Јане Сандански и Младотурската револуција
From Wikipedia, the free encyclopedia
Младотурската револуција од 1908 година создала услови за крупни внатрешни промени во животот на Османлиското Царство. Новите власти сакале да ја трансформираат Империјата во уставно-парламентарна држава и да ја интегрираат во евроспките заедници на слободните народи. По јули 1908 година, месеците биле исполнети со бурни политички манифестации: братимење на Македонците и Турците, амнестирање на илјадници македонски политички затвореници, ликвидација на странските вооружени пропаганди и др. Промените кои се случиле биле почувствувани од сите во Македонија. Јане Сандански и неговите приврзаници идејно и политички подготвено ја дочекале новонастанатата состојба. Тие веднаш ја прифатиле подадената младотурска рака за соработка, отворено и искрено, како своја трајна политичка ориентација. Јане бил свесен за карактерот, значењето и можностите на актуелниот политички миг што запонал со чинот на младотурското востание [1].
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/c/cc/Enver_12_July_1908.jpg/640px-Enver_12_July_1908.jpg)
Според Манол Пандевски, Јаневата свест извирала од следниве две оценки: Прво, дека чинот од јули 1908 година е само прв, а никако и завршен чин во новата турска политичка драма; дека со него е отворен процесот на внатрешните политички превирања и поларизација на силите; дека дадениот миг е политички нестабилен и преоденм по кој мора да настапи еден поцврст курс во политичкиот развој на земјата. Второ, дека од идејно-политичката зрелост, од организираноста и истрајноста во борбата на прогресивните сили, ќе зависи во која насока ќе појде трајниот политички курс, какви придобивки ќе се извојуваат, до која мерка ќе се продлабочи штотуку започнатата револуција во Турција [1].
„Конституциона зора“, орган на серчани, во декември 1908 година пишувала: Револуционерната криза во Турција можеше, а може и сега да се исползува само со крајно и целосно напрегање на револуционерните фактори. Овие фактори, имено, во вакви моменти треба да дејствуваат со полна пареа, зашто придобиеното во времето на еден револуциоерен период е најценетата придобивка... Затоа беше сосема природно, имено, Македонската револуционерна организација да ги напрегне сите сили и од името на целата нација да се наложи да го земе својот дел од придобивки кои во една револуционерна епоха не смеат да се пренебрегнуваат и откажуваат по секоја цена. Организацијата не си прави илузии дека апсолутизмот на Отоманското Царство си ја одигра својата улога [1].
Јане и неговите приврзаници реално ја оцениле историската шанса што Младотурската револуција му ја понудила на макеоднското ослободително движење. Понудената шанса можеле да се испушти, а макеоднските сили да не го земат својот дел од револуционерните придобивки. За Јане, како политички стратег, било јасно акционото поставување: неодложно преземање на акции за обединување на распокинатите македонски сили околу програмата на серчани, организирање и политичко активирање на македонскиот народ со кои требало да се брани постигнатото, како и да се изврши успешен притисок врз младотурската власт [1].