From Wikipedia, the free encyclopedia
Музиката — уметност која се состои од звуци и тишина искажани преку временска единица. Елементи на звукот кои се користат во музиката се интензитетот (вбројува мелодија и хармонија), ритам (вбројува такт и темпо), и вокални квалитети, како што се артикулација, динамика и текстура.[1][2][3]
Музика | |
---|---|
Слика од Старите Грци која прикажува музичка лекција (ca. 510 BC). | |
Медиум | Звук |
Култура | Разни |
Ера | Палеолит |
Употребата на музиката, во нејзиното создавање, изведба, значение, па и во нејзината дефиниција, варира во зависност од социјалниот и културниот контекст.[4] Таа варира од строго организирани композиции и перформанси до импровизација. За потребите на класификацијата таа е поделена во категории односно родови.
Музиката се користи за многу цели како на пример: Комуникација, религија, академско проучување, естетски форми, забава итн.
Музиката му претходи на пишаниот збор и е тесно поврзана со уникатноста на човековата култура. Развојот на музиката помеѓу луѓето се случува наспроти позадината на природните звуци како што се песните на птиците и звуците на другите животни. Праисториската музика, или примитивната музика е поим кој се дава на сите музички форми кои настанале пред писменоста на културите.
Најраните записи на музичко изразување се наоѓаат во Сама Веда во Индија. Индиската музика е една од најстарите музички традиции во светот, а класичната музика (марга) може да се најде во скриптите на Хиндуистичката традиција односно во Ведите. Кинеската традиционална музика е стара повеќе од 3.000 години. Музиката била и важен дел од општествениот живот во Стара Грција. каде што таа се користела за прослави, забави и во религиозни церемонии. Најпрославени биле полово мешаните хорови. Музиката била и дел од основното образование на децата на Старите Грци.
Музичкиот живот недвосмислено го достигнал својот пик во средновековната ера, како што сведочат безброј пишани и уметнички дела кои се зачувани до ден денешен. Најпозната форма од овој период е литургиската музика на Римокатоличката црква. Голем број на школи за изучување на овој тип на музика постоеле во перодот по 1100 година. Напоредно со школите за овој тип на музика, постоела и жива традиција на секуларна песна која ја развивале трубадурите и веселниците.
Поголем дел од музиката која преживеала од 14 век во Европа е секуларна. До средината на 15 век, композиторите и пејачите, користеле блага полифонија за религиозните музички композиции, како што е на пример миса или лауда. Од секуларните форми застапени се шансоните и мадригалот. Измислувањето на машината на печатење имала огромно влијание врз разновидноста и разликувањето на музичките стилови.
Првите опери се напишани околу 1600 година со подигањето на музичките композиции кои го дефинираат крајот на ренесансата и почетокот на Барокната ера која трае до 1750 година. Германските баркони композитори пишувале кратки дела кои се изведувале најчесто на жичени и дрвени инструменти, хорови, оргули, клавикорди итн. За време на оваа ера неколку главни музички форми се дефинирани кои понатаму продолжуваат да се развиваат, како што се на пример Сонатата и Кончертото.
Музиката од овој период се одликува со хомофонична текстура, овие нови форми тежат кон пеењето. Новите популарни инструменти доминираат во музичките форми, а на сонатата и кончертото им се приклучува и симфонијата. Волфганг Амадеус Моцарт е еден од најпознатите претставници на овој период.
Бетовен се смета како транзицион композитор кои водат во периодот на романтизмот. Во романтичниот период музиката станува емотивна и повеќе експресивна, опфаќајќи ја за првпат и литературата и останатите форми на уметност и филозофијата. Композиторите од доцниот романтичен период, создаваат комплексни и долги дела, комбинираат разни стилови и форми, и воопшто ја прават музичката форма многу комплексна.
Импресионизмот претставува движење во европската класична музика кое почнува во доцниот 19 век и трае до средината на 20 век. Музичарите во овој период се фокусираат повеќе на сугестијата и атмосферата отколку на емоцијата и на следење на нарацијата. Тие почитуваат кратки форми, како што се Ноктурното и арабеската. Музичкиот импресионизам се појавил во франција, а негови типични претставници се Морис Равел и Клод Дебиси.
