From Wikipedia, the free encyclopedia
Боливија (шпански: Bolivia, кечуански: Buliwya, ајмарски: Wuliwya, гварански: Volívia), или официјално Повеќенационална Држава Боливија[10][11] (Estado Plurinacional de Bolivia) — независна држава во Јужна Америка. Боливија се граничи со Бразил на север и исток, со Парагвај и Аргентина на југ, со Чиле на југозапад и со Перу на запад. Главен град на државата според уставот е Сукре, а седиште на владата е Ла Пас. Државата има 37 службени јазици, а најзборувани се шпанскиот, кечуанскиот, ајмарскиот и гваранскиот јазик. Боливија има население од околу 10 милиони жители. Над 50% од населението се јужноамерикански староседелци, меѓу кои најголеми се Кечуаните, Ајмарите и Гвараните.
Повеќенационална Држава Боливија |
||||||
---|---|---|---|---|---|---|
|
||||||
Гесло: ¡La unión es la fuerza! „Сојузот е силата!“ (шпански) [1] |
||||||
Химна: Himno Nacional de Bolivia |
||||||
Випала од Куласују:[2] |
||||||
Главен град | Сукре | |||||
Најголем град | Санта Крус де ла Сиера 17°48′S 63°10′W | |||||
Службен јазик | шпански кечуански ајмарски и 34 останати локални јазици[3][4] |
|||||
Народности | 55% староседелци (Кечуани, Ајмари и 34 други народи 30% местици 15% белци[5] |
|||||
Демоним | Боливиец | |||||
Уредување | унитарна претседателска република | |||||
• | Претседател | Луис Арсе | ||||
• | Потпретседател | Давид Човеванка | ||||
Независност | од Шпанија | |||||
• | објавена | 6 август 1825 | ||||
• | призната | 21 јули 1847 | ||||
• | сегашен устав | 7 февруари 2009 |
||||
Површина | ||||||
• | Вкупна | 1,098,581 км2 (28-ма) | ||||
• | Вода (%) | 1.29 | ||||
Население | ||||||
• | проценка за 2018 г. | 11,217,864[6] (83та) | ||||
• | Густина | 10.2 жит/км2 (224та) | ||||
БДП (ПКМ) | проценка за 2011 г. | |||||
• | Вкупен | $50.904 милијарди[7] | ||||
• | По жител | $4,789[7] | ||||
БДП (номинален) | проценка за 2011 г. | |||||
• | Вкупно | $24.604 милијарди[7] | ||||
• | По жител | $2,314[7] | ||||
Џиниев коеф. (2010) | 53[8] висок · 14та |
|||||
ИЧР (2013) | ▬ 0.667[9] среден · 113та |
|||||
Валута | Боливијано (BOB ) |
|||||
Часовен појас | BOT (UTC−4) | |||||
Се вози на | десно | |||||
НДД | .bo | |||||
Повик. бр. | +591 |
Пред европската колонизација на Америка, андскиот регион на Боливија бил дел од познатата Империја на Инките — најголема држава во претколумбовскиот период. Шпанската империја го освоила регионот во 16 век. За време на шпанскиот колонијален период, територијата на Боливија се нарекувала Горно Перу и била дел од Вицекралството Перу. По објавувањето на независноста во 1809 година, следувала војна која траела 16 години. По крајот на војната била основана новата република на 6 август 1825, а името го добила во чест на јужноамериканскиот револуционер Симон Боливар. Во својата историја како независна држава, Боливија се соочила со голем број политички немири, диктаторски општествени уредувања и економски проблеми.
Боливија е демократска претседателска република. Административно, државата е поделена на девет департмани. Релјефот на државата е разновиден, па така во западните предели се наоѓаат високите Анди, а во источниот дел на земјата се наоѓаат низините на Амазонија и Гран Чако. Државата е означена како „држава во развој“, со среден Индекс на човеков развој и ниво на сиромаштија од 53%.[12] Главни стопански гранки во државата се земјоделството, шумарството, риболовството, рударството и производството на текстил, облека, обработени материјали и рафинирана нафта. Држава е богата со природни ресурси, особено со калај и литиум.
