Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
The Supremes ― американска женска група и најистакнати изведувачи на Motown Records во текот на 1960-тите. Групата била основана во Детроит во 1959 година под името Primettes. Supremes биле најпродавани музичари на Motown и најуспешна американска вокална група, со 12 песни на прво место на Billboard Hot 100. Овие хитови најчесто биле напишани и продуцирани од главниот продукциски тим на Мотаун, Холанд–Дозие–Холанд. Се смета дека нивниот успех им го пробил патот на идните афроамерикански R&B и соул-музичари. Билборд ги ставил Supremes на 16-то место на списокот од Hot 100 најдобри изведувачи на сите времиња.
The Supremes | |
---|---|
(од лево кон десно): Флоренс Балард, Мери Вилсон и Дајана Рос ја пејат „My World Is Empty Without You“ во емисијата на Ед Саливан во 1966 | |
Животописни податоци | |
Познат(а) и како | The Primettes (1959–1961); Diana Ross & the Supremes (1967–1970) |
Потекло | Детроит, Мичиген, САД |
Жанрови | |
Период на активност |
|
Издавачи |
|
Оригинални членови на групата биле Флоренс Балард, Мери Вилсон, Дајана Рос и Бети Мекглоун. Тие ја основале групата Primettes како сестринска група на Primes (со Пол Вилијамс и Еди Кендрикс, кои потоа ја формирале групата Temptations).
Во 1967 година, претседателот на Мотаун, Бери Горди, ја преименувал групата во Diana Ross & the Supremes. Во 1970 година, Дајана Рос заминала од групата и започнала соло кариера. Нејзина замена била Жан Терел, а групата повторно го вратила името Supremes. Групата се распаднала во 1977 година.
Флоренс Балард, средношколка која живеела во комплексот Брустер - Даглас Хаусинг во Детроит, 1958 година ги запознала Пол Вилијамс и Еди Кендрикс, кои биле членови на машката пејачка група Primes.[1] Бидејќи Балард добро пеела, како и девојката на Пол Вилијамс, Бети Мекглоун, менаџерот на Primes, Милтон Џенкинс, одлучил да создаде женски пандан на Primes наречена Primettes.[1] Балард во групата ја повикала нејзината најдобра другарка Мери Вилсон, а потоа им се придружила и Дајана Рос.[1] Primettes почнале да пеат песни на музичари како Реј Чарлс и The Drifters во клубови и талент-шоуа во околината на Детроит.[2] По неколку месеци, на Primettes им се приклучил гитаристот Марвин Тарплин.[3]
Откако на 4 јули 1960 година победиле на Меѓународниот фестивал на слободата Виндзор-Детроит, Primettes си поставиле цел да снимат плоча.[2] Со цел групата да потпише со детроитската издавачка куќа Motown, во 1960 година, Рос стапила во контакт со еден нејзин стар сосед, главниот пејач на Miracles, Смоки Робинсон. Робинсон требало да ѝ помогне на групата да направи аудиција кај извршниот директор на Motown, Бери Горди, кој веќе бил докажан текстописец.[4] На Робинсон му се допаднале „девојките“ (како што тогаш биле познати низ Мотаун) и се согласил да ѝ помогне, но уште повеќе му се допаднало свирењето на нивниот гитарист; со дозвола на Primettes го ангажирал Тарплин како гитарист на Miracles.[5] Робинсон договорил а-капела аудиција на Primettes кај Горди, но Горди сметал се дека се премлади и неискусни за да снимаат плочи и им рекол да се вратат кога ќе завршат средно училиште.[5][6] Необесхрабрени, истата година Primettes снимиле сингл за Lu Pine Records, издавачка куќа создадена само за нив, насловен како „Tars of Sorrow“.[7] Сепак, синглот не успеал да најде публика.[7] Веднаш потоа, МекГлоун се свршила и ја напуштила групата.[8] На нејзино место во групата дошла Барбара Мартин.[7]
