Пред дождот — македонски филм од 1994 година, режиран од Милчо Манчевски. Во 1994 година бил предложен за филмската награда Оскар.[1] Филмското дејство на „Пред дождот“ поседува сопствена консеквентно спроведена драматуршка логика и од неа, всушност, и извира оној недвосмислен квалитет и шарм на ова остварување.
Оваа статија користи текст од мрежното место на Македонскиот информациски филмски центар (МИФЦ). Повеќе за наводите ќе најдете во делот за надворешни врски.
Текстот во статиите се употребува со дозвола на МИФЦ; Повеќе на страницата за разговор во рамките на ВикиПроектот „Филм“. |
„Пред дождот“ | |
---|---|
Режисер | Милчо Манчевски |
Продуцент | Горјан Тозија |
Сценарист | Милчо Манчевски |
Главни улоги | Кетрин Картлиџ Раде Шербеџија Грегоар Колен Мето Јовановски Лабина Митевска Кирил Ристоски Кирил Псалтиров Петар Мирчевски Милица Стојанова Младен Крстевски Благоја Спиркоски-Џумерко Илко Стефановски Силвија Стојановска Јосиф Јосифовски Џемаил Максут Катерина Коцевска Владимир Ендровски |
Музика | Анастасија Вања Лазарова |
Кинематографија | Теран Мануел |
Времетраење | 115 мин. |
Земја | Македонија |
Јазик | Македонски |
Бруто заработка | $763,847 (САД) |
Филмот е во времетрање од 119 минути и е снимен во вајдскрин техника, со звук, во боја и 35 мм.
Содржина
Во својата филмска нарација, филмот содржи три целини поврзани меѓу себе. Тие се насловени како „Зборови“, „Лица“ и „Слики“.
Зборови
Дејството во „Зборови“ се случува во древен машки манастир некаде во Македонија. Младиот монах Кирил, заветен на молчење, во својата таванска ќелија ја наоѓа Замира, Албанка, девојка која повеќе наликува на дете. Тој не разбира албански, но нема дилема дека таа тука бара засолниште од некакво зло. Го премолчува нејзиното присуство во манастирот дури и тогаш кога вооружените селани ја бараат за да и судат за убиството на еден соселанец. Исплашен е кога тие го пребаруваат манастирот и е вистински среќен кога не ја наоѓаат. Постарите монаси го забележуваат неговиот молчалив страв. Длабоко во ноќта влегуваат во ќелијата на Кирил и ја наоѓаат девојката. Казната за монахот е заминување од манастирот. Под закрилата на ноќта, минувајќи покрај пијаната селска стража, Кирил и Замира ја напуштаат сигурноста на манастирските ѕидини.
Веќе е ден, тие минуваат низ каменест планински предел. Кирил, исполнет со грижа и љубов кон девојката, и ветува сигурност некаде далеку од селото и планината. Таа не го разбира неговиот говор, но ја разбира неговата љубов. Бакнежот врз нејзиното лице и нејзините раце кои бараат спас околу неговото тело, се единствениот физички контакт меѓу нив. Но тука, веднаш до нив, се нејзините роднини и соселани. Нејзиниот дедо со строгост на племенски старешина ја враќа во реалноста. Таа се обидува да објасни дека Кирил и помогнал, дека ја спасил и дека ја сака. Дедото со својот неумолив авторитет го брка Кирил. Тој колебливо тргнува. Крикот на Замира по него го враќа. Таа трча кон него. Нејзиниот брат пука. Предрасудите не оставаат можност за поинаков крај. Кирил е покрај Замира, а таа гледајќи во него умира.
