From Wikipedia, the free encyclopedia
Слово за походот Игорев (на староруски: Слово о плъку Игоревѣ, Игоря сына Святъславля, внука Ольгова) — најголема уметничка творба на старата руска книжевност. Во делото се опева кнезот Игор Свјатославич и неговиот поход против Куманите (Половци). Се смета дека делото настанало кон крајот на XII век (меѓу 1185 и 1187 година), но името на авторот не е познато.[1]
„Словото за походот Игорев“ може да се подели на вовед и шест слики. Во воведот, поетот го изнесува својот став во однос на постапката на опишување на историските настани, определувајќи се за реалистички пристап. Во првата слика, кнезот Игор ја поведува својата храбра војска кон земјата на Половците. Притоа, фонот е мрачен - се случува затемнување на сонцето како предвесник на несреќа. Војската на кнезот Игор е обвиена во темнина, но тој не отстапува, зашто сака да напие вода од Дон. Игор го чека својот брат Всеволд, кој е исто толку решителен во намерата да се бори против Половците. Всеволод го бодри својот брат и го потсетува дека двајцата се синови на храбриот Свјатослав. Потоа, нивната војска навлегува во половецките степи, а бројни животни ги предупредуваат браќата со злокобни знаци. Во втората слика, откако се разденува, руската војска ги напаѓа Половците нанесувајќи им пораз и земајќи голем плен. Притоа, борбата не е опишана, туку само плодовите од неа. Во третата слика, војската на Игор стои осамена во степата, која е покриена со црни облаци, секавици и силни ветришта. Борбата, која трае три дена, не е опишана во „Словото“, туку е дадена само сликата на храбриот Всеволд. Третиот ден, борбата завршува, а кнезот Игор, неговиот син Владимир и внукот Свјатослав се заробени. Во четвртата слика е прикажан сонот на киевскиот кнез Свјатослав и неговото „златно слово“, додека во петтата слика е прикажана тажачката на Јарославина, жената на Игор. Шестата слика го опишува бегството на Игор: на полноќ, некој од другата страна на реката му дава знак и тој ја преминува реката, јавнува коњ и бега по степата. Во потрага по него поаѓаат хановите Гзак и Кончак, но кога изгрева сонцето, Игор е веќе во руската земја. „Словото“ завршува со краток заклучок во кој се слават кнезовите.[2]
Околу 1792 година, грофот А. И. Мусин-Пушкин, голем љубител и собирач на старини, го нашол ракописот на „Словото“ во еден зборник на староруски текстови, напишан во XVI век. Со стручна помош на тогашните најпознати архивисти, А. Ф. Малиновски и Н. Н. Бантиш-Каменски, грофот го подготвил првото издание на „Словото“ во 1800 година, со наслов: „Херојска песна за походот на против Половците од уделниот кнез новоградско-северски Игор Свјетославич, напишан на стариот руски јазик кон крајот на XII век, со превод на сега употребуваното наречје“ (Ироическая песнь о походе на половцев уделнього княая Новагорода-Северскаго Игоря Свяатославича, писаннаястариннымрусским языком в исходе XII столетия, с переложением на употребляаемое ныне наречие). Најголем дел од првото издание на „Словото“, отпечатено во 1.200 примероци, бил уништен во големиот пожар во Москва за време на војната против Наполеон во 1812 година. Текстот на „Словото“ бил зачуван во дел од изданието на Мусин-Пушкин, како и преку еден препис направен за царицата Екатерина II.[1] Во 1868 година, „Словото“ било објавено од страна на Тихонраљвов, кој направил повеќе полеографски поправки на текстот на Мусин-Пушкин.[3]
Во „Словото за походот Игорев“ се обработуваат бурните настани од руската историја кон крајот на 12 век. По смртта на моќниот киевски кнез Владимир Мономах започнале постојани војни меѓу феудалните владетели, а истовремено, руската земја сè почесто ја напаѓале разни номадски племиња од азиските степи. Игор Свјатославич (1151-1202), син на черниговскиот кнез Свјатослав Олегович и внук на Олег Свјатославич, станал кнез на Новгород-Северск во 1179 година, а во 1198 станал и кнез на Чернигов. Тој бил еден од највидните кнезови од родот Олегович кои биле во непријателски односи со родот Мономахович (потомците на киевскиот кнез Владимир Мономах). Од 1180 до 1183 година, кнезот Игор се борел против Мономаховичите, а бил во сојуз со ханот Кончак.[4]
