From Wikipedia, the free encyclopedia
Михаил Афанасиевич Булгаков (руски: Михаил Афанасьевич Булгаков, украински: Михайло Опанасович Булгаков ; 15 мај 1891 во Киев — 10 март 1940 во Москва) — руски писател и драматург, најпознат по романот „Мајсторот и Маргарита“.[2]
Михаил Булгаков | |
---|---|
Булгаков како студент (пред 1916 г.) | |
Роден/а | 15 мај 1891
Киев, Руска Империја (денес Украина) |
Починат/а | 10 март 1940 48) Москва, СССР (денес Русија) | (возр.
Занимање | романописец, драматург |
Националност | Русин |
Народност | Русин[1] |
Жанр | сатира, фантазија, научна фантастика, историска фикција |
Сопруг/а | Татјана Лапа 1913 — 1924 (разведен) Љубов Белозерска 1924 — 1932 (разведен) Елена Шиловска 1932 — 1940 (негова смрт) |
Михаил Булгаков е роден во Киев, на 15 мај (3 мај по стариот календар) 1891 година во Киев, како прво од вкупно седумте деца на Варвара Михајловна (1869-1922) и на професорот по теологија на Киевската духовна академија, Афанасиј Иванович Булгаков. Неговиот татко умрел во 1907 година, а следната година Михаил Булгаков ја запознал четиринаесетгодишната Татјана (Тасја) Лапа (1892-1982), која од Саратов дошла на распуст во Киев, и се вљубил во неа. Подоцна, во 1913 година се оженил со неа и за таа прилика напишал шеговите драмско дело со пеење. Во 1909 година, Михаил Булгаков матурирал на Првата киевска гимназија и се запишал на Медицинскиот факултет на Киевскиот универзитет, каде дипломирал на 31 октомври 1916 година. Потоа работел како селски лекар (заедно со Тасја), најпрвин во селото Никољско во Смоленската губернија, а потоа во местото Вјазма. Овој период од животот подоцна го опишал во збирката раскази „Записи на младиот лекар“.[3][4][5]
Кога почнала Првата светска војна, Булгаков веднаш се пријавил за доброволец во Црвениот крст и работел како лекар, најпрвин во т.н. прифронтовската зона, а подона во резервата. Во декември 1917 година првпат дошол во Москва каде престојувал кај вујко му, познатиот лекар Н. М. Покровски (кој му послужил како прототип за ликот на професорот Преображенски од новелата „Песјо срце“). Пролетта 1918 година, Булгаков се вратил во Киев, каде започнал своја приватна лекарска пракса како венеролог. Во октомври 1919 година, во текот на уличните борби во Киев, Булгаков им се придружил на Вооружените сили на Јужна Русија (нема податоци дали тоа го направил доброволно или бил заробен) при што станал воен лекар на Третиот козачки полк. Некое време, во состав на козачките едници, поминал во Чеченија и на Владикавказ. Притоа, тој работел во полската болница, а Тасја му помагала како медицинска сестра. Исто така, и неговите помлади браќа Николај (1898-1966) и Иван (1900-1968) биле мобилизирани во Белата гарда и се бореле на фронтот на Кавказ. Брат му Николај исчезнал во воениот виор, а во 1922 година му се јавил на семејството од Загреб, каде завршил медицина, а подоцна бил познат бактериолог во Париз. Другиот брат, Иван, живеел во Париз.[6]
Во 1919 година, Булгаков ја напуштил лекарската работа и следната година се преселил најпрвин во Грозни, а потоа во Владикавказ, каде заболел од тифус и едвај останал жив. Во 1921 година, со Татјана се преселил во Москва, каде ја започнал својата писателска кариера. Брачниот пар Булгаков живееле на Бољшој Садова улица, број 10, во станот 50, во една колективна зграда која станала една од првите работнички комуни, а подоцна станот станал познат по тоа што во романот „Мајсторот и Маргарита“ во него биле сместени Воланд и неговата придружба.[7]