Боливија го добила името по Симон Боливар, водач на Шпанско-американските војни за независност.[13] Антонио Хосе де Сукре, за време на периодот пред независноста на државата, предложил територијата на Боливија која се викала Горно Перу да биде заедно со Перу и да се обединат со Обединетите покраини Рио де ла Плата, или да објави независност од Вицекралството Перу. Сукре на крај се одлучил да ја направи Боливија независна и да ја именува според Симон Боливар.[14]
Оригиналното име на државата било „Република Боливар“. Името не било сменето во „Боливија“ сè додека Мануел Мартин Крус изјавил: „Ако од Ромул доаѓа Рим, тогаш од Боливар доаѓа Боливија“ (Si de Rómulo Roma, de Bolívar Bolivia). Името Боливија започнало почесто да се употребува и било одобрено на 3 октомври 1825.[15]
Според уставот од 2009 година официјалното име „Република Боливија“ било сменето во „Повеќенационална Држава Боливија“. Новото официјално име е во согласност со мултиетничкиот карактер на државата и положбата на староседелското население во новиот устав.[16][17][18]
Територијата на Боливија била населена повеќе од 2.000 години, поточно со доаѓањето на Ајмарите во регионот. Денес, Ајмарите се сметаат за наследници од цивилизацијата која се развила во Тиванаку во западна Боливија. Главниот град на Тиванаку датира од 1500 г.п.н.е. Градот првично било мало земјоделско село.[19]
Тиванаку брзо се развил во урбан центар во периодот од 600 до 800 година и станал важна регионална сила во јужните Анди. Според раните проценки, во својот најголем подем, градот зафаќал околу 6.5 км2 и имал од 15.000 до 30.000 жители.[20] Сепак, во скоро време, со помош на сателитски снимки се разгледувале фосилизираните „поплавени издигнати полиња“ („сука колус“) во околината на три села во Тиванаку се проценило дека земјоделските обработливи површини имале капацитет за од 285.000 до 1.482.000 жители.[21]
Од локална сила Тиванаку преминал во моќна држава во 400 година. Државата ја проширила својата територија во Јунгас и со тоа ја донела својата култура и начин на живот во денешни Перу, Боливија и Чиле. Сепак важно е да се напомене дека државата немала целосно насилен карактер. При ширењето на својата територија, Тиванаку користела политичка итрина, создаваа колонии и склучувала трговски договори.[22]
Тиванаку продолжила да се развива без некои опасности за својот пад. Вилијам Исбел вели дека „Тиванаку подлегнал на драстични промени меѓу 600 и 700 година и се основале нови монументални стандарди за граѓанската архитектура и во голем дел се зголемило населението“.[23] Тиванаку продолжил со примање на различни култури, наместо да ги занемарува. Силата на Тиванаку се зголемила со основањето на стабилна трговија меѓу градовите во империјата.[22]
Елитата на Тиванаку ја зацврстила својата положба преку контролата на вишокот храна, кој бил собран од периферните области и раздадена на населението. Дополнително на тоа, елитната класа и нивната контрола на ламите станал значаен механизам за контрола на државата. Ламата се користела за транспорт на стока и таа симболизирала класна разлика меѓу елитната класа и обичниот народ. Сето ова придонело да се зголеми моќта на државата сè до 950 година. Во тој период во државата се случила драматична промена на климата.[24]
Врнежите во басенот на Титикака значително се намалиле. Некои археолози го означиле овој период како период на суша. Како што се намалувале врнежите, голем број градови кои биле оддалечени од езерото започнале да даваат помалку храна на владеачката елита, а со тоа се намалила нивната моќ. Главниот град бил последен кој имал проблеми со сушата, најмногу поради начинот на одгледување. Тиванаку сосема се распаднал во 1000 година, најмногу поради сушата, недостатокот на храна и моќта на владеачката елита. Областа била ненаселена со векови по падот на Тиванаку.[24]
Меѓу 1438 до 1527 година, Империјата на Инките, за време на својоата најголема територијална експанција, презела контрола врз територијата на денешна Боливија. Сепак, Инките немале контрола врз регионот за долг период бидејќи Империјата почнала да слабее. Тоа довело до полесно освојување на територијата од страна на Шпанците.
Шпанското освојување на Империјата на Инките започнало во 1524 година и било завршено во 1553. Територијата денес позната како Боливија тогаш била именувана како „Горно Перу“ и била под управа на Вицекралството Лима. Локалната влада дошла од Ауденсија де Чаркас во Чукисака. Во 1545 година бил основан градот Потоси и набрзо станал голем производител на добра, и со тоа градот станал најголем град во Новиот Свет со население од над 150.000 жители.[25]
До крајот на 16 век боливиското сребро било важен извор на приход на Шпанската империја.[26] Месното население служело како работна сила, а Шпанците го презеле системот на општествено служење од Инките познато како мита.[27] Во март 1782 година, Тупак Катари го организирал месното население во револт, кога бил опколен Ла Пас. Во бунтот 20.000 лица го загубиле животот.[28] Како што шпанската власт слабеела поради војните со Наполеон, незадоволството на месното население се зголемувало.
Боливиската војна за независност започнала во градот Сукре во 1809 година со Револуцијата во Чукисака. Сукре тогаш се викал Чукисака и од таму доаѓа името на револуцијата. Револуцијата довела до создавање на влада создадена од воена хунта. Револуцијата во Чукисака била проследена со Револуцијата во Ла Пас, за време на која Боливија ја прогласила својата независност. Двете боливиски револуции биле краткотрајни и биле поразени од шпанските власти, но следната година Шпанско-американските војни за независност го зафатиле целиот континент. Боливија била ослободувана и повторно окупирана неколкупати за време на војната меѓу ројалистите и патриотите. Од Буенос Аирес биле испратени три воени походи и сите биле поразени. Боливија конечно се ослободила од ројалистите под водство на Антонио Хосе де Сукре. Сукре предводел воен поход од северот и ја поддржал воената операција на Симон Боливар. По 16 години водење војна, новата република била прогласена на 6 август 1825 година и била именувана во чест на Симон Боливар.
