источнословенски јазик From Wikipedia, the free encyclopedia
Белорускиот јазик (кирилица: беларуская мова, латиница: biełaruskaja mova) или поретко именуван како белорутенски јазик, е источнословенски јазик и мајчин јазик на Белорусите. Белорускиот јазик е службен јазик во Белорусија, каде се наоѓаат најголемиот број белоруски говорници, но јазикот се зборува и во Русија, Полска, Украина и меѓу останати белоруски заедници во дијаспората.[2] Белорускиот јазик се служи со белоруската азбука која е заснована на кирилицата, но јазикот може да се пишува и со латиничната белоруска азбука. Овој јазик го зборуваат од 4 до 9 милиони жители во светот. Белорускиот јазик споделува јазични одлики со рускиот и украинскиот јазик.
Белоруски јазик | |
---|---|
беларуская мова | |
Изговор | беларускаjа мова |
Застапен во | Белорусија, Полска и во белоруската дијаспора |
Говорници | 4 до 9 милиони |
Јазично семејство | индоевропско
|
Писмо | белоруска азбука |
Статус | |
Службен во | Белорусија и неколку општини во источна Полска[1]
Малцински јазик: Украина |
Регулативен орган | Национална академија на науките на Белорусија |
Јазични кодови | |
ISO 639-1 | be |
ISO 639-2 | bel |
ISO 639-3 | bel |
Според пописот во Белорусија од 1999 година, белорускиот јазик е „јазик кој се зборува дома“ од околу 3.686.000 белоруски граѓани или 36.7% од вкупното население.[3] Според истиот попис, 85.6% или 6.984.0000 од Белорусите се изјасниле дека белорускиот им е мајчин јазик. Според други извори, 6.715.000 луѓе во Белорусија и 9.081.102 во остатокот од светот зборуваат белоруски.[4] Според истражување извршено од белоруската влада во 2009 година, 72% од Белорусите зборуваат руски по дома, додека белорускиот се зборува од само 11.9%. Според истото истражување, 29.4% од Белорусите можат да пишуваат, читаат и зборуваат белоруски, додека остатокот можат само на читаат и зборуваат белоруски.
Денес постојат различни имиња со кои се именува јазик или пак се именувал низ историјата. Некои од нив се сосема различни од стандардното именување на јазикот, особено тие кои се однесуваат за старобелорускиот период.
Денешниот белоруски јазик бил повторно основан (оживеан) врз основа на говорни остатоци од старобелорускиот јазик. Овие остатоци биле мали дијалекти кои преживеале на територијата на Белорусија. До крајот на 18 век, старобелорускиот јазик бил сè уште присутен меѓу белоруската аристократија во Големото војводство Литванија Јан Чечот, познат белоруски поет и полски аристократ, изјавил дека дури и дедовците од неговото време зборувале на старобелоруски.[6] Како секојдневен, разговорен јазик, белорускиот се користел во помалите градови и во селските средини. Покрај разговорната употреба, јазикот се користел и за усните преданија и за потребите на фолклорот.
Развојот на современиот белоруски јазик во 19 век бил под силно влијание на политичкиот конфликт на териториите на Големото војводство Литванија меѓу руските империјалисти и полската аристократија[7] Една од главните манифестации на овој конфликт била борбата за идеолошка контрола врз образовниот систем. Полскиот и рускиот се воведувале и тргнувале од употреба, а тоа довело до слаба писменост меѓу населението.[8]
Првите две декади на 19 век биле сведоци на големиот просперитет на полската култура и јазик во рамките на Големото војводство Литванија. Тоа довело до владеење на една политичко-кулрурна ера која Адам Микиевич и Владислав Сирокомла ја опишале како „Белоруси по род - Полјаци по избор“. Во овој период биле полинизирани малите аристократски заедници, понатамошно намалување на употребата на белорускиот јазик и фолклоризирање на белоруската култура.[9] Поради државата, народното образование и силната полска контрола, белорускиот образовен елемент започнал да се појавува во 1880-те или 1890-те години.[10]
За време на XIX и XX век, не постоела стандардизирана белоруска граматика. Различните белоруски автори пишувале на стандард за кој тие мислеле дека е соодветен. Така, кај авторите, односно писателите, се увидуваат одликите на дијалектите на кои пишувале. Оваа состојба е слична со состојбата на македонскиот јазик во 19 век. Првите научни принципи за воведување и воспоставивање стандардна белоруска граматика биле воспоставени од јазичарот Јефим Карски.
