Викимедиина категорија From Wikipedia, the free encyclopedia
Ал-Каеда (арапски: القاعدة) е глобална воена исламистичка терористичка организација основана од Осама Бин Ладен во периодот помеѓу август 1988[17] и крајот на 1989 година[18]. Работи како мрежа од мултинационална армија од лица без државјанство и радикалното движење на сунитите за глобален џихад и интерпретација на шеријатот. Прогласена е за „терористичка организација“ од страна на САД, Обединетото Кралство, Советот за безбедност на ОН, Европската Унија, НАТО и многу други држави.
القاعدة | |
---|---|
Полна месечина; Арапски опис на Шехадет Формат: Ал-Каеда во Ирак[2] | |
Функционира | 11 август 1988 – денес |
Водач | Осама Бин Ладен (1988–2011) Ајман ал-Завахири (2011 – денес) |
Подрачја | Цел свет |
Идеологија | Сунитски исламизам Шеријат Исламски фундаментализам[3] Такфири[4] Пан исламизам Светски халифат[5][6][7][8][9] кудбизам вехабизам[10] Џихад[11][12] |
Статус | Прогласена за терористичка организација од Стејт департмент[13] Прогласена за Терористичко дело 2000 од страна на Хоум Офис[14] Прогласена за терористичка организација од ЕУ[15] Незаконска од страна на Индиската влада[16] |
Ал-Каеда нападнала цивилни и воени мети во повеќе земји, како нападите на 11 септември, бомбардирањата на амбасадата на САД во 1998 година и бомбардирањата на Бали во 2002 година. Владата на САД им возвратила со започнување на Војна против тероризмот. Ал-Каеда продлжила да постои и да се проширува. Со смртта на главните комуникатори, како Анвар ал Авлаки, способноста на „брендот“ Ал-Каеда да инспирира, мотивира и и да внесува страв, нагло се намалила[19] .
Карактеристичните техники вклучуваат самоубиствени напади и истовремени бомбашки напади на различни цели[20]. Во овие активности се вклучени членови на движењето кои се заколниле на лојалност кон Осама бин Ладен, или пак побројните индивидуалци поврзани со Ал-Каеда кои поминале низ обука во еден од нивните кампови во Авганистан, Пакистан, Ирак или Судан, но не положиле никаква заклетва[21]. Идеолозите на Ал-Каеда предвидуваат целосно отфрлање на сите странски влијанија во муслиманските земји и создавање на нов исламски калифат ширум светот.[5][22][23]. Според некои верувања се смета дека христијанско- еврејскиот сојуз е заговор за уништување на исламот.[24]. Салафистите веруваат дека убивањето на цивили е религиски одобрено и не прифаќаат религиско свето писмо кое забранува убиство на цивили и смртоносни борби[11][25]. Ал-Каеда исто така е против законите создадени од човекот и сака да ги замени со тврдокорната форма на шеријатскиот закон.[26]
Ал-Каеда е исто така одговорна за иницирање на секташко насилство меѓу муслиманите.[27]. Ал-Каеда не ги толерира гранките на исламот кои не се сунитски, ги прогласува за неверници (текфир) и ги исклучува од заедницата. водачите на Ал-Каеда ги сметаат либералните муслимани, Шиитите, Суфитите, Ахмадите и други секти за кривоверци и имаат извршено напади врз нивните џамии, како и напади за време на нивните собири.[28]. Примери за секташки напади се бомбардирањата на верската заедница Језиди, бомбардирањата на градот Садр, масакрот Ашура и бомбардирањата на Багдад во април 2007 година.[29]
Филозофијата на управување на Ал-Каеда е опишана како „централизација на одлука и децентрализација на извршување“"[30] . После војната против тероризмот се сметало дека водството на Ал-Каеда станало географски изолирано, што довело до појава на децентрализирано водство на регионални групи користејќи го брендот на Ал-Каеда.[31][32]“
Многу експерти за тероризам сметаат дека глобалното џихадско движење на било кое ниво не е предводено од водачите на Ал-Каеда. Иако Бин Ладен пред неговата смрт сè уште имал големо идеолошко влијание врз некои муслимански екстремисти, сепак експертите тврдат дека Ал-Каеда била фрагментирана со текот на годините во различни регионални движења кои немаат голема меѓусебна поврзаност. Марк Сагеман, психијатар и поранешен советник во Централната разузнавачка агенција, рекол дека сега Ал-Каеда: „ќе биде само симболичка ознака за движење кое е насочено против Западот. Не постои чадор-организација. Ние сакаме во нашите глави да си создадеме измислен ентитет, но тоа не е реалноста со која се соочуваме“[33].
Ова гледиште го отсликува исказот на Осама Бин Ладен во неговото интервју од октомври 2001 година за Тајсер Алуни:
"„... Ова не е за некоја одредена личност и не е за организацијата Ал-Каеда. Ние сме деца на исламска нација чиј водач е пророкот Мухамед, нашиот Господар е еден... и сите вистински верници се браќа. Па ситуацијата не е онаква како што ја отсликува Западот, дека постои една организација со одредено име (како на пример Ал-Каеда) и така натаму. Тоа име е многу старо. Се родило без наша намера. Братот Абу Убеида... основал воена база за да ги оспособи младите момчиња да се борат против злобната, арогантна, брутална, тероризирачка Советска Империја...Значи ова место било наречено „База“, како база за обука, па ова име останало и се проширило. Ние не сме одделени од оваа нација. Ние сме деца на нацијата и сме неодвоив дел од неа и од оние јавни демонстрации кои се проширија од Далечниот Исток, од Филипините , до Индонезија, Малезија, Индија, Пакистан , Мавританија... и така дискутираме за свеста на оваа нација.“
Како и да е, други ја гледаат Ал-Каеда како интегрирана мрежа кој е предводена строго од пакистанските племенски области и која има моќна стратешка цел. Брус Хофман, експерт за тероризам на Универзитетот Џорџтаун вели: „Ме изненадува тоа што луѓето мислат дека не постои противник и дека нашиот противник нема стратешки пристап.“[33]
Ал-Каеда ги има следниве директни филијали:
Информациите добиени од Џамал Ал Фадл им обезбедиле груба слика на американските власти за тоа како е организирана групата. Иако веродостојноста на информациите добиени од Ал Фадл и мотивацијата за неговата соработка се спорни, моменталната информираност на американските власти во врска со Ал-Каеда се заснова најмногу на неговото сведочење.[34].
Осама бин Ладен бил историски најзначаен емир или командант и главен оперативен шеф на Ал-Каеда пред да биде убиен на 1 мај 2011 година од страна на силите на САД. Ајман ал Завахири, заменик оперативен шеф на Ал-Каеда пред смртта на Бин Ладен, ја презел улогата на командант како што било објавено од Ал-Каеда на 16 јуни 2011 година, заменувајќи го Саиф ал Адел кој бил привремен командант[35].
Од 6 август 2010 година шеф на операции бил Аднан Гулшаир ел Шукријумах, заменувајќи го Калид Шеик Мухамед.[36].
Бин Ладен бил советуван од Шура советот, кој според западните официјални лица броел 20-30 членови на Ал-Каеда од повисок ранг. Абу Мусаб Ал Заркави бил главен водач на Ал-Каеда во Ирак, но неговото засолниште било намерно погодено од проектили на САД, па него го наследил Абу Ајуб ал Масри кој подоцна на 8 април 2010 година исто така бил убиен од страна на воените сили на Ирак и САД. Атијах Абд ал Рахман наводно бил втор командант пред неговата смрт на 22 август 2011 година.
Мрежата на Ал-Каеда уште од почеток била изградена како конспиративна мрежа која ги повикува водачите од сите свои регионални јазли „како и кога е потребно да служат како интегрален дел на нејзината врховна команда“[37]
Кога го прашале комесарот на лондонската полиција Сер Ијан Блер за можноста Ал-Каеда да е вмешана во бомбардирањата на Лондон на 7 јули 2005 година тој одговорил: „Ал-Каеда не е организација. Ал-Каеда е начин на работење... ова ја има ознаката на тој пристап... Ал-Каеда очигледно има способност да обезбеди обучување...да обезбеди експертиза... и мислам дека тоа всушност е она што се случи овде[40].“
Како и да е, на 13 август 2005 година, весникот „The independent“, врз основа на полицијата и истрагата на службата за безбедност (MI5) објавил дека бомбардерите дејствувале независно од главниот организатор на терористичките напади на Ал-Каеда[41].
Што точно е Ал-Каеда или што беше, останува спорно. Авторот и новинар Адам Куртис тврди дека идејата на Ал-Каеда како формална организација првенствено е американска измислица. Куртис тврди дека името „Ал-Каеда“ првпат го привлекло вниманието на јавноста во 2001 година на судењето на Бин Ладен и четворицата мажи обвинети за бомбардирањата во 1998 година на амбасадата на САД во Источна Африка:
Реалноста е дека Бин Ладен и Ајман ал Завахири станале центар на една асоцијација од разочарани исламистички војници кои биле привлечени од новата стратегија. Но организација не постоела. Ова биле војници кои најчесто ги планирале своите операции и очекувале од Бин Ладен финансирање и помош. Тој не бил нивен командант. Исто така нема доказ дека Бин Ладен го користел поимот „ал-каеда“ како име кое се однесува на некоја група сè до 11 септември кога сфатил дека ова е терминот кој Американците им го дале.[42]
Од правна гледна точка, Министерството за правда на САД требало да покаже дека Бин Ладен бил водач на криминална организација за да може да го обвини „во отсуство“ според правилникот на РИЦО. Името на организацијата и детали за нејзината структура биле добиени од сведочењето на Џамал ал Фадл, кој кажал дека бил основач на организацијата и поранешен вработен на Бин Ладен.[43]. Ал Фадл веќе бил осуден за заговор за напад на воените установи на САД ,па неговото сведочење било дел од договорот за да добие помала казна. Поради ова, како и поради неговото нечесно минато, се појавиле сомневања за веродостојноста на неговото сведочење.[34][44]. Сем Шмидт, еден од неговите адвокати рекол:
Имаше одредени делови од сведочењето на Ал Фадл кои ги сметам за лага, давајќи им слика која им помогна на Американците да се здружат против Ал-Каеда. Мислам дека лажеше во сведочењето со цел да создаде слика за Ал-Каеда како обединета организација. Тоа ја направи Ал-Каеда новата мафија или новите комунисти. Ги направи препознатливи како група и оттука го направи полесно прогонувањето на било која личност поврзана со Ал-Каеда, за какви било дела или изјави од страна на Бин Ладен.[42]
Бројот на лица во организацијата кои поминале низ одредена воена обука и се способни да управуваат со бунтовнички сили, во голема мера е непознат. Во 2006 година било проценето дека Ал-Каеда имала неколку илјади команданти распоредени во 40 различни држави[45]. Од 2009 година се верувало дека од 200 до 300 членови биле сè уште активни команданти.[46].Според добитникот на награда за документарецот на Би- Би-Си од 2004 година „The Power of Nightmares“ (Моќта на кошмарите), Ал-Каеда била толку слабо поврзана, освен Бин Ладен и некои негови блиски соработници, што било тешко да се каже дека воопшто постоела како организација. Недостатокот на значителен број на осудени членови на Ал-Каеда, и покрај големиот број на апсења за тероризам, бил наведен како причина за сомневање дали воопшто постои широко распространетиот ентитет со описот на Ал-Каеда[47] .
