата на Наполеон Бонапарт, во 1807 година било создадено Варшавско кнежевство кое постоело до 1815 година.
Во Првата светска војна германската и австроунгарската војска го зазеле рускиот дел од Полска и во 1916 г. го основале Кралството Полска, кое силите на Антантата не го признале. На 3.11.1918 г. во Лублин била прогласена независна Република Полска, која добила меѓународно признание со мировниот договор во Версај (18.6.1919 г.). Во 1918 г. ѝ била приклучена и Велика Полска, а од Германија добила коридор до Балтичкото Море; Гдањск е прогласен за слободен град под заштита на Лигата на народите и во царинска унија со Полска: полската војска на 9.10.1920 г. го окупирала Вилнус и југоисточниот дел од Летонија, а за кусо време навлегла длабоко во Украина и го зазела Киев. По Полско-советската војна (април-октомври 1920 г.) со мировниот договор во Рига (18.3.1921 г.) добила големи делови од Белорусија и Украина, а по референдумот во 1921 г. и Горна Шлеска (дотогаш германска), а по германската окупација на Чехословачка (1938 г.) и северниот дел од Моравија по должината на реката Олша. На 12.5.1926 г. генералот Јожев Пилсудски извршил државен удар и воспоставил диктатура. Во март 1939 г. Полска ги одбила германските барања за приклучување на Гдањск кон Германскиот Рајх и за воспоставување патен и железнички коридор преку своите територии. Со таен протокол на Германско-советскиот договор за ненапаѓање (28.3.1939 г.) Хитлер и Сталин се договориле за четврта поделба на Полска.
Со нападот на Германија врз Полска (1.9.1939 г.)почнала Втората светска војна. На 17.9.1939 г. од исток во земјата навлегла и Црвената армија и ја освоила Белорусија и западна Украина. При германскиот напад врз СССР (22.6.1941 г.) Хитлеровата војска ја освоила цела Полска. Западните делови се вклучени во Германскиот Рајх, а на преостанатата територија е воспоставен генерален гувернат кој веднаш почнал со истребување на Евреите и Полјаците во концентрациони логори. Наспроти насилството, во Полска дејствувале две ослободителни движења: Татковинска војска под водство на бегалската влада во Лондон и Народната војска под водство на Народната работничка партија. Кога во летото 1944 г. Црвената армија навлегла речиси до Варшава, Татковинската војска на 1.8.1944 г. почнала востание под водство на генералот Тадеуш Коморовски. По два месеци жестоки борби Германците го задушиле востанието, а Црвената армија не дошла да помогне и во Варшава влегла дури на 17.1.1945 г. До крајот на јануари 1945 г. ја зазела целата територија на Полска, а врз основа на Договорот во Јалта (11.2.1945 г.) во јуни 1945 г. била основана коалициона влада на националното единство. Со Постдамската декларација (2.8.1945 г.) сојузниците ги определиле новите полски граници: на исток границата ја повлекле по должината на т.н. Керзонова линија (во Полско-советската војна 1920 г. ја предложил британскиот државник Џорџ Н. Керзон), така што Полска изгубила голем дел од своите територии, а во замена ги добила дотогашните германски области источно од Одра и Ниса.
На изборите во јануари 1947 г. победиле левичарските партии, а во 1948 г. Полската работничка партија и Полската социјалистичка партија се обединиле во Полска обединета работничка партија (ПОРП). Во времето кога нејзин претседател бил Владислав Гомулка (1943-1948 г.) се обиделе да определат свој правец на соцјалистички развиток (без присилна колективизација на земјата, средени односи со Католичката црква), но Гомулка бил отстранет, а на чело на партијата бил поставен Болеслав Берут (1948-1956 г.), близок на Сталин, за да спроведе советизација на Полска. На 22.7.1952 г. е донесен нов устав со кој Полска била преименувана во Народна Република Полска. На 14.5.1955 г. осум социјалистички држави во Варшава потпишале договор за пријателство, соработка и заемна помош (Варшавски пакт). По работничкото востание во Познањ во 1956 г., кое властите го задушиле во крв, раководството на ПОРП повторно го презел рехабилитираниот В. Гомулка (до 1970 г.). Поради сè поголемата стопанска криза и отпорот кон монополот на власта на ПОРП, во средината на 70-тите години почнале да се создаваат нелегални противнички групи, а со изборот на краковскиот надбискуп Карол Војтила за папа Иван Павле II (16.10.1978 г.) многу се засилила моралната сила на Католичката црква, иако и дотогаш била важен носител на полската национална свест. Во работничките безредија во 1980 г., меѓу другото, работниците барале создавање на независен синдикат. Тоа му успеало на 31.8.1980 г. на моќниот синдикат Солидарност (Solidarność: 8 милиони членови) под водство на Лех Валенса. Острите спорови меѓу ПОРП и Солидарност со државен удар биле прекинати од генералот Војќех Јарузелски (13.12.1981 г.), но тој не успеал да ја порази демократската опозиција, ниту да го сопре назадувањето на стопанството.