До раните 1910-те години, непостоењето на кодифицирана белоруска граматика станала главна пречка за обединувачките погледи за белорускиот јазик. Во тоа време, рускиот академик Алексеј Шахматов, претседател на Одделот за руски јазик и книжевност на Санктпетербуршкиот државен универзитет, стапил во контакт во уредниците на белоруското списание „Наша нива“ и им предложил под негова супервизија да биде квалификуван еден белоруски јазичар за да може да ја подготви документацијата за белоруската граматика. Првично, познатиот белоруски поет Максим Багданович требало да ја биде дел од иницијативата на рускиот јазичар. Сепак, поради кревкото здравје на Багданович (кој бил болен од туберкулоза) бил спречен да отпатува во Санкт Петербург. Така, на негово место бил назначен Бранислав Тарашкиевич.
Голем интерес за овој процес се пројавил меѓу белоруската заедница. Така, познатиот белоруски поет Јанка Купала му испратил писмо на Тарашкиевич со кое го посоветувал „да побрза со неговата многу потребна работа“. Тарашкиевич работел на подготвувањето на граматиката за време на периодот 1912 до 1917 година. Академците Алексеј Шахматов и Јефим Карски му помогнале на Тарашкиевич при подготовките и изработката. Тарашкиевич завршил со граматиката во есента 1917 година.
Тарашкиевич се соочил со технички проблеми за печатење на граматиката, како на пример недостаток на хартија или квалификуван персонал. Во меѓувреме, сè повеќе се развила идејата за воведување на граматиката во работничките и селските училишта кои биле планирани за отворање во Белорусија. Белорускиот комитет испратил петиција до администрацијата со која се барало печатење на книгата и така, првото издание на „Белоруската граматика за училишта“ била издадена во Вилнус во 1918 година. Тарашкиевич отпатувал во Вилнус во јуни 1918 година и таму била издадена книгата.
Покрај овој значаен обид за издавање на белоруска граматика од страна на Тарашкиевич, постојат уште два други обида за кодифицирање на белоруската граматика. Балјаслав Пачопка подготвил белоруска граматика, а како основно писмо ја користел латиницата. Според Степан Нјекрашевич, граматиката на Пачопка не е научна и го игнорирала принципите на белорускиот јазик. Во 1918 година, за неодредено време, граматиката на Пачопка се користела во одреден број училишта. Покрај Пачопка, заедничка белоруска граматика издале и А Луцкиевич и Ј. Станкиевич, граматика која значително се разликувала од таа на Тарашкиевич во некои клучни аспекти.
Јазичарите сè уште не се согласни за тоа дали белорускиот, украинскиот и русинскиот се дијалекти од еден јазик или тие се посебни словенски јазици. Овој проблем настанал поради големата сличност меѓу овие јазици.[11] Овие јазици се дел од источнословенските јазици и тие се потомци на еден заеднички јазик. Белорускиот, украинскиот и русинскиот се класифицираат како посебни јазици[12]. Белорускиот јазик споделува најмногу случности со украинскиот јазик.[13]
Белорускиот јазик е составен од две големи дијалектни групи, североисточни и југозападни дијалекти. Додатно на овие два, постојат и транзиционите средни дијалекти и западните палиски дијалекти.
Северозападниот и југозападниот дијалект се поделени со замислената дијалектолошка граница Ашмјани-Минск-Бабрујск-Хомел. По оваа граница се протегаат средните дијалекти на белорускиот јазик.