Музиката доживува револуција во XX век. Со пронаоѓањето на радиото, таа добива на широка популарност, а се развиле нови технологии за снимање и репродукција. Во 20 век, таа се одликува со нова слобода, широко експериментирање и нови музички стилови и правци. По Втората светска војна, напрвин дошло до подем и воопштување на додекафонската техника. Творецот на додекафонската музика, Арнолд Шенберг, ја урнал хиерархијата на тоновите и нив ги направил меѓусебно рамноправни, т.е. им наметнал строга дисциплина така што ниту еден тон во композицијата да не може да се појавува почесто од другите. По Шенберг се појавил Варезе, кој не само што ја укинал тонската скала туку и самиот тон, заменувајќи го со рафинирана организација на бучавата.[5] Следниот значаен чекор во развојот на музиката биле електронската музика и алеаторичната музика која се темели на импровизациата, т.е. на самиот изведувач на музичкото дело му се препушта да го избере редоследот на исполнување на деловите од музичкото дело. На тој начин, настанале музички дела составени од меѓусебно заменливи делови, кои дури може и да се елиминираат, според желбата на изведувачот на делото кој така станал соавтор на делото. На пример, композиторот Кагел создал дела во кои на изведувачот му дозволуваат пауза во траење од две минути во кои тој може да свири нешто што нему му се допаѓа или воопшто да не свири. Слично на тоа, за време на една изведба на „независните музички движења“ на Штокхаузен, изведувањето на делото вклучувало фрлање зеленчук во публиката и капење на пијанистот во поцинкувана када. Како чекор понатаму, во чинот на композицијата Кагел ја вклучил и мимиката. Имено, тој создал дело во кое од изведувачите барал да не ги допираат инструментите и да не произведуваат никаков звук, туку само да прават гестови како навистина да свират.[6]
Големата новина што ја донела електронската музика се состола во тоа што потполно била исклучена личноста на изведувачот на музиката, зашто на музичката лента засекогаш бил фиксиран оригиналот на музичкото дело. Исто така, електронската музика предизвикала големи промени и во однос на создавањето на музиката, бидејќи овозможила да компонираат и лица кои никогаш немале формално музичко образование.[7] Понатаму, во музиката за мали состави биле воведени механички извори на звук (шишиња, удирање по предмети, крикови снимени на лента, итн.), а претходник на таа постапка бил американскиот композитор Џон Кејџ. Паралелно со тоа настанале промени во музичката графија, зашто современите композитори повеќе не морале да го користат класичниот нотен запис, туку партитурите станале пикрографски, т.е. составени со помош на симболи, стрелки, цртички, криптограми итн. Со тоа, читањето на музичките партитури станало невозможно без советот на самиот композитор.[6]
Според Џил Дорфлес, музичката уметност се состои од четири структурални елементи:[8]
Во есејот „Бегство од времето“ од 1958 година, италијанскиот писател Еуџенио Монтале смета дека музиката, за која би се рекло дека е најмалку материјална од сите видови уметности, со текот на времето станала најгломазна, најматеријална од сите начини на уметничкото изразување. Тоа произлегува оттаму што музичките дела живеат во времето единствено низ нивното физичко изразување, кое бара концертни сали, инструменталисти, пејачи, режисери, сценографи и различен помошен персонал.[9]
Германскиот композитор на електронска музика, Штокхаузен, смета дека музиката не треба да го надживее, туку да го преживее својот творец, т.е. идните генерации треба да создадат сопствена музика, а не да го пополнуваат своето време првенствено со стара музика.[10]
Чешкиот писател Милан Кундера смета дека дури и најсложената музика сè уште е говор. Тој смета дека историјата на музиката е завршена, иако денес има многу повеќе музика отколку во нејзината најславна ера. Меѓутоа, денес, од музиката остана само стереотипна хармонија, банална мелодија и монотон ритам, а тоа е вечноста на музиката. Причината за таквата судбина на музиката лежи во тоа што во тие едноставни комбинации на ноти можат да се обединат сите луѓе во нивната согласност со постоењето. Кундера смета дека постои некоја „почетна состојба на музиката“ која е постара од нејзината историја, а тоа е состојба на првото поставување на прашањата, состојба пред првото размислување, пред почетокот на играњето со мотивот и со темата. Во таа почетна состојба на музиката (музика без размислување) е одразена супстанцијалната глупост на човековото постоење. Според него, денес, музиката се вратила на оваа почетна состојба (која тој ја нарекува „идиотизма на музиката“ или „идиотизам на гитарата“) која претставува состојба по последното размислување, сосотјба по историјата.[11]
Современата музика целосно го менува прашањето на нејзиното оценување. Во тој поглед, филозофот Армандо Плебе смета дека кај музиката е можно да се прави само техничко-акустично оценување, додека секоја друга оцена би била дрскост. На тој начин, од интерес на критиката би бил само развојот на разни музички граматики.
Музиката се јавува како тема во бројни дела од уметноста и популарната култура.
Список на музичари
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.