Одлучени да го импесионираат на Горди и да се приклучат на ѕвездите во подем на Мотаун, Primettes често го посетувале неговото студио.[9] Конечно успеале да го убедат Горди да им дозволи да придонесат со ракоплескање и како позадински вокали за песните на други музичари од Мотаун, како Марвин Геј и Мери Велс.[10] Во јануари 1961 година, Горди конечно попуштил и се согласил тие да потпишат со неговата издавачка куќа, но под услов да го променат името групата.[9] [11] Во меѓувреме The Primes се здружиле со Otis Williams & the Distants и наскоро требало да потпишат за Мотаун под името the Temptations.[12] Горди на Балард ѝ дал список со имиња од кои требало да избере име за групата.[13] Балард избрала друг предлог, „the Supremes“.[14] [10] Во пролетта 1962 година, Мартин ја напуштила групата за да основа семејство. Така, новоименуваните Supremes продолжиле како трио.[15]
Од 1961 до 1963 година, Supremes објавиле шест синглови, почнувајќи со „I Want a Guy“ и „Buttered Popcorn“ под подружницата на Motown, Tamla.[9] Сепак, ниту еден од првите шест синглови не се нашол на Топ-40 на Billboard Hot 100.[16] Поголемиот дел од нивниот ран материјал е напишан и продуциран од Бери Горди или од Смоки Робинсон.[9] [17] Во декември 1963 година, синглот „When the Lovelight Stars Shining Through His Eyes“ се искачил на 23-то место на Billboard Hot 100.[18]
„Lovelight“ била прва од многуте песни на Supremes напишани од тимот текстописци на Motown познат како Holland–Dozier–Holland.[9] Кон крајот на 1963 година, Бери Горди ја избрал Дајана Рос како официјален водечки пејач на групата. [19]
Пролетта 1964 година, Supremes го снимиле синглот „Where Did Our Love Go“.[20] Иако на Supremes не им се допаднала песната, продуцентите ги принудиле да ја снимат. [20] Во август 1964 година, додека Supremes биле на турнеја како дел од Караванот на ѕвездите на Дик Кларк, „Where Did Our Love Go Go“ стигнала до прво место на американските поп-топ-листи, на големо изненадување и задоволство на групата. [21] Ова била нивна прва песна која се појавила на британската листа за синглови, каде што стигнала до трето место.[22]
По „Where Did Our Love Go“ следеле четири последователни песни на прво место на американските топ-листи: „Baby Love“ (исто така број еден во ОК), „Come See About Me“, „Stop! In the Name of Love“ и „Back in My Arms Again“.[18] [23] Во 1965 година, „Baby Love“ била номинирана за Греми награда за најдобра R&B песна.
The Supremes намерно прифатиле погламурозен имиџ од претходните црни изведувачи.[24] За разлика од многу нејзини современици, Рос пеела со тенок, смирен глас, а нејзиниот гласовен стил бил усогласен така што трите жени ја истакнуваат својата женственост и не ги имитирале карактеристиките на машките групи. На сцената Supremes се појавувале со детална шминка, фустани од висока мода и перики. Имале грациозна кореографија креирана од кореографот од Мотаун, Чоли Еткинс. Пауел ѝ рекол на групата „да бидат подготвени да настапуваат пред кралеви и кралици“.[24] Горди сакал Supremes, како и сите негови изведувачи, да бидат подеднакво привлечни за црната и за белата публика.[25]
До 1965 година, Supremes биле меѓународни ѕвезди. Тие го обиколиле светот, и станале речиси подеднакво популарни во странство како и во САД. [26] [27] Веднаш по нивните први хитови, тие снимиле песни за филм, се појавиле во филмот од 1965 година Beach Ball и промовирале десетици производи, а во еден момент имале сопствен бренд на леб. Во 1966 година, групата го издала албумот The Supremes A' Go-Go, кој на 22 октомври станал прв албум од целосно женска група кој се искачил на прво место на американскиот Билборд 200.[28] Поради тоа што Supremes биле популарни кај белата публика, како и кај црната публика, Горди ја натерал групата да настапува во реномирани вечерни клубови како Копакабана во Њујорк.[29] Supremes станале едни од првите црни музички изведувачи кои имале целосен и одржлив успех во кросовер.