Во 1923 година, Булгаков се развел од Татјана и во 1924 година се оженил со Љубов Евгеневна Белозерска (1898-1987), која штотуку се вратила од странство. Во 1928 година, Булгаков побарал дозвола за патување во Париз, за да ги посети браќата, но бил одбиен. Истата година, тој отпатувал на Кавказ, во Тифлиз и во Батуми, а во јули му напишал писмо на Сталин, со следниве зборови: „Немајќи повеќе сила за да живеам, измачен од прогонувањата, знаејќи дека повеќе не можам да бидам објавуван ни изведуван во рамките на СССР, доведен до нервен удар, Ви се обраќам и Ве молам да се заземете кај владата на СССР да бидам протеран надвор од границите на СССР заедно со мојата жена Љ. Е. Булгакова, која се придружува кон оваа молба.“ Во февруари 1929 година, Булгаков ја запознал Елена Сергеевна Нирнберг (1892-1970), во тоа време омажена како Шиловска, со која се оженил во 1932 година. Елена му послужила како инспирација за ликот на Маргарита од неговото најпознато дело „Мајсторот и Маргарита“. Токму во 1929 година, хајката против него доживеала врв и Булгаков пропаднал финансиски, така што по вторпат поднесол барање да замине во странство, а откако повторно бил одбиен, побарал да го исклучат од серускиот сојуз на писателите.[8]
Во текот на 1930 година, Булгаков често се наоѓал во состојба на нервно растројство и во депресија при што станувал сè поблизок со Елена Сергеевна. На 28 март истата година, по нејзин наговор, тој напишал очајничко писмо до советската влада во кое споменал околу 400 клеветнички критики против него, без да има можност да одговори на ниту една од нив. Во писмото, тој напишал: „Оневозможувањето да пишувам е исто како да сум жив закопан.“ Притоа, повторно побарал да биде прогонет надвор од СССР или, пак, да му се даде работа како соработник на режисерот во некој театар, или барем место на статист или сценски работник. По ова писмо, на 18 април, неочекувано му се јавил Сталин, прашувајќи го: „Навистина барате дозвола за странство? Зарем толку ви здодеавме?“, а потоа го осветувал да поднесе молба за работа во Московскиот уметнички академски театар (МХАТ), по што, навистина, Булгаков добил работа како помошник на режисерот. Во мај 1931 година, Булгаков му напишал уште едно писмо на Сталин, повторно барајќи дозвола за странство, но заминувањето не му било дозволено. Во февруари 1931 година, врската на Булгаков со Елена Сергеевна запднала во криза и во период од година и половина (сè до нејзиниот развод) тие не се гледале. Во 1932 година, Елена Нирберг се развела, на 4 октомври се омажила за Булгаков и со својот син Сергеј се вселила во неговиот стан во квартот Патријаршиски рибници], каде со нив живеела и Љубов Белозерска со која Булгаков го задржал пријателскиот однос.[9][10]
Во 1934 година повторно (неуспешно) побарал дозвола за патување во Франција, по што, заедно со Елена, заминал во Ленинград, каде со електрошокови се лечел од депресијата, но по неколку месеци повторно му се вратиле нервното растројство и клаустрофобијата. Во 1936 година ја напуштил работата во МХАТ и започнал да работи како либретист и преведувач во Бољшој театар. Во септември 1939 година почнал да го губи видот, а лекарите му ја поставиле дијагнозата хипертрофична нефросклероза (вродена неизлечлива болест на бубрезите), од која умрел татко му. Следната година, по неколкудневни страшни маки, Булгаков умрел мирно, во сонот, попладнето на 10 март.[11] Следниот ден била одржана комеморација во зградата на Сојузот на советските писатели, а претходно, московскиот скулптор С. Д. Меркуров ја извадил посмртната маска од лицето на Булгаков. Тој бил погребан на гробиштата Новодевичи во Москва, а по желбата на неговата сопруга, на гробот бил поставен каменот, наречен „голгота“ кој порано се наоѓал на гробот на Гогољ.[10]