Североисточните дијалекти се главно окарактеризирани со присуството на „меко р“ и силна редукција на самогласки. Југозападните дијалекти се главно окарактеризирани со присуството на „силно р“ и средна редукција на самогласки.
Западните палиски дијалекти лингвистички се поразлични од останатите белоруски дијалекти и се поблиски со украинскиот јазик од повеќе аспекти. Овие дијалекти се одделуваат од останатите со замислената дијалектолошка граница Пружани-Ивацевичи-Телехани-Лунинјец-Столин.
Белорускиот јазик има две стандардни правописни норми. Едната норма е стандардниот белоруски правопис, а другата норма се нарекува тарашкевица или класичен правопис. Терашкевицата била воведена од Бранислав Тарашкиевич во 1918 година, и во Белорусија официјално се користела до 1933 кога се реформирал правописот во денешниот..[17][18][19][20][21][22][23][24][25]
Белоруската азбука е заснована на кирилицата. Модерната верзија на кириличната белоруска азбука била создадена во 1918 година и има 32 букви. Низ историјата, белорускиот јазик се пишувал со латиница и со арапско писмо.
белоруска азбука | ||||||||||||||||||||||||||||||||
Аа | Бб | Вв | Гг | Дд | Ее | Ёё | Жж | Зз | Іі | Йй | Кк | Лл | Мм | Нн | Оо | Пп | Рр | Сс | Тт | Уу | Ўў | Фф | Хх | Цц | Чч | Шш | Ыы | Ьь | Ээ | Юю | Яя | ’ |
македонски еквиваленти | ||||||||||||||||||||||||||||||||
а | б | в | грлен глас, г | д | је | јо | ж | з | и/ ји | ј | к | л | м | н | о | п | р | с | т | у | нема | ф | х | ц | ч | ш | нема | нема | е | ју | ја | ’ |
Официјално, буквата г ги претставува гласовите /g/ и /ɣ/. Буквата ў се изговара како англиско w, буквата ы е иста како руската и се изговара како затворено и. Буквата ь се користи за палатизација на согласки. Африкатите во јазикот се помеки одошто во македонскиот и буквата і се изговара и како /i/ и како /ji/. Во јазикот се користат и диграфите дз и дж за буквите ѕ и џ.
Модерната белоруска граматика е стандардизирана во 1959 година, со мали измени во 1985 година. Првично, белоруската граматика се засновала на зададените граматички и правописни принципи на Бранислав Тараскевич, кој првата верзија ја објавил во 1918 година во Вилнус. Историски гледано, имало неколку обиди за стандардизирање на белоруската граматика.
Белорускиот јазик е синтетички јазик со присуство на одредени аналитички норми. Белорускиот правопис е фонетски, како и македонскиот, и се заснова на белорускиот народен говор од регионот Минск - Вилнус. Како и останатите словенски јазици, белорускиот јазик има падежи, поточно 6 на број.
Иако белорускиот јазик е сроден и сличен со останатите источнословенски јазици, во фонолошки поглед јазикот се разликува во неколку црти. Бројот на фонеми во јазикот се движи од 45 до 54, односно: 6 самогласки и 39 до 48 согласки во зависност од тоа како се бројат. Така на пример ако не сметата геминираните (подолги) согласки, тогаш во јазикот има 39 согласки. Вкупниот број на согласки и варијации на согласки е 48.
|
|
Белоруски јазик | |
Писмо | кирилица и латиница |
Пример | Прв член од „Декларацијата за човекови права“ |
Текст | Усе людзi нараджаюцца свабоднымi i роўнымi ў сваёй годнасцi i правах. Яны надзелены розумам i сумленнем i павiнны ставiцца адзiн да аднаго ў духу брацтва. |
Македонски | Сите човечки суштествa се раѓaaт слободни и еднакви по достоинство и правa. Tиe се обдарени со разум и совест и требa да се однесувaaт еден кон друг во дуxот на општо човечкaтa припaдност. |
Портал: Јазици |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.