Внатрешните проблеми во групата и во Motown Records предизвикале тензија меѓу членовите на Supremes. Многу други изведувачи од Мотаун сметале дека Бери Горди обрнува премногу внимание на групата, а особено на Рос.[16] На почетокот од 1967 година, било официјално сменето името на групата, прво во „the Supremes with Diana Ross“ а набрзо потоа во „Diana Ross & the Supremes.[9] The Miracles станале „Smokey Robinson & the Miracles“ две години предходно. Есента 1967 година, Martha & the Vandellas станале „Martha Reeves & the Vandellas“.[30]
Промената на името на Supremes ги распламтило веќе постоечките гласини за соло-кариера на Рос и придонеле за професионално и лично распаѓање на групата. Всушност, Горди имал намера да ја замени Рос со Барбара Рендолф уште есента 1966 година, но се предомислил и одлучил да ја задржи Рос во групата уште неколку години.[31]
Откако Рос станала централна фигура на Supremes, Балард станала депресивна и почнала прекумерно да пие, по што се здебелила до мера повеќе да не може удобно да носи повеќето од нејзините сценски облеки. За време на овој турбулентен период, Балард се потпирала на советите од колешката Мери Вилсон, со која цело време била блиска пријателка. Вилсон, навидум скромна и неутралена за да ја одржи групата стабилна, приватно ја советувала Балард дека Рос и Горди сакаат да ја уништат Балард.[32]
Во 1967 година, Балард не се појавувала на закажаните термини за снимање или доаѓала на концерти премногу опиена за да може да настапува. Барајќи замена, Горди повторно размислувал Барбара Рендолф да стане член на групата. Веројатно сметал дека Рендолф може да стане главна пејачка на групата откако Рос ќе се одлучи за соло-кариера. Сепак, Рос не ја сакала Рендолф во групата. Во април 1967 година, Горди стапил во контакт со Синди Брдсонг, член на Patti LaBelle & the Blue Belles, која површно личела на Балард, и планирал да ја донесе како замена за Балард.[33] Тој јасно им ги кажал неговите планови на Балард и нејзините колешки од групата на состанокот кон средината на април, а Birdsong била донесена за да започне со проби. [33] Горди не ја отпуштил Балард директно, туку побарал од неа сама да се откаже.[33]
Брдсонг за првпат се појавила со Supremes како замена на Балард на добротворен концерт во Холивуд Боул на 29 април 1967 година.[33] [34] По настапот, Горди дознал дека Брдсонг сè уште е под договор со Blue Belles, а адвокатите на таа група поднеле тужба против него. Во мај, Балард се вратила за, како што таа верувала, пробен период, но во реалноста тоа било времена мерка додека Горди не успеал да го откупи договорот на Брдсонг. Во меѓувреме, Брдсонг тајно патувала со Supremes.[33]
На 29 јуни 1967 година, групата се вратила во хотелот Фламинго во Лас Вегас како „Diana Ross & the Supremes“. Првите два дена поминале без проблеми. На 1 јули, Балард го видела дополнителниот комплет наметки и костими кои биле донесени за Синди Брдсонг. Налутена, Балард го извела првиот вечерен концерт опиена, што довело до срамен инцидент. Горди ѝ наредил да се врати во Детроит и засекогаш ја отпуштил од групата. Брдсонг официјално го презела нејзиното место за време на вториот концерт на 1 јули.[35]
