Катланово
село во Општина Петровец From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Петровец From Wikipedia, the free encyclopedia
Катланово — село во областа Блатија, во Општина Петровец, на патот помеѓу градовите Велес и Скопје. Во неговата непосредна близина се наоѓаат термалните минерални извори на вода на кои е изградена познатата Катлановска Бања.
Катланово | |
Поглед на Катланово од патот за Блаце | |
Координати 41°53′39″N 21°40′59″E | |
Регион | Скопска Блатија |
Општина | Петровец |
Население | 839 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1044 |
Шифра на КО | 25072 |
Надм. вис. | 240 м |
Катланово на општинската карта Атарот на Катланово во рамките на општината | |
Катланово на Ризницата |
Катланово се наоѓа во југоисточниот дел на Скопската Котлина на десниот брег на реката Пчиња пред нејзиниот влез во Прнарската Клисура[2]. Селото Катланово е сместено во средишниот дел на Општина Петровец, низ него минува автопатот „Пријателство“ (Е-75), односно делницата Скопје - Велес[3].
Катланово е рамничарско село, расположено на надморска височина од 240 метри и се наоѓа на 14 километри оддалечност од општинското средиште Петровец и на 27 километри оддалечност од Скопје[3]. Куќите се распоредени од подножјето на ридот Падарница на северозапад во рамничарскиот предел крај десниот брег на реката Пчиња. Поради својата средишна местоположба во однос на повеќе други села во ридско-планинскиот предел во блиската околина селото Катланово е рурален центар во рамките на Општина Петровец за селата Летевци, Брезница, Градманци, Блаце, Бадар и Кожле[4]. Поради ваквата географска местоположба од селото Катланово водат и три локални патни правци: кон селата Блаце, Бадар и Кожле, кон селата Летевци и Брезница и кон селото Градманци кој како земјен пат продолжува кон селата Џидимирци и Крушје во Општина Велес.
Атарот на Катланово зафаќа површина од 15,6 км2, од кои 538 хектари се обработливо земјиште, пасиштата зафаќаат 621 хектар, а под шуми се 165 хектари[3].
Во Катланово постои преданието дека на местото на денешното село во римско време постоело гратче со име Катраново, кое во некои случување било сосема уништено[2]. Од ова некогашно населено место селаните често ископувале тули и стари пари. Подоцна на местото на уништеното гратче Катраново се основало село Катланово, со многу куќи и населено само со Македонци - христијани, каде што секоја година стасувале по 40 девојки за мажење[2].
За време на отоманското ропство ова село повторно се запустело најповеќе заради чума, па голем дел од населението се иселило во Скопје и други места, а дел од населението изумрело[2]. По ова страдање селото Катланово започнало повторно да се обновува и зголемува благодарение на доселувања и делумно на размножување, па така до 1900 година селото имало околу 20 куќи: 10 куќи Македонци и 10 куќи „маџири“ (Турци и Роми) бегалци од Србија и Бугарија кои се населиле во 1878 година[5]. Во XIX век Катланово било чифчиско село на кое имале чифлици повеќе муслимани од Скопје, кои во 1912 година земјата ја распродале на селаните Македонци од околните ридско-планински села[6].
Во XIX век, селото е дел од нахијата Блатија во Скопската каза во Отоманското Царство.
За потеклото на името на селото, селаните сметаат дека потекнува од името на некогашното место Катраново, додека П. Скок претпоставува дека селото го добило името од зборот каплан, што на турски значи тигар, а кое веројатно било прекар на некој турчин кој во Каталново имал чифлик[6]. Имајќи предвид дека Катланово е важен сообраќаен центар, а поради бањските извори имало големо присуство на луѓе уште во римско време, како и непосредната близина на античките градови Тауресиум и Бадеријана, и остатоците од тврдина во месноста Кале или Пржал источно од селото, можно е во римско време името на ова место да било „кастела ново(а)“ (латински: castela novo/a), со значење на нова тврдина или ново место, па со текот на времето името да дошло во денешната форма Катланово. Не треба да се превиди и веројатноста дека името на селото е поврзано со зборот кладенец во кој се содржи коренот лее (други примери се зборовите славина и ливада), кој се однесува на термалните изводи по кои е позната оваа месност.
