Велушина
село во Општина Битола From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Битола From Wikipedia, the free encyclopedia
Велушина (понекогаш познато и како Велушино) — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Велушина | |
Воздушен поглед на селото Велушина | |
Координати 40°55′0″N 21°21′0″E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 165 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 7223 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02018 |
Надм. вис. | 720 м |
Слава | Ѓурѓовден |
Велушина на општинската карта Атарот на Велушина во рамките на општината | |
Велушина на Ризницата |
Ојконимот е епоним, добиено од лично име, слично како ојконимите Мариово, Лазарополе, Алинци и др. Личното име на оној што му го дал било Велуша, а тоа е хипокористично име од Вело, со антропонимската наставка -уша. Велуша како име го среќаваме уште од XV век, а произлезено е од Вело, тоа е прв дел од сложените антропоними како што биле Велибор, Велимир, Велислав, кои претставувале старословенски форми. Вело, пак доаѓа од морфемата „вели“, која имала значење на „голем“. „Велушин“, претставува деривувано име од личното име Велуша, а со антропонимската наставка -ин. Народните преданија ги поткрепуваат ваквите тврдења. Тие говорат за некој „војвода“ кој бил прв доселеник и кој му го дал името. Според нив, тој се викал Велуш.
Селото се наоѓа во Пелагонија, во јужниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, под источната страна на планината Баба, со што може да се смета како потпелистерско село.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 720 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 15 километри во јужна насока.[2] На исток се простира Велушкото Поле, како дел од Пелагониската Котлина, а на запад е планината Баба. Низ селото тече Велушка Река.
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333.
Велушина се наоѓа во подножјето на Баба Планина. Атарот на селото Велушина се граничи со атарите на селата: на југ со селата Граешница и Лажец, на запад со селото Острец, на север со селото Канино и на исток со селата Породин и Меџитлија. Во минатото, селото со вода за пиење се снабдувало од извори и од бунари.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Реван, Црвеник, Широка Ливада, Коњарска Ливада, Голема и Мала Сименица, Тумба, Коњарски Пат, Широк Пат, Маклиње, Стари Лозја, Присој, Бежан, Црн Камен, Дупи Зленик, Стара Падарница, Завој, Граешка Стена, Голем Камен и Гарван.[3]
Селото е издолжено во насока исток-запад. Некои делови на селото носат имиња по родовите во нив.[3] Сепак, генерално се дели на две маала: Горно и Долно Маало.
Селото е познато по неолитската населба Велушка Тумба, која претставува праисториска населба од неолитот (откриена во 1952 година). Според тоа селото има богата и долга историја од над 8000 години.[4]
Постои предание дека селото се наоѓало на месноста Маклиње, северно од денешната местоположба. Тоа старо село било раселено, најверојатно за време на отоманскиот период. На Селиште има остатоци од црква и гробишта, а денес таму има градини и ниви. По раселувањето на старото село почнале да се собираат нови македонски родови, кои го основале денешното село.[3]
Првите, први и најсигурни податоци за постоењето на Велушина датираат од XV век. Во пописот што го направила турската администрација на населението во Османлиското Царство во 1468 година, а со кој е опфатена и Битолската нахија, селото е забележано во обликот Велушино. Истиот облик се среќава и во следниот попис сто години подоцна односно во 1568 г.
Почнувајќи од XVIII век турските документи покрај првиот го забележуваат и другиот облик - Велушина. Таа станува понатаму стандардна и него го следат сите битолски документи (сиџили) кои се водат од XVII-XIX век. Во XIX век за селото и нема друго име освен Велушина.
Покрај во турските, името на селото се споменува и во словенските писмени споменици. Со облиците Велушино и Велушина регистрирано е во Слепченскиот кодик од XVI век, потоа во Продромскиот споменик, што ќе го открие и ќе го објави рускиот славист Виктор Иванович Григорович, а чии записи се од XV-XVII век. Собирачот на народни песни и етнографски материјали од XIX век Стефан Верковиќ, пак селото го регистрирал во обликот Велушјани.
Колебањата меѓу двата облика продолжиле и понатаму. Прусиецот Хенри Барт, кој поминал низ Македонија и низ Битолско во есента 1862 г. и кој, со восхит говори за Велушина, селото го открива во формата Велошина.
Сиве овие непрецизности и колебања веројатно доаѓаат од различното регистрирање на изворниот изговор на велувци. Тие своето село, иако тоа денес насекаде фигурира како Велушина, го именуваат како Велујшна.
