Remove ads
село во Општина Могила From Wikipedia, the free encyclopedia
Лознани — село во областа Пелагонија, во Општина Могила, во околината на градот Битола.
Лознани | |
Поглед на селото Лознани | |
Координати 41°12′28″N 21°24′13″E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Могила |
Област | Пелагонија |
Население | 135 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 7245 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02073 |
Надм. вис. | 600 м |
Слава | Атанасовден |
Лознани на општинската карта Атарот на Лознани во рамките на општината | |
Лознани на Ризницата |
Се верува дека името на селото потекнува од тоа што во околината на селото имало големи површини со винова лоза.[2]
Селото се наоѓа во Пелагонија, во северниот дел на Битолското Поле и во северниот дел на територијата на Општина Могила, непосредно од десната страна на Црна Река.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 600 метри. Од градот Битола е оддалечено 22 километри.[3]
Лознани се наоѓа во подножјето на возвишението Голем Врв (790 м.), кое е на запад од селото, додека на исток се пружа широката низина на Пелагонија. Околни села се: Новоселани, Тополчани, Ивањевци и други.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мучеинци, Везоица, Мала Чука, Големи Ливади, Мост, Митеица, Околеш, Крушка, Пирало, Стари Лозја, Марков Камен, Ќерамидница, Киселачка, Брезоа, Липа, Врбје, Голем Врв, Јаглење, Широк Дол, Каракамен, Забел, Бучово Трло, Вакавско Нивче, Селиште, Под Црква, Огради и Чула Круша.[4]
Селото има збиен тип, издолжено е во насока север-југ. Одредени делови од селото се нарекуваат по родовите, а во средината на селото има празен простор.[4]
Недалеку од селото поминуваат магистралниот пат и железничката пруга Прилеп-Битола, на која постои железничкото стојалиште ЖС „Лознани“.
Во полето, источно од селото е потегот Ќерамидница, сега под ниви. Селаните кажуваат дека таму наоѓале остатоци од куќи – камења и ќерамиди. Вангел Кралевски од месноста Ќерамидница однел десет коли камен за изградба на својата куќа. Остатоци од стара населба се наоѓаат и покрај патот Битола–Прилеп. Јужно од Лознани, на повисоко издигнато земјиште, се наоѓа место кое се вика Мучеинци. Денешните жители од своите предци слушале дека таму „божем имало манастир“ на кого припаѓале потезите Вакавско Нивче и Забел. На површината на земјата се гледаат и забележуваат остатоци од ѕидови. Во втората половина на XIX век, камењата од овој манастир биле употребувани за изградба на мостовите на патот Битола–Прилеп. Порано селаните го посетувале местото Мучеинци со литија.[4]
Најстарото споменување на Лознани во пишаните извори потекнува од првата половина на XVII век, а најстариот род во селото се Марковци со своите деленици - Милевци. За нив никој не знае со сигурност да каже дали се старинци – староседелци или стари доселеници. Останатите родови потекнуваат од доселени предци.[4]
Пред крајот на турското владеење Лознани е затечено како чифчиско село. Половина атар го држел муслиманот Ариф Џуглин кој живеел во Дебар. Неговата земја ја обработувале 20 македонски семејства. Другата половина од атарот припаѓала на битолските Турци: Амет Неџип, Мемет и Нури.[4]
Во отоманските документи, селото се споменува во 1636 година (помеѓу 2 и 12 септември) во еден договор за заем, каде што е запишано дека жителите од село Лознани - Битолско, зеле заем од вакафот на Хатиџе Хатун сума од 3.000 акчиња, со лихва од 450 акчиња.[5]
Во XIX век, Лознани било села во Битолската каза на Отоманското Царство.
После 1912 година некои од селаните купувале земја од Турците. Еден дел од земјата селаните ја добиле во 1934 година преку аграрна реформа.[4]
Вкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
Атарот зафаќа простор од 9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 563 хектари, на пасиштата отпаѓаат 219 хектари, а на шумите само 32 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]
Од земјоделските култури најмногу се одгледува пченица, а доста застапени се и јачменот, пченката и други. Се одгледуваат и други поледелски култури како тутун, шеќерна репка, сончоглед од индустриските растенија, фуражните култури како луцерка, граор за сточна храна и компир, пиперки, кромид од градинарските растенија.
