From Wikipedia, the free encyclopedia
Цицачи (латински: Mammalia) — животни кои ги хранат своите млади со млеко. Повеќето цицачи се прекриени со влакна или крзно и повеќето имаат специјализирани заби кои им помагаат при сечењето или џвакањето на храната. Во споредба со другите ‘рбетници, цицачите имаат високоразвиен нервен систем и покажуваат интелигенција. Во цицачи спаѓаат некои од најпознатите членови на животинското царство, како мачки, кучиња, слонови и китови, а исто така и луѓето, кои се најинтелигентните животни на планетата Земја.
Цицачи Период: доцен тријас – денес | |
---|---|
Цицачи од разни редови | |
Научна класификација [ у ] | |
Царство: | Животни |
Тип: | Хордови |
Поттип: | ’Рбетници |
Инфратип: | Вистински вилични ‘рбетници |
(нерангирано): | Целоусни |
Наткласа: | Четириношци |
(нерангирано): | Цицачовидни |
Класа: | Цицачи Linnaeus, 1758 |
Подгрупи | |
|
Со исклучок на три многу необични цицачи наречени монотреми, сите останати цицачи раѓаат живо младенче (вивипарни цицачи). Некои млади цицачи се целосно беспомошни по раѓањето, додека другите се релативно добро развиени. И покрај разликите, сите млади цицачи зависат од нивните мајки за храна и остануваат со нив додека не се оспособат за самоодбрана. Оваа блиска врска меѓу мајката и потомството дава силни семејни врски и им овозможува на младите цицачи да учат имитирајќи го однесувањето на нивните родители.
Цицачите еволуирале од група на влекачи наречени терапсиди (Therapsida). Најраните вистински цицачи кои се појавиле пред 200 милиони години биле само 5 см во должина и најверојатно го поминувале поголемиот дел од својот живот на дрвјата. Овие ситни цицачи имале четири речиси еднакви нозе и остри вилици. Од тоа време, цицачите еволуирале во извонредно многу телесни облици и големини. Од околу 4.600 видови на живи цицачи, повеќето живеат на копно и голем број од нив сѐ уште се движат на сите четири нозе. Но, во модерните цицачи се вбројуваат и животни кои скокаат на две нозе, други кои живеат секогаш во вода, и трети кои можат да летаат. Овие пливачки и летачки видови ги вклучуваат најголемиот светски цицач - Синиот кит, како и најмалиот - Китиевиот лилјак. Овој ситен лилјак, откриен во 1973 во шумите на Тајланд, има големина на бумбар и тежи околу 2 гр.
Животниот век на цицачите варира исто како и нивната големина. Повеќето мали цицачи живеат помалку од година, исцрпувајќи се во текот на животот со постојана активност. За споредба, коњите можат да живеат околу 20 години, шимпанзата преку 50, а слоновите можат да доживеат и 60 години. Луѓето имаат најдолг животен век од сите цицачи, со малку единки кои живеат и преку 110 години.
Цицачите се адаптирале на некои од најекстремните живеалишта на Земјата. Тие се топлокрвни или ендотермни, што значи дека ја одржуваат својата телесна температура во тесен опсег, без разлика на промените во животната средина. Белите мечки преживуваат на арктичкиот мраз, додека поларните лисици можат да спијат на снег при температури ниски до –68 °C. Камилите и кенгурските стаорци живеат во пустините и можат да поднесуваат топли температури на кои многу животни од постудените живеалишта не би преживеали.
Цицачите можат да го толерираат и реткиот воздух од највисоките планини, како и разорните притисоци на океанските длабочини. Јаките, на пример, собираат храна на планинските падини при надморска височина од 6.100 м, додека китовите-кашалоти можат да нуркаат до длабочини од најмалку 2100 м, задржувајќи го здивот и преку еден час. Во цицачи спаѓаат исто така и некои од светските најголеми животински мигранти. За време на годишната миграција од арктичките води до брегот на Мексико и назад, сивиот кит може да пропатува 20.000 км.
Телото на цицачите е покриено со цврста, еластична и дебела кожа. Во неа се наоѓаат три вида жлезди и тоа: потни, лојни и млечни жлезди. Телото на цицачите е покриено со влакна - рожни творби. Влакнестата покривка претставува совршен топлински изолатор - против губење на топлината. Тоа се хомеотермни (топлокрвни животни). Покрај влакната, рожни творби сè и ноктите, канџите и копитата. Копитата ги има на врвовите на прстите кај коњот, магарето, зебрата и други животни.
Во биолошката класификација, цицачите ја образуваат една од шесте главни класи на ‘рбетни животни. Цицачите, пак, се поделени на три различни групи, или поткласи, основани на различните одлики.
Јајценесните цицачи (Monotremata) ја сочинуваат најмалата поткласа на цицачи со само три видови најдени во Австралија, Тасманија и Нова Гвинеја. Еден од овие е клунарот, а останатите два се клунестите ежови (ехидните). Репродуктивниот и екскреторниот систем на монотремите делат ист телесен отвор (урогенитален отвор), но посвојствена одлика (која ги одделува од другите цицачи) за овие животни е тоа што несат јајца. Женката клунар обично несе две или три јајца и ги инкубира во дупка која се наоѓа близу до вода. Клунестите ежови обично несат едно јајце кое мајката го инкубира во торбичка која ја формираат два слоја на кожа на нејзиниот абдомен. Кога младото излегува од јајцето, тоа се храни со млеко, цицајќи го од специјална млечна дамка на долната страна на мајката.