Во 1900 година, на деветгодишна возраст, Булгаков го прочитал романот на Гогољ, „Мртви души“, сметајќи го за авантуристичка книга, кој извршил пресудно влијание врз него. Подоцна, тој рекол: „Од писателите, најмногу го сакам Гогољ; според моето мислење, со него не може никој да се спореди...“ Исто така, своите први позначајни прозни дела тој ги напишал инспириран од Гогољ. Во 1904 година, Булгаков ги прочитал драмските дела на Салтиков-Шчедрин кои ќе ја одредат идната насока во неговото драмско творештво. Веќе во 1907 година, Булгаков ги организирал првите театарски претстави, според неговите драмски текстови, во кои глумел и тој самиот. Во 1917 година го напишал расказот „Огнената ламја“ чија тема е смртта на еден алкохоличар кого го јаде змеј во напад на делириум тременс, но расказот не е зачуван. Истата година почнал да го пишува автобиографскиот роман „Болест“ чиј ракопис подоцна бил изгубен, а според сеќавањето, подоцна (во 1927 година) ја напишал новелата „Морфиум“ во форма на дневник на еден лекар кој е зависник од морфиум и кокаин. Својата работа како лекар, Булгаков ја опишал и во збирката раскази „Записи на младиот лекар“.[3]
Во 1919 година, Булгаков решил да ја напушти лекарската работа и да стане писател, а во својата автобиографија тоа го опишал на следниов начин: „Една ноќ, 1919 година, длабоко во есента, нишајќи се во раздрманиот воз, под светлоста на свеќата ставена во шише од петролеј, го напишав својот прв расказ...“ Летото и есента 1920 година ги напишал драмските дела „Самоодбрана“ „Браќата Турбин“ (кое било основа за подоцнежниот роман „Белата гарда“) кои со успех се играло во локалниот театар во Владикавказ, а потоа ја напишал и комедијата „Глинени младоженци“. Подоцна, по враќањето во Москва, самиот ги уништил овие ракописи. Во 1922 година ја напишал драмата „Париските комунари“, но и таа не е зачувана. Истата година, Булгаков се преселил во Москва и потполно му се посветил на пишувањето, изјавувајќи: „Книжевноста е целиот мој живот и никогаш нема да ѝ се вратам на медицината.“ Во тоа време, тој почнал да го пишува дневникот „Под петата“, а го напишал и делото „Ѓаволијада“.[7][12]
Во 1922 година, Булгаков почнал да објавува свои раскази во берлинското списание „В зори“ и во московското списание „Сирена“, а до 1926 година напишал околу 150 кратки раскази, репортажи, есеи, фељтони и цртички, меѓу кои: „Црвената круна“, „Необичните доживувања на еден лекар“, „Боеми“, итн. Во 1923 година почнал да го пишува автобиографскиот роман „Белата гарда“ чиј прв дел бил објавен во 1925 година, во Москва, а романот во целост бил објавен во 1927 година, во Рига, потоа во Париз, а во СССР бил објавен дури во 1966 година. Според критичарите, Булгаков е „првиот писател кој ја насликал душата на граѓанската војна во Русија“. Во 1922 година го напишал и расказот „Доживувањата на Чичиков“ од кого подоцна, во 1930 година, произлегла драмата „Мртви души“. Во 1923 година биле објавени делови од автобиографското дело „Белешки на манжетните“, но и неговото натамошно објавување било запрено. Следната година го напишал сатиричниот роман „Кучешко срце“ чиј ракопис бил запленет од полицијата во 1926 година (заедно со неговиот Дневник), но му бил вратен во 1930 година. Романот бил за првпат објавен дури во 1969 година, во Париз. Во 1925 година ја напишал футуристичко-гротексната новела „Кобни јајца“, инспирирана од еден расказ на Х. Џ. Велс, а почнал да ги објавува и „Записите на младиот лекар“. Истата година ја напишал драмата „Зојкиниот стан“ (која ја нарекол „трагична фарса“) која била прикажана во 1926 година, но две години подоцна била тргната од репертоарот. Понатаму, врз основа на романот „Белата гарда“ (хроника за распаѓањето на едно граѓанско семејство во времето на граѓанската војна), во 1925 година ја напишал и драмата „Деновите на Турбин“, а следната година почнале подготовките за нејзината изведба. Меѓутоа, цензурата остро го нападнала делото, нарекувајќи го „апологија на белогардејското движење“, а Булгаков бил приведен. Покрај другото, на сослушувањето, тој изјавил: „Ја сум сатиричар и негативните појави во советското општество ги следам со посебно внимание, бидејќи во нив инстинктивно гледам храна за себе.“ Сепак, драмата била поставена на сцената на Московскиот уметнички академски театар во 1926 година и таа многу му се допаднала на Сталин, кој ја гледал 15 пати во текот на две години, но потоа таа била тргната од репертоарот. Вкупно, таа била прикажана дури 987 пати и била забележана како најзначајниот настан во советскиот театар. Истовремено, советскиот печат интензивно го критикувал творештвото на Булгаков.[12][13][14]
Во 1927 година, Булгаков ја напишал комедијата „Пурпурниот остров“, која била поставена на сцената една година подоцна, но веднаш била тргната како „буржоаско дело“ и „антисоветска појава“. Исто така, тој ја напишал и драмата „Бегство (осум сонови)“ која Горки ја оценил како најдобрата драма на Булгаков, меѓутоа, и нејзиното прикажување било веднаш забрането. Во 1928 година, Булгаков почнал да го пишува своето ремек-дело, „романот за ѓаволот“ на којшто работел сè до смртта. Првобитните наслови на романот биле: „Сатана“, „Кнезот на темнината“, „Црниот маг“ и „Големиот канцелар“. Во 1929 година го напишал автобиографскиот роман без наслов, посветен на „тајниот пријател“ (Елена Сергеевна Нирнберг), во кој се зборува за тоа како станал драмски писател, ги опишува првите години од престојот во Москва и работата на романот „Белата гарда“. Сепак, и покрај осумте редакции на романот, ракописот останал недовршен, а некои делови подоцна биле вметнати во идните редакции на „романот за ѓаволот“. Истата година, Булгаков ја напишал првата редакција на „романот за ѓаволот“ (вкупно 15 глави), како и четири глави од втората редакција. Најпосле, тој ја напишал и драмата „Братството на лицемерите (Молиер)“ со автобиографски елементи. Во 1929 година, хајката против Булгаков доживеала кулминација: сите негови драми биле забранети, тој бил уништен како писател и бил осуден на финансиска пропаст. Следната година, полицијата му ги вратила дневникот и ракописот на „Кучешкото срце“, но во март тој добил известување дека драмата „Братството на лицемерите“ е забранета. Поради тоа, за време на едно нервно растројство, Булгаков ги запалил дневникот, ракописите на романите, како и драмата за Молиер. Сепак, по телефонскиот разговор со Сталин, тој добил работа во Московскиот уметнички академски театар во Москва каде направил драматизација на Гогољевиот роман „Мртви души“.[10][14][15]
