Remove ads
умствена појава при спиењето From Wikipedia, the free encyclopedia
Сон — низа на слики и чувства кои се појавуваат за време на спиењето.[1] Содржината и целта на соништата не може целосно да се разбере, иако тие биле предмет на интерес низ историјата. Научната дисциплина која се занимава со соништата е позната како онирологија, а толкувањето на сонот се нарекува ониромантија.
Од 1940-ти до 1985 г., Калвин Хал собрал повеќе од 50.000 извештаи од соништа од Универзитетот Вестерн Ресерве (Western Reserve University). Во 1966 г. Хал и Ван де Кастл ја издале Анализата на содржината на соништата во која прикажале систем на кодирање за проучување на 1000 извештаи на соништа од студенти на универзитетот.[2] Се докажало дека луѓето низ цел свет сонуваат главно исти работи. Целосните извештаи за соништа на Хал штитеникот на Хал, Вилијам Домхоф, ги направил достапни за јавноста во средината на 1990-ти, а дозволил и различни анализи.
Личните искуства од последниот ден или недела се најчесто вклучени во соништата.[3]
Најчесто чувство што се јавува во соништата е немир. Другите чувства вклучуваат болка, осаменост, страв, радост итн. Негативните чувства се многу почести од позитивните.[2]
Анализираните податоци на Хал покажале дека сексуалните соништа не се појавуваат повеќе од 10 проценти од времето и се подоминантни во средината на тинејџерските години.[2] Друго проучување покажало дека 8% од соништата на мажите и жените имаат сексуална содржина.[4] Во некои случаи сексуалните соништа можат да резултираат со оргазам. Тие соништа се познати како еротски соништа.[5]
Додека соништата се сонуваат само еднаш, многу луѓе искусиле и повторливи соништа, што всушност претставува еден ист сон кој се јавил во различни прилики на спиење. Околу 70% од жените и 65% од мажите дале извештај за повторливи соништа.
Анализата на содржините покажала дека се појавуваат некои најчести теми во соништата. Во нив спаѓаат: ситуации поврзани со училиштето, прогонување, трчање бавно на некое место, паѓање, доцнење, смрт на некоја жива личност, некој мртов дека е жив, паѓање на заби, летање, некои идни настани како родендени, годишнини итн. ( со различни сценарија), незгодни моменти, вљубување во некоја непозната личност, разочарување од некое испитување, неспособност да се движиш, невозможност да го фокусираш погледот, сообраќајни несреќи, дека си обвинет за некое злосторство кое не си го направил, случајно да сфатиш дека си гол, одење во тоалет и многу други.
Дванаесет проценти од луѓето сонуваат само во црно-бело.[6] Проучувањата од 1915 г. до 1950-тите се држеле до тоа дека најголем дел од соништата се црно-бели, но овие резултати почнале да се менуваат во 1960-тите. Во денешно време само 4,4 % од соништата на луѓе под 25 години се црно-бели. Неодамнешни истражувања укажуваат дека променетите резултати можеби се резултат на промената на телевизорите од црно-бели во боја.[7]
Нема општоприфатена биолошка дефиниција за сонувањето. Општите набљудувања покажуваат дека соништата се силно поврзани со брзото движење на очите т.е. РЕМ-спиењето, а на електроенцефалограм се гледа дека тогаш активноста на мозокот најмногу наликува на будност. Незапаметените соништа надвор од РЕМ-спиењето се најчесто обични во споредба со другите.[8] За време на животниот век една личност минува околу шест години во сонување,[9] што е околу два часа секоја вечер.[10]) Повеќето од соништата траат од 5 до 20 минути.[9] Инаку, не е познато од кој дел на мозокот потекнува сонот, дали постои едно единствено место одговорно за сонот, или пак сонот потекнува од повеќе делови на мозокот, или која е целта на сонувањето за телото и умот.
Се претпоставува дека сонот е резултат на диметилтриптамин (DMT) во мозокот. За ова Џ. Келавеј предложил биохемиски механизам во 1988 г. според кој диметилтрипаминот може да се поврзе со феноменот на визуелен сон, каде што нивото на диметилтрипамин во мозокот периодично се издигнува за да предизвика визуелно сонување и други природни состојби на умот.[11]
За време на РЕМ-спиењето ослободувањето на одредени невротрансмитери е речиси потиснато. Како резултат на тоа, моторните неврони не се стимулираат, а состојбата е позната како РЕМ-атонија. Ова ги спречува соништата да предизвикаат опасни движења на телото.