Во 1835 година, Боливија, под водство на маршал Андрес де Санта Крус, навлегла во Перу за да го воспостави повторно на власт генералот Луис Хосе де Орбегосо. Перу и Боливија ја создале Перуанско-боливиската Конфедерација, каде Санта Крус бил прогласен за „врховен заштитник“. Создавањето на Конфедерацијата не била добредојдена од соседите, особено Чиле и Аргенина, бидејќи сметале дека таквата држава би била мошне моќна. По тензиите кои настанале меѓу конфедерацијата и Чиле, Чиле ѝ објавил војна на 28 декември 1836 година. Аргентина станала сојузник на Чиле и таа ѝ објавила војна на конфедерацијата на 9 мај 1837 година. Перуанско-боливиските сили забележале неколку значајни победи за време на Конфедерациската војна, меѓу кои поразот на аргентинското проширување и поразот на чилеанското проширување на териториите во Паукарпата во близина на Арекипа.
За време на битките во Арекипа, чилеанските и перуанските војници се предале и безусловно го потпишале Договорот од Паукарпата. Според договорот, Чиле требало да се повлече од Перу и Боливија, да ги врати заробените конфедерациски бродови, да се нормализираат економските односи и Конфедерацијата да го исплати перуанскиот долг на Чиле. Народот во Чиле не се согласил со овој договор и владата била приморана да го отфрли. Чиле организирал втор напад на Конфедерацијата и ја поразил во Битката кај Јунгај. По поразот, Санта Крус дал отставка и пребегнал во азил во Еквадор, а Конфедерацијата се распаднала.
По независноста на Перу, претседателот Агустин Гамара ја нападнал Боливија. Перунската армија била поразена во Битката кај Ингави на 20 ноември 1841 година кога Гамара бил убиен. Боливиската војска под раководство на Хосе Баливијан организирала контра напад и бил заземен градот Арика. Двете држави потпишале мировен договор во 1842 година.
Во 19 век во Боливија имало политичка и економска нестабилност што довело до слабеење на државата. Од 1879 до 1883 година Боливија водела војна со Чиле која е позната како Тихоокеанска војна. Како резултат на војната, Боливија го изгубила своето крајбрежје и пристапот до Тихиот Океан. Боливискиот крајбрежен департман Литорал потпаднал под чилеанска контрола.
Уште од независноста, Боливија загубила половина од првичната територија преку војни и внатрешни немири.[29] Боливија ја загубила контролата на денешната сојузна држаба Акре во Бразил за време на Војната во Акре. Месното население на Акре имало неколку значајни победи за време на оваа војна, но кога увиделе дека има опасност од избувнување голема војна во која би се вклучила сета војска на Бразил, буното се стишил и се потпишал Договорот од Петрополис во 1903 година. Со договорот Боливија ја изгубила оваа територија.
Во доцниот 19 век се зголемила светската цена на златото и Боливија се стекнала со просперитетен и политички стабилен период. За време на раниот 20 век, трговијата со калај ја заменила трговијата со злато.[30]
Условите за живот на локалното населени биле лоши. Населението немало пристап до образование и работеле во лоши услови. Во тој период Боливија загубила од Парагвај во Војната во Чако во 1932 до 1935 година. Со тоа, Боливија ја загубила својата контрола на голем дел од територијата на Гран Чако.[31][32][33]
Боливија се наоѓа во централниот регион на Јужна Америка. Со своите 1.098.580 км2, Боливија е 28 најголема држава во светот.[34] Територијата на државата се протега од централните предели на Андите на запад па сè до Амазонија и Гран Чако на исток. Боливија нема излез на море, а копнено се граничи со Бразил на север и исток, со Парагвај и Аргентина на југ, со Чиле на југозапад и со Перу на запад.
Територијата на Боливија е составена од различен вид релјефни формации и климатски одлики. Државата има голем степен на биоразновидност, кој е еден од најголемите во светот. Покрај тоа, во Боливија има неколку еколошки региони, како што се на пример Алтиплано и Чикитанија. Алтиплано е составен од тропски прашуми и суводолици, а Чикитанија е составена од тропски савани. Разновидноста се забележува во надморската височина на земјата, каде највисокиот врв Невадо Сахама има 6.542 метри, а најниската точка е покрај реката Парагвај и има 70 метри надморска височина.
Боливија може да се подели на три географски региони:
Реките на Боливија се поделени на три речни басени, кои пак се дел од двата речни слика, атлантски и тихоокеански.
Реки и езера во Боливија со надморска височина. | ||||||||
Невадо Сахама |
Маморе |
Титикака | ||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
надморска височина | реки | езера | ||||||
N° | име | над. височина (м) |
N° | име | должина (км) |
N° | име | површина (км2) |
1 | Невадо Сахама | 6.542 | 1 | Маморе | 2.000 | 1 | Титикака | 3.790¹ |
2 | Илјампу | 6.485 | 2 | Итономас | 1.493 | 2 | Попо | 2.337 |
3 | Илјимани | 6.462 | 3 | Рио Гранде | 1.438 | 3 | Којпаса | 806 |
4 | Анкоума | 6.427 | 4 | Бени | 1.130 | 4 | Уајтунас | 329 |
5 | Паринакота | 6.362 | 5 | Бланко | 1.087 | 5 | Рогагвадо | 315 |
Notes: 1 = Титикака има површина од 8.562 км2, од кои 3.790 км2 се во Боливија. | ||||||||
Извор: Боливиски национален географски институт |
Боливиски граници | |||
држава | копнена | поморска | вкупно |
---|---|---|---|
Аргентина | 471 | 302 | 773 |
Бразил | 750 | 2.673¹ | 3.423 |
Чиле | 830 | 20 | 850 |
Парагвај | 634 | 57 | 741 |
Перу | 513 | 534² | 1.047 |
Копнена | 3.469 | ||
Поморска | 3.579 | ||
Total | 6.834 | ||
Notes:
1 =Од 2.673 км поморска граница со Бразил, 95 км се езера, а другите реки. | |||
На север и исток Боливија граничи со Бразил, на исток и југоисток со Парагвај, на југ со Аргентина, на југозапад со Чиле и на запад со Перу. Вкупниот граничен појас на државата е 6.834 километри.
