Перо Коробар
From Wikipedia, the free encyclopedia
Перо Коробар (Велес, 27 март 1916 - Скопје, 29 октомври 2004 )[1] бил македонски општествен деец, прв претседател на Македонскиот уставен суд.
Пред Втората светска војна учествува во револуционерното комунистичко движење. Во 1932 година станува член на СКОЈ, а член на КПЈ во 1940. Затворен е во белградскиот затвор „Главњача“.
Коробар е учесник во НОБ од 1941 година. По ослободувањето ги извршува функциите директор на Државното книговодителство и на издавачката куќа „Култура“ и директор на Републичкиот музеј.
Како културен работник е испратен во Пиринска Македонија во времето на градењето на културната автономија на македонскиот народ, а по враќањето во Скопје врши повеќе функции како: началник на Одделот за надворешни работи во ЦК на КПМ, управник на Македонскиот народен театар, член на Ревизионата комисија на ЦК на КПМ, член на Културно-просветниот одбор на Југославија и потпретседател на Културно-просветниот собор на Југославија и потпретседател на Културно-просветната заедница на Македонија, член на Главниот одбор на Социјалистичкиот сојуз, член на Претседателството на Сојуз на борците од НОВ на Македонија и член на Советот на Република Македонија. Во периодот 1963-1974 година Коробар е член и прв претседател на Македонскиот уставен суд.[2]
Основач е на списанието „Културен живот“ и повеќе од три децении е негов главен и одговорен уредник.
Од 1974 до 1976 година бил претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија.