Жабени
село во Општина Битола From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Битола From Wikipedia, the free encyclopedia
Жабени (познато и како Жабјани) — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Жабени Жабјани | |
Воздушен поглед на селото Жабени | |
Координати 40°57′59″N 21°22′0″E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 144 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 7223 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02051 |
Надм. вис. | 585 м |
Слава | Атанасовден |
Жабени на општинската карта Атарот на Жабени во рамките на општината | |
Жабени на Ризницата |
Во близина на селото постои голема истоимена индустриска зона.
Името на селото се поврзува со местоположбата на селото, која што е водоврична и блатна месност, па затоа секогаш имало водени жаби, по кои била именувана самата населба.[2]
Селото се наоѓа во Пелагонија, во јужниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, недалеку од десната страна на патот од Битола за граничниот премин Меџитлија.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 585 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 12 километри во јужна насока.[3]
Селото е поврзано со локален асфалтен пат од две страни, од една страна патот се двои од регионалниот пат 2333, а од друга страна се двои од државниот пат А3.
Жабени е изразено полско село, сместено помеѓу патот Битола-Лерин на запад и Битола-Солун на исток. Околни села се Породин, Барешани и Меџитлија. Во минатото, водата за пиење се добивала од само еден бунар, длабок 7 метри. Во дворовите на секоја куќа има бунари длабоки 3-5 метри, но нивната вода не се користи за пиење.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Бел Камен, Песоци, Тополка, Комуница, Блатиште, Стари Лозја, Чамејца, Бистричко, Горни Ливади, Ќелајца, Старо Жабјани или Селиште, Гробишта и Зуденица.[4]
Селото има збиен тип и е поделено на маала. Селото е поделено на Горно, Долно и Средно Маало. Некои делови на селото се групирани по роднински куќи. Маалата се незначително оддалечени едно од друго.[4]
Најстаро споменување на Жабени е од периодот 1650-1750 година. Североисточно од селото, на оддалеченост околу 800 метри, се наоѓаат месностите Старо Жабени или Селиште и Гробишта. По традицијата, таму постоело старото село Жабени до првата половина на XIX век, а во него имало 300 словенски куќи. Покрај селото се наоѓал патот Битола-Солун. Меѓутоа, за време на грчкото востание тоа село е уништено. Како кажуваат селаните, него го уништила албанската војска кога заминала по споменатиот пат да се бори со Грците. На месностите Старо Жабени и Гробишта, денес се наоѓаат градини и еден пчеларник, има рушевини од две цркви (Св. Атанас и Св. Архангел) и се наоѓаат остатоци од куќи.[4]
Некои преживеани мештани од тоа село по настанот го основале денешното село. Меѓу нив се родовите Наумовци, Гроздановци, Ќеријовци, Дафковци, Котовци и Лукаровци. Сите други родови во селото се доселени.[4]
Во 1912 година, кога селото било чифлигарско, во него имало 20 македонски куќи.[4]
Се наоѓало под црковно-пропагандно влијание на Цариградската патријаршија. Во регионот на селото биле активни четите на ВМОРО, а родум од селото е курирот Јосиф Петков (познат и како Јосиф Жабјанец), кој покрај тоа што е познат по своите придонеси за Организацијата, е познат и по тоа што на почетокот од 1902 бил фатен и измачуван од отоманските власти, кои го натерале да предаде многу свои соборци.
Околу 1924 година, во селото биле колонизирани Аранѓеловиќи (1 к.) од околината на Књажевац и Зечевиќи (1 к.) од Црна Гора. Тие биле иселени во Србија во 1941 година од страна на бугарските окупатори.[4]
За време на Втората светска војна во селото биле активни одреди на НОБ.
Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 3,9 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 269,1 хектар, пасиштата отпаѓаат 53,6 хектари, а на шумите само 6,4 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3] Денес, во близина на селото се наоѓа голем рибник.
Во минатото, селото било чифлигарско и во 1912 година во него имало 20 чифликсајбии, главно битолчани (Аџи-бег, Алид-бег, Стамболија, Сулејман Весел, Усеин-ага, Рушид Мемет, Сали-ефенди и др.). По ослободувањето од турската власт, државната власт ја поделила земја на дотогашните селани и новите доселеници, а само малкумина купиле своја земја од чифликсајбиите.[4]
Во близина на селото, на три километри од границата со Грција, е изградена индустриската зона Жабени, капитален проект за привлекување на странски инвестиции, на површина од 85 хектари, која етапно треба да прерасне во индустриски град од 225 хектари. За таа цел, од буџетот биле одвоени 1,5 милиони евра за поставување на потребната инфраструктура на зоната (електрификација, водовод, канализација, патни пристапи). Заклучно со ноември 2014 година, во индустриската зона имало откупено 48 парцели од страна на 28 странски инвеститори.[5][6]
Сè до грчкото вето за влезот на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт, многубројни парцели од атарот на Жабени биле предмет на купопродажба на грчки стопанственици.[7]
Во поново време била обновена железничката линија до Кременица и со тоа била изградена посебна железничка станица кај Жабени, до која сообраќаат регионални возови од Скопје.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Жабени живееле 340 жители, од кои 240 Македонци и 100 Албанци.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Жабени се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 16 куќи.[9]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Жабени имало 200 Македонци, патријаршисти.[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[11]
Бројот на населението во ова село се преполовил. Така, во 1961 година селото броело 449 жители, од кои 426 биле Македонци, а 16 жители Албанци, додека во 1994 година имало 193 жители, од кои 152 биле Албанци и 41 жител Македонец.[3]
Според пописот од 2002 селото броело 178 жители, од кои 30 Македонци, 143 Албанци и 5 останати.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 144 жители, од кои 14 Македонци, 120 Албанци и 10 лица без податоци.[13]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Жабени:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | 335 |
1953 | 326 | 11 | 0 | 0 | 1 | — | 338 |
1961 | 426 | 15 | 2 | 4 | 2 | — | 449 |
1971 | 475 | 69 | 0 | 5 | 5 | — | 554 |
1981 | 404 | 223 | 0 | 0 | 7 | — | 634 |
1991 | 52 | 170 | 0 | 0 | 1 | — | 223 |
1994 | 41 | 152 | 0 | 0 | 0 | — | 193 |
2002 | 30 | 143 | 0 | 0 | 5 | — | 178 |
2021 | 14 | 120 | 0 | 0 | 0 | 10 | 144 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Жабени е македонско-албанско село. Еден дел од родовите се потомци на оние кои живееле во Старо Жабени, додека другите се доселени.[4]
Според истражувањата од 1953 година, родови во селото се:
Постари македонски иселеници има во Велушина (Камбовци), Лажец (Жабјанци), Оптичари (Павлеви) и Средно Егри (Јованови).[4]
Од селото се имаат иселено околу 400 лица, а најголем дел од нив во градовите Битола и Скопје, во селото Кравари, како и во прекуокеанските земји и Европа.[2]
На крајот од XIX век, Жабени било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Жабени се наоѓале селата Барешани, Велушина, Граешница, Драгош, Канино, Кишава, Лажец, Олевени, Острец и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Породин, во која влегувале селата Барешани, Жабени, Канино, Лажец и Породин.
Во селото постои избирачкото место бр. 0148 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 156 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 161 гласач.[16]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.