Проучувањата покажуваат дека различни видови на цицачи и птици доживуваат РЕМ-фаза за време на спиењето.[12]
Во 1952 г. Јуџин Асерински го открил РЕМ-спиењето додека работел на операција на неговиот советник. Асерински забележал дека очите на заспаните треперат под затворените очни капаци, а подоцна користел и апарат за детектирање за да ги сними мозочните бранови за време на овие периоди. За време на една сесија го разбудил субјектот кој завивал и плачел за време на РЕМ-спиењето и го потврдил сомнежот дека всушност субјектот сонувал.[13] Во 1953 г. Асерински и неговиот советник го издале пионерското откритие во списанието „Наука“ (Science).[14]
Во своите „Дијалози“, папата Григориј I ги дели соновите во неколку категории: прво, соништа предизвикани од преоптоварен стомак или од суета; второ, несериозни соништа; понатаму, соништа предизвикани од желбите, или истовремено од желбите и од разиграноста на духот; соништа-откровенија; и измешани соништа, како резултат на желбите и на откровението.[15]
Бидејќи методите на интроспекција биле заменети со повеќе самосвесни објективни методи во социолошката наука во 1930-тите и 1940-тите, проучувањето на соништата се исфрлило од научната литература. Соништата не биле ниту директно видливи од експериментаторот, ниту пак биле доверливи субјектите или извештаите за соништата на субјектите, бидејќи биле изобличени како резултат на задоцнето присетување, ако и воопшто субјектите можеле да се присетат. Многу почесто соништата целосно се забораваат, можеби како резултат на нивниот недозволен карактер (Фројд 1955 г. [1900 г.]). Најпосле, се чинело дека овие проблеми ги ставаат соништата надвор од доменот на науката.
Откривањето дека соништата се случуваат главно за време на една специфична електрофизиолошка состојба на спиење, брзо движење на окото или РЕМ спиење, која може објективно да се набљудува, довело до враќање на интересот за овој феномен. Кога било одредено времето на траење на РЕМ фазата и субјектите биле разбудени за да дадат извештај пред да се случи некоја измена или заборавање, било утврдено дека субјектите многу точно го одредуваат времето додека се одвивало спиењето и дека раскажувањето на соништата всушност одговара на должината на РЕМ спиењето кое му претходело на будењето. Блиската врска меѓу РЕМ спиењето и сонот била првата основа за серија на извештаи кои го опишуваат сонувањето: дека е редовно навечер, најчесто повремен феномен и е активност со висока честота за време на секое спиење и се јавува во утврдени интервали отприлика секој 60-90 минути кај сите луѓе во текот на животниот век. Фазите на РЕМ спиење и соништата што ги придружуваат прогресивно се продолжуваат во текот на ноќта, во првата фаза се најкратки, околу 10-12 минути, а во втората и третата фаза се зголемуваат до 15-20 минути. На крајот на ноќта соништата може да траат околу 15 минути, иако овде може да се сонуваат различни прикаски како резултат на краткотрајни возбудувања што го прекинуваат спиењето кога ноќта завршува. Извештаите од соништа можат да бидат извештаи од нормални субјекти, во 50% од случаите кога будењето се прави пред да заврши првата РЕМ фаза. Степенот на враќање на податоците се зголемува до 99% ако будењето е направено во последната РЕМ фаза во ноќта. Зголемувањето на способноста за присетување е поврзана со засилувањето на мечтата, боите и емоциите во сонот во текот на ноќта. Приказната во сонот во последната РЕМ фаза е најдалеку од реалноста, содржи најмногу необични елементи и заедно со зголемената веројатност за спонтани возбудувања дозволува да се случи будењето, што ја повишува можноста за сеќавање на последниот сон. Различните луди особини на сонот придонесуваат и да се смета самиот сон за „луд“. Извештаите дека првите соништа во ноќта се пореални, всушност се мешаат со мислите за будење.
Хаглингс Џексон (1932 г.) сметал дека спиењето помага да се поништат непотребните сеќавања и врски од текот на денот. Ова го прегледале Крик и Мичисон (1983 г.) и цитирале дека сонот во спиењето е период на обратно учење. Сепак, спортивниот став дека со сонувањето се пренесува информација исто така постои.
