Сараќино
село во Општина Желино From Wikipedia, the free encyclopedia
Сараќино — село во Општина Тетово. Се наоѓа на устието на Пена во Вардар на само 1 км од автопатот Тетово - Скопје. Во неговиот атар се наоѓа Тетовската слободна економска зона.
Сараќино | |
Координати 41°58′55″N 21°2′24″E | |
Регион | Долни Полог |
Општина | Тетово |
Население | 1.153 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1200 |
Шифра на КО | 28069 |
Сараќино на Ризницата |




Географија и местоположба
Сараќино се наоѓа во Полошката Котлина на само 7 км до Тетово и на само 1 км од коридорот 8. Опколено е со двете реки Вардар и Пена. Селото лежи на една од најплодните почви во Полог. Попознати топоними се: Чаир, Котар, Гечоо, Чешма, Леска, Милеа Бавча, Старо Сараќино, Јела, Студена Вода, Рупа, Две врби, Долгна Нива, Прекача, Шаторче, Тумба, Круша, Црница, Дабчиња, Слогои, Горна Режика, Гуштероо, Малки Јазики, Огради, Река, Муграч, Ѓуше, Горни Орман, Долно Вардариште, Река Бистрица, Бучалиште, Три Даба, Чуше, Лозје, Карпа (Вардариште), Орман, Стара Река, Ливадче, Состав и др.
Историја
Сараќино е село од збиен тип. Куќите се груширани во 4 маала, кои се наречени по потеклото на жителите - Бежаноско, Моравчанско, Трајческо и Мамикомадовско маало. Во пишаните извори Сараќино се споменува во 1461 или 1462 година. Споменот се наоѓа во една пресуда на некој кадија, со кој е потврден вакуфот на Мехмед-Бег месџидот, имаретот и амамот, кои биле во Теке маалото во Тетово. Во наведената пресуда стои дека ливадите и нивите на Мехмед-бег, кои биле во некогашното село Трмчиште[2], се граничеле со атарите на Сараќино и Фалише. Потоа се споменива и некоја ливада во Сараќино со големина од 45 плугови[3]. Вториот помен на Сараќино датира од 1470 година, кога Ќебир-бег на своите синови им увакуфил ниви кои ги купил од Сараќинци.[4] Првобитно селото се наоѓало северно од денешната положба (на околу 1,5 км) во месноста денес нарекувана Старо Сараќино или Старо Сараќинце. Според преданијата тоа население било чисто македонско. Подоцна населбата била уништена. Остатоците од таа населба се висниви и денес во вид на стари ѕидови и керамика. Подоцна населбата се префрлена на денешната положба.
Заради богатството во зиратно земјиште, Сараќино уште во времето на Османлиското Царство било чифлик. Најпознати сопственици на чифликот се тие од познатиот тетовски тод Абдурахман-паша, како Мемед-паша, Џафер-паша, Акид-паша и Есад-паша. Мемед и Џафер-паша повеќето од живото го поминувале во Цариград, додека Акид-паша живеел во Желино и Тетово. Есад-паша кој живеел во Сараќино имал многу несилнички однос кон жителите на селото. Тој дури и на најголемите христијански празници ги повикувал Македонците да му работаат на нивите. До 1912 година само мал дел од жителите на Сараќино ги откупиле нивите. Другиот, поголемиот дел им бил доделен од страна на државната власт и тоа после Балканските и Првата светска војна. Сопствениците на чифликот радо им ја продавале земјата или во голем број на случаи и бесплатно им ја доделувале на Албанци од соседните села.
