From Wikipedia, the free encyclopedia
Камбоџа, официјално Кралство Камбоџа (кмерски: ព្រះរាជាណាចក្រកម្ពុជា — Preăh Réachéanachâkr Kâmpŭchea) или позната по старото име Кампучија е држава во Југоисточна Азија. Камбоџа се граничи со Тајланд на запад и северозапад, со Лаос на север и со Виетнам на исток, додека на југ излегува на Тајландскиот Залив. Главен град на Камбоџа е Пном Пен и службен јазик во државата е кмерскиот јазик. Вкупната површина на Камбоџа изнесува 181.035 км2 каде живеат околу 14.805.000 жители.
Кралство Камбоџа ព្រះរាជាណាចក្រកម្ពុជា (кмерски) Preăh Réachéa Nachâk Kâmpŭchéa |
||||||
---|---|---|---|---|---|---|
|
||||||
Гесло: ជាតិ សាសនា ព្រះមហាក្សត្រ Chéatĕ, Sasnéa, Preăh Môhaksâtr "Нација, религија, крал" |
||||||
Химна: បទនគររាជ Nokoreach "Величествено кралство" |
||||||
Местоположба на Камбоџа
|
||||||
Главен град (и најголем) | Пном Пен 11°33′N 104°55′E | |||||
Службен јазик | кмерски | |||||
Официјално писмо | кмерско писмо | |||||
Народности (2013[1]) |
|
|||||
Демоним |
|
|||||
Уредување | уставна монархија | |||||
• | Крал | Нородом Сихамони | ||||
• | Премиер | Хун Манет (2023-) | ||||
Законодавство | Парламент | |||||
• | Горен дом | Сенат | ||||
• | Долен дом | Национално собрание | ||||
Основање | ||||||
• | Кралство Фунан | 68 | ||||
• | Кралство Ченла | 550 | ||||
• | Кмерска Империја | 802 | ||||
• | Француска колонизација | 1863 | ||||
• | Независност од Франција | 9 ноември 1953 | ||||
• | Кмерска Република | 18 март 1970 | ||||
• | Обновена монархија | 24 септември 1993 | ||||
Површина | ||||||
• | Вкупна | 181.035 км2 (88.) | ||||
• | Вода (%) | 2.5 | ||||
Население | ||||||
• | проценка за 2021 г. | 17.300.000[2] (73.) | ||||
• | Попис 2010 | 14.805.000 | ||||
• | Густина | 87 жит/км2 (96.) | ||||
БДП (ПКМ) | проценка за 2019 г. | |||||
• | Вкупен | $76,635 млд.[3] | ||||
• | По жител | $4.645[3] | ||||
БДП (номинален) | проценка за 2019 г. | |||||
• | Вкупно | $26,628 млд.[3] | ||||
• | По жител | $1.614[3] | ||||
Џиниев коеф. (2013) | 36.0 среден |
|||||
ИЧР (2019) | ▲ 0.594[4] среден · 144. |
|||||
Валута | Риел (KHR ) |
|||||
Часовен појас | ICT (UTC+7) | |||||
Датумски формат | дд/мм/гггг | |||||
Се вози на | десно | |||||
НДД | .kh | |||||
Повик. бр. | +855 |
Камбоџа е уставна монархија каде на чело на државата се наоѓа кралот Нородом Сихамони. Покрај тоа што Пном Пен е главен град на државата, тој е и најголем политички, трговски, индустриски и културен центар во државата. Градот Сием Реап се наоѓа во близина на Ангкор Ват и често се смета за капија на ангкорскиот регион. Сием Реап, заедно со Ангкор Ват се главните турситички одредишта во државата. Покрај овие два града, во Камбоџа се значајни и градовите Батамбанг, кој е познат по производството на ориз и Сиханоуквил, кој е значаен пристаништен центар.