Дел од населението се занимава и со сточарство, претежно овчарство, а во помал дел и краварство и одгледување на друг крупен и поситен добиток како волови, телиња, кози и живина.
Во многу мали размери на ридскиот предел се одгледуваат и неколку лозја и овоштарници.
Пред влезот на селото веднаш до железничкото стојалиште и магистралниот автомобилски пат има неколку големи силоси за жито, односно пченица како и стоваришта и други стопански објекти.
Земјоделските производи од Лознани, најмногу се откупуваат и продаваат на пазарите во Битола и Прилеп, каде помал дел од населението остварува доходи занимавајќи се второстепени услужни дејности во производството и градежништвото.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Лознани живееле 300 жители, сите Македонци.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Лознани имало 192 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Лознани се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 26 куќи.[9]
По Првата светска војна, Лознани било дел од Ивањевската општина во Битолската селска околија и имало вкупно 409 жители.[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[11]
Според бројот на населението, Лознани преминало од средно во мало село по големина, кое што во 1961 година броело 586 жители, а во 1994 година 215 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Лознани живееле 185 жители, сите Македонци.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 135 жители, од кои 127 Македонци, 1 Албанец, 1 останат и 6 лица без податоци.[13]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 300 | 192 | 466 | 521 | 586 | 557 | 509 | 383 | 215 | 185 | 135 |
Лознани отсекогаш било населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.[4]
Во селото живеат следните македонски родови: Милевци (24 к.) и Марковци (11 к.), тие порано биле еден род и за нив не се знае дали се старинци или стари доселеници, најверојатно се староседелци; Ралевци (9 к.), доселени се од некаде. Основачот Раде „тука се збогатил“. Подоцна неговиот „син пијаница ја продал земјата на агаларите“; Корбевци (2 к.), дошле пред околу 210 години од сега пустото село Корбоец близу Ерековци; Чивиовци (7 к.), претходно се викале и Мустаќиновци. Се доселиле од некое село во Демирхисарско. И сега имаат кумови во тамошното село Загориче. Овде во Лознани живеат пред околу 210 години (Коле жив на 30 години во 1955 – Божин-Гроздан-Никола-Стојан-Мечо кој се доселил); Нешковци (6 к.), за нив се вели дека „дошле одозгора“ т.е. од Демир Хисар; Пејовци (6 к.), потеклото им е од Мариово. Нивните предци таму убиле Турчин, па се доселиле тука; Мечковци (3 к.), дошле од Логоварди во 1909 година. Пред тоа живееле како момоци во повеќе други села и Бошковци (1 к.), ги викаат и Вировци бидејќи дошле од демирхисарското село Вирово во 1943 година.
Селото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Могила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Тополчани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ивањевци, во која селото Лознани, се наоѓале и селата Беранци, Вашарејца, Древеник, Ивањевци, Новоселани, Подино, Свето Тодори, Српци и Трновци. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Долно Српци, во која влегувале селата Беранци, Вашарејца, Лознани и Долно Српци.
Во селото постои избирачкото место бр. 0187 според Државната изборна комисија, сместено во основното училиште.[18]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 133 гласачи.[19] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 142 гласачи.[20]
Во селото Лознани, постои и активно се натпреварува фудбалскиот клуб „Хајдук“.
Од Лознани има голем број на иселеници. Тоа се: Аџиовци (5 к.), живеат во прилепското село Бело Поле; Грујовци (3 к.), живеат во Долно Српци; Дивиновци (1 к.), живеат во Жабени кај Битола; Дрнковци (5 к.), живеат во Горно Оризари; Трајчевци (5 к.), живеат во Новоселани; Чапунковци и Зацевци живеат во Тополчани; Марковци, Китановски, Бошевци и Јошевски живеат во Ерековци. Од родот Марковци има иселени семејства во Битола.[4]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.