Пролетта 1185 година, кнезот Игор Свјатославич, заедно со братот Всеволод, синот Владимир и внукот од брат Свјетослав Ољгович, ги нападнал Половците, но неговиот поход завршил со пораз, при што Всеволод загинал, а Игор и двајца други кнезови биле заробени. „Словото“ ја прикажува судбината на походот на кнезот Игор и неизбежниот пораз како одраз на неслогата меѓу руските кнезови. Истовремено, сеќавањето на силната руска држава од 10 и почетокот на 11 век и визијата за сјајниот киевски престол води раката на творецот на „Словото за походот Игорев“. За да ги прикаже верно историските настани, творецот на „Словото“ се служи со сите средства: епскиот расказ, лирскиот приод, ораторското убедување и ритамот. Оттука, како финале на „Словото“ изронува само една мисла - вербата во непобедливоста на народот кога е сплотен и единствен, а таквиот оптимизам не го спречуваниту трагичноста на настаните. И навистина, една година по походот на кнезот Игор, јужните руски кнезови, под водство на киевскиот кнез Свјатослав, ги победиле Половците и го заробиле ханот Кобјак.[5]
Без сомнение, авторот на „Словото“ бил воин, зашто на походот на кнезот Игор гледа со очи на војник. На почетокот на „Словото“, поетот го споменува името на неговиот славен претходник, певецот Бојан, кој живеел сто години претходно (во втората половина на 11 век), нарекувајќи го „славеј на старото време“, „вештиот Бојан“ и „внуче Велесов“. Меѓутоа, авторот на „Словото“ прави разлика меѓу неговата поезија и манирот на пеење на Бојан (кој го смета за застарен), велејќи: „Нека ја започнеме оваа песна по вистинските настани, а не по замислата на Бојан“. На тој начин, тој се определува за реалистичната постапка во опевањето на историскито настан. Така, тој си поставува задача на поет-публицист: неговото присуство се чувствува насекаде, и кога директно го изнесува својот став, и во „златното слово“ на кнезот Свјатослав и во ритмиката на „Словото“.[6][7]
Од 1800 година, за „Словото“ биле напишани повеќе од 700 научни трудови. Ракописот што го пронашол Мусин-Пушки бил препис настанат кон почетокот на XVI век, т.е. цели триста години по настанувањето на изворното дело. Во овој препис имало одредени грешки, а тоа создавало бројни тешкотии во правилната реконструкција на текстот и за неговото правилно разбирање. Така, кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, во „Словото“ се барале остатоците од паганството, а никој не обрнувал внимание на неговата блискост со руската народна поезија и со летописите од старата руска литература. Тој аспект прв го согледал Пушкин, кој се занимавал со преведување на „Словото“ на современ руски јазик, а потоа таа линија во проучувањето на „Словото“ ја продолжиле И. Полевој и познатиот собирач на украински народни песни М. А. Максимович. Првиот во делото „Историја на рускиот народ“ го споредувал „Словото“ со скандинавските саги, додека вториот во 1835 година држел на Московскиот универзитет специјален курс за „Словото“, а потоа објавил низа статии за стилот во „Словото“ и за блискоста со симболиката во народната поезија. Во 1840-тите, голем интерес побудило изучувањето на „Словото“ во контекст на митологијата и народните верувања. Во тој поглед особен придонес дал московскиот професор Фјодор Буслаев, иако неговите митолошки погледи биле погрешни. Голем интерес побудила делото на В. Милер од 1877 година, „Взглядъ на Слово о полку Игореве“ во кое тој се обидел да докаже дека „Словото“ било напишано под влијание на византиската книжевност.[8]