За време на Тихоокеанската војна, Боливија го загубила своето тихоокеанско крајбрежје, кое го сочинувал департманот Литорал, а денес е дел од северно Чиле. Историски, тврдењата дека крајбрежјето е сè уште нејзино е дел од боливиската државна политика. Според боливиските тврдења, крајбрежјето и морската територија треба да е под боливиска контрола. Според уставот од 2009 година, Боливија има право на овој регион и контролата врз истиот, и цел на државата е да се реши овој проблем по мирен пат.
Уште од основањето на ООН во 1945 година, Боливија побарала од Генералното собрание да го разгледа предлогот за воспоставување боливиска контрола врз поранешниот депатман Литорал. Ова прашање било предложено и во Организација на американските држави. Организацијата во 1979 година усвоила резолуција според која боливискиот проблем е хемисферски.[38]
Во врска со овој проблем биле потпишани следниве договори:
Уставно, главен град на Боливија е Сукре, но администрацијата на владата е во Ла Пас. Најголем град во државата е Санта Крус де ла Сиера.
Најголеми градови во Боливија Проценка за населението за 2007, НИСБ | |||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Бр. | Департмани | Нас. | Бр. | Департмани | Нас. | ||||
Санта Крус де ла Сиера Ла Пас |
1 | Санта Крус де ла Сиера | Санта Крус | 1,451,597 | 11 | Квилјаколјо | Кочабамба | 142,724 | Ел Алто |
2 | Ла Пас | Ла Пас | 877,363 | 12 | Монтеро | Санта Крус | 91,952 | ||
3 | Ел Алто | Ла Пас | 647,350 | 13 | Тринидад | Бени | 87,977 | ||
4 | Кочабамба | Кочабамба | 608,276 | 14 | Рибералта | Бени | 93,624 | ||
5 | Сукре | Чукисака | 280,225 | 15 | Тиквипаја | Кочабамба | 62,940 | ||
6 | Оруро | Оруро | 216,702 | 16 | Ла Гвардија | Санта Крус | 49,921 | ||
7 | Тариха | Тариха | 176,787 | 17 | Варнес | Санта Крус | 47,406 | ||
8 | Потоси | Потоси | 150,647 | 18 | Котока | Санта Крус | 45,277 | ||
9 | Сакаба | Кочабамба | 134,518 | 19 | Гвајармерин | Бени | 35,767 | ||
10 | Јакуиба | Тариха | 95,594 | 20 | Кобиха | Пандо | 34,498 |
Климата во Боливија варира од регион до регион, па така во државата има тропска клима во источните висорамнини и поларна клима во западните планински предели. Летата во државата се топли, влажни во истокот и суви во западот. Дождовите често ја одредуваат температурата, влажноста на воздухот и атмосферскиот притисок. Кога во државата ќе се појави климатскиот феномен Ел Нињо[40][41] големи временски промени во државата се случуваат. Во западниот дел од државата зимата е многу ладна, која е проследена со снег. Есента е сува во пределите кои немаат тропска клима.
Биоклиматски пејзаж на Боливија | |||||||
Тропска прашума Лос Јунгас, Ла Пас |
Пустина Пустина Дали, Потоси |
Широколисна шума Чекењо, Санта Крус |
Долина Самајпата, Санта Крус | ||||
Прашума Амазонија, Кочабамба |
Влажно Алтиплано Колјао, Ла Пас |
Суво Алтиплано Исла дел Пескадо, Потоси |
Андски ледник ледничко езеро, Ла Пас | ||||
Боливија е една од државите за кои се смета дека имаат огромна биоразновидност[42]. Државата располага со голема разновисност во поглед на растителниот и животински свет, како и во поглед на екосистемите.
Различното ниво на надморска височина ѝ овозможува на земјата да има голема биоразновидност. Државата има 4 вида биоми, 32 еколошки региони и 199 екосистеми. На својата територија Боливија има неколку природни парка, како што се Националниот парк Ноел Кемф, Националниот парк Мадиди, Националниот парк Тунари и Националниот резерват за андска фауна Едуардо Авароа.