Според Роберт Касиди, Ал-Каеда контролира две одделни сили поставени заедно со бунтовниците во Ирак и Пакистан. Првите биле „организирани, обучени и опремени како бунтовнички борбени сили“ во советско-авганистанската војна[45] . Биле составени најмногу од странски муџахедини од Саудиска Арабија и Јемен. Многу продолжиле да се борат и во Босна и Сомалија за глобален џихад. Другата група, околу 10.000, живеат во западните држави и се здобиле со основна борбена обука[45].
Други аналитичари го опишале ранкот и досието на Ал-Каеда како „претежно арапско“ во првите години на оперирање, а од 2007 година вклучува и „други луѓе“[48]. Било проценето дека 62 % од членовите на Ал-Каеда имаат високо образование[49].
Во 1990-тите, некои финансиски средства за Ал-Каеда биле од личното богатство на Осама бин Ладен[50]. До 2001 година Авганистан станал политички комплексен. Со многу финансиски извори за Ал-Каеда, финансиската улога на Осама бин Ладен прилично се намалила. Изворите во 2001 година ги вклучуваат и Џамал ал Исламија и Исламскиот Џихад.[51]. Други извори на приход во 2001 година ги вклучуваат и шверцот на хероин и донациите од поддржувачи од Кувајт, Саудиска Арабија и други исламски држави. Викиликс објавила меморандум на државниот секретар на САД испратен во 2009 година според кој основен извор на финансирање на сунитските терористички групи е Саудиска Арабија[52].
На 11 март 2005 година, весникот „Al-Quds Al-Arabi“ објавил извадоци од документот на Саиф ал Адел „Стратегијата на Ал-Каеда кон 2020 година“.[53][54]. Абдел Бари Атван сумира дека оваа стратегија опфаќа пет фази за да се ослободи заедницата од сите форми на угнетување:
На арапски, поимот „ал-каеда“ има четири слогови (арапски изговор [ælˈqɑːʕɪdɐ] ). Бидејќи две од арапските согласки во името (безвучната експлозивна [q] и звучната фрикативна [ʕ]) не се гласови кои постојат во англискиот јазик, најблиски англиски изговори се /ælˈkaɪdə/, /ælˈkeɪdə/ и /ˌælkɑːˈiːdə/. Името на Ал-Каеда исто така може да биде транслитерирано како al-Qaida, al-Qa'ida, el-Qaida или al-Qaedа[55].
Името доаѓа од арапската именка qā'idah која значи основа или база, и исто така може да се однесува на воена база. Почетното „al“ е арапскиот одреден член „the“, па оттука доаѓа „the base“.[56].
Бин Ладен го објаснил потеклото на зборот во интервју снимено на видео лента со новинар на Ал Џезира во октомври 2001 година:
„Името Ал-Каеда било формирано многу одамна и случајно. Абу Убеида Ел Банашири ги основал камповите за обука за нашите муџахедини против тероризмот на Русија. Ние го викавме кампот за обука Ал-Каеда. Името остана“[57]
.
Се тврдеше дека два документи запленети од канцеларијата на Меѓународната добротворна фондација во Сараево докажуваат дека името не било само присвоено од страна на муџахединското движење и дека група по име Ал-Каеда била основана во август 1988 година. Двата документи содржат записници од средби кои биле одржани за формирање на нова воена група и го содржат поимот „Ал-Каеда.[58]“
Поранешниот секретар за надворешни работи на Британија, Робин Кук, напишал дека зборот Ал-Каеда треба да се преведе како „базата на податоци“ (the database), бидејќи првично се однесувал на компјутерско досие со илјадници муџахедински војници кои биле регрутирани и обучени со помош на ЦИА за да се победат Русите[59]. Во април 2002 година групата го презела името Qa'idat al-Jihad, што значи „основата на Џихадот“. Според Диа Рашван ова било најверојатно резултат на спојувањето на странските гранки од групата за египетски џихад (Египетски исламски џихад), водена од Ајман Ал Завахири, со групите кои Бин Ладен ги зел под своја контрола откако се вратил во Авганистан во средината на 1990-тите"[60].
Радикалното исламистичко движење генерално, а особено Ал-Каеда се развиле за време на Исламската преродба и Исламистичкото движење во последните три декади на XX век заедно со помалку екстремни движења. Некои тврделе дека „да не биле списите“ од исламскиот автор и мислител Саид Кутуб „Ал-Каеда немало да постои“[61]. Кутуб проповедал дека поради отсуство на шеријатот, муслиманскиот свет не бил повеќе муслимански, дека се вратил на концептот на игнорирање на Божјите патеки наречен џахилијах.
За да се врати исламот, тој рекол дека е потребно авангардно движење од праведни муслимани за да се воспостават „вистински исламски држави“, да се имплементира шеријатот и да се ослободи муслиманскиот свет од сите влијанија кои не се муслимански, како на пример концептите социјализам и национализам. Според Кутуб непријатели на исламот се и „подмолните ориенталисти“[62] и „еврејскиот народ“ кои планирале „завери“ и „подмолно“ се спротивставиле на исламот.
Според зборовите на Мухамед Џамал Калифа, близок пријател од факултет на Бин Ладен:
Исламот е различен од било која друга религија, тоа е начин на живот. Ние (Калифа и Бин Ладен) се обидувавме да разбереме што има исламот да каже за начинот на кој јадеме, на кој се венчаваме, на кој зборуваме. Ние го читавме Саид Кутуб. Тој беше човекот кој најмногу влијаеше на нашата генерација[63]
.
Кутуб имал уште поголемо влијание врз менторот на Бин Ладен и друг главен член на Ал-Каеда, Ајман ал Завахири[64]. Вујкото на Завахири и патријарх во фамилијата по мајка, Махфуз Азам, бил студент на Кутуб, потоа штитеник, па личен адвокат и на крај извршител на неговиот тестамент – како и еден од последните луѓе кои го виделе Кутуб пред неговото погубување. „Младиот Ајман ал Завахири постојано слушал од својот сакан вујко Махфуз за чистотата на карактерот на Кутуб и за мачењето кое го доживеал во затвор.[65]“ Завахири му изразил почит на Кутуб во своето дело „Knights under the Prophet's Banner“[66].
Една од најмоќните идеи на Кутуб била тоа дека многу од оние кои рекле дека се муслимани, всушност не биле, туку биле одметници. Тоа не само што им дало на џихадистите „правна празнина во забраната за убивање на друг муслиман“ туку и им дало верска обврска да се ослободат од тие самопрогласени муслимани. Во овие наведени одметници спаѓале и водачите на муслимански земји, откако не успеале да го воведат Шеријатот.[67].
Абдел Бари Атван пишува:
Сè додека теолошката платформа на водачите е во суштина салафиска, чадорот на организацијата е доволно широк за да опфати различни школи на мислата и политички тенденции. Членовите и поддржувачите на Ал-Каеда вбројуваат и луѓе поврзани со вехабизмот, шафизмот, маликизмот и ханефизмот. Дури има и некои чии верувања и практики се директно во судир со салафизмот, како на пример јунис Калис, кој е еден од водачите на авганистанските муџахедини. Тој е мистик кој посетува гробници на светци и бара нивни благослови – практики кои се штетни за вехабиското-селафистичката школа на Бин Ладен. Единствениот исклучок на оваа пан-исламска политика е шиизмот. Ал-Каеда е против шиизмот бидејќи го смета за ерес. Во Ирак јавно објавиле војна на Организацијата Бадр, која целосно соработувала со САД и сега сметаат дека дури и шиитите се легитимни цели за акти на насилство[68]
Историјата на организацијата може да се подели во пет фази: почетоците во доцните осумдесетти, „пустинскиот“ период од 1990-1996 година, нејзината „златна ера“ од 1996-2001 година, периодот на мрежата од 2001-2005 година и период на фрагментација од 2005 – до денес[69].
Корените на Ал-Каеда како мрежа која поттикнува тероризам низ светот и обучува оперативци може да се побараат во Советската војна во Авганистан (декември 1979 - февруари 1989)[70]. САД го гледале конфликтот во Авганистан, меѓу авганистанските марксисти во сојуз со советските трупи од една страна и авганистанските муџахедини, од кои некои биле радикални исламски војници, на другата страна, како флагрантен случај на советски експанзионизам и агресија. САД праќале средства преку пакистанската разузнавачка агенција до авганистанските муџахедини кои се бореле против советската окупација во програма на ЦИА наречена „Операција Циклон“.[71].