Втората поткласа на цицачи ги вклучува торбарите (Marsupialia). Овие цицачи раѓаат живо младенче, но тоа се раѓа додека е сѐ уште во многу неразвиен стадиум. Тие го довршуваат својот развој во специјална торбичка на мајкиниот абдомен, хранејќи се со млеко кое го добиваат од нејзините брадавици. Кај некои торбари, торбичката е мала, а малечкото подоцна излегува од неа. Кај други таа е голема торба и малечкото е целосно собрано во неа.
Постојат околу 250 видови на торбари кои можат да се најдат на различни живеалишта. Околу две третини од нив живеат во Австралија, Тасманија или Нова Гвинеја, каде еволуирале во најразлични форми, вклучувајќи растенојади како кенгурите, коалите и вомбатите, како и животни од типот на бандикотите и куолите, кои имаат остри заби и се хранат со инсекти и други без‘рбетници. Остатокот од торбарите живее во Америка. Претставени се со околу 70 различни видови на опосуми.
Третата поткласа на цицачи, наречени плацентали, вклучува околу 4.300 видови, правејќи ја најголема од сите три мамалиски групи. За разлика од младите торбари, младите плацентални цицачи поминуваат долг период на развој во телото на мајката пред породувањето. Затоплени и заштитени во мајкината матка, неродените млади се исхрануваат од страна на еден сунѓерест орган наречен плацента, кој впива хранливи материи од крвта на мајката и ги пренесува до животното во развој. Подоцна младиот плацентален цицач се раѓа и обично е целосно оформен, иако може да нема крзно или функционални очи или пак заби.
Биолозите ги класифицираат плаценталните цицачи во околу 19 групи наречени редови. Најголемата група, со околу 1.500 видови, ги содржи глодачите како стаорците, глувците, вервериците и морските прасиња. Друга главна група на цицачи, со околу 1000 видови, ги содржи лилјаците. Инсектојадните лилјаци начелно се мали животни, но некои овошјејадни видови имаат распон на крилјата од преку 1,5 м.
Повеќе големи грабливи копнени цицачи припаѓаат на групата на ѕверови (Carnivora), која содржи околу 240 видови. Некои од овие животни, како лавовите и волците, ретко јадат нешто друго освен месо, но други, особено мечките, имаат поразновидна исхрана. Разновидната исхрана е честа и во друга група на цицачи - приматите. Во примати спаѓаат животни како лемури, мајмуни и луѓето, а повеќето од 230 видови живеат на дрвја.
Светските големи растенојадни цицачи се поделени на две главни групи. Една група, наречена група на парнокопитни, се состои од животни како свиња, елен, говедата и антилопа кои имаат копита со ист број на прсти. Другата, многу помала група се непарнокопитните, каде спаѓаат коњите, тапирите и носорозите, кои имаат непарен број на прсти.
Некои цицачи се адаптирале на живот во вода. Фоките, во кои спаѓаат морските лавови и моржовите, можат да спијат и да се хранат на отворениот океан, но мораат да се вратат на копно за да се размножуваат. Манатиите и дугонгите се големи, растенојадни цицачи кои целиот свој живот го поминуваат во водата. Китовите, вклучувајќи ги големиот син кит и делфините, се добро приспособени како брзи океански грабливци. Сепак, како и другите цицачи, водните ќе се удават ако не ја достигнат површината за да дишат воздух од атмосферата.
Во усната празнина се наоѓаат забите кои се сместени на вилиците, во посебни отвори - алвеоли. Формата и бројот на забите кај цицачите зависи од начинот на исхраната. Главно разликуваме три вида заби: секачи (предни) кои служат за сечење на храната - најразвиени секачи имаат гризачите: зајакот, верверичката, дабарот и други. Кучешките заби служат за раскинување на пленот, а најразвиени заби имаат ѕверовите: мачката, лавот, тигарот, рисот и др. Предкатници и катници - служат за ситнење на храната. Во устата цицачите имаат три пара плунковидни жлезди кои излачуваат плунка со која се натопува храната. Други органи за варење се: грло, хранопроводник, желудник, дванаестопалачно црево, тенко и дебело црево и анален отвор. Жлезди што го помагаат варењето на храната се црниот дроб и панкреасот.
Желудникот на преживарите (овцата, козата, говедото,антилопата) е поделен на четири дела: со нежваканата храна прво се полни најголемиот дел од желудникот - бураг, а при преживувањето преку капурата, дел по дел од храната се враќа во устата каде се жвака. Потоа храната се враќа во третиот дел од желудникот - листенецот и на крајот оди во четвртиот дел - сириштето. Во сириштето храната се натопува со желудечниот сок во кој има ензими, со чија помош се врши хемиско разложување на органските материи од храната. Од желудникот храната преминува во цревата. Понатамошното варење на храната во цревата се врши исто како и кај другите цицачи.
Mammalia |
| ||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
„Цицачи“ на Викивидовите ? |
„Цицачи“ на Ризницата ? |
Надворешни определници за Цицачи | |
---|---|
NCBI-таксономија | 40674 |
ITIS | 179913 |
Енциклопедија на живиот свет | 1642 |
uBio NameBank | 2478620 |
Воедно и на: Викивидови, Arctos |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.