![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/d/df/LPDF_125_14_carte.jpg/640px-LPDF_125_14_carte.jpg&w=640&q=50)
Македонија во Првата светска војна
From Wikipedia, the free encyclopedia
Непосредно пред започнувањето на Првата светска војна Македонија била поделена на три дела, а македонскиот народ се наоѓал под власта на Србија, Бугарија и Грција. По започнувањето на Првата светска војна сите три држави извршиле мобилизација на население од Македонија во своите војски, при што биле мобилизирани околу 200 илјади луѓе - во српската околу 50 илјади, во бугарската околу 120 илјади и во грчката околу 20 илјади души.[1]
Пред влегувањето на Бугарија во војната биле формирани диверзантски чети под раководство на Тодор Александров кои ја извршиле Валандовската афера во март 1915 година. По влегувањето на Бугарија во војната таа извршила масовна мобилизација при што била формирана 11-та македонска дивизија и во нејзиниот воен формациски состав вклучила 33.046 Македонци. По нападот на бугарската армија, српските сили биле принудени на се повлечат од Вардарска Македонија, а бугарската војска избила на српско-грчката граница утврдена со Букурешкиот мировен договор. Во пролетта 1916 година српско-грчката граница започнала да се формира како Солунски фронт, кој се протегал од Охридското Езеро до Струмскиот Залив во Егејското Море, со мали отстапувања кон Лерин и Битола.
Со влегувањето на Бугарија во војната доаѓа и до промена во поделбата на Македонија. Бугарија ги освоила Вардарска Македонија, каде била формирана Македонската воена инспекциска област, дел од источна Егејска Македонија и Пиринска Македонија која ја добила со Букурешкиот договор. Останатиот дел од Егејска Македонија бил како и дотогаш во рамките на Грција, односно под воена управа на Антантата.
Пролетта 1916 година, потпомогната од своите германски и австроунгарски сојузници, Бугарија ја освојува Рупелската Теснина и, навлегувајќи во источниот дел на Егејска Македонија, ги зазема градовите Сер, Драма и Кавала. Кон средината на август истата година бугарските сили, предводени од генерал Климент Бојаџиев ги разбиваат трупите на Антантата на просторот Добро Поле - Баница - Лерин и продирајќи кон Костур го заземаат Лерин со околните населби. Во жестокиот судир кај Горничево, српско-француските трупи ја пробиваат одбраната на бугарската Прва армија, принудувајќи ја на повлекување. На 19 ноември тие ја заземаат Битола. По тешките тримесечни борби офанзивата на силите на Антантата спласнува и настанува затишје на целиот фронт.
Во текот на 1917 и првата половина на 1918 година, се водат повеќе позициони борби од локално значење кај р. Струма, Црна Река и долж Вардарската Долина, кои нема да предизвикаат некои поголеми територијални промени.
На 15 септември 1918 година силите на Антантата предводени од францускиот маршал Франше Д'Епере, започнуваат силна офанзива против бугарската Трета дивизија од составот на германската Втора армија на просторот Ветерник - Сокол. Борбите се пренесуваат во Пелагонија, на десниот брег на реката Вардар, Црна Река и во реонот на Дојран. Под жестокиот притисок на сојузниците бугарско-германските трупи се приморани на повлекување кон север и бугарската граница. Сојузниците заземаат повеќе делови во вардарскиот дел на Македонија. На 29 септември 1918 година Бугарија е принудена да потпише примирје согласувајќи се да ја напушти Вардарска Македонија. Ги задржува само Пиринска Македонија и Струмичката област со градот Струмица, која ќе ја загуби подоцна во корист на Србија со Нејскиот мировен договор од 1919 година.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/mk/thumb/7/73/%D0%9E%D1%84%D0%B8%D1%86%D0%B5%D1%80%D0%B8_%D0%BE%D1%82_11-%D1%82%D0%B0_%D0%BF%D0%B5%D1%85%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B0_%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B0_%D0%B4%D0%B8%D0%B2%D0%B8%D0%B7%D0%B8%D1%8F%2C_%D0%B2_%D0%BB%D1%8F%D0%B2%D0%BE_%D0%BE%D1%82_%D0%BF%D0%BE%D0%BF%D0%B0_%D0%BF%D0%BE%D0%BB%D0%BA%D0%BE%D0%B2%D0%BD%D0%B8%D0%BA_%D0%91%D0%BE%D1%80%D0%B8%D1%81_%D0%94%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B3%D0%BE%D0%B2.jpg/640px-%D0%9E%D1%84%D0%B8%D1%86%D0%B5%D1%80%D0%B8_%D0%BE%D1%82_11-%D1%82%D0%B0_%D0%BF%D0%B5%D1%85%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B0_%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B0_%D0%B4%D0%B8%D0%B2%D0%B8%D0%B7%D0%B8%D1%8F%2C_%D0%B2_%D0%BB%D1%8F%D0%B2%D0%BE_%D0%BE%D1%82_%D0%BF%D0%BE%D0%BF%D0%B0_%D0%BF%D0%BE%D0%BB%D0%BA%D0%BE%D0%B2%D0%BD%D0%B8%D0%BA_%D0%91%D0%BE%D1%80%D0%B8%D1%81_%D0%94%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B3%D0%BE%D0%B2.jpg)
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/3/3e/Sv._Petar_na_Kajmak%C4%8Dalan_%285%29.jpg/640px-Sv._Petar_na_Kajmak%C4%8Dalan_%285%29.jpg)
Првата светска војна ја раздвижува македонската емиграција. Непосредно по влегувањето на Бугарија во војната, Крсте Петков Мисирков побарал да се обедини Македонија и да се оформи како автономна политичка единица. Во Швајцарија било формирано македонското друштво за Независна Македонија, тие побарале да се формира самостојна и независна Македонија која подоцна би можела да влезе во рамките на една балканска федерација. Македонската емиграција во Бугарија била поделена и имала различни погледи за судбината на Македонија. Привременото претставништво на „поранешната Внатрешна организација“ да се формира Автономна Македонија во нејзините географски и етнички граници, а од другата страна бил Извршниот комитет на Сојузот на македонските емигрантски организации и групацијата околу Тодор Александров, тие побарале автономија на Македонија, а ако не може, тогаш таа цела да се присоедини кон Бугарија.