Во исто време, сè поголем број на арапски муџахедини се приклучувале на џихадот против авганистанскиот марксистички режим, потпомогнати од интернационалните муслимански организации, особено од Мактаб ал Кидамат[72], чии средства доаѓале од поединечни муслимани-особено од независни саудиски стопанственици и дел од 600-те милиони долари годишно донирани за џихадот од страна на владата на Саудиска Арабија.
Мактаб ал Кидамат (МАК), или „Канцеларијата за услуги“, муслиманска организација формирана за собирање и проток на средства и за регрутирање на муџахедини за војната против Советскиот Сојуз во Авганистан, била основана во 1984 година во Пешавар, Пакистан од страна на Бин Ладен и Абдула Јусуф Азам, палестински исламски научник и член на Муслиманско братство. МАК отворале „безбедни куќи“ во Пешавар, блиску до авганистанската граница и собирале материјали за конструкцијата на паравоени кампови за обука за да ги подготват странските регрути за авганистанскиот воен фронт. Бин Ладен станал „главен финансиер“ на муџахедините, трошејќи ги неговите пари и користејќи ги неговите врски со „Саудиската кралска фамилија и нафтените магнати од Заливот“ за да го подобри мислењето на јавноста за војната и да собере повеќе средства[73].
Од 1986 година започнале да отвораат центри за регрутација во САД, од кои централна улога имал центарот за бегалци Ал Кифах во џамија во Бруклин. Меѓу истакнатите личности во центарот во Бруклин биле „двојниот агент“ Али Мухамед, кого специјалниот агент на ФБИ го нарекол „прв ментор на Бин Ладен“[74] и „Слепиот шеик“ Омар Абдел Рахман, главен регрутер на муџахедини за Авганистан. Ал-Каеда се развила од МАК.
Почнувајќи во 1987 година, Азам и Бин Ладен започнале да формираат кампови во Авганистан[75].
Финансиската поддршка за авганистанските исламски војници од страна на владата на САД била суштинска. Помошта за Гулбудин Хекматијар, авганистански муџахедински водач и основач на радикалната исламска воена фракција Хезб и Ислами, била проценета на 600 милиони долари. Подоцна, во раните 1990-ти години, кога поддршката од САД била прекината, Хекматијар почнал да соработува со Бин Ладен[76]. Освен илјадниците милиони долари американска помош, Хекматијар исто така добил голема помош и од Саудијците[77]. Постојат докази дека ЦИА ја поддржувала трговијата со дрога на Хекматијар, давајќи му имунитет за неговата незаконска трговија од која биле финансирани операциите на неговата воена фракција[78].
МАК и странските муџахедини или „Авганистански Арапи“ немале голема улога во војната. Додека повеќе од 250.000 авганистански муџахедини се бореле против Советскиот Сојуз и комунистичката авганистанска влада, било проценето дека не повеќе од 2.000 странски муџахедини биле на полето.[79]. Странските муџахедини доаѓале од 43 земји и вкупниот број кои учествувале во авганистанското движење помеѓу 1982 и 1992 година изнесувал 35.000[80]. Бин Ладен бил еден од главните учесници во организирањето на кампови за обука за странските муслимански доброволци[81][82].
Советскиот Сојуз конечно се повлекол од Авганистан во 1989 година. На изненадување на многумина, комунистичката авганистанска влада на Мухамед Наџибулах опстојувала уште три години, пред да биде преземена од муџахедините. Поради тоа што муџахедините не можеле да се договорат за структурата на владеење, настанал хаос и имало постојана реорганизација на сојузите кои се бореле за контрола над недефинираните територии, оставајќи ја државата опустошена.
Кон крајот на Советската воена мисија во Авганистан, некои муџахедини сакале да ги прошират своите операции за да опфатат и други делови на светот со исламистички борби, како на пример Израел и Кашмир. За да се продолжат овие аспирации биле формирани голем број на меѓусебно поврзани организации.
Една од овие била организацијата која на крај ќе биде наречена Ал Каеда, основана од страна на Бин Ладен на првичен состанок одржан на 11 август 1988 година.[83]. Белешки од состанокот на Бин Ладен и останатите на 20 август 1988 година, укажуваат дека Ал-Каеда тогаш била формална група: „организирана исламска фракција, чија цел е да го возвиши Божјиот збор и да ја направи неговата религија победничка“. Списокот на барања за членство ги вклучувала следниве: способност за слушање, добри манири, послушност и давање завет за послушност кон надредените[84].
Според Рајт, вистинското име на групата не било употребувано во јавни изјави бидејќи „нејзиното постоење сè уште било чувано во тајност“[85]. Според неговите истражувања Ал-Каеда била формирана на 11 август 1988 година, на средба помеѓу „неколку водачи од повисок ранг“ на Египетскиот исламски џихад, Абдула Азам, и Бин Ладен каде било договорено да се здружат парите на Бин Ладен со стручноста на организацијата Исламски џихад и да ја воведат џихадската кауза насекаде откако Советскиот Сојуз се повлекол од Авганистан[86].
Бин Ладен сакал да основа невоени операции во други делови од светот, за разлика од Азам кој сакал да се фокусира на воени походи. Откако Азам бил убиен во 1989 година, МАК се разделила, а голем број се придружиле на организацијата на Бин Ладен.
Во ноември 1989 година, Али Мухамед, поранешен наредник на специјалните сили стационирани на Форт Браг, Северна Каролина, ја напуштил воената служба и се преселил во Калифорнија. Патувал до Авганистан и Пакистан и се вклучил во плановите на Бин Ладен[87].
Една година подоцна, на 8 ноември 1990 година, ФБИ извршиле рација во домот во Њу Џерси на соработникот на Али Мухамед, Ел Саид Носаир, откривајќи голем број докази за терористички заговори, вклучувајќи планови за разнесување на облакодерите во Њујорк[88]. На крајот Носаир бил осуден за поврзаноста во бомбардирањето на Светскиот трговски центар во 1993 година и за убиството на рабинот Меир Канхан на 5 ноември 1990 година. Се смета дека во 1991 година Али Мухамед му помогнал на Бин Ладен во организирањето на неговото преместување во Судан[89].
По повлекувањето на Советскиот Сојуз од Авганистан во февруари 1989 година Бин Ладен се вратил во Саудиска Арабија. Ирачката инвазија врз Кувајт во август 1990 година ги ставила Кралството и Куќата на Сауд на ризик. Највредните светски нафтени полиња биле на лесно впечатлива оддалеченост од Ирачките сили во Кувајт, а повикот на Садам за пан-арабизам/исламизам можел да предизвика внатрешни несогласувања.
Во екот на навидум масивно ирачко воено присуство, сопствените сили на Саудиска Арабија биле добро вооружени, но во помал број. Бин Ладен му ги понудил услугите на своите муџахедини на кралот Фахд за да ја заштити Саудиска Арабија од ирачката армија. Монархот на Саудиска Арабија ја одбил неговата понуда, одлучувајќи притоа да им дозволи на САД и на сојузничките сили да распоредат трупи на територијата на Саудиска Арабија[90].
Распоредувањето го разлутило Бин Ладен кој сметал дека присуството на странски трупи во „земјата на двете џамии“ (Мека и Медина) ја обезбожува Светата земја. Откако јавно ја нападнал владата на Садиска Арабија за засолнувањето на американските трупи, тој бил протеран и принуден да живее во егзил во Судан.
Од 1992 до 1996 година, на покана на исламистичкиот теоретичар Хасан ал Тураби, Ал-Каеда и Бин Ладен биле стационирани во Судан. По преместувањето следел исламистички државен удар во Судан, предводен од полковникот Омар ал Башир, кој изјавил дека има обврска да ги преуреди муслиманските политички вредности. За време на тој период, Бин Ладен и помагал на Суданската влада, купил или основал различни деловни претпријатија и воспоставил кампови за обука на бунтовниците.
Клучна пресвртна точка за Бин Ладен, што дополнително ги заострила односите со Саудијците, била во 1993 година кога Саудиска Арабија ја поддржала Спогодбата од Осло (Декларација на принципи - ДОП) со која била поставена патека за мир помеѓу Израел и Палестина[91].
Завахири и Египетскиот исламски џихад (ЕИЏ), кои биле јадрото на Ал-Каеда, но исто така биле ангажирани во одделни операции против египетска влада, немале среќа во Судан. Во 1993 година, млада ученичка била убиена во неуспешен обид на ЕИЏ за убиство на египетскиот премиер Атеф Седики. Египетското јавно мислење се свртило против исламистичките бомбардирања и полицијата уапсила 280 членови на џихадот, а погубила 6.[92].
Поради постојаните вербални напади на кралот Фахд од Саудиска Арабија од страна на Бин Ладен, на 5 март 1994 година Фахд испратил емисар во Судан барајќи го пасошот на Бин Ладен, а му било одземено и неговото саудиско државјанство. Неговата фамилија била убедена да му ја прекине месечната стипендија, 7 милиони долари годишно и неговите средства во Саудиска Арабија биле замрзнати[93][94]. Неговото семејство јавно се откажало од него. Постои контоверзија околу тоа дали и во која мера продолжил да добива поддршка од членовите на неговото семејство и/или од владата на Саудиска Арабија [95]. Во јуни 1995 година многуте неуспешни обиди за да се убие египетскиот претседател Хосни Мубарак довеле до протерување на ЕИЏ, а во мај 1996 година и протерување на Бин Ладен од страна на суданската влада.
Според пакистанско-американскиот стопанственик Мансор Ијаз, суданската влада и понудила на аминистрацијата на Клинтон голем број можности за апсење на Бин Ладен. Тие можности биле добро прифатени од страна на државниот секретар на САД , Медлин Олбрајт, но одбиени кога Сузан Рајс и Ричард Кларк го убедиле советникот за национална безбедност Сенди Бергер да ја одбие понудата на Олбрајт. Тврдењата на Ијаз се појавиле во голем број колумни, вклучувајќи една во весникот „Los Angeles Times“[96] и една во „The Washington Post“ напишана заедно со поранешниот амбасадор на Судан, Тимоти М. Карни[97]. Слични искази биле дадени и од страна на уредникот на „Vanity Fair“, Дејвид Роуз[98] и од Ричард Минитер, автор на „Losing bin Laden“, во интервју за „World“ во ноември 1993 година[99].