Советскиот научник Д. С. Лихачов извршил поделба на „Словото“ на ритмички единици, поаѓајќи од ритмичноста како негов суштински елемент. Исто така, тој ја направил и поделбата на пасуси, зашто во староруските ракописи немало пасуси. Притоа, на „Словото“ не можеле да се применат современите принципи на версификација, зашто ритамот во него се заснова врз рамнотежата на одделни синтаксички единици, синтаксички паузи и интонации: по три-четири кратки синтаксички единици следува една долга; долгите единици завршуваат со една кратка или две средни се градени симетрично. Карактеристична црта на ритмиката на „Словото“ е нејзината тесна врска со емоционалната и логичката смисла на раскажувањето.[9]
Постојат бројни студии кои ја оспоруваат автентичноста на „Словото“. На пример, до 1840-тите, во руската наука постоеле скептици во однос на оригиналноста на ова дело, како, на пример, Качановски и Сенковски. Подоцна, и некои западноевропски научници не го признавале „Словото“ како веродостоен споменик на старата руска литература. На пример, во 1940 година, францускиот славист А. Мазон ја оспорувал оригиналноста на „Словото“ и тврдел дека е напишано кон крајот на XVIII век, како продолжение на т.н. „Задоншчина“ (книжевна творба од крајот на 14 век). Во 1944 година, Мазон објавил уште една статија со истите тврдења, но подоцна неговата теорија била отфрлена благодарение на проучувањата на И. К. Гудзи, С. П. Обнорски, В. П. Андријанова-Перец, А. С. Орлов и Р. Јакобсон.[10]
„Словото за походот Игорев“ е преведувано во повеќе наврати. Така, на своремен руски јазик постојат повеќе преводи во ритмична проза или во стихови. Најпознати преводи на „Словото“ се оние на В. Жуковски, А. Мајков, Л. Меј итн. Исто така, ова дело е преведено на сите словенски јазици и на повеќе европски јазици, како: француски, англиски, германски, холандски, дански, италијански и унгарски. Кај Јужните Словени, уште о 1830-тите години „Словото“ го проучувале Људевит Гај и Петар Прерадовиќ, а првиот печатен превод го направил Милош Светиќ во „Голубица с цветом књижества србског“, IV, во 1842 година. Притоа, Светиќ го препеал „Словото“ во десетерец, во голема мера се оддалечил од оригиналот и го лишил од секаква поетска вредност. Подоцна, во 1858 година, Светиќ повторно го превел „Словото“, а во 1870 година уследил и вториот превод на српски јазик, направен од Данило Медиќ, кој го разделил делото на 12 глави. Во 1871 година се појавил првиот српски превод во проза, дело на Огњеслав Утјешеновиќ Острожински, а некои глави превел и Његош, но тие биле објавени дури по неговата смрт. Во 1865 година се појавил првиот превод на „Словото“ на словенечки јазик, дело на М. Плетершник, а во 1863 година тоа било преведено од Рајко Жинзифов, со наслов „Слово за пълкът Игорев, Игоря Сина Святъславя, внука Ольгова“. Во предговорот, Жинзифов соопштува дека се служел со изданијата на Дубенски, Гербељ и Максимович. Притоа, преводот на Жинзифов има 824 стиха и на многу места се оддалечува од оригиналот. Во 1898 година, во Ќустендил бил објавен превод на „Словото“ на бугарски јазик, дело на Ефрем Каранов, кој бил незадоволен од преводот на Жинзифов, особено од неговиот јазик. Првиот превод на „Словото“ на современ македонски јазик го направил Тодор Димитровски, а се појавил во 1957 година, во списанието „Млада литература“, бр. 10, стр. 56-82.[11]
„Словото за походот Игорев“ извршило големо влијание врз руските сликари, поети и композитори. Така, во областа на книжевноста, неговото влијание е јасно видливо во „Руслан и Људмила“ на Пушкин, во „Снегурочка“ на Николај Островски, во „Нова Америка“ на Александар Блок, во „Крвен јазол“ на Лаврењова, итн. Исто така, низ вековите „Словото“ влијаело и врз другите народни дела, како што е случајот со „Задоншчина“ од крајот на 14 век, каде се зборува за друга тема, но влијанието на „Словото“ е очигледно во однос на стилот, сликите и повеќе содржински детаљи.[12]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.