Селото Катланово има доста поволна економска положба. Главно занимање на населението е земјоделието со кое претежно се занимаваат Македонците. Од земјоделието најзастапено е полјоделството односно одгледувањето на жита, најмногу пченица, а исто и пченка (покрај Пчиња) и јачмен, зеленчук: домати, пиперки, краставици, марули, кромид и лук. Од сточарството најзастапени се одгледувањето на крави и кози поради поволното земјиште, ливади во рамничарскиот предел и грмушки во ридскиот. Муслиманското население, кое во најголема мера се Роми, кои се изјаснуваат како Албанци, живее во запуштени и запоставени куќи. Дел од населението се занимава и со ископување песок, работа во Катлановската Бања, градежништво, превоз со камиони. Во селото има неколку продавници.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било заведено под името Капанли и имало мешано христијанско и муслиманско население, каде имало 17 христијански[7] и 4 муслимански[8] домаќинства. На овој попис биле забележани 68 мажи христијани, со 4 новороденчиња и 15 мажи муслимани со 1 новороденче. Се проценува дека селото во тој период имало 190 жители.
Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 287 жители. [9]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Катланово живееле 90 жители, од кои 70 Македонци[10] и 20 Турци.[11] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Катланово имало 80 жители, Македонци[10], под врховенството на Бугарската егзархија.[12]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци, 50 Албанци и 50 други жители.[13]
Катланово е средно по големина село според бројот на жители. Така, во 1961 година имало 762 жители, а во 1994 година 766 жители, од кои 433 Македонци, 230 Албанци, 14 Турци, 65 Роми, 14 Срби и 10 други.
Според пописот од 2002 година, селото Катланово брои 769 жители, од кои 418 Македонци, 275 Албанци, 63 Роми, 5 Срби и 8 останати.[14]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 839 жители, од кои 443 Македонци, 183 Албанци, 2 Турци, 20 Роми, 17 Срби, 2 Бошњаци, 6 останати и 166 лица без податоци.[15]
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[16]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | Лица без под. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 623 |
1953 | 471 | 95 | 4 | 49 | — | 29 | ... | 2 | — | 650 |
1961 | 507 | 174 | 8 | ... | ... | 27 | ... | 46 | — | 762 |
1971 | 434 | 105 | 68 | 32 | ... | 18 | ... | 108 | — | 765 |
1981 | 428 | 198 | 10 | 70 | — | 15 | ... | 90 | — | 811 |
1991 | 449 | 217 | 8 | 68 | — | 8 | ... | 39 | — | 789 |
1994 | 433 | 230 | 14 | 65 | — | 14 | ... | 10 | — | 766 |
2002 | 418 | 275 | — | 63 | — | 5 | — | 8 | — | 769 |
2021 | 443 | 183 | 2 | 20 | — | 17 | 2 | 6 | 166 | 839 |
Најголемиот дел од населението на Катланово во минатото, па сè до денес се Македонци од православна христијанска вероисповед. Македонски родови се: Ѓорѓиовци, Мочковци и Чочевци (сите старинци — староседелци), Ѓорѓиевци, Дивљани и Ѓорѓиеви (трите рода од с. Дивље), Грковци, Мазнини, Велковци, Петревци, Грујовци, Антушевци и Блажеви (сите од с. Блаце), Велчевци (од с. Градманци), Димовски, Нацеви, Лазови, Брезничани (сите од с. Брезница), Јовчевци (од с. Бадар), Куртовци или Мариовци (од с. Летевци), Граовци и Пиперкови (двата рода од с. Кожле), Миновци (од с. Патишка Река), Ордевски (од с. Рудник - Велешко)[17]. Втора етничка група по бројност се Ромите, кои сè повеќе се изјаснуваат како Албанци и го прифаќаат албанскиот јазик и свест, меѓутоа сè уште ги задржуваат своите антрополошки и физички одлики на Роми, по што тие се познати под името Маљоци, нивни родови се: Арифи, Демири, Елмази, Салиу, Ќамили, Муареми, Бајрами, Рамадани, Изети, Аќифи, Алиу, Амети — сите доселени од Косово од Урошевац и околните села[18]. Ромски родови се: Далимовци (дојдени во 1878 година, како бегалци-мухаџири од Дупница во Бугарија), Исмаилови (од Куманово), Зекирови (од с. Бразда). Албански род е Рамадани (од с. Липково), а српски род се Јаневиќ од околината на Бујановац.[18].
Родени во Катланово:
Во Катланово постои спортскиот рекреативен центар „Ејбиси“ со повеќе базени и спортски терени, како и фудбалско игралиште.
Во минатото од Катланово се иселиле околу 15 семејства во Скопје, потоа родот Михајловци се иселил во селото Сарајско Оризари, денес дел од градот Скопје (населба Дексион, Ѓорче Петров II), Матевци во с. Студена Бара - Кумановско и Имеровци привремено во с. Зелениково, а родот Цицеви целосно изумрел[19]. Во поново време се забележани иселувања во соседните поголеми села Петровец, ’Ржаничино, градот Скопје, како и во странство во Германија и Италија.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.