Неколку извори го оспорувале тврдењето на Ијаз, вклучувајќи ја и Националната комисија за терористички напади на САД (Комисија 9/11), која заклучила:
Министерот за одбрана на Судан, Фатих Ерва, тврдел дека Судан се понудил да го предаде Бин Ладен на САД. Комисијата не открила веродостојни докази дека било така. Амбасадорот Карни имал наредба само да ги натера Суданците да го избркаат Бин Ладен. Амбасадорот Карни немал правна основа да бара повеќе од Суданците, бидејќи тогаш не постоело обвинение против него[100]
По повлекувањето на Советскиот Сојуз, седум години Авганистан бил без контрола и постојано погоден од пресметките меѓу поранешните сојузници и неколку муџахедински групи.
Во текот на 1990-тите години, започнала да се појавува нова сила. Талибанците (буквално, студенти) биле составени од младите во Авганистан, многу од кои останале сираци после војната и многу од нив биле школувани во мрежата на исламски училишта (медреса) која се ширела брзо, во Кандахар или во камповите за бегалци на авганистанско-пакистанската граница.
Според Ахмед Рашид, петмина водачи од талибанците биле дипломци на Дарул Улум Хакнија, училиште во малиот град Акора Катак[101]. Градот се наоѓа близу Пешавар во Пакистан, но населен е најмногу од авганистански бегалци[101]. Оваа институција во своето учење ги прикажувала верувањата на салафите и најмногу од финансиите на училиштето биле приватни донации од богати Арапи. Познаниците на Бин Ладен сè уште переле најмногу пари преку овие донации, користејќи „бескрупулозни“ исламски банки за да ги префрлат парите на низа добротворни организации кои служат како водечки групи на Ал-Каеда, или пренесувајќи куфери полни со кеш, директно во Пакистан[102]. Други четворица талибански водачи посетувале слично финансирани и влијателни училишта во Кадахар.
Многу од муџахедините кои подоцна им се придружиле на талибанците, се бореле заедно со авганистанскиот воен водач Мухамед Наби за време на руската инвазија. Групата исто така ја имала поддршката од повеќето авганистански арапски борци.
Котинуираниот судир меѓу различните фракции и безвластието по повлекувањето на Советските сили им овозможило на добро дисциплинираните талибанци да ја прошират својата контрола врз терироријата во Авганистан и да воспостават енклава наречена Исламски емират Авганистан. Во 1994 година го зазеле регионалниот центар Кандахар и по брзите територијални придобивки, во септември 1996 година, го освоиле главниот град Кабул.
Откако во мај 1996 година, Судан јасно дал до знаење дека Бин Ладен никогаш повеќе нема да биде добредојден, Авганистан кој бил под контрола на талибанците, со претходно воспоставени врски помеѓу групите, управуван со заедничка борбеност[103] и изолиран од американското политичко влијание и воена сила, обезбедил совршена локација за преместување на седиштето на Ал-Каеда. Талибанците ја штителе Ал-Каеда, а имала и легитимитет како дел од нивното Министерство за одбрана, иако само Пакистан, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати ги признавале талибанците како легитимна влада на Авганистан.
Додека биле во Авганистан, талибанската влада ја задолжила Ал-Каеда да ја обучува Бригадата 055, која била елитен дел од талибанската армија од 1997-2001 година. Бригадата претежно била составена од странски борци, многу од нив ветерани од советската инвазија, и сите со истата основна идеологија на муџахедините. Во ноември 2001 година, кога со операцијата „Трајна слобода“ била соборена талибанската влада, многу борци од Бригадата 055 биле заробени или убиени, а оние кои преживеале се верувало дека заминале во Пакистан заедно со Бин Ладен[104].
До крајот на 2008 година некои извори изјавиле дека талибанците ги прекинале сите врски со Ал-Каеда[105], додека пак други се сомневале во ова[106]. Според високи службеници на воената разузнавачка служба на САД, имало повеќе од сто членови на Ал-Каеда кои останале во Авганистан во 2009 година[107].
Околу 1994 година, салафистите кои го воделе џихадот во Босна доживеале неповратен пад. Како што станувале се помалку и помалку агресивни, групите како ЕИЏ започнале да се оддалечуваат од салафизмот во Европа. Ал-Каеда решила да пристапи и ја презела контролата врз 80% од терористичките ќелии во Босна кон крајот на 1995 година.
Во исто време, идеолозите на Ал-Каеда, муслимани кои верувале дека џихадот мора да се води на глобално ниво, им наложиле на новите членови на мрежата да бараат меѓународен џихад. Концептот за „глобален салафистички џихад“ постоел уште од раните 1980-ти. Неколку групи биле формирани за експлицитна цел, да ги протераат оние кои не се муслимани од муслиманските земји, во исто време и со максимално крвопролевање. Како и да е во основа ова било дефанзивна стратегија.
Ал-Каеда се обидела да ја отвори „офанзивната фаза“ на глобалниот салафистички џихад.[108]. Во 2006 година, босанските исламисти повикале на „солидарност со исламските каузи низ светот“ поддржувајќи ги бунтовниците во Кашмир и Ирак, како и групите кои се бореле за Палестинска држава[109].
Во 1996 година, Ал-Каеда најавила џихад за отстранување на странските трупи и интереси од земјите кои тие ги сметале за исламски. Бин Ладен издал фатва (обврзувачки верски указ)[110] со која јавно објавил на војна против САД и нивните сојузници и започнал да ги пренасочува ресурсите на Ал-Каеда на големи размери. Во јуни 1996 година, во бомбардирањето на воениот комплекс во Кобар, Саудиска Арабија, кое се припишува на Ал-Каеда, биле убиени 19 Американци и еден Саудиец, а 372-јца биле повредени.[111].
На 23 февруари 1998 година, Бин Ладен и Ајман ал Завахири, водачот на Египетскиот исламски џихад, заедно со други тројца исламистички водачи, потпишале и издале фатва повикувајќи ги муслиманите да ги убиваат Американците и нивните сојузници било каде во светот[112]. Под мотото на Меѓународниот фронт за џихад против евреите и крстоносците, тие објавиле:
Одлуката да се убиваат Американците и нивните сојузници, цивили и воени лица, е поединечна должност на секој муслиман кој може да ја исполни во било која држава каде може да се направи тоа, со цел да се ослободат џамијата Ал Акса во Ерусалим и Светата џамија во Мека и со цел нивните армии да се повлечат од сите исламски земји, поразени и без можност да им се закануваат на муслиманите. Ова е во согласност со зборовите на Семоќниот Алах, „ борете се против сите пагани, како што тие се борат против сите вас“ и „борете се сè додека повеќе нема побуни и угнетување, и сè додека не преовладува правдата и вербата во Алах[113]
Ниту Бин Ладен, ниту Ал Завахири не поседувале традиционални исламски научни квалификации за да издадат фатва. Како и да е, тие го отфрлиле и презеле авторитетот на привремените улеми (експерти за религија, кои ги гледале како платени слуги на џахилијанскиот концепт). Поранешниот агент на Руската федерална служба за безбедност (ФСБ), Александар Литвиненко, кој подоцна бил убиен, рекол дека осум месеци пред фатвата од 1996 година, ФСБ го обучувала Ал Завахири во камп во Дагестан[114][115].
Ал-Каеда е сунитска и често ги напаѓала ирачките шиити во обид да предизвика секташко насилство и поголем хаос во државата[116]. Ал Заркави наводно им објавил целосна војна на шиитите, кога презел одговорност за бомбардирањата на шиитската џамија[117]. Истиот месец, во изјава која се тврдело дека е од Ал-Каеда во Ирак, било прогласено за лажно писмо кое наводно било напишано од Ал Завахири, во кое било напишано дека се сомнева во тактиката на бунтовниците за неселективно напаѓање на шиитите во Ирак[118]. Во видео од декември 2007 година, Ал Завахири ја бранел исламската држава во Ирак, но се оддалечил од нападите против цивили извршени од страна на „лицемери и предавници кои постоеле во редовите“[119].
САД и ирачки офицери ја обвиниле Ал-Каеда во Ирак дека пробува да започне целосна граѓанска војна помеѓу мнозинството во Ирак- шиитите и малцинството – сунитите, со планирана кампања од цивилни масакри и голем број провокативни напади против познатите религиозни цели[120]. Нападите како бомбардирањето на џамијата Имам Али во 2003 година, празникот Ашура и бомбардирањата на Карбала и Наџаф во 2004 година, првото бомбардирање на џамијата Ал Аскари во Самара во 2006 година, смртоносните еднодневни бомбардирања во шиитскиот реон на Багдад, Садр Сити, во кои биле убиени најмалку 215 души и второто бомбардирање на џамијата Ал Аскари во 2007 година[121], ја предизвикале шиитската војска да започне бран на одмазднички напади, што резултирале со убиства во стилот на ескадроните на смртта и зголемување на секташкото насилство кое се проширило во 2006 година и во 2007 година го довело Ирак до работ на насилна анархија. Во 2008 година, секташки бомбардирања за кои била обвинета Ал-Каеда, во март убиле 42 жртви во светилиштето Имам Хусеин во Карбала и во јуни најмалку 51 жртва на автобуската станица во Багдад.
Во Сомалија, агентите на Ал-Каеда соработувале со своето сомалиско крило, создадено од групата Ал Шабааб. Во февруари 2012 година Ал Шабааб официјално се приклучила на Ал-Каеда, изјавувајќи ја лојалноста кон Ал-Каеда во заедничко видео[122]. Сомалиската Ал-Каеда активно регрутирала деца за обука за бомбаши-самоубијци и извезувала млади луѓе да учествуваат во воени акции против Американците на авганистанско-пакистанската граница.[123].