Камбоџа е воглавно населена од етнички Кмери, кои понекогаш се нарекуваат и Камбоџанци. Поголем дел од населението на Камбоџа се следбеници на будизмот. Покрај Кмерите, во Камбоџа живеат и мали заедници на Чами, Кинези и Виетнамци.[5]
Земјоделството во Камбоџа отсекогаш било главен економски сектор, каде околу 59% од населението опстојуваат од земјоделството и земјоделското производство, воглавно ориз.[6] Покрај земјоделството, значајни економски сектори се и градежништвото и туризмот.[7] Во 2005 година во Камбоџа биле пронајдени резерви на нафта и природен гас, што, ако профункционира, би значело голем успех и развој за камбоџанската економија.[8]
Името „Камбоџа“ е назив кој влегол во македонскиот јазик преку францускиот назив за државата Cambodge, додека пак вториот назив „Кампучија“ Kâmpŭchea (កម្ពុជា) е име за Камбоџа кое потекнува од античкото име на кмерското кралство Камбуџа. Камбуџа е античко санскритско име за племето Камбоџаси во Индија.[9]
Preahreachanachâk Kampuchea значи "Кралство Камбоџа". Етимолошки,овој назив е составен од Preah- ("свето"); -reach- ("крал, кралство", од санскритски); -ana- (од пали āṇā, "авторитет, сила", од санскритски ājñā, исто значење) -châk (од санскритски chakra, значи "тркало", симбол на моќ).
По независноста, официјалното име на Камбоџа се променило неколкупати. Овие се имињата кои се користеле за државата:
Цврстите материјални докази за постоење на човечка цивилизација во праисторијата се присутни во помал број на територијата на Камбоџа. Воглавно, до сега се пронајдени алатки изработени од кварц на терасите на реката Меконг во покраините Стунг Тренг и Кампот, но нивната веродстојност не сè уште сигурна.[10]
Некои археолошки докази кои се пронашле во Камбоџа посочуваат на постоење на заедници од берачи на плодови и ловци на животни. Најстарото археолошки место во Камбоџа се верува дека е Ланг Спеан во покраината Батамбанг. Според ископините во долните делови на наоѓалиштето биле пронајдени радиокарбонати кои датираат од 6000 г.п.н.е.[10][11] Во истото наоѓалиште, во погорните слоеви, се пронајдени неолитски остатоци кои воедно се и најстарите керамички артефакти пронајдени во Камбоџа.[12]
За периодот од Холоценот па сè до периодот на Железното доба постојат ограничен број материјални докази. Останати праисториски наоѓалишта со несигурен датум на постоење се Самронг Сен, каде за првпат почнало да се ископува во 1877 година,[13] и Пум Снај.[14] Праисториските артефакти доста често се пронаоѓаат за време на рударските операции во Ратанакири.[10]
Најпознатите праисториски докази во Камбоџа се кружните обликувања на почвата кои се пронајдени во Мемот и се составени од вештачки ископини во црвеника. Нивната намена и датумот на создавање сè уште не се разјаснети, но некои археолози предлагаат дека тие датираат од 2 милениум п.н.е.[15][16]
Важен елемент во праисториска Камбоџа било населнувањето на одгледувачите на ориз, кои почнале да се населуваат во 3 милениум п.н.е. и се движеле од север кон југ. Се претпоставува дека овие луѓе зборувале на мон-кмерски јазик.[17]
Обработката на железо во Камбоџа започнала уште во 500 г.п.н.е. Најголем број докази за овој период од камбоџанската историја доаѓаат од наоѓалиштата на платото Корат, денес во Тајланд. Под ангкорските храмови, како што е Баксеј Чамкронг, се пронашле исто така одреден број на населни од Железното доба.