Биоразновидноста на Боливија може да се подели на две групи:
Флора и фауна во Боливија | |||||||
Leopardus pardalis Оцелот |
Saimiri boliviensis Црнокапест сајмир |
Phoenicopterus andinus Андски фламинго |
Lama glama Лама |
Inia boliviensis Боливиски речен делфин | |||
Heliconia rostrata Хеликонија |
Echinopsis boyuibensis Кактус бојибе |
Ceiba speciosa Тоборочи |
Swietenia macrophylla Широколисна махагонија |
Cantua buxifolia Кантута | |||
Боливија е дом на повеќе староседелски американски народи. Денес се проценува дека најголеми етнички групи во државата се Кечуаните кои сочинуваат околу 30% од населението и Ајмарите кои сочинуваат 25% од населението. Во државата живеат околу 2,5 милиони Кечуани, 2 милиони Ајмари, 180.000 Чикитани и 125.000 Гварани. Околу 55% од вкупното население на државата се староседелски народи, 30% се местици и 15% од населението се белци.[44]
Белото население на државата е составено од семејства од немешано шпанско потекло, кои се потомци на шпанските колинизатори. Од независноста на државата, ова население ја сочинувало аристократската класа на Боливија. Покрај белците со шпанско потекло, во државата има белци од германско, италијанско, баскиско, хрватско, руско, полско и останато европско потекло. Сите овие се потомци на европско дојденци во Боливија. Во источна Боливија има околу 40.000 жители кои зборуваат германски.[45]
Боливијците со африканско потекло сочинуваат 0.5% од вкупното население. Црномурестите жители се потомци на африканско робови кои биле носени во Бразил. Тие воглавно живеат во регионот Јунгас и во департманот Ла Пас. Во Санта Крус де ла Сиера има и одреден број азиско население
Боливија е една од најслабо развиените држави во Јужна Америка. Скоро две третини од населението живее во сиромаштија и голем број од ова население се занимава со земјоделство. Густината на населението во државата е проценето на еден жител на километар квадратен во југоисточните делови, во централните делови десет жители на километар квадратен. Според податоците до 2006 година, населението на државата се зголемува за 1.45% годишно.[46] Според проценките за 2010 година, Боливија има 10.907.778 жители[47]
Етнички состав на Боливија | |||
Етничка карта на Боливија | |||
Самоопределување како староседелци ¹ | |||
Самоопределени како староседелци | 60 % | ||
не се определиле како староседелци | 40 % | ||
Етничко самоопределување ² | |||
Местици | 68 % | ||
Староседелци | 18 % | ||
белци | 7 % | ||
чолоанци | 2 % | ||
Афро-Боливијци | 1 % | ||
други | 1 % | ||
н.п. | 3 % | ||
Notes: 1 = Национален попис на население 2001, НСИ на Боливија.[48] | |||
2 = [49] |
Етничкиот состав на Боливија е разновиден и повеќенационален. Повеќето од староседелското население ја асимилирала местичката култура и ги истакнуваат своите вредности и наследство. Така, денес во Боливија има мешавина од култури, воглавно од староседелска и шпанска.
Денес се проценува дека околу 30% од населението се луѓе кои зборуваат кечуански јазик, а 25% зборуваат на ајмарски јазик. Најголема етничка староседелска група се Кечуаните, кои се околу 2,5 милиони, па следуваат Ајмарите со околу 2 милиони, па Чикитаните со 180.000 и Гвараните со околу 125.000 жители. Сите староседелски народи сочинуваат околу 55 % од населението, 30 % се местици и 15 % се белци.[44]
Најголем број од боливиското население се Католици. Сепак, протестантството и традиционалната релгија на Инките[50][51] се шират доста брзо низ земјата.[46] Според едно истражување од 2001 година создадено од Националниот статистички институт, 78% од населението се Католици, 16% се Протестанти и 3% се следбеници на останатите христијански цркви.[52] Според мрежното место „adherents.com“, 3.25% од населението се Бахаисти што е најголем број Бахаисти во една земја на континентална територија.[53] Во државата има мал број Муслимани кои се потомци на арапски доселеници и тие сочинуваат околу 2.000 жители. Во државата има и мал број Евреи. Боливија е секуларна држава и нема официјална религија.
Службени јазици во државата се шпанскиот (боливиски дијалект), кечуанскиот, ајмарскиот и останати 34 староседелски јазици. Шпанскиот јазик го зборуваат 60.7% од населението, кечуанскиот го зборуваат 21.2% од населението и ајмарскиот јазик го зборуваат 14.6% од населението. Според Националниот институт за статистика од 2007, 28,1% од населението на Боливија зборува како мајчин јазик еден од староседелските јазици. Оваа бројка се зголемила на 29,4% во 2008 година.