Процентот на терористички напади на Западот кои доаѓале од авганистанско-пакистанската граница значително се намалиле од скоро 100% до 75% во 2007 година и до 50% во 2010 година, откако Ал-Каеда се преместила во Сомалија и Јемен[124]. Додека водачите на Ал-Каеда се криеле во племенските области близу до авганистанско-пакистанската граница, движењето ја зголемило активноста во Сомалија и Јемен. „Знаеме дека Јужна Азија не е повеќе нивна основна база“, изјавил извор на Министерство за одбрана на САД. „Тие бараат засолниште на други места во светот и продолжуваат да ја прошируваат нивната организација“.
Во јануари 2009 година, дивизијата на Ал-Каеда во Саудиска Арабија се споила со крилото во Јемен и ја формирале Ал-Каеда на Арапскиот Полуостров[125]. Центрирана во Јемен, групата ја искористила сиромашната економија, демографија и домашна безбедност на државата. Во август 2009 година, го направиле првиот обид за убиство на член од саудиската кралска династија. Претседателот Обама побарал од неговиот колега од Јемен, Али Абдула Салех, да обезбеди поблиска соработка со САД во борбата против зголемената активност на Ал-Каеда во Јемен и ветил дека ќе испрати дополнителна помош. Поради војните во Ирак и Авганистан, САД не биле во можност да посветат доволно внимние на Сомалија и Јемен, што би можело да предизвика проблеми во блиска иднина[126]. Во декември 2011 година, секретарот за одбрана на САД, Леон Панета, кажал дека операциите на САД против Ал-Каеда „сега се фокусираат на главните групи во Јемен, Сомалија и Северна Африка[127]“. Ал-Каеда на Арапскиот Полуостров ја презела одговорноста за бомбашкиот напад на летот 253 на воздухопловната компанија Нортвест, кој бил извршен од страна на Умар Фарук Абдулмуталаб[128]. Групата објавила слики на кои Абдулмуталаб бил насмеан во бела кошула и бело исламско кече, со знамето на Ал-Каеда на Арапскиот Полуостров во позадина.
Во декември 1998 година, директорот на Централната разузнавачка служба, од центарот за тероризам, соопштил до претседателот дека Ал-Каеда се подготвувала за напади во САД, вклучувајќи обука на персоналот за киднапирање на авиони.[129]. Претставници на САД го нарекле Авлаки „пример на Ал-Каеда за влез“ во САД во 2008 година по испитување на неговата поврзаност со киднаперите од 11 септември[130] каде загинале 2.977 луѓе[131]. Поранешен агент на ФБИ го идентификува Авлаки како познат „висок агент на Ал-Каеда“ и духовен мотиватор. Проповедувањата на Авлаки во САД ги посетиле тројца од киднаперите од 11 септември, како и обвинетиот напаѓач од Форд Худ, Нидал Малик Хасан. Разузнавачите од САД пресретнале пораки од Хасан до Авлаки помеѓу декември 2008 и почетокот на 2009 година. На своето мрежно место, Авлаки ги пофалил постапките на Хасан на престрелката во Форд худ[132].
Анонимен претставник тврдел дека има добра причина да верува дека Авлаки „бил вклучен во многу сериозни терористички активности откако замина од САД, (после 11 септември), вклучувајќи планирани напади против Америка и нашите сојузници“[133]. Покрај тоа, бомбашот на Божиќ, Умар Фарук Абдулмуталаб рекол дека Ал Авлаки бил еден од неговите инструктори во Ал-Каеда.[134][135][136]. Во март 2010 година, Ал Авлаки во видеолента испратена до CNN рекол дека џихадот против Америка бил обврзувачки за него и за секој друг способен муслиман[137].
Претседателот на САД Барак Обама одобрил убивање на Ал Авлаки до април 2010, што го направило првиот граѓанин на САД ставен на списокот на најбарани на ЦИА. За тоа била потребна согласност од Националниот совет за безбедност на САД и официјалните лица изјавиле дека било прифатливо за лица кои ја довеле во опасност националната безбедност[138][139][140][141]. Во мај 2010 година, Фајзал Шахзад, кој се изјаснил за виновен за обидот за бомбашки напад на автомобил во 2010 година на Тајмс Сквер, им кажал на испитувачите дека бил „инспириран од“ Ал Авлаки, а според изворите Шахзад склучил договор со Ал Авлаки преку интернет[142][143][144]. Конгресменката Џејн Харман го нарекла „терорист број еден“, а „Investor's Business Daily“ го нарекол „најопасниот човек на светот“[145][146] . Во јули 2010 година, Министерството за финансии на САД го ставило на својата листа за специјално посочени глобални терористи, а Обединетите нации го додале на својот список на луѓе поврзани со Ал-Каеда[147]. Во август 2010 година, таткото на Ал Авлаки покренал судска постапка против владата на САД со Американската унија за граѓански слободи, оспорувајќи ја нивната наредба да се убие Ал Авлаки[148]. Во октомври 2010 година, официјални лица на САД и Обединетото Кралство го поврзале Ал Авлаки со бомбашкиот заговор за напад на двата товарни авиони во 2010 година[149]. Во септември 2011 година тој бил убиен во напад со беспилотно летало во Јемен.
На 1 мај 2011 во Вашингтон (2 мај според пакистанско време), претседателот на САД, Барак Обама изјавил дека Осама Бин Ладен бил убиен од „мал американски тим“ кој дејствувал под директна наредба на Обама во тајна операција во Аботабад, Пакистан[150][151], околу 50 км северно од Исламабад[152]. Според официјалните лица на САД, тим од 20-25 членови на специјалната единица на американската морнарица „Фоки“ водени од Здружената команда за специјални операции и ЦИА, го нападнале комплексот на Бин Ладен со два хеликоптери.[153] . Бин Ладен и тие што биле со него биле убиени за време на престрелки, во кои силите на САД немале повредени или жртви. Според еден од официјалните лица на САД нападот бил извршен без знаење или согласност од пакистанската влада[154]. Некои луѓе во Пакистан изјавиле дека се шокирани од неовластениот упад од страна на американските воени сили[155]. Местото е неколку милји оддалечено од Пакистанската воена академија во Какул[156]. Претседателот Обама, во неговото соопштение, рекол дека силите на САД „се погрижиле да се избегнат цивилни жртви“[157]. Наскоро биле откриени нови детали според кои покрај Бин Ладен.[154], биле убиени и тројца мажи и една жена, жената убиена кога била „употребена како штит од страна на војник“[158]. По споредувањето на ДНК-та од телото на Бин Ладен со зачуваните ДНК примероци од неговата мртва сестра, бил потврден неговиот идентитет[159]. Телото било пронајдено од страна на војската на САД[151] и останало под нивна заштита сè додека не било закопано во океанот, според исламските традиции[152][160][161]. Еден од официјалните претставниците на САД изјавил дека „би било тешко да се најде земја која ќе ги прифати посмртните остатоци од светски најбараниот терорист“[162]. Висок официјален претставник на САД изјавил дека по смртта на Бин Ладен, Министерството за надворешни работи на САД издало „предупредување до Американците ширум светот“.[163], а дипломатските објекти на САД насекаде биле на високо ниво на тревога. Луѓето се насобрале пред Белата куќа и на Тајмс Сквер во Њујорк за да ја прослават смртта на Бин Ладен[164].
Ал-Каеда извршила вкупно шест поголеми терористички напади, од кои четири во својот џихад против Америка. Во сите случаи, водството го планирало нападот неколку години претходно, припремање за испорака на оружјето и експлозивите и обезбедување на засолниште и лажни идентитети за оперативците.
Ал-Каеда обично не исплаќа парични средства за напади и многу ретко прави електронски трансфери[165].
На 29 декември 1992 година, бил првиот напад на Ал-Каеда кога биле детонирани две бомби во Аден, Јемен. Првата мета бил хотелот Мовенпик, а втората бил паркингот на хотелот Голдмохур.
Бомбардирањата биле обид да се елиминираат американските војници за да не одат во Сомалија како дел од меѓународната хуманитарна помош за гладните. Ал-Каеда го сметала бомбардирањето за победа која ги исплашила Американците, но во САД нападот скоро и не бил забележан. Ниту еден Американец не бил убиен бидејќи војниците сите заедно престојувале во друг хотел и заминале за Сомалија како што било планирано[166]. Иако не му се дало големо значење, нападот бил клучен бидејќи бил почеток на промената во правецот на Ал-Каеда, од борба со армии во убивање на цивили. Две жртви биле убиени во бомбардирањето, турист од Австралија и хотелски работник од Јемен. Седум други, повеќето Јеменци, биле сериозно повредени.
За да се оправдаат убиствата според исламскиот закон, од страна на член на Ал-Каеда кој имал најголемо теолошко знаење, Мамдух Махмуд Салим, биле споменати две фатви. Салим споменал позната фатва издадена од Ибан Тајмијах, научник од XIII век на кој најмногу му се восхитувале вехабистите, според која се казнувал секој отпор, на каков било начин за време на монголската инвазија.
Во 1993 година, Рамзи Јусеф употребил автомобил-бомба за да го нападне Светскиот трговски центар во Њујорк. Нападот имал цел да ја пробие основата на првата кула и да удри во втората кула, што би го срушило целиот комплекс. Јусеф се надевал дека ова ќе убие 250.000 луѓе. Кулите се затресле и занишале, но основата издржала и тој успеал да убие само шестмина (сепак повредил 1.042 лица и направил околу 300 милиони долари материјална штета)[167][168].
По нападот Јусеф побегнал во Пакистан, а подоцна се преселил во Манила. Таму започнал да го развива планот „Боџинка“ да разнесесе десетина американски авиони истовремено, да ги убие папа Јован Павле II и претседателот Бил Клинтон, и да сруши приватен авион во седиштето на ЦИА. Подоцна бил фатен во Пакистан[167].