Политиката на „перестројка“ во времето на Михаил Горбачов (1985-1991 г.) ја зајакнала положбата на реформистите во ПОРП, така што во 1988 г. овозможила преговори меѓу владејачката ПОРП и опозицијата, заедно со забранетата Солидарност. На првите парламентарни избори за Сејмот на 4 и 18.6.1989 г. ПОРП добила 173 места, а Солидарност 161. Тадиуш Мазовјецки стана претседател на владата, а на претседателските избори (25.11. и 9.12.1990 г.) победи Лех Валенса. Со уставните измени од 31.12.1989 г. Полска е преименувана во Република Полска и на 18.11.1992 г. е донесен привремен устав, а на 25.5.1997 г. со референдум сегашниот устав. Полска и Германија на 14.11.1990 г. потпишаа договор за границите меѓу двете држави со кој е потврдена неменливоста на границите на Одра и Ниса, а од 17.6.1991 г. и договор за добрососедски односи и соработка. На 26.10.1991 г. Полска и СССР потпишаа договор за повлекување на советската војска од Полска до крајот на 1993 г. Во ноември 1991 г. Полска стана членка на Советот на Европа, на 1.2.1994 г. придружна членка на ЕУ, а на 8.4.1994 г. службено побара зачленување во ЕУ, во 1996 г. е примена во ОЕЦД, а на 12.3.1999 г. заедно со Чешка и Унгарија била примена во НАТО. Во 1998 г. Полска почна преговори со ЕУ за зачленување во унијата и на 1.5.2004 г. стана полноправна членка на ЕУ.
Полската територија се протега на неколку географски региони. На северозапад се наоѓа балтичкото крајбрежје. Ова крајбрежје е богати со неколку езера и дини. Централниот дел на Полска зазема дел од Северноевропската Низина. Тука се наоѓаат комплекси на езера меѓу кои: Померанско Езеро, Големо Полско Езеро и Кашупско Езеро. На југот на земјата се наоѓа планинскиот дел од Полска, меѓу кои се наоѓаат Карпатите и Татрите.
Полска се наоѓа на североисточниот раб на Средна Европа меѓу јужниот брег на Балтичкото Море на север и Карпатите на југ. Речиси половина од територијата на државата ја зафаќа околу 500 км широката Германско-полска низина на север. Северниот дел припаѓа на областа на тални морени од последната, виселска глацијација (Поморје, Мазурија). Преовладуваат брановити платоа со тални морени, голем број езера и мочуришта во ниските области. Кон југ се завршува со низа челни морени од виселската глацијација, кои во облик на долги, шумовити вериги се протегаат од запад кон исток (највисок врв Биерица, 329 м). Пред нив се наоѓа широк предел од предледнички песочни плавини (т.н. сандери) со папрадници и борови шуми (на пр. Bori Tuhnolskie), а кон југ следат широки, на дното влажни, прадолини од некогашните леднички реки што течеле по должината на работ на ледената покривка кон запад, особено Варшавско-берлинската прадолина. Областа на средишна Полска се состои од малку брановити моренски наноси од постариот меѓуледен период; својствено е сменувањето на брановити платоа од иловични, тални морени и сушни, помалку плодни од песочните плавини (Големополска, Кујавија, Мазурија). Ј од моренските области релјефот постепено се издига кон среднополските висови, кои според своето создавање се дел од некогашните Харцински Планини, покриени со хоризонтални наслојки од мезозојски карпи и прапор. Постарата подлога излегува на површината во вид на изразити структурни скалила, на дното на речните долини и на одделните ниски брегови, на пр. Светокришки Планини (612 м). Широката долина на Вислa ги дели на Шлеска на запад и на Лублинска Висорамнина на исток. Највисокиот дел на средногорскиот појас во Полска се Судетите, грамадни планини на границата со Чешка (највисок врв Сниешка, 1602 м), кои релативно стрмно се спуштаат кон Средношлескиот басен составен од прапор. Во северното подножје на Карпатите се наоѓа пространата Шлеска Котлина со богати наоѓалишта на камен јаглен. Во северниот дел е покриена со прапор, многу е индустријализирана и густо населена, а во источниот дел е исполнета со песочни наноси и е ретко населена. Од неа кон југ постепено се издига предгорјето на Карпатите; прво средногорските Бескиди (највисок врв Бабја Гора, 1725 м), градени од мезозојски варовник и флиш, а на крајниот југ високите Татри (највисок врв Риси, 2.499 м) од гранит и метаморфни карпи.