Лица
Во вториот дел од филмот „Пред дождот“, дејствијата се случуваат во еден наполно поинаков свет, динамичен, современ, урбан Лондон. Во светски познатата фотографска агенција работи лауреатот на Пулицеровата награда, Македонецот Александар Кирков, одамна заминат од татковината. Тукушто вратен од боиштето во Босна каде што фотографирал убиство, чин кој според него го прави соучесник во трагичниот настан, Александар одлучува да се врати во Македонија. Меѓу него и Ен, младата жена која работи во истата агенција се случува страсна љубовна приказна. Александар ја повикува да замине со него. Додека Ен се бори со својата дилема дали да ја остави извесноста во која живее и да замине со Александар во непредвидлива иднина, во кафеаната каде што разговара со сопругот се случува инцидент со трагични последици. Во пресметката меѓу балканските емигранти, меѓу другите загинати е и нејзиниот сопруг.
Слики
Третиот дел од филмот, се случува во Македонија. Александар се враќа дома, во родниот крај, барајќи засолниште во долго сонуваниот мир на својот роден крај и не помислувајќи дека тука се води една поинаква, но не помалку беспоштедна војна. Пределите на неговиот роден крај се исти, но односите меѓу луѓето се драстично променети. Во крајот каде што живеат два различни народа, со различни верски припадности, односите се крајно поларизирани. Меѓу нив владее недоверба, искрата на можниот судир се чувствува во воздухот. Вооружени луѓе се сретнуваат насекаде, стравот се вгнездил во душите. Роднините на Александар го примаат со радост, но и со чудење. Неговата родна куќа е руинирана. Искрен во намерите и чесен во постапките кон луѓето, Александар ги посетува пријателите во соседното албанско село, сака да ја види некогашната соученичка Хана, кон која во момчешките години негувал нежни чувства. Таа сега е вдовица и мајка на две деца, син и ќерката Замира. Сè уште неадаптиран кон атмосферата што натежнала врз луѓето, Александар се ангажира во спасувањето на Замира која е затворена во бачилото под обвинение за убиство на еден негов роднина. Тој, без страв од вооружените соселани, ја изнесува девојката од бачилото. Неговиот братучед, соочен со сопствената немоќ пред супериорноста на Александар, пука по него. Животот на Александар завршува во пределите каде што израснал и од рацете на луѓето по кои копнеел.
Улоги
Глумец/ка | Улога |
---|---|
Кетрин Кертлиџ | Ен |
Раде Шербеџија | Александар |
Кирил Псалтиров | Моме |
Грегоар Колен | Кирил |
Лабина Митевска | Замира |
Мето Јовановски | др. Сашо |
Џеј Вилиерс | Ник |
Борис Делчевски | Петре |
Силвија Стојановска | Хана |
Дејан Велков | Мате |
Џемаил Максут | Кузман |
Миле Јовановски | Попот што пее на погребот |
Фајлида Ло | Мајката на Ен |
Јосиф Јосифовски | Отец Марко |
Методи Псалтиров | Томе |
Милица Стојанова | Тетка Цвета |
Кирил Ристоски | Отец Дамјан |
Петар Мирчевски | Здраве |
Љупчо Бреслиски | Митре |
Игор Маџиров | Стојан |
Илко Стефановски | Бојан |
Сузана Киранџиска | Неда |
Младен Крстевски | Трифун |
Катерина Коцевска | Кате |
Владимир Ендровски | Трајче |
Абдурахман Шала | Зекир |
Владимир Јачев | Алија |
Ленче Делова | Службеник |
Љупчо Тодоровски-Упа | Кизо |
Симеон Мони Дамевски | Ѓорѓи |
Благоја Спиркоски-Џумерко | Водачот на бандата |
Нино Леви | Поштарот |
Јордан Витанов | Полицаец |
Сандо Монев | Благој |
Атила Клинче | Сефер |
Арбен Кастрати | Рамиз |
Даниел Њумен | Ијан |
Филида Ло | Мајка |
Габриел Хемилтон | Жената во такси |
Мелиса Вилкс | Детето со посебни потреби |
Џо Гулд | Келнер |
Род Вудрув | Келнерот во тепачката |
Александар Микиќ | Атанас |
Цвето Марески | Момчето со пиштол |
Џеј Вилерс | Ник |
Награди и признанија
Надворешни врски
Wikiwand in your browser!
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.