Ниту едно од обвиненијата против Бин Ладен од страна на владата на САД не сугерирале дека тој е поврзан со ова бомбардирање, но познато е дека Рамзи Јусеф посетувал терористички камп за обука во Авганистан. Откако бил фатен, Јусеф изјавил дека неговото основно оправдување за нападот било да ги казни САД бидејќи ја поддржале израелската окупација на палестински територии, а воопшто не споменал религиска мотивација[168].
Во 1996 година, Бин Ладен испланирал завера за убиство на Клинтон додека претседателот бил во Манила за Азиско-тихоокеанската економска соработка (АПЕК). Сепак, агенти на разузнавачката служба пресретнале порака само неколку минути пред да тргне колоната и ја предупредиле Тајната служба на САД. Агентите подоцна пронашле бомба поставена под мост.[169].
Бомбардирањата на американските амбасади во Источна Африка во 1998 година, резултирале со повеќе од 300 жртви, главно месни жители. Како одговор на тоа, бран од крстосувачки ракети биле лансирани од страна на војската на САД и уништиле база на Ал-Каеда во Кост, Авганистан, но немало жртви во редовите на Ал-Каеда.
Во октомври 2000 година, војници на Ал-Каеда со самоубиствен напад го бомбардирале ракетниот уништувач „УСС Кол“ во Јемен, убивајќи 17 службеници на САД и оштетувајќи го бродот додека бил поставен на брегот. Инспирирани од успехот на таквиот дрзок напад, јадрото на Ал-Каеда започнало да подготвува напад врз САД.
Нападите на 11 септември 2001 година биле најкатастрофалните терористички дела во американската историја, со околу 3.000 жртви. Два патнички авиони намерно удриле во зградите на Светскиот трговски центар, трет во Пентагон и четвртот, чија мета била зградата на Конгресот, се срушил во поле во Шенксвил, Пенсилванија.
Нападите биле извршени од страна на Ал-каеда, постапувајќи во согласност со фатвата од 1998 година издадена против САД и нивните сојузници од страна на воени сили под команда на Бин Ладен, Ал Завахири и други.[170]. Како виновници за нападите доказите укажуваат на бомбаши-самоубијци водени од воениот командант на Ал-Каеда Мухамед Ата, со Бин Ладен, Ајман Ал Завахири, Калид Шеик Мухамед и Хамбали како главни организатори и дел од политичката и воената команда.
После 11 септември 2001 година, биле објавени пораки од Бин Ладен во кои ги пофалил нападите и ја објаснил нивната мотивација, но негирал каква било инволвираност[171] . Бин Ладен ги оправдал нападите со откривање на поплаки од страна муслиманите, како и од исламистичките муслимани, како на пример општото мислење дека САД ги угнетува муслиманите[172].
Бин Ладен тврдел дека Америка ги масакрира муслиманите во Палестина, Чеченија, Кашмир и Ирак и муслиманите треба да го задржат „правото за одмазднички напад“. Тој исто така тврдел дека во нападите на 11 септември не биле мета жени и деца, туку американските лица со воена и економска моќ[173].
Излегле докази на виделина дека првичните цели за нападот можеби биле атомските централи на источниот брег на САД. Подоцна целите биле променети од страна на Ал-Каеда, бидејќи се плашеле дека таков напад би можело да излезе од контрола.[174][175].
Ал-Каеда била именувана како терористичка организација од страна на следните држави и меѓународни организации:
По последиците од нападите, владата на САД одлучила да возврати со воена сила и започнала да ги подготвува своите вооружени сили за да го собори талибанскиот режим кој сметале дека ја штити Ал-Каеда. Пред да нападнат, САД му дале можност на талибанскиот водач Мулах Омар да го предаде Бин Ладен и неговите најблиски соработници. Првите сили кои биле поставени во Авганистан биле паравоени единици од елитната Дивизија за специјални активности на ЦИА.
Талибанците понудиле да го предадат Бин Ладен на судење во неутрална земја доколку САД обезбедат докази за соучество на Бин Ладен во нападите. Претседателот на САД, Џорџ Буш одговорил: „Знаеме дека е виновен. Предадете го“[193], а британскиот премиер Тони Блер ги предупредил талибанците: „Предадете го Бин Ладен или предадете ја власта“[194].
Набргу САД и нивните сојузници го нападнале Авганистан и заедно со Авганистанската северна алијанса ја симнале од власт талибанската влада во Авганистанската војна.
Како резултат на употребата на специјалните сили на САД и обезбедувањето на воздушна поддршка за копнените сили на Северната алијанса, биле уништени талибанските и камповите за обука на Ал-Каеда, и се смета дека бил нарушен голем дел од оперативната структура на Ал-Каеда. Откако биле протерани од своите основни позиции во областа Тора Бора во Авганистан, многу од борците на Ал-Каеда се обиделе да се прегрупираат во регионот Гардез.
Повторно, прикриени со интензивни воздушни бомбардирања, пешадијата на САД и локалните авганистански сили нападнале, ја уништиле воената позиција на Ал-Каеда и убиле или заробиле многу од војниците. До почетокот на 2002 година, на Ал-Каеда и бил нанесен сериозен удар во нејзините оперативни капацитети, а авганистанската инвазија имала почетен успех. Сепак, во Авганистан продолжил талибанскиот бунт и првите двајца водачи на Ал-Каеда, Бин Ладен и Ал Завахири избегнале апсење.
Се водела дебата за вистинската природа на улогата на Ал-Каеда во нападите на 11 септември и откако започнала инвазијата на САД, Министерството за надворешни работи на САД објавило видеолента на која се гледало како Бин Ладен разговара со мала група на приврзаници некаде во Авганистан, кратко време пред талибанците да бидат симнати од власт.[195]. Иако автентичноста била доведена во прашање од страна на некои[196], лентата всушност ги поврзувала Бин Ладен и Ал-Каеда со нападите на 11 септември и била пуштена на многу телевизиски канали низ светот, со англиски превод обезбеден од страна на Министерството за одбрана на САД.
Во септември 2004 година, Националната комисија за терористички напади на САД, Комисијата 9/11, која ги истражувала нападите од 11 септември официјално заклучила дека нападите биле смислени и имплементирани од страна на оперативците на Ал-Каеда.[197]. Во октомври 2004 година, на видеолента објавена преку Ал Џезира, Бин Ладен ја презел одговорноста за нападите, кажувајќи дека бил инспириран од израелските напади врз солитери во инвазијата на Либан од 1982 година: „Како што гледав во срушените кули во Либан, ми дојде на ум дека треба да го казниме угнетувачот и дека треба да уништиме кули во Америка со цел да почувствуваат дел од она што ние почувствувавме и така да ги заплашиме да не убиваат наши жени и деца“.
До крајот на 2004 година, владата на САД објавила дека две третини од повеќето членови со висока позиција во Ал-Каеда од 2001 година биле фатени и испрашувани од ЦИА: Абу Зубајдах, Рамзи Бин Ал Шиб и Абд Ал Рахим Ал Нашири во 2002 година[198]; Калид Шеик Мухамед во 2003 година и Саиф Ал Ислам Ел Масри во 2004 година. Мухамед Атеф и неколкумина други биле убиени.
Инволвираноста на Ал-Каеда во Африка вклучувала бројни бомбардирања во Северна Африка како и поддршка на страни во граѓанските војни во Еритреја и Сомалија. Од 1991 до 1996 година, Бин Ладен и други водачи на Ал-Каеда биле стационирани во Судан.
Исламистичките бунтовници во Сахара кои самите се нарекувале Ал-Каеда во исламскиот Магреб, во последните години го зголемиле своето насилство[199]. Француски официјални лица велат дека бунтовниците немаат директна поврзаност со водството на Ал-Каеда, но ова прашање е спорно помеѓу меѓународниот печат и безбедносните аналитичари. Веројатно е дека Бин Ладен го одобрил името на групата кон крајот на 2006 година и бунтовниците „го зеле името огранок на Ал-Каеда“ скоро една година пред насилството да почне да ескалира[200].
Во 2003 година, исламистите извршиле серија бомбашки напади во Истанбул, во кои загинале 57 луѓе а 700 биле повредени. 74 луѓе биле обвинети од турските власти. Некои се сретнале претходно со Бин Ладен и иако експлицитно одбиле да дадат заветсза верност кон Ал-Каеда побарале нивен благослов и помош[201][202].
Во 2009 година, Танвир Хусеин, Асад Сарвар и Ахмед Абдула Али од Лондон, биле осудени за завера за активирање бомби во безалкохолни пијалаци во седум авиони за Канада и САД.[203][204]. Сложената истрага за заговорот водена од полицијата и службата за безбедност вклучувала повеќе од година дена надзор спроведен од 200 полицајци. Официјални лица на Британија и САД рекле дека планот, за разлика од многу скорешни домашни европски терористички заговори, бил директно поврзан со Ал-Каеда и бил воден од високи исламски војници во Пакистан[205][206].
По обединувањето на Јемен во 1990 година, вехабистите започнале да внесуваат мисионери во земјата со цел да го дестабилизираат капиталистичкиот север. Иако е малку веројатно дека Бин Ладен и Саудиска Ал-Каеда биле директно поврзани, личните контакти кои ги направиле ќе бидат утврдени во следната декада и употребени за бомбардирањето на УСС Кол[207]. Растела загриженоста поради групата на Ал-Каеда во Јемен[208].
Во Ирак силите на Ал-Каеда кои не биле цврсто поврзани со водството биле вклучени во организацијата „Група за монотеизам и џихад“ водена од Абу Мусаб ал Заркави. Специјализирани за самоубиствени операции, тие биле „клучен поттикнувач“ на бунтот на сунитите[209]. Иако тие имале мал удел во бунтот, околу 30-42% од вкупниот број на самоубиствени бомбашки напади кои се случиле во раните години се сметало дека се од организацијата на Заркави[210]. Извештаите покажале дека поради пропустите, како неуспехот да се контролира пристапот до фабриката за муниција во Јусуфијах, големи количини на муниција се нашле во рацете на Ал-Каеда[211]. Во ноември 2010 година, воената група Исламската држава Ирак, која е поврзана со Ал-Каеда во Ирак, се заканила дека ќе ги елиминира христијаните од Ирак.
