Демилитаризирана зона (исто и демилитизирано подрачје или тампон зона) ― подрачје во кое со договор меѓу држави или воени сили се забранува поставување воени капацитети, опрема или војска и во кое се забранети секакви воени активности. Демилитизираните зони често се наоѓаат долж границата меѓу две непријателски настроени земји, воени сили или сојузи. Демилитаризирана зона понекогаш може да се постави долж официјалната меѓународна граница, каков што е примерот со Корејската демилитаризирана зона. Други примери за демилитаризирани зони се: 15 км широкото подрачје на границата меѓу Ирак и Кувајт; Антарктик (кое е заштитено за научни истражувања); и вселената (простор од преку 15 км од површината на Земјата).
Многу демилитаризирани зони се сметаат за неутрална територија затоа што не е под контрола на ниту една од страните, а ова се однесува и за цивилна администрација. Некои зони и понатаму остануваат демилитаризирани, иако претходно со договор контролата врз подрачјето ѝ е доделено на држава која (според условите за демилитизарина зона) пред тоа немала право има војска на спорната територија. Исто така, можно е силите да се договорат за демилитаризација на зоната без формално да ги решат своите територијални претензии, овозможувајќи спорот да се реши на мирен начин како дипломатски разговори или меѓународен суд.
Неколку демилитаризирани зони, исто така, случајно станале природни резервати, затоа што во нив е елиминиран човечкиот фактор (исто така и ловот). Вакви примери се: корејската демилитаризирана зона, кипарската демилитаризирана зона (Зелена линија) и поранешната виетнамска демилитаризирана зона со која Виетнам од 21 јули 1954 година до 2 јули 1976 година бил поделен на две држави (Северен Виетнам и Јужен Виетнам).
Оланд– Со Оландската конвенција од 1921 година на финската влада ѝ било наложено да го демилитаризира подрачјето.
Антарктик– Антарктичкиот договор забранува воени активности на Антарктикот, како „поставување воени бази и утврдувања, воени маневри и тестирање на секакво оружје“. Сепак, Договорот предвидува „употреба на воен персонал или опрема за научно истражување или за секоја друга мирољубива цел“.[1]
Заедничка контролна комисија– Позната и како безбедносна зона по долината Днестар, создадена со договорот за прекин на огнот по што завршила Војната во Приднестровје. Демилитаризираната зона е долж реката Днестар меѓу Молдавија и Приднестровје. Долга е 225 километри и широка од 1 до 15 километри.
Корејска демилитаризирана зона– по Корејската војна со Корејскиот договор за прекин на огнот била создадена демилитаризирана зона широка 4км меѓу Северна Кореја и Јужна Кореја.[2] Денес, и покрај името, е една од најмилитаризираните области во светот.
Синајски Полуостров– Со Египетско-израелскиот мировен договор се предвидувал ограничување на бројот на војници кои Египет може да ги постави на Синајскиот Полуостров. Демилитаризирани се различни делови од полуостровот, претежно на 20 до 40 км од границата на Израел . Израел, исто така, се согласил да ги ограничи своите сили на 3 км од египетската граница.
Шпицбершки острови– со Шпицбершкиот договор од 1920 година бил признат норвешкиот суверенитет врз територијата, а областа била делумно демилитаризирана.[4]
Зона на набљудувачката мисија на Обединетите нации– Советот за безбедност на Обединетите нации го одобрил создавањето на демилитаризирана зона во дел од Голанската Висорамнина во Сирија кој по Јомкипурската војна бил окупиран од Израел. Зоната е надгледувана од Набљудувачките сили на Обединетите нации.
Саудиско-кувајтска неутрална зона - Со Укаирскиот протокол во 1922 година била воспоставена неутрална зона меѓу Султанатот Неџд и британскиот протекторат Кувајт.
Израел и Египет - По Арапско-израелската војна од 1948 година, во 1949 била создадена зоната Ел Ауџа.
Израел и Јордан - Израелската енклава и јорданската област на Скопус биле означени како демилитаризирана зона. Исто и областа околу Латрун.
Израел и Сирија: По Арапско-израелската војна од 1948, со Договорите за примирје меѓу Израел и Сирија во 1949 година биле создадени 3 демилитаризирани зони.[7]
Кина - По окупацијата на Манџурија од Јапонската царска армија и основањето на државата Манџукуо, во мај 1933 година било склучено примирје меѓу Кина и Јапонија, со што била воспоставена демилитаризирана зона помеѓу Манџукуо и Кина.
Еквадор - на 2 октомври 1941 година по војната меѓу Еквадор и Перу била воспоставена демилитаризирана зона која ја набљудувале неутралните држави-посредници: САД, Бразил и Аргентина.[8]
Виетнамска демилитаризирана зона - Демилитаризираната зона помеѓу Северен Виетнам и Јужен Виетнам формирана во јули 1954 година како резултат на Женевската конференција со која завршила војната меѓу Виет Мин и Франција.
Норвешка и Шведска по распаѓањето на унијата меѓу Норвешка и Шведска во 1905 година воспоставија демилитаризирана зона од 1км долж нивната граница. Зоната била укината со меѓусебен договор во 1993 година.
Ел Кагуан - Демилитаризирана зона била поставена во јужна Колумбија од 1999 до 2002 година.
Тампон зона во Северна Сирија- 115 километарска демилитаризирана зона во северна Сирија долж делови од сириско-турската граница. Ја основале Турција и Соединетите Американски Држави, и двете членки НАТО, за време на Сириската граѓанска војна за да се спречат судири меѓу курдските и турските сили.[9]
Копнена безбедносна зона– демилитаризираната област широка 5км меѓу Србија и Косово создадена според Кумановскиот договор по војната во Косово, која постоела од 1999 до 2001 година. По судирите во прешевската област, на српските сили им било дозволено да влезат во зоната.[10]
Демилитаризирана област Идлиб- Демилитаризирана зона (15 км), создадена со договор меѓу руската и турската влада за време на Сириската граѓанска војна, со што последното големо упориште на сириските бунтовници било одвоено од подрачјето контролирано од сириската влада.[11]
„Palestine Maps“(PDF). Palestinian Academic Society for the Study of International Affairs. Архивирано од изворникот(PDF) на 15 February 2006. Посетено на 9 October 2018.