За време на третиот, четвртиот и петтиот век, индизираните кралства Фунан и Ченла опстојувале на денешните територии на Камбоџа и југозападен Виетнам. Според голем број научници, овие две држави биле кмерски, но имале големо влијание од Индија.[18]
Повеќе од 2000 години, Камбоџа била под силно влијание од Индија и Кина, влијанија кои преминале кон Тајланд, Виетнам и Лаос.[19] Кмерската Империја се развила на денешната територија на Камбоџа во периодот од 9 до 13 век.[20] Во 13 век, будизмот започнал да се расширува во регионот преку монаси од Шри Ланка.[21] Од тој период, постепено будизмот започнал да се зајакнува и со тек на времето станала најголема религија во државата. Иако Кмерската Империја својот најголем подем го имала до 13 век, сепак таа била значаен политички елемент сè до 15 век. Центар на Кмерската Империја бил Ангкор, каде се граделе и наоѓале неколку главни града на Империјата. Според проценките, во тоа време Ангкор можел да опстојува и со милион жители.[22] Ангкор, најголемата пред-индустриска населба во светот,[23] и Ангкор Ват, најпознатиот и најпосетуван храм во Камбоџа, биле и се значајни сегменти во камбоџанската историја и цивилизација.
После долг период исполнет со војни со соседните кралства, Ангкор потпаднал под власт на Кралството Ајутаја и бил напуштен во 1432 година поради еколошки причини и пропаст на инфраструктурата.[24][25] Кралското семејство и кралскиот двор се преселил во Ловек, каде краток период се одржала одредена независност на чело со кмерскиот крал. По овој краток период, повторно продолжиле војните со Ајутаја кои резултирале со губење на уште голем дел од територијата. Во 1594 година Ловек потпаднал под целосна окупација. Во следните три века, Кмерското Кралство било вазалско кралство на Кралството Ајутаја и на виетнамскиот крал.
Во 1863 година, кралот Нородом, кој бил инсталиран од страна на Тајланд[26], побарал заштита од Франција поради зачестените тензии помеѓу Тајланд и Виетнам. Во 1867 година, тајландскиот крал потпишал договор со Франција кога се прогласило сизеренство врз Камбоџа, а Тајланд поради тоа во замена ги зазел териториите на покраините Батамбанг и Сием Реап. Овие покраини се вратиле под власт на Камбоџа со пограничниот договор помеѓу Франција и Тајланд во 1906 година.
Камбоџа останала под француска контрола од 1836 до 1953 година, иако во периодот од 1941 до 1945 била под јапонска контрола.[27] По смртта на кралот Нородом во 1904 година, Франција манипулирала со изборот на новиот крал и братот на Нородом, Сисват, бил прогласен за нов крал на Камбоџа. Престолот на Камбоџа бил празен во 1941 година кога умрел кралот Монивонг, син на Сисоват, и Франција не дозволила синот на Монивонг да биде прогласен за крал бидејќи се плашела дека тој сака да ја види Камбоџа како слободна земја. Наместо него, како крал на Камбоџа бил прогласен внукот на Сисоват кој имал само 18 години. Французите го крунисале Нородом Сиханоук бидејќи мислеле лесно ќе го контролираат[27], но тие се излажале и под негово владеење Камбоџа се стекнала со независност на 9 ноември 1953 година.[27]
Камбоџа станала уставна монархија кога на чело на државата бил кралот Нородом Сиханоук. Кога Француска Индокина ја предала независноста, Камбоџа официјално ја изгубила контролата на делатата на реката Меконг, бидејќи таа област била дадена под контрола на Виетнам. Оваа област била контролирана од Виетнамците од 1698 година кога кралот Чеј Чета II дал дозвола на Виетнам за доселување на народот.[27]
Во 1955 година, Сиханоук се откажал од кралскиот престол, кој го презел неговиот татко, и станал премиер на Камбоџа. По смртта на неговиот татко во 1960 година, Сиханоук повторно станал крал на Камбоџа, но овој пат со титула Принц на Камбоџа. Како што се развивала Виетнамската војна, Сиханоук прогласил политика на неутралсност за време на Студената војна, иако се знаело дека бил симпатизер на комунизмот. За време на неговата посета на Пекинг во 1970 година се случил државниот удар во Камбоџа предводен од пермиерот и генерал Лон Нол, поддржан од САД. Кралот побарал веднаш да се отфрли власта во Камбоџа која била поддржана од САД, но после ова следела граѓанската војна во Камбоџа.[28] Многу наскоро припадниците на Црвените Кмери се приклучиле кон поддршката за кралот, но нивната намера била сосема друга.