Полска е демократија со претседател како шеф на државата и со устав кој е усвоен во 1997 година. Владината структурата е составена од Советот на министри и премиерот како претседател на владата. Претседателот го назначува кабинетот по предлог на премиерот. Претседателот на Полска се избира на претседателски избори за мандат од пет години. Собранието на Полска е дводомно, па така има собрание кое се состои од 460 пратенички места и Сенат.
На парламентарните избори од 2001 година убедлива победа остварила полската левица, со добиени над 40% од гласовите, но потоа таа освоила помалку од 10% на изборите одржани во 2005 година. Тогаш, најмногу гласови освоила партијата на близнаците Лех и Јарослав Качињски „Право и правда“ (27%), а на второто место била централно-десничарската партија „Граѓанска платформа“ предводена од Доналд Туск, која освоила 24% од гласовите. Притоа, меѓу овие две партии се појавиле големи спротивности, така што партијата „Право и правда“ морала да формира малцинска влада на чие чело застанал премиерот Казимјеж Марќинкјевич.[5]
На претседателските избори во 2005 година се водела борба меѓу Доналд Туск и Лех Качињски. По првиот круг, Туск водел со освоени 36,3% од гласовите, а Качињски освоил 33,1%, но во вториот круг победил Качињски, со освоени 54% ог гласовите наспроти 46% на Туск.[6]
На парламентарните избори во 2007 година партијата „Граѓанска платформа“ освоила 41,5% од гласовите и заедно со Полската народна партија формирала влада со Туск како премиер. Во тој период, претседателот Лех Качињски ставил вето на поголем број закони донесени од страна на владата на Туск, кој повел неколку неуспешни иницијативи за ограничување на правото на вето на претседателот. Во 2010 година, по смртта на претседателот Качињски биле организирани вонредни избори при што за нов претседател бил избран дотогашниот претседател на парламентот Бронислав Коморовски, победувајќи го Јарослав Качињски, братот-близнак на погинатиот претседател. И на парлментарните избори во 2011 година повторно победила партијата „Граѓанска платформа“, а на претседателските избори во 2015 година победил кандидатот на партијата „Право и правда“ Анджеј Дуда. Во октомври истата година се одржале парламентарни избори на кои победила партијата „Право и правда“.[7]
По поразот на претседателските избори во мај 2011 година, партијата „Граѓанска платформа“ назначила пет судии на Уставниот суд, иако само на тројца им истекувал мандатот. Сепак, по изборите, новиот претседател Анджеј Дуда не ги потпишал указите за изборот на петте судии, а по октомвриските избори, парламентот, во кој доминирала коалицијата предводена од „Право и правда“ го поништил изборот на сите петмина судии и на нивното место поставил пет нови. Меѓутоа, оваа одлука била поништена од самиот Уставен суд, со што Полска влегла во уставна криза. Како одговор на тоа, Сејмот донел измени во Законот за уставниот суд, со кој било предвидено двотретинско мнозинство во одлучувањето на судот. И оваа одлука ја поништил Уставниот суд, но владата одбила да ја спроведе. Наспроти масовните протести ширум Полска, владата предводена од „Право и правда“ донела неколку закони со кои ги контролирала медиумите и јавното обвинителство, а полицијата добила поголеми овластувања за прислушување. Како реакција на тоа, Европскиот парламент донел декларација со која се барало почитување на одлуките на Уставниот суд, а врз основа на тоа Европската комисија започнала процедура за заштита на владеењето на правото.[8]
Моменталната административна поделба на Полска е врз основа на војводства или административна единица и се засновани врз историските полски региони, а додека тие создадените во текот на минатите две декади (сè до 1998) се именувани според поголемите градови во тоа војводство. Административната власт на ниво на в ојводство (административна единица) е поделена помеѓу војвода којшто е назначен од владата и избрано регионално собрание (Sejmik) кој назначува маршал.