Отпуштањето на Балард од Мотаун било финализирано на 22 февруари 1968 година. Таа добила еднократна исплата од 139.804,94 американски долари за авторски права и како заработка.[36] Таа се обидела да започне соло-кариера со ABC Records, и била принудена формално да го одбие соло-договорот понуден од Motown како дел од нејзината спогодба.[37] Двата сингла на Балард од 1968 година не се пласирале на топ-листите и нејзиниот соло-албум бил откажан.[38] Во 1971 година, Балард го тужела Мотаун за 8,7 милиони долари, тврдејќи дека Горди и Дајана Рос направиле заговор за да ја принудат да истапи од групата;[39] судијата пресудил во корист на Мотаун. Балард на крајот потонала во сиромаштија и на 22 февруари 1976 година ненадејно умрела од срцев удар предизвикан од коронарна тромбоза на 32-годишна возраст. [40]
Холанд-Дозие-Холанд го напуштиле Мотаун на почетокот од 1968 година по спорот со дискографската куќа во врска со авторските права и делење на профитот.[41] Како резултат на тоа почнал да се намалува квалитетот на продукцијата на Мотаун (и особено песните на Diana Ross & the Supremes). Од „Reflections“ во 1967 година до „The Weight“ во 1969 година, само шест од единаесет објавени синглови стигнале до Топ-20, а само еден од нив, „Love Child“ од 1968 година, [42] стигнал до прво место. Поради тензијата во групата и напорните турнеи, ниту Мери Вилсон, ниту Синди Брдсонг не учествуваат во многу од овие песни; тие биле заменети со сесиски пејачи.[43] Промените во групата и падот во продажбата биле знак за промени во музичката индустрија. Соулот заснован на госпел каков што изведувала Арета Френклин го засенил звукот на поп-соулот кои го пееле Supremes. Supremes почнале да бидат напаѓани затоа што не се „доволно црни“ и го изгубиле уделот на црниот музички пазар.[44]
Во средината на 1968 година, Мотаун за Supremes иницирал многу соработки со нивните стари колеги, Temptations. Во 1969 година, дискографската куќа започнала со планови за соло-кариера на Дајана Рос.[45] Откако ја видел 24-годишната Џин Терел на настап со нејзиниот брат Ерни на Флорида, Бери Горди одлучил таа да биде замена за Рос. Терел потпишала со Мотаун и почнала да ги снима првите песни. Во исто време, Рос започнала да ги прави своите први соло-снимки. На 2 ноември 1969 година, Detroit Free Press бил прв кој објавил дека Рос започнува со соло-кариера.[46]
Песната „Someday We'll Be Together“ била снимена за да биде објавена како прв соло-сингл на Дајана Рос.Сепак, Горди ја објавил песната како сингл на Diana Ross & the Supremes, и покрај фактот што Вилсон и Бирдсон не пееле на записот. „Someday We'll Be Together“ се искачила на прво место на американските поп-топ-листи и станала 12-ти и последен број еден хит на Supremes. Песната била и последен број еден хит во 1960-тите. Овој сингл, исто така, ќе го одбележи последното телевизиско појавување на Supremes заедно со Рос, на шоуто на Ед Саливан на 21 декември 1969 година.[47]
Diana Ross & the Supremes го одржале последниот концерт на 14 јануари 1970 година во хотелот Frontier во Лас Вегас. [48] На концертот била претставена замената за Дајана Рос, Жан Терел. По концертот Рос официјално ја започнала нејзината кариера како соло-изведувач. Мери Вилсон и Синди Брдсонг продолжиле да работат со Џин Терел на првиот албум на Supremes без Рос, Right On.[49]
The Supremes предводени од Терел - сега ребрендирани како „The Supremes“; прво неофицијално познати како „the New Supremes“, а подоцна неформално наречени „The Supremes од 70-тите“ - имале неколку хитови, а сите тие биле продуцирани од Френк Вилсон. „Stoned Love“ станал нивен последен бр.1 R&B хит во декември 1970 година.
