роман на Маргерит Јурсенар From Wikipedia, the free encyclopedia
Мемоарите на Адријан (француски: Mémoires d'Hadrian) — роман на француската писателка Маргерит Јурсенар од 1951 година.
Во своите белешки кон делото, Јурсенар наведува дека книгата не е посветена никому, иако требало да ѝ биде посветена на Г.Ф. (забелешка: иницијалите се однесуваат на Грејс Флик, долгогодишната пријателка и љубовница на Јурсенар), но таа сметала дека би било непристојно да стави лична посвета во делото во кое сакала воопшто да не се појавува.[1] Оттука, на Г. Ф ѝ се посветени белешките кон романот, а во самиот роман, како посвета се ставени следниве стихови, потпишани од P. Aelius Hadrianus, Imp:[2]
Animula vagula blandula
Hospes comesque corporis,
Quae nunc abibis in loca
Pallidula, rigida, nudula,
Nec, ut soles, dabis iocos...
Романот се сосоти од шест дела:
Јурсенар оставила и една тетратка со белешките кои ги правела во врска со работата на романот „Мемоарите на Адријан“. Во нив, таа го објаснува настанувањето на делото. Според нејзиното сведоштво, романот бил замислен и напишан меѓу 1924 и 1929 година, но тие ракописи самата ги уништила, зашто „тоа и го заслужувале“; во 1934 година, повторно почнала да работи на делото, правејќи долги истражувања; тогаш, таа напишала околу 15 страници, кои ги сметала за конечни, а потоа, меѓу 1934 и 1937 година, неколкупати почнувала и ја напуштала работата на делото; од редакцијата која потекнува од 1934 година останала само една реченица: „Почнувам да го согледувам профилот на мојата смрт.“; во тој период, таа посетила повеќе места поврзани со животот на Адријан, како: Адријановата вила, Олимпејон, Мала Азија итн.; во 1937 година, за време на престојот во САД, Јурсенар консултирала одредена литература во библиотеката на Универзитетот Јејл и тогаш напишала неколку делови од романот кои, во преработена форма, останале и во последната верзија; меѓу 1937 и 1939 година, таа престанала да работи на делото; во октомври 1939 година, таа ги оставила ракописот и белешките во Европа, а со себе во САД зела само неколку делови напишани претходно за време на престојот во Јејл, една карта на Римското Царство и профилот на Антиној, купен во 1926 година во Археолошкиот музеј во Фиренца; во периодот од 1939 до 1948 година, повторно ја напуштила работата на романот, а во пролетта 1947 година ги запалила белешките напишани за време на престојот во Јејл.[9]
Во 1948 година, прегледувајќи еден ковчег со писма, добиен од Швајцаревија, Јурсенар повторно добила инспирација за да ја продолжи работата на романот; таа година, патувајќи во Ново Мексико, една ноќ, во возот што сообраќал на линијата Њујорк - Чикаго, таа почнала повторно да пишува, а продолжила утредента во ресторанот на една железничка станица во Чикаго, како и во возот за Санта Фе; така започнал тригодишниот период на интензивни истражувања поврзани со романот,[10] при што многу ги користела делата на историчарот Вилхелм Вебер и на научникот Пол Грендор.[1]
Во своите белешки, Јурсенар истакнува дека нејзината главна намера при пишувањето на романот била, земајќи еден живот кој е познат и историски утврден, да постигне Адријан да го постави пред неговиот живот во истата положба во која се наоѓаме ние во однос на него. Притоа, нејзината желба била низ ликот на Адријан да го изрази ставот на еден човек кој се одрекува на една страна за да прифати на друга страна. На почетокот, таа планирала романот да го напише во форма на дијалог, но во 1948 година одлучила да го напише во прво лице, со цел да ги избегне сите посредници во описот на животот на Адријан. Во тој поглед, таа му припишала на Адријан и одредени погледи кон иднината, внимавајќи тие да бидат општи. Со тоа што го прикажала Адријан како остроумен човек, Јурсенар сакала да ја нагласи неговата фаустовска црта.[11] Јурсенар го насловила делото „Мемоарите на Адријан “ наместо „Дневникот на Адријан “, зашто тој бил човек од акција, поради што не би му било својствено да пишува дневник. Според нејзините зборови, книгата морала да биде во облик на роман, имајќи ја предвид доминацијата на оваа книжевна форма во современиот свет; инаку, нејзината студија за царот Адријан во 17 век би била трагедија, додека во ренесансата би била есеј. На 26 декември 1950 година, во една студена вечер на островот Маунт Десерт на Атлантскиот Океан, таа ги замислила последните моменти од животот на царот Адријан, т.е. последната сцена од романот.[12]