Стопанство
Сараќино денес претставува модерна селска населба со развиоено сточарство и земјоделство. Во атарот на селото се наоѓа Тетовската слободна економска зона со вкупна површина од 94.74 ха[5], која во првата фаза е планирано да се изградат 25 до 30 индустриски објекти во кои се предвидува да се отворат до 7.000 работни места. Се предвидува зоната со целата инфраструктура да чини околу 300 милиони евра.[6]
Население
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
На почетокот на XX век според статистиката на Васил К’нчов од 1900 година 'Саракинци' — село, населено со 210 жители Македонци христијани.[7] Целото население на селото било под водство на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година в Саракинци имало 80 Македонци.[8]
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година Саракинце било центар на Желинската општина со 6 села и имало 20 куќи со 104 жители Македонци.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Македонци и 50 Албанци.[10]
Според пописот од 2002 година селото има 1 087 жители.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.153 жители, од кои 791 Македонец, 277 Албанци, 8 Роми, 2 Срби, 4 останати и 71 лице без податоци.[12]
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[13]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 379 |
1953 | 506 | — | — | 19 | — | 34 | — | — | — | 559 |
1961 | 532 | — | — | — | — | 7 | — | 3 | — | 542 |
1971 | 483 | 35 | — | 2 | — | 12 | — | 2 | — | 534 |
1981 | 726 | 166 | — | 12 | — | 14 | — | 3 | — | 921 |
1991 | 745 | 6 | — | 2 | — | 10 | — | 3 | — | 766 |
1994 | 765 | 182 | — | — | — | 7 | — | 1 | — | 955 |
2002 | 873 | 199 | — | 5 | — | 7 | — | 3 | — | 1.087 |
2021 | 791 | 277 | — | 8 | — | 2 | — | 4 | 71 | 1.153 |
Родови
Сараќино е македонско село.
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:
- Мамикомадовци (4 к.) доселени се од сега албанското село Лисец, го знаат следното родословие: Ристе (жив на 73 г. во 1940-тите) Божин-Димитрија-Симун-Маринко, кој се доселил. Имаат иселеници во Челопек и во Долно Седларце
- Велешани (3 к.) стари доселеници, доселени се од Велешко. Имаат иселеници во Фалише.
- Коштањарци (6 к.) стари доселеници со непозната старина. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство) и во Романија (едно семејство).
- Трлевци (5 к.) доселени се од селото Жеровјане, го знаат следното родословие: Максим (жив на 70 г. во 1940-тите) Трајче-Дафил-Трпче, основачот на родот.
- Поречани или Мицковци (5 к.) доселени се од поречкото село Брест. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство), Брвеница и во Сиричино.
- Мишковци (2 к.) доселени се од Кумановско, го знаат следното родословие: Тоде (жив на 41 г. во 1940-тите) Јоше-Мишо, основачот на родот. Имаат иселеници во Долна Лешница
- Илиовци (3 к.) доселени се од селото Вратница, го знаат следното родословие: Ѓеро (жив на 60 г. во 1940-тите) Томе-Илија.
- Ристовци (3 к.) доселени се во 1909 година од селото Клокот во Горна Морава.
- Шкодреановци (3 к.), Алекса (1 к.), Гниланчани или Станојовци (2 к.) и Столевци (1 к.) доселени се од Витина и Слатина кај Гнилане. Од Шкодреановци има иселеници во Тетово (едно семејство). И од Столевци има иселеници во Тетово (едно семејство).
- Андрија (2 к.) доселени се во 1915 година од селото Лазарополе.
- Илијевци (1 к.) доселени се во 1915 година од селото Теново, таму биле староседелци. Имаат иселеници во Скопје (две семејства).
- Коста (1 к.) доселени од селото Добрча кај Гнилане, најпрво во Прељубиште па овде во 1919 година.
- Трипун (1 к.) доселен од некаде од Србија во 1924 година.
- Миленци (1 к.) доселени се од Власотница.
- Сите родови кои дошле од Косово и Србија мешајќи се со Македонците го примиле македонскиот јазик.[14]
Самоуправа и политика
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1984 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.040 гласачи.[16]
Знаменитости
- Цркви[17]
- Археолошки наоѓалишта[20]
- Тумба — неолитска населба;
Личности
- Христе Мицковски (? - 2008) — американски стопанственик и хуманитарец[21]
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.