![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/4/43/Occupied_territories_in_the_Balkans%252C_end_of_April_1913.png/640px-Occupied_territories_in_the_Balkans%252C_end_of_April_1913.png&w=640&q=50)
Странски пропаганди во Македонија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Тешка и комплицирана ситуација во Отоманското Царство овозможила продор и вкоренување на повеќе странски пропаганди на територијата на Македонија, кои дополнитело го попречувале национално-конститутивниот процес на Македонците.[1][2][3][4] Во Македонија активно дејствувале повеќе пропаганди, како што се грчката, бугарската, српската, романската, католичката и протестантската пропаганда. Првите три пропаганди имале исклучиво асимилаторски карактер, додека останатите биле поставени врз верска основа, но со политички цели и треба да се истакне дека последните две пропаганди не дејствувале ретроградно врз македонскиот национален индивидуалитет.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/4/43/Occupied_territories_in_the_Balkans%2C_end_of_April_1913.png/640px-Occupied_territories_in_the_Balkans%2C_end_of_April_1913.png)
Странски пропаганди во Македонија |
---|
![]() |
Главни задачи на бугарската, грчката и српската пропаганда во Македонија биле да се придобијат што повеќе т.н. „национални приврзаници“ кои би се искористиле како „внатрешни сојузници“ и оправдувачки фактор за територијалните претензии на балканските држави кои ги имале кон Македонија. Овие пропаганди воглавно дејствувале преку црквите, училиштата и хуманитарните институции. На црковен план се дејствувало преку одржување на постојните цркви, но и преку подигнување нови верски објекти, преку создавање на црковен кадар и верска литература. На просветен план се дејствувало преку одржување и подигнување нови училишта, финансиска издршка на учителите и директорите, стипендии и пансиони за учениците и студентите, како и соодветна литература која не била на македонски јазик. На хуманитарен план најчесто се дејствувало преку болниците. Покрај овие мерки пропагандите се користеле и со закани до населението, обвиненија и клевети на населението дека се бунтовници, потоа преку користење на рушвети или поткуп на турските власти. Треба да се истакне дека пропагандата била ширена и преку употреба на сила и дејствување на вооружени чети. Вакавата вооружена пропаганда особено се засилила по Илинденското востание.[3][5]