Ал-Каеда започнала да обучува Палестинци во доцните 1990-ти. Ова не треба да сугерира дека борците во отпорот биле помалку застапени во мрежата, бидејќи голем број Палестинци, повеќето од Јордан, сакале да се придружат и успеале да добијат значајни функции во Авганистан[212]. На големите групи како Хамас и Палестинскиот исламски џихад, кои соработувале со Ал-Каеда, им било тешко да прифатат стратешки сојуз, бидејќи се плашеле дека Ал-Каеда ќе ги кооптира нивните помали ќелии. Во последно време ова е можеби променето, бидејќи Израелските служби за безбедност и разузнавање сметаат дека Ал-Каеда успеала да инфилтрира операртивци од окупираните територии во Израел и го чека вистинското време за напад[212].
Бин Ладен и Ајман Ал Завахири сметале дека Индија е дел од заговорот на „крстоносците-ционистите-хиндуистите“ против исламскиот свет[213]. Според извештајот од 2005 година „Ал-Каеда: Профил и проценка на заканата“ од Конгресната истражувачка служба, во раните деведесетти додека живеел во Судан, Бин Ладен бил вмешан во обука на војници за џихад во Кашмир[214]. До 2001 година кашмирската воена група Харкат ул Муџахедин веќе станала дел од коалицијата на Ал-Каеда. Според високиот комесар за бегалци на Обединетите Нации, Ал-Каеда имала поставено бази во пакистанскиот дел на Кашмир (во Азад Кашмир и донекаде во Гилгит-Балтистан) за време на Каргилската војна во 1999 година и продолжила да оперира таму со премолчено одобрение од Пакистанската разузнавачка служба[215].
Многу од војниците активни во Кашмир биле обучувани во истите медреси (образовни институции) како Талибанците и Ал-Каеда. Фазлур Рехман Калил од кашмирската воена група Харкат ул Муџахедин бил потписник на декларацијата на Ал-Каеда од 1998 година за џихад против Америка и нејзините сојузници[216] . Во „Писмо до американскиот народ[217][218]“ напишано од Бин Ладен во 2002 година изјавил дека една од причините поради кои војувал со Америка е нејзината поддршка на Индија за проблемот во Кашмир. Во ноември 2001 година аеродромот во Катманду бил ставен на високо ниво на тревога по заканите дека Бин Ладен планира да киднапира авион оттаму и да го сруши во мета во Њу Делхи[219] . Во 2002 година, секретарот за одбрана на САД, Доналд Рамсфелд, при едно патување во Њу Делхи, сугерирал дека Ал-Каеда е активна во Кашмир иако немал цврсти докази за тоа[220][221]. Предложил поставување на високо технолошки сензори за да се спречат инфилтрирања на војници во индискиот дел на Кашмир. Во едно истражување во 2002 година биле откриени докази дека Ал-Каеда и нејзините филијали просперирале во пакистанскиот дел на Кашмир со премолчено одобрение од Пакистанската национална разузнавачка агенција (ИСИ). Во 2002 година специјален тим од Специјалната воздушна служба и Делта форс бил испратен во индискиот дел на Кашмир во потрага по Бин Ладен откако добиле информации дека бил засолнет од страна на кашмирската воена група Харкат ул Муџахедин, која претходно била одговорна за киднапирањето на туристи од западот во Кашмир во 1995 година. Највисоко рангираниот оперативец на Ал-Каеда од страна на Велика Британија, Рангзиб Ахмед, претходно се борел во Кашмир со групата Харкат ул Муџахедин и поминал некое време во индиски затвор откако бил фатен во Кашмир.[221]
Официјални лица на САД веруваат дека Ал-Каеда помагала во организирањето на кампања на терор во Кашмир со цел да предизвика конфликт помеѓу Индија и Пакистан[222]. Нивната стратегија била да го принудат Пакистан да ги поместат своите трупи на границата со Индија[223], за да се ослободи притисокот од членовите на Ал-Каеда кои се криеле во северозападен Пакистан. Во 2006 година Ал-Каеда тврделе дека основале крило во Кашмир, што ја загрижило индиската влада[216][224]. Како и да е, генерал-полковникот на индиската армија Х.С. Панаг, им рекол на новинарите дека армијата ја спречила можноста за присуство на Ал-Каеда во индискиот дел на Џаму и Кашмир, исто така рекол дека не постои ништо што би ги потврдило извештаите од медиумите за присуството на Ал-Каеда во државата.
Сепак изјавил дека Ал-Каеда имала силни врски со кашмирските воени групи Лашкар е Таиба и Џаиш е Мухамед[225] со седиште во Пакистан. Било забележано дека Вазиристан станало ново борбено поле на кашмирските војници против НАТО за поддршка на Ал-Каеда и Талибан. Дирен Барот, кој ја напишал „The Army of Madinah In Kashmir“ и бил оперативец на Ал-Каеда обвинет за учеството во терористичкиот заговор во 2004 година, бил обучуван за оружје и експлозиви во воен камп за обука во Кашмир.
Се верува дека Маулана Масод Азхар, основачот на другата кашмирска група Џаиш е Мухамед, неколкупати се сретнал со Бин Ладен и добил финансиска поддршка од него[216]. Во 2002 година, Џаиш е Мухамед го организирале киднапирањето и убиството на Даниел Перл во операција извршена во соработка со Ал-Каеда и финансирана од Бин Ладен[226]. Според американскиот експерт за антитероризам Брус Ридел, Ал-Каеда и талибанците биле вклучени во киднапирањето на летот 814 на индиската воздухопловна компанија во 1999 година, што довело до ослободување од индискиот затвор на Маулана Масуд Азхар и Ахмед Омар Саид Шеик во замена за патниците. Ова киднапирање било точно опишано од тогашниот индиски министер за надворешни работи Џасвант Синг како „генерална проба“ за нападите на 11 септември[227]. Според зборовите на Абу Џандал, телохранител на Бин Ладен, Бин Ладен лично подготвил богата забава за добредојде на Азхар откако бил ослободен[228][229]. Ахмед Омар Саид Шеик, кој бил во индискиот затвор поради неговата улога во киднапирањето на туристи од Западот во Индија во 1994 година и поради убиството на Даниел Перл, бил осуден на смртна казна од страна на Пакистан. Оперативецот на Ал-Каеда, Рашид Рауф, кој бил еден од обвинетите за авионската прекуокеанска завера во 2006 година, имал роднинска врска со Маулана Масуд Азхар[230].
Исто така е познато дека Лашкар е Таиба, кашмирската воена група која се смета дека стои позади нападите во Мумбаи во 2008 година, има силни врски со високи водачи на Ал-Каеда кои живеат во Пакистан.[231]. Кон Крајот на 2002 година висок оперативец на Ал-Каеда, Абу Зубајдах, бил уапсен во засолниште кое му го обезбедиле Лашкар е Таиба во Фејсалабад[232]. ФБИ верува дека Ал-Каеда и Лашкар долго време биле поврзани, а ЦИА дека Ал-Каеда ја финансира Лашкар е Таиба[232]. Француски истражен судија, Жан-Луи Бругиер, врвен француски експерт за антитероризам кажал на Ројтерс во 2009 година дека Лашкар е Таиба не е повеќе пакистанско движење со само кашмирска политичка и воена агенда. Лашкар е Таиба се дел од Ал-Каеда.[233][234]
Во видео објавено во 2008 година, висок оперативец на Ал-Каеда роден во Америка Адам Гадах изјавил дека „победата во Кашмир беше одложувана со години; тоа е ослобдувањето на џихадот таму од пречката која, по волјата на Алах, ќе биде првиот чекор кон победа над хиндуистичките окупатори на исламската земја“[235].
Во септември 2009 година, во нападите со беспилотни летала на САД наводно бил убиен Иљас Кашмири кој бил водач на Харкат ул Џихад ал Ислами, кашмирска воена група поврзана со Ал-Каеда[236]. Кашмири бил опишан од страна на Брус Ридел како истакнат член на Ал Каеда[237], додека други го опишале како шеф на воените операции на Ал Каеда[238][239]. Кашмири бил исто така обвинет од страна на САД и за заговор против данскиот весник „ Jyllands-Posten “ кој ги објавил контроверзните карикатури за пророкот Мухамед[240]. Официјални лица од САД исто така веруваат дека Кашмири бил вклучен во нападот на кампот Чепман против ЦИА. Во јануари 2010 година индиските власти ја предупредиле Британија за заговор на Ал-Каеда да киднапира авион од Индиската авиокомпанија и да го сруши во Британски град. Оваа информација била откриена од испрашувањето на Амџад Хваџа, оперативец на Харкат ул Џихад ал Ислами, кој бил уапсен во Индија[241].
Во јануари 2010 година, министерот за одбрана на САД, Роберт Гејтс, додека бил во посета на Пакистан, изјавил дека Ал-Каеда се обидува да го дестабилизира регионот и планира да предизвика јадрена војна меѓу Пакистан и Индија[242].
Тимоти Л. Томас тврди дека во почетокот на евакуацијата од Авганистан, во атмосфера на зголемена меѓународна внимателност, Ал-Каеда и нејзините следбеници почнале да комуницираат преку интернет за да не бидат откриени. Како резултат, употребата на интернетот од страна на организацијата станала пософистицирана, опфаќајќи финансирање, регрутирање, вмрежување, мобилизација, публицитет како и ширење, собирање и споделување на информации[243].