Околу 90% од децата посетуваат основно образование, но понекогаш за краток период. Сè до 2001 писменоста во државата била ниска во голем број рурални области, но според податоците на ЦИА, писменоста во државата е 87%, што е слично со Бразил, но под просекот на Јужна Америка. Како и да е, во 2008 година имало кампања за писменоста во државата со слоганот „Да јас можам“ и Боливија била прогласена за земја без неписменост според стандардите на УНЕСКО.[54]
Според уставот од 2009 година, службени јазици во Боливија се: шпански јазик, ајмарски јазик, араонајски јазик, баурејски јазик, чикитански јазик, каничански јазик, кавинењски јазик, кајувавски јазик, чакопски јазик, чимански јазик, есе-еханки јазик, гварански јазик, гварасувејски јазик, гварајуански јазик, итонамајски јазик, лекоански јазик, калавајски јазик, мачинерски јазик, рејесански јазик, мохењо-тринитарио, мохењо-игнасијано, морејски јазик, мосетенски јазик, мовимајски јазик, пакаварски јазик, пукински јазик, кечуански јазик, сирионски јазик, такански јазик, тапиетејски јазик, торомонски јазик, уруански јазик, венајечки јазик, јаминавски јазик, јукиски јазик, јуракарејски јазик и ајореојански јазик[3]
Според прогнозите за 2006, животниот век на луѓето бил 64 години за мажи и 67 години за жени.[10] Според истражувањето на Програмата за развој на ООН и УНИЦЕФ, над 230 бебиња умирале дневно поради недостаток на соодветна медицинска грижа.[55] Мнозинството од населението нема здравствено осигурување.[56] Значаен дел од боливиското население нема пристап до соодветна медицинска грижа.[56]
Боливија била владеена со демократски избрани влади уште од 1982 година, кога се прекинале долгите државни удари. Предавањето на власта по мирен и демократски начин било започнато од Ернан Силес Зуазо и Виктор Пас Естенсоро. Повеќепартискиот демократски систем на државата бил испреплетен од различен број политички партии во минатото, но сепак доминирале Револуционерното националистичко движење, Национална демократска акција и Револуционерно лево движење од 1985 до 2005 година. Ево Моралес бил прв староседелски претседател на државата и тој е на чело на моментално владеачкото Движење за социјализам - политички инструмент за независност на народот. Оваа политичка партија била победничка на изборите во 2005 и 2009 година.
Сегашниот устав на Боливија бил усвоен во 2009 година и овозможува балансирање на извршната, законодавната, судската власт и изборната комија, како и одреден број автономии. Традиционално силната извршна власт тежнее да го надвладее Националниот конгрес, чија улога е ограничена на дебатирање и усвојување законски регулативи зададени од извршната власт. Судската власт се состои од Врховен суд и департманските и пониски судови. Судовите во Боливија се соочуваат со корупција и неефикасност. Уставот од 1994 година се обидел да изврши реформи во судската власт, а воедно и да ги децентрализира департманите, општините и староседелските територии.
Според уставот на државата, главен град на Боливија е Сукре. Ла Пас е седиште на владата и поради тоа често се смета за „де факто“ главен град. Името на Сукре пред независноста било „Ла Плата“ и бил прогласен како транзициски главен град на новата независна држава Горно Перу (денес Боливија) на 1 јули 1826 година.[57] На 12 јули 1839 година, претседателот Хосе Мигел де Веласко донел закон со кој градот се прогласил за главен град на државата и го сменил името во чест на револуционерот Антонио Хосе де Сукре.[57] На почетокот на 20 век, боливиската влада била префрлена од Сукре во Ла Паз, поради изолираноста на Сукре од економската активност на државата по падот на индустријата за сребро во Потоси.
Уставот од 2009 година го именува Сукре како главен град на Боливија и Ла Паз не се споменува во текстот.[58] Сепак, претседателската палата се наоѓа во Ла Паз, како и Националниот конгрес на Боливија.
Извршната власт на Боливија е во рацете на претседателот, потпретседателот и министерствата, кои моментално (2012) се 20 на број. Претседателот на државата се избира на избори за мандат од пет години и негово седиште е претседателската палата, која неформално се нарекува „изгорена палата“ (Palacio Quemado).
Повеќенационалното законодавно собрание, или „национален конгрес“, е дводомен парламент. Претставничкиот дом (Cámara de Diputados) има 130 членови кои се избираат за мандат од пет години. Сенатот, или Сенаторски дом, (Cámara de Senadores) има 36 членови. Секој департман има по четири сенатори и се избираат за мандат од пет години. Собранието се наоѓа во Ла Паз на Плаза Муриљо. Потпретседателот на државата функционира како шеф на дводомниот парламент.
Судската власт на Боливија е составена од Врховниот суд, Уставниот суд, Судскиот совет, Земјоделскиот и еколошки суд, окружни и пониски судови.
Изборната комисија е независно владино тело која го заменила Националниот изборен суд на Боливија во 2010 година. Комисијата се состои од врховен изборен суд, девет департмански изборни судови, изборни судии, анонимно избрана порота и изборни нотари.[59] Претседател (2012) на врховниот изборен суд е Вилфредо Овандо. Првите избори на комисијата биле во октомври 2011.
Воените сили на Боливија се составени од три дела: армија, морнарица и воздухопловство. Волонтерското служење војска во државата може да се изврши со наполнети 18 години, но кога бројот на војници е мал, државата ги регрутира сите со наполнети 14 години.[5] Воениот рок во Боливија е 12 месеци. Боливиската влада годишно троши 130 милиони американски долари за својата одбрана.[60]
Боливиската армија има околу 31.500 војници. Војската има 6 воени региони, и таа е организирана во десет дивизии. Иако Боливија е без излез на море, сепак државата одлучила да ја зачува морнарицата. Боливиските морнарички сили се составени од околу 5.000 војници.[61] Воздухопловните сили на Боливија имаат девет воздухопловни бази: Ла Паз, Кочабамба, Санта Крус де ла Сиера, Пуерто Суарез, Тариха, Вилјамонтес, Кобиха, Рибералта и Роборе.