Помеѓу 1969 и 1973 година, кога САД воделе војна во Јужен Виетнам, на краток период САД навлегле и во Камбоџа со намера да ги соборат комунистичките органи во Северен Виетнам и Камбоџа.[29] Околу два милиони Камбоџанци избегале и се населиле во Пном Пен. Бројката на настрадани Камбоџанци за време на бомбардирањето не сосема позната. Според Воздухопловната седма единица на САД, бомбардирањата го спречиле потпаѓањето на Пном Пен под контрола на Црвените Кмери.[30] Спротивно на тоа, новинари кои се занимавале со оваа проблематика тврдат дека во рамките на Црвените Кмери имало и обични граѓани кои насилно биле регрутирани, како резултат на американските бомбардирања.[31]
Како што војната завршувала, така американските воени експерти забележале дека во Камбоџа започнала да се шири глад, кога околу 75% од живата стока била уништена, а сеидбата и жетвата на ориз не ни биле планирани.
Црвените Кмери стигнале во Пном Пен и ја презеле контролата на градот во 1975 година. Црвените Кмери биле предводени од Пол Пот и името на државата било официјално променето во Демократска Кампучија. Властите веднаш го евакуирале градот и населението го испратиле во руралните области каде се одвивале работнички проекти. Тие се обиделе да го обноват земјоделието на Камбоџа според модел од 11 век. Покрај тоа, тие воопшто не воделе грижа за медицината, уништувале храмови, библиотеки и сè што се сметало за дел од западната култура. Околу еден милион Камбоџанци, од вкупно осум милиони, умреле од замор, глад и болести.[32]
Проценките за тоа колку луѓе умреле од власта на Црвените Кмери варира од еден до три милиони жители.[33][34] Оваа ера од историјата на Камбоџа е позната по теминот Полиња на смртта, додека затворот Туол Сленг бил симбол на смртта и симбол за масивните убиства во Камбоџа. Стотици граѓани пребегале во соседен Тајланд за да се спасат од смртоносната власт во Камбоџа. Власта најмногу обрнала внимание, во негативна смисла, кон етничките малцинства. Така, Чамите најмногу страдале и околу половина од Чамите умреле.[35] Во средината на 1960-те години околу 425.000 Кинези живееле во Камбоџа, но како резултат на власта во 1984 година останале живи само 61.400 Кинези.[36]
Во ноември 1978 година, виетнамските трупи навлегле на територијата на Камбоџа.[37] Народна Република Кампучија била набрзо основана, предводена од партијата Кампучиски Обединет Фронт за Национален Спас, кои пак биле во тесна соработка со СССР.
Три години по навлегувањето на Виетнамците, Камбоџа била додатно поделена на три дела, владеена од „коалициска власт“ составена од Црвените Кмери и Кмерскиот Народен Национален Ослободителен Фронт. Претставник во ООН биле Црвените Кмери.[38][39]
Низ 1980-те години Црвените Кмери, поддржани од Тајланд, САД[40][41] и Обединетото Кралство[42] продолжиле да ја контролираат земјата и нападнале територии кои не биле под нивна власт.
Овие напади кои ги вршеле Црвените Кмери довеле до целосни економски санкции кон земјата[43] од страна на САД и нивните приврзаници. Мировните преговори започнале во Париз во 1989 година, кои завршиле две години подоцна во 1991 година. ООН имал мандат каде се водела грижа за бегалците и разоружувањето. Овој мандат е познат како Транзициска власт на ООН во Камбоџа.[44]
Во последните години, во Камбоџа се појавиле напори за создавање на стабилна политичка атмосфера во рамките на уставнка повеќепартиска монархија.[45] Така, во 1993 година, Нородом Сиханоук бил вратен на престолот како Крал на Камбоџа. Стабилноста на политичката сцена се одржала, иако во 1997 година имало државен удар во Камбоџа[46] Денешен крал на Камбоџа е Нородом Сихамони, кој го презел престолот по смртта на неговиот татко Нородом Сиханоук.