До средината на XIX век, целото земјиште на селото била чифлигарска, а дури тогаш селаните започнале да ја откупуваат. Парите за откупот на земјата го заработувале на печалба во Романија. До крајот на векот, скоро половина атар од земјата била откупена. Другата половина, со поплодната почва, припаѓала на Ајрула-ефенди од Битола, кој во селото имал и своја висока кула и воденица. Кулата постоела до 1950-тите години. Неговиот чифлиг бил нагло распродаден околу 1900 година.[3]
Селото во периодот на крајот на XIX и почетокот на XX век наликувала на мал град, бидејќи имало повеќе дуќани, десет воденици и многу печалбари, кои од спечалените пари изградиле убави куќи.[4]
Вкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]
Велушката Тумба е неолитска населба, која, иако просторно е поблиску до селото Породин, заради што се наоѓа на велушки имот е наречена Велушка. Таа, всушност е само една од бројните тумби во Пелагонија (досега откриени 70-тина) кои говорат за еден динамичен живот во предисторијата на овие простори. Првите археолошки рекогнистицирања започнале во далечната 1952 година, а систематски дваесет години подоцна (1972) од група археолози на Битолскиот завод и музеј, со Драгица Симоска, со Воислав Санев од Народниот музеј на Штип и Саржо Саржовски од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата од Скопје, заедно со екипа асистенти и помошници.
Велушката Тумба по димензии е слична со другите тумби од Пелагонискиот Регион. Таа се протега во правец исток-запад и долга е 250 м, а широка 150 м, со висинска разлика од 0,70 м, на источниот и 5 м на западниот дек. Била живеалиште на неолитски луѓе во подолг период, зашто врз неа се пластеле слој по слој, односно време на време.
Локацијата на Тумбата неолитските луѓе ја прифатиле од неколку причини: околу неа имало плодно земјиште на кое ги саделе и сееле земјоделските производи, во близина била Велушката Река чии води биле изобилно ползувани, а во близина била и Црна Река од каде влечеле рибен материјал, но и трска, шамот и др, додека на запад се наоѓала Баба Планина и нејзините природни ресурси од дрвена граѓа и камен за оружје и орудија.
Атарот има средна големина и зафаќа простор од 16 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 807,4 хектари, на пасиштата отпаѓаат 382,2 хектари, а на шумите 358,1 хектар.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција. Во селото работела продавница.[2]
Во минатото, Велушина било богато село. Населението поседувало околу 2.500 хектари обработливо земјиште, како и голем број на крупна и ситна стока. Планинскиот дел од атарот е богат со букова шума. Во селото постоеле десетина воденици, мала хидроцентрала, продавница, пошта и селско-стопанска задруга, во која биле вработени 100 луѓе. Се одгледувале претежно житарици, а од индустриските култури - коноп и лен.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Велушина живееле 920 жители, сите Македонци.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Велушина се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 111 куќи.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Велушина имало 880 Македонци, патријаршисти.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 900 Македонци.[9]
Од Велушина се иселил голем број од неговото население и тоа преминало од големо во мало село. Во 1961 година, селото броело 945 жители, а во 1994 година само 145 жители, од кои 120 биле Македонци, девет Срби, осум Албанци и двајца жители Роми.[2]
Според пописот од 2002 селото брои 160 жители, од кои 73 Македонци, 79 Албанци, 5 Роми и 3 Срби.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 165 жители, од кои 37 Македонци, 109 Албанци, 7 Роми, 1 останат и 11 лица без податоци.[11]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Велушина:
Година | Македонци | Албанци | Роми | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | 1.117 |
1953 | 1.151 | 0 | 0 | 2 | 0 | — | 1.153 |
1961 | 931 | 0 | 0 | 14 | 0 | — | 945 |
1971 | 1.267 | 0 | 0 | 94 | 11 | — | 1.372 |
1981 | 1.148 | 0 | 0 | 89 | 13 | — | 1.250 |
1991 | 166 | 7 | 0 | 14 | 2 | — | 189 |
1994 | 120 | 8 | 2 | 9 | 6 | — | 145 |
2002 | 73 | 79 | 5 | 3 | 0 | — | 160 |
2021 | 37 | 109 | 7 | 0 | 1 | 11 | 165 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Велушина е македонско православно село, но по пописот во 2002 година е мнозинско албанско село. Денешното село е основано околу средината на ХVIII век, кога се населиле родовите Милевци и Размовци. Така што сите родови во селото се доселенички.[3]
Според истражувањата од 1951 година, родови во селото:
Во постаро време во Средно Егри се иселиле родовите Крстевци (2 к.) и Поповци (1 к.). Родовите Кочовци (4 к.), Љамчевци (2 к.), Ропковци (1 к.) и Камбовци (1 к.) се иселени во селото Породин. Марковци (2 к.) иселени се во Граешница. А иселеници од постаро време има и во Сад и Битола. А после Втората светска војна има иселеници и во Австралија.[3]
Од Велушина се иселило голем број од населението, над 1.500 лица. Најголем број од велувци се иселиле во Битола, Скопје, САД, Канада, Австралија и Европа. Според велувци, доколку би се собрале сите на едно место би имало околу 5.000 жители.[4]
На крајот од XIX век, Велушино било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната општина Велушина, во која покрај селото Велушина се наоѓале селата Барешани, Граешница, Драгош, Жабени, Канино, Кишава, Лажец, Олевени, Острец и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Велушина, во која влегувале селата Велушина и Острец.
Во селото постои избирачкото место бр. 0142 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 112 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 116 гласачи.[14]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.