Боливија е поделена на девет департмани, кои пак се поделени на 112 покраини, 339 општини и земји на староседелските заедници.[62]
Територијална поделба на Боливија | ||||||
департман | код (ISO) |
население | површина во км2 |
густина на население |
главен град | |
---|---|---|---|---|---|---|
Бени | BO-B | 430.049 | 213.564 | 1,9 | Тринидад | |
Чукисака | BO-H | 631.062 | 51.524 | 11,9 | Сукре | |
Кочабамба | BO-C | 1.786.040 | 55.631 | 22,7 | Кочабамба | |
Ла Пас | BO-L | 2.756.989 | 133.985 | 19,9 | Ла Пас | |
Оруро | BO-O | 444.093 | 53.558 | 8,2 | Оруро | |
Пандо | BO-N | 75.335 | 63.827 | 1,1 | Кобиха | |
Потоси | BO-P | 780.392 | 118.218 | 6,5 | Потоси | |
Санта Крус | BO-S | 2.626.697 | 370.621 | 7,1 | Санта Крус де ла Сиера | |
Тариха | BO-T | 496.988 | 37.623 | 12,5 | Тариха | |
Боливија | BO | 10.027.644 | 1.098.581 | 9,1 | Сукре | |
Извор: Демографска проекција за 2008, Боливиски национален демографски институт.[63] Густината на населението е пресметана според населението од 2006. |
Боливија е една од најсиромашните и најслабо развиените држави во Латинска Америка, иако е богата со природни ресурси. Бруто-домашниот производ за 2002 бил 7.9 милијарди американски долари. Економскиот раст на Боливија бил околу 2.5% годишно а инфлацијата била меѓу 3% и 4% во 2002. Според Индексот на економска слобода за 2010 година, Боливија била означена како „репресирана“.[64] Сепак, иако со серија политички препреки, администрацијата на Моралес потикнала економски развој како што бил постигнат во изминатите 30 години. Економскиот развој бил проследен со намалување на нееднаквоста во државата.[65]
Сегашната економска ситуација на Боливија останува матна, најмногу поради фактори кои се случиле во изминатите 30 години. Првиот удар за боливиската економија бил драстичниот пад на цената на калајот во раните 1980-ти. Со падот на цената на калајот бил погоден главниот извор на приход на државата и една од главните индустриско-рударски гранки во државата.[66] Вториот поголем економски удар бил при крајот на Студената војна во доцните 1980-ти, која економската помош за државата од западните земји била повлечена.
Уште од 1985 година, владата на Боливија имплементирала програма за макроекономска стабилизација и структурални реформи сè со цел одржување на стабилноста на цената, создавање услови за економски развој и намалување на недостатокот. Главните реформи за царинските услуги во последните години значително ја подобриле транспарентноста во овој сегмент. Паралелни законодавни реформи создале политика на пазарот, што довело до зголемување на приватните инвестиции. Странските инвеститори имаат национален третман и странскиот капитал скоро и да нема ограничувања во државата.[67]
Боливија, според резервите за природен гас, е на второто место во Јужна Америка.[68] Владата на Боливија има склучено долгорочен договор за продажба на гасот со Бразил, односно до 2019 година.
Геолошкиот сервис на САД проценил дека Боливија има 5,4 милиони кубни тони литиум, кои претставуваат од 50 до 70% од светските резерви. Ископувањето и производството на литиум може да ја направи државата една од најбогатите во Јужна Америка. Но, за да се ископа литиумот, треба прво да се ископаат солените рамнини наречени Салар де Ујуни, кои се важни релјефни одлики и важна туристичка атракција во земјата. Владата не сака да ја уништи оваа уникатна природна убавина за да ги задоволи светските потреби на литиум.[69]
Трговскиот извоз на Боливија за 2002 година бил 1.3 милијарди американски долари, а за споредба во 1991 година бил 652 милиони долари. Увозот за 2002 година бил 1.7 милијарди долари. Трговскиот дефицит на Боливија за 2002 година бил 460 милиони американски долари. Трговската размена на Боливија со соседните држави е во пораст, најмногу поради неколкуте потпишани договори. Боливија е член на Андската заедница на нации и поради тоа има слободна трговска размена со членките. Најголем трговски партнер на Боливија е САД. Во 2002 година САД извеле 283 милиони американски долари, а увезле 162 милиони долари.
Земјоделството сочинува 15% од БДП на Боливија. Сојата е главна житарица која се произведува и тргува. Одгледувањето кока е од економска и политичка важност во државата. Државата и понатака е зависна од странски инвестиции за да се финансираат развојни проекти. Во 2002 година државата должела 4.5 милијарди долари на странски кредитори. Туризмот е исто така значајна стопанска гранка во државата и е во постојан развој од 1990 година. Официјална валута во Боливија е боливијано.