Проучувањето на соништата е спремно да продолжи надвор од опишувањата. Многу факти беа собрани за различната ментална активност без некое јасно разбирање на нејзината основна природа. Како може сонот да добие драматична форма без некој своеволен придонес на намерата на сонувачот? Како се формираат перцепциите кои често на економичен начин го изразуваат поврзувањето старите сеќавања и искуствата од моменталното будење? Дали има ефект од соништата и покрај тоа што се забораваат? Што ни кажуваат процесите за тоа како функционира умот? соништата се тежок предизвик. Тие заслужуваат да дадеме се од себе.
Постојат многу хипотези за функцијата на соништата меѓу кои:[16]
Голем број мислители коментирале за сличностите меѓу феномените соништа и психоза. Сличните елементи во двете состојби вклучуваат нарушување на мислата, депримирачки или несоодветни афекти (емоции) и халуцинација. Меѓу филозофите, на пример Кант, напишал дека „лудакот е буден сонувач“.[29] Шопенхауер рекол: „Сонот е краткотрајна психоза, а психозата е долготраен сон.“ [30] Во областа на психоанализата, Фројд напишал: „Тогаш, сонот е психоза“,[31] а Јунг: „Дозволете му на сонувачот да шета и да дејствува како буден и имаме клиничка слика на рана деменција.“[32] Грифин и Тирел[33] отишле чекор понатаму, сметајќи дека „шизофренијата е будна реалност развиена со сонувачкиот мозок.“[34]
Одредени медицински состојби (невролошки состојби) можат да влијаат врз соништата. На пример, луѓето со синестезија никогаш не изјавиле црно-бело сонување, и честопати имаат тешкотија во претставување на идејата за сонување само во црно-бело.[35] Терапијата за повторување на кошмарите (често поврзувана со посттрауматичен стрес) може да вклучува алтернативни сценарија кои почнуваат на секој чекор од сонот.
Низ историјата соништата се користеле за лечење (како што е пронајдено во храмот на Асклепиј кај Старите Грци) како и за управување со божествената инспирација. Некои домородни американски племиња користеле „потрага по привидување“ како обред, постење и молитва сè додека не добиле сон како предвидување, кој требало да се сподели со остатокот од племето.[36]
За време на доцниот XIX и XX век, и двајцата Зигмунд Фројд и Карл Јунг ги поистоветувале соништата како врска помеѓу свесното и несвесното. Тие исто така уверуваат дека несвесното е доминантна сила во сонот и соништата ја изразуваат менталната активност на восприемачката сила. Додека Фројд сметал дека постои активна цензура на несвесното дури и за време на сонот, Јунг расправал дека чудниот квалитет на соништата е ефикасен јазик, кој во споредба со поезијата еднакво е способен за откривање на скриеното значење.
Фриз Перлс ја претставил својата теорија за соништата како дел од холистичката природа на Гешталт терапијата. соништата се гледаат како проекции на дел од себе што бил игнориран, одбиен или потиснат.[37]
Јунг расправал дека секој човек во сонот може да се смета дека претставува гледиште на сонувачот, што тој го нарекува субјективен пристап до соништата. Перлс го проширил овој став и рекол дека дури и неживите објекти во сонот можат да претставуваат гледишта на сонувачот. Според тоа може да се побара од сонувачот да се замисли дека е објект во сонот и да го опише, со цел да ја зголеми свесноста за одликите на објектите што одговараат на личноста на сонувачот.
Свесниот сон е свесно воспримање на својата состојба за време на сонувањето. Во оваа состојба личноста најчесто има контрола врз карактерите и околината на сонувањето како и за активностите на сонувачот во рамките на сонот.[38] Појавата на свесно сонување е научно докажано.[39]
Ониронаут е поим кој најчесто се користи за оние кои сонуваат свесно.