Камбоџа има вкупна површина од 181.035 км2 и лежи во тропскиот појас. Државата се граничи со Тајланд на север и запад, со Лаос на североисток и со Виетнам на исток и југоисток. На југ излегува на Тајландскиот Залив и има брег од 443 километри.
Карактеристично за камбоџанскиот релјеф е тоа што тој е во голем дел составен од рамнини и висорамнини, остатоци од некогашно големо езеро. Ова овозможува да има влажна и плодна почва. Над 75 % од државата е пониска од 100 метри надморска висина, со исклучок на планините Кардамом кои имаат највисока точка од 1.813 метри и планините Дамреи. Највисока точка во Камбоџа е Пном Аорал со висина од 1.813 метри.
Климата на Камбоџа, како и остатокот од Југоисточна Азија, е карактеристична по појавувањето на монсуните, кои се познати по влажноста и сушата во зависност од сезоната кога се појавуваат.
Просечната температура на Камбоџа се движи од 21 до 35 степени. Монсуните во југозападниот дел од државата се движат од морето кон копното и носат голема влажност и се појавуваат од мај до октомври. Североисточните монсуни се појавуваат во сушните сезони кои траат од ноември и март. Најсушен период во државата е во јануари и февруари. Влажната сезона е карактеристична по тоа што најниската температура може да падне до 22 степени. Од другата страна пак, сушната сезона може да има температура и до 40 степени. Најдобрите месеци за посета на Камбоџа, од туристичка гледна точка, се од ноември до јануари. Скоро секоја година има поплави во државата, но со намален интензитет и опасност по населението.
Камбоџа има шаренолика флора и фауна. До денес, во државата се забележани околу 212 видови цицачи, 536 видови птици, 240 видови влекачи, 850 видови слатководни риби и околу 435 видови риби во солена вода. Голем дел од оваа флора и фауна е сконцентрирана во и околу регионот на езерото Тонле Сап.[47] Биосферата околу езерото Тонле Сап е уникатен еколошки феномен. Регионот е составен од езерото каде се протегаат околу девет од покраините на земјата и во 1997 година станало дел од биосферските резервати на УНЕСКО.[48] Покрај овој регион, значајни се и посушните шуми во покраините Мондолкири и Ратанакири, но и екосистемот на планините Кардамом каде се наоѓаат два национални парка и природни животински прибежишта.
Камбоџа е земја која доживеала најголем процент на опустошување на шумите. Така, во 1969 година Камбоџа располагала со шуми од околу 70%, за да во 2007 година овој процент изнесува 3.1 Вкупно гледано, Камбоџа загубола 25.000 км2 шума, нешто помалку од вкупната територија на Македонија.[49]
Политиките на Камбоџа, официјално според уставот од 1993 година, се одвуваат во рамките на уставна монархија оперирана од парламентарна претставника демократија. Премиерот на Камбоџа е претседател на владата, кој исто така е на чело на повеќепартискиот систем. Како шеф на државата, во Камбоџа е кралот.
Премиерот на Камбоџа е назначен од кралот, одлука која ја донесува според совет и одобрување од Националното собрание на Камбоџа. Премиерот и неговиот кабинет на министри ја вршат извршната власт во државата. Законодавната власт во земјата е во рацете на Националното собрание на Камбоџа и на Сенатот на Камбоџа.
На 14 октомври 2004, кралот Нородом Сихамони бил избран за нов крал на Камбоџа од страна на специјален совет составен од девет членови. Нородом Сихамони го наследил неговиот татко Нородом Сиханоук, кој умрел една седмица пред официјалното преземање на престолот од страна на новиот крал. Нородом Сихамони официјално го презел престолот на 29 октомври 2004 година во Пном Пен.