Во мај 1931 година, Булгаков му напишал уште едно писмо на Сталин,[16] во кое ја опишал својата положба на следниов начин: „На широкиот план на руската книжевност во СССР бев еден единствен книжевен волк. Ми советуваат да го обојам крзното. Бесмислен совет. Без оглед дали е обоен или истрижен, волкот сепак не личи на пудлица. Со мене и постапуваа како со волк. Неколку години ме прогонуваа по правилата на книжевната хајка...“ На ова писмо не добил одговор, Сталин го одобрил изведувањето на „Молиер“ и на „Мртви души“, како и обновувањето на претставата „Деновите на Турбин“. Истата година, Булгаков ја напишал и драмата „Адам и Ева“, со тема од „идната војна“, но цензурата ја забранила нејзината изведба поради сцената со пропаста на Ленинград. Потоа, по порачка направил драматизација на „Војна и мир“, но ниту таа претстава не била изведена. Во 1932 година, новата премиера на „Деновите на Турбин“ доживеала невиден успех во Москва, но по околу 300 направени проби, кога најпосле била изведена премиерата на „Мртви души“, таа била дочекана со остри критики. Тогаш, Булгаков ја напишал книгата „Животот на господинот де Молиер“, за која брат му Николај му испратил материјали од Париз, но оваа книга била објавена дури во 1962 година. Исто така, тој ја напишал и комедијата „Малоумниот Журден“ врз основа на Молиеровата тема.[17]
Во 1933 година, Булгаков ја напишал третата редакција на „романот за ѓаволот“, а работел и на драмата „Блаженство“ од која подоцна настанала комедијата „Иван Василевич“ која била поставена на сцената дури во 1966 година, остварувајќи голем успех. Во 1934 година ги напишал сценаријата за филмовите „Мртви души“ и „Ревизор“, но ниту тие не биле одобрени за снимање, а истата година ја играл улогата на судијата во претставата „Пиквиковиот клуб“. Во 1935 година ја завршил комедијата „Иван Василевич“, која требало да биде поставена на репертоарот на Театарот на сатирата во Москва, но била симната веднаш по генералната проба,[18] по што ја напишал и драмата за Пушкин „Последните денови“, која била изведена дури во 1943 година. Во меѓувреме, веќе три години и половина траеле пробите на „Молиер“ при што Булгаков не ги дозволил измените во неколку сцени, а Станиславски одбил да работи понатаму на претставата. Конечно, по околу 300 проби, претставата „Молиер“ била премиерно прикажана во 1936 година, но била тргната од репертоарот[18] по шестата реприза, зашто Сталин се препознал себеси во ликот на Луј XIV. Истата година, Булгаков ги напишал сатиричниот „Театарски роман“, според ракописот од 1929 година, како и четвртата редакција на „романот за ѓаволот“, додека петтата и шестата редакција ги завршил во 1937 година, кога романот го добил конечниот наслов, „Мајсторот и Маргарита“. Во ткеот на 1937 година рбаотел на либретата за „Мињин и Пожарски“ и за „Петар Први“. Во 1938 година ги напишал драмата „Дон Кихот“ (која била изведена дури во 1941 година), драмата „Батум“ (заснована врз биографијата на Сталин, но таа била забранета за изведување), како и седмата и осмата редакција на „Мајсторот и Маргарита“. Во 1939 година работел на либретото за „Рашел“, како и на драмата за Сталин, „Батуми“, која ја одобрил лично Сталин, но наспроти очекувањата на Булгаков, таа била забранета и за печатење и за изведување. Истата година, во текот на април и мај, Булгаков им го читал на пријателите целосниот роман „Мајсторот и Маргарита“, а во септември на сопругата ѝ ги диктирал последните поправки во романот. Во 1940 година, Булгаков ја започнал драмата „Ричард Први“, која не ја завршил. Пред смртта, тој го изговорил зборот „Мастер“, а Елена му се заколнала дека ќе го објави романот „Мајсторот и Маргарита“, чие цензурирано издание било објавено во СССР дури во 1966 година. Во 1960-тите биле објавени и другите дела на Булгаков, а неговите драми биле поставени на сцената. Во 1988 година, при отворањето на архивата на КГБ била пронајдена копија на дневникот што го запалил Булгаков во 1930 година.[10][11]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.