соништата за расеано грешки се соништа во кои сонувачот расеано прави нешто што се обидувал да го запре (еден класичен пример е сонување дека палиш цигара кога се обидуваш да ги откажеш цигарите). Субјектите кои имале вакви соништа се разбудиле со интензивно чувство на вина. Едно проучување нашло позитивна врска меѓу овие соништа и успешното запирање на ваквото однесување.[40]
Соништата можат да се поврзат со реалните чувства, како што е вклучувањето на звуци од околината во соништата. Пример за тоа е ѕвонење на телефон во сонот додека тој и навистина ѕвони. Со исклучок на случаите со свесното сонување, луѓето сонуваат без да бидат свесни дека го прават тоа. Некои филозофи заклучиле дека она што го сметаме за „реален свет“ може да е навистина тоа или само илузија (идеја позната како скептична хипотеза за онтологијата). Прво оваа идеја ја спомнал Чуанг Це, а била дискутирана и во хиндуизмот. Будизмот врши широка примена од оваа расправа во своите дела.[41] Во западната филозофија била спомената во 17 век од страна на Декарт во неговото дело Медитаации за првата филозофија.
Присетувањето на соништата е многу несигурно, иако вештината може да се истренира. Присетувањето во соништата најчесто може да се случи ако личноста се разбуди додека сонува. Жените почесто се присетуваат на соништата од мажите. соништата на кои леѓето тешко се присетуваат може да се окарактеризираат со релативно мало влијание и фактори како возбудување или попречување играат улога во присетувањето на соништата. Честопати, присетувањето на соништата може да се случи со слушање на случаен предизвик или стимул. Дневник за соништата може да помогне за нивно присетување, за психотерапијата или за забава. За некои луѓе, штом главата ќе ја допре перницата кога си легнуваш навечер, спонтано се доживуваат некои бледи слики и чувства од претходната вечер. Сепак тие се најчесто слаби и кратки за да дозволат присетување на соништата.
„Дежа ви“ е опишано како чувство на претходно искусување на нешто на јаве или на сон, навидум заборавено сè до моментот на потсетување.[42]
Во една употреба поимот „поврзување на соништата“ е феномен според кој некој надворешен стимул, најчесто звучен, станува дел од сонот и го буди сонувачот. Има позната слика на Салвадор Дали што го опишува овој концепт, насловена како „Сон предизвикан од летот на една пчела“ (1944 г.).
Поимот „поврзување на соништата исто така се користел во испитувањето на степенот до кој настаните од претходниот ден стануваат елементи на соништата. Неодамнешните проучувања сметаат дека најголемо влијание имаат настаните од претходниот ден како и тие од пред една недела.[3]
Сонот е често застапено во уметноста и во популарната култура. Долго време низ историјата соништата биле предмет на претпоставка и извор на инспирација. Низ историјата, луѓето го барале нивното значење и се обидувале да гатаат со нивна помош. Гледано физиолошки, соништата се опишуваат како реакција на неутралните процеси за време на спиењето, психолошки како одраз на потсвеста, а пак гледано духовно, тие се пораки од Бог или предвидување на иднината. Многу култури практикувале инкубација на соништата, со намера да се обработат, што биле претскажувачки или содржеле божествени пораки. Во Јудаизмот се одржува посебна церемонија, наречена „хатават халом“, што буквално значи „сонот да се направи добар“. Преку овој обред, рабинот или рабинскиот суд можат позитивно да ги толкуваат вознемирувачките соништа.[43] Во Стариот Рим, толкувачот на соновите се нарекувал Аугур.[44]
Современата популарна култура ги сфаќа соништата, како и Фројд, како израз на најдлабоките стравови и желби на сонувачот.[45] Во филмовите, како Маѓепсан (Spellbound) од 1945 година или Манџурскиот кандидат од 1962 година, протагонистите мора да извлекуваат битни поуки од надреални соништа.[46]
Сепак, повеќето од соништата во популарната култура не содржат симболи, туку директен и реалистичен опис на стравовите и желбите на сонувачот.[46] Сцените со соништа може да не се разликуваат од оние сцени од реалниот свет на сонувачот, раскажувачка техника што го намалува чувството за безбедност на сонувачот и публиката[46] и овозможува протагонистите во хорор-филмовите, како што се Кери (1976), Петок 13-ти(1980) или Американски врколак во Лондон (1981) случајно да бидат нападнати од силите на мракот додека се наоѓаат навидум на безбедни места.[46]
Во спекулативната фикција, границата меѓу сонот и реалноста може да биде заматена дури и многу повеќе отколку што е потребно во приказната.[46] Сонот може да биде психички манипулирани (филмовите Кошмарот на улицата на Брестовите, 1984-1991) или буквално да се исполни како во Керамичарско тркало на рајот (1971). Со таквите приказни, протагонистите пред публиката одигруваат искуства од нивни лични соништа, што ги чувствуваат како реални.[46]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.