По главниот текст на романот, Јурсенар дава и соодветни забелешки во кои ги наведува историските извори кои ги користела при пишувањето, а исто така, објаснува во колкава мера се држела до историските факти поврзани со царот Адријан и со другите историски личности од неговото време. Притоа, таа се повикува на практиката на Жан Расин, кој во предговорите на своите трагедии ги наведувал своите извори.[13]
Некои од ликовите кои се појавуваат во романот претставуваат вистински историски личности, додека некои се целосно измислени. Во продолжение, дури и историските личности, Јурсенар го прикажува во изменет облик, често припишувајќи им измислени особини. На пример, Марулин (дедо му на Адријан) е вистинска историска личност, но тој немал дарба за претскажување, како што е наведено во романот, туку тоа својство го имал некој вујко на Адријан; исто така, описот на смртта на Марулин е целосно измислен. Понатаму, навистина, еден од учителите на младиот Адријан бил атинскиот софист Исеј, но не е потврдено дека Адријан се школувал во Атина. Помпеј Прокул навистина бил управник на Витинија, но не е познато дали таа функција ја извршувал во 123-124 година, кога Адријан поминал низ таа област. Поетот Стратон од Сард веројатно му бил современик на Адријан, но нема докази дека тие се познавале. Хабрија, Целер и Диотим се историски личности, но нивните имиња ѝ послужила на Јурсенар само како основа за трите делумно измислени лика во романот. Кресцент навистина му бил секретар на Сервијан, но не е познато дали навистина го предал својот господар. Жената на Аријан, исто така, е историска личност, но не е познато дали навистина била „убава и горда“ како што е наведено во романот. Посетата на Луциј на Египет во 130. година е заснована врз спорното „Адријаново писмо до Сервијан“, но податоците за неговиот престој во Египет се несигурни. Од друга страна, детаљите за Луциј се преземени од делото „Животот на Елиј Цезар“ на Спартијан. Повеќе сцени во романот се целосно измислени, како: епизодата во која младиот офицер Адријан го прифаќа култот на богот Митра, сцената во која Антиној принесува жртва во Палмира итн. Исто така, неколку споредни ликови, како: робот Еуфорион, глумците Олимп и Батил, лекарот Леотихид, водичот Асар и младиот британски трибун се целонсо измислени. Наспроти тоа, сцената во која едно дете паѓа од балконот за време на прославата во Египет е вистинита, но таа се случила дури 40 години по престојот на Адријан во Египет.[14]
Јурсенар наведува дека двата главни извора за нејзиниот роман биле грчкиот историчар Дион Касиј, кој 40 години по смртта на Адријан ја напишал главата посветена на неговото владеење која била дел од книгата „Римски истории“, како и латинскиот хроничар Спартијан кој ги напишал делата „Vita Hadriani“ и „Vita Aelii Caesaris“. Исто така, таа користела и други извори, како: книгата на Јулиј Капитолин, „Животите на Антонин и Марко Аврелиј“, делата на Аврелиј Виктор, Судиниот „Речник“. Најпосле, Јурсенар се послужила и со неколку дела на царот Адријан: неговата административна преписка, делови од неговите говори или службени извештаи, некои песни (меѓу кои и најпознатата „Animula vagula blandula“) и трите негови писма (со сомнителна автентичност) собрани во збирката на граматичарот Доситеј.[15]
Некои од сцените во романот се преземени од делата на античките автори од II и III век: епизодата со ловот во Либија е земена од Панкратовата песна „Лововите на и Антиној“; детаљлите за поетите и софистите кои служеле на дворот на царот Адријан се земени од делата на Атенеј, Аул Гелиј и Филострат; епизодата во која му го повредува окото на својот секретар е преземена од еден учебник на Галиен; во книгата се вклучени делови од „Аријановото писмо до царот по повод обиколката на Црното Море“ за кое се верува дека е автентично; исто така, користени се и дурги извори, како: делото на Елиј Аристид, „Пофалба на Рим“, „Црковните истории“ на Евсевиј, делови од Талмудот кои се однесуваат на војната во Палестина, ракописот на Фаворин во кое е прикажано неговото прогонство итн. Најпосле, при работата на романот, Јурсенар консултирала книги и статии на повеќе познати историчари, како и нумизматички и уметнички дела.[16]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.