Во 1972 година, Supremes ја имале нивната последна хит-песна која се пласирала во Топ-20, „ Floy Joy “, напишано и продуцирано од Смоки Робинсон. Motown, која во меѓувреме се преселила од Детроит во Лос Анџелес не се потрудила доволно да го промовира новиот материјал на Supremes, а нивната популарност и продажба почнале да опаѓаат. Синди Брдсонг ја напуштила групата во април 1972 година, а на нејзино место била доведена Линда Лоренс, поранешен член на резервната група на Стиви Вондер, Third Generation (претходник на Wonderlove). Џими Веб бил ангажиран да го продуцира следното ЛП на групата, The Supremes Produced and Arranged by Jimmy Webb,[50] но албумот и неговиот единствен сингл „I Guess I'll Miss the Man“ немале успех на поп-табелата од Билборд.[18]
На почетокот од 1973 година, песната „Bad Weather“ во продукција на Стиви Вондер се искачила на 87-то место на американските поп-листи и на 37-то место во ОК. [18] [22] Лоренс ја напуштила групата за да основа семејство, а Синди Брдсонг се вратила.[51] Загрижена од успехот на последната плоча и од недостатокот на промотивна поддршка од Мотаун, Жан Терел ја напуштила групата и била заменета со Шери Пејн.[51]
Пред објавувањето на албумот во 1975 година, Supremes одржувале концерти во живо и продолжиле со турнеи во странство. Новиот материјал кој го снимила групата бил подеднакво неуспешен како и нивните претходни изданија, иако „He's My Man“ од албумот The Supremes бил популарен диско хит во 1975 година. Во 1976 година, Брдсонг повторно заминала и била заменета од Сузи Грин, уште еден поранешен член на Wonderlove.[52]
Оваа последна постава на Supremes издала два албума: High Energy и Scherrie & Susaye.[9] Во 1976 година, Supremes го објавиле „I'm Gonna Let My Heart Do the Walking“, нивен последен Топ-40 хит на Билборд Хот 100.[18]
На 12 јуни 1977 година, Supremes го одржале нивниот проштален концерт во Лондон затоа што Вилсон одлучила да ја напушти групата и да започне соло кариера, а Шери и Сузи ја избрале Џојс Винсент да им се приклучи како нов трет член. Но, Motown одлучил дека без оригинални членови, Supremes треба да бидат распуштени.[14]
Биле продуцирани и објавени неколку измислени дела кои делумно се засноваат на кариерата на групата. Филмот Спаркл од 1976 година обработува приказна за група од три пејачки слична на The Supremes наречена „Sister & the Sisters“ од Харлем. Музиката за филмот ја компонирал Кертис Мејфилд, а на саундтрак-албумот пеела Арета Френклин. На почетокот од 2000-тите требало да се сними римејк на Спаркл со R&B пејачката Aaliyah во главна улога, но проектот било прекинат откако Aaliyah починала во 2001 година.[53] Римејкот на Спаркл конечно бил објавен во август 2012 година; во филмот глумеле Џордин Спаркс и Витни Хјустон, во нејзината последна филмска улога.[54]
На 21 декември 1981 година, премиерно бил прикажан мјузиклот награден со Тони, Dreamgirls. Мјузиклот е лабаво заснован на историјата на Supremes, ја следи приказната за групата Dreams, женско пеачко трио од Чикаго кои стануваат музички суперѕвезди.
The Supremes двапати биле номинирани за Греми награда - за најдобар ритам и блуз запис („Baby Love“, 1965) и најдобра рокенрол изведба („Stop! In the Name of Love“, 1966 година) - но не ја освоиле наградата.[55] Три нивни песни биле додадени во Куќата на славните на Греми : "Where Did Our Love Go" и "You Keep Me Hangin' On" (двете во 1999) и "Stop! In the Name of Love" (2001).[56] Групата (Рос, Вилсон и Балард) добила Греми награда за животно дело во 2023 година [57]
„Stop! In the Name of Love“ и „You Can't Hurry Love“ се на списокот од „500 песни кои го обликуваа рокенролот“ кој го објавил Куќата на славата на рокенролот.[58] Групата (во состав Рос, Вилсон, Балард) била примена во Куќата на славата на рокенролот во 1988 година, добила ѕвезда на Булеварот на славата во Холивуд во 1994 година и била примена во Куќата на славата на вокалните групи во 1998 година. Во 2004 година, Ролинг Стоун ја ставил групата на 97 место на неговиот список од „100 најдобри музичари на сите времиња“.[59]
The Supremes имале големо влијание врз црните женски групи кои ги наследиле во популарната музика, како: The Three Degrees, The Emotions, The Pointer Sisters, En Vogue, TLC, Destiny's Child и Cleopatra.[60] „Постоеја Битлси“, рекла Мадона за нејзиното детство, „но јас бев повеќе ги сакав The Supremes. Навистина бев по женските групи“.[61]
Студиски албуми
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.