Кралските воени сили на Камбоџа се составени од Кралската војска на Камбоџа, Кралската морнарица на Камбоџа и Кралските воздухопловни сили на Камбоџа. Камбоџанскиот крал е врховен командант на воените сили во земјата, додека премиерот Хун Сен е главен командант. Реформите кои се спровеле во 2000 година биле голем чекор кон реорганизацијата на камбоџанските сили. Министерството за одбрана на Камбоџа формирало три посеби департмани одговорни за финансиските, техничките, одбранбените и материјалните средства на воените сили. Генерлштабот не претрпел никакви промени. Моментален министер за национална одбрана на Камбоџа е Теа Бан, кој е на таа функција уште од 1979 година.
Камбоџа е член на ООН, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. Исто така, Камбоџа е член на Азиската банка за развој, Асоцијацијата на југоисточни азиски нации и на 13 октомври 2004 година станала член на Светската трговска организација.
Камбоџа има воспоставено дипломатски односи со поголем број држави, владата прогласила дека има дваесет амбасади во државата.[50] од Азија, Европа, Северна Америка и Океанија.[51] Како резултат на воспоставените дипломатски односи, различни хуманитарни организации дале свој придонес при давање помош на камбоџанското општество.
Иако тешките и насилни години на Камбоџа се минато, сепак денес сè уште постојат неколку погранични спорови со соседите. Така, има неколку несогласувања околу крајбрежните острови на границата со Виетнам и постои неодредена понморска граница со Тајланд.
Камбоџанско-тајландското несогласување официјално започнало во јуни 2008 година, но овој спор трае многу векови наназад. Главниот проблем за спорот меѓу овие две земји е храм од 11 век, Преах Вихеар, кој се меѓу покраината Преах Вихеар во северна Камбоџа и покраината Сисакет во Тајланд. Според Тајланд, демаркацијата на границата сè уште не е завршена според одредбата на Меѓународниот суд за правда.[52]
Главниот град и покраините се првото ниво на административна поделба на територијата на Камбоџа. Камбоџа е поделена на 23 покраини и главниот град. Второстепената поделба на територијата е составена од општини и окрузи. Покраините се поделени на 26 општини и 159 окрузи. Главниот град е поделен на 8 комуни.
|
|
Број | Град или покраина | Површина | |
---|---|---|---|
1 | Пном Пен | 290 | |
2 | Кандал | 3.568 | |
3 | Такео | 3.563 | |
4 | Кампонг Чам | 9799 | |
5 | Кампонг Том | 13.814 | |
6 | Сием Реап | 10.299 | |
7 | Преах Вихеар | 13.788 | |
8 | Одар Меанчеај | 6.158 | |
9 | Бантеај Меанчеј | 6.679 | |
10 | Батамбанг | 11.072 | |
11 | Паилин | 803 | |
12 | Пурсат | 12.692 | |
13 | Кампонг Чнанг | 5.521 | |
14 | Кампонг Спеу | 7.017 | |
15 | Кох Конг | 11.160 | |
16 | Сиханоуквил | 868 | |
17 | Кампот | 4873.2 | |
18 | Кеп | 335.8 | |
19 | Преј Венг | 4.883 | |
20 | Свај Риенг | 2.966 | |
21 | Кратие | 11.094 | |
22 | Стунг Тренг | 11.092 | |
23 | Ратанакири | 10.782 | |
24 | Мондулкири | 14.288 | |
25 | Тонле Сап | 3.000 | |
Вкупна површина | 181.035 km2 |
БНП по глава на жител на Камбоџа во последно време се зголемува, но сепак е помало во споредба со останатите држави во регионот. Повеќето рурални домаќинства се зависни од земјоделството и неговите сектори. Главни производи за извоз на Камбоџа се оризот, рибата, облеката и гумата. Меѓународниот истражувачки институт за ориз, преку своето седиште на Филипините, вовело дополнителни 750 видови на ориз во Камбоџа.[53]
Во 1987 година, австралиската влада му помогнала на Институтот за да се подобри производството на ориз во Камбоџа. До 2000 година, Камбоџа имала доволно производство на ориз за своите потреби.[54] Покрај оризот, во Камбоџа фармерите се охрабруваат да одгледуваат и останати култури, но сега за сега бројот на фармери кои одгледуваат останати земјоделски култури е значително помалав во споредба со оризот.