Војводствата се поделени на повјати или области и овие се поделени на гмини или општини. Моментално Полска има 16 војводства, 379 области и 2.478 општини.
| |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Полската економија се смета за една од најздравите посткомунистички економии, со раст на БНП од 6,1%. По падот на комунизмот, Полска имплементира политики на либерализација на економијата и денес е пример за тоа како успешно да се излезе од процесот на транзиција.
Приватизацијата на малите и средни претпријатија и либералните закони овозможило развој на приватниот сектор. Исто така приватизацијата на осетливите сегменти на полското општество, како челик, железница и слично успешно се имплементирало до 1990 до денес.
Полска има висок број на приватни фарми во земјоделскиот сектор, со потенцијал да стане водач во производството на храна во ЕУ.
Меѓу 1949 и 1955 г. била извршена брза индустријализација според советскиот пример при што биле создадени големи центри на тешката индустрија во Горна Шлеска (на пр. железарницата „Ленин“ и покрај нив градот Нова Хута), Ченстохова, Сталова Вола, Остовиец Свиетокржиски. Во рамките на централизираното стопанство се развивале металската индустрија, бродоградбата, електротехничката индустрија, а на индустријата за стоки за широка потрошувачка поголемо внимание ѝ било посветено дури во 70-тите год. Најголеми индустриски области се Горна Шлеска, меѓу Ополе и Краков, Лоѓ, Вроцлав и Варшава, а во северниот дел меѓу Гдањск, Торуњ и Бидгошч. Црната металургија (5,44 милиони тони сурово железо и 9,11 милиони тони челик) поголемиот дел е од наоѓалиштата на камен јаглен во Горна Шлеска (Нова Хута, Краков, Катовице, Хорзов, Битом, Гливице), покрај некогашните рудници за железна руда (Ченстохово, Остовиец Свиетокржиски, Сталова Бола), во Вроцлав, Познањ, Варшава и Шчеќин. И обоената металургија е концентрирана во Горна Шлеска, со топилниците за бакар, олово и цинк (Катовице, Легника, Олкуж, Хрзанов и др.). Важно место заземала и машиноградбата, најмногу индустријата за фабрички и рударски машини како и енергетски направи, која порано го снабдувала големиот пазар на СЕВ, но по неговото распаѓање западна во криза поради тешкотиите при пробивањето на западните пазари. Главни центри се Варшава, Познањ, Краков, Вроцлав, Гдањск, Келце. Фабриките за локомотиви се наоѓаат во Познањ, Вроцлав и Островиец, а на вагони во Хорзов, Стараховица, Лублин, а на камиони во Стараховица, Лублин и Тихом, за автобуси - во Санок, за трактори во Варшава (фабриката „Урсус“). Во Гдањск, Гдиња и Шчеќин се наоѓаат бродоградилиштата, но тие се соочија со тешкотии. Електротехничката индустрија се наоѓа во Варшава, Вроцлав и Елблонг (6,79 милиони телевизори, 1,0 милиони фрижидери и замрзнувачи и 881.000 машини за перење). Хемиската индустрија ги користи пред сѐ обилните домашни суровини; главни центри се Лоѓ, Познањ, Виров, Гдањск, Шчеќин и Буско-Здрух. Најразвиена е базната хемиска индустрија (кокс, сулфур, солна киселина, натриум хидроксид и др.). Фабриките за вештачки ѓубрива (2,4 милиони тони) се наоѓаат во Тарнув, Познањ, Пулава и Шчеќин. Фабриките за вештачки и синтетички влакна се наоѓаат во Јелења Гура, Томашов, Мазовјецки, Ходаков, Лоѓ, Шчеќин и Торуњ. Најголеми се рафинериите во Плоцк и Гдањск. Фармацевтската индустрија се наоѓа во Варшава, Краков, Лоѓ и Гдањск. Големо значење има текстилната индустрија со традиционалниот центар во Лоѓ и околината, каде што е концентрирана преработката на памук. Преработката на волна е концентрирана во јужниот дел на Полска (Бјелско-Бјала, Камиена, Вапиеница) и во Бјалисток. Во целата држава е распостранета прехранбената индустрија која главно произведува за домашниот пазар (фабрики за шеќер, пиварници, фабрики за алкохолни пијалаци и др.). Од другите индустриски гранки се развиени и дрвната индустрија и индустријата за хартија (особено на С), тутунската, гумарската (Познањ, Пјастов крај Варшава), цементната, стакларската (во Шлеска) и керамичката индустрија (Цмјелов, Хоѓјеж и Валбрзих).
