Уметност
From Wikipedia, the free encyclopedia
Уметност — човечка активност, производ на таа активност или идеја за истата, поврзана со сетилата, со емоциите и со интелектот. Може да се рече дека уметноста му е својствена на човекот, со што тој се разликува во рамки на природата, и се издвојува од останатите живи битија.
Во Европа, од крајот на XVIII век[1], овој поим главно се однесува на производите на таканаречените „убави уметности“, како, на пример: вајарството, сликарството, архитектурата, графиката, но исто така и музиката, танцот, поезијата и литературата. Подоцна на тоа, меѓу другото, се додават и кујната, кинематографијата, театарот, фотографијата, стрипот, телевизијата, односно дигиталната уметност. Класификацијата на уметностите не е универзална и да се бара единствена класификација се чини невозможно.[2]
Оваа концепција на уметноста како автономна активност, како призвод на предмети од страна на уметници кои се во потрага по убавото, согласно судот на вкусот, датира од периодот меѓу 18 и XIX век. Но, честопати се смета дека модерната и современата уметност го напуштиле поимот на убавото и на безвременскиот стил за да ги прифатат принципите на трансгресијата[3].
Наједноставната дефиниција за поимот уметност е дека таа е творештво на човекот. Иако денес под поимот уметност најчесто обично се подразбира визуелна уметност, концептот за тоа што е уметност постојано ќе се менува низ вековите. Можеби најконцизна дефиниција е најопштата - дека поимот уметност се однесува на сите креативни и творечки дејствија на човекот, со исклучок на дејствата директно поврзани за опстанокот и репродукцијата. Од поширока перспектива, уметност е едноставно изведен поим за било кој производ на креативен импулс, од кој произлегле сите други човечки активност, како науката преку алхемијата, и религијата преку шаманизмот. Во есејот „Немаме од што да се плашиме, но...“ од 1961 година, италијанскиот писател Еуџенио Монтале вели дека под уметничко дело се подразбира секој израз што е конкретизиризан во некој предмет што предизвикува естетско задоволство и што е намерно изработен за таа цел.[4]