Опоравувањето на камбоџанската економија било отежнато во 1997/ 1998 година поради регионалната економска криза, граѓанските немири и политичката нестабилност. Во овој период и странските инвестиции и туризмот драстично се намалиле. Од тогаш, опоравувањето и развојот е рамномерен. 1999 година била прва година од последните 30 кога имало целосен мир и се забележал пораст од 5.0%.
Покрај поплавите кои се случиле во Камбоџа, во 2000 БНП пораснал за 5.0%, во 2001 за 6.3% и во 2002 за 5.2%. Најбрзорастечка стопанска гранка во Камбоџа бил туризмот. Во 2004 година инфлацијата била 1.7%, порастот за 5% и извозот изнесувал 1.6 милиони американски долари.[55]
Постарото население во Камбоџа се соочува и со проблемот на недоволна писменост, додека руралните предели се соочуваат со недоволноразвиена инфраструктура. Странските инвестиции и странската помош биле забавени поради корупцијата во земјата и немањето гаранции за стабилна политичка сцена. Сепак, забележано е дека во земјата има дарители, па така директните донации во земјата во 2004 година изнесувале 504 милиони долари.[1]
Околу 90% од населението на Камбоџа се Кмери. Покрај Кмерите, во Камбоџа живеат и малцински заедници како што се Кинезите, Виетнамците, Чамите и Кмер Лоеуците.[56]
Мајчин јазик на доминантната етничка група во Камбоџа е кмерскиот јазик, кој е и службен јазик во државата. Кмерскиот јазик е дел од групата на австронезиски јазици. Пред добивањето на камбоџанската независност, службен јазик на таа територија бил францускиот јазик, кој бил службен јазик во цела Француска Индокина. Денес, само постарите Камбоџанци го зборуваат овој јазик. Покрај тоа, францускиот јазик може да се сретне и во камбоџанското образование, поточно во училишта и универзитети основани од Франција. Како остаток од колонијалниот период, во Камбоџа се развил камбоџански француски дијалект, кој поретко се користи и во владините институции. Како и да е, голем број млади Камбоџанци го изучуваат и англискиот јазик, како еден од најзборуваните јазици во светот. Во големите центри и познати туристички места, доста се зборува англискиот јазик. Англискиот јазик е и јазик кој се изучува во камбоџанските училишта.
Најголема религија во Камбоџа е Теравада будизмот, кој го следат околу 96% од вкупното население на државата. Будизмот не бил сосема забранет за време на комунистичкото управување на земјата, но својот подем како диминантна религија го стекнал по падот на Црвените Кмери. Покрај будизмот, во Камбоџа има околу 2% ислам и околу 2% христијанство.[57]
Верници во Камбоџа | ||||
---|---|---|---|---|
Будисти | 97 % | |||
Муслимани | 2,0 % | |||
Народна Религија | 0,5 % | |||
Католици | 0,4 % | |||
Други | 0,2 % |
Граѓанската војна и последиците од истата имале силно влијание врз демографската слика на државата. Така, околу 50% од вкупното население на Камбоџа е помладо од 22 години. Камбоџа има голем разлика во поглед на полот на населението, па така сразмерот е 0.96 мажи/ жени.[58] Во поглед на населението постаро од 65 години сразмерот жени/мажи е 1.6:1.[1]
Според извештајот на УНИЦЕФ, Камбоџа е третата земја во светот со најмногу инсталирано мини,[59] посочувајќи околу 60.000 смртни случаево и илјадници повредени од неекслопирани мини од 1970 година.[60] Поголем број од жртвите се деца кои одгледуваат или пасат животни или пак деца кои играат по полињата.[59] Бројот на смртни случаи на новороденчиња во Камбоџа се намалува, односно во 1993 година имало 115 случаи на 1000 новороденчиња, а во 1998 имало 89.4 на 1000 новороденчиња.[61]
Разни фактори придонесувале за културата Камбоџа вклучувајќи ги теравада будизмот, францускиот колонијализам, хиндуизамот, ерата Ангкор, и модерната глобализација. Во Министерството за култура и ликовна уметностна Камбоџа е задолжено за промоција и развој на камбоџанската култура. Камбоџанската култура не само што ја вклучува културата на низиното етничко мнозинство, кмерско, но исто така, на уште некои 20 културно различни племиња кои се познати под терминот Кмер Леу, поим измислен од Нородом Сиханоук за да се означи единство помеѓу камбоџанското население.