Најдобро развиен сообраќај во државата е патниот сообраќај. Историски, железничкиот сообраќај бил важен за државата, но денес има помала значајност. Поради географската положба и релјефот на државата, воздушниот сообраќај исто така има важна улога за транспортот на земјата.[5]
Боливија има 3.504 километри железничка линија. Западната и источната железничка мрежа се поврзани само со Аргентина. Боливија има 62.479 километри патна мрежа, од кои 3.749 километри се асфалтирани, а 58.730 километри не се асфалтирани според состојбата во 2004 година. Во државата има 1.009 аеродроми и аеродромски писти според податоците од 2008. 16 аеродроми во државата имаат асфалтирани писти, а 993 аеродроми имаат неасфалтирани писти. Боливија нема излез на море, но има склучено договори за користење пристаништа во Аргентина, Бразил, Перу и Чиле. Покрај тоа, Боливија има пристаништа на реките Амазон и Парагвај, како и на езерото Титикака.[5]
Кодот за Боливија е BO, а интернет домејнот е .bo. Според податоците од 2005 година, во државата има 646.300 главни телефонски линии и 2.421 милиони мобилни телефони. Поголемиот број телефони се во Ла Пас и останатите поголеми градови, а користењето мобилни телефони се зголемува со голема брзина. Телефонскиот повикувачки број за Боливија е +591. Според податоците за 2006 година, во државата има 20.085 мрежни домејни и 480.000 корисници на интернет. Боливија има 48 телевизиски станици и 900.000 телевизиски апарати.[5]
Боливиската култура е под силно влијание на кечуанската, ајмарската и останатите староседелски андски и јужноамерикански култури. Културниот развој на Боливија е поделен на три периоди: „пред-колумбовски“, „колонијален“ и „републикански период“. Значајни арехолошки наоѓалишта, златни и сребрени орнаменти, камени споменици, керамички и платнени артефакти од старите староседелски цивилизации го збогатуваат културното наследство на државата. Главни археолошки наоѓалишта се Тиванаку, Ел Фуерте де Самајпата, Инкалјахта и Исканаваја. Останатите археолошки наоѓалишта се тешко достапни и се во мала мера истражени.[46]
Со шпанската колонизација на Латинска Америка, Шпанците со нив ги донеле нивните културни традиции, религиски верувања и уметност. Овие шпански вредности, заедно со староседелските културни традиции, обичаи и архитектонски стилови довеле до богата архитектура, сликарство и изработка на скулптури. За време на колонијалниот период биле создадени сликите на Перес де Олгин, Флорес, Бити и останати сликари. Покрај нив во овој период се создале голем број на скулптури, златни и сребрени изработки и дрворези за кои не се знае точни кои се авторите. Покрај овие културни сегменти, боливиската музика исто така забележала развој и оваа религиска музика се изведувала и на меѓународно ниво од 1994 година.[46]
Познати боливиски уметници од 20 век се Гусман де Рохас, Артуро Борда, Марија Луиза Пачеко, Роберто Мамани Мамани, Алехандро Марио Илјане, Алфредо да Силва, Марина Нуњес дел Прадо и Вилијам Вега.
Боливиската народна музика е доста богата. Регионалната фолклорна музика е препознатлива и шаренолика. „Танците на ѓаволот“ за време на есенскиот карневал во Оруро се едни од најголемите фолклорни настани во Јужна Америка. Покрај нив, познат е и карневалот во Тарабуко.[46] Државата има голем број карневали и фестивали, но најпознат е Карневалот во Оруро, кој бил меѓу првите 19 „Ремек дела на усното и недопрено наследство на човештвото“ создадени од УНЕСКО. Најпопуларен спиорт во Боливија е фудбалот.
Според стандардите на УНЕСКО од 2008, Боливија е класифицирана како држава без неписменост, што е четврта земја со таков статус во Латинска Америка.[54]
Во државата има голем број на државни и приватни универзитети. Меѓу позначајните универзитети во државата се: Универзитет Сан Франциско Хавиер де Чукисака во Сукре од 1624, Универзитет Сан Андрес во Ла Пас од 1830, Универзитет Сан Симон во Кочабамба од 1832, Универзитет Габриел Рене Морено во Санта Крус од 1880, Технички универзитет Оруро од 1892 и други. Во државата има и три универзитети за староседелското население, и тие се: Ајмарски универзитет Тупак Катари во Ла Паз од 2009, Кечуански универзитет Касмиро Уанка во Кочабамба од 2009 и Гварански боливиски универзитет Пуеблос де Тиерас Бахас во Чукисака од 2009 година.
датум | македонски | шпански |
---|---|---|
1 јануари | Нова година | Año Nuevo |
2 февруари | „Празник на Девицата од Канделарија“ | Fiesta de la Virgen de Candelaria |
варира | Велики петок | Viernes Santo |
варира | Тело Исусово | Corpus Christi |
1 мај | Ден на трудот | Dia del trabajo |
21 јуни | Андско-амазонска Нова година | Año Nuevo Andino Amazónico[70] |
2 август | Ден на аграрната реформа | Día de la Revolución Agraria, Productiva y Comunitaria[71] |
6 август | Ден на независност | Dia de la Patria |
1 ноември | Ден на сите светци | Todos Santos |
25 декември | Божиќ | Navidad |
Според уставот на Боливија од 2009 година, националните симболи на државата се: знамето, грбот, химната, випалата и цвеќињата кантута (Cantua buxifolia) и хеликонија (Heliconia rostrata).
Националното мото на државата е „Сојузот е сила!“ или на шпански ¡La unión es la fuerza! Иако не се официјални, ламата и кондорот се сметаат за боливиски симболи и се прикажани на боливискиот грб.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.