Најголем број странски туристи ги посетуваат Варшава и Краков, а Ченстохова е трето по големина место за поклонение во Европа (околу 5 милиони поклоненици годишно). Центрите за зимски спортови се на планините на југ, пред сѐ Закопане во Високите Татри. Сѐ повеќе се посетени летувалиштата на Балтичкото Море (Швиноујшќе, Мјенѕиздроје, Њехорце, Колобжег, Устка, Леба, Сопот). Привлечни се и езерата во Поморје и во Мазурија, како и околу 30 бањи низ целата држава (на пр. Шавница во Бескидите, Криника, Јеленија Гора, Циехоцинек кај Торуњ со солени извори, итн.). Во 2003 г. Полска ја посетиле 48,74 милиони странски туристи, најмногу од Германија од каде доаѓаат голем број еднодневни туристи (за пазарување).
Со своите 38.116.000 жители, Полска е осма најголема држава во Европа и шеста најголема држава во ЕУ. Густината на населението е околу 122 жители на километар квадратен.
Во историјата, Полска била држава со повеќе националности и религии. Пред Втората светска сојна, Полска имала околу 3 милиони Евреи, а после холокаустот има само 300.000 Евреи. Исто така со промената на границите, различноста на населението значително се намалила. Според пописот во 2002 година, 98% од населението се изјаснило како Полјаци, додека 471.500 се изјасниле со други националности, а 774.900 не се изјасниле. Најголемо малцинско население во Полска се Шлезите, па потоа следат Германците, Белорусите, Украинците, Литванците, Русите, Ромите, Лемкосите, Словаците, Чесите и Татарите.
Бр. | Војводство | Нас. | Бр. | Војводство | Нас. | ||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Варшава Краков |
1 | Варшава | Мазовско | 1.735.442 | 11 | Бјалисток | Подласко | 295.459 | Лоѓ Вроцлав |
2 | Краков | Малополско | 761.873 | 12 | Гдиња | Поморско | 247.820 | ||
3 | Лоѓ | Лоѓско | 706.004 | 13 | Ченстохова | Шлеско | 230.123 | ||
4 | Вроцлав | Долношлеско | 634.457 | 14 | Радом | Мазовско | 217.201 | ||
5 | Познањ | Големополско | 545.680 | 15 | Сосновјец | Шлеско | 209.274 | ||
6 | Гдањск | Поморско | 461.489 | 16 | Торуњ | Кујавско-поморско | 203.158 | ||
7 | Шчеќин | Западнопоморско | 407.180 | 17 | Келце | Светокришко | 198.857 | ||
8 | Бидгошч | Кујавско-поморско | 357.652 | 18 | Жешув | Поткарпатско | 185.123 | ||
9 | Лублин | Лублинско | 341.722 | 19 | Гливице | Шлеско | 184.415 | ||
10 | Катовице | Шлеско | 301.834 | 20 | Забже | Шлеско | 177.188 |
Полскиот јазик е член на групата на западнословенски јазици од фамилијата на словенски јазици. Тој е службен јазик во Полска. До скоро, рускиот се учел како втор јазик, но денес е заменет со англиски и германски јазик.
Верници во Полска | ||||
---|---|---|---|---|
Христијани | 92,2 % | |||
Атеисти | 6,9 % | |||
Други | 0,9 % |
Поради холокаустот и Втората светска војна, Полска стана скоро хомогена католичка држава. Повеќето од Полјаците, околу 90% се католици. Полска е една од најрелигиозните држави во Европа. Покрај католиците, во Полска има и полски православни христијани (околу 506.800), протестанти (околу 150.000), Јеховини сведоци (126.827), и различни помали религиозни групи.
Слободата на религиозната определба е загарантирана со уставот на Полска од 1989 година.
Полската култура била под влијание на Источна и Западна Европа. Денес, ова влијание се препознава преку архитектурата, фолклорот и уметноста. Полска дала многу значајни историски личности како: Папата Јован Павле II, Марија Кири, Никола Коперник и Фредерик Шопен. Филмската индустрија има вклучено доста Полјаци, преку глумци и режисери, како: Роман Полански, Анджеј Вајда, Збигниев Рибчински, итн.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.