Руралните Камбоџанци носат марама наречена крама која е уникатен аспект на камбоџанската облека. Камбоџанската култура има карактеристични стилови на танц, архитектура и скулптура, кои биле разменети со соседните Лаос и Тајланд низ историјата. Ангкор Ват (Angkor значи „град“ и Wat „храм“) е најдобро зачуван пример на камбоџанската архитектура од ера ан Ангкор и стотици други храмови се откриени во и околу регионот.
Бон Ом Теук или „Фестивал на трка со бродови“ е годишен натпревар во трка со бродови со веслање и е најпосетуван камбоџански фестивал. Овој фестивал се одржува на крајот на дождливата сезона, кога реката Меконг почнува да го губи нивото на водата. Околу 10% од камбоџанското население учествува на овој настан, при што се оддава почит на месечината, се проследуваат огномети и секако се зема активно или пасивно учество во трката.[62] Покрај овој настан, во Камбоџа се популарни и борбата со петли и фудбалот. Бидејќи мнозинството население се будисти тие го следат и класичниот индиски календар по што ја слават и Камбоџанската Нова Година. Камбоџанската Нова Година е голем празник во државата и се паѓа во месец април.
Во поглед на камбоџанската кујна, како и во останатите држави во регионот, оризот и рибата се главни состојки во искраната. Потребата за риба и производи од риба за 2000 година во Камбоџа биле 20 килограми риба годишно по глава на жител.[63] Камбоџанската кујна се состои и од тропски овошја, супи и чорби. Глави состојки за подготвување на камбоџанските јадења се лукот, лимонот, сос од риба, соја сос, кари и останати зачини.
Традиционалната камбоџанска музика има долга традиција и датира уште од времето на Кмерската Империја. Кралските танци како што е апсара се икони на камбоџанската култура. Друг популарен танц во Камоџа е и ромвонгот.
Граѓанската војна и останатите немири кои се случиле во државата значајно го оштетиле камбоџанскиот транспорт, но со помош и донации од останати држави Камбоџа го подобрува својот транспорт според меѓународните стандардни.
Камбоџа има две големи железнички линии, односно вкупно поставени железнички линии од околу 612 километри.[64] Железничките линии се протегаат од Сиханоуквил од јужниот брег, преки Пном Пен до Сисопон. Моментално, само еден патнички воз оперира седмично од Пном Пен до Батамбанг.
Речниот сообраќај е значаен сегмент на камбоџанскиот транспорт, како денес така и во минатото. Така, во Камбоџа има околу 3.700 километри половна рута. Камбоџа има две главни пристаништа, Пном Пен и Сиханоуквил, но опстојуваат уште пет помали простаништни центри. Пном Пен и речното корито околу него е единственото речно пристаниште и рута кои можат да опслужат бродови од 8.000 тони преку дождлива сезона, или бродови од 5.000 тони преку сушна сезона.
Патниот сообраќај е исто така во подем во Камбоџа, но сепак велосипедите се доста диминантни во секојдневието на Камбоџанците.[65] Државата има четири комерцијални аеродроми. Аеродромот во Пном Пен е втор најголем аеродром во државата, додека најголем аеродром е аеродромот во Сием Реап. Останатите два се во Батамбанг и Сиханоуквил.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.