From Wikipedia, the free encyclopedia
Каракачани, Саракачани, ретко Ашани или Црновунци[4] (грчки: Σαρακατσάνοι) — грчка народност[5], традиционални номадски сточари кои чувале овци од кои го користеле млекото, месото и волната. Зборуваат на каракачански дијалект и се православни. Денес најбројни се во Грција, а во помал број ги има во соседните Бугарија, Албанија и Македонија. Основно живеалиште им биле на планините Пинд. Најголемиот дел од Каракачаните го напуштиле номадскиот начин на живот и во значителен степен се урбанизирале.
Каракачански деца во Котел, Бугарија. | |
Вкупен број | |
---|---|
непознат | |
Подрачја со значајно население | |
Грција | 80.000 (проц. од 1950)[1] |
Бугарија | 2.556 (2011) - 25.000 (проц.)[2][3] |
Македонија | 500 - 1.500 (проц.) |
Јазици | |
грчки, каракачански дијалект | |
Вероисповед | |
православна |
Постојат разни теории за потеклото на името Каракачани. Според најприфатената, името им доаѓа од турскиот збор karakaçan (од kara = црн и kaçan = бегалец), кој го користеле Отоманците за луѓето кои биле облечени во црно и бегале во планините за време на нивното владеење на Балканот.[6] Според друга теорија името доаѓа од селото Сараќ, од каде што се претпоставува дека потекнуваат Каракачаните.[7] По трета теорија името доаѓа од ароманскиот збор sarac-tsani што значи сиромав.
И покрај молкот на класичните и средновековните писатели, научниците тврдат дека Каракачаните се грчки народ, со можно потекло од предкласичните домородни сточари, притоа тврдењето го темелат на јазикот и одредени аспекти од нивната традиционална култура и социоекономска организација. Позната теорија која се заснова на јазикот и материјалната култура, сугерира дека Каракачаните потекнуваат од Дорјаните[8][9][10][11][12] кои со векови биле изолирани во планините.
Според антропологот Георгис Кавадијас Каракачаните се месен номадски народ, кој датира од времето на неолитот, следствено од пределинистичко време.[13][14]
Во Османлиското Царство Каракачаните биле релативно независен етнос и живееле од трговија со месо (јагнешко и овчо) и волна. Вообичаено летните месеци ги минувале на Родопите, во денешна Бугарија, а се враќале во Грција пред почетокот на зимата. Миграцијата започнувала на Ѓурѓовден, а обратната на Митровден. Во 1936 година издадени им се првите документи за лична идентификација, а карактеристичните грчки наставки на личните имиња им се заменети со бугарски (на пр. Костас станува Коста, Христос станува Христо, Димитрис станува Димитар итн.).
Новодојдениот социјализам во Бугарија му стави крај на номадскиот живот на Каракачаните. Во 1954 година, Министерскиот совет на НРБ ги обврзува да пријават постојано место на живеење. Голем дел од нив не се потчинуваат. За да ги принуди да го направат тоа, власта во 1958 година извршила национализација на нивните стада (188.530 овци)[15], како дел од политиката за укинување на приватната сопственост. Во безизлез тие се населуваат во градовите Сливен, Карнобат, Казанлак, Сопот, Карлово, Копривштица, Самоков, Дупница, Враца, Монтана, Котел, Тврдица, Берковица, Пловдив, Вршец, Шипка, селата Самуилово, Боров Дол, Големо Чочовени итн.
На територијата на Македонија за првпат се споменуваат во 1882 година. Се смета дека потекнуваат од селото Сараќ, во близина на грчко-турската граница, од каде што поради теророт се доселиле на територијата на Македонија. Во Македонија не дошле директно, туку прво побегнале во околината на Солун, од каде што подоцна се доселиле на овие простори.
Каракачаните во Република Македонија се населиле по високите планински предели, каде што се занимавале исклучиво со сточарство. Стадата ги напасувале на планините: Кожуф (Липа, Алчак, Гладница, Сувидол, Момина Чука, Аџибарица, Драгај), Никодинска Планина, Ниџе со Кајмакчалан, Козјак (с. Рожден), Баба (Пелистер, Шобајница, Крива Кобила, Сапунџица, Големо Езеро, Дебел Рид, Дервишка) и други планини. Во зимскиот период Каракачаните се симнувале по низините во Македонија или на зимување оделе во Солунското Поле. Линијата на главните сточарски движења започнувала од околината на Дојран, и тоа од пределите: Горничет, Асани и Ергела и се движела кон планината Баба по маршрутата: Дојран – Удово – Пепелиште – Криволак (ја поминувале реката Вардар) – Црвени Брегови - Дреново – Плетвар – Нижеполе – Маловиште – Пелистер.
Со сточарство се занимавале до 1948 година, период кога започнува нивниот стационарен начин на живеење. Тогаш се населиле во повеќе урбани населби и тоа: Гевгелиско (Мрзенци и Прдејци), Валандовско (Удово), Демиркаписко (Корешница, Бистренци и Пепелиште) Битолско (Маловиште, Нижеполе и Трново), Овчеполско, Штипско (Караорман) и Струмичко (Хамзали).
Во шеесеттите години на XX век започнува процесот на емиграција на Каракачаните кон нивната матична земја Грција. Законот за колективизација и присилното одземање на стадата се основна причина поради која Каракачаните се иселиле од Република Македонија. Со тоа е прекинат синџирот на нивниот традиционален начин на живеење.
И покрај тоа што оваа етничка заедница е раселена во Грција, нејзини претставници живеат во Македонија, и тоа во: Гевгелија, Негорци, Демир Капија, Бистренци, Неготино, Кавадарци, Штип, Скопје, Битола, Нижополе и др. Треба да напоменеме дека во повеќето случаи се работи за мешовити бракови, така што нивната асимилација е неминовен процес.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.