Движењето на Абу Ајуб Ал Масри во Ирак редовно објавува кратки видеа славејќи ги активностите на џихадските бомбаши-самоубијци. Освен тоа, пред и после смртта на Абу Мусаб Ал Заркави (поранешниот водач на Ал-Каеда во Ирак), чадор организацијата на која припаѓа Ал-Каеда во Иран, Советот на муџахедини, е постојано присутена на интернет. Опсегот на мултимедијални содржини вклучува клипови за обука на герилци, форографии на жртви пред да бидат убиени, сведочења на бомбаши самоубијци и видеа кои покажуваат учество во џихад преку стилизирани слики на џамии и музички партитури. Мрежно место поврзанo со Ал-Каеда објавил видео во кое е прикажано обезглавувањето на заробениот американски претприемач Ник Берг во Ирак. Други видеа и слики на кои се отсекувани глави , вклучувајќи ги и оние на Пол Џонсон, Ким Сун Ил и Даниел Перл, најпрво биле поставени на џихадски мрежни места.
Во декември 2004 година, била објавена аудио порака од Бин Ладен, директно на мрежно место, без да испрати копија до Ал Џезира како што правел во минатото.
Ал-Каеда започнала со поставување на своите видеа на интернет поради сигурноста дека видеата ќе бидат достапни без да бидат променети, за разлика од можноста Ал Џезира да ги промени и да избрише нешто што би било критикувано од саудиското кралско семејство. Пораката на Бин Ладен од декември 2004 година била пожестока од обично и траела повеќе од еден час.
Во минатото, Alneda.com и Jehad.net биле можеби најзначајните мрежни места на Ал-Каеда. Мрежното место Alneda.com, првично бил срушен од страна на Американецот Џон Меснер, но оние кои го одржувале се спротивставиле со тоа што го пренеле мрежното место на разни опслужувачи и стратешки ја преместувале содржината.
САД моментално се обидува да екстрадира еден британски специјалист за информатичка технологија, Бабар Ахмад[244][245], обвинет дека одржувал мрежни места на Ал-Каеда на англиски јазик, како Azzam.com. Неколку британски муслимански организации, како што е Асоцијација на британски муслимани,се спротивставуваат на екстрадирањето на Ахмад.
Според сторија на Ројтерс, се верува дека Ал Каеда оперира со тајна воздухопловна мрежа која вклучува „неколку авиони Боинг 727“, турбопропелери и приватни авиони на млазен погон. Врз основа на извештај на Одделот за домашна безбедност на САД, сторијата вели дека Ал-Каеда најверојатно употребува авиони за пренесување на дрога и оружје од Јужна Америка до некои нестабилни земји во Западна Африка. Авионот Боинг 727 може да носи товар до 10 тони. На крајот дрогата се шверцува во Европа за дистрибуција и продажба, а оружјето се користи за конфликти во Африка а можеби и на други места. Вооружени лица поврзани со Ал Каеда сè повеќе киднапирале Европејци за откуп. Со профитот од продажбите на дрога и оружје, како и со откупите од киднапирањата, се финансирале повеќе воени активности[246].
Експертите дебатирале дали нападите на Ал-Каеда биле последица од програмата на ЦИА „Операција Циклон“ за да им се помогне на авганистанските муџахедини. Британскиот министер за надворешни работи од 1997-2001 година, Робин Кук, напишал дека Ал-Каеда и Бин Ладен биле „производ од монументална грешна проценка од страна на западните агенции за безбедност“, и дека „Ал-Каеда, буквално „база на податоци“, првично била компјутерска податотека од илјадници муџахедини кои биле регрутирани и обучени со помош на ЦИА за да ги победат Русите[247].
Мунир Акрам, пакистански постојан претставник во Обединетите Нации од 2002 до 2008 година, во писмо објавено во Њујорк Тајмс на 19 јануари 2008 година напишал:
Стратегијата да се поддржат Авганистанците против воената интервенција на Советските сили била развиена од повеќе разузнавачки агенции, вклучувајќи ја ЦИА и Пакистанската разузнавачка агенција (ИСИ). По повлекувањето на Советскиот Сојуз, Западните сили го напуштиле регионот, оставајќи 40.000 војници донесени од неколку земји го водат анти-советскиот џихад. Пакистан бил оставен да се соочи со последиците од екстремизам, дрога и оружје[248]
.
Разни извори, новинарот на Си-Ен-Ен Питер Берген, Бригадирот на Пакистанската разузнавачка агенција Мухамед Јусаф и оперативците на ЦИА вклучени во авганистанската програма, како Винсент Канистраро, негираат дека ЦИА или други американски официјални лица имале некаков контакт со странски муџахедини или Бин Ладен, а најмалку дека ги вооружувале, обучувале, тренирале или поучувале.
Ова е спротивно на извештајот на Милтон Берден, теренски офицер на ЦИА во Авганистан од 1985-1989 година, кој јавно се присетува на вознемиреноста што ја чувствувал кога се сретнувал до џихадските борци[249]: „Единствено кога налетував на „овие момци“ тогаш налетував на вистински проблеми“ - Знаеш дека ќе има момент или два кои би изгледале како сцената во барот во Војна на звездите“.
Но Берген и други тврделе дека немало потреба да се регрутираат странци кои не ги познаваат локалниот јазик, обичаи и одлики на земјата бидејќи имало четвртина милион локални Авганистанци кои биле спремни да се борат, дека странските муџахедини немале потреба од американски финансии бидејќи добивале неколку стотици милиони долари годишно од неамерикански, муслимански извори, дека не било можно Американците да ги обучуваат муџахедините бидејќи пакистанските официјални лица немало да дозволат повеќе од неколку од нив да оперираат во Пакистан и ниту еден во Авганистан и дека авганистанските Арапи скоро секогаш биле воени исламисти кои биле непријателски настроени кон западњаците без разлика дали тие им помагале на муслимаснките авганистанци или не.
Според Питер Берген, познат по водењето на првото телевизиско интервју со Бин Ладен во 1997 година, идејата дека „ЦИА го финансира или обучува Бин Ладен.... е народен мит. Не постојат докази за тоа... Бин Ладен имал свои пари, бил анти-Американец и оперирал тајно и самостојно... Вистинската приказна е дека ЦИА немала поим кој е овој човек сè до 1996 година кога поставиле единица која започнала да го следи.[250]“ Но, како што признал Берген, во еден „чуден инцидент“ ЦИА навистина помогнала во процедурата за издавање виза на муџахединот Омар Абдел Рахман.
Во неговиот познат извештај за Ал-Каеда, англискиот новинар Џејсон Бурк напишал:
„ | Често се вели дека ЦИА го финансира Бин Ладен. Ова не е вистина, и би било невозможно со оглед на структурата на финансирање што ја поставил генералот Зија Ул Хак, кој ја презел власта во Пакистан во 1977 година. Услов за соработка на Зија со Америка во врска со планот да го претворат Авганистан во Советски „Виетнам“ било сите американски средства за авганистанскиот отпор да се пренесуваат преку пакистанската влада. Американските средства кои биле исклучиво за муџахединските групи, а не за арапските волонтери, биле надополнети со пари од саудиската влада и огромни средства собрани во џамии, невладини добротворни институции и приватни дарители од целиот исламски свет.[251] | “ |
Андрес Брејвик бил инспириран од Ал-Каеда, нарекувајќи ја „најуспешното револуционерно движење во светот“. Се обидел да „создаде европска верзија на Ал-Каеда“[252][253].
Според голем број на извори се појавил „бран на одвратност“ кон Ал-Каеда и нејзините филијали од страна на „религиозни научници, поранешни борци и војници“ вознемирени поради текфирот (еден муслиман прогласува друг муслиман за неверник) на Ал-Каеда и убивањето на муслимани во муслиманските земји, особено во Ирак.[254].
Номан Бенотман, поранешен авганистански Арап и војник на Либиската исламска борбена група, во 2007 година излегол во јавноста со отворено писмо со критики кон Ајман Ал Завахири откако успеал да убеди некои од притворените високи водачи на неговата поранешна група да започнат мирни преговори со либискиот режим. Откако Ајман Ал Завахири го објавил здружувањето на групата со Ал-Каеда во ноември 2007 година, неколку месеци подоцна либиската влада ослободила од затвор 90 членови на групата откако „кажале дека се откажале од насилство“.
Во 2007 година, околу шест годишнината од нападите на 11 септември и неколку месеци пред Rationalizing Jihad да се појави за првпат во весник, саудискиот шеик Салман Ал Оуда доставил прекор до Бин Ладен. Ал Оуда, религиозен научник и еден од основачите на Сахва, фундаменталистичкото движење за будење кое ја зафатило Саудиска Арабија во 1980-тите, е почитувана критика за џихадизам. Ал Оуда на телевизија се обратил до водачот на Ал-Каеда прашувајќи:
Брату Осама, колку крв се пролеа? Колку невини луѓе, деца, страци и жени беа убиени... во името на Ал-Каеда? Ќе бидеш ли задоволен да го сретнеш Семоќниот Бог носејќи го на својот грб товарот од овие стотици илјади или милиони жртви?[255]
Според анкети на истражувачкиот центар Пју, пред 2008 година поддршката на Ал-Каеда била прилично опадната во делови на муслиманскиот свет[256]. Во последните 5 години се намалил бројот на луѓе кои поддржуваат самоубиствени бомбардирања во Индонезија, Либан и Бангладеш. Според анкета во декември од страна на тинк-тенк организацијата во Вашингтон, Terror Free Tomorrow, во Саудиска Арабија, сега само 10% имаат позитивно мислење за Ал-Каеда[257].
Во 2007 година, затворениот Саид Имам ал Шариф, влијателен авганистански Арап, „идеолошки кум на Ал-Каеда“ и поранешен поддржувач на текфирот, сензационално ја повлекол поддршката кон Ал-Каеда со книгата „Wathiqat Tarshid Al-'Aml Al-Jihadi fi Misr w'Al-'Alam “ (Рационализирање на џихад во Египет и светот).
Иако некогаш поврзана со Ал-Каеда, во септември 2009 година Либанската исламска борбена група изработила нов „код“ за џихад, религиски документ од 417 страни насловен „Corrective Studies“. Со оглед на својот кредибилитет како и фактот дека неколку истакнати џихадисти од Средниот Исток се свртиле против Ал-Каеда, Либанската исламска борбена група може да биде важен чекор кон запирањето на регрутирање на Ал-Каеда[258].
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.