Спиритуализам

From Wikipedia, the free encyclopedia

Спиритуализам е религија делумно основана врз основа на пишувањата на шведскиот мистик Емануел Сведенборг (1688-1772).[1] Спаѓа во теизмот, со верба во Бога, но се одликува со верување дека може да се контактира со душите на мртвите, било од страна на поединци или од посебно тренирани медиуми, кои можат да ни дадат информации за „животот после смртта“.[2]

Спиритуализмот е развиен во САД, а максимален број на членови стекнува од 1840 година до 1920 година, посебно во земјите каде се зборува на англиски јазик.[3][4] Се вели дека до 1897 година, имало повеќе од осум милиони следбеници во Америка и во Европа,[5] од кои повеќето биле припадници на средната и на високата класа.

Оваа религија се распламтела за половина век без никакви канонски текстови, официјални организации, лекции, кампови за обука или мисионерски активности. Интересно е што повеќето од спиритуалистите биле жени, кои ја поддржувале борбата против ропството и правото на глас за жените. [3] Кон крајот на 1880-те години кредибилитетот на ова движење ослабнал, најмногу поради појавата на измамници. Тогаш почнуваат да се појавуваат официјални организации на спиритуалистите.[3]

Верувања

Верувањата на спиритуалистите варираат од група до група, но сепак имаат нешто заедничко.

  • Повеќето спиритуалисти веруваат во монотеистички Бог, сличен на оној во христијанството.
  • Спиритуалистите веруваат дека одредени талентирани личности, медиуми, можат да комуницираат со душите на умрените. Веруваат дека душите се способни да напредуваат кон повисоки сфери или нивоа. Животот после смртта не е статично ниво, туку душите таму се развиваат.
  • Ова води кон верувањето дека душите можат да ни понудат знаење за моралот и етиката, како и за самиот Господ и животот после смртта. Затоа повеќето спиритуалисти зборуваат за духовен водич со кого често контактираат заради добивање духовни и секојдневни совети.[2][3]
Thumb
Уличен плакат на кој се гледа дека христијаните го изедначуваат спиритуализмот со вештерство.

Споредба со други религии

Христијанство

Бидејќи спиритуализмот се појавил во христијанските средини, основните одлики ги влече од таму. Го прифаќа христијанскиот морален систем и пеењето на литургиски песни. Сепак, главните разлики меѓу нив се големи. Спиритуалистите не веруваат дека за време на краткиот живот може да се добие за душата влез во рајот или во пеколот. Задгробниот живот го гледаат како хиерархија низ која напредува секоја душа.[2][3]

Религиите на Индијанците

Индијанските верувања во духот на животните, потоа шаманизмот и контактот со духовите се слични со спиритуализмот. Во првите децении од појавата на ова движење, повеќето медиуми тврделе дека контактираат со индијански духовни водичи.

Ислам

Во исламот, суфизмот го смета контактирањето со духови за можно.[6] Потоа, концептот Тавасул признава постоење на добри духови на повисоко ниво, блиску до Бога.

Хиндуизам

Хиндуизмот со спиритуализмот го има заедничко верувањето во живот после смртта. Но, хиндуизмот се разликува во тоа што верува во реинкарнација.

Спиритизам

Спиритизмот, гранка на спиритуализмот, најмногу е присутен во латинските земји. Ја нагласува реинкарнацијата. Според Артур Конан Дојл, повеќето британски спиритуалисти од почетокот на 20 век биле рамнодушни кон реинкарнацијата, малкумина ја поддржувале, додека значаен дел од нив биле против, посебно затоа што душите со кои се контактирало во сесиите никогаш не ја споменувале реинкарнацијата.[7]

Окултизам

Разликата меѓу спиритуалистите и повеќето окултни движења, како на пример редот „Златна зора“, е во тоа што не користеле магиски моќи (со исклучок на лечењето). На пример, Мадам Блаватска во Теозофското друштво спиритуализмот и работа со медиум ги користела само за да добие совети во врска со езотеричните знаења. Сепак Блаватска таквите духови не ги сметала за души на покојници, а за реинкарнацијата имала сосема поинакви верувања од повеќето спиритуалисти.[3]

Почетоци

Спиритуализмот за првпат се појавува во 1840-тите години во државата Њујорк, каде што се појавиле и движењата како милеризам, адвентизам на седмиот ден, и мормонизам за време на таканареченото „Второ големо будење“.

Во овој регион во државата Њујорк многумина тврделе дека имаат директен контакт со Бога или со ангели.[2